Текстот е објавен на 12 септември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.51О.
Трајанов смета дека реални се заканите за дестабилизација на државата и регионов, но, според него, тие нема да имаат поголем успех. Во интервју за „Фокус“, тој ги наведува политичкиот капацитет на земјава и членството во НАТО како два главни чадори на заштита во претстојниот турбулентен период. Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен претседател на Демократскиот сојуз смета дека ДУИ веќе не е милениче на меѓународната заедница и дека нема правен основ за нивните барања.
Разговарал: Дејан АЗЕСКИ
ФОКУС: Вие, за жал, сте човекот кој ги предвиде безбедносните кризи и во 1991 и во 2001 година. Врз база на сето тоа ваше професионално искуство, дали се реални најавите дека и сега на Македонија ѝ заканува некое слично сценарио?
ТРАЈАНОВ: Горд сум што бев еден од носителите на создавање независна и самостојна држава на Македонците и сите други граѓани што живеат во Македонија. Тој процес беше исклучително сложен и тежок со огромни предизвици.
Тогаш раководев со единствената вооружена сила во Македонија и успешно се спротивставивме на ЈНА, со одземање на воената евиденција спасивме десетици илјади млади да гинат на боиштата во Хрватска и Босна и ги обезбедивме границите на Македонија.
По 33 години од прогласување на независноста и 22 години од вооружениот конфликт со сите системски проблеми, Македонија е функционална држава со политички капацитет да ги решава отворените прашања и да не дозволи да се повтори 2001 година, кога беше загрозен територијалниот интегритет, унитарноста и суверенитетот на државата.
Идеите за поделба на Македонија, неединството и слабостите на системот за безбедност и одбрана придонесоа за класична капитулација и потпишување на Охридскиот рамковен договор, кој беше основа за мир, но не ги реши прашањата за соживот, туку ги продлабочи поделбите по етничка основа и затворање во етнички гета. Повеќе од јасно е дека треба да се отворат сите прашања што ја оптоваруваат и ја кочат Македонија да чекори напред.
ФОКУС: Законот за јазиците и балансерот сами по себе се наметнуваат како тригер за некое проблематично сценарио. Дали владата има капацитет овие горчливи прашања да ги реши без поголема ескалација?
ТРАЈАНОВ: Едни од клучните прашања е јазикот, кој треба да биде средство за разбирање, а не основа за манипулации и конфликти. Во Законот за јазиците има решенија што треба да се усогласат со меѓународните конвенции и Уставот на Македонија, посебно околу меѓународната употреба.
„Бадентер“, „Балансерот“, партизацијата и корупцијата, станаа вредносни категории, ги разнебитија институциите и државата ја доведоа во колапс. Водството на ДУИ мошне умешно ги користеше етничките механизми и алчноста за власт на партиите од мнозинскиот народ, сѐ до последните парламентарни избори. ДУИ е во опозиција и тоа треба да ги прифати.
ФОКУС: Сепак, ДУИ не се помирува со тоа и најави битка за легитимитетот. Што мислите за правилото „победник со победник“?
ТРАЈАНОВ: Нема ниту уставна, ниту законска основа, ниту, пак, решенија во Охридскиот рамковен договор на кои се повикува влада да се формира „победник со победник“, односно ДУИ да биде дел од власта, и покрај тоа што на изборите беше во коалиција со партии што ги застапуваат интересите на други етнички заедници. ВЛЕН е составена од четири албански партии и е легитимен претставник во власта.
Тоа што се случи по конфликтот, паравоена формација да се трансформира во партија и да владее 20 години е историски преседан и најавите дека тоа може да се повтори е луда идеја.
За тоа дека има такво сценарио за дестабилизација на Македонија има предупредувања од познавачи на состојбите во ДУИ од Албанија и Косово, но и од други држави.
СТРАТЕШКА ЦЕЛ НА РУСИЈА
ФОКУС: Премиерот Мицкоски беше дури и прецизен во тоа како ќе се одвива сценариото на потенцијална дестабилизација оваа есен. Дали, според Вас, постои критична маса за тоа?
ТРАЈАНОВ: Овие закани премиерот Мицкоски јавно ги соопшти, со што ја мобилизира јавноста да ги осудат таквите идеи и да се превенира.
Граѓаните се против меѓуетнички конфликти, затоа што идеите за дестабилизација во суштина се работи да се заштитат носителите на грабежот во Македонија, како и капиталот на водството на партиите, во овој случај на ДУИ и на СДСМ.
Новата власт има политички и институционални капацитети да спречи меѓуетнички конфликти од пошироки размери. ДУИ не е повеќе „галениче“ на меѓународните фактори.
Сум за соодветна и правична застапеност во власта на сите етнички заедници, но против сум Балансерот и селективната примена на Бадентер, и затоа треба нивно преиспитување, промена или целосно укинување, посебно на Балансерот.
ФОКУС: Колку е можно да се изведе ревизија на она што претходната власт на СДСМ го даваше на една од етничките заедници? Дали каде било во светот се одзеле веќе стекнати права без тоа да предизвика судири?
ТРАЈАНОВ: Не се работи за преиспитување или одземање права на помалите етнички заедници, туку за недржавничко и анационално однесување и политики на СДСМ.
Партиите од албанскиот политички блок треба да бидат застапени во владата и воопшто во власта со околу 25 проценти, а не тоа што го дозволи СДСМ: „дуизација и криминализација на државата“.
Инаку, предност секогаш треба да имаат креативните и способните кадри, а не партиските тефтери и влијанија.
ФОКУС: Дали сево ова е поврзано и со некоја поголема регионална слика на потенцијална контролирана ескалација за конечно прекројување граници во соседството по некој попрактични и поодржливи линии?
ТРАЈАНОВ: На Балканот има потенцијални жаришта и можно е да има и радикализација, па и вооружени судири, посебно во БиХ и во Косово.
Затоа со најавите за дестабилизација на Македонија можно е да се работи за стратешка цел на Русија, која преку ДУИ сака да ја дестабилизира Македонија, но и пошироко Балканот. Треба да бидеме мудри, внимателни и подготвени, сите такви обиди да се сосечат во корен, а актерите да ги испратиме во ХАГ.
Границите меѓу балканските држави нема да се менуваат. Таквите обиди би довеле до крвав расплет. За еден таков проект за размена на територии и население промовиран од академици на МАНУ плативме висока цена.
Македонија, како членка на НАТО, не е под закана однадвор, но можни се рефлексии од евентуален воен конфликт меѓу Косово и Србија или во БиХ. Безбедносниот чадор на НАТО е сигурен, но внатрешната стабилност е наша одговорност, како и суверено владеење на целата територија.
ПЕКОЛЕН ПЕРИОД НА РАБОТА
ФОКУС: Како (политички и економски) го оценувате стартот на работата на најновата влада? Многумина сметаат дека секако имаат подобар и побрз старт од владите на СДСМ, но не доволно брз како претходните влади на Груевски во 2006 и Георгиевски во 1998 година.
ТРАЈАНОВ: Транзицијата на власта е сложен и одговорен процес. Мојот став е „Брзајте полека“ и држете се до предизборните платформи и до владината програма.
Многу е тешка затечената состојба, кадровските промени и структурните реформи, треба многу внимателно да се одвиваат. Неопходни се анализи за состојбите, компаративни искуства и реформи, кои ќе значат воспоставување систем на владеење на правото и силна борба против криминалот.
Секој министер треба да формира креативен тим од едуцирани, искусни и способни лица, да ангажира нови, но и да ги задржи способните – постоечки кадри.
ФОКУС: Какви реформи сметате дека се потребни за рехабилитирање на состојбите во правосудството?
ТРАЈАНОВ: Реформите во правосудниот систем треба да се забрзаат, независно од силниот отпор. Не може и понатаму да постои уставна одредба со која судиите се ослободуваат од кривична одговорност за донесените одлуки. Ако судија не одговара за одлуките, тогаш за што друго може да одговара.
Добро е што за првпат има сериозни најави за борба против тешките облици на криминал и висока корупција. За оваа борба ни требаат професионалци и независна институција (Агенција за борба против криминалот).
Моите заложби се во рамките на реформите на системот за безбедност да се даде приоритет на борбата против криминалот, кој ги разорува институциите и ја „јаде“ државата. Без формирање ваква независна институција, сигурен сум дека нема да имаме ефективна и ефикасна борба против тешките облици на криминал.
Стабилизацијата и транзицијата треба да завршат до крајот на оваа година и потоа ќе следи пеколен период на работа, тие што не можат да го издржат тоа темпо, нека се повлечат. Првиот тест за тоа дали огромната доверба што ја дадоа граѓаните за промени е оправдана, ќе биде во октомври следната година на локалните избори. Затоа се неопходни реформи, но и резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
ФОКУС: Јасно е дека имаме тотален застој во преговорите со Бугарија, но чудно е што барем засега нема ни меѓународен притисок за тоа. Дали ЕУ можеби целосно се има откажано од понатамошни проширувања кон нашиот регион?
ТРАЈАНОВ: Наш врвен национален и стратешки интерес е полноправно членство во ЕУ. Ако не беа блокадите од Грција, Франција и последните четири години од Бугарија, Македонија досега ќе беше членка на ЕУ.
Но, реалноста е сурова. Државата што прва ја призна самостојна и независна Македонија, сега нѐ блокира.
Геостратешките и безбедносни (и воени) состојби и ризици можно е да го забрзаат регионалниот пристап и ЕУ под силно влијание на САД да ги отворат вратите за влез во ЕУ на балканските држави, како и на Украина и на Молдавија.
Верувам дека Македонија ќе биде најподготвена држава за членство во ЕУ. Во интерес е и на Бугарија да гради добри односи со Македонија, почитувајќи ги јазикот, историјата и другите идентитетски обележја на Македонците.
МАКЕДОНИЈА КАКО ЕСТОНИЈА
ФОКУС: Изградбата, поточно неизградбата на железничкиот дел од Коридорот 8, многумина ја оценуваат и како проблематично безбедносно прашање, кое задира директно во интересите на НАТО. Дали владата со тоа може да го навлече гневот на Брисел и Вашингтон?
ТРАЈАНОВ: Коридорот 8 има стратешко значење за Италија, Албанија, Бугарија, но, пред сѐ, за Македонија. Оваа пруга долго време се „гради и од неа се краде“ и не можам да го видам крајот.
Многу интереси се испреплетени, но треба регионален пристап, договор со ЕУ и со Бугарија и завршување на изградбата со можна промена на трасата и слично. Ние сме дел од НАТО и во никој случај нема да ги загрозиме стратешките безбедносни интереси на НАТО.
ФОКУС: Повторно е видливо јакнењето на влијанието на Турција и Србија кај нас. Дали долгорочно тоа е исправен правец за нашата земја?
ТРАЈАНОВ: Турција е регионална сила и наш поддржувач на регионално и на глобално ниво. Имаме добри политички и економски односи, кои треба да се одржуваат и продлабочуваат. Треба поблиска соработка и во областа на одбраната и безбедноста. Турција нѐ поддржуваше и во најтешките моменти и секогаш го користеше уставното име Република Македонија.
Србија е наш сосед, држава со која немаме отворени прашања. Соработката на рамноправни и принципиелни односи треба да се унапредува. Исти односи градиме и со другите соседи – Грција, Албанија и Косово.
Треба да имаме отворени граници, брз проток на граничните премини, заеднички проекти посебно во енергетиката, борба против криминалот и помош во услови на елементарни кризи.
ФОКУС: Каде реално ја гледате Македонија во следните две децении?
ТРАЈАНОВ: Македонија ќе биде демократска, современа и европска држава, членка на ЕУ, без бариери и граници со соседите, држава каде што младите ќе имаат услови да создаваат, Македонија како информатичка сила (како Естонија), со врвни спортисти, уметници и научници.
За да го постигнеме тоа, потребна е силна верба во иднината, хармонија, работа и меѓусебно разбирање и толеранција.