Текстот е објавен на 10 спетември, 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1040
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Пред еден месец, 33-годишна родилка починала во Тетовската болница поради лекарска грешка, а бебето се уште се наоѓа во критична состојба на скопската Клиника за гинекологија. Овој последен случај само нѐ врати неколку години наназад кога во критичната 2010 година во повеќе родилишта низ земјава починаа неколку родилки и нивните новороденчиња. Само, во Прилепската болница во тој период починаа три родилки, се затвори гинеколошкото одделение, а здравствените власт ветија реконструкција на болницата. Пет години подоцна, состојбата во болницата е уште пострашна, а родилките се препраќаат да се породуваат во битолската Клиничка болница.
Иако, бројот на починати родилки и бебиња во последните неколку години го достигна врвот, сепак во јавноста се знае само за тие случаи, за кои семејствата јавно излегоа во медиумите или, пак за тие кои одлучија правдата да ја бараат на суд. Дел од нив обвинуваат за лекарски грешки за време на породувањето, додека дел, вината ја бараат во катастрофалните услови во кои се наоѓаат македонските породилишта, кои според нив се како во 15-ти век. Од семејствата тврдат, дека родилките честопати се жртви на болнички инфекции, кои неретко завршуваат со смрт.
Доволно е само да се видат фотографиите објавени по порталите за тоа како моментално изгледаат породилиштата, во какви услови се породуваат идните мајки и какви медицински апарати се користат во текот на целата процедура? Уште почудно во целата ситуација, е што со истите проблеми се соочува и скопската Клиника за гинекологија, иако новата зграда е пуштена во употреба пред само неколку години. Во меѓувреме и неа ја тресеа низа скандали каде починаа уште неколку родилки и бебиња, но сепак, повеќето од нив беа успешно сокриени од очите на јавноста.
Додека повеќето од обичните „смртници“ поради лошата финансиска состојба се приморани да се породуваат во јавните здравствени установи, сопругите на македонските функционери и пратеници немаат никаков проблем по тоа прашање. Тие, во своите јавни настапи, на собраниски седници, митинзи, трибини редовно проповедаат за реформите во јавното здравство, за новата медицинска опрема, за бесплатното здравство, ама пак затоа, како свој избор за породување секогаш ги избираат приватните болници, каде породувањето чини од 1.000 до 2.000 евра. Сепак, се работи за нивниот живот и за животот на нивното бебе!
СОПРУГИТЕ НА ГРУЕВСКИ И ЃОРЧЕВ НА ПОРОДУВАЊЕ ВО „СИСТИНА“
На 31 мај, 2011 година, само на неколку денови пред предвремените парламентарни избори свечено беше пуштена во употреба новата зграда на скопската Клиника за гинекологија. Нејзината изградба траеше повеќе од десет години. На сечењето на црвената лента присуствуваше премиерот Никола Груевски, тогашниот министер за здравство Бујар Османи и поранешниот директор на клиниката Саша Јовчевски. Новата клиника чинеше скоро 10 милиони евра.
На оваа тема, на собраниските седници, неколку години се водеа жестоки дебати меѓу опозициските пратеници и пратениците од власта. Опозиционерите постојано нагласуваа за алармантното зголемување на смртноста на родилките и бебињата, недостигот од кадар, лошите услови за работа, како и болничките инфекции, кои според нив се најголемиот проблем на клиниката и главната причина за зголемената смртност. Од друга страна пак, пратениците од ДПМНЕ не штедеа пофални зборови за клиниката и постојано упатуваа апели до родилките таму да се породуваат.
Но, дали тоа, што тие го зборуваат од собраниските говорници го применуваат и во реалноста? Колку од сопругите на актуелните македонски функционери се породиле на Клиниката за гинекологија? Зошто нивниот избор за породување секогаш се приватните болници, ако состојбата во јавното здравство цвета?
Но, да почнеме по ред. Никола Груевски на премиерската фотелја седна во 2006 година, а само една година подоцна стана татко на малата Анастасија, која сега треба да наполни осум години. Неговата сопруга Боркица, својата прва ќерка ја роди во приватната болница „Мала Богородица – Систина“ во Скопје, под стручен надзор на доктор Слободан Дракулевски. Само три години подоцна, во 2010 година се роди и нивната втора ќерка Софија, која исто така беше родена во приватната болница „Систина“, на чие чело стои бизнисменот Орце Камчев, кој во јавноста е познат како човек кој има блиски бизнис -релации со владејачката партија.
Традицијата за породување во приватните болници ја продолжи и сопругата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, американката Сузана. Ѓорчев во јавноста е познат и како еден од поблиските соработници на премиерот, а и еден од најголемите поборници за зголемување на наталитетот, трето дете, семејството и семејните вредности. Тој неколку пати јавно истакна дека абортусот треба да се забрани и дека секоја жена треба да роди повеќе од три деца. Речено – сторено. Ѓорчев и неговата сопруга имаат три деца, а во иднина планираат проширување на семејството. Првиот член во нивното семејство е петгодишната Марта, која се роди во 2010 година, потоа тригодишниот Филип и едноиполгодишниот Никола, кој се роди пред скоро две години. Сопругата на пратеникот од ДПМНЕ со сите три деца се породила во приватната болница „Систина“. Ѓорчев планира и понатаму да ја продолжи семејната лоза, сметајќи дека децата се најголемото богатство.
Пред три години, татко стана и тогашниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, а сегашен професор на Правниот факултет, Александар Спасеновски, чија сопруга Сања, која работи како советник во Кабинетот на претседателот на Собранието, своето прво дете на свет го донесе исто така во приватната болница „Систина“. Нивниот син се вика Ѓорѓи, а го носи името по таткото на невестата Ѓорѓи Угриновски, за кој неколку пати досега објавивме дека е сопственик на градежната фирма „ВИА“ од Вевчани, која лапна голем број на тендери, а еден од последните е изградбата на студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Во една прилика го прашавме Спасеновски – зошто тој и неговата сопруга одлучиле нивното бебе да се роди во приватна болница? Еве што ни одговори тој само неколку месеци по породувањето на сопругата:
– Ај, остави ми простор да ја прашам сопругата зошто се одлучила за породување во приватна болница, па подоцна ќе те информирам – гласеше во тој период неговиот одговор.
До ден денес не успеавме да добиеме повратен одговор на нашето прашање.
СЕ КРИЕ ПРИВАТНАТА БОЛНИЦА ВО КОЈА СЕ ПОРОДИЛА СОПРУГАТА НА ПРОТОГЕР
Дека приватните болници се првиот избор за породување на дел од сопругите на министрите покажува и случајот со сопругата на поранешниот прв човек на министерството за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Неговата сопруга Сања пред четири години го роди нивниот прв син Михаил во приватната болница „Систина“, а три години подоцна, во истата болница на годишнината од бракот се породи со вториот син Ангел.
Јанакиевски ја следи традицијата за многудетно семејство во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, па по породувањето на сопругата изјави дека ќе оди на трето дете.
– Ќе одиме и на трето за да имаме ќерка. Сакаме повеќе деца, ако даде Господ – изјави тогаш Јанакиевски.
Само осум минути разлика ги делело новороденото бебе на портпаролот на МВР, Иво Котевски во 2011 година со првиот син на екс министерот Јанакиевски. Неговата сопруга Маја се породила во приватната болница „Ремедика“, чиј сопственик е најбогатиот човек според „Форбс“, Минчо Јорданов. Бебето го добило името Една.
Бејби бумот во владејачката партија продолжи и во 2014 година, па во тој период министерот за надворешни работи Никола Попоски стана татко на малиот Натан. Натан е второ дете на министерот и неговата сопруга Сандра, кои веќе ја имаат ќерката Лина. Неговата сопруга, исто така се породила во приватна болница, но никој не сакаше да открие во која точно болница се родило второто дете на првиот дипломат.
Покуси за информација останавме и на прашањето – каде се породила сопругата на шефот на кабинет на премиерот Груевски, Мартин Протогер? Како државна тајна се крие името на приватната болница во која се породила неговата сопруга. Нивната свадба се одржа летово, а кон крајот на годината тие го добија својот прв син Кирил, кој е крстен по дедото – таткото на Протогер. „Фокус“ се потруди да дојде до информации – каде се извршило породувањето, но никој од лекарите со кои контактиравме не сакаше да зборува на оваа тема.
Дел од нив тврдат дека сопругите на македонските функционери и пратеници се породуваат во приватни болници бидејќи се плашат за својот живот и за животот на своето бебе ако се породат на скопската Клиника за гинекологија.
– Друго е да излезеш и да ги браниш боите на партијата, но да им солиш памет на идните мајки каде да се породат е страшно. Зошто актуелните политичари не дозволуваат нивните сопруги да се породат во државните болници, туку секогаш избираат побезбеден и посигурен начин, во приватно здравство. Ретко може да се најде некоја жена на функција или чиј сопруг е на функција да се породи на државна Гинекологија – тврди гинеколог, кој сакаше да остане анонимен.
Исклучок во редовите на ВМРО-ДПМНЕ преставува министерот за здравство Никола Тодоров. Во 2012 година, Тодоров и неговата сопруга Александра го добија својот втор син Калин. За разлика од другите министерски бебиња, тие одлучија нивниот втор син да се роди на скопската Клиника за Гинекологија и тоа се случи само неколку месеци по нејзиното свечено пуштање во употреба. Во тој период, Тодоров стана министер за здравство, па можеби тоа е и една од причините што се одлучи на таков чекор, истовремено барајќи од идните мајки да го следат примерот на неговата сопруга.
Единствена од верните сенки на премиерот Груевски, која се уште не се остварила во улогата на мајка е поранешната прва полицајка Гордана Јанкулоска. Таа скоро девет години го предводеше Министерството за внатрешни работи, при што пред неколку месеци се поднесе оставка наводно поради понесување политичка одговорност за „бомбите“ што во јавноста ги извади опозицискиот лидер Зоран Заев.
Секоја, наредна година наместо да се намалува бројот на починати родилки и бебиња во македонските породилишта, нивниот број алармантно се зголемува што покажуваат и статистичките податоци. Секој има право на избор, но иронијата е кога баш тие што секојдневно проповедаат за квалитетно јавно здравство, здравствени услуги бараат во приватните болници. Функционерите од ДПМНЕ, кои се гледаат со розови очила упорно тврдат дека македонското здравство е едно од најдобрите во Европа, па затоа е нормално да прашаме зошто кога имаат потреба од здравствени услуги се лекуваат во приватните болници, а и нивните сопруги се породуваат таму. Нели, здравството цвета. Или, што е сигурно, сигурно е!
Рамка:
И, СДСМОВКИТЕ НА ПОРОДУВАЊЕ ВО ПРИВАТНИТЕ КЛИНИКИ
На практиката за породување во приватните болници се приклучија и дел од опозиционерите, кои тврдат дека не му веруваат на јавното здравство и не сакаат нивниот живот и животот на нивното дете да го ставаат на ризик и да се породуваат во болници каде условите се под секое човечко достоинство. Тие, години наназад редовно ги критикуваат здравствените реформи што ги носи оваа влада, кои според нив само повеќе им нанеле штета на пациентите отколку што ги подобриле здравствените услуги.
Од тие причини, пред пет години, заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска одлучи со своето прво бебе да се породи во приватната болница „Мала Богородица – Систина“. Таа во 2010 година ја роди ќерката Ада. Слична одлука како нејзината донела и сопругата на поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Ѓорѓиев, Ана. Таа, својот син Ведан исто така го родила во приватната болница „Систина“.
За разлика од нив, поранешената пратеничка од СДСМ, Маринела Тушева – Маричиќ, својот син Ведран го роди во приватната болница „Ремедика“. Тушева во своите јавни настапи редовно ги критикуваше лошите реформи во јавното здравство.
Рамка:
ВМРОВСКИ БЕЈБИ –БУМ
Речиси, сите функционери на владејачката партија го послушаа советот на премиерот Груевски за многудетно семејство, па последните неколку години владее вистински бејби-бум во партијата на власт. Првите денови на 2014 година и’ донесоа радост и на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Косана Мазнева. Таа ја роди ќерката Милица, која е трето дете на пратеничката (по ќерките Ана и Михаела), а прво заедничко со сопругот Мики Трајковски.
Нејзиниот колега, Крсто Муковски, исто така пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во мај го доби четвртото дете – девојче, кое веќе има две сестри и брат. Пред две години, ќерка доби и сегашниот директор на Фондот за здравство Сашо Стефановски. Бебето го доби името Јоана.