Текстот е објавен на 9 мај, 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1022
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
За семејството на претседателот на Русија, Владимир Путин се знае малку, освен тоа дека е женет и разведен и дека има две ќерки. Иако тој „владее“ со Русија веќе 15 години, прво како премиер, а потоа како претседател, неговите ќерки одлучуваат средното образование да го продолжат во Германија во престижната гимназија „Петершуле“. Од почетокот на 2000 година и двете ќерки на Путин се официјално регистрирани како студентки на Санктпетербуршкиот државен универзитет, но, според информациите, никогаш не биле видени таму, па се претпоставува дека студирале на универзитети надвор од државата.
Според пишувањата на медиумите, познато е дека помалата ќерка Екатерина по студирањето останала да живее во Минхен, Германија, а поголемата сестра Марија, откако ги завршила студиите, одлучила да живее во Холандија, во близина на Хаг.
Со слични амбиции за дообразување надвор од државата е и синот на актуелниот премиер на Русија, Димитриј Медведев, Илја, кој планира студентските денови да ги помине во Масачусетс во САД, додека единствената ќерка на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, Екатерина, исто така живее и студира во Америка. Според информациите што можат да се најдат на интернет, таа во скоро време треба да дипломира на Универзитетот Колумбија во Њујорк и планира таму да остане да живее.
Ако се просурфа малку на интернет, нешто што паѓа в очи е тоа дека синовите и ќерките на повеќето бугарски политичари, актуелни функционери, поранешни пратеници и градоначалници по завршувањето на средното образование продолжуваат на студии надвор од државата. Во еден од бугарските медиуми беше објавен текст со сите детали, колку вкупно деца на функционери заминале да студираат на престижните универзитети во САД, Германија, Италија и во Швајцарија, каде што квотите за студирање се движат од 2.000 до 6.000 евра годишно.
За разлика од таму, дел од децата на македонските политичари и функционери, актуелни и поранешни студираат на престижни универзитети во странство, дел на приватните универзитети во земјава, додека дел, високото образование го продолжиле на факултетите на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Некои добиле стипендии, некои се на сметка на родителите во странство, а некои едноставно остануваат на одлуката, своите студентски денови да ги поминат во својата земја.
„Фокус“ истражуваше каде студираат синовите и ќерките на македонските актуелни и поранешни функционери, кои од нив учат надвор од државата, а кои останале тука да го завршат високото образование и дали некои од нив планираат да ги следат стапките на своите родители и да се занимаваат со политика?
СИНОВИ И ЌЕРКИ НА ПРЕСТИЖНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ВО СТРАНСТВО
Ќерките и синовите на славните татковци во македонската политика, веќе години наназад се држат подалеку од очите на јавноста, а малку информации за нив може да се најдат и во медиумите. Додека нивните родители седеа во своите фотелји, успеаја вешто да ги скријат од љубопитните погледи на јавноста, па така за некои од нив, ако не се социјалните мрежи, нема да се знае ни како изгледаат. Единствено познати се само нивните имиња.
Еден од нив е Јордан Мијалков, син на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, кој не ѝ е познат на поголемиот дел од јавноста. Единствени податоци за него и фотографии се објавени на неговиот приватен фејсбук-профил, но според информациите со кои располагаме, тој студира на еден од престижните универзитети во Монте Карло во Монако, кое се смета за едно од најбогатите места во Европа, познато по гламурот и луксузот. Младиот Мијалков во моментов е бруцош на Факултетот за менаџмент (бизнис-администрација), а претходно средно образование завршил во приватната гимназија „Нова“. Пред два месеца, во медиумите се појавија фотографии од роденденска журка во Милано, на која присуствувал и синот на Мијалков.
Освен него, своите студии на престижен универзитет ги продолжува и Лав Георгиевски, синот на поранешниот премиер на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, кој на премиерското столче седеше само еден мандат од четири години, во периодот од 1998 до 2002 година. Според нашите информации, тој добил три стипендии од три престижни универзитети во странство, но одлучил да ја искористи стипендијата на „Њујорк универзитетот“. На неговиот фејсбук-профил, исто така можат да се најдат овие основни информации, каде што се наведува и дека моменталното место на живеење му е во Њујорк. Се потрудивме да дознаеме што точно студира единствениот син на експремиерот и со која област се занимава, но не успеавме да добиеме официјални информации. Неофицијално и тој студира менаџмент и е студент во прва година. Како и синот на Мијалков, така и синот на Георгиевски, средно образование завршил во приватната гимназија „Нова“.
За разлика од нив, Љупчо Црвенковски, синот на екслидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој осум години беше премиер на државата и еден мандат од пет години беше претседател, лани ги завршил студиите. Нашите извори тврдат дека синот на Црвенковски дипломирал на Економскиот факултет на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој првпат во јавноста се појави на 24 декември, црниот понеделник, каде што заедно со својот татко застана на браникот и во првите борбени редови ги следеше случувањата внатре во Собранието, каде насилно беа изнесени новинарите и пратениците на опозицијата. Тоа беше негово прво појавување во јавност, а подоцна продолжи да се појавува и на протестите што ги организираше опозицискиот СДСМ пред седиштето на владејачката партија, пред Сител телевизија и пред јавниот сервис МТВ. Црвенковски по пауза од две и пол години, пред две недели испрати отворено писмо, во кое повторно го спомена својот син.
– Подготвен сум на ист начин, како на 24 декември, 2012 година заедно со син ми да бидам во првите редови – истакна Црвенковски.
Неговиот син Љупчо, исто така беше ставен на тапет на провладините медиуми дека за време на митинг на СДСМ во Штип направил тепачка, при што беше покрената и кривична пријава против него.
Освен синот Љупчо, Црвенковски има и ќерка, која се вика Марија, но која не ѝ е позната на јавноста. Информациите говорат дека неговата ќерка, исто така, добила стипендија да студира на универзитет надвор од државата, но од кабинетот на екслидерот на СДСМ тоа не го потврдија.
СИНОТ НА ВЕЉАНОВСКИ ВО ГРЦИЈА, НА ИВАНОВ ВО СКОПЈЕ
Пред две години, во јавноста изби скандал за 22-годишниот син на спикерот на Собранието, Трајко Вељановски, Филип, со што за првпат на виделина излегоа информации за неговите две деца, кои се тие, каде студирале и каде работат. Според пишувањата во медиумите, синот на Вељановски беше уапсен на граничниот премин „Богородица“ за време на првомајските празници поради поседување дрога и нож. Против него беше покрената кривична пријава, со што почна и судски процес во судот во Кукуш.
Така во јавноста се откри името и идентитетот на синот на претседателот на Собранието, за кој се шпекулира дека во тој период студирал на Универзитет во Грција. Во моментов не успеавме да добиеме информации, дали младиот Вељановски и понатаму ги продолжил студиите во соседната земја или не.
Од друга страна, пред неколку години, неговата ќерка Ивана беше цел на интернет-порталите, откако во јавноста излезе информацијата дека таа се вработила во Народна банка, а за што јавно на собраниска говорница обвини тогашниот пратеник на СДСМ, Горан Минчев. Во тој период, Вељановски во своја одбрана само кажа „дека не е коректно да се споменуваат ќерки и деца и дека остава на совеста на опозицијата зошто се однесуваат така“. Но, не ги негираше обвинувањата упатени на негова адреса. По само одредено време, на дел од порталите се објавија и фотографии на неговата ќерка фотографирана за време на новогодишните празници во Белград.
Откако во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски до ден денес не прекина да биде актуелен. Оттогаш поминаа цели 17 години, а тој моментално ја одлежува казната за случајот „Кампања“ во скопскиот затвор „Идризово“, откако претходно одлежа четири години во Хаг. Семејството на Бошкоски моментално живее во Хрватска, но неговите три деца студентските денови ги поминуваат во родната Македонија. Тие не се запишале на престижни универзитети во странство. Неговата ќерка, 26-годишната Катерина студирала на Правниот факултет во Скопје, а сега треба да полага магистратура на истиот факултет. За разлика од неа, 25 -годишниот син на Бошкоски, Панче е втора година на Факултетот за безбедност на приватниот универзитет „Фон“, а најмалиот син, 20-годишниот Филип во моментов одмора и сѐ уште не одлучил на што и каде ќе се запише.
Филип Бошкоски во јавноста стана познат пред неколку месеци, кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја објави „бомбата“ за апсењето на неговиот татко и за начинот на кој власта се изживувала врз него. Тој во писмото напиша:
– Бесен сум на твоите џелати, на твоите некогашни „пријатели“ кои ни доаѓаа и на вечери и ручеци, кои домаќински ги удостојуваше како што само ти умееш. Тоа се истите оние кои не се задоволија само да те елиминираат како политичар туку настојуваа да те посрамат и како човек и како сопруг и како наш татко и како Македонец – пишуваше најмалиот син на Бошкоски.
Уште поинтересно е тоа што, пред неколку години, во јавноста се појавија муабети за одредени симпатии меѓу синот на Бошкоски и ќерката на Црвенковски, кои во тоа време беа лути политички ривали.
Меѓу децата на одредени политичари, кои останале да студираат во Македонија е и синот на актуелниот претседател на државата Ѓорге Иванов, Иван. Тој има 24 години и е при крај со студиите на Правниот факултет на државниот универзитет, отсек политички науки. Според нашите информации, тој со уште неколку свои колеги го имаат формирано Центарот за политиколошки анализи на факултетот, каде што изработуваат анализи и прават трибини.
Синот на Иванов досега неколкупати се има појавено во јавност заедно со своите родители на одредени свечени приеми, но никогаш досега не ги поддржа своите колеги – студенти кои неколку пати протестираа против лошите реформи и новите законски измени во високото образование.
Најчудно во целата приказна е тоа што ниту едно од досега споменатите деца не покажува никакви политички амбиции да ги следи стапките на своите родители и да гради политичка кариера.
Рамка
ЌЕРКИТЕ НА АХМЕТИ НА ДРЖАВЕН УНИВЕРЗИТЕТ, НА ТАЧИ СИНОВИТЕ НА ШТУЛОВ
Лидерот на „интегративците“, Али Ахмети, според нашите информации има две ќерки, кои учат на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, додека првиот човек на ДПА, Мендух Тачи има три сина, кои студираат на Штуловиот универзитет во Тетово.
Рамка
СИНОВИТЕ НА БОНЕВА ВО БУГАРИЈА, ЌЕРКАТА НА СТОИЉКОВИЌ ВО МОСКВА
И децата на некои од пратениците студираат или студирале во странство. Синовите на Силвана Бонева кои во јавноста станаа познати по аферата со становите на пратеничката, студираа во Бугарија, ќерката на пратеникот Иван Стоиљковиќ е на престижниот универзитет Ломоносов во Москва, а синот на Павле Трајанов заврши компјутерски науки во Солун, Грција.
Рамка:
ДЕЦАТА НА ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ СЕ МАЛОЛЕТНИ
Додека дел од децата на актуелните и поранешните функционери студираат во странство или дома, лидерите на двете најголеми партии имаат по две деца, кои се уште се малолетни. Премиерот Никола Груевски има две ќерки, Анастасија која има осум години и Софија, која има пет години, додека првиот човек на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев има ќерка, 14- годишната Александра и 11-годишен син Душко.