(АРХИВА) Интервју со Муцунски: Наш посакуван партнер за идната влада се партиите од албанската опозиција!

by Фокус

Текстот е објавен на 15 февруари 2024 година во неделникот Фокус со број 1.480.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најавува промена во пристапот кон надворешната политика доколку неговата политичка партија ја формира следната влада. Муцунски, во интервју за Фокус“, ги потврди свои познати ставови за лојалност кон НАТО и ЕУ, но истовремено потенцираше дека нашата држава е самостоен, суверен, независен и рамноправен меѓународен субјект и дека партијата ќе продолжи да ги следи овие принципи. Тој вели дека, без разлика што имаат посакувани партнери, не исклучуваат никого од потенцијална коалиција, освен корумпираните поединци од актуелната власт.

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Дали работата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во последните две и пол години влијае позитивно или негативно врз рејтингот на партијата на републичко ниво?
МУЦУНСКИ: Општ впечаток и реална вистина е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, на територијата на целата држава каде што раководат со општините вложија максимални напори за исполнување на програмски поставените цели и дадените ветувања во текот на изборната кампања.

Тоа значи дека најголемиот број од очекувањата на граѓаните се остварени и притоа не треба да заборавиме дека на градоначалниците им останува уште скоро половина од завршувањето на нивните мандати.

ФОКУС: Како врз Вашата работа влијае фактот што немате соработка со Градот Скопје по разидувањето со Арсовска?
МУЦУНСКИ: Кај дел од општините во градот Скопје можеби има одреден застој кај дел од проектите што се поврзани со поддршка и финансирање од страна на градот Скопјe.

Овде ќе напоменам дека ние нема да се откажеме од ниту еден проект што го имаме ветено и секако ќе се обидеме во блиска иднина да ги реализираме самостојно или со поддршка од централната власт по очекуваната победа на следните парламентарни избори од страна на коалицијата предводена ВМРО-ДПМНЕ.

За нас, реализацијата на сите значајни проекти од локалната самоуправа се од посебна важност, затоа што имаат големо непосредно влијание врз секојдневието на граѓаните и значајно придонесуваат за унапредувањето на локалната средина и животните услови.

НУЛА ТРОШОЦИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

ФОКУС: Дали сметате дека е потребна поголема децентрализација, бидејќи вака ниеден градоначалник објективно не може да ги достигне успесите на Коце Трајановски, Марјан Ристески и други, кои имаа среќа да ја имаат подршката и централната власт?
МУЦУНСКИ: Тоа е прашање, кое во континуитет се поставува не само во нашата држава, туку сегде во светот. Општа глобална тенденција е да се зголемува степенот на децентрализација и дигитализација на локалната самоуправа и да се зголемуваат надлежностите што ги добиваат и за чие извршување се одговорни локалните власти.

Основната причина за таквите модерни процеси е затоа што на таков начин се влијае позитивно во насока на поголемо непосредно инволвирање на граѓаните во решавањето на секојдневните прашања од разни области (образование, здравство, култура, спорт итн.), зголемување на ефикасноста, одговорноста и брзината на извршување на услугите и решавањето на прашањата од кои зависи квалитетот на животот на сите нас.

Паралелно со зголемувањето на процесот на децентрализација, неопходни се квалитетни законски измени и дополнувања, кои ќе помогнат да се забрза процесот на фискална децентрализација.

Сметам дека за да постигнеме подобра децентрализација, пред сѐ, потребна е консензуална политичка волја. И кога зборувам за децентрализација, тука, пред сѐ, приоритет е фискалната децентрализација, затоа што очекувањата од општините се големи, а средствата со кои тие располагаат се несразмерно помали, во споредба со тие на централната власт.

ФОКУС: Што би издвоиле од работењето на Општина Аеродром за време на вашиот мандат?
МУЦУНСКИ: Аеродром забрзано се развива и граѓаните го препознаваат тоа. Прво, најмногу се гордеам што по две години ја сменивме перцепцијата за локалната власт.

Граѓаните во Аеродром сега имаат локална власт, која одговорно и домаќински се грижи за нивните средства (општина со нула трошоци за репрезентација и непродуктивни трошоци), која стави крај на урбанистичкото дивеење и избриша повеќе од 10 маркички за изградба на згради, и општина која со низа проекти вложува за сите граѓани, со посебен фокус на младите и семејствата.

Во екот на образовната дигитализација, Аеродром е единствената општина, која годишно обезбедува повеќе од 900 таблети за своите ученици. Од аспект на дигитализацијата, посебно се радувам за проектот „Смарт Аеродром“, кој ќе се реализира во рамки на јавното-приватно партнерство и чија имплементација треба да почне наскоро.

Повеќе од 2.000 првачиња и деца со попреченост досега беа дел од   проектот „Учиме да пливаме“. Претходната година отворивме нова градинка за повеќе од 200 деца, а веќе во следните две-три недели почнуваме со изградба на нов објект во стар Аеродром, кој, исто така, ќе обезбеди места за уште 200 деца.

ФОКУС: Кои проекти планирате да ги реализирате во следниот период?
МУЦУНСКИ: Во следните месеци почнуваме со доградба на ОУ „Блаже Конески“ од 2.500 нови квадратни метри, со што ќе го претвориме во најсовремено основно училиште во Македонија.

Кога сме кај образованието и социјалната заштита, тука би ги истакнал и бесплатните униформи за учениците, финансиските субвенции за првоодделенците и во делот на инфраструктурата и инвестициите до крајот на оваа година планираме да почне процесот на изградба на новата детска градинка во населбата Лисиче и доградбата на училиштето во Горно Лисиче, со што решаваме важен предизвик на граѓаните од овој дел од општината.

Во последните години, и покрај сите обиди за пречки од централната власт, а и со значително намален буџет, кој е рефлексија на енергетската криза, но и конзервативната урбанистичка политика (рекордери сме по најмалку нови издадени градежни дозволи за станбени згради), успеавме да направиме  10 детски и 12 спортски игралишта, во делот на инфраструктурата изградивме нови улици во должина од 4 илјади метри и 150 нови паркинг-места во Аеродром.

Во делот на почиста и позелена општина, во изминатиот период го завршивме паркот „23-ти октомври“, а почна изведбата на паркот „Радост“, исчистивме десетина депонии и инвестиравме во енергетско-ефикасни фасади.

Грижата за граѓаните во услови на економска криза ја покажавме преку субвенции и финансиска помош за ранливите категории, истовремено продолжи и финансиската поддршка за МЗТ, кој е гордост на Аеродром и другите спортски клубови.

Најголема пречка во функционирање на општината ни е несоодветното работење на Јавното комунално претпријатие на Градот Скопје. Таму каде што тие имаат надлежност во делот на јавната хигиена граѓаните се сведоци на ужасна слика. Често апелираме усно, писмено, а дури некогаш и јавно. Сепак, таму нема слух ниту за работа, ниту за соработка.

НИКОГО НЕ ДИСКВАЛИФИКУВАМЕ, НО…

ФОКУС: Мостот кај спортската сала Јане Сандански“, иако завршен, веќе три години сѐ уште не е пуштен во употреба. Како тоа влијае врз квалитетот на живот во вашата општина и како според вас тоа би можело да се реши што поскоро?
МУЦУНСКИ: За жал, овој мост сѐ уште не може да биде пуштен во употреба, бидејќи од другата страна на Општина Аеродром, односно во Општина Гази Баба, Градот Скопје  ги нема завршено соодветните постапки за експропријација на недвижниот имот, кој се наоѓа на самиот пат од излезно-влезната патека од истиот.

Во овој случај никако не треба да се бара вината кај актуелната локална власт, која го наследи овој проблем. Мојот став е дека секоја административна пречка може да се надмине со упорност, желба и работа.

Во таа насока, без оглед на констатираните негативни состојби граѓаните од нас политичарите не бараат оправдувања, туку очекуваат ефикасност и вложување на максимални напори за забрзување и завршување на сите потребни процедури, кои ќе овозможи што е можно поскоро негово отворање.

Според сите експертски проценки, таа нова сообраќајница би требало да помогне да се олесни движењето на сообраќајот во овој дел од градот и сметам дека нејзиното брзо ставање во употреба е од исклучителна важност за граѓаните на Аеродром.

ФОКУС: Покрај Арсовска, неофицијална поддршка од ВМРО-ДПМНЕ имаа и градоначалниците Стефче Јакимовски, Максим Димитриевски, Курто Дудуш, Зоран Ногачевски и други. Со дел од нив, партијата денес е или во студена војна или во целосно отворен конфликт. Зошто е тоа така?
МУЦУНСКИ: Точна е констатацијата дека со помош и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ победија повеќе градоначалници во земјата, кои припаѓаат на други партиски субјекти, при што дел од нив се максимално коректни и исполнителни, меѓутоа ги имаме и оние кои се неблагодарни, се однесуваат неодговорно и служејќи се со лаги и манипулации неретко неосновано нѐ напаѓаат нас и ВМРО-ДПМНЕ како партијата.

Таквиот однос повеќе кажува за нив, нивниот карактер и неодговорен однос, а истите тие веројатните негативни последици ќе ги почувствуваат доколку се појават како кандидати за градоначалници на следните локални избори. Граѓаните се тие што ја даваат крајната оценка и преку својот глас го искажуваат своето задоволство или незадоволство за ветеното и оствареното во текот на реализираниот мандат.

ФОКУС: Дали последните случувања во „Алијанса за Албанците се предвесник дека опозицијата по изборите во мај ќе се обиде да ја обнови коалицијата од ноември 2021 година?
МУЦУНСКИ: Внатрешните случувања во Алијансата на Албанците почнаа откако претседателот на оваа партија и градоначалник Арбен Таравари најави можно коалицирање со неколку други партии од албанската опозиција.

Подоцна следеа одредени недоразбирања меѓу самите припадници во раководството на оваа партија, за кои веруваме дека ќе можат да се надминат на мирен и демократски начин, и во прилог на одвивање на иден легален и легитимен изборен процес.

Не е добро кога трети страни преку свое влијание, а заради остварување на свои интереси креираат внатрешни проблеми во одредена политичка партија, бидејќи на таков начин се нарушува кредибилитетот на самите партии што се вклучени во таквите процеси.

Во предвечерието на претседателските и парламентарните избори никој не посакува создавање тензии и ситуации, кои потенцијално би можеле да го загрозат кредибилитетот на изборниот процес и затоа како политичка партија често повикуваме на висок степен на разум, морал, дијалог и мирно решавање на кое било спорно прашање.

Што се однесува до прашањето околу можно идно постизборно коалицирање, нашиот став е јасен и концизен во насока на тоа дека однапред никој не треба да биде дисквалификуван, но доколку се создадат соодветни услови наш посакуван партнер би биле партиите од албанската опозиција.

Тоа што со сигурност го знам е дека нашата идна коалиција ќе се формира врз основа на принципи и вредности, и во неа нема да има место за висококорумпираните поединци од актуелната власт.

ЦЕЛА ДРЖАВА ВО ЗАЛОЖНИШТВО

ФОКУС: Бевте лично присутен на веќе историската средба со високиот функционер на американскиот Стејт департмент, Џејмс О’Брајан. Дали навистина со претседателот Мицкоски е создаден личен анимозитет и дали тоа може да влијае врз процесите на формирање влада?
МУЦУНСКИ: Точно е дека со претседателот проф. д-р Христијан Мицкоски имавме средба со високиот функционер на американскиот Стејт департмент и по моја оценка на истата беа разменети разумни мислења и ставови во однос на поголем број важни прашања, а дијалогот се одвиваше во демократска, конструктивна и позитивна атмосфера.

Во текот на разговорите се согласивме околу потребата за засилен напредок во евроинтеграциите, проследено со интензивирање на реформските процеси во државата и неопходноста и можностите за унапредување на сестраната меѓусебна партнерска соработка, која е од заеднички интерес.

Пласирањето невистинити информации за наводно создавање некаков личен анимозитет меѓу високи политички претставници на странски држави и наши високи партиски претставници е непотребна злоупотреба на медиумскиот простор, и тоа не само што не е во интерес никому, туку остава простор за шпекулации, дезинформации и непотребна поларизација.

ФОКУС: Што по изборите и потенцијалната ваша победа? Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на интензивна дипломатска офанзива за промена на францускиот предлог или, пак, ќе се применува старата тактика од времето на Груевски на долгогодишен статус кво?
МУЦУНСКИ: Кога станува збор за решавање важни прашања од надворешната политика, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија секогаш држела до ставот дека нашата држава е самостоен, суверен, независен и рамноправен меѓународен субјект, кој високо го цени и применува меѓународното право и принципи и кој особено се грижи за заштитата на националното достоинство, идентитет, историски, културни и традиционални вредности и заштитата на човековите права и слободи.

Исто така, цврсто стоиме на ставот дека, како досега, така и во иднина ќе се придржуваме кон јасно воспоставените долгорочни стратешки надворешно-политички приоритети, меѓу кои секако најзначајни се членството во НАТО, членството во ЕУ (кое се надеваме дека ќе се реализира со најбрза возможна динамика), силна мултилатерална активност и градење добри билатерални и партнерски односи во регионот и пошироко.

Овде ќе потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ пред прифаќањето на т.н. француски предлог ги понуди своите услуги за најнепосредно учество во консултациите и преговорите, како не би се случила тоа што се случи – билатерализација на нашиот преговарачки процес, за што власта немаше никакво чувство на одговорност, но и доволно дипломатски капацитет, знаење и умешност и во понатамошниот процес пред почнување на реалниот преговарачки процес со ЕУ го прифати условот за промена на Уставот на РМ.

Со таквиот неодговорен однос, власта ја стави целата држава во заложништво од која незавидна ситуација со голема веројатност соодветно решение ќе мораат да бараат ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери.

ФОКУС: Сепак, сите меѓународни претставници велат дека овој пакет што е на маса треба да се прифати или остави, односно дека нема простор за промени.
МУЦУНСКИ: Ќе ве потсетам дека во насока на наоѓање легален и легитимен излез од оваа ситуација, дополнително го понудивме хрватското решение, за кое најпрвин зборуваше токму власта, но подоцна ретерира.

Понудивме и друго решение за одложена примена на уставните измени, што не би требало да биде спорно, бидејќи сите држави кои пристапуваат во полноправно членство вообичено ги прават уставните измени непосредно пред самиот прием, но и тоа беше отфрлено.

Исто така, побаравме да бидат обезбедени и дополнителни гаранции за Република Македонија, дека во преговарачкиот процес нема да бидат поставувани и други дополнителни билатерални услови, со што ќе биде многу поизвесен нашиот иден пат и напредокот кон полноправно членство.

Основната причина за нашиот умерено резервиран став се долгогодишните непринципиелни условувања кон нашата држава постојано поставувани од страна на дел од нашите соседи, а кои се бараат единствено и ексклузивно од нас, не заборавајќи дека токму поради таквите постојани притисоци веќе го променивме нашето знаме, уставно име, и во неколку наврати нашиот Устав.

Секако дека ќе мора сериозно да ги следиме и анализираме најновите геополитички случувања, силните глобални политички, безбедносни и економски предизвици и очекувани реформски процеси во рамките на ЕУ и во тој контекст бргу и ефикасно да се прилагодиме преку градење конзистентна надворешно-политичка стратегија, пред сѐ, заснована на нашиот национален интерес и со силно почитување на демократските европски вредности и принципи.

Таквиот пристап ќе ни овозможи во најкраток можен рок да ги оствариме најважните стратешки надворешно-политички приоритети на државата, кои детално ќе бидат опишани во нашата програма и реализирани откако ќе ја преземеме власта во државата.

ЧОВЕК СО УГЛЕД И КРЕДИБИЛИТЕТ

ФОКУС: Дали комплицираните меѓународни состојби се земаат предвид при изборот на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ? Што личноста што вие ќе ја поддржите може и смее реално да понуди различно од политиката на тотална послушност на Пендаровски?
МУЦУНСКИ: Кандидатот што ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи за претседател на државата, ќе биде човек што ќе има углед и кредибилитет, пред сѐ, кај граѓаните на Република Македонија, а потоа и во меѓународната заедница. Убеден сум дека ќе го понудиме најдоброто можно решение.

Верувам дека нашиот кандидат/кандидатка со своето знаење, искуство и харизматичност ќе ги задоволи највисоките критериумите што се бараат од личноста што заслужува и треба да ја води државата во следните пет години.

Од идниот претседател очекуваме да покаже висок степен на независност во донесувањето на одлуките, силен морален интегритет, добро познавање на областите што се во негова надлежност, висок степен на одговорност и достојно претставување на државата надвор од нејзините граници.

Тоа е сето она што во голем дел недостасуваше во претходниот период, а што секако го очекуваат и посакуваат да го видат граѓаните во иднина.

ФОКУС: Вие сте потпретседател и еден од најистакнатите членови на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Дали планирате да ја поддржите потенцијалната следна влада преку директно активирање на функција во централната власт?
МУЦУНСКИ: Јас заедно со другите претставници на органите на партијата, нашите членови и поддржувачи и во иднина максимално ќе бидеме посветени на исполнување на дадените ветувања и програмски приоритети во делот на локалната самоуправа и тоа ќе го правиме и по изборите.

Во рамките на очекуваната силна предизборна кампања за овие претседателски и парламентарни избори, сѐ уште вршиме сериозни истражувања, консултации и подготовки околу прашањето на изборот на личности, односно кадри што сметаме дека најсоодветно можат да придонесат за забрзување на севкупните општествени реформи, предвидливо приближување кон ЕУ, градењето динамична дипломатија, поттикнување забрзан економски развој, привлекување на странските инвестиции, стабилен здравствен систем, модерно образование, силен научно-технолошки развој, енергетска одржливост, поголемо земјоделско производство, развојот на спортот и задржувањето на младите во земјата.

Прашањето на можен индивидуален ангажман и користење на најдобрите човечки ресурси мора да биде вреднувано и целосно прилагодено со интересот на државата и нејзините граѓани, дотогаш јас сум цврсто мотивиран и силно посветен на процесот во кој придонесуваме Аеродром да стане поубава и помодерна општина.

Поврзани новости