(АРХИВА) Како другарот на Груевски стана прв платен претседател на фудбалската федерација?

by Фокус

Текстот е објавен на 19.05.2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.076

Пред 3 години дојде до мирно примопредавање на фудбалската власт, која ја презеде Илчо Ѓорѓиоски од рацете на Харалампие Хаџиристиски, откако му беше исчистен патот до врвот. И, не помина многу време додека не паднаа првите обвинувања од фудбалски работници за приватизација на федерацијата од страна на новото раководство на чело со Ѓорѓиоски, кој е прв челник на ФФМ во работен однос со оваа оваа организација, каде, патем речено, работат многумина негови блиски пријатели. Притоа, тој е директно е поврзан со две компании, од кои едната е во фаза на ликвидација, а додека другата е избрирашна како правен субјект. Од ФФМ ги отфрлуваат шпекулациите дека овие компании имале деловна соработка со Федерацијата, во која се вртат милионски суми на годишно ниво.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Фудбалот е убедливо најпопуларен планетарен спорт, околу кој се врти вниманието на цела светска јавност, особено кога се играат натпревари од најголемите европски лиги, или, пак, кога се оддржуваат континнтални и интерконтинентални првенстава. Освен што фудбалската игра претставува борба за престиж и доминација на големите клубови и држави, истовремено тој е голема бизнис-индустрија. Затоа, во и околу „најважната споредба работа во светот“, како што се опишува фудбалот, се вртат големи пари.

Во последниот период, кога на европско и светско ниво во фудбалскиот спорт има се повеќе изненадувања, што покажува дека парите и не се се единствениот пат до успехот, Македонија како репрезентација ги бележи историски најголошите резултати, а не е ништо поарно ниту на клупски план. Ако некогаш го заземаше пристојното 47-мо место на ранг листата на ФИФА, денес македонската репрезентација е рангирана речиси трипати полошто – на 141 место. На тој начин, таа е најлошо пласирана репрезентација од сите на Балканот, во ист кош со полупрофесионални репрезентации и држави од танакаречениот трет свет.

ЧИСТЕЊЕ НА ПАТОТ ДО ВРВОТ

Токму во ваков незгоден период се случи смената во раководството на Фудбалската федерација на Македонија, чија основна задача и цел е да го регулира, но и афирмира фудбалскиот спорт. Откако долгогодишниот претседател Харалампие Хаџиристески одби неколку обиди и притисоци на фудбалски и бизнис кругови блиски до врхушката на власт за негова смена, тој конечно попушти во 2012 година, кога во ФФМ дојде до мирно примопредавање на власта. Иако сите очекуваа дека негов наследник ќе биде Масар Омерагиќ, поради неговата блискост со Сашо Мијалков и Орце Камчев, сепак, на крајот челното место во фудбалската федерација го зазеде дотогашниот тренер на скопскиот клуб Вардар, Илчо Ѓорѓиоски, кој, случајно или не, е другар од детството на премиерот Никола Груевски.

Инаку, Омерагиќ беше долгогодишен жесток противник на Хаџиристески, но неговата најголема офанзива во 2009 година заврши неуспешно, од проста причина што не доби шанса да му се спротивстави во рамки на федерацијата, откако беше дисквалификуван со сомнителни технички пропусти. Арно ама, кога сопственикот на транспортанта компанија „Руле Турс“ доби шанса да ја постигне целта за која се бореше десетина година, чудно во последен момент се повлече од намерата да се кандидира за нов челник на фудбалската федерација, со објаснување дека неговата мисија е реализирана – детронизирање на Хаџиристески, и нема дополнителни мотиви.

А, дека најверојатно се работи за договор Хаџиристески довроволно да се повлече, а Омерагиќ да се откаже, за да му ослободат простор на Ѓорѓиоски, има доста индикатори. Прво, Драги Митковски, прв човек на компанијата за сметководствени услуги „Митковски ММ“, како и на фирмата која од неодамна стана сопственик на локални телевизии – „ДМТ Продакшан“, дава оставка како член на Собранието на ОФС Скопје, со официјално образложението дека бил презафатен. И така, на неговото место е избран Ѓорѓиоски, врз основа на што има право да биде делегат на собранието на фудбалската федерација, односно да се кандидира за претседател. Притоа, вреди да се напомене дека Митковски и Ѓорѓиоски се познаници и пријатели од скопската населба Ѓорче Петров, каде, како што објаснуваат оние кои ги познаваат, во детските денови другарувале и со Груевски.

Според многу обвинувања на опонентите на актуелната фудбалска власт, изборот на Ѓорѓиоски е фалсификат, бидејќи политичкиот диктат е направен надвор од пропишаната процедура. Еден од фудбалскиот работници кој се спротивстави на ваквиот избор е Љубомир Ѓурчевски, кој си поднесе оставка од членството на Управниот одбор на ФФМ поради тоа што, своевремено објави тој, номинацијата на Ѓорѓиоски е задоцнета, без почитување на рокот да се кандидира 30 дена пред оддржувањето на вонредното собрание за избор на нов челник на ФФМ. Сепак, од ФФМ сметаат дека изборот е направен во легална постапка, организирана од претходното раководство, што не била оспорена и од ФИФА и УЕФА.

ПЛАТЕНА ФУНКЦИЈА И ПРИВАТЕН БИЗНИС

Всушност, и самиот Хаџиристески по доброволното напуштање на позицијата истакна дека Ѓорѓиоски е човек близок до владејачката гарнитура и ќе може да смета на разни бенефити и максимална поддршка од нејзина страна. Она што му беше нејасно на поранешниот челник на ФФМ е како федерацијата ќе ја води човек кој заработувал како тренер, со оглед дека оваа позиција е волонтерска? Меѓутоа, информациите говорат дека Ѓорѓиоски е првиот претседател на ФФМ кој прима плата за извршување на оваа функција, а бил активен и во приватниот сектор.

Како што неодамна обелодени Драган Томовски, портпарол на иницијативата „Обединети за фудбалот“, која се јави како опозиција внатре во ФФМ контра актуелното раководство, Ѓорѓиоски зема плата од 250.000 денари месечно. Меѓутоа, Томовски смета дека оваа операција за првиот платен претседател на фудбалска федерација е изведена со усвојување на Правилник за органзација во 2014 година, според кој, меѓудругото, „претседателот управува со имотот и раководи со административниот орган на ФФМ“. На тој начин, претседателот на мала врата доаѓа на врвот на административната хиерарахиска пирамида, нетипично за здружение на граѓани.

Имено, неполни 2 месеци по избор на Ѓорѓиоски за прв човек на ФФМ во 2012 година, Управниот одбор на ФФМ носи одлука со која се овластува Генералниот секретар да склучи договор со Претседателот на ФФМ за регулирање на неговиот статус, со цел, стои во образложението, зголемување на неговата ефикасност и независност. Со оглед дека претседателот освен што управува со седниците на УО, воедно и ги потпишува одлуките и актите донесени од овој ораган, тој практично потпишал акт или одлука за самиот себеси да оставри паричен надомест. Но, две години подоцна тој го трансферира договорниот однос во работен однос, заснован на менаџерски договор, во што, според ФФМ, нема ништо спорно и проблематично, иако во статутот предвидува дека договор за вработување само за генералниот секретар.

Нејсе, непосредно откако се најавуваше неговата кандидатура за фудбалскиот врв, Ѓорѓиоски ја основа приватната компанија за трговија и услуги „ЗРД Инжинеринг“. Официјалните податоци велат дека таа е основана на 16 јуни 2012 година, еден месец пред неговиот официјален избор за прв човек на федерацијата како единствен кандидат. Освен него, како косопственици во компанијата фигурираат тројца турски државјани анонимни за македонската јавност – Зафир Думен, Исмаил Деримбаш и Мустафа Екши, од кои Екши се јавува како управител на компанијата основана со паричен влог од 5.000 евра.

Она што е интересно, компанијата е избришана од Централниот регистер поради неисполнување на обврската за поднесување на финансиски извештај за секоја календарска година. Фирмата не поднела финансиски извештаи три години едно подруго по основањето, што, покрај паричната казна повлекување и одлука за бришење на фирмата како правен субјект. Од ФФМ велат дека оваа компанија никогаш немала деловна соработка со ФФМ, но останува да виси дилемата зошто не ја исполнувала законската обврска да поднесува финансиски извештаи?

ОПКРУЖУВАЊЕ СО БЛИСКИ ЛУЃЕ

Првиот човек на ФФМ пред да ја презеде оваа функција, односно уште додека бил тренер на Вардар, бил основач и управител на уште една компанија. Станува збор за друштвото за спортски дејности, промет и услуги „Голден Њу Старс“, основано на почетокот на 2011 година. Во моментов, според официјалните податоци од Централниот регистер, компанијата е во постапка на ликвидација, која се спроведува со одлука на основачот да ја затвори компанијата без притоа да има долгови кон побарувачи. Оттука, Ѓорѓоиски бил активен во приватниот сектор уште пред да го замени тренерското со претседателското столче во ФФМ.

Во меѓувреме, поточно во мај 2012 година, се основа фудбалскиот клуб со сличен назив – „Њу Старс“, со иста адреса како и компанијата во ликвидација „Голден Њу Старс“, која фактички е домашната адреса на Ѓорѓиоски. Тој е еден од многуте основачи на клубот, меѓу кои има негови блиски пријатели и и роднини, безмалку сите од Ѓорче Петров. Еден од нив, Сашо Русевски, кој е негов сосед на улицата Социјалистичка Зора, за време на неговиот мандат станува шеф на одделот за логистика во рамки на секторот за поддршка на генералниот секретар.

Покрај него, уште неколку од коосновачи на „Њу Старс“ покрај Ѓорѓиоски имаат врска со ФФМ. Во таа насока, Благоја Милевски е тренер на младинската репрезентација на Македонија, откако претходно тренер на Вардар, исто како и претседателот на ФФМ, додека Ѕвонко Златановски е тренер на младинските категории во најрана возраст. Зоран Михајловски, пак, е делегат на натпреварите од македонското фудбалско првенство. Меѓу основачите на овој клуб има и луѓе во роднинска врска со Ѓорѓиоски, меѓу кои неговата сестра Стефанка Прасинова сосе нејзиниот сопруг Андреј Прасинов.

Патем речено, на почетокот на 2013 година, една година по изборот на Ѓорѓиоски за претседател на ФФМ, Прасинов, кој работи во Министерството за образование, ја формира приватната компанија за проектирање, инжинеринг и дизајн „Идеа Тек Дизајн“. За разлика од веќе згаснатата компанија на првиот човек на ФФМ, компанијата на неговиот шура и се уште активна. Финансиските извштаи поднесени до надлежните институции говорат оти во последните две заокружени години (2014 и 2015 година), фирмата правела само трошоци и не оставрувала никакви приходи, па во двете години направила вкупна загуба од околу 400.000 денари.

Од фудбалската федерација велат дека немале допир ниту со оваа компанија на близок роднина на претседателот, туку, додаваат од таму, финансикото работење на федерацијата е отчетно и транспарентно како никогаш досега. Рака на срце, ФФМ кон средината на 2013 година јавно презентираше податоци од успешното финансиско работење за претходнста 2012 година, кога беа зголемени приходите, главно од реклами, а долгот кон добавувачи беше преполовен. Оваа презентација ја изведе никој друг туку Митковски, кој, нели му отстапи простор на Ѓорѓиоски да стаса до врвот во ФФМ, ама очигледно дека неговата компанија се грижи за сметководството на федерацијата.

КОЛКУ ТЕЖИ ФФМ?

Бројките говорат дека во ФФМ се вртат големи пари, кои се привлечни без разлика што станува збор за средства од надвор. Поточно, во 2014 година Федерацијата остварија приходи од скоро 7 и пол милиони евра, од кои на крајот на годината, имајќи во предвид дека трошоците достигнале 6,7 милиони евра, вишок останале солидни 623.000 евра. Во 2015 година, пак, се забележува мал пад на приходите, но и на трошоците, така што на крајот на годината вишок остануваа некаде под половина милион евра. А, ФФМ вкупно тежи околу 8 и пол милиони евра, колку се проценува имотот, производите и средствата со кои располага.

Врз основа на тоа јасно е од каде произлегува интересот за фудбалот. Не се работи само за влијание на процесите во фудбалскиот спорт, туку и за пристап и контола на милионските средства кои федерацијата ги добива од меѓународните фудбалски организации. Во меѓувреме, репрезентативниот и клупскиот спорт во земјава не само што стагнира, туку и уназадува, пробивајќи негативни рекорди. Битно фудбалската каса е полна!

 

Обединети за фудбалот
НЕЛЕГИТИМНОТО РАКОВОДСТВО ВО ФФМ ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВА ФЕДЕРАЦИЈАТА

 

Иницијативата „Обединети за фудбалот“, составена од актуелни и поранешни реномирани фудбалски работници, меѓу кои и фудбалската легенда Дарко Панчев, Илија Најдовски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Мирсад Јонуз, Бобан Бабунски, произлезе како реакција и контратежа на актуелното фудбалско раководство на чело со Илчо Ѓорѓиоски.

 

Од таму сметаат дека самиот избор на Ѓорѓиоски е нелегитимен, бидејќи не била запазена процедурата, па оттука се друго е незаконско. Според членовите во оваа иницијатива, актуелниот челник во ФФМ по преземањето на оваа функција си доделил плата надвор од статутот, во федерацијата вработил блиски луѓе и почнал да соработува со внимателно селектирани компании. Затоа, тие бараат негово повлекување на оваа позиција.

 

Фудбалска федерација на Македонија
НЕМА НИШТО НЕЗАКОНСКО ВО ИЗБОРОТ И ОДЛУКИТЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Нема ништо незаконско во изборот како и во одлуките на Илчо Ѓорѓиоски, тврдат од Фудбалската федерација на Македонија.

Овие обвинувања доаѓаат луѓе од кои многумина 20 години во фудбалот ништо не направиле – велат од ФФМ.

Од таму додаваат дека Ѓорѓиоски не е единствен платен претседател на федерација.

Многумина фудбалски челници се платени за извршување на оваа функција, но никој не ги прашува колку пари земаат, особено шпто не се платени со буџетски пари – нагласуваат од Федерацијата.

Од ФФМ посочуваат дека соработуваат со многу компании, од кои најголем дел се иститте со кои соработувапе и претходното раководство, но не со фирми каде усел или блискост има претседателот на Федерацијата.

 

Протоѓер во „бомбите“ на Заев
ХАЏИРИСТЕСКИ СОСЕ ФАМИЛИЈАТА ВО ЕНДЕК

 

Една од „бомбите“ на опозицијата оја предизвика многу реакции беше разговор, кој според СДСМ, го воделе шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер и екс министерот за транспорт Миле Јанакиески. Во него Протоѓер наводно изразува незадоволство што „мајмунот од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за натпреварот, за да не се наполни стадионот“.

 

Ако не објават до понеделник, кажи му дека тој, жената, децата, сите во ендек ќе ги најдат…Мајката да им ја е… јас нивна комунистичка… – му вели, според опозицискиот лидер Зоран Заев, Протоѓер на Јанакиески.

 

Хаџиристески препостави дека станува збор за традиционалните гратис билети кои федерацијата ги доделувала и фудбалскиот натпревар Македонија – Ирска, кој се одигра на 4 јуни, ден на изборниот молк, односно еден ден пред парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.

 

Многу непријатно е да слушнете такво нешто. Дури и не ми се верува дека политичари може така да разговараат. Ако сето тоа е точно, тогаш е грозно. Спортот треба да биде настрана од политиката – изјави тогаш екс челникот на ФФМ, кој една година потоа му ја отстапи фотељата на Ѓорѓиоски.

Поврзани новости