Интервјуто со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е објавено во неделникот „Фокус“, во бројот 1285, на 21 мај 2020 година.
„Секој што е загрижен за здравјето би го искористил овој период за избори кога ризикот е најмал. Впрочем, тоа и самата Комисија за заразни болести го потврдува, со тоа што вели затворени училишта, затворени граници, не е сезона на грип, тоа се минималните ризици за граѓаните. И обратно, значи наесен, се поголемите ризици“, се аргументите на Зоран Заев зошто јуни, а не септември, е подобар тајминг за избори.
Сепак, лидерот на СДСМ и во интервјуто за „Фокус“ не дава дециден одговор, дали би оделе на избори без ВМРО-ДПМНЕ
Разговараше: Јадранка КОСТОВА
ФОКУС: И втората лидерска средба заврши без датум за избори, а бевме сведоци и на многу жестока вербална престрелка меѓу Вас и Мицкоски. Обично нагласувате дека сте оптимист по природа, па можно ли е наредниве денови да постигнете компромис?
ЗАЕВ: Не се постигна договор околу датумот за избори, затоа што Мицкоски се плаши од сопствените граѓани, бега од изборите и сака да создаде политичка криза, тоа верувам од вчера на сите им е јасно. Ниту здравјето на граѓаните го интересира, ниту економијата, најмалку, пак, демократијата и целосно функционални институции. Сите аргументи на Мицкоски се избиени.
Секој што е загрижен за здравјето би го искористил овој период за избори кога ризикот е најмал. Впрочем, тоа и самата Комисија за заштита од заразни болести го потврдува, со тоа што вели затворени училишта, затворени граници, не е сезона на грип, тоа се минималните ризици за граѓаните. И обратно, значи наесен, се поголемите ризици. За новиот бран на корона вирусот предупреди и СЗО.
ФОКУС: Дали сте бескомпромисни за избори на 21 јуни?
ЗАЕВ: СДСМ е одговорна партија и затоа правевме сѐ, и сѐ уште правиме сѐ да се дојде до консензус. Вака, без договор, мора да се почитуваат законите. Законите налагаат да одиме на избори според роковите што се веќе заокружени, односно по завршување на вонредната состојба да се одржат по 22 дена, согласно Уредбата што е во сила. Ако вонредната трае до 30 мај, како што е во моментов, изборите треба да се одржат на 21 јуни, согласно законските одредби. Така што доколку ВМРО-ДПМНЕ упорно одбегнува консензус, по сила на законот, не по нечија волја, изборите треба да бидат на овој датум.
НЕМА ДА БИДЕ СКОРО ДЕНОТ СО НУЛА ЗАБОЛЕНИ
ФОКУС: Излеговте уште на почетокот на мај со предлог изборите да се одржат кон средината на јуни. Со оглед на тоа дека датумот зависи од ставовите на Комисијата за заразни болести, на ДИК и на ОБСЕ/ОДИХР, секоја од овие институции од својата надлежност за изборите, како искалкулиравте дека терминот во јуни ќе добие пас од сите нив?
ЗАЕВ: Не станува збор за калкулација, туку за сериозни анализи. Се вршеа консултации, со стручни лица, а се следеше и движењето на кривата, која почна да опаѓа кон крајот на април, какви што беа проценките и на институциите за пикот на епидемијата и постепеното намалување. Паралелно следевме и какви препораки стигнуваа од СЗО. И еве, соодветни државни институции се изјаснија, има сериозни аргументи дека избори во јуни се можни и дека се најдобро решение.
На почетокот на мај, иако со повеќе заболени во тој момент, во соседна Србија се објавија избори на 21 јуни, Хрватска исто така. Во таква ситуација, имајќи ја предвид и сложеноста на состојбата во која се наоѓаме, со техничка влада, без Собрание, природно се наметна размислувањето за организирање избори кога ќе се појави првата можност за тоа, а граѓаните би биле најмалку изложени на ризик. И оттаму е тој предлог за избори кон средината на јуни, чие одржување е добро и од здравствен и од економски и од демократски поглед. Тоа е одговорно и државнички.
ФОКУС: Мицкоски повеќепати нагласува дека не сака да биде премиер додека се бројат мртви, што безмалку сугерира дека Вие сте спремни да газите по трупови само да победите. Што доколку продолжи трендот на починати и во јуни?
ЗАЕВ: Со таквите ставови, Мицкоски си го запечати епитетот на деструктивец, неодговорен и незрел, особено во време на криза. Тој покажа дека сѐ уште не е дозреан, ниту да биде мандатар, а премиер нема да биде сигурно. Мицкоски сака други да бројат жртви, тој да седи на страна и да тера политикантство. Како што за време на кризата ширеше лажни вести дека нема доволно тестови, па десетици илјади луѓе се тестираа, како што водеа хајка против Филипче среде пандемија. Додека лекарите и медицинските лица броеја жртви, а граѓаните седеа дома за да помогнат во спречувањето на вирусот, фрчеа негови слики од теретани и прошетки на Водно. Тоа е истиот Мицкоски, кој иднината на земја беше спремен да ја жртвува и работеше против НАТО и ЕУ. Сега од него кога ќе слушнам човечки жртви, немам што друго, освен да кажам премногу е од лицемери и од политиканти.
ФОКУС: Но, што доколку продолжи трендот на заболени и мртви?
ЗАЕВ: Наводната позиција за избори кога ќе имало нула заболени е незрела – целиот свет, СЗО, сите зборуваат дека ние уште долго ќе живееме со Ковид 19, најважно е да го контролираме и да се заштитиме од него. Ете, тоа е новото нормално. Нема да биде скоро денот со нула заболени, тоа е изговор на Мицкоски за да не се договори реализацијата на веќе закажаните избори.
Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, даде поддршка за распишување избори на 12 април, влезе во техничка влада за заедно да организираме избори, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, има и свое бројче на гласачкото ливче. Ниту јас како поединец, ниту СДСМ како одговорна партија, нема да повлечеме потег, кој е спротивен на интересите или, не дај боже, спротивен на здравјето на граѓаните.
ТЕРААТ ПОЛИТИКАНТСТВО СО ЛАЖНИ ВЕСТИ
ФОКУС: Одлуката за 12 април како ден за избори беше донесена со консензус на сите партии на лидерската средба кај Пендаровски. Ќе се држите ли до оваа правило – едногласност и за новиот датум или, со други зборови, би оделе ли на избори без ВМРО-ДПМНЕ да се согласи?
ЗАЕВ: Така е. Одлуката за избори на 12 април се донесе со консензус. Што не беше случај во минатото кога ВМРО-ДПМНЕ сама одлучуваше и тераше на избори. За традицијата на демократија и политичката култура кај нас сакавме да придонесеме и датумот за одржување на избори да биде донесен со консензус. Но, очигледно ВМРО-ДПМНЕ не сакаше консензус и настапи вака неодговорно и незрело. Само заради лични или теснопартиски интереси, заради страв од пораз кај Мицкоски. СДСМ, но верувам и граѓаните нема да дозволат некој како Мицкоски, незрел и неодговорен, да ги кочи демократските процеси и да ја втурне државата во уште подлабока економска и здравствена криза.
ФОКУС: Чудно, ВМРО-ДПМНЕ, ем се за избори, ама кога веќе нема да има корона вирус, ем не се за враќање на Собранието во игра, што значи дека сметаат со кризава дури и во вонредна состојба треба да се справува техничката влада. Вие, пак, од друга страна сте со пофалби дека техничката влада успешно се справува со кризата. Да бидам малку иронична, дали техничка влада треба да биде трајно решение вметнато и во Уставот?
ЗАЕВ: Чудно, ама вистинито. Сето тоа незрело и неодговорно однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го видовме за време на целиот овој период, особено за време на здравствената криза. Тие беа на погрешната страна. Граѓаните тоа го знаат. Прво се потсмеваше, Мицкоски велеше ние од СДСМ сме молеле Бога да имало корона за ВМРО-ДПМНЕ да не протестирале. Потоа бараше кризна наместо вонредна состојба. Велеше не требало уште еден месец вонредна состојба, а неговиот потпретседател Николовски веднаш го демантираше дека треба и трета вонредна состојба. Сега на лидерската вели треба датум да одредиме, ама да не го одредиме конкретно. Како да не сака избори, ниту во јуни, ниту во јули, ниту во септември.
ФОКУС: Сакате да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ не знае што сака?
ЗАЕВ: ВМРО-ДПМНЕ нема став, не знае каде тера, целосно се загубени во својата неодговорност и незрелост. Ним можеби најмногу им одговара да биде вака постојано, да нема Собрание, да нема политичка влада, граѓаните да не ги прашаме кој е нивниот став, да имаат еден министер и да тераат политикантство со лажни вести. Реалноста вели дека секоја неодговорност, секој чекор со кој својот партиски интерес ќе го ставите над државниот, граѓаните ќе ве казнат. Тоа е сега болката. Инаку, потребни се избори во првиот можен рок за да се обезбедат функционални институции со полн легитимитет, избори се потребни и заради здравјето на граѓаните, но и заради брза силна трансформација на нашата економија.
ЗАДОВОЛЕН СУМ ОД ПРИДОНЕСОТ НА СИТЕ „ДИСКРЕТНИ ХЕРОИ“
ФОКУС: Колку сте задоволни од економските мерки на владата за справување со кризата. Колкава е заслугата за тоа на двете млади дами што ги покриваат ресорите Финансии и економски развој, Нина Ангеловска и Мила Царовска, кои дојдоа на местата на Тевдовски и Кочо Анѓушев?
ЗАЕВ: Оваа глобална економска криза предизвика потребна од вонредни, брзи и ефикасни економски решенија. Економскиот тим на СДСМ што го водам јас, економскиот тим на Владата, спремија и презедоа сериозни, храбри и навремени чекори за амортизирање на првичните удари врз економијата и граѓаните. Оние мерки што го предложивме до Владата во огромен дел се прифатени и веќе се реализираат, секако согласно можностите и капацитетноста на Буџетот, што јас го поздравувам.
Веќе почнува реализацијата на третиот пакет економски мерки, вкупната вредност на мерките е 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП. Тоа не се само обични цифри, тоа е директна поддршка за 730 илјадници граѓани, за 30 илјади компании. Од таа гледна точка сум задоволен од придонесот на сите оние „дискретни херои“, кои во заднина даваат сѐ од себе овие мерки да реализираат што побрзо и што поефикасно за помошта да стигне колку што може побрзо до граѓаните и фирмите.
ФОКУС: И на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ важна тема за изборите ви е економијата. Но, она што за вас е успех, за Мицкоски е катастрофа. Како е можно за работи за кои треба да постојат егзактни податоци, толку драстично да се разликувате? За илустрација, Вие велите дека во корона кризава околу 10 илјади луѓе останале без работа, додека опозицијата вели дека се 100 илјади?
ЗАЕВ: Во самото ваше прашање лежи и суштината. Да, постојат егзактни бројки и тие се лесно проверливи, кои ја покажуваат вистината, односно лагата на опозицијата, како сакате земете. Агенцијата за вработување излезе со официјални податоци дека без работен ангажман во периодот од 13 март до крајот на април останале 8.160 лица. Тоа е многу помалку од катаклизмичните, нереални, би рекол лажни објави на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои велеа дека 140.000 луѓе останале без работа. Тоа е таа неодговорност за која постојано зборуваме. Но, тие самите го одбрале таквото дејствување и сега нека се носат со тоа. Тие сакаат да зборуваат за лажните вести и да работат на нивно ширење, ние сакаме да работиме за граѓаните. Едноставно е.
ФОКУС: Кога бевте во опозиција, жестоко ја критикувавте власта на ВМРО-ДПМНЕ кога пред избори делеше субвенции третирајќи го како обид за корумпирање на гласачите. Но сега, особено поради кризата, владата предводена од СДСМ е во ситуација да доделува милионски суми на компании и граѓани како помош. Ќе ви донесе ли гласови корона кризата?
ЗАЕВ: Сметам дека воопшто не може да стане збор за таква споредба, затоа што има огромни разлики. Додека владееше режимот на ВМРО-ДПМНЕ немаше светска здравствена криза и пандемија од ваков вид. Немаше ниту избори во вакви услови. Но, режимот така функционираше. Да, сите знаат дека ВМРО-ДПМНЕ со години и исплатата на социјални трансфери и исплатата на субвенции ги темпираше непосредно пред изборите заради партиски интереси.
Денес, во ситуација кога имаме сериозна економска криза и сите држави преземаат брзи мерки за да се ублажат последиците врз економијата. Тоа секако е случај и со нашата држава и економија. Дополнително, институциите сега не се заробени, напротив, тие се ослободени и ставени во функција на граѓаните. Оваа здравствена криза со невидливиот непријател го покажа токму тоа, што значи кога државата за 2,5 години ќе се посвети да изгради институции.
ЦЕЛИОТ ЖИВОТ СУМ РАБОТЕЛ ЧЕСНО
ФОКУС: Сепак, ќе ви донесат ли гласови економските трансфери од буџетот кон компаниите и граѓаните односно корона кризата?
ЗАЕВ: Не станува збор дали овие мерки ќе донесат гласови или, пак, ќе одземат, затоа што секогаш ќе имате луѓе што ќе сметаат дека не сме помогнале доволно или навремено. Она што е јасно дека СДСМ и Владата што ја предводи, никогаш не се воделе од тоа дали некои мерки ќе донесат глас плус. Го гледаме интересот на граѓаните и не се водевме од политикантство и популизам. Покажавме дека се водиме исклучиво од она што е добро за граѓаните и државата. И да, сметаме дека сериозна помош на граѓаните, на економијата во моменти на светска економска криза е добро и за државата и за нашата економија.
ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ секојдневно зборува за „криминалите на Заев“, па вашето барање оставка од министерот Чулев го објасни Антонијо Милошоски како „Страв да не ви тропне Чулев на врата“. Дали би ве изненадило доколку во случај на победа на опозицијата бидете мета на судски прогон? Дали и натаму победата на избори ќе значи спас за победникот од апс, а поразениот да биде под кривичен прогон?
ЗАЕВ: Не. На тоа гледам како политичка реторика со длабоки режимски корени. Една матрица која наместо вистина сервира лага, наместо правда-неправда, која постојано им се заканува на граѓаните и неистомислениците. Но, тоа време заврши.
Ако некој на своја кожа почувствувал што значи да си под политички прогон и монтирани судски случаи заради политички мотиви, тоа сум јас, Зоран Заев и моето најтесно семејство. 11 години ВМРО-ДПМНЕ владееше апсолутно со државата, 11 години јас и моето семејство бевме цел на режимот на Груевски, неговото Сваровски судство и константна црна кампања. Три монтирани случаи се водеа против мене и во трите на крајот победи вистината и правдата. Целиот свој живот сум работел чесно и одговорно. И општина Струмица додека ја водев и фирмите на моето семејство, сите биле илјадници пати „претресувани“ од институциите додека владееше Груевски и никој не пронашол ништо незаконско, затоа што нема такво нешто.
ФОКУС: Ветувавте правда, но и натаму царува селективната правда. Вие објаснувате дека не се мешате кај судиите за конкретни пресуди, а дека надлежноста на владата е да предлага закони. Ова наликува на реакциите на Груевски, кога му се префрлаше за влијанието врз судството, со фразата „судството е независно согласно уставот“. Зарем оние што биле спремни да газат врз правдата заради некакви лични бенефити, преку ноќ ќе станат имуни на моќта на извршната власт?
ЗАЕВ: Во овие две и пол – три години покажавме дека судството мора и може да биде посебна, независна власт, ослободена од политички притисок. Голем дел од судството се ослободи од канџите на режимот, има и секако дел кој останал верен на режимот и продолжува да работи против правда, за некакви свои, лични интереси. Дел од судството навистина е последната тврдина на режимот и затоа еден од врвните приоритети е прочистување на судството за да се врати довербата, за да се зајакнат капацитетите на правната држава, да им се остави простор на професионалците, во интерес на граѓаните. Никој не е над законот и секој што го прекршил, ќе се соочи со одговорноста.
МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОД ЗНАК ПРАШАЊЕ
ФОКУС: По мала пауза, веројатно поради пандемијата, повторно почнаа да одекнуваат бомби во кои вас често ве има. Слушавме како разговарате за влијанието врз судството, во друга снимка дека го контролирате граѓанскиот сектор… Што уште до денот на изборите ќе излезе на виделина? Навистина мислите дека содржината на бомбиве е во Ваша полза, како што напишавте на ФБ?
ЗАЕВ: Не би додал, ниту би одзел нешто од она што го соопштив јас и СДСМ како партија. Јавно, на саркастичен начин на мојот фејсбук-профил кажав, а тоа го потврдив и во изјава на прес-конференција во седиштето на партијата.
ФОКУС: Факт е дека договорите со Грција и со Бугарија ги скршија бариерите на нашиот евро-атлантски пат. Дали сметате дека членството во НАТО и датумот за преговори со ЕУ ќе ги амортизираат негативните реакции на опозицијата од типот предавство на националните интереси? Колкаво влијание ќе имаат сега врз гласачите, особено вмровскиот повик „Никогаш Северна, секогаш Македонија“?
ЗАЕВ: Членството во НАТО и отворањето на преговорите за членство со ЕУ се големи национални, државни успеси на кои многу сум горд. Успеавме да ја обезбедиме иднината на државата, сигурноста, безбедноста, перспективи отворивме за младите. Најважно, успеавме тоа да го постигнеме а да го сочуваме македонскиот национален идентитет. Македонскиот јазик е признаен од цел свет, влезен во личната карта на ОН. Од заробена држава за само 2,5 години станавме „светол пример“ во регионот.
Оттука, мислам дека веќе секому му е јасно дека Договорот е добар и во интерес на граѓаните, на државата. Тоа беше тежок но неопходен компромис за наша посигурна иднина и просперитет. Целиот свет го поздрави овој Договор, го посочи како рецепт за доаѓање до решение од обостран интерес на двете страни од вакви децениски спорови. Само ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го оспорува. Мотивот се знае, причината за тоа е тоа што тие не можат да се помират со напредокот на државата и историскиот успех кој го постигнавме.
ФОКУС: Чудните бугарски „добрососедски изливи“ го достигнаа врвот со изјавата на Бугарија приложена до Европскиот совет кога се постигна согласност нашата земја да почне преговори за членство во ЕУ. Меѓу другото, се бара откажување од македонскиот јазик, односно во ЕУ да се користи „службен јазик на Република Северна Македонија“. Се согласувате ли со ставот на претседателот Стево Пендаровски дека „Ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот што го зборуваме да не биде македонски јазик, тогаш не ни треба ЕУ“?
ЗАЕВ: Веќе споменав дека нашиот македонски јазик е реалност, признаен и прифатен од целиот свет. Самиот Договор со Бугарија е потпишан на официјалниот јазик на нашата држава, на македонски јазик. Така што, какво било дебатирање на оваа тема мислам дека е непотребно. Ние сакаме да влеземе во ЕУ како што влеговме и во НАТО – како Македонци кои говорат македонски јазик. Таа цел е остварлива доколку настапиме сите мудро и одговорно. Договорот што го потпишавме со Бугарија дава доволно механизми за решавање на отворените прашања и разликите во погледите кон одредени историски настани и личности. Но, нашиот јазик не може да биде под знак прашање.
ФОКУС: Бугарскиот премиер Бојко Борисов, во Скопје на 1 август 2019 година, на двегодишнината на Договорот, изјави дека не би сакал да мисли дека е можно Бугарија да нѐ блокира. И уште нагласи: „Ќе ни се смее цела ЕУ ако стигнеме дотаму Бугарија да ја блокира Македонија“. Па, ќе им се смее ли ЕУ? Дали сте се слушнале со Борисов?
ЗАЕВ: Со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов имам нормална комуникација. Сметам дека пријателството и добрата соработка меѓу двете земји се должи и на одговорноста на политичарите во двете земји. Борисов и соседна Бугарија се силни поддржувачи на нашата татковина, особено во евро интеграцискиот пат и сметам дека тоа така и ќе остане. Не сакам да верувам во негативни сценарија, дека некој ќе ја блокира нашата интеграција во ЕУ, јас сум оптимист бидејќи пријателството не оди заедно со блокади. Секако, не треба да занемаруваме ништо и треба да сме подготвени за дијалог.
СДСМ ИЗГРАДИ НАЈСИЛЕН КОАЛИЦИСКИ КАПАЦИТЕТ
ФОКУС: Посебните правила за гласање поради пандемијата се очекува да ја намали излезноста на изборите. Кој процент на излезност сметате дека е реален и колку гласови очекувате да освои Вашата коалиција „Можеме“ со Беса?
ЗАЕВ: Важно е изборите да се случат кога е најмал ризикот за здравјето на граѓаните, тоа е јуни, пред летото. Нашите институции покажаа сериозен капацитет за справување со корона вирусот и ќе ги заштитат граѓаните и на денот на изборите. Гласањето ќе биде 100 отсто безбедно. Ако може да одиме секој ден заштитени во маркет, со маски, со дезинфекција во секој јавен објект – тогаш истото ќе го направиме во тие 2-3 минути на гласачкото место. Зошто? Бидејќи ни требаат функционални институции. Оттука, очекувам солидна излезност. Верувам дека сето она што за целиот овој период го покажавме како Влада ќе биде вреднувано од мнозинството граѓани и дека коалицијата „Можеме“ ќе оствари победа со сериозна предност пред коалицијата од ВМРО-ДПМНЕ.
ФОКУС: И Вие и Мицкоски тврдите дека ќе победат вашите партии на следниве избори, поткрепувајќи го тоа со наводно водство на анкетите на СДСМ односно ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, само еден од вас може да ја зборува вистината. Грубо речено, кој лаже?
ЗАЕВ: Да имаше Мицкоски барем еден процент предност, со денови немаше да се симнува од медиумите барајќи избори уште следната недела. Но, и тој знае дека неговите погубни политики, неговото неодговорно, незрело и несовесно однесување во време на ваква сериозна криза е препознаено од граѓаните. Затоа нема поддршка. Затоа прави сѐ да се обиде оваа неодржлива ситуација да продолжи, се обидува да ја втурна државата во уставна и политичка криза, само за да не се соочи со граѓаните на избори. Тоа е најдобар показател кој како стои на анкетите. СДСМ е фаворит. Тоа е реалната слика поткрепена со официјални податоци од реномирани агенциски куќи кои се бават со истражување на јавното мислење.
ФОКУС: Доколку изборниот резултат биде сличен како во 2016-та, само сега во полза на Вашата коалиција, а одлучувачки фактор кој ќе прави влада биде ДУИ, за кого ќе се определи Ахмети – за Вас и Мицкоски како мандатар?
ЗАЕВ: Промовирајќи го концептот едно општество за сите, однесувајќи се одговорно, чесно и принципиелно, СДСМ изгради најсилен коалициски капацитет од сите останати политички партии. Тоа ни дава за право да стапиме во коалиција со која било партија која ги дели нашите определби и вредности, што секако не е случај со ВМРО-ДПМНЕ која со својата неодговорност, надградена со лажен патриотизам се изолираше и се оддалечи и од граѓаните и од други политички субјекти. Од оваа перспектива се уште е многу рано за какви било постизборни коалиции. Да го почекаме денот на гласањето, ја почекаме волјата на избирачите, а потоа да видиме со кој и во каков сооднос СДСМ ќе го предводи новото парламентарно мнозинство и новата влада.
ОДГОВОРНОСТА НА ЧУЛЕВ Е ШТО НЕ ПРЕЗЕДЕ НИШТО
ФОКУС: Побаравте одговорност од министерот Наќе Чулев, меѓу другото, и затоа што полицијата не реагирала на црковниот собир во Струга, каде што мнозинството верници не ги почитуваа мерките за заштита од корона вирусот. Како ја замислувате полициската интервенција? Владата не ги стави верските заедници под режим на забрана, а барате полиција да растера верски собир?
ЗАЕВ: Доколку постои волја постои и решение. Проблемот е што видовме дека немало намера воопшто да се преземе нешто. Секако дека никој не посакува ниту пак бара употреба на некаква сила, но видовме дека полицијата со непостапување дозволила прекршување на одредбите. Одговорноста на МВР и Чулев тука ја гледаме што не вложија никакви напори, што не успеаја, и не презедоа ништо. Опции или начини има, од разговор со организаторите, со црковните лица, со граѓаните, преку превенција па се до помош да се организира настан соодветно, а при тоа мерките да нема групни собири, да има дистанца и носење заштитна опрема да бидат целосно испочитувани.
БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ Е ПОРАЗ ЗА ПРАВДАТА
ФОКУС: Иако беше правосилно осуден, ем со државно обезбедување, при јавни шпекулации дека ќе избега особено затоа што и си ги повлекуваше парите од сметка, сепак Никола Груевски успеа да избега од државата. Зошто никој не понесе барем морална одговорност за ваквиот пропуст на нашите служби?
ЗАЕВ: Бегството на Груевски е пораз за правдата и пораз за институции кои во тоа време сѐ уште беа во процес на трансформација и професионализација. Јавноста со право очекува, очекувам и јас институциите да излезат со извештај и со лоцирана вина за овој пропуст. Никола Груевски е осуден криминалец и казната мора да ја одлежи в затвор.
КИЧЕЕЦ Е ЦЕЛОСНО ВО ФУНКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ
ФОКУС: Откако Боки 13 во судскиот процес Рекет изјави дека со Кичеец сте зборувале за местење избори во Охрид, а дека Кичеец имал своја паравојска“, експресно осамнаа снимени разговори во кои се слуша како Христијан Мицкоски се договара со Кичеец за изборите во 2019 година, што од ВМРО-ДПМНЕ ја оценија бомбата како петарда. Дали Кичеец е двоен играч, заеднички пријател Ваш и на Мицкоски?
ЗАЕВ: Зоран Милески Кичеец не бил мој пријател. Јавноста знае, верувам и вие новинарите многу добро знаете со која партија Кичеец постојано бил во корелација, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Ете, сите слушнавме, Мицкоски не само што се сретнал со Кичеец туку и директно договарал активности со него. Целосно во функција на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и му се обраќа дека треба да комуницираат директно, а не преку Петко или Станко. Така што јасно е на чија воденица тече водата овде, Мицкоски не може да ги сокрие релациите што ги имал со Кичеец. Прашањето е зошто ја лажеше јавноста за оваа средба? Дали сакаше да ја сокрие релацијата со Кичеец, неговата улога во случајот Рекет или можеби неговата поврзаност со Орце Камчев?
ГОРДИ СМЕ ШТО ГО ИМАМЕ ФИЛИПЧЕ ВО СВОИТЕ РЕДОВИ
ФОКУС: Сите информации говорат дека рејтинг на министерот Венко Филипче во оваа здравствена криза е кренат бајаги високо. Ве загрижува ли неговата популарност бидејќи вообичаено е лидерот да е на врвот? Ќе биде ли Филипче дел од изборната кампања?
ЗАЕВ: Филипче е дел од СДСМ, ја предводи и партиската Комисија за здравство. Претходно беше вклучен во партиското функционирање поактивно, како дел од партиските тимови што учествуваа на трибини, на средби со граѓани, пред и воопшто да се појави корона вирусот. Секако, согласно неговите ангажмани како министер во најзначајниот сектор во овој период, тој целосно се посвети во менаџирање со македонското здравство откако се појави корона вирусот во нашата земја. Тоа се покажа за исправна наша заедничка одлука и затоа денеска може да кажеме дека македонското здравство навремено и добро реагираше и успешно се справи со корона вирусот. СДСМ се гордее што има личности како Венко Филипче во своите редови, професионалци кои се подготвени да го вложат својот целосен потенцијал во служба на граѓаните.