Текстот е објавен на 27 септември 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1251
Критички, но објективно и издржано, Славески специјално за „Фокус“ направи анализа на сите погрешни, но и успешни економски политики на владите од 1990 досега. За време на експертската влада на Кљусев бил дел од тимот кој ја подготвил Антиинфлаторната програма. Учебната 1989/90 година како корисник на Фулбрајтова стипендија ја поминал на најпрестижниот универзитет во областа на економијата, Харвард. Докторската дисертација му е на тема економските и социјалните функции на современата држава во услови на приватизација. Инаку, Славески им забележува на Кљусев и на Црвенковски за грешките во приватизацијата, на Георгиевски за политичката наивност, а на Груевски и на Заев за популизмот. Како координатор на новата економска програма на ВМРО-ДПМНЕ, најавува враќање на дел од успешните мерки од времето на Груевски, но и исфрлање на погрешните и нивна замена со нови
Разговараше Дејан АЗЕСКИ
ФОКУС: Иако бевте дел од тимот на Кљусев, не се согласувавте докрај со неговите политики. Запаметен сте и како еден од најдеталните критичари на процесот на приватизација за време на 1990-те години. Дали и денес сметате дека приватизацијата можеше да се изведе многу подобрo?
СЛАВЕСКИ: Во Република Македонија се направија многу грешки во процесот на приватизација. Јас и тогаш, а и сега сум свесен дека приватизацијата е првенствено политички процес. Но, не очекував дека овој процес во нашата земја ќе биде целосно „заробен“ од менаџерите на големите и некои средни претпријатија кои направија сѐ, вклучително и масовно кршење на Законот за приватизација, да ги приграбат компаниите за себе. Во тоа сесрдно им помогна владата предводена од СДСМ, особено по рушењето на владата на Кљусев кон средината на август 1992 година.
За да го изведат ова, менаџерите неколку години ги оставија компаниите без инвестиции, затоа што немаа сопствени средства, а тогашната власт со закон оневозможи влез на капитал однадвор, домашен или странски. Ова беше направено со цел да се обезвреднат компаниите и да се купат по номинална цена, најчесто со пари од самата компанија. Овој вакуум придонесе за острата рецесија во која се најде македонската економија, заедно, се разбира, со објективните околности на губење на пазарите од некогашната Југославија и поранешниот Источен блок, војните што почнаа во нашето соседство и сл.
ДЕМОКРАТСКАТА ПАРТИЈА НА ГОШЕВ НАПРАВИ ДВЕ ФАТАЛНИ ГРЕШКИ
ФОКУС: Кои се последиците од таквиот начин на трансформација на општествениот капитал?
СЛАВЕСКИ: На овој начин СДСМ, целосно поддржан од тогашниот претседател Киро Глигоров, си обезбеди „доживотна“ поткрепа кај македонските олигарси од тоа време, но со тешки последици за македонската економија, економскиот и правниот систем, вклучително и за моралот на обичниот македонски граѓанин, кој доколку не се беше нашол во некоја државна институција или јавно претпријатие, се соочуваше со голема веројатност да се најде на улица и без средства за егзистенција. За тоа што и како требаше да се направи приватизацијата да се спроведе на законски, поправичен и поефикасен начин, своевремено имам напишано и објавено неколку стотини страници.
ФОКУС: Во тој период надворешно бевте активен и во движењето на Петар Гошев, кое имаше изразено економска програма. Зошто народот и елитите не ги препознаа вашите напредни и практични идеи за економски развој?
СЛАВЕСКИ: Јас како јавно ангажиран интелектуалец бев на „мета“ на политичарите. Во првите години од осамостојувањето, г-динот Петар Гошев уживаше висок углед поради неговите ставови при распадот на СФРЈ, како претседател на СКМ, бранејќи ги македонските национални интереси. Исто така, тој ја одби понудата да состави влада по падот на владата предводена од академикот Кљусев, со објаснување дека не можел да прифати некој друг од страна, мислејќи на претседателот Глигоров, да му го наметнува мнозинскиот состав на идната влада. Веројатно и самиот во подоцнежните години бил во дилема дали постапил правилно со овој потег, знаејќи, како искусен политичар, дека во политиката понекогаш се нужни и непринципиелни компромиси. Јас бев дел од процесот на формирање на Демократската партија, но таа набргу направи две груби, а подоцна се покажа и фатални грешки.
ФОКУС: Кои се тие грешки и зошто беа фатални?
СЛАВЕСКИ: Првата беше бојкотот на вториот круг од парламентарните избори што се одржаа во 1994 г., заедно со ВМРО-ДПМНЕ, во услови кога партијата по само една година живот на македонската политичка сцена беше трета според бројот на освоени гласови во првиот круг. Така, ДП остана без пратенички мандат. Втората грешка се случи во 1997 г. со спојувањето со Либералната партија предводена од господинот Стојан Андов, со што се изгуби идентитетот на самата ДП. Оттогаш почна и нејзината агонија, а што денес претставуваат ЛП и ЛДП, читателите самите нека проценат. Во тоа време, мојата улога се состоеше во нудење идеи за значајни и актуелни економски прашања, вклучително и за процесот на приватизација. За жал, поради спомнатите, а и други пропусти, овој политички субјект не успеа да се наметне кај гласачите и да дојде во можност за реализација на сопствените програмски определби.
ЗА ВРЕМЕ НА ВЛАДАТА НА ГЕОРГИЕВСКИ ИМАШЕ ОПТИМИЗАМ ВО ЕКОНОМИЈАТА
ФОКУС: Краток период бевте и министер во владата на Љубчо Георгиевски. Оваа влада ќе остане запаметена по првите вистински економски реформи на кои многумина се сеќаваат со носталгија. Сепак, воениот конфликт и изразениот криминал на дел од функционерите придонесе да се анулираат сите економски придобивки.
СЛАВЕСКИ: Кон крајот на 1999 г. добив понуда која прилично ме изненади – да станам министер за развој (тогаш постоеше такво министерство) во коалициската влада која ја сочинуваа ВМРО-ДПМНЕ, Демократската алтернатива на Васил Тупурковски и коалицискиот партнер од албанскиот блок ДПА, која своевремено ја предводеше г-динот Арбен Џафери. Имам многу што да зборувам за периодот од нецела година што го поминав како министер во владата на Љубчо Георгиевски, но просторот во ова интервју не го дозволува тоа. Од денешна перспектива би издвоил неколку работи. Прво, во годините пред воениот конфликт од 2001 г., владееше прилично релаксирана атмосфера и во самата влада, а и во земјата. Конструктивни и искрени беа релациите меѓу македонските и албанските партнери во коалицијата. Со големо задоволство конечно се донесе нов закон за високото образование, кој отвори простор за основање високообразовни институции на албански јазик (во случајот на Универзитетот Југоисточна Европа), или легализација на Државниот универзитет во Тетово. Единствено постоеја тензии со групата што ја претставуваше ДА, креаторот на авантурата со признавањето на Тајван, фолклорот со „милијардата на Циле“, злоупотребата на дел од тие средства кои како донација или кредит дојдоа од Тајван како награда за признавањето и сл.
ФОКУС: Како ги оценувате економските политики на оваа влада?
СЛАВЕСКИ: Владата имаше либерален и партнерски, делумно и технократски пристап кон бизнисот, а во економијата владееше оптимизам дека работите тргнале на подобро. Во 2000 г., затоплувањето на односите со соседна Грција го беше достигнало својот врв. Во мај истата година, 6-7 министри од економските ресори присуствувавме на економски самит во Солун, импозантно пречекани и предводени од полициска придружба од грчка страна уште од граничниот премин Богородица/Евзони. Се чинеше дека решавањето на спорот со Грција околу името е на дофат. А на меѓуетнички план, дека работите неповратно се движат во вистинска насока. Лично бев охрабрен од извештајот на Меѓународната кризна група (МКГ), објавен летото 2000 г., во кој се тврдеше дека на македонските Албанци никогаш претходно не им било подобро, додека Македонците не беа за себе ентузијасти до тој степен! Подоцна МКГ го повлече, т.е. буквално го сокри овој извештај и преку својот истурен претставник, г-динот Едвард Џозеф, во месеците по конфликтот почна брутална кампања за оцрнување на премиерот Георгиевски. Колку ли само сето ова било илузија во услови на македонската кршлива демократија. Се појавија некои други Албанци, од Македонија, од Косово, од Албанија и од дијаспората, кои сметаа дека развојот на меѓунационалните односи треба да поприми друг тек. Слична беше и состојбата со развојот на односите со Грција.
ФОКУС: Како се случи од 2002 г. официјално да станете член на ВМРО-ДПМНЕ, потоа станувате и нејзин потпретседател, а раководите со Министерството за финансии во периодот 2006-2009?
СЛАВЕСКИ: Во политиката влегов со „двете нозе“, преку ВМРО-ДПМНЕ, по тешкиот пораз што го доживеа партијата на парламентарните избори во 2002 г. Ми пријде Никола Груевски, тогаш екс министер за финансии, со кого претходно соработував во владата на Георгиевски, а подоцна и како еден од неговите советници во Министерството за финансии, со понуда да станам дел од новото раководство на партијата по одлуката на лидерот Георгиевски да го напушти челното место. Изборот на новото раководство со Груевски како нов претседател на партијата се случи на конгресот што се одржа во Охрид во мај 2003 г. Како опозиција, во релативно тешки околности на расцеп во партијата и во пратеничката група, се претставивме пред граѓаните како алтернатива на омалаксаниот, компромитиран, неспособен и корумпиран СДСМ од тоа време. Солидно поминавме на локалните избори во 2005 г., посебно во поголемите урбани центри. Овој резултат водеше кон победа и на парламентарните избори во 2006 г., кога природно, како најистурен економист во времето поминато во опозиција и еден од креаторите на партиската изборна програма, застанав на чело на Министерството за финансии во владата предводена од Никола Груевски.
КУМОВСКО-СВАТОВСКИ ВРСКИ КАКО РЕЦЕПТ ЗА КАТАСТРОФА
ФОКУС: Кога вие министерувате со Финансии, статистички е регистриран најголем економски раст во земјава. Дали тоа се должеше само на поволните ветришта во светската економија или, пак, имаше некои други причини кои придонесоа за ваквиот раст?
СЛАВЕСКИ: Неколку работи беа клучни за одличните економски резултати. На прво место го ставам повратениот оптимизам кај граѓаните и кај бизнисмените. Според многумина, економијата е гранка на психологијата, вклучително и на социјалната психологија. Второ, уште како опозиција подготвивме солидна програма, различна од дотогашната практика на понуда кон гласачите, што се базираше на реално остварливи ветувања. Што е уште поважно, бевме подготвени да почнеме со спроведување мерки од програмата уште од првиот ден од стапување на функциите. Трето, со даночната реформа од јануари 2007 г., воведовме рамни и ниски даноци. Бизнисот ја зграпчи оваа реформа и врати со зголемување на инвестициите што доведе до историски највисоки стапки на раст. Со агресивна и професионална кампања за привлекување странски директни инвестиции, РМ се најде во видното поле на странските инвеститори. Се зголеми финансиската дисциплина и се стесни просторот за сивата економија. Се модернизираше платниот промет во насока на зголемување на безготовинските плаќања. Есента 2006 г., во Скопје имаше само два банкомати – по еден во ГТЦ и во ТЦ Буњаковец. Ретко кој граѓанин користеше платежна картичка. Пензиите ги разнесуваа поштари низ населбите во торби полни со пари и беа честа мета на напади и ограбувања. Годишна даночна пријава поднесуваа само неколку илјади граѓани, а само неколку години подоцна тој број се зголеми за околу стопати, т.е. надмина 200.000!
ФОКУС: Што ги наруши овие позитивни трендови?
СЛАВЕСКИ: Голем удар за економијата беше финансиската криза во есента 2008 година, која подоцна прерасна во реална економска криза, која во историјата остана запишана како Големата рецесија 2007-2009. Да не заборавиме дека претходно имаше уште еден сериозен шок со цените на нафтата и на храната на светските берзи, што се закануваше да ја наруши ценовната стабилност во земјата. Дополнителен шок беше и блокадата на приемот на земјата во НАТО на самитот на оваа алијанса во Букурешт 2008-та година. Сите овие околности придонесоа на брутален начин да се прекине замавот што беше го земала земјата на економски план, што резултираше со рецесија во 2009 година.
ФОКУС: Одбивте доброволно да поднесете оставка од министер и отворено му се спротивставивте на Груевски. Дали се работеше за лични анимозитети или, пак, имавте некакви суштински разлики во поглед на водењето на економските политики?
СЛАВЕСКИ: Сложено и тешко е раководењето со ресорот Финансии во секоја влада. Тоа е особено тешко во земји што сѐ уште се во транзиција како што беше РМ кога јас станав министер за финансии. Огромни се притисоците од сите страни и навистина оваа функција успешно можат да ја извршуваат искусни и докажани личности, со интегритет и високи морални вредности. Во една друга пригода, министерот за финансии го споредив со родео-јавач, кој лесно може да биде исфрлен од седлото на коњот. Сепак, она што е најбитно за секој вршител на оваа функција, тешка и минлива, е по завршувањето на мандатот да може слободно да шета по улиците и парковите во земјата, со дигната глава.
Легендарниот поранешен министер за финансии на Германија, сега претседател на Бундестагот, господинот Волфганг Шојбле, има кажано дека „вистински“ министер за финансии е само оној што понекогаш може да му каже НЕ на премиерот. На премиерите ова понекогаш не им се допаѓа, а клеветите што стигнуваат до него во врска со работата и однесувањето на министерот за финансии, а тој е подготвен да ги впива како сунѓер, со тек на време си го прават своето. Не помага ниту вашиот анимозитет кон роднинско-кумовско-сватовските врски што се плетат во блиското окружување, што еве се покажа, да ти било вистинскиот „рецепт за катастрофа“!
„СКОПЈЕ 2014“ Ѝ НАШТЕТИ НА ПАРТИЈАТА И НА ДРЖАВАТА
ФОКУС: По вашето заминување во 2009-та, економската политика на Груевски сѐ повеќе е во насока на популизам. Кои беа причините за тоа и дали ДПМНЕ изгоре во тој, според многумина, антидржавен процес?
СЛАВЕСКИ: Точно е дека порасна популизмот и во економските политики во годините по 2009. Јас не би го поврзувал овој развој на настаните со моето заминување, затоа што веројатно не би можел како поединец да ја спречам лавината што беше почнала да се тркала. Мене и додека бев член на владата, а и подоцна како граѓанин, ми пречеа некои чекори и процеси кои воопшто ниту биле дискутирани во раководните тела на партијата пред преземањето на власта во 2006 г., ниту подоцна. Тука би го навел т.н. проект „Скопје 2014“, каде што амбициите растеа во од и зафатија значителни средства од државниот буџет во период од неколку години. Дополнително, ја зголемија поделеноста во општеството, а оние објекти кои беа дел од т.н. антиквизација, наидоа на неодобрување кај нашите партнери надвор и остра осуда од грчка страна, без да ја постигнат целта, која морам да признаам, никогаш не сум ја дознал, односно разбрал. Сепак, мислам дека е пресилно да се окарактеризира ваквиот пристап во водењето на политиката како антидржавен! Но, очигледно беше предизвикана штета и на државата и на ВМРО-ДПМНЕ.
ФОКУС: Кога на едно место ќе се стави задолжувањето на државата, изразениот криминал и бројните безбедносни инциденти – како од економска гледна точка би го оцениле остатокот на владеењето на Никола Груевски од 2009-2017?
СЛАВЕСКИ: Во првата половина од периодот што го наведувате, владата се бореше со последиците од Големата рецесија 2007-2009, кои нанесоа сериозна штета во македонската економија. Ние искусивме т.н. рецесија со двојно дно – во 2009 и 2012 г. стапката на економски раст беше негативна, а во 2012 г. дополнително состојбите се комплицираа со должничката криза во Еврозоната, што најмногу ја погоди соседна Грција, која и покрај влошените политички односи во тоа време, претставува еден од поважните наши економски партнери. Преку сведување на јавниот долг на само 23 отсто во 2007 г. од околу 50 отсто во претходните години, владата си обезбеди т.н. фискален простор да може да одговори со стимулативни мерки за поттикнување на економската активност во годините за време и по кризата. Беа применети неколку пакети од антикризни мерки. Како сопствен придонес би ја спомнал и реформата бруто-плата, т.е. интегрираната наплата на социјалните придонеси, проследена со значително намалување на стапките на придонесите, што дополнително ги намали трошоците на бизнисите, иако подоцна влијаеше врз зголемување на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и мораше да се направат одредени корекции.
ФОКУС: Кога се случува клучниот пресврт во негативен правец?
СЛАВЕСКИ: Сепак, некаде по 2012 г. работите тргнаа на лошо на повеќе полиња. Мислам дека „почеток на крајот“ беше инцидентот со исфрлање на пратениците од Собранието во декември 2012 година. Лично сметав, набљудувајќи ги работите од страна, дека е можеби подобро за партијата тогаш да се најде во опозиција, со цел да направи прочистување, преструктурирање и сопствена обнова. За жал, тоа не се случи! Стигнаа „бомбите“, стравот од губење на власта, преговорите со тогашната опозиција, која си беше обезбедила солидна меѓународна поддршка и сл. Не бев непосреден учесник во овие процеси за да можам да судам каде се направија најголемите грешки за работите да ескалираат со немилите настани во парламентот од 27 април 2017 година.
НЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИ, АКО НЕ РАСТЕ ПРОДУКТИВНОСТА НА ТРУДОТ
ФОКУС: За жал и новата власт (по 2017) не остана имуна ниту на популизмот, ниту на криминалот (кај дел од функционерите). Како ја оценувате целокупната економска политика по 2017 и кои се вашите совети до луѓето од економскиот тим на Заев? Каде економски грешат од СДСМ, а каде објективно се во право?
СЛАВЕСКИ: Владата предводена од СДСМ и ДУИ, според сопственото тврдење, целокупниот фокус го имаше ставено на политичките прашања околу промената на името на државата и договорот со Бугарија. Втората половина од тековнава година се прогласи за економска година. Како што се ситни мандатот на владата, соочени со временскиот теснец да испорачаат нешто од изборните ветувања, во услови кога мнозинството гласачи, вклучително и во сопствените редови, се длабоко разочарани и со изневерени очекувања, пристапуваат кон палијативни мерки што не носат резултат. Главниот проблем на оваа влада е што од почеток фокусот го стави на прераспределбата, а не на зголемување на новата вредност која единствено може да се дели, со цел обезбедување подобар стандард за граѓаните.
ФОКУС: Имате конкретни факти?
СЛАВЕСКИ: Докази за ова тврдење има на сите страни. На пример, последната мерка за притисок врз компаниите за зголемување на платите, во услови кога опаѓа продуктивноста на трудот. Владата таргетираше зголемување на минималната и на просечната плата со износи кои не може да ги достигне и цело време се однесува како мачка што се врти во круг залудно трудејќи се да си го дофати сопствениот опаш. Самиот концепт на таргетирање на платите во номинални износи е погрешен во пазарните економии, никаде не се применува и е со потенцијал да предизвика сериозни штети кај компаниите. Со еден збор, се работи за гол популизам.
ФОКУС: Противник сте на популизмот во економијата…
СЛАВЕСКИ: Треба еднаш засекогаш да се прекине со популистички мерки кои се нереални, неодржливи и имаат за цел да се додворат до некоја целна група. Денес сме сведоци како владата на СДСМ и ДУИ воведува мерки за вештачко зголемување на платите во услови кога нивните политики ја намалија продуктивноста на економијата. Ние предупредивме дека таквиот пристап ќе биде штетен за економијата и во никој случај не може да го подобри животниот стандард на македонските граѓани.
Најпроблематичен е слоганот „ги враќаме парите кај граѓаните“, што постојано се повторува. На ова граѓаните со право цинично забележуваат: Не, благодариме, подобро е да не ни ги земате парите преку зголемени даноци и други давачки, за потоа дел од тоа да ни враќате назад!
На полето на поддршка на компаниите преку т.н. План за економски раст, активност што е во надлежност на ревносниот и секаде присутен заменик-претседател на владата задолжен за економски прашања, се доделува помош на некои компании, но засега немаме податоци за тоа колкав број компании ги користат овие средства, во која висина и кои се ефектите од трошењето буџетски средства.
ФОКУС: Зошто нема податоци? Се прикриваат?
СЛАВЕСКИ: Не знаеме ниту дали се применува одредена стандардна методологија за следење на реализацијата на средствата и евалуација на резултатите. Вакви информации им се ускратени и на пратениците во македонскиот парламент. И овојпат се покажа дека СДСМ не може да состави тимови, од врвот до дното на пирамидата, за спроведување успешни економски реформи и проекти. Доказ за ова е ниската стапка на раст и пословично слабата реализација на капиталните инвестиции.
АНГЕЛОВСКА ЌЕ БИДЕ САМО „ТЕХНИЧКИ“ МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ
ФОКУС: Од пред еден месец имаме и нова министерка за Финансии. Нина Ангеловска стана втора најмлада личност што ја извршува оваа функција. Како го оценувате овој рискантен потег на Заев и што објективно може да очекуваме од ваквата рокада?
СЛАВЕСКИ: Ретко кој го разбра премиерот со смената на првиот човек во Министерството за финансии и чекорите што уследија. По низа перипетии по неуспешниот обид премиерот Зоран Заев директно да ја преземе и министерската функција во областа на финансиите, добивме за министер млада дама што била соосновач и раководи со работата на мала компанија од областа на електронската трговија и маркетингот. За првпат со ова Министерство ќе раководи личност, која во своето образование не изучувала содржини што се од областа што претставува директна надлежност на Министерството што го раководи – макроекономија, јавни финансии, монетарна економија, меѓународна економија, финансиски пазари и институции и сл., а нема ниту практично искуство во областа. Во период кога се на повидок неповолни движења на глобален план, со очекувани сериозни предизвици за македонската економија, овој ресор мораше да се најде во „сигурни раце“! Очекувам г-ѓата Ангеловска да функционира повеќе како технички министер, следејќи ги барањата и насоките од премиерот и неговиот заменик за економски прашања. Таа не може да биде „вистински“ министер за финансии според дефиницијата на г-динот Волфганг Шојбле, како што спомнав претходно.
ФОКУС: Деновиве актуелен е ребалансот на буџетот. Иако има различни толкувања, општиот заклучок е дека и оваа влада, како и сите претходни ја жртвува развојната компонента на сметка на социјалната. Од експертски аспект дали ваквиот ребаланс е добар за економијата или не?
СЛАВЕСКИ: Секој буџет содржи дел за капитални проекти во инфраструктурата, образованието, здравството и другите сфери на економскиот и социјалниот живот. Токму кај овие планирани инвестиции доаѓа до израз способноста и умешноста на владата и буџетските корисници за солидно и реално планирање, добра организација и подготовка за реализација на капиталните проекти. Ова е сериозна работа, доколку се има во вид дека и најмала интервенција во домот од домаќините изискува сериозен напор.
Природно е кога нова гарнитура ја презема власта да помине извесен период на консолидација на тимовите кај буџетските корисници и нивно оспособување за ефикасно планирање и реализација на проектите. Но тој период кај оваа влада трае предолго – за првите седум месеци од годината реализирани се само околу 28 отсто од планираните средства, што претставува најнизок процент на реализација досега во поновата историја. Цифрата говори самата за себе. Со ребалансот, поради неспособноста за реализација на капиталните инвестиции, средствата предвидени за оваа намена се кратат за 53 милиони евра, а за сметка на тоа за 69 милиони евра се зголемуваат тековните расходи за плати и надоместоци, субвенции и социјални трансфери. Тековните расходи најлесно се реализираат, единствено што е потребно некој службеник да достави налог за исплата до трезорот при Министерството за финансии. Просторот не дозволува наведување и други примери во оваа смисла, но и од претходно кажаното се гледа дека целокупниот буџет и овој ребаланс е ставен во функција на обид за купување гласови пред претстојните парламентарни избори.
ЌЕ ГО ВРАТИМЕ РАМНИОТ ДАНОК И МЕРКИТЕ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ СДИ
ФОКУС: Од 2017 активно се вративте во раководството на ВМРО-ДПМНЕ како најистакната фигура во економскиот тим. Зошто токму вас ве одбра Христијан Мицкоски?
СЛАВЕСКИ: Како и многумина од партијата ВМРО-ДПМНЕ и јас болно го доживував периодот на политичка криза, особено по 2015 г., како член и како граѓанин на оваа земја. Целосно се посветив на академската професија и на семејството, а повремено бев присутен во јавноста со анализи што изразуваа критички ставови кон одделни политики на претходната влада. Во 2016 г., кога СДСМ излезе со делови од својата изборна програма кои упатуваа на непотребен интервенционизам во економијата и нереални ветувања, со длабоко скршнување во лево во областа на економските и социјалните политики, јавно го критикував таквиот пристап, што не остана незабележано во јавноста. Можев да продолжам да функционирам на овој начин, но кај мене беше посилна желбата да ѝ се помогне на партијата ВМРО-ДПМНЕ во тешките моменти на транзиција во раководството, особено по поразот на локалните избори во 2017 г. Истото го направив, како што спомнав претходно, и во 2002 г. Ја прифатив понудата од новоизбраниот лидер, г-динот Христијан Мицкоски, да станам член на потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, во период кога хистеријата во дел од домашната политичка и медиумска сцена во демонизирањето на партијата и луѓето околу неа го беше достигнала својот врв.
ФОКУС: Каква е вашата визија за економската иднина и што конкретно може да очекуваме на економски план, ако ВМРО ДПМНЕ ја формира следната влада?
СЛАВЕСКИ: ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период работеше на градење нов економски тим составен од универзитетски професори и стручни експерти, вклучително и луѓе од бизнисот, со силен научен и практичен бекграунд. Тоа е спој на искуство и нова енергија, која како синергија ќе понуди нов квалитет во делот на креирање модерни економски политики што треба да испорачаат повисок економски раст и поголем економски просперитет за граѓаните. Како координатор на Комисијата за изработка на новата партиска програма и член на ИК го предводам економскиот тим кој интензивно работеше на изработка на новата економска програма која е базирана на современи развојни концепти и сосема нов пристап во водењето на економските политики. Фокусот ќе биде ставен на градење системска и реална поддршка на индустријата и приватниот сектор во насока на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.
ФОКУС: Имате ли во програмата и дел од мерките на претходната влада?
СЛАВЕСКИ: Се разбира, еден дел од таа програма е заснован на надградба на некои политики кои во минатото дадоа позитивни ефекти, а оваа влада на СДСМ ги укина. Како некои од тие политики би ја спомнал политиката за ниски и рамни даноци, политиката за привлекување СДИ, мерките за зајакнување на фискалната дисциплина и борба со сивата економија. Ние силно веруваме, а тоа економската наука и досегашните светски искуства само го потврдуваат, дека платите и животниот стандард единствено може значително и одржливо да растат само преку подобрување на продуктивноста и зголемување на конкурентноста на приватниот сектор. Тоа е причината зошто целата наша енергија и сите политики ќе бидат насочени во таа насока.