(АРХИВА) Како екс шефот на тајната полиција ги разнесе предметите на СЈО?

На поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, му се закануваше долгогодишна казна затвор по поднесени обвиненија за повеќе предмети на СЈО. Но, анализата на неговите предмети што ја направи „Фокус“ покажува дека тој е поблиску до слобода, отколку до долгогодишна робија. Дел од делата му застарија, а за дел му се наклонети и „ѕвездите“ во судовите!

by fokus

Текстот е објавен на 29 ноември 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1417

Пишувала: Валентина ВУРМО

Ова е голем ден за правната држава и за владеењето на правото“, рече екс министерот за правда, Бојан Маричиќ, на денот кога беше донесена пресудата за случајот „Таргет и Тврдина“, поточно за масовното нелегално прислушување во УБК.

Маричиќ веќе одамна не е министер за правда, а од „големиот ден за правната држава“ поминаa речиси две години. Во меѓувреме, сѐ си остана по старо. Ниту се донесе правосилна пресуда, ниту, пак, некој влезе в затвор.

Точно е дека поранешниот шеф ма УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор, но казната, до ден денес, остана да виси во воздух.

Судиите во Апелациониот суд веќе 10 месеци се думаат дали да ја потврдат првостепената пресуда или да ја укинат. Доколку ја укинат, тогаш случајот ќе се врати на повторно судење.

Не дека второстепениот суд бил многу поекспедитивен кога станува збор за други случаи, но има и примери кога во разумен рок го кренале мечот и пресекле.

Па така, за предметот „Труст“, исто така на СЈО, на судиите им беа потребни осум месеци за да донесат правосилна пресуда, додека за „Тенк“ околу пет месеци.

Токму затоа, за „мајката“ на сите случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство се очекуваше уште побрза реакција.

АПЕЛАЦИЈА ЈА „КВАЧИ“ ПРЕСУДАТА

Кога кон крајот на август прашавме во Апелација до каде е постапувањето по предметот, добивме одговор дека уште е во работа, а дека дел од судиите сѐ уште се на одмор.

Но, и по летните одмори, ситуацијата не се промени. Зошто сѐ уште нема одлука, од неодамна се заинтересирале и во Судскиот совет.

– Судскиот совет, во рамките на своите законски надлежности ја следи работата на судиите и судовите. Имајќи го предвид интересот на јавноста за ажурно постапување во судските предмети, координаторот од Судскиот совет задолжен за Апелациониот суд Скопје презема дејствија во таа насока, вклучително и за предметот „Таргет и Тврдина“, ни одговорија од Судскиот совет.

Како што дознаваме од доброупатени извори, во Апелација веќе пристигнало и писмо од Судскиот совет, во кое бараат одговор на повеќе прашања, а меѓу кои и на она главното – зошто сѐ уште не е донесена второстепена одлука?

Судија известител во овој предмет е Енвер Беџети, претседател на советот е Јани Нича, а од петорката дел се и тројцата судии Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.

Иако станува збор за обемен случај, со споени два предмета, еден за нелегалното прислушување, а вториот за уништувањето на опремата за следење на комуникациите, со 11 обвинети и со пресуда распослана на 300 страници, сепак одредени информации одат во насока дека причината во одложувањето е поинаква.

Наводно, според правната фела, судии чекаат абер од Судот за човекови права во Стразбур, кој наскоро се очекува да одлучи за судбината на сите предмети на СЈО, вклучително и за овој „најважниот“.

Поточно, најверојатно тргнале од логиката, зошто самите да го понесат товарот, кога тоа може, наместо нив, да го сторат судиите во Стразбур.

Во таа насока одеа и очекувањата на адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој беше судијата што ја донесе првостепената пресуда.

Извесно е дека свое влијание во оваа постапка ќе има одлуката на ЕСЧП, која, според моите сознанија, е во финална фаза, и тоа по однос на прашањето за влијанието на помилувањето од страна на тогашниот претседател на државата на оваа кривична постапка.
Така што, едно се желбите да се оконча постапката за нелегалното прислушување, а друго е реалноста, која во овој случај зависи исклучиво од законот, одлуката на повисокиот суд и евентуално од одлуката на ЕСЧП. Таа реалност ќе мора да ја прифатиме и да ја почитуваме –
изјави неодамна Туфегџиќ во интервју за „Фокус“.

ЗАСТАРУВАЊЕ НА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

Засега е неизвесно дали апелационите судии ќе се осмелат и самите ќе одлучат како да го спакуваат овој случај. Она што засега тивко се зборува во судските кулоари е дека наводно големи се шансите, или се правеле притисоци, едниот дел од предметот да биде укинат, а другиот потврден.

Е она што сѐ уште не е јасно е дали има шанса да „падне“ делот со незаконското прислушување или со уништувањето на опремата. Доколку биде укината пресудата за „Таргет“, делот за незаконското прислушување, тогаш се заканува и опасноста од застарување на предметот.

Поточно, на почетокот на 2025 година застаруваат делата на осудените за масовното прислушување, што би значело дека во рок од две години, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и таа за тој временски рок да стане правосилна.

Ако не се стигне овој рок, тогаш целиот случај ќе замине во историјата како застарен, без виновници.

Иако две години се сосема доволни, за судења во држави со функционален правен систем, сепак кај нас тоа би било невозможна мисија.

Во таа насока, говори и досегашната пракса, односно за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од три месеци, а за второстепената веќе се чекаат 10 месеци.

Вакво сценарио најмногу би му одговарало на Мијалков, кој би се спасил од заканувачката 12-годишна казна затвор.

Нему му се судеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, за што е осуден на 5 години затвор, за „Злосторничко здружување“ доби уште 5 години, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“, уште 3 години затвор. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна од 12 години.

Но, и пред да извага Апелација, казната почна да му се намалува. Минатата година во февруари му застари делото за „Примање награда за противзаконито дејствување“. Другите две дела застаруваат за 10 години од сторувањето, или точно на почетокот на 2025 година.

На вакво сценарио, пак, не можат да се надеваат обвинетите за вториот дел од предметот, „Тврдина“, а кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување во УБК.

На Мијалков не му се судеше за овој дел, но затоа, пак, екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, беше осудена на 4 години затвор. Иако нејзината казна е далеку помала, сепак, таа не може да се надева на застарување.

Пред иста мака се исправени и осудените Тони Јакимовски, како и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, сите поранешни вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Разликата е во тоа што за Мијалков беше поднесен обвинителен предлог, кој се однесува за дела за кои им се закануваат помали казни, односно до 5 години, поради што и апсолутната застареност настапува за 10 години.

За другите обвинети, пак, беше поднесен обвинителен акт, за кривични дела за кои е предвидена повисока казна, а поради тоа и застарувањето во блиска иднина е недостижно.

СЕ ЧЕКА АБЕР ОД СТРАЗБУР

Доколку, сепак, се случи Апелација да ја потврди првостепената пресуда во целост, тогаш на осудените ќе им остане да се надеваат на одлуката на меѓународниот суд во Стразбур. Нивната одлука се чекаше есенва, но бидејќи сѐ уште нема најава, прашање е дали ќе стигне до крајот на годината.

Поточно, се чека дали овој суд ќе ја „оживее“ аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов и од кривичен прогон и затвор ќе се спасат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, на кои им се суди или веќе се осудени за предмети што ги отвори СЈО.

На 12 април 2016 година, Иванов потпиша над 100 решенија за аболиција, а во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација во Стразбур по што следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени.

Доколку судот во Стразбур одлучи да ја оживее аболицијата на Иванов, според нашата пресметка, најголем ќар од неа би имал Мијалков. Поточно би запреле речиси сите активни судења против него.

Поранешниот претседател Иванов потпишал шест одделни решенија, со кои поранешниот прв разузнавач се обидел да го спаси  за неколку кривични дела.

Па така, доколку аболицијата добие зелено светло од Стразбур, на Мијалков ќе му остане активно само едно од трите кривични дела за кои се гони во „Таргет“, односно казната од 5 години за „Злосторничко здружување“.

Со оглед на тоа дека обвинетите Грујевски, поранешен началник во УБК, и Бошкоски, пак, се аболирани за двете кривични дела за кои се гонат за нелегалното прислушување, тогаш случајот би бил речиси урнат.

Иста би била и судбината на случајот „Трезор“, кој целосно би бил поништен. Пред една недела, Апелациониот суд го извади овој предмет од „фиока“, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно судење.

Така, Мијалков ја избегна 8-годишната затворска казна, но ќе мора повторно да седи на обвинителна клупа во Кривичниот суд. Овој случај не е загрозен од застарување, но со потегот на Апелација, на обвинетите им се даде шанса да добијат и ослободителна пресуда.

СПАС ОД УШТЕ ЕДЕН ПРЕДМЕТ

На поранешниот директор му се суди и за случајот „Титаник 2“. За него не би му помогнала позитивна пресуда од Стразбур, бидејќи Иванов заборавил да го помилува за делото за кое се гони, но реално ваквата помош од меѓународниот суд не му е ниту потребна.

Имено, Мијалков веќе беше осуден на три години затвор, но откако пресудата падна на Апелација, на крајот на 2019 година, случајот стартуваше одново.

Во моментов, судењето е во фаза на доказна постапка, но Мијалков на судењата може да оди сосема релаксиран.

Кривичното дело за кое се гони „Примање награда за противзаконито влијание“ му застарува за пет месеци, или во април 2023 година. Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година, а делото му застарува за десет години.

Во овој рок би можело да се стигне да се донесе првостепена пресуда, но невозможна мисија е таа да стане правосилна. Тоа значи дека екс директорот на УБК може уште сега да слави дека успеал да се спаси од уште еден предмет на поранешното СЈО.

Другите обвинети во случајот, пратеникот Мендух Тачи, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, и уште тројца поранешни членови на ДИК ја немаат таа среќа со застарување да се спасат од обвинение. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, дело што застарува за 40 години.

На патот до својата правда, Мијалков е и за случајот „Тортура“, односно за нечовечкото апсење на Љубе Бошкоски. Тој, пред речиси година и пол доби ослободителна пресуда од Кривичниот суд, а сѐ уште се чека одлуката на Апелација.

Доколку, пак, единствената надеж му остане во Стразбур, тогаш при позитивна одлука и овој случај би паднал во вода, бидејќи аболицијата се поклопува со кривичното дело за кое се гони, „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, за што му се заканува затворска казна од три до осум години.

Сума сумарум, поранешниот најмоќен човек во државава, на крајот ќе излезе како победник, односно ќе успее да се спаси од поголемиот број предмети што против него ги отвори СЈО.

Па така, уште долго, Маричиќ, и другите министри за правда, ќе сонуваат за правна држава и за владеење на правото!

МИЈАЛКОВ ЗА ГОДИНА-ДВЕ ЌЕ БИДЕ СЛОБОДЕН ГРАЃАНИН 

Поранешниот директор на УБК, Мијалков, во моментов ја издржува тригодишната казна затвор за случајот „Империја“, во отвореното одделение, во затворот во Струга. Тој се согласи на спогодба со обвинителството и избегна судење.

За овој предмет за него немаше надеж во Стразбур, бидејќи предметот беше отворен подоцна, па Иванов немаше можност да го помилува за двете кривични дела за кои беше осуден.

Од Апелација се очекува и одлука за случајот „Плацови на Водно“, за кој беше осуден на 1 година и три месеци затвор.

Доколку пресудата биде наскоро потврдена, Мијалков може да бара спојување на казните, со што ќе добие намалување. Од казните ќе му се одбие и времето што го поминал во притвор, па така прогнозите се дека максимум во Струга ќе преспива уште година-две.

Поврзани новости