Текстот е објавен на 24 април 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1229.
Марјан Ненов е дипломиран електроинженер и еден од основачите на здружението „Но пасаран“, кое со години води судска битка со БЕГ, поради сметките за паушал за граѓаните кои воопшто не користат парно. Тој во интервју за Фокус во 2019 година говореше дека БЕГ е „масло“ на екс премиерот Никола Груевски. Ова интервју го реаобјавуваме во време кога БЕГ објави дека не може да ја испорача услугата за која е лиценциран, па државата преку АД ЕСМ одлучи да воспостави привремена управа врз компанијата до крајот на грејната сезона.
Разговараше: Валентина ВУРМО
ФОКУС: Повеќе од шест години трае судската битка на исклучените граѓани од Топлификација, а потоа и од БЕГ. Компаниите тужат граѓани на кои им стигаат сметки за паушал, иако повеќе не користат парно греење. За колку тужби станува збор?
НЕНОВ: Околу 20.000 исклучени граѓани имало во 2012-2013 година, кога БЕГ се формира и по Топлификација го раководи парното. Со закани за тужби, рекетот го продолжи БЕГ, поради што голем дел од граѓаните повторно се вратиле на системот или почнале да плаќаат од 600 до 1.000 денари паушал, иако не користеле парно греење.
На овој начин БЕГ месечно инкасира по 250.000 евра, или 3 милиони евра годишно. За овие 6 и пол години акумулираната сума само по овој основ е околу 20 милиони евра. Тоа не е мала пара за потценување, тоа се пари кој никој од нас не може чесно да ги заработи.
Оние, неколку стотини граѓани, кои одбиле да плаќаат, меѓу кои сум и јас, и ден денеска се тужат, и најчесто досега ги губеа споровите.
ФОКУС: Меѓу тужените има и граѓани кои никогаш не биле приклучени на парно системот на БЕГ, но, сепак, им стигнуваат фактури за паушал или тужби доколку не платат. Како е можно ова?
НЕНОВ: Оваа категорија на граѓани се појави во текот на работењето на БЕГ. Тоа се сопственици на станови во згради кои кога биле изградени во прв момент не биле приклучени на парно, но подоцна дел од станарите се приклучиле. Ние се сомневаме дека БЕГ намерно провоцирале да се приклучат еден-двајца станари за да си најдат основа да им наплатат на сите станари.
Кога ова го кажавме во Регулаторната комисија за енергетика беа зачудени како може на станари кои никогаш не биле приклучени, компанијата да им испорачува фактури за ангажирана моќност што никогаш ја немало?!
Од БЕГ се правдаа дека немаат сознанија за такви случаи, а бројката не е мала, станува збор за неколку илјади граѓани. Овој податок го кажавме и во МАНУ и од таму се запрепастија. Ова е крајно нерегуларно. Полош случај е и од тие што некогаш користеле парно, па се исклучиле. Ова е чиста кражба.
ФОКУС: Вие во која категорија спаѓате, бидејќи рековте дека и самиот сте тужен од БЕГ?
НЕНОВ: Кога го купив станот, тој веќе беше исклучен од парно. Не сум имал никаков договор ниту со Топлификација, ниту со БЕГ. И покрај тоа, еден ден ми стигна сметка за плаќање од БЕГ. Веднаш поднесов барање до Дирекцијата за заштита на личните податоци за да испитаат како БЕГ ги добил моите лични податоци, кога јас никогаш не сум склучил договор за парно.
Добив решение од Дирекцијата дека Топлификација ги дала моите податоци, што не е точно, бидејќи никогаш не сум имал договор ниту со оваа компанија, односно ги немале моите податоци. За ова се жалев пред Управниот суд, но тој одлучи во корист на Дирекцијата.
Се жалев и на Вишиот управен суд, но и овој суд исто пресуди, во корист на компанијата. Поднесов жалба до Судот за човекови права во Стразбур, бидејќи ова е класичен пример на недејствување на институциите и на корумпирано судство.
ФОКУС: А што е со тужбите кои сте ги добиле за неплатени фактури за паушал?
НЕНОВ: Имам 17 тужби од БЕГ. Неколку сметки, од три до пет, ги групираат и поднесуваат тужба, за што имаат ангажирано неколку адвокати. Првата тужба ја изгубија, бидејќи беше поднесена со задоцнување, но следните четири ги добија. Интересно е што кога сам почнав да се бранам, немам изгубено случај. Адвокатите, сепак, имаат стравопочит од судиите, и не се бранат на начин на кој што ние самите научивме да се браниме низ годините.
Во судот ние не се бориме со адвокатите на БЕГ, дури не ги забележуваме во судницата, бидејќи се бориме со судиите. Тие се носител на целите постапки и уште на почетокот требало да ги отфрлат овие тужби, бидејќи не постојат веродостојни исправи и облигациони односи, односно немаме договори.
Како и да е, ние, од здружението „Но пасаран“ ги повикуваме сите граѓани што никогаш не биле приклучени на парно да дојдат на нашите состаноци во 12 часот, секоја сабота, пред Триумфалната порта, да остават свои контакти за да го прецизираме списокот кој ќе го предадеме во Регулаторната комисија за енергетика, а врз основа на кој Регулаторна на БЕГ треба да му ги одземе лиценците за работа. Компанијата не смее да работи бидејќи масовно ги краде луѓето!
ФОКУС: Ако немате договор и никогаш сте немале, врз основа на што ве тужат?
НЕНОВ: Компанијата нѐ тужи по криминалниот Правилник кој го донесе Димитар Петров од Регулаторната комисија за енергетика. Не нѐ тужат по закон, иако судот треба да одлучува по Устав, закон и меѓународни конвенции, туку според подзаконски акт кој нема сила на закон. Интересно е што и во МАНУ беа зачудени што Регулаторната комисија го сменила законот, односно Петров не го дообјаснил или дополнил со правилник, туку го сменил и донел обврска што ја нема во законот.
Значи, Регулаторна се ставила во улога на Собрание и донела подзаконски акт со кој го сменила законот. По сето ова, најголемиот скандал е што судиите судат по тој правилник, а не според закон!
Детектиравме група од дваесет и нешто судии во Основниот суд Скопје 2 и неколку совети во кои исто така се вклучени дваесетина судии од Апелација, кои носеле пресуди, односно решенија спротивни на законот.
Сите овие случаи поврзани со парното се базирани на фалсификувани документи, кои не претставуваат веродостојна исправа. Затоа и тужбите немаа основа ниту да почнат во нотарска постапка, а не, пак, на суд, но некако завршиле во Основниот суд Скопје 2 и во Апелација на штета на граѓаните, а во корист на една криминална банда поврзана со парното греење во Македонија.
БЕГ НА КРИМИНАЛЕН НАЧИН ЗАРАБОТИ 20 МИЛИОНИ ЕВРА
ФОКУС: И покрај тоа што и судиите се против вас, сепак не се откажувате од докажување на вашата правда?
НЕНОВ: Уставот, законите, новите Правила и сите докази се на наша страна, ние знаеме дека набргу ќе ги добиеме битките против БЕГ на суд, меѓутоа голем број граѓани не сакаат да одат на суд, се плашат од судница, плус тука е и трошокот, малтретирањето и немањето време да трчаат на рочишта, па полесно им е да и платат рекет на оваа компанија и тоа БЕГ нормално го користи сите овие години. За шест и пол години компанијата се збогати, или речиси 20 милиони евра заработиле од исклучените што е голем криминал!
Голем број постапки поведовме и пред Судот за човекови права во Стразбур. Во тек е првата постапка што е дадена пред три години. Тоа беше постапката на покојниот Стрезо Стрезовски, еден од иницијаторите на целата борба против Топлификација и БЕГ. Дури, сметаме дека почина како последици на оваа борба, почина на улица, од удар.
Очекуваме дека ќе имаме позитивни мислења од Стразбур, но проблемот е што ние ја тужиме државата, а парите ги украла една приватна компанија. Значи, државата треба од буџетот да извади пари и да ги обесштети граѓаните затоа што некој си терал бизниси, односно оние кои претходно биле на власт терале бизниси со оваа компанија. И сега пак ние, народот, ќе треба да го платиме цехот.
ФОКУС: Дали, сепак, може да се каже дека добивте една битка, бидејќи Правилникот е изменет и таму стои дека од 1 април исклучените повеќе нема да плаќаат парно?
НЕНОВ: За да го победиме овој криминал, како здружение „Но пасаран“ моравме многу подлабоко да дејствуваме, и успеавме со новото раководство на Регулаторна да донесеме многу подобар правилник од претходниот. Правилникот е донесен со важност од 1 април 2019 година и ги информираме граѓаните дека повеќе немаат обврска, ако се исклучени или никогаш не биле приклучени на парно, да плаќаат рекет на БЕГ и на Топлификација.
Регулаторна, сепак, остави еден, за нас неправеден член, во делот каде што кажува дека не треба да плаќаме, ама треба да докажеме дека живееме во станот, односно треба да приложиме копии од имотен лист и копии од лична карта. Затоа ги повикуваме граѓаните со овие документи и со едно барање кое го поставивме на нашата фејсбук страница „Уа лопови“ да отидат во БЕГ снабдување, да им ги приложат на увид и да заврши оваа голгота.
Имаме информација дека БЕГ не го прифаќа нашето барање, туку нуди свое, но како можат така, бидејќи ако јас сум барател, самиот ќе си го напишам барањето. Во него бараме не само да престанат да испорачуваат фактури, туку и да престанат да ни ги злоупотребуваат личните податоци, да ги прекинат сите судски, нотарски и извршни постапки.
Затоа, доколку не успеат во БЕГ, граѓаните слободно можат да дадат приговор односно барање во Регулаторна, а од таму се должни да го информираат снабдувачот и граѓанинот дека конечно се ослободени од плаќањето на овој паушал.
ФОКУС: Иако податоците ви биле злоупотребени, сепак фактурите не запреа?
НЕНОВ: Ова создаде ситуација во која иако немаме склучени договори со БЕГ, компанијата ги поседува нашите податоци и веќе шест и пол години ни ги испорачува „фактурите“. Од Дирекцијата за заштита на личните податоци побаравме да направат инспекциски надзор, при што, како што дознавме, биле утврдени некои неправилности.
Има и граѓани кои добиле решенија од Дирекцијата дека им се злоупотребени податоците, но тоа не го спречува БЕГ и понатаму да им праќа фактури, да ги тужи и да ги добива на суд. Значи, немаме правна држава, џабе што имаме решенија, кога не можеме тоа решение да го употребиме. Ова покажува дека целата работа се турка насилнички.
ФОКУС: Бидејќи велите дека станува збор за „криминална банда“, дали во бандата имало и луѓе од власта кои, како што велите, го овозможиле рекетот на народот?
НЕНОВ: Во 2008 година имаше одлука на Град Скопје, според која, исклучените граѓани што не живеат во становите, треба да плаќаат 50 отсто од паушалот. Тоа беше оспорено пред Уставниот суд и ваквата одлука беше отфрлена, односно граѓаните беа ослободени од плаќање.
Одлуката на Уставниот суд не му се допадна на тогашното раководство на Топлификација и закажаа состанок со тогашниот премиер Никола Груевски, а на состанокот присуствувал и Димитар Петров од Регулаторната комисија и претставници од Друштвото на потрошувачите.
После тој состанок почна хајката против исклучените, па од Топлификација се понадеваа дека Груевски ќе им ги реши проблемите, но тогашниот премиер очигледно имал други планови.
ФОКУС: Какви планови?
НЕНОВ: Во јуни 2012 година, Груевски се среќава со Леонид Лебедев во Русија. Лебедев во моментот е во бегство поради проневера на 222 милиони долари, и е засолнет на Кипар поради двојно државјанство. Лебедев е сопственик на компанијата „Синтез груп“.
Таа компанија поседува 51 отсто акции од „ТКГ 2“, исто така руска компанија. „ТГК 2“ е основач на компанијата „Битер Холдинг“, која сега е регистрирана на Кипар, а претходно беше на островот Џерси, исто така офшор дестинација. Тогаш заедно со „Кордикор“, која е со седиште на Кипар, а регистрирана од синџирот на Лебедев, ја формираа „Балкан Енерџи Груп„ АД, консултантската компанија со 50.000 евра.
Формирањето на БЕГ следуваше само месец и половина по средбата на Груевски и Лебедев, односно на 6 август. Интересно е што во овој период од месец и половина во 2012 година се случија и некои други значајни работи, односно промена на уставните судии, голем дел од нив и сега се актуелни судии. На 31 јули, седум дена пред формирањето на БЕГ, се донесоа новите Правила за снабдување со топлинска енергија кои важеа до пред неколку дена.
Ние сметаме дека тие правила тогаш се донесоа незаконски. Имаме допис од Регулаторната комисија дека немало ниту подготвителна седница, а сметаме и дека некој однапред им ги напишал, а Димитар Петров се потпишал, поради што одговорноста најмногу ја гледаме во него.
Ова треба да го испитува и некој државен орган, Јавното обвинителство, на пример. Така што, на овој начин и се направи пат на оваа компанија и и се дозволи да ги ограбува граѓаните.
ГРУЕВСКИ И ФАМИЛИЈАТА СТОЈАТ ЗАД БЕГ
ФОКУС: Дали ова значи дека всушност Груевски го создава БЕГ, односно компанијата стапува во сила со амин од претходната влада?
НЕНОВ: Јас мислам дека тогашната власт го создала БЕГ. Не можам да тврдам, но ако размислуваме логички, Груевски во јуни се гледа со Лебедев, а само по месеци и пол, БЕГ АД е формирана како компанија од компаниите на Лебедев.
Груевски не можел се ова сам да го направи, така што сигурно имал помош од фамилијата. За да го тргнете поранешниот директор на Топлификација Хаџимишев, односно да му ги земете лиценците, треба добро да го стиснете. Се сомневаме дека за да се тргне настрана Топлификација, а на сцена да стапи БЕГ, имаат врска и прислушуваните разговори, односно информации кои се црпеле од нив, а потоа се злоупотребувале.
Зошто доколку раководството не било притиснато би се откажале од лиценците кога имале милионска заработка? Сте граделе нешто цел живот и сега да се откажете од него, тоа е многу симптоматично. Значи, прашање е кој го формирал БЕГ и колку пари се изнесени од Македонија.
За тоа на фејсбук напишав еден пост во ноември, по бегството на Груевски, бидејќи мислев дека една од локациите на која е можно да се крие е Кипар. Во февруари добив барање за извинување од адвокатското друштво Поленак чии клиенти се компанијата ТЕ-ТО, компанија која е во сопственост на мајка фирма на БЕГ АД. Ми поднесоа и тужба со која бараат отштета од еден милион денари.
ФОКУС: Што точно ги навредило во постот?
НЕНОВ: Немаа точно наведено. Постот беше насочен кон Груевски и неговата блискост со Кипар, исто така спомнав и за организациската поставеност на сите овие компании и истекот на милионите надвор до државава. Јас се надевам дека ќе ги победам во таа борба и дека ќе докажам дека не само што БЕГ правела криминали, туку синџирот е многу подолг.
Посебна приказна е и компанијата ТЕ-ТО, која ќе ја оставам за во иднина. За тоа како функционира, зошто била загубар, кој профитирал, кој и каде ја продавал струјата од ТЕ-ТО и како тоа го загадувало Скопје, ќе објасниме во други прилики.
Овие прашања ќе се отворат на судскиот процес, а таму ќе се занимавам и со АД БЕГ за тоа на кој начин компанијата ги извлекувала парите од БЕГ снабдување и колку средства завршиле во „Битар Холдингс“ на Кипар? Има повеќе начини на кои тоа го правеле. Мојот сомнеж е дека милиони се извлечени од граѓаните и државава.
ФОКУС: Но, за да му се направи пат на БЕГ, мораше Топлификација да се тргне настрана!
НЕНОВ: Последните три месеци од 2012 година, „Топлификација“ сѐ уште наплаќаше, но најверојатно принудени од тогашната власт, ги вратија лиценците, иако остваруваа профит. Профитот за таа година мислам дека беше околу два милиони евра.
Сепак, под притисок, трите лиценци ги враќаат назад, се откажуваат, а на 31 декември 2012 година лиценците ги добиваат трите компании основани од АД БЕГ. Тоа се „Балкан енерџи“ снабдување, производство и дистрибуција.
По само 33 дена постоење, АД за стопанисување со станбен и деловен простор им ја дава топловодната мрежа на Град Скопје која вреди десетици милиони и ги добиваат лиценците без да докажат дека се способни да го водат системот. Истиот ден, пак, се врши и објавата во Службен весник.
Се оди брзо и организирано за да почне да работи од 1 јануари 2013 година од кога почнува и да издава фактури. Тогаш БЕГ на незаконски начин ги зема личните податоци на граѓаните од Топлификација, и на вклучените и на исклучените, што се вкупно околу 50.000 граѓани.
После три месеци, во март, прават договор со Топлификација, но Дирекцијата за заштита на личните податоци го казнува БЕГ. Ниту од Топлификација немале право да им ги дадат личните податоци на граѓаните, бидејќи е потребна писмена согласност од секој поединечно.
МОБ ГОДИШНО ЗА ПАРНО ПЛАЌА НЕВЕРОЈАТНИ 340.000 ЕВРА
ФОКУС: Кои се категориите граѓани оштетени од овие сомнителни зделки?
НЕНОВ: Постојат неколку категории оштетени. Првата категорија се исклучените за кои детално опишав. Втората се никогаш неприклучените каде нема ни ангажирана моќност а редовно им испраќале сметки и ги тужеле за ангажирана моќност. Третата категорија се приклучените корисници на кои им се фактурирало повеќе бидејќи цените на горивото од кога е БЕГ се драстично паднати, а цените на парното греење не го следеле падот на горивата во целост.
Тука се вклучени и некои „оправдани трошоци“ кои стариот состав на Регулаторна им дозволувал да ги вметнат во сметките. На крајот, најоштетен е буџетот на државата. Испративме барања за информации до петнаесетина институции сместени во Град Скопје кои се греат на централно греење од каде што побаравме информации за сумите кои тие ги исплаќале годишно на Топлификација и на БЕГ.
Замислете, сумите се движат од 100.000 до 300.000 евра годишно по институција само за греење! Знаеме дека директорите на овие институции ги поставувала власта. Овие одговорни лица ги одобрувале пренапумпаните сметки и тие се исплаќале директно од буџетот.
ФОКУС: За кои институции станува збор?
НЕНОВ: На пример, Основен суд Скопје 2 плаќал и до 170 -180 илјади евра годишно за греење на овие компании, слично е и со Апелација, а рекордер е МОБ со 340.000 евра за една година! Ако знаеме дека постојат стотици вакви институции тогаш сумата која е исплатена од буџетот е екстремно висока.
Збирно за сите категории, штетата се пресметува во стотина милиони евра за сите овие години и е од рангот на Скопје 2014. Затоа сметам дека опцијата приватен монопол контролиран од корумпиран регулатор е најлоша за државава и граѓаните.
Парното и топловодниот подземен систем треба да им се врати на скопјани преку градската компанија „Градски енергетски ресурси“ – ГЕС со што ќе се избегнат и мотивите нашите пари да завршат во приватни џебови или на сметки на Кипар.
ФОКУС: Уставните судии веќе еднаш одлучија во корист на граѓаните, дека не треба да плаќаат паушал. зошто се игнорира оваа одлука?
НЕНОВ: Уставните судии веќе еднаш донесоа одлука дека исклучените не треба да плаќаат паушал, а потоа, кога поднесувавме нови претставки, ни одговараа дека не се надлежни или дека имаат веќе донесено одлука.
Дел од медиумите кои беа блиски до претходната влада, тогаш ги спинуваа решенијата на Уставниот суд дека исклучените треба да плаќаат. Ова се злоупотребуваше и од судот и од адвокатите на БЕГ. И самите судии уште на почетокот на рочиштето, на пример, мене ми кажуваа: „Добро, зошто одиш на суд, зошто не си платиш, само ќе изгубиш пари повеќе“.
Значи, пред да ги слушнат аргументите и мојата одбрана, веќе ми пресудиле. На почетокот имаше судии кои судеа според законот и во корист на граѓаните, но беа тргнати од овие предмети. Сето тоа беше оркестрирано, затоа сметаме дека ова е организиран криминал, почнувајќи од Регулаторната комисија, од Групацијата БЕГ, судиите, лица кои биле на позиции, вмешана е и Нотарската комора, а многу профитирале и извршителите, адвокатските друштва, како и банките.
Најинтересно е што еден од овие адвокати на компанијата претходно ги застапуваше граѓаните, но преку ноќ смени страна и сега ги тужи граѓаните. За тоа дадовме претставка до Адвокатската комора но од таму не видоа ништо спорно. Страшно е што информациите кои и ги дававме за да не брани нас, таа адвокатка сега ги злоупотребува против нас, а во корист на БЕГ. Јас лично ја имав ангажирано оваа адвокатка, кога спремавме една групна тужба. Но, сега таа е на спротивната страна.
ПАРНОТО ДА СЕ ВРАТИ НА ГРАД СКОПЈЕ
ФОКУС: И покрај новиот правилник, според кој веќе не треба да се плаќа паушалот, сепак, проблем за граѓаните и понатаму се старите тужби?
НЕНОВ: Тоа се неколку илјадници процеси во тек. Нив ќе ги истуркаме и тоа многу ќе го чини БЕГ, бидејќи постои ризик за компанијата, мое мислење е дека ќе ја изгуби лиценцата, односно нема повеќе да биде снабдувач.
Со новиот правилник ги губат исклучените и неприклучените, што значи сите приливи ќе им згаснат. Доколку овие постапки се пролонгираат, а ќе се пролонгираат, прашање е дали БЕГ на крајот ќе има пари да ги плати адвокатите.
ФОКУС: Дали протестите продолжуваат?
НЕНОВ: Со години се бориме, односно секоја сабота се собираме и досега имавме 222 протести. Собирите и натаму продолжуваат. Целта ни е и да направиме ред и почитување на Уставот и законите во судството.
Бараме да бидат казнети и нотарите кои ги процесуирале платните налози бидејќи иако од компанијата добиле еднострано парче хартија, без печат и потпис, со што управителот очигледно се штител да не биде гонет, тие го признале како веродостојна исправа и го приложиле до судот или до извршителите.
На овој начин, оваа група од 16 нотари ризикувале да ја изгубат својата лиценца и својата парична гаранција, само за да профитираат дополнително. Ќе бараме од државата да им ги одземат гаранциите од 50.000 евра на овие нотари, бидејќи тие беа први во синџирот, а парите да се искористат за обештетување на дел од граѓаните.
Треба да одговараат и судиите и институциите, за граѓаните конечно да почнат да веруваат во правда и повеќе да не бидат малтретирани, рекетирани и крадени. Тука е и државата која инкасирала големи суми пари преку ДДВ. И државата, несакајќи или сакајќи, е инволвирана и убаво заработила од маката на граѓаните.
ФОКУС: Според вас, кое е најдоброто решение за парното греење на скопјани?
НЕНОВ: Она што мислиме дека е најдобро за граѓаните е Град Скопје да си го врати парното и да биде како на времето кога сите барале стан со парно, а не како денес, кога сите бараат без парно, бидејќи стравуваат дека нема да можат да се откачат од него.
Тоа беше режим од кој не можете да се откачите. Наместо режим, парното треба да биде избор. Централното парно греење треба да биде конкурент на сопствените начини на греење. Скопјани треба да добијат фер систем за далечинско снабдување со топлина, во кој нема да бидат ограбувани, туку ќе се чувствуваат затоплено и сигурно.
АНЃУШЕВ НЕ ДОЗВОЛИ ДА СЕ МЕНУВА ЗАКОНОТ ЗА ЕНЕРГЕТИКА
ФОКУС: Зошто се менуваат правилниците, а не се интервенира во Законот за енергетика, со што би се нашло најдоброто решение за граѓаните?
НЕНОВ: Баравме да се интервенира во Законот за енергетика, но сегашниот вицепремиер Кочо Анѓушев рече дека тоа ќе се регулира со подзаконски акт. И од МАНУ тврдат дека така не треба да биде, односно треба да се интервенира во законот. Зашто, полесно е да се смени Правилник, па ако се смени составот на Регулаторна и правилата одново може да се сменат преку ноќ. Затоа повторно се јавува несигурноста кај граѓаните, наместо тоа да се реши со закон и веднаш да се стави крај.
И НОВИОТ ПРАВИЛНИК СО НОВА ЗАМКА ЗА ГРАЃАНИТЕ
ФОКУС: Дали во новиот правилник на регулаторна има и други новини?
НЕНОВ: Регулаторна, исплашена уште поголем број граѓани да не се исклучуваат, носи измена во правилникот, која за нас е многу непопуларна. Предвидено е оние кои ќе сакаат да се откажат од парното да треба да ангажираат енергетски контролор, кој може ќе си наплати 5-6.000 денари за да направи елаборат според кој ќе се докаже дека новиот начин на греење кој го планира граѓанинот, е поисплатлив.
Потоа, повторно ќе треба да го ангажира кога ќе го инсталира новиот систем на греење. Ова значи дека тој што ќе сака да се исклучи ќе има дополнителен трошок од околу 200 евра, плус трошоците за исклучување кои треба да ги плати на компанијата снабдувач.
Се надеваме дека Регулаторна набрзо ќе сфати дека ова е грешка, зашто граѓаните кои се исклучени нема да сакаат да се вклучат во ваков систем, бидејќи утре ако имаат потреба да се исклучат, ќе ги чини многу. Граѓаните ќе бидат обврзани и кога ќе немаат пари за плаќање на сметките да останат во тој систем, бидејќи ќе немаат пари да се исклучат. Односно, ќе треба да и бидат роб на компанијата снабдувач.
Тоа е исто како да сакате да се разведете, но немате пари да покренете бракоразводна постапка, и затоа сте во еден лош брак во кој сте малтретирани и понижени. Тоа е многу лоша ситуација. Се надевам дека и ова брзо ќе се промени.