Текстот е објавен на 26 мај 2022 година во неделникот Фокус со број 1.390.
Откако се дозна дека еден од внуците на Али Ахмети ќе стане газда на бизнис-центарот „Соравиа“ во Скопје, се отвори темата за недвижностите и бизнисите на потесното семејство на лидерот на ДУИ, за што „Фокус“ пишуваше пред неколку месеци. Претходно, пак, обелоденивме дека имотот го зголемила и ДУИ, која стекнала деловно-административна зграда во кругот на Телеком, во центарот на Тетово. Документацијата што ја обезбедивме открива дека претходните сопственици на објектот може да се доведат во релација со партијата, но и со институции раководени од интегративците.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Владејачката ДУИ, предводена од Али Ахмети, го зголемила партискиот имот, стекнувајќи атрактивен деловен објект во строгиот центар на Тетово, дознава „Фокус“. Неодамна, „интегративците“ ја купиле поранешната зграда на Македонски пошти и Македонски телеком во Тетово за сума од околу 900.000 евра.
Притоа, официјалните податоци што ги обезбедивме покажуваат дека објектот е купен од компанија, чиј сопственик не ја крие наклонетоста кон ДУИ, иако често знаел да испорача и критики. Претходно, пак, објектот бил во сопственост на познат тетовски бизнисмен, кој остварувал соработка со повеќе институции.
Според информациите што ги добивме, тој го купил и го продал објектот за идентична цена, која е прилично пониска во споредба со онаа што на крајот ја платил сегашниот сопственик – ДУИ.
БАНКАРСКИ КРЕДИТ
Според податоците од Катастарот на недвижности, станува збор за објект на приземје и 3 ката, со намена „згради во останато стопанство“. Тој спаѓа во рамки на катастарската парцела 2061/3, во катастарска Општина Тетово 1. Неговиот габарит изнесува 452 квадратни метри, а неговата вкупна внатрешна површина 1.423 квадрати.
Моментално, преку имотен лист со број 38220, зградата ја поседува политичката партија ДУИ, додека земјиштето сѐ уште се води во сопственост на државата преку имотен лист 38219. Арно ама, штом го поседува објектот, партијата има право да го трансформира, односно да го приватизира и земјиштето под и околу него.
Како „интегративците“ го стекнале овој објект, кој изгледа прилично запуштен и во лоша кондиција, но, сепак, се смета за атрактивен, пред сѐ, поради неговата локација? Од одговорите што ги добивме од Мала Речица, произлегува дека партијата го стекнала објектот по пат на купопродажба.
Имено, првиот човек на финансискиот оддел на ДУИ, Бејтула Адеми, ни изјави дека за да го купат објектот, подигнале кредит од околу 900.000 евра од Алфа банка или Силк роуд, што значи дека за еден квадрат платиле над 600 евра. Периодот за враќање на кредитот, како што објаснува тој, е 7 години, од што произлегува дека месечната рата надминува 10.000 евра.
Во однос на прашањето за каква намена партијата планира да го користи објектот, на кој можеше да се види табла од младината на ДУИ и плакати од партискиот лидер, Адеми одговори дека тоа не спаѓа во делот на неговите обврски и надлежности. Затоа, истото прашање го поставивме и до Артан Груби, шеф на кабинет на Ахмети, но досега одговор не добивме…
ПРЕТХОДНИОТ СОПСТВЕНИК
Инаку, ДУИ го купил објектот од приватна компанија, покажуваат официјалните податоци. Претходно, тој бил во сопственост на друштвото со назив „Инфинити-МГ“, кое, според податоците од Централниот регистар, неодамна е преименувана во „Зега Груп“.
Како сопственик на оваа компанија се јавува Елита Зулбеари Маша, позната како менаџерка на „Вилсон школата“, која работи по лиценца на светски познатиот бренд. Се работи за една од најголемите странски инвестиции во образованието, во земјава од страна на институцијата „Вудроу Вилсон“, во делот на претшколско, основно и средно образование.
Во изминативе години, Маша беше домаќин во образовниот центар на „Вилсон Македонија“ на многу владини претставници, меѓу кои имаше и бројни кадри на ДУИ, како Фатмир Бесими, Валон Сарачини… Патем, таа не ја крие наклонетоста кон ДУИ, така што во една ситуација отворена ја нарече „мојата партија“.
Но, таа знаела да испорача и критики. Поточно, тоа се случи кога Маша реагираше откако во актуелната влада формирана по последните парламентарни избори, „интегративците“ не номинирале ниту еден кадар од понежниот пол. По тој повод, медиумите пренесоа еден нејзин фејсбук-статус, кој гласи:
„Колку е само среќна мојата партија ДУИ што јас не сум на чело на Форумот на жени. Сега, или ќе имавме жени во извршната власт на сите нивоа, или би имале добро организирани протести пред седиштето. Бидејќи како мене има многу што преживуваат дури и без партијата, а родовата кауза им е пред сѐ“.
ДОГОВОРИ ЗА ЈАВНА НАБАВКА
Низ историјатот на движење, како сопственик на овој објект пред поранешната компанија „Инфинити“ или денешната „Зега“ се јавува и познатиот тетовски бизнисмен Азби Ибрахими, кој, според податоците со кои располагаме, своевремено пред надлежната Управа за имотно-правни работи, во рамки на Министерството за финансии, поднел и барање за приватизација на градежното земјиште, по што во Катастарот била запишана и предбелешка за идна сопственост.
Како што е познато, Ибрахими ја поседува градежната компанија „АК-Инвест“, која изминативе години влезе во групата на најуспешни градежни компании во земјава. Така, порталот „Пари“ неодамна ја смести фирмата меѓу апсолутните лидери во градежниот сектор заедно со „ЗСФ-КОМ“ на Фатмир Етеми, врз основа на приходите и добивката што ја оствариле.
Она што е карактеристично за „АК-Инвест“, оваа тетовска компанија учествува на тендери, така што склучила повеќе договори за јавна набавка со органи предводени од кадри на ДУИ. Според Бирото за јавни набавки, најголем е договорот со Министерството за екологија за изградба на фекална и атмосферска канализација во Гостивар, вреден 130 милиони денари.
Потоа, компанијата соработувала и со Општина Тетово, со која склучила договор за реконструкција на простории на општината и на Советот, во вредност од 14 милиони денари. Исто така, таа склучила договор и со Општина Сарај за реконструкција на општинската зграда, во вредност од 4 милиони денари итн.
Притоа, компанијата на нејзината официјална интернет-страница навела дека реализирала голем број приватно-спонзорирани проекти, меѓу кои спаѓаат голем број станбени згради во Тетово и во Скопје. Меѓу наведените проекти се и комплексот „Етно село“, трговскиот центар „Ист гејт“, но и веќе споменатиот „Вилсон колеџ“…
БИЗНИС СО СТРУЈА
Воедно, „АК-Инвест“ изградила и повеќе мали хидроцентрали, а неколку од нив и ги поседува. Во таа насока, друштвото се јавува како целосен сопственик на „АК Хидро 2016“ и како делумен сопственик на тетовската „АНИ Енергетика“, и на гостиварската „Гравис Хидро“. Сите тие ги поседуваат потребните лиценци од Регулаторната комисија за енергетика.
Ако градежната „АК-Инвест“ на Ибрахими влегла во секторот со производство на електрична енергија, тогаш неговиот син Фитим Ибрахими се испроба во бизнисот со трговија и снабдување со струја. Како што веќе пишувавме, помладиот Ибрахими во 2016 година ја основаше компанијата „У Повер“ заедно со Аријанит Џафери, син на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ, Муса Џафери.
Набргу по основањето и лиценцирањето, оваа компанија почна да остварува сѐ поинтензивна и попродуктивна соработка со државни институции и јавни органи, така што почна да добива вредни тендери за испорака на струја. Еден од нив е тендерот од „Македонски железници“, во вредност од над пола милион евра.
Арно ама, шоковите на пазарот со електрична енергија по избивањето на енергетската криза донесоа криза и за оваа компанија, која почна да влече на струја од мрежата на МЕПСО, со цел да ги испочитува договорите со клиентите со побезболни последици. Тоа резултираше со постапка за одземање на лиценцата на компанијата.
За целата ситуација најдобро говори инцидентот кога еден од содружниците во „У-Повер“ – Џафери, се обиде физички да се пресмета со првиот човек на РКЕ Марко Бислимовски. Во меѓувреме, тој остана еден сопственик на компанијата, со оглед дека тековната состојба на друштвото покажува дека Ибрахими излегол од сопственичката структура.
ТОЧКИ НА ПОВРЗАНОСТ
Од целата хронологија произлегува дека претходните сопственици на најновиот објект во сопственост на ДУИ може да поврзат со партијата по разни основи. Но, исто така, треба да се наведе дека остварувале и разна соработка со владини функционери на ДУИ, како и со институции раководени од сопартијци на Ахмети.
На тој начин, „интегративците“, покриени со банкарски кредит, го зголемиле сопствениот недвижен имот и со објект во центарот Тетово од над 1.400 квадрати.
Како што е веќе познато, имотот на ДУИ се состои и од ниви во прилепско Дебреште, како и неколку објекти во Скопје, вклучително и објектот во Чаир, каде што е регистрирана партијата.
Азби Ибрахими, сопственик на „АК-Инвест“
ОБЈЕКТОТ ГО ПРОДАДОВМЕ ЗАШТО НИ ТРЕБАШЕ ПОГОЛЕМ ПРОСТОР
„АК-Инвест“ се стекна со сопственост врз административна зграда во кругот на Телеком во Тетово, во 2011 година, кога ја купи од компанијата „Албнор Компани“ со банкарски кредит од Охридска банка, ни одговори првиот човек на компанијата Азби Ибрахими.
За информација, „Албнор Компани“ се занимава со производство на струја и моментално е во сопственост на „Фероинвест“ на поранешниот вицепремиер за економија, Кочо Анѓушев.
„Поради брзиот раст и големиот обем на работа во тој период, компанијата имаше намера да се пресели во сопствен поголем објект, а не да користи простории под закуп. Тогаш користевме 3 простории под закуп“, вели Ибрахими.
Тој додава дека „АК-Инвест“, сепак, не се преселила во споменатиот објект, од причина што тој немал доволен простор и услови за складирање на градежната механизација и опремата што ја поседува компанијата.
„Во периодот кога ја поседувавме недвижноста, во ниту еден момент не беше склучен договор за закуп, ниту објектот бил даден некому на користење. Недвижноста цело време стоеше празна и осигурана“, вели Ибрахими.
Тој додава дека во 2019 година „АК-Инвест“ се преселила во нов административен објект заедно со хала и поголем плац, кој е лоциран надвор од градското подрачје.
„Во јуни 2020 година, менаџментот на компанијата донесе одлука за продажба на горенаведениот објект. Тој е продаден по пат на купопродажен договор со „Инфинити-МГ“ за иста сума за колку е купен, односно за 650 илјади евра“, вели Ибрахими, посочувајќи дека со оваа компанијата денес нема никаква соработка или должничко-доверителски однос.
Исто така, „Фокус“ се обрати и до „Инфинити-МГ“, денес преименувана во „Зега Гроуп“, последниот сопственик на објектот пред ДУИ. Меѓутоа, до затворањето на весникот од таму не добивме одговори на нашите прашања за причините за купување, односно продавање на објектот.
Хронологија на настаните
КАКО ТЕЧЕЛА ПРОМЕНАТА НА КОРИСНИЧКИТЕ И СОПСТВЕНИЧКИТЕ ПРАВА?
Парцелата каде што се наоѓа најновиот објект на ДУИ во Тетово била дел од парцела, која низ годините менувала повеќе корисници, сѐ до 1974 година, кога се врши експропријација на имотот и тој станува општонароден, покажува уверението на движење што го добивме од Катастарот на недвижности.
Од многуте промени, за издвојување е 2000 година, кога, како што се наведува во уверението, повеќе парцели се спојуваат во една, која се евидентира во пописен лист на Јавно претпријатие за поштенски сообраќај Македонски пошти и на Јавно претпријатие Македонски телеком.
Десетина години подоцна, или поточно во 2011 година, се издвојува денешната катастарска парцела со број 2061/3, која се евидентира на државата, со право на користење на Македонски пошти и Македонски телеком.
Следната промена е во 2014 година, кога сопственикот на „АК-Инвест“ Азби Ибрахими поднесува барање за трансформација на земјиштето, каде што се наоѓа споменатиот објект, додека во 2016 година се става предбелешка во катастарот.
Она што следува веќе е јасно – објектот преминува во сопственост на „Инфинити“/„Зега“ на Елита Маша, која потоа го продава на ДУИ, додека постапката за земјиште сѐ уште е во тек, имајќи предвид дека во Катастарот сѐ уште се води на државата.
Што поседуваат другите партии?
СДСМ НАСЛЕДИ, НО ВМРО КУПИ НАЈГОЛЕМ ИМОТ
Дуќани, дворови, ниви, згради, станови поседува ВМРО-ДПМНЕ, која се јавува како сопственик на недвижен имот преку 100 имотни листови.
Најголемите имоти што ги има опозициската партија, главно стекнати за време на децениското владеење на Никола Груевски, се наоѓаат во Сарај, Кисела Вода и во Центар, каде што ВМРО-ДПМНЕ поседува згради, станови и пасишта.
Но, убедливо највпечатлива е зградата каде што е лоцирано партиското седиште, сместена во самиот центар на градот, околу која имаше партиски препукувања, а имотот беше замрзнат во судскиот процес за финансирање на партијата.
Во оваа зграда, изградена по пат на јавно-приватно партнерство со скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, еден од најголемите градители на „Скопје 2014“, партијата поседува вкупно 675 квадратни метри.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ има далеку помал имот. Најголемиот со кој располага партијата е зградата на партиското седиште сместена на улицата Бихаќка, лоцирана во центарот на Скопје.
Исто така, владејачката партија поседува недвижности од над 2 илјади квадратни метри. Од поголемите имоти, СДСМ има 507 квадратни метри во Битола, додека со по два имотни листа има имот во Неготино, Крива Паланка и во Струга.