Текстот е објавен на 08 јули 2021 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.344.
Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Управата за јавни приходи започнаа акција во чии рамки, по наредба на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд-Скопје, се вршат претреси по домови и фирми во Струмица, Гостивар и Скопје, а на распит се викнати бројни управители, адвокати и нотари.
Од МВР информираа дека при претресите е обезбедена поголема документација која ќе биде предмет на дополнителна обработка и анализа со цел обезбедување на материјални докази за потребите на водењето на понатамошна кривична постапка, додека од ЈО соопштија дека оформиле предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“ и „перење пари и други приноси“.
Со оглед дека се работи за предистражна постапка, официјално не се соопштуваат повеќе детали, меѓутоа голем дел од медиумите веќе објавија дека мета на надлежните институции е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кого патем го поврзуваат со поранешниот премиер Зоран Заев и неговото семејство. Инаку,„Фокус“ пишуваше за Крмзов кога неговите фирми избија на врвот на листите на компании со најголем раст, и тоа за време на кризна година.
Исто така, тогаш утврдивме дека успешно работеле и друштва без вработени или со мал број работници, како што е нафтената компанија „Тритерол“ на Љупчо Пецов, кој, пак, е опфатен во предметот за кој тече судски процес – „Синџир“. Арно ама, Пецов и уште еден осомничен, кој е деклариран пријател на Вице Заев, Стојан Чифлигароски, не се достапни за домашните органи.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Заклучно со ланската 2020 година, во земјава дејствувале над 73.000 фирми, објави Државниот завод за статистика. Претежно, станува збор за мали компании со неколку вработени, кои практично „згрижуваат“ најголем број од оние вкупно 793.000 вработени во цела држава. Сепак, 2.000 од нив немаат ниту еден вработен, ама затоа свртеле вкупно 150 милиони евра.
Според анализата на порталот „Пари“, стоте најголеми компании, без да се сметаат банките, финансиските и осигурителните друштва, лани, во време на здравствена и економска криза, оствариле вкупни приходи од вртоглави 8,4 милијарди евра. Притоа, 3,5 милијарди евра од нив отпаѓаат на десетте најголеми компании.
Во споредба со претходната 2019 година, севкупно земено, приходите на овие топ-100 компании бележат пад за 8 отсто. Имено, кај повеќе од половина од овие големи компании евидентиран е пад на вкупните приходи, меѓутоа кај некои од нив се бележи и раст. Дури, има и такви со фрапантен раст од неколку илјади проценти.
Во овогодинешната листа на „големите“ има 13 нови компании што успеале да направат пробив, при што само 2 влегле во топ 50, што укажува дека едни исти компании го држат приматот. Во елитното друштво на топ-10, пак, има 2 нови компании, кои таму влегле од вториот ешалон, правејќи чекор напред. Кои компании направиле најголем раст, а кои фирми свртеле значителни пари, иако немале ниту еден вработен?!
ВРСКИ СО ПОЛИТИКАТА
Првото место на листата топ 100 компании го држи британската „Џонсон Мети“, светски лидер во производство на катализатори за автомобилска индустрија. Оваа компанија лани остварила приходи од 107.469 милиони денари, што отприлика одговара на околу 95 проценти од вкупниот промет на останатите 9 компании од топ 10. Колку за илустрација, второрангираната „ЕВН Хоме“ имала приходи од 17.055 милиони денари.
Воедно, во првите 10 најголеми компании влегуваат уште неколку странски компании, како „Кромбер и Шуберт“, „Еуроникел“, „Окта“, како и домашните „Макпетрол“ , „Алкалоид“ и „Кам“. Понатаму следуваат други познати домашни и странски гиганти – „А1“, „Ван Хоол“, „ИГМ Трејд“,„Тинекс“, „Веро“, „Супертрејд“, „ЕВН“, „Усје“, „Саса“, „Скопска пивара“, „Зегин“, „Гранит“, „Гени“, „Лукоил“, „Макстил“ , „Нептун“, „Фершпед“…
Некои од фирмите од големото друштво се доведуваат во релација со политиката. Таков е случајот со нафтената компанија „Пуцко петрол“ на семејството на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски, која лани остварила приходи од 2,107 милиони денари, од кои значаен дел се буџетски средства. Според податоци од Бирото за јавни набавки, компанијата лани добила речиси 300 тендери за снабдување со екстра-лесно гориво, чија вкупна вредност изнесува 1,847 милиони денари.
Во тој контекст, треба да се спомене градежната „АК-Инвест“, која лани остварила приходи од 2 милијарди денари и добивка од 55 милиони денари. Според Централниот регистар, синот на газдата на оваа фирма, Фитим Ибрахими, ја поседува компанијата за трговија со струха „У Повер“ заедно со Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер од ДУИ, Муса Џафери. Само лани, ова друштво добило 44 тендери вредни 177 милиони денари.
ЕМ ПРИХОДИ, ЕМ ДОЛГОВИ
Доколку се има во вид растот на приходите, дефинитивно бодат очи меѓусебно поврзани струмички компании што водат кон бизнисменот Ристо Крмзов. Една од нив е „Крмзов-МР“, која лани остварила приходи од 3,445 милиони денари, што е цели 263 отсто повеќе од 2019 година, кога приходите изнесувале 950 милиони денари. Впрочем, ваквиот раст коинцидира со промената на дејноста на друштвото, кое од 2013 година се занимавало со градежништво сѐ до оваа 2021 година, кога се преориентира кон трговија на текстил.
Во тој поглед, уште поексплицитен е примерот со друга компанија на Крмзов – „Агро Крмз“, чија дејност била одгледување на овошје од 2013 година, сѐ до почетокот на оваа година, кога се трансформира во, исто така, текстилна компанија. Токму тогаш, нејзините приходи растат за дури 66.652 проценти, односно од 3,9 милиони денари скокнале на 2.603 милиони денари. Според Управата за јавни приходи, оваа компанија има доспеан долг по основ на ДДВ од 48 милиони денари.
Официјалните податоци говорат дека Крмзов до неодамна бил дел од сопственичката и менаџерската структура на уште неколку струмички текстилни компании. На пример, таков е случајот со „Винас текстил“, која во периодот 2019/2020 приходите ги зголемила од 378 милиони денари на 2,328 милиони денари. Но, истовремено бележи пад на добивката од 53 на 5 милиони денари, а паралелно има долг по основ на ДДВ од 136 милиони денари.
Порано, сопственик и управител на оваа компанија бил Крмзов, но во 2020 година на негово место доаѓа Горанчо Трајков, исто како што се случува и во уште една струмичка текстилна компанија – „Арена Метал“. Вторава компанија, пак, ги зголемила приходите од 303 милиони денари на 1,509 милиони денари, а профитот, според годишните сметки, пораснал од 36 на 89 милиони денари. Но, и таа има долг по основ на ДДВ…
ФИРМИ БЕЗ ВРАБОТЕНИ
Што се однесува до фирмите без вработени, но со солидни финансиски приливи, на прво место е трговецот со електрична енергија „Алпик“ со 22 и пол милиони евра. Но, големо изненадување претставува втората компанија. Тоа е нафтената компанија „Тритерол петрол“ на Љупчо Пецов од Неготино, кој своевремено беше осуден за малверзации со нафтени деривати. Сепак, тој веднаш откако излезе на слобода му се врати на стариот бизнис.
Всушност, Пецов ја презеде компанијата од струмичанецот Лефтер Андонов, актуелен директор на „Америт“. Лани, „Тритерол петрол“ направила приходи од 450 милиони денари и добивка од 5 милиони денари. Специфично е тоа што и оваа компанија голем дел од работата ја базира на државните институции и органи, ако се знае дека само лани добила над 70 тендери вредни 158 милиони денари.
Особено впечатлива е и треторангирана „Крејон Македонија“, која ланската година ја завршила со приходи од 4,7 милиони евра. Како што е познато, оваа компанија заедно со домашната „Аитоникс“ го добија тендерот за софтверски лиценци за државната администрација тежок милијарда денари, на кој потпис стави Драги Рашковски непосредно пред да ја напушти функцијата генерален секретар на Влада.
Во рамки на оваа тендерска постапка, „Аитоникс“ беше носител на конзорциумот и потписник на договорот за јавна набавка. Но, договорот го испорачуваше странската компанија, која специјално формирала подружница за оваа тендерска постапка. Досега, сите исплати врз основа на овој договор, според „Опен фајнанс“, се вршат кон „Крејон“, а, случајно или не, друга компанија на газдата на „Аитоникс“ доби друг тендер од владата додека со секретаријатот сѐ уште управуваше Рашковски.
Ристо Крмзов, „Крмзов-МР“ и „Агро Крмз“
РАСТОТ СЕ ДОЛЖИ НА ПРОДАЖБА НА СТАНОВИ И ТРГОВИЈА НА ГОЛЕМО!
Бизнисменот Ристо Крмзов објаснува дека големиот раст на неговите „Крмзов-МР“ и „Агро Крмз“ се должи на, како што вели, зголемена продажба на станови, на трговијата на големо со текстил, како и на зголемено производство на лешник. Во однос на долговите по основ на ДДВ, Крмзов за „Фокус“ изјави:
„Обврски по основ на ДДВ се остварени по основ на разлика во цена и голем промет. Долгот се намалува секој месец и за него се плаќа камата. Деловна соработка има и си продолжува соработката без никаков проблем“.
Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ неодамна јавно спомена дел од компаниите поврзани со него, обвинувајќи дека тие се дел од „добро разработена шема на извлекување на пари по однос на поврат на данок на додадена вредност“.
Љупчо Пецов, „Тритерол петрол“
ФИРМАТА НЕМА ЕДЕН, ТУКУ ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ!
Сопственикот на „Тритерол петрол“, Љупчо Пецов, вели дека неговата фирма не е без ниту еден вработен, туку, според негови тврдења, има неколку вработени.
– Оваа компанија не се занимава со увоз, туку купува одредени нафтени деривати од домашни компании – ни изјави Пецов, истакнувајќи дека поседува уште две компании кои се занимаваат со транспорт и малопродажба.
Покрај „Тритерол петрол“, уште неколку домашни компании фигурираа без ниту еден вработен, а со релативно голем обрт. Во таа насока, „Хифер“ е компанија за трговија на големо, а „Инвест Груп 2016“ се занимава со подготовка на градилиште, така што двете заедно лани направиле обрт од вкупно 528 милиони денари?!