(АРХИВА) Како без пари до „дуќанче“ од пола милион?

by fokus

Колумната е објавена во неделникот „Фокус“, во број 1.297

Пишувал: Наум СТОИЛКОВСКИ

Се јавив во неколку комерцијални банки да прашам дали и како би можел да добијам кредит од половина милион евра за купување локал? И веројатно претпоставувате дека ме одбија. Толкави кредити на физички лица не давале, ниту хипотекарно, ниту потрошувачки.
Можеле да дадат пари во толкав износ само на компанија што има годишен обрт од околу два милиони евра. За да може да ги сервисира ратите, ми рекоа.
Нормално, трагав по аферата – купувач на локал во зградата во градба кај Мајчин дом, адвокатот Ивица Коневски, познат како поранешен градоначалник на Општина Аеродром.
Океј, пари „на вересија“ нема, но може ли локал?

ПРАКТИКА ПО АФЕРАТА „ФИКОМ“

За да не биде сѐ така едноставно нафрлување, искомуницирав и со неколкумина градежници. Луѓето беа отворени, велат, големи и атрактивни локални, на булевари, покриваат огромен дел од трошоците за градба и никако не се оставаат на случајноста дали некој понатаму ќе се снајде за пари или не.
Уште повеќе, никој не би играл на картата „резервација“ со потпишан преддоговор, без сериозно платен неповратен процент како капар. И згора на сѐ, да се остави да го запише во Катастар, со преддоговор, да го резервира за себе едно две години. Тој човек мора многу да ви значи, како на шега, ми посочуваат градежниците.
Морам да напоменам дека практиката за запишување во Катастарот на недвижнини со преддоговор стана законска практика по аферата „Фиком“, кога еден стан во изградба беше препродаван и по неколку пати, со земени пари за „учество“. Оттука, сериозност покажуваат и градежниците во време на изградба, уште повеќе и тие што и во преддоговорот се потпишани како „купувач“. Да знаат дека не може туку-така да се откажат по две години.
Затоа во вакви преддоговори, како тој за локал од половина милион евра, стои дека двете страни се договориле плаќањето да се изврши на сметка на продавачот, така што целиот износ ќе биде уплатен веднаш по запишувањето на недвижнината во јавната книга.
Нема „ако“ или „доколку реши да плати“ или „ако не се премисли и банка го одбие“. Ова, всушност, може да се гледа како завршен купопродажен договор, само што предметот на продажба се чека да се изгради.
Ги содржи и оние елементи како согласност на двете страни „купувачот да може без продавачот да го запише своето право на сопственост врз предметниот недвижен имот што го купува, во јавните книги каде што тој е запишан, како и да изврши Прибележување на преддоговорот во Лист за предбележување на градба… (со број тој и тој)… за своето единствено право врз недвижниот имот предмет на продажба“!

АДВОКАТ НА ЖЕНАТА СИ

И тука доаѓам до главниот момент – како еден поранешен градоначалник така „лесно“, без пари и без конкретен план би го платил, дошол до имот со преддоговор што вреди половина милион евра во објект, зграда против која, кога се дозна дека ќе се гради, скокна речиси цела општина?
Велам без конкретен план како би го платил, онака како што тој самиот во медиумите посочува. А и од каде инаку толку пари кај поранешен административен функционер? Уште повеќе што токму тој градоначалник го имаше притисокот заради носење на планот за градба, на токму тој објект каде што сега има, според преддоговорот 324 квадратни метри локал. А, да, ќе заборавев, и гарсоњерче на поткровје со подрумче.
Имајќи предвид дека неколку компании веќе имаат преддоговори за имот во зградата, прашање е зошто толкав објект од 324 квадратни метри, инвеститорот би го дал „на лепе очи“ без учество на „физичко“ лице – макар и адвокат, наместо на компанија, која би била (ете) и мошне полесно кредитоспособна и сигурен плаќач, наместо колебливиот адвокат?
Мора да е или многу, многу добар човек, или знае да израмни сметки!
Тоа што „совршено паѓа в очи“ е фактот и прашањето по него: зошто имотот од овој преддоговор е запишан во Катастар на име на сопругата, преддоговорот го потпишува ексградоначалникот, сега адвокат? Баш така, Адвокат Тој и Тој. Можеби како фирма, како канцеларија прави годишен обрт до два милиони евра, па можеби смета на банкарско разбирање? Или можеби е адвокат на жената си, за, не дај Боже, да се сокрие трага?
Во секој случај, мислам дека многу пикантерии крие оваа новоградба среде парк и ќе се дознаат многу наскоро.
На пример, дали можеби во локал од 324 квадратни метри ќе се отвори уште еден од ланецот маркети на уште еден екс градоначалник? Или, дали случајно кумашинот на градоначалникот кој протестираше, а потоа даде одобрение за градба, ќе се всели токму тука? Вклучително и ексградоначалникот „со планови“. Оваа зграда веќе описно ја нарекувам „ЗЕЛС во мало“.

Поврзани новости