Текстот е објавен на 6 февруари 2020 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.270.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Алармот за тоа дали во Македонија се увезува отпад за складирање и уништување, а не само за преработка, што единствено е дозволено со закон, се вклучи уште во 2017 година.
Италијанските медиуми објавија дека кон крајот на 2016 година, 1.300 контејнери, во кои имало индустриски, но можеби и радиоактивен отпад, од Италија тргнал кон Македонија. Товарен на брод, од пристаништето „Џоја Тауро“, отпадот стасал во Драч, Албанија, од каде што наводно требало да го продолжи патот до крајната дестинација – депонијата „Дрисла“.
Македонската царина демантираше дека отпадот влегол во Македонија, а и албанските власти тврдеа дека отпадот не е на нивна територија, па така огромните контејнери, во кои имало по 22 тони ѓубре, исчезнуваат преку ноќ. Буквално, како земјата да проголтала 28.600 тони ѓубре, но не е познато дали во Албанија, или во Македонија.
Поради недостиг од официјални податоци, бидејќи никој не ја проголта приказната дека отпадот пропаднал во земја, се редеа низа шпекулации. Па така, една од нив беше дека отпадот што нелегално влегува во земјава се гори на три локации, и тоа Скопје, Тетово и во Битола, каде што мерните станици покажуваа најголемо загадување.
Од тогаш ништо не е сменето. Сомнежот за недозволен увоз на отпад постојано се разгорува, а институциите, иако некадарни, тврдат дека нѐ труе само нашето ѓубре, а не и странското.
„ДРИСЛА“ САКАЛА ДА УВЕЗУВА ОТПАД ОД ИТАЛИЈА
Доскорашниот стопан на депонијата „Дрисла“, италијанскиот концесионер „ФЛЦ Амбиенте“, за „Фокус“ изјавуваше дека не увезле ниту еден килограм странски отпад, оградувајќи се од пишувањата на италијанските медиуми дека отпадот бил наменет за „Дрисла“.
–Дрисла – Скопје ДОО уште од самото нејзино основање во 1994 година до денес нема увезено ниту еден килограм каков било отпад, ниту, пак, имало некакви понуди или договори за увоз на отпад од која било држава во светот, ни одговорија од Дрисла.
Но, за разлика од нивниот одговор, од Министерството за животна средина, на нашето прашање дали концесионерот на депонијата, италијанската фирма „ФЛЦ Амбиенте“, од 2013 до 2017 година има побарано дозвола од Министерството да складира и уништува отпад од странска држава, ни одговорија позитивно.
–Да, има побарано увоз на отпад во 2016 година, но со Решение од министер со бр. УП1-11/2-241 од 07.09.2016 година е одбиено барањето за увоз на отпад, ни одговорија од Министерството за животна средина.
Иако претходно тврдеа дека не увезле ниту еден грам отпад, овој одговор ги разоткри дека, сепак, имале таква намера.
Покрај мистериозно исчезнатиот отпад, за кој не се исклучуваше можноста и да е радиоактивен, италијанските медиуми пишуваат, а приложуваат и документи, дека во февруари 2016 година, четириесет општини од Италија со концесионерот на „Дрисла“, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ ДОО, потпишале Резолуција за прекугранично располагање со нивното ѓубре.
– Од 80 до 160 евра ќе наплаќа за секој тон што се отстранува и транспортира од Италија до Скопје, пишува „Рома“.
Директор на италијанска компанија, пак, соопштил дека добил понуда од концесионерот на Дрисла, за 87 евра за еден тон складирано ѓубре.
Увозот на отпад во Македонија е регулиран со Закон за управување со отпад од 2004 година, а во кој се наведува дека увозот на отпад за депонирање, отстранување, е забрането. Дозволен е увоз на отпад, но исклучиво за преработка.
На прва, нема ништо сомнително при увозот на отпад за преработка, кој се врши според Базелската конвенција за контрола на отпад.
Дозволите за увоз на отпадот ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Тие содржат точни податоци за тоа кој има намера да го испорача отпадот и се приложуваат низа документи за движење на пратката отпад – товарен лист, информации и документи што се однесуваат на транспортерот, увозникот, односно капацитетот каде ќе заврши отпадот – примачот, склучен договор меѓу известувачот и примачот на пратката отпад, документ за обезбедена финансиска гаранција и дополнителни информации што ја опфаќаат испораката на отпад од почетното место на испраќање до местото на прифаќање, вклучувајќи ги и привремените активности за преработка и отстранување.
НЕМА АКРЕДИТИРАНА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ПРОВЕРКА НА ОТПАД
И дотука се чини дека сѐ е во ред, односно изгледа дека секој детаљ е опфатен. Но, она што е проблематично, според нашите извори, е што македонските царинари најчесто се потпираат на документацијата и не вршат реална контрола. Дури и да изразат желба, да направат проверка, тоа е речиси невозможно, бидејќи во 2017 година од Министерството за животна средина ни одговорија дека во државата не постои акредитирана лабораторија.
– Македонските царински органи се должни да ја проверат оваа документација. Карактеризацијата извршена од страна на акредитирана лабораторија со потекло од развиените земји, во принцип претставува доволна гаранција дека наодот од документацијата е соодветен на фактичката состојба. Меѓутоа, понекогаш карактеризацијата на отпадот што се приложува во документацијата може да биде спорна и во тој случај во Македонија не постојат услови за контрола на отпадот што се увезува, бидејќи немаме акредитирана лабораторија за карактеризација на отпадот, велеа од Министерството за животна средина во 2017 година.
Затоа ги прашавме и сега дали има акредитирана лабораторија, или отпадот сѐ уште се контролира, подарувајќи верба само на документацијата?
Оттаму, ни одговорија дека постапуваат согласно Правилникот за извоз, увоз и транзит на отпад издаден од Министерство за животна средина и просторно планирање и Законот за управување со отпад, со што се опфатени и дефинирани видовите на отпад согласно режимот на контрола на отпад ( жолта, зелена листа и опасен отпад, кој е утврден со Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад).
– Царината задолжително ја контролира документацијата при увоз, извоз и транзит на отпад. Царинскиот орган врши проверка на стоката, во случај кога коминтентот, согласно системот за анализа на ризик ќе биде определен на црвен канал за физичка контрола или врз основа на искуство, сознание или случајна селекција. Во вториот случај се врши вонредна контрола со подигање на каналот на контрола утврден од системот за анализа на ризик, велат од Управата.
Во продолжението од одговорот признаваат дека во Македонија сѐ уште нема акредитирана лабораторија.
– Што се однесува до акредитирани лаборатории, во Република Северна Македонија има акредитирани лаборатории за различни методи (методи за испитување на цврсто гориво (кокс, јаглен), методи за процент на сулфур и сл), но акредитирана лабораторија за испитување отпад нема. Од таа причина, одземените мостри од отпадот (за Цементара) ги испративме во акредитирана лабораторија во Република Естонија, ни одговорија од Царинската управа.
ПАТОТ НА ШТЕТНИОТ ОТПАД
Токму поради неможноста или недоволната волја за дополнителни контроли на отпадот, кој се пропушта во државата, од невладините организации се сомневаат дека под превезот на легалниот увоз се внесува и опасен отпад за уништување.
Ова се информациите и на соговорникот на „Фокус“, кој е доброупатен во бизнисот со отпадот. Тој, под ветување дека неговиот идентитет ќе се чува во анонимност, ги споделува своите сознанија.
Верувам, односно убеден сум дека отпадот од Италија влегол во Македонија. Моите сознанија се дека отпадот најпрвин бил преработен во фабрика во Албанија, а потоа како суровина, бил внесен во нашата држава. На истиот начин влегува италијански отпад и преку Бугарија, вели нашиот соговорник.
Но, според него, наместо како суровина за преработка, овој отпад завршува низ депониите во Македонија.
– Најмала веројатност има овој отпад да оди на „Дрисла“, таму има најголема контрола. Но, затоа останатите локални депонии се без надзор. Таму се остава, а неретко депониите се палат, па тогаш се уништува и овој опасен отпад, вели нашиот извор, кој додава дека не случајно мапата на загаденост веќе оддамна е проширена низ цела држава.
Во таа насока, случајно или не, официјалните податоци покажуваат дека најголемо количество отпад увезуваме од Косово, Бугарија, Србија, Албанија и Италија.
Бидејќи во јавноста излезе различна статистика за количествата увезен отпад, побаравме прецизни информации од три институции, и тоа Царинската управа, Министерството за животна средина и од Државниот завод за статистика.
Од Министерството за животна средина не одговорија на нашите прашања, а од Царина нѐ упатија податоци да побараме од Државниот завод за статистика.
– Ве известуваме дека Царинската управа е институција што врши прибирање податоци за надворешна трговија, но не и нивна обработка и десеминација. Царинската управа на месечно ниво ги доставува податоците за надворешната трговија со кои располага до Државниот завод за статистика, кој ги обработува во соодветни форми и ги прави достапни до јавноста.
Податоците со кои располагаме се од интерната база на ЦУ, истите не се обработени согласно методологијата на ЕУРОСТАТ и може да се разликуваат од официјалните податоци, ни одговорија од Царина, додавајќи дека најсоодветно би било да се обратиме до Статистика.
Од Државниот завод за статистика информираат дека во 2014 година се увезени 5.599 тони отпад, во 2015 година количеството е 22.919 тони, а од наредната година увозот драстично е зголемен. Па така, во 2016 година сме увезле 53.225 тони, во 2017 година 52.048 тони и 2018 година 52.250 тони. Според декларациите, пак, најмногу сме увезле железо и челик.
ЌЕ ПРОДОЛЖИ ИСТРАГАТА ОД СЈО ЗА „ДРИСЛА“
По јавните критики дека не се контролира отпадот кој го увезуваме, пред неколку дена на граничниот премин „Богородица“, беа запрени камиони со РДФ отпад наменет за Цементарница Усје. Отпадот е од Италија, а преку Грција требало да стаса до Македонија.
Од Министерството за животна средина информираа дека целата акција е во насока на засилени мерки за контрола и проверка на отпадот што се увезува во државата. Примероците се испратени во лабораторија во Естонија, а резултатите треба да бидат готови за неколку дена.
Во меѓувреме, и Бугарија ги засили контролите, па запре отпад од Италија, кој стасал во Варна. Тамошната обвинителка Невена Илиева појасни дека отпадот се разликува од декларацијата во царинската документација. Имено, наместо пријавените пластични отпадоци и каучук, во балите имало текстилни, стаклени и дрвени отпадоци.
За случајот да биде уште поскандалозен, фирмата увозник „Блацион“ е на македонскиот државјанин Блаже Игнатовски, а содружник во фирмата бил и доскорашниот директор на „Дрисла“, Горан Ангелов.
Еден ден по објавување на информацијата, скопскиот градоначалник Петре Шилегов информираше дека Ангелов ќе биде сменет, бидејќи Дрисла се враќа во сопственост на Градот.
На прашањето на „Фокус“ до Ангелов, бидејќи е содружник во бугарската компанија која увезла отпад во Бугарија, дали тоа не е конфликт на интереси, бидејќи во Македонија тој беше директор на депонија, Ангелов вели:
– За каков конфликт зборувате, па нели зборуваме за две земји независни. Ако евентуално веќе сме припоени кон Западна Бугарија, а не сме веќе Република Македонија веројатно ќе има конфликт на интереси. Ние немаме никакви бизнис-релации помеѓу „Дрисла“ од Македонија и Блацион од Бугарија, вели Ангелов за „Фокус“.
Македонското обвинителство, пак, неодамна објави дека ја затвора по две години истражување, предистрагата за депонијата, со заклучок дека не утврдиле ништо спорно ниту незаконско, и дека депонијата не ги труе скопјани.
Од друга страна, пак, уште пред неколку години веќе згаснатото СЈО отвори предистрага за работата на депонијата, но и околу шпекулациите за незаконскиот увоз на отпад. Дознаваме дека истрагата наскоро ќе продолжи.
Упатените велат дека доколку државата навистина сака да го запре криминалот со странски отпад, но и труењето на сопствениот народ, не треба криминалот да го бара во штелуваните декларации, туку да се разбуричка низ ѓубрето. Точно е дека ќе замириса, но затоа пак, ќе ја задуши реата од опасниот отпад која со години ги труе граѓаните и им го уништува здравјето!
ВО „ДРИСЛА“ СЕ КРИЕ МИЛИОНСКИ ПРОФИТ
Од неодамна депонијата „Дрисла“ повторно е во рацете на Градот, а претходно со години се водеше судска борба за тоа кој да биде концесионер. Борбата за тоа кој ќе ја добие Дрисла, всушност, беше борба за тоа кој ќе лапне профит од 180 милиони евра! Токму затоа депонијата беше магнет за странските компании, кои за море од смет, беа спремни дури да предизвикаат меѓудржавни спорови.
Неколкугодишниот неуспешен концесионер, италијанската ФЦЛ „Амбиенте“ требаше за пет години во депонијата да инвестира 73 милиони евра, од кои 20 проценти треба да вложи градот Скопје, со кои ќе се овозможи правилна селекција и обработка на отпадот, од кој ќе се добива и електрична енергија.
Кога веќе е познат влогот, треба да се пресмета колкав ќе биде и профитот. За да дојдеме до профитот, ќе ја искористиме пресметката на екс градоначалникот Коце Трајановски, според која, од новата депонија се очекува годишниот профит да достаса шест милиони евра, од кои 20 проценти ќе ги добие Градот. Па, така, простата математика покажува, ако земеме предвид дека првите пет години, конзорциумот само ќе вложува, иако ќе собира и профит, наредните 30 години им преостануваше да заработат 180 милиони евра.
ИТАЛИЈАНСКАТА МАФИЈА „КОМОРА“ УШТЕ ВО 2011 ГОДИНА Ѝ ФРЛИЛА ОКО НА МАКЕДОНИЈА
Новинарите што ја истражувале италијанската мафија „Комора“, која се занимавала со отпад, уште во 2011 година ги предупредиле албанските граѓани дека нивната земја може да стане депонија на Европа. Истакнале дека италијанската мафија се фокусирала на депониите во Албанија, Хрватска, Србија и Македонија, гледајќи можност за „гледање низ прсти“ на локалните власти, за нелегалниот увоз на отпад.
Тие предупредуваат и дека еколошката мафија работи со забрзано темпо, бидејќи се работи за неверојатна заработувачка. Според проценките, секоја година од овој нелегален бизнис-мафијата заработува 22 милијарди евра. Токму затоа, мафиите како „Коза Ностра“, „Камора“, „Ндрангета“ и „Сакра Корона Унита“ се насочиле кон бизнисот со нелегалниот отпад.