Текстот е објавен на 08 февруари 2024 година во неделникот Фокус со број 1.479.
Јавното обвинителство поднесе обвинение за злоупотреба на службена положба и несовесно работење при доделување на спортски ваучери против 12 лица, меѓу кои се актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, неговиот претходник и актуелен пратеник Дарко Каевски, моменталниот претседател на Македонскиот олимписки комитет и поранешен владин советник за спорт Даниел Димевски… Додека траеше истрагата, „Фокус“ пишуваше за спорното финансирање во спортот преку ваучерски систем, но и за закупот на фирми поврзани со Димевски на дел од СРЦ „Кале“.
Според документацијата што ја обезбедивме, неговата „ТУРД Олимпик“ склучила договор на 30 години за закуп базенот „Плаја Виста“, каде што, според проверките што ги извршивме, урбанистичкиот план предвидува изградба на спортски објект. Сепак, по реакциите на ДКСК, ЈП за стопанисување со државни спортски објекти го раскинува овој и склучува нов 10-годишен договор со друга фирма – „Г3-Фуд“, со тоа што двете страни, заедно со „ТУРД Олимпик“, прават договор со цесија, со цел закупнината да се пребива со судски потврден долг уште од 2003 година.
Арно ама, проблем е фактурата меѓу двете компании, која ја немало во претпријатието, па реагирале УЈП и Финансиска полиција, а постапува и Јавното обвинителство. На крајот, ЈП го поништува и овој договор…
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Васил Тупурковски е еден од најмладите доктори на науки во некогашна Југославија, кој бил член на Претседателството на Сојузот на комунистите. Важеше за интелектуалец кому му се предвидуваше блескава политичка кариера, па дури се сметаше за еден од можните наследници на вечниот комунистички водач Јосип Броз-Тито.
За волја на вистината, Тупурковски никогаш не ја одигра очекувана ролја, бидејќи не успеа да стане претседател на државата, иако неговата Демократска алтернатива со таков есап ги помогна политичките промени во 1998 година. Сепак, може да се каже дека Тупурковски стана своевиден Тито на Македонскиот олимписки комитет, бидејќи она што беше Тито за СФРЈ, тоа беше Тупурковски за МОК.
Имено, тој цели 28 години го водеше Олимпискиот комитет. Всушност, така беше сѐ до 2020 година, кога по нецели 3 децении се повлече од челната позиција во телото, чија основна цел и мисија е развој и ширење на олимпизмот, преку активности и програми што се реализираат во рамките на спортот.
Па така, негов наследник стана Даниел Димевски, кој претходно 10 години ја водеше Кошаркарската федерација (2005-2015), вклучително и во времето кога кошаркарската репрезентација беше четвртопласирана на Европското првенство во Литванија. По една деценија, тој се повлече од КФМ и на негово место дојде Петар Наумовски, кој имаше поддршка од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски-Сашо Мијалков.
Во меѓувреме, во 2017 година, веќе поранешниот претседател на КФМ станува советник за спорт на тукуштоизбраниот премиер Зоран Заев, кој воедно беше лидер на СДСМ. Иако Димевски во официјалната биографија навел дека е дипломиран економист и магистер по право, кој никогаш не бил член на ниту една политичка партија, опозицијата го поврзуваше со СДСМ и Заев, во чие време впрочем стана прв човек на МОК.
Поточно, по 3 години советување на Заев (2017-2020 година), тој стана прв човек на Олимпискиот комитет, убедливо победувајќи ја со 30 наспроти 2 гласа противкандидатката Александра Војнеска-Зикова, претседателка на Атлетската федерација. Случајно или не, веднаш стигна и честитка од Заев, кој му упати „срдечни честитки“ и му посака „многу успех во извршувањето на новата должност“.
„Со ваучер-системот продолжуваме да обезбедуваме повеќе пари за спортот. Во 2020 успеавме да обезбедиме дополнителни 10 милиони евра, како и буџетски 6 милиони денари за системот на млади спортски надежи. Нашата цел е овој износ да расте до 15 милиони евра и заедно со Олимпискиот комитет да учествуваме во подготовката и учество на спортистите на Летните и Зимските олимписки игри…“, порача тогашниот премиер.
Токму ваучер-системот, за кој самиот Димевски навел е негов автор и реализатор, постапка води Јавното обвинителство, откако Антикорупциската комисија утврди дека средствата се делеле сомнително и без отчет. Покрај тоа, антикорупционерите оценија дека Димевски требало да се повлече од советничката позиција во владата, бидејќи така бил фаворизиран при учеството во постапка за закуп на дел од спортскиот центар „Кале“.
Во секој случај, немаше никаква потреба од оставка на Димевски, бидејќи Заев се повлече од техничката влада, а тој подоцна стана претседател на МОК. Ниту таму не му цветаа рози, бидејќи често беше мета на критики за лошо раководење на организацијата, што кулминираше со барањето на спортски федерации за свикување на Вонредно собрание за смена на актуелниот и избор на нов претседател на комитетот.
Очигледно, Димевски не се предава, па, како што рече, не бега од борба, но го отфрли барањето на противниците, бидејќи немало образложение и не било пратено на соодветен образец?! Истовремено, тој закажа редовно Изборно собрание само 2 дена подоцна, иако неговиот мандат трае уште половина година. Јасно е дека се случува поделба што води кон дуализам во МОК.
ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПРОМЕНИ
Кога го привршувавме текстот и го затворавме овој број од весникот, т.е. во вторник вечер на 6.2.2024 година, требаше да се одржи Вонредното собрание за смена на Димевски, иницирано од повеќе спортски федерации и работници. Независно што иницијаторите најавуваа дека имаат мнозинска поддршка и беа уверени во позитивен епилог, сепак, на крајот тоа не се случи.
Инаку, 26 федерации и 5 индивидуални членови од 61-членото Собрание поднесоа барање за свикување Вонредно собрание, согласно Законот за здруженија и фондации Статутот на МОК. Ова барање е примено на 9.1.2024 година во архива со повеќе точки на дневен ред, кои подразбираат разрешување на Димевски и на актуелниот Управен одбор и избор на нов претседател и УО.
Притоа, на барањето потпишани се боксерската, фудбалската, ракометната, боречката, голф, хокеарската, стрелачката, тениската, скијачката, пливачката, џудо, веслачката, коњичката, карате и други федерации, како и 5 индивидуалци – Гордана Нацева, Тодор Гечевски, Калач Руждија, Ѓоко Динески и Наталија Тодоровска. Од иницијативниот одбор велат дека на нивна страна застанале сите федерации, со исклучок на гимнастичарската, мечувалечката, триатлон, кикбокс и стреличката.
Исто така, од таму посочуваат дека имале поддршка и од влијателни индивидуалци што се членови на Собранието, меѓу кои бил и прославениот фудбалер Горан Пандев. Дури, имале пикирано и наследник на Димевски како преодно решение, кој требало да се избира меѓу првите луѓе на кошаркарската и одбојкарската федерација – Перо Антиќ и Перо Јовановски.
Во таква ситуација, тие веруваа во позитивен епилог на Вонредното собрание, и покрај тоа што велеа дека се свесни оти некои федерации и членови може да попуштат од притисокот и да им свртат грб во 5 до 12, особено оние што бркаат настап на претстојните олимписки игри во Париз, чекајќи т.н. вајлд-карта.
На крајот, Вонредното собрание не стигна да расправа за точките од дневниот ред, бидејќи било обезбедено присуство на 27 од вкупно 61 делегат, што значи дека им недостигале неколку до мнозинство. Со други зборови, неколку делегати „смениле страна“ и ја направиле разликата.
– Ова значи дека спортот и искрените спортисти и спортски работници се поразени од криминална политичка и бизнис-елитата на чело со Даниел Димевски – рече некогашниот пливач Александар Маленко, кој претходно реагираше дека преку лажни мејлови се праќале пораки дека тој ќе биде идниот претседател на МОК, со цел да се внесе забуна меѓу делегатите.
Сега, се чека разврската од Собранието што го свика Димевски за четврток, кое се води како Редовно собрание. Засега, единствен кандидат што поднел програма е актуелниот претседател, кој порача дека не бега од борба. Сепак, тој го отфрли барањето на иницијативата.
Паралелно со тоа беше објавено дека Интернационалниот олимписки комитет испратил писмо во кое се наведува дека за нив легитимно е само редовното Изборно собрание свикано на 8.2.2024 година, кога овој број на „Фокус“ веќе ќе биде во печат. Во лиферуваното писмо потпишано од Џејмс Маклиод и Жером Поиве, директори за односи меѓу националните олимписки комитети и за правни прашања, стои:
„Се очекува членките на вашиот национален олимписки комитет да присуствуваат на редовното Изборно собрание на 8 февруари 2024 година и да не се поврзуваат со некаков паралелен состанок или иницијатива. Ве молиме информирајте нѐ за резултатите од вашето редовно изборно собрание на 8 февруари 2024 година“.
УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ
Во исчекување на развојот на настаните во МОК, ги истражувавме наводите за искористување на позицијата од страна на првиот човек, со фокус врз закупот на дел(ови) од спортскиот центар „Кале“, при што утврдивме шема од неколку меѓусебно поврзани компании, за кои соодветни постапки повеле надлежни институции. Во продолжение ги презентираме податоците и информациите што произлегуваат од документацијата што ја обезбедивме.
Додека Димевски е советник за спорт на Заев, негова фирма добива под закуп делови од „Кале“. Станува збор за друштвото „ТУРД Олимпик“, каде што Димевски бил управител и содружник. Официјално, ова друштво основано во 2000 година со дејност „објекти за фитнес“, е избришано ланската година на 16 јуни поради статус на неактивен субјект во период од 3 години.
Тековната состојба на веќе непостоечкиот субјект открива дека Управата за јавни приходи утврдила дека друштвото немало никаква активност во 2016, 2017 и 2018 година. Сепак, компанија во следната 2019 година, односно на 16 јули склучила договор со Јавното претпријатие за стопанисување со објекти од спортот во сопственост на државата, тогаш управувано од директорот Шпенди Хајредин, за закуп делови од „Кале“ во период од 30 години (2019-2049), за сума од 600 евра месечно.
Конкретно, во Членот 1 од договорот стои дека се работи за парцелите со број 5514, 5515, 5516, 5517 и 5518, дуќан (деловен простор) во СРЦ Кале од 85 квадратни метри и паркинг-простор што се наоѓа на парцелата 5530/1, сите во КО Центар 1. Во Членот 2, пак, стои дека на локацијата се наоѓа „запуштен и руиниран отворен базен, со придружни мали базени, скокалница, соблекувални и други помошни простории, сите вон функција и неупотребливи…“
Понатаму, според овој договор, закуподавачот, односно Јавното претпријатие, се обврзал да го предаде во владение предвидениот државен имот. Но, многу побитно, претпријатието со договорот изразило согласност „сите запуштени и руинирани содржини да се пренаменат во други содржини кои се во согласност во Деталниот урбанистички план“.
Во овој контекст, особено важен е и Членот 7, кој предвидува дека закупувачот е согласен да ја користи локацијата за намената определена во ДУП-от, но доколку настанат какви било промени на планот, тогаш овој договор претставува согласност на закуподавачот за пренамена на дејноста. Патем, договорот му дава согласност на закупувачот да врши и инвестициони вложувања и да ангажира коинвеститори по сопствен избор.
„Евентуално изградени објекти од траен карактер по истек на овој договор (2049) ќе бидат проценети од страна на овластен проценител и ќе бидат поделени на двете договорни страни во сооднос 25 отсто на ЈПСОС и 75 отсто на ТУРД Олимпик. Во случај на продажба на предметната локација, закуподавачот му признава предимствено право на купување на закупувачот согласно официјален ценовник“, стои во договор.
Оттука произлегува дека договорот го фаворизира закупувачот „ТУРД Олимпик“ на Димевски да го купи имотот во случај на продажба, му дава право врз 3 четвртини од евентуално изградени објекти по истек на договорот и му овозможува автоматска согласност за пренамена на содржините согласно урбанистичкиот план. Затоа, логично се поставува прашањето што предвидува ДУП-от за овој простор?
Според информациите што ги добивме од Општина Центар, закупениот простор од страна на „ТУРД Олимпик“ е опфатен со два урбанистички плана кои моментално се во сила. Паркингот со кој Димевски добил право да стопанисува е регулиран со „Кале“ Градска Четврт ЦС 14 и тука нема ништо специфично и интригантно, од причина што планот предвидува паркинг, идентично каква што е фактичка состојба на терен.
Она што е поинтересно, закупениот дел околу запуштениот базен, порано познат како „Плаја Виста“, е регулиран со „Француски гробишта“ ЦС 01. Овој план, кој сѐ уште е во сила, на таа локација предвидува изградба на објект во висина од 16,5 метри во еден дел и 6 метри во друг дел, со намена Д3 – спорт и рекреација, каде спаѓаат сите видови активности за спорт, рекреација или забава на отворено или затворено како спортско рекреативни сали и базени за пливање без трибини, рекреативни езера, забавни паркови, тематски паркови…
СУДСКА ПРЕСУДА
Меѓутоа, вo крајна фаза на носење е нов ДУП, според кој, на истата локација е предвиден објект со висина од 16,5 метри во целост, но со намален габарит, бидејќи претходно не било почитувано доволно растојание од цевка за фекална канализација што минува на таа линија. Има уште една разлика, а тоа е дека овој објект е со намена Б6 – простори за собири, каде влегуваат стадиони, повеќенаменски сали, саеми…
Па, освен што му дозволувал на „ТУРД Олимпик“ да стопанисува со паркинг, договорот за закуп му овозможил да полага право и врз катастарски парцели што влегуваат во една градежна парцела, со намена спорт и рекреација. Засега, од таквата намена не може да се отстапи, зашто тоа го налага повисокиот Генерален урбанистички план.
Што се случува во меѓувреме? На 10.4.2020 година, Антикорупциската комисија одлучи да оформи предмет во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на Димевски, кој во својство на надворешен соработник на Заев и управител на „ТУРД Олимпик“ стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале, со што, според ДКСК, остварил приватни интереси и го оштетил Буџетот.
– Спортските сали Кале 1, Кале 2 и лизгалиштето, не се предмет на закуп. Објавениот јавен повик – Оглас за издавање е за земјиште, а не за објекти, коешто е дел од СРЦ Кале, на коишто парцели во моментов има запуштен паркинг и целосно руиниран и запуштен базен. Проблемот е што ДКСК воопшто не побара никаков доказ ниту мислење од нас, ниту од закуподавачот ЈП за спортски објекти – реагираше тогаш Димевски.
Претседателката на ДКСК во заминување, Билјана Ивановска, ни изјави дека оцениле оти Димевски не смеел да го склучи договорот за закуп, бидејќи како советник на премиерот имал можност да добие пристап до информација за огласениот имот, соодветно да се подготви и да се постави во привилегирана позиција во однос на другите потенцијални конкуренти.
Тогаш, се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку претседателот на партиската комисија за спорт Влатко Неделковски, кој изјави дека желбата на Димевски да се прикаже дека објектите се руинирани ја потврдувале намерата за пренамена во „нешто друго“. Како што истакна тој, целиот договор зборува за противзаконски дејствија од типот на пренамена, трајна градба, ексклузивитет…
– Од месечината се гледа намерата на Димевски оваа атрактивна локација да ја претвори во градежна парцела со цел остварување огромни профити на грбот на граѓаните и државата преку еден куп прекршувања на многу закони – рече тој, додавајќи дека прекршен е Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост, Законот за спорт итн.
Меѓу другото, тој го спомена Членот 6 од договорот, кој предвидува дека „закуподавачот и закупувачот се согласни плаќањето да се врши со компензација на меѓусебни побарувања по основ на извршна судска пресуда бр.16 ТС-3613/07 од 15.7.2013 година, донесена од Основен суд Скопје 2“. Патем, Член 8 од договорот му гарантира на закупувачот дека единствено овластен да располага и да го издава под закуп предметниот простор на трети лица, а договорот може предвремено да е раскине со заемна согласност.
Во такви околности, кога опозицијата бара одговорност, а антикорупционерите постапуваат, ценејќи дека Димевски го оштетил буџетот, Јавното претпријатие управувано од Хајредин и приватната компанија управувана од Димевски го раскинуваат договорот за закуп. „Фокус“ располага со спогодбата за раскинување на договорот, која е склучена на 3.6.2020 година. Што се случува понатаму?
Само неколку дена подоцна, или на 10.6.2020 година, претпријатието на чело со истиот директор – Хајредин, склучува договор за закуп за истиот имот, плус дополнителни парцели, ама со друга компанија. Тоа е друштвото „Г3-ФУД“, регистрирано за трговија со метални и метални руди, основано во 2017 година. Компанијата е во сопственост на Мартин Глишиќ.
ДОГОВОР ЗА ЦЕСИЈА
За разлика од претходниот договор, кој беше склучен на период од 30 години за месечна закупнина од 600 евра, овој договор е склучен на период од 10 години, а месечната закупнина е 1.100 евра. Меѓутоа, со овој договор, покрај базенот и придружните објекти и паркингот, опфатен е и деловен простор во рамки на околните објекти.
Врз основа на овој договор, „Г3-Фуд“ закупува деловен простор од 483, 23 и 57 квадрати во објект на КП 5520 – соседната парцела каде имаше угостителски објекти, а денес под закуп работат разни работилници. Дополнително, „Г3-Фуд“ закупила уште 2 деловни простории, од кои една од 76 квадрати на КП 5526, која ја опфаќа спортската сала „Кале“, дадена на користење на КФМ.
Каде е тука проблемот? Новиот закупувач „Г3-Фуд“ никогаш не платил закупнина, бидејќи во игра пак влегла судската пресуда спомената во претходниот договор. Тоа е пресуда со која „ТУРД Олимпик“ судски го добива Јавното претпријатие поради стопанисување со простор во Олимписки базен. Врз основа на оваа пресуда, „ТУРД Олимпик“ има потврдено побарување кон ЈП во износ од 123 илјади евра, плус казнена камата.
Така, кога Јавното претпријатие склучува нов договор со „Г3-Фуд“, трите страни склучуваат т.н. договор за цесија. На тој начин, повторно се заобиколува обврската за реална исплата, бидејќи обврските на новиот закупец „Г3-Фуд“ кон ЈП ги покрива стариот закупец „ТУРД Олимпик“ преку пребивање на судски потврдениот долг што го има јавното претпријатие кон „ТУРД Олимпик“.
Народски кажано, ЈП му издава фактура на закупецот „Г3-Фуд“ од околу 9 милиони денари, колку што чини закупот за договорените 10 години. А, „ТУРД Олимпик“ има побарување од ЈП врз основа на судска пресуда од 2003 година. Преку побарувањето на „ТУРД Олимпик“ се плаќа договорениот закуп, бидејќи „Г3-Фуд“, од друга страна, има побарување од „ТУРД Олимпик“, а долг кон ЈПСОС.
Тука клучна е фактурата меѓу „Г3-Фуд“ и „ТУРД Олимпик за овие 9 милиони денари. Едноставно, кога нов директор на Јавното претпријатие по починатиот Хајредин станува Зоран Исајловски, оваа фактура ја немало во архива. Единствено, според нашите сознанија, закупецот доставил фотокопија од фактурата меѓу претпријатието и компанијата, но не и фактура меѓу двете компании.
На крајот, поради неплаќање на закупнина, ЈП на 10.11.2022 година носи одлука за раскинување и поништување на договорот со „Г3-Фуд“ за закуп на делови од „Кале“, а истиот ден носи одлука и за ништовност на договорот со „ТУРД Олимпик“, иако тој веќе бил спогодбено раскинат?! Овде не завршува сѐ, затоа што претпријатието добило одговор од другата страна дека не можат да поништуваат склучен договор, туку тоа може да го направи само судот.
Набргу потоа, „ТУРД Олимпик“ згаснува, па се поставува прашањето што се случи со нивното побарување кон ЈП за спортски објекти од 2003 година? Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека денес „Македонска куќа“, уште една компанија на Димевски, е меѓу доверителите на Јавното претпријатие, имајќи во предвид дека има 2 извршни решенија со вкупен износ од 43.160.897 денари, плус казнена камата.
Конечно, со двата договори за закуп и договорот за цесија, со што практично (делумно) се наплаќа побарување преку неплаќање на закупнина, се изигруваат останатите доверители со побарувања кон јавното претпријатие, бидејќи еден доверител наоѓа начин да наплати дел од побарувањето на страничен и посреден начин, додека другите чекаат ред и веројатно никогаш немаат да го дочекаат, ако се знае дека претпријатието е со години со блокирана сметка.
Во врска со овие договори, контрола била извршена од УЈП, а документација прибирала и Финансиската полиција, која потоа иницирала постапка и во Јавното обвинителство, кое испитувало повеќе сведоци. За потребите на сторијата, го посетивме јавното претпријатие, од каде само ни посочија дека постапуваат согласно закон и пропис. Се обративме и до МОК и претседателот Димевски, но до затворањето на весникот не добивме одговори на прашањата, вклучително и за закупот на дел од „Кале“.
Дејност вон статутот
МОК ПОСЕДУВА ФИРМА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА!
Покрај тоа што претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски е дел од структурите на неколку фирми, преку кои делува во реалниот сектор, и МОК како субјект е вклучен во инвестициски зафати.
Имено, се јавува како сопственик на приватна компанија, односно го поседува Друштвото за производство на електрична енергија „МОК-КОМ“, основано во 2022 година.
Сепак, дискутабилно е колку бизнисот треба да биде иманентен на едно здружение на граѓани, чии цели не се компатибилни со она што е главна цел на приватните компании – остварување на профит.
Меѓу статутарните цели на МОК се подготовки и учество на спортистите и екипите на Олимписките игри, развој и ширење на Олимпиското движење, ширење на основните принципи на Олимпизмот, афирмација и развој на врвниот спорт…
Ниту една од овие цели не соодветствува со основањето на компании и водење бизнис, додека тоа не е експлицитно наведено ниту во можностите и начините за финансирање на организацијата.
Во овој дел само стои дека тоа може да се прави преку сопствен маркетинг, собрани средства, државни субвенции, донации од претпријатија и поединци и „други соодветни извори“.
Предистражна постапка
СОМНИТЕЛНОТО ДОДЕЛУВАЊЕ СПОРТСКИ ВАУЧЕРИ
Освен случајот со закуп на имот на „Кале“, до Јавното обвинителство беше иницирана уште една постапка поврзана со спортот. Станува збор за спортските ваучери, за што Антикорупциската комисија утврди сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови.
ДКСК достави иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на Централната комисија на АМС, а во цела работа се вклучи првиот човек на МОК Даниел Димевски, барајќи оставка од Мојсовски.
„Негативно е оценета работата на АМС по сите точки и основи, раководството на истата во ист и непроменет состав продолжува со истите криминални практики“, стои во отвореното писмо на Олимпискиот комитет до вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.
Сепак, Мојсовски возврати дека токму Димевски е креатор на ваучер системот, додека во периодот од 2017 до 2020 година бил директно вклучен преку владината комисија.
„Човекот е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции – претседател на Централната комисија за доделување спортски ваучери, член на Управниот одбор на МОК, а подоцна и негов претседател“, возвратија од АМС.
Во врска со тоа, од ЈО кусо ни изјавија дека предметот „е во фаза на предистражна постапка и се преземаат дејствија за проверка на наводите“.