(АРХИВА) Интервју со Васко Ковачевски: Ако не направевме капитални ремонти, ќе бевме енергетски мртви!

by Фокус

Текстот е објавен на 01 март 2023 година во неделникот Фокус со број 1.430.

Ковачевски не одрекува дека во енергетиката е направена непоправлива штета, но вели дека е горд што се вади максимумот од она што е останато. Во интервју за „Фокус“, тој најавува нови масовни инвестиции што ќе ги заменат постоечките дотраени капацитети и уверува дека имаме сила за стабилна енергетска транзиција по затворањето на РЕК Битола. Притоа, децидно отфрла какви било задни намери во спорот со „Макпетрол“, тврдејќи дека последниот нивни договор ја потврдува принципиелната оправданост на променетата законска регулатива

Разговарал: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Имате таква несреќа да бидете на чело на државните електрани во енергетски најкомплексниот период во нашата понова историја. Како ЕСМ се справува со оваа криза?

КОВАЧЕВСКИ: Генерално, периодот во кој јас сум на чело на АД ЕСМ е проследено со кризи. Моето назначување беше некаде средината на 2019, а претходно бев година и половина генерален директор на РЕК Битола. Таму, заедно со вработените и со менаџментот, успеавме да го вратиме комбинатот во кондиција, да ги санираме сите слабости или пропусти од минатото и некако 2018-2019 целиот систем да се врати во колосек.

По доаѓањето во Скопје, веднаш почнавме да се занимаваме со последиците од ковид-кризата, која сериозно влијаеше и врз енергетскиот сектор. Сериозно беа нарушени човечките ресурси и често бевме оставени без луѓе, кои најдиректно работеа во производството, како болни, така и починати, и навистина тешко беше во такви услови да се одржува производството.

ФОКУС: На ковид-кризата потоа се надоврза и кризата во Украина, што влијаеше и врз состојбите во енергетиката.

КОВАЧЕВСКИ: Уште незавршена ковид-кризата, веднаш дојде енергетската криза, повторно на глобално ниво, што заедно со кризата во Украина ја комплицира испораката на природниот гас и сето тоа предизвика и голема економска криза, која дополнително ни ги врзуваше рацете од аспект на финансии.

ФОКУС: И покрај објективно лошата ситуација, не сметате ли дека можеше да реагирате подобро?

КОВАЧЕВСКИ: Горд сум што и во такви вонредни услови успеавме да бидеме едни од ретките во регионот каде што немаше рестрикции на струја. Да потсетам, Албанија, Косово, јужниот дел на Србија, Романија и други мораа да воведат рестрикции во најтешкиот период од годината.

Истовремено, успеавме да го зголемиме домашното производство на електрична енергија за да бидеме што помалку зависни од увоз.

ФОКУС: За какво зголемување станува збор?

КОВАЧЕВСКИ: Минатата 2022 имавме зголемено производство за 26,5 отсто во однос на 2021 година, кога почна енергетската криза и таквото зголемено производство овозможи да имаме домашна енергија, која е поевтина од увезената, набавките да ги сведеме на минимум и да го издржиме тој удар.

КРИЗАТА Е ДАЛЕКУ ОД ЗАВРШЕНА

ФОКУС: Што нѐ чека понатаму на енергетски план?

КОВАЧЕВСКИ: Енергетската криза, иако е намалена, е далеку од завршена, па затоа и ние во оваа кризна состојба треба поодговорно да се однесуваме.

ФОКУС: На што поточно мислите?

КОВАЧЕВСКИ: Мислам дека мерките на штедење донесоа ефект. Податоците говорат дека и до 30 отсто е намалена потрошувачката на струја во одредени институции, а и кај граѓаните преовлада здравиот разум и одговорноста, и тоа резултираше во 2022 да имаме за 14 отсто помала потрошувачка кај домаќинствата.

ФОКУС: Дали голем удел за тоа имаа и временските услови?

КОВАЧЕВСКИ: Секако дека влијание имаа и поволните временски услови, но, сепак, удел имаше и кампањата за штедење.

Свој голем придонес дадоа и вработените во АД ЕСМ, особено тие што работат на теренот и во тешки услови и мора да ја искористам можноста да упатам едно признание и благодарност до сите нив. Нашите и нивните заложби придонесоа цената на струјата во вакви тешки услови само благо да се зголеми, па во некои блокови дури и да се намали, пример 20 отсто кај малите потрошувачи.

ФОКУС: Долго време се тврдеше дека увозната струја и увозниот јаглен се многу поевтини од домашните и дека нашите капацитети се толку застарени што не можат да го испорачаат она што ние го очекуваме од нив. Дали праксата го демантира тоа?

КОВАЧЕВСКИ: Факт е дека нашите производни капацитети се многу стари. Нашите термоелектрани се постари од 40 години. Некои хидроелектрани се постари и од 65 години, што значи дека тие производни капацитети, согласно проектантската документација, веќе си го отслужиле своето. Меѓутоа, со добро планирање и со добро менаџирање на овие капацитети, се покажа дека тие сѐ уште може да бидат движечка сила на производството на електрична енергија во државата.

Токму затоа, уште во 2018 година го почнавме процесот на големи капитални инвестиции во нашите електрани и за само три години направивме три капитални ремонти на трите блока во Битола. И гледано од денешен аспект, ако не го направевме тоа тогаш, ние буквално денес ќе бевме енергетски мртви.

ФОКУС: Во каква кондиција, пак, е ТЕЦ Осломеј?

КОВАЧЕВСКИ: ТЕЦ Осломеј е, исто така, добар пример ако се спореди дека во 2016 година таму има рекордно ниско ниво на производство од само 26 гигават часови, што покажува дека тој капацитет бил, или заборавен, или бил во план да се затвори.

Тоа се покажа како погрешно, не само затоа што таму работат илјада луѓе, туку и поради тоа дека со добро менаџирање, овој капацитет навистина може да биде корисен. Па така, во 2022 година, таму се произведени над 280 гигават часови или десетпати повеќе од тоа што е произведено во 2016.

ФОКУС: Сакате да кажете дека сте поуспешен од претходните менаџери?

КОВАЧЕВСКИ: Во времето на директорување на професорот Христијан Мицкоски, сегашен лидер на опозицијата, секој произведен мегаватчас чинел 610 евра, за минатата година да успееме цената на Осломеј да ја намалиме под 170 евра за мегаватчас. Самите бројки покажуваат дека Осломеј може и да функционира, и да произведува.

Истото важи и за шпекулациите дека ТЕЦ Неготино не може да се стави во функција. Тоа беше практично демантирано и еве денеска ТЕЦ Неготино работи, не само со полн капацитет, туку и во подолг континуитет.

И овие две термоцентрали, заедно со РЕК Битола минатата година, ја покрија целосната потрошувачка на регулираниот пазар. Токму затоа имаме и стабилна цена.

СИТЕ ДРЖАВНИ КАПАЦИТЕТИ ВО ФУНКЦИЈА

ФОКУС: Дали има доволно ресурси за работа и како се обезбедуваат?

КОВАЧЕВСКИ: Паднаа во вода и обвинувањата дека јаглен имаме само за два дена. Еве поминаа цели две години, а јаглен секојдневно користиме. На крајот, дури имавме и увоз на ноќните вишоци на електрична енергија и со тоа остваривме и профит, а им помогнавме и на некои од нашите соседи.

Нашите проценки говорат дека доколку не ги имавме дополнителните кризни задолженија од владата за помош на голем број институции од витално значење и помош на МЕПСО и ЕВН, ние 2022 ќе ја завршевме со дополнителни приходи од 383 милиони евра, кои ќе беа и чиста добивка. Охрабрени од овие успеси, за 2023 година одобривме план со 20 отсто зголемено производство во однос на 2022 година, што секако беше една од подобрите години.

И најважно од сѐ, по цели 70 години успеавме сите државни капацитети во исто време да бидат функционални и приклучени на мрежа и затоа имаме признание и од Европската енергетска заедница.

ФОКУС: Зошто досега не е направено тоа? Дали има индиции дека постоеле свесни саботажи на домашното производство во интерес на увозниците на електрична енергија?

КОВАЧЕВСКИ: Не можам да кажам дека било така или дека е така. Сепак ние сме професионалци. Можеби имало одредени намерни или ненамерни пропусти, а можеби ги има и сега. Сепак, ние сме голема компанија со седум подружници и седум ДОЕЛИ и со територијална застапеност на ниво на целата држава и многу е тешко да се контролира тоа со сто отсто прецизност, но можам да гарантирам дека намерите на ова раководство се, пред сѐ, да нема штета на буџетот, а граѓаните да бидат среќни затоа што ќе имаат евтина електрична енергија.

ФОКУС: Нашиот последен поголем електроенергетски капацитет е изграден пред 20 години, а хидроцентралите ни се буквално како музеи. Зар тоа не е поразително?

КОВАЧЕВСКИ: Ние, како држава, енергетски гледано, буквално сме ги преспале последните триесет години, и тоа важи за сите власти до сега. Освен капацитетите Козјак и Света Петка, кои се пуштени во употреба во 2005 година, го имаме направено само ветерниот парк во Богданци, кој произведува 36 мегавати. И тоа, според мене, е поразително.

Затоа една од нашите примарни цели е изградбата на нови обновливи капацитети на електрична енергија во што покус рок. АД ЕСМ, во моментов, работи на 12 нови проекти со инсталиран капацитет од 1.800 мегават часови, што е навистина многу ако се знае дека сите досегашни наши капацитети се 1.400 мегават часови. Носечки проект тука секако е ХЕЦ Чебрен, за кој владата веќе има распишано оглас за јавно-приватно партнерство и очекувам позитивен исход конечно по 30 години и 13 неуспешни обиди.

ФОКУС: Чебрен се најавува со години и никако да се реализира овој проект. Што друго опфаќа вашиот план за зголемување на капацитетите за производство?

КОВАЧЕВСКИ: Планирани се и неколку когенеративни гасни електрани, кои ќе бидат замена или транзиција кога ќе заврши производството во Битола и Осломеј. Ќе се гради нов ветерен парк во Миравци, веќе најавените соларни електрани врз старите рудници во Битола и Осломеј и на локации што ги имаме како државна сопственост близу хидроелектраните. Ќе пробаме да изведеме и пловечки фотонапонски електрани во постоечките акумулации.

Веќе се склучени договори за јавно-приватно партнерство и се градат две електрани во рудникот Осломеј од по 50 мегават часови, плус ЕСМ си гради две свои соларни електрани од по 10 мегавати, што значи дека вкупно 120 мегаватчасови ќе бидат целосна замена за она што го произведува електраната денес.

Тоа е еден позитивен или прв пример во Југоисточна Европа, врз стари рудници да се градат вакви капацитети.

ГО РАЗБИВМЕ МОНОПОЛОТ СО ПРИРОДЕН ГАС

ФОКУС: Вашата компанија го менаџира и снабдувањето на Скопје со топлинска енергија. За тоа имаше поприлично реакции во јавноста. Што се случува во главниот град?

КОВАЧЕВСКИ: Согласно законот, тоа е комунална дејност што треба да ја работи Град Скопје или самите општини и јас лично не оправдувам што тие избегнаа ваква одговорност. Сметам дека во време на криза, сите треба да понесеме дел од товарот.

Ние, сепак, ја зедовме таа обврска и сметам дека максимално брзо и ја реализиравме. Имавме само 45 дена да формираме и нова компанија и да обезбедиме ресурси, а притоа успеавме и да ги намалиме трошоците за да нема зголемување на цената на парното греење.

ФОКУС: Најавивте и изградба на топловод до Битола.

КОВАЧЕВСКИ: Во слична насока е изградбата на топловодот од РЕК Битола кон самиот град, со што од 2025 година, моите сограѓани ќе добијат снабдување и за институциите и за колективните згради. Ова е идеја од самото проектирање на РЕК Битола, но, ете, никој не собрал сили да го спроведе.

Јас ја најдов папката со тој проект во најдолната фиока во моето биро покриена со два прста прашина. Веднаш потоа ангажиравме консултанти и за кратко време го направивме проектот и еве веќе втора година имаме градежни активности. На истиот проект ќе се развиваат и оранжериите во општините Новаци и Могила.

ФОКУС: Дали водите еден вид војна со „Макпетрол“. Што се случува во овој турбулентен однос помеѓу двете најголеми наши компании?

КОВАЧЕВСКИ: Темата за набавка на природен гас беше мошне актуелна во изминативе месеци. До 31.12.2022 година, единствената можност за набавка на природен гас на единствениот приклучок беше под 100 отсто монопол на компанијата „Макпетрол“, која е локален застапник на руски „Гаспром“. Кога имате само еден избор, вие сте немоќни што било да промените. Така што во изминатите години, цените биле диктирани од „Макпетрол“.

ФОКУС: Сепак, на Ваша сметка се испорачуваа обвинувања дека понудите на „Макпетрол“ се поповолни од оние на новите конкуренти.

КОВАЧЕВСКИ: Владата, заедно со Република Бугарија, донесе одлука за зголемување на капацитетот кај точката Жидилово, со што им се даде можност и на други компании да ги закупат тие капацитети и да обезбедат природен гас, со што би се создала позитивна конкуренција. Очигледно, тоа на „Макпетрол“ не му одговараше и реагираше на тоа. Без разлика на тоа, ние од први јануари, за набавка на гас добиваме повеќе понуди и, освен „Макпетрол“, се јавуваат и други компании.

ФОКУС: Зошто набавката се прави од месец за месец?

КОВАЧЕВСКИ: Затоа што природниот гас се плаќа авансно, односно однапред се плаќа цело количество за следниот месец. Така што тие средства се големи и се товар, и за компанијата, и за државата.

Во одреден период набавувавме и на две недели затоа што во октомври и во ноември имаше значително повисоки температури од метеоролошките предвидувања и нормално ние правевме корекции на нашите потреби.

ФОКУС: А зошто инсистирате на фиксна цена?

КОВАЧЕВСКИ: Затоа што „Макпетрол“ досега даваше само ориентациони цени, кои можеа на крај да бидат и двојно или тројно повисоки, како што беше во октомври или во ноември.

На крај, сите обвинувања паднаа во вода, бидејќи во објавата за месец март, „Макпетрол“ достави понуда со фиксна цена, што просто кажано значи дека можело да се реализира она што го баравме и претходно.

Како што правеа претходно и другите компании, кои беа странски, така направи и „Макпетрол“ овој месец и ние сме среќни што нивната понуда беше најниска и бевме во можност да прифатиме набавка од домашна компанија.

Значи, немаше никакви задни намери, ниту некакви манипулации, туку последните настани покажаа дека сето тоа било само на ниво на шпекулации.

СВОЈА МЕХАНИЗАЦИЈА ЗА 50 ОТСТО ОД ПОТРЕБИТЕ

ФОКУС: Што покажа времето – дали продажбата на ЕСМ дистрибуција во 2005 беше исправна одлука?

КОВАЧЕВСКИ: Нашата држава е една од првите десет потписнички на договорот за формирање на Европската енергетската заедница уште во 2004 година. Таму има одредени планови и стратегии и една од тие мерки е раздвојувањето на енергетските системи во државата.

Токму затоа, тогаш се пристапи кон формирање три субјекти – ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕСМ дистрибуција, која се продаде на ЕВН. Тие (ЕВН) со договорот донесоа и нови инвестиции во електродистрибутивната мрежа.

ФОКУС: Какви бенефити добивме на енергетски план?

КОВАЧЕВСКИ: Од денешен аспект, не можам да кажам дали таа тогашна одлука донела резултат или не, меѓутоа гледано од аспект на развој на енергетиката, секако дека ни бил потребен свеж капитал од странство. Изборот е или тоа да се плаќа од буџетот или да се најдат инвеститори од странство.

И денес ние, енергетски гледано, сме на една стратешка точка во целиот регион. Кога ќе се реализира врската Александропулис – Гевгелија, Неготино ќе стане клучна точка на пресек на два големи гасоводи. Ние, и во делот на струјата, ги поврзуваме сите земји од соседството и тука и во гасот треба дополнително да се инвестира.

ФОКУС: Првото ветување на оваа влада беше набавка на сопствена механизација во РЕК Битола. Сепак, и понатаму продолжи праксата да се ангажираат надворешни подизведувачи за милионски суми. Зошто?

КОВАЧЕВСКИ: Ние во 2021 и во 2022 година ја добивме првата сопствена механизација по цели 15 години. Веќе се испорачани 36 парчиња градежна и оперативна механизација за во рудниците, во приближна вредност од 17,5 милиони евра. Во тек е и нова постапка за набавки од околу 15 милиони евра и дополнително во следните месеци во 2023 ќе објавиме уште една набавка од 22 милиони евра. Набавени се и еколошки автобуси за вработените. Сето тоа заедно би требало да задоволува околу 50 отсто од механизацијата за транспорт и ископи, за потребите на РЕК Битола.

ФОКУС: Кога конечно ќе набавиме доволно сопствена механизација за да престанат ангажманите на приватни компании?

КОВАЧЕВСКИ: ЕСМ и државата не можат да набават стопроцентна механизација, бидејќи тоа што не се набавило во триесет години, не може да се набави за три години. И ако веќе исфорсираме дополнителна набавка, тоа значи дека ќе ги зголемиме и трошоците на компанијата, и со тоа ќе ја зголемиме цената што ќе ја плаќаат граѓаните.

Секако, знаете и дека стратегија е во РЕК Битола и во РЕК Осломеј полека да се намалува производството на електрична енергија од јаглен. Сега да набавуваме целосна механизација, а да ја користиме само пет години, амортизацијата ќе биде поскапа отколку да изнајмиме иста таква опрема. Доколку ова се правеше пред десет или петнаесет години, ќе беше друга приказна. Но, сега веќе рокот е краток.


ИНЖЕНЕРИ МЕ НАДМИНУВААТ СО ПЛАТА, И ТОА Е ДОБРО!

ФОКУС: Дали АД ЕСМ е најпревработената државна компанија? Во 2005 се одделивте со 2.500 вработени, а сега имате преку 4.000…

КОВАЧЕВСКИ: Точно е дека ние сме најголема електроенергетска компанија во државата со најголем број вработени, но и со тенденција сме на намалување на бројот на вработените. Имаме значајна бројка на пензионирања во изминатите четири години, особено лани со стапувања во сила на новиот закон, со кој се оневозможи продолжување на роковите.

Ние имаме околу 4.061 редовно вработени, плус ангажирани со договори за дело по потреба, како на пример за време на грејната сезона или за време на ремонти. Па така, во период од 31.12.2020 до 31.12.2022 година, бројот на вработени на неопределено време е намален за 638 вработени, а во периодот од 31.12.2016 до 31.12.2022 бројот е намален за 832 вработени на неопределено.

Бројот не планираме да го зголемуваме и поради намалување на трошоците. Значи, превработеност нема, а одговорно тврдам дека имаме некои позиции каде и ни се потребни кадри. Пред сѐ, стручни кадри од техничките струки.

ФОКУС: Каква е ситуацијата околу платите и колкава е Вашата плата?

КОВАЧЕВСКИ: Во делот на менаџерскиот тим, ние имаме исти плати усвоени уште 2005 година и мојата плата е некаде на 27 место по ранг во компанијата. Има луѓе од инженерскиот кадар кои ме надминуваат, и тоа е добро.

Сметам дека вработените во ЕСМ треба да бидат дополнително мотивирани. Посебно поради ангажманот што го покажаа во овие две години додека трае енергетската криза. Тоа најмногу се однесува на вработените, кои се директно инволвирани во производството.

Поврзани новости