Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1.510, објавен на 11 септември 2024 година.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Градот Петрич во Западна Бугарија, кој е лоциран веднаш до границата со Македонија, се чини дека е омиленото место на десетици македонски политичари и бизнисмени, без разлика дали се од власта или од опозиција. До пред некоја година, Петрич им беше тајната „златна кокошка“, но потоа почнаа меѓусебно да си ги вадат „кинат пердувите“.
На адреси во ова гратче, каде што живеат околу 26.000 жители, се регистрирани стотици фирми, од кои голем дел имаат македонски газди.
Пред 3 години, Петрич одекна во македонските медиуми и кога СДСМ објави лична карта со адреса во ова место, но и фотографија од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
Но, откако приказната за можното бугарско државјанство на градоначалничката се заборави, сега повторно се воскреснуваат оние поврзани со бизнисот и парите.
ВРСКАТА НА ФИЛИПЧЕ СО ПЕТРИЧ
Дел од информациите, со кои секојдневно се препукуваат политичките партии, се веќе стари, односно беа објавени пред неколку месеци во истражувања на медиумите, но партиите, глумејќи дека откриле „топла вода“, ги искористија за нови политички поентирања.
Па, така, деновиве од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека во анкетниот лист не пријавил дека поседува фирма за недвижнини во Бугарија, „Power i8 Ltd“. Фирмата била регистрирана во ноември 2022 година на улицата Гоце Делчев бр. 12, во Петрич.
На почетокот на летото оваа информација ја објави ИРЛ, по што Филипче се правдаше дека заборавил да ја пријави фирмата, нагласувајќи дека немала активност. Појасни дека кога ја регистрирал, имал бизнис-идеја, но не ја реализирал. По новинарското истражување, опозицискиот лидер ја пријави фирмата во анкетниот лист.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ продолжија со ажурирање на „аферата“, па го обвинија опозицискиот лидер дека на истата адреса се регистрирани и фирми на роднините на Зоран Заев, братот и братучедите Вице, Трајче и Бобан Заеви, со теза дека сите заедно таму скришно ги вртат парите.
– Тоа е истата адреса каде што е и познатата фирма „Медикал 420 БГ“ на Заеви. Оваа фирма, која има подружница и во Битола, на чија адреса, пак, во 2022 година беа пронајдени наркотици вредни околу 800.000 евра, и покрај тоа што на фирмата ѝ била одземена лиценцата.
Од оваа фирма потекнува и дел од марихуаната што беше запленета во акцијата водена од американската ДЕА, кога беше уапсен личниот шофер на Трајче Заев – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата побараа Филипче да одговори дали затоа ја сокрил фирмата, односно да не го поврзат со бизнисите на Заеви?
И БАЏАНАКОТ НА МИЦКОСКИ СО БИЗНИС ВО БУГАРИЈА
Но, и од СДСМ не останаа покуси, па објавија веќе позната информација, дека во истиот бугарски град, на улицата Антон Попов бр. 57 е регистрирана фирмата „Дано транс ЕООД“, на баџанакот на премиерот Христијан Мицкоски, Јорданчо Јанев од Струмица. Фирмата е регистрирана уште во 2011 година, а на истата адреса има уште четири фирми.
Тезата на опозицијата е дека баџанакот свртел околу 3 милиони бугарски лева, а кои завршиле за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Од СДСМ аргументираат и дека Јанев важи за еден од најблиските соработници на премиерот.
Од партијата објавија и дека на истата адреса има уште една фирма со македонски газда – „Инфинити транспорт група“. Сопственик е Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски.
– Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ? Колку милиони евра свртеле и каде завршиле дел од тие пари? Дали кај членови на семејството на Мицкоски или и во ВМРО-ДПМНЕ? – праша портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според проверката што ја направи „Фокус“ во Централниот регистар, баџанакот и неговиот прв братучед имаат фирми и во Македонија.
Уште во далечната 2003 година, Јанев ја основал „Дано транс ДОЕЛ Струмица“. Пријавената добивка за 2023 година е 93.000 евра, а во 2022 година од 100.000 евра, додека приходите им се движеле околу еден милион евра.
И фирмата на братучедот на баџанакот „Инфинити хоме гроуп“ е регистрирана во Македонија во 2020 година.
Патем, имаат и една заедничка – „Шалом ФУД”, регистрирана во 2016 година, со скромна заработка од 27.000 евра остварена минатата година.
„Фокус“, пак, пред 2 години објави дека меѓу поголемите донатори на партијата на Мицкоски, во 2021 година се наоѓа и неговиот баџанак Јанев. Тој уплатил 600.000 денари, или приближно 10.000 евра.
Уплатата ја извршил на основната партиска сметка, а по две недели, дел од сумата беше пренасочена на изборната сметка.
Тогаш во очи ни падна и извесен донатор Никифор Манчев, кој пред локалните избори во 2021 година отишол во банка и на основната сметка на партијата ВМРО-ДПМНЕ уплатил 584.000 денари. Шест дена подоцна, партијата дел од оваа донација ја префрлила на изборната сметка.
Кога го пребаравме ова име, првата информација што ни излезе е дека Манчев е бизнисмен и има фирма „Џенерал констракшн“ формирана во Бугарија.
Според тамошниот Централен регистар, фирмата била регистрирана во 2018 година, на адреса во градот Петрич.
Денеска, пак, оваа информација добива нова конотација, бидејќи фирмата е регистрирана на популарната адреса Гоце Делчев бр.12, на која се водат и фирмите на Заеви и Филипче.
Пребарувањата покажуваат дека на оваа адреса вкупно се регистрирани дури 128 фирми, од кои голем дел имаат македонски сопственици.
ГО ОДВРЗАЛ ЌЕСЕТО И НА ПОСЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ
Името на баџанакот на Мицкоски, Јорданчо Јанев се наоѓа и на последната листа на донатори на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори, кои се одржаа годинава. Тој, како и во 2021 година, така и сега, од својот џеб одвоил речиси 10.000 евра за партијата.
Поточно, на 7 февруари, на партиската сметка уплатил 200.000 денари, на 28 март уште 200.000 денари, на 17 април од својот семеен буџет издвоил 60.000 денари и на 9 мај дополнителни 120.000 денари.
Сепак, голиот факт дека политичарите или нивни роднини и блиски соработници имаат фирми во Македонија и во соседна Бугарија, не значи дека тие бизнисмени играат валкано.
Нивните имиња, заедно со она на премиерот Мицкоски, би се оцрниле кога опозицијата ќе приложи докази или истражните органи ќе утврдат дека со нивни црни пари или нелегално, се финансира ВМРО-ДПМНЕ. Истото важи и за обвинувањата од владејачката партија за СДСМ.
Финансирањето на политичките партии со странски пари е нелегално, па така, доколку профитот од фирмите во Петрич, и на едните и на другите се користи за оваа намена, тогаш некој треба да оди во затвор. Но, ниту во 2021 година, ниту за последните избори, обвинителството не утврди нелегално финансирање.
Пред 3 години, Заев обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се финансира со пари од надвор, но тогашната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, рече дека тогашниот премиер не доставил докази, а Управата за финансиско разузнавање не забележала сомнителни трансакции.
И покрај сомнежите за влез на странски пари, истражните органи не успеаја да ги „фатат“ партиите ниту при користењето на старите финти.
– Ни се повторува сценариото од пред неколку години, кога на листите на донатори се појавуваа земјоделци, секретарки, учителки, пензионери… Сега во улога на донатори се студенти, кои верувале или не, донирале по 150.000 или 200.000 денари. Од каде му е на студент толкава сума на пари? – коментираа извори на „Фокус“ за локалните избори.
Доволно беше мала проверка за да се види дека меѓу донаторите има и членови на исти семејства, кои, и покрај скромните месечни примања, за партијата издвоиле 10.000 евра.
САМО ДКСК „НАМИРИСА“ СОМНИТЕЛНИ ДОНАТОРИ
Бидејќи донациите се најспорниот дел од финансирањето на партиите, нив за првпат на локалните избори ги чешлаше и Државната комисија за спречување корупција. Поточно, од Антикорупциска проверуваа дали донаторите се реални, или послужиле само како пополнувачи на уплатници.
Првите проверки укажаа на сомнителни донации поради што побараа помош и од Управата за финансиско разузнавање.
Според податоците од Антикорупциска, тие утврдиле дека на листата на донатори има и такви што се невработени или земаат мали плати, а уплатиле големи износи.
Откриле 15 невработени, кои издвоиле по дури 1.000 евра за партијата, како и дури над 60 граѓани, кои, иако имале ниски месечни примања, на партиските сметки уплатиле суми од 1.000 до 2.000 евра.
Уредно, со сите обезбедени материјални докази, ДКСК поднесе пријава до обвинителството, но оттаму не најдоа ништо спорно и пријавата е отфрлена.
Затоа, партиите се опуштија, па и на последните парламентарни избори ги повторија старите финти и доброуиграни шеми за нелегално финансирање.
Така и обвинувањата за фирмите во Петрич ќе помине за пополнување на дневната плукачка агенда на партиите.
Заедно си го вадат „валканиот веш“, но и здружено му ги врзаа рацете на обвинителството, за да си го задржат раатот. Де преку законски измени, де преку намален буџет и кадар за работа.
СЀ УШТЕ СЕ СУДИ ЗА ЦРНИТЕ ПАРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ПРЕД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА
Лажните донатори, кои беа во тренд пред неколку години, веќе се истражуваа во случаите „Титаник“ и „Талир“, односно за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 и во 2013 година.
Како доказ се презентираа стотина уплатници, но и сведочеа сведоци, кои тврдеа дека никогаш не уплатиле по 1.000 евра за партијата, и дека некој друг ги употребил нивните лични податоци на уплатниците. Но, и по 6 години, судењата за овие случаи сѐ уште траат.
Случајот „Титаник“, кој го отвори поранешното СЈО, а во кој беа обвинети неколкумина поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, ги „преживеа“ измените на Кривичниот законик и не застаре, а по направена преквалификација на обвинението, судењето летово продолжи.
Поточно, по 6 години од првото рочиште, сега повторно почна од почеток поради смена на судечкиот судија. Сепак, новината е што, наместо еден случај како досега, предметот е поделен на 3 посебни предмети.
Откако јавниот обвинител изврши преквалификација на обвинението, судот донесе решение предметот да се раздвои во 3 посебни предмети, поради ефикасност и економичност на постапката.
„За сите предмети веќе се закажани рочишта во текот на месецот“, ни изјавија од Кривичниот суд.
Како што неофицијално дознаваме, поделбата била направена за да се забрза случајот, односно што побргу да се стигне до пресуда. Во првиот предмет, обвинети се поранешните функционери, во вториот двајца административци и во третиот неколкумина полициски службеници.
Иако дел од екс функционерите веќе признаа вина и беа осудени, како Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска… сепак, судењето сѐ уште не е завршено за екс премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Илија Димовски и Едмонд Темелко.
Сите освен Темелко се гонат за член 165-а или за „Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања“, за што е запретена затворска казна од најмалку 5 години, а Груевски плус и за член 159, за што е предвидена затворска казна од најмалку 3 години затвор. Темелко се гони за членовите 159 и 162.
Без првостепена пресуда сѐ уште е и случајот „Талир“.
ПОПУЛАРНИОТ ПЕТРИЧ
Покрај тоа што е омилен за бизнис на многубројни македонски бизнисмени и политичари, Петрич важи и за еден од најубавите планински градови во Бугарија, поради што важи и за туристичко место.
Градот се наоѓа во југозападна Бугарија, благоевградска област. Тој е центар на истоимената општина. Општината има 55 населени места со вкупно население од 62.924 жители. Само во Петрич има над 26.000 жители.