Интервјуто е објавено на 7 декември 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1470
Актуелните антикорупционери поднеле над 50 иницијативи за кривично гонење, но обвинителството не донело јавнообвинителска одлука за ниту една иницијатива. По пет години поминати на чело на Државната комисија за спречување корупција, претседателката Билјана Ивановска, во интервју за „Фокус“, зборува за случаите што ги отворија за високи актуелни функционери, а кои заглавија во лавиринтот на институциите. Заеднички именител на корупцијата, според неа, е отсуството на интегритет, што потоа доведува до политички притисоци, неказнивост. Според неа, недостасува силен правосуден систем што ќе обезбеди казни. Актуелниот состав на ДКСК ќе одржи уште една седница в понеделник во рамки на својот мандат. Новиот состав на ДКСК кој беше избран од Собранието ќе стапи на должност на 8 февруари.
Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: Веќе e избран новиот состав и претседател на Државната комисија за спречување корупција, кој ќе треба да го наследи составот што Вие го предводевте. Тројца од нив доаѓаат од Државниот завод за ревизија, а двајца се вработени во Антикорупциската комисија. Дали се избраа најдобрите од пријавените?
ИВАНОВСКА: Во Законот за спречување корупција и судир на интереси, предвидено е предлогот за избор на членовите на ДКСК да го направи Комисијата за селекција, на транспарентен начин, преку спроведување интервјуа на кандидатите, кои потоа се емитуваат во јавност.
Оттука, одговорноста за изборот на новите членови е на Комисијата за селекција, потоа на Комисијата за избор и именување на Собранието на РСМ, која го одобрува предлогот и конечно на Собранието, кое на пленарна седница со гласање се изјаснува за него.
Имајќи предвид дека интервјуата се снимени, сметам дека во ваков случај, поцелисходно ќе беше уште еднаш да се преслушаа и да се донесеше одлука зад која ќе застанеше целата Комисијата за селекција.
ФОКУС: Имаше реакција од членот на Комисијата за селекција, Снежана Камиловска-Трповска, која доаѓа од невладините, дека најголемиот број бодови избраните ги добиле од партиите, а на иста линија со нив, бил и заменик народниот правобранител Јован Андоновски? Но, реагираше и Андоновски, кој ја обвини Камиловска дека таа лобирала за одредени кандидати.
ИВАНОВСКА: Несогласувањето меѓу членовите на Комисијата за селекција отвора дилеми за целиот процес на избор на новите кандидати, кои во вакви околности со тежок багаж ќе почнат со работа во Комисијата. Сведоци сме дека силните политички влијанија, како највисок ризик од корупција, најмногу му штетат на нашето општество. Од следните членови на ДКСК очекувам интегритетот да го стават на прво место и да изградат силен отпор од влијанието на политиката.
ФОКУС: Дали имате точни податоци за колку од предметите што сте ги отвориле имало обвинение? Или евентуална судска разрешница?
ИВАНОВСКА: Ниту за една од нашите поднесени 53 иницијативи за кривично гонење, обвинителството нема донесено јавнообвинителска одлука. Но, ова не е случај само за доставените иницијативи на ДКСК во овој состав.
Имено од 2002 година, кога е основана Комисијата, до 2019 година, кога беше избран овој состав, од ДКСК до ЈО доставени се 153 иницијативи за кои нема донесено јавно обвинителска одлука. Исклучок е само случајот „Бачило“.
СО АБАЗИ СМЕ НЕМАЛЕ НИТУ ЕДНА СРЕДБА
ФОКУС: До каде е случајот „Тендери во државна лотарија“, предмет кој е сега актуелен?
ИВАНОВСКА: Овој предмет го отворивме по сопствена иницијатива, по допрен глас од медиуми. Сметам дека ќе успееме до крајот на мандатот да го завршиме, имајќи предвид дека од досегашната работа имаме сознанија за каков вид воспоставени шеми станува збор.
ФОКУС: Освен овој случај, актуелни се предметите „Бехтел и Енка“ и „Реконструкција на салата „Борис Трајковски“ за ОБСЕ. Очекувате ли завршница за овие предмети?
ИВАНОВСКА: Интензивно се работи и на овие два предмети со кои де факто ќе го одбележиме и крајот на нашиот мандат.
ФОКУС: Бевте на чело на Комисијата и кога со Обвинителството за организиран криминал раководеше обвинителката Вилма Русковска, но и сега кога на чело на ова Обвинителство е Ислам Абази. Дали има разлика во соработката, во работењето на предметите или покренувањето обвиненија?
ИВАНОВСКА: Да, се чувствува разлика во комуникацијата. Со претходната шефица на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, имавме повеќе работни средби иницирани и од наша, и од нејзина страна. Со сегашниот шеф сѐ уште не сме имале средба, а во меѓувреме ЈО ја замрзна соработката со ДКСК.
ФОКУС: Да, случајот „Труст“ предизвика јавно препукување и обвинувања меѓу ДКСК и Јавното обвинителство. ДКСК практично докажа дека при конфискацијата на имотот на фирмата на Сеад Кочан имало пропусти на обвинители, државни институции и фирми, со што државата е оштетена за над 12 милиони евра. Имате ли информации до каде е овој предмет во обвинителството?
ИВАНОВСКА: Не, немам информација до каде е овој предмет во обвинителството. Од она што непосредно произлезе од обезбедената документација, се утврди дека Сеад Кочан обезбедил да му се суди од слобода, врз основа на имот, кој во текот на постапката бил понуден како гаранција, иако во голем дел потекнувал од кривичното дело.
Станува збор за имот (недвижност во Општина Гази Баба) што имал различна проценета вредност, и тоа: помала утврдена во предлогот за замрзнување и поголема утврдена во барањето да се стави како гаранција во вид на компензација за осомничениот да не оди во притвор. Пазарната вредност, според која, имотот бил експресно префрлен од „Трансмет“ на ТВ Нова, била многу пониска.
ДКСК НЕ СЕ ОТКАЖУВА СЛУЧАЈОТ „ТРАНСМЕТ“
ФОКУС: Најголем дел од имотот на Кочан завршил кај „Пуцко петрол“, чиј сопственик е син на пратеник од ДУИ.
ИВАНОВСКА: Останува ОЈО ГОКК понатаму да го расчисти овој случај. Целта на ДКСК е да помогне во целосното расветлување на состојбите. Тоа што го утврди ДКСК, се потврди со пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, со која спогодбата помеѓу „Пуцко Петрол“ и „Трансмет“, се огласи за ништовна поради истите основи на кои се темелеше иницијативата поднесена од ДКСК до ОЈО ГОКК, а тоа е дека спогодбата е склучена со цел „Пуцко Петрол“ намерно да го обезвредни и преземе конфискуваниот имот, правејќи ѝ штета на државата.
Оваа пресуда е потврдена и со пресудата на Апелациониот суд Скопје, а неодамна ја потврди и Врховниот суд на РСМ. Врз основа на овие пресуди, спогодбата е огласена за ништовна и е пристапено кон „враќање“ на конфискуваниот недвижен имот во сопственост на РСМ.
ФОКУС: Дали се истражува неуспешната конфискација?
ИВАНОВСКА: Движниот имот на „Трансмет“, според сознанијата на ДКСК, го користат други субјекти, со цел да остварат профит. Тој се обезвреднува поради што сметаме дека се прави штета на Буџетот на РСМ.
ДКСК има отворено дополнителен предмет за состојбите со неуспешната конфискација на движниот имот, за што обезбедена е целокупната документација, а во моментов се прави вкрстена анализа на истата. Се надевам дека до крајот на мандатот ќе донесеме соодветна антикорупциска одлука и по овој предмет.
ФОКУС: Како комуницирате по оваа кавга со Јавното обвинителство, кои рекоа дека нема да соработуваат веќе со ДКСК?
ИВАНОВСКА: Во континуитет го известуваме обвинителството за секој предмет, односно иницијатива што ја доставуваме до нив, но, за жал, од десет дописи, само во два случаи имаме повратен одговор, во смисла дека ќе обезбедат информации од надлежните обвинителства. Сите други се без одговор.
ФОКУС: Отворивте предмет за трите кули што слободно си се градат кај „Холидеј ин“, во строгиот центар на градот. Што утврдивте?
ИВАНОВСКА: Во овој предмет утврдивме дека целокупната постапка на носење на ДУП-от Ц08, со кој е опфатена парцелата кај „Холидеј ин“, не е во согласност со законските прописи и јавниот интерес, поради што донесен е незаконски ДУП, кој отстапува од ГУП и овозможува и ден денес некои лица да остваруваат права и материјална корист, што е недозволиво.
Во конкретниот случај постојат многу елементи што треба да бидат земени предвид, а тоа е одговорноста на планерите за законито и совесно планирање, која не смее да биде занемарена и несанкционирана, одговорноста на службените лица од општинските и градските власти, како и од Министерството за транспорт и врски, кои со цел да ги задоволат барањата и очекувањата на одредени структури, свесно ги занемаруваат законските одредби, при што со своите дејствија за реализација и донесување незаконски урбанистички планови придонесуваат за стекнување значителна корист за ограничена група на луѓе.
СО ГОДИНИ ВЕШТАЧЕЊЕ ЗА „ХОЛИДЕЈ ИН“
ФОКУС: Дали има одговор од Обвинителството по однос на Вашата претставка со која се бараше истрага за тоа како се носел овој урбанистички план? Кулите ќе се изградат додека Обвинителството отвори истрага.
ИВАНОВСКИ: По извршениот увид во работењето на јавниот обвинител, кај кој е распределен овој предмет, од страна на Советот на јавни обвинители по барање на ДКСК, имаме сознанија дека сѐ уште не е завршена постапката за градежно архитектонско-урбанистичко вештачење.
Имено, ОЈОГОКК до Бирото за судски вештачења, уште пред две години доставило наредба за градежно архитектонско-урбанистичко вештачење, а во септември и во декември 2022 година, доставило две ургенции, со кои се бара вештите лица веднаш да постапат по наредбата. Поради обемната документација, како и ограничените човечки ресурси од Бирото за судски вештачења, побарале дополнително време.
Во март 2023 година до ОЈОГОКК доставен е вешт наод, но по проучување на истиот, предметниот обвинител утврдил дека вештите лица не постапиле во целост, по што веднаш донел наредба за дополнување на вештачењето. Од страна на Бирото за судски вештачења сѐ уште не е изготвено бараното дополнување на вештачењето.
ФОКУС: Во 2019 година утврдивте дека платформите на Матка не може да бидат легализирани оти се објекти од привремен карактер, а, освен тоа, во поднесените барања за легализација, недостигале низа согласности од надлежни органи. Побаравте кривична одговорност и за градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети?
ИВАНОВСКА: ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, бидејќи тој со свесно и намерно непреземање конкретни дејства за отстранување на платформите што се користат како угостителски објекти и како објекти од каде што се управуваат моторни чамци за превоз на туристи по кањонот Матка до пештерата Врело, дозволил стопанисување со привремени објекти – платформи, кои се забранети со одлуката со која кањонот Матка е прогласен за заштитено подрачје – споменик на природата, и притоа овозможил создавање неред во заштитеното подрачје, загрозување на постојната флора и фауна и нарушување на неговата автентичност, како и стекнување материјална корист за лицата што стопанисуваат со платформите.
НАПАДОТ НА ГРУБИ Е ПРИТИСОК
ФОКУС: Но, дивите платформи сѐ уште никој не ги допрел, си работат и си заработуваат.
ИВАНОВСКА: За жал, нашата иницијатива за кривична одговорност на градоначалникот на Општина Сарај беше отфрлена од обвинителството, бидејќи пријавените дела не биле кривични дела што се гонат по службена должност. Платформите сѐ уште работат и обезбедуваат материјална корист за поединци.
ФОКУС: Груби упати јавни критики кон ДКСК и порача дека составот не ја оправдал довербата и дека членовите немаат ниту капацитет, ниту ги бива со оправдување дека немало ниту еден процесуиран предмет што произлегол од ДКСК.
ИВАНОВСКА: Од првиот вицепремиер Артан Груби добивме јавен напад, односно квалификации за капацитетите на Комисијата, што сметаме дека е вршење притисок врз работата на Комисијата од функционер за кој во ДКСК има отворено предмет, а со цел да се дефокусира јавноста. Зачудува фактот што токму овој функционер, кој се изјасни дека го поддржува европскиот пат, не ја признава позитивната оценка што ДКСК пет години по ред ја добива од ЕК како највисоко тело на ЕУ.
ФОКУС: Каква е нивната оценка?
ИВАНОВСКА: Таа е директна потврда за оправданоста на нашето работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав. ЕК цени дека ДКСК, преку своето работење, независност и непристрасност, вложува сериозни напори да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото, направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи.
ФОКУС: Дали сте имале јавни напади и од други функционери?
ИВАНОВСКА: Вообичаено по обелоденување предмети, врз основа на кои покренуваме иницијативи за кривично гонење за функционери, следуваат реакции и напади од засегнатите страни.
ИЗГУБИВМЕ ПРОЕКТ ОТИ ЗАЕВ НЕ НИ ОБЕЗБЕДИ УСЛОВИ
ФОКУС: Каква Ви беше соработката со поранешниот премиер Зоран Заев?
ИВАНОВСКА: Од поранешниот премиер Зоран Заев, во јуни 2019 година побаравме владата да ни обезбеди работен простор и човечки ресурси за ДКСК, што, меѓу другото, во тоа време, беше и услов преку проект од УСАИД да добиеме поддршка за обезбедување софтверско решение за електронско поднесување на анкетните листови. До октомври 2019 година, овие услови не беа исполнети, а проектот се повлече од поддршката поради неисполнетите погоре споменати услови и кратките рокови за реализирање на постапката за обезбедување на софтверот. Како што знаете, просторот во кој требаше да се пресели ДКСК, кон крајот на 2020 година е доделен на Министерството за политички систем, а новите простории за ДКСК се обезбедија во јуни 2021 година.
ФОКУС: Каква е соработката со сегашниот премиер Димитар Ковачевски?
ИВАНОВСКИ: Со сегашниот премиер Димитар Ковачевски не сме имале работни средби.
ФОКУС: Додека беше премиер, отворивте и неколку постапки против Заев.
ИВАНОВСКА: Во текот на 2019 година отворивме неколку предмети поврзани со тогашниот премиер Зоран Заев, и тоа за бугарските фирми, за „Глобал“, за земјиште во касарна, за грчки фирми, но наодите не се потврдија. По годишната програма се проверуваше и имотната состојба, при што не се утврдија неправилности.
ФОКУС: За актуелниот премиер Ковачевски не отворивте постапка за случајот „Броило“.
ИВАНОВСКА: ДКСК работеше по предмет оформен по пријава против премиерот Димитар Ковачевски поради постоење основано сомнение дека во својство на заменик-министер за финансии и како мандатар за избор на нова влада, можел да влијае врз исплатата на државна помош кон фирмата „Пиксел Груп“, основана од него и неговиот кум, а подоцна во посед на неговиот кум Горанчо Паунов, со кој има финансиски интерес, па оттука има однос на блиско лице.
ФОКУС: Што констатиравте?
ИВАНОВСКА: Врз основа на доставените податоци, се констатира дека Димитар Ковачевски, сметано од 23.9.2020 година ја извршува функцијата на заменик-министер за финансии, а одлуката во врска со објавениот јавен конкурс за доделување државна помош е донесена на 10.3.2020 година, додека, пак, Договорот е склучен на 13.8.2020 година, односно пред да стане заменик-министер.
Оттука, ДКСК утврди дека конкурсот е објавен, одлуката е донесена и договорот за доделување средства е склучен пред Димитар Ковачевски да стане заменик-министер, па оттука не може да се примени член 52 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
НИКОЈ НЕ МИ СЕ ЈАВИЛ ДА ЗАПРАМ ПОСТАПКА
ФОКУС: Сметате ли дека функционерите на власт се недопирливи за институциите на прогонот? Дали притисоците и корупцијата се причина што не се процесуираат случаи против нив?
ИВАНОВСКА: Ако се има предвид дека политичките влијанија се највисок ризик од корупција, очигледно е зошто функционерите се недопирливи. Дотолку повеќе сведоци сме како со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, се донесе Кривичниот законик, без при тоа да се обезбеди широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците од ова законско решение. Со измените во Законот не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание, со што сериозно се загрозува правната сигурност во државата.
ФОКУС: Сте имале ли лично притисоци или испраќање пораки од функционери на власта да се запре некој предмет?
ИВАНОВСКА: Не, никој никогаш не ми се јавил за да запрам постапување по некој предмет.
ФОКУС: До каде е набавката на софтверот за електронско поврзување на институциите и кој го финансира?
ИВАНОВСКА: Софтверот за електронско поврзување на институциите е подготвен и веќе подолг период е во фаза на тестирање. Очекувам до крајот на оваа година да се стави во употреба. Инаку овој софтвер се изработи преку ИПА проект на ЕК.
ФОКУС: Со оглед на тоа дека вие како Комисија собирате докази за одредени предмети и ги предавате на надлежните органи, а немате право да гоните, дали сметате дека Комисијата во тој дел е со врзани раце? Дали се потребни некакви промени?
ИВАНОВСКА: Сметам дека секој дел во системот треба соодветно да функционира. Законските надлежности на Комисијата се големи, но мора да се има предвид дека станува збор за превентивен орган. Она што недостасува во општеството е силен правосуден систем, кој ќе обезбеди владеење на правото, односно соодветна казна за сторителите на кривични дела.
СЕ ВРАЌАМ ТАМУ КАДЕ ШТО РАБОТЕВ
ФОКУС: Каде ја продолжувате кариерата по ДКСК и каков аманет ќе им оставите на тие што ќе ве наследат?
ИВАНОВСКА: По завршување на мандатот, се враќам во институцијата во која претходно работев – Ревизорското тело за ревизија на ИПА фондови. Со тоа сакам да пренесам порака дека секој функционер по завршување на мандатот треба да продолжи со својата стручна работа, без да го оптоварува буџетот на државата со апанажа.
На колегите идни членови на ДКСК им посакувам да бидат успешни, и со стручна, посветена, професионална и непристрасна работа да продолжат таму каде што ние застанавме и да ја зачуваат позитивната оценка од ЕК, а со својот интегритет да изградат силен отпор од негативните влијанија.
ВЛАДАТА НЕ ЈА ПРИФАТИ НАШАТА ИНИЦИЈАТИВА ЗА АНЃУШЕВ
ФОКУС: Го истражувавте и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој сега се најде и на американската црна листа на санкции, но и за овие случаи немаше разрешница.
ИВАНОВСКА: Кај тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев констатиравме состојба на судир на интереси поради тоа што тој учествувал во расправа и давал свој предлог како да се подготви одлуката за намалување на царината за литиумските батерии од 15 проценти на 0 проценти, бидејќи од намалувањето на царината, тој како сопственик на фирма што увезува литиумски батерии имал финансиска корист.
ДКСК до Владата на РСМ достави Иницијатива за поведување постапка за утврдување одговорност на вицепремиерот Кочо Анѓушев, а во предвидениот законски рок, владата достави известување дека не ја прифаќа иницијативата, бидејќи лицето не било во состојба на судир на интереси.
ПОБАРАВМЕ КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ЗА МЕРКО
ФОКУС: Отворивте и нови предмети за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, тој се најде и на американската црната листа, но и нему влакно не му фали.
ИВАНОВСКА: ДКСК констатираше дека градоначалникот свесно и намерно ја злоупотребил својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување презел дејствија спротивно на начелата на законитост и интегритет, на јавниот интерес и интересот на општината, при што нанел штета на Буџетот на Општина Струга и на Буџетот на државата и прибавил противправна корист за себе и за друг. Врз основа на констатираните наоди што беа поткрепени и со наодите од Конечниот извештај на ДЗР, ДКСК до ЈО на РСМ на 18.11.2019 година поднесе Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службеното лице Рамиз Мерко.
ДА СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ПОТЕКЛО НА ИМОТ
ФОКУС: Се проверуваше имотната состојба на судии, но не се најде ништо сомнително. Зошто е толку тешко да се докаже дека некој сокрил нешто во пријавениот имот или дека е несразмерно богат?
ИВАНОВСКА: Повеќепати истакнавме и се заложувавме за донесување на Закон за потекло на имот, како системско решение за откривање на начинот на стекнување на имотот. Концептот на законот за кој ДКСК се залага е да се воспостави обврска за сите граѓани на РСМ да пријават сѐ што поседуваат како имот, а не е пријавено, со докази/објаснување за неговото потекло. Сметаме дека не може да се врши конфискација без да се испита потеклото на имотот. Нацрт-верзијата на овој Закон не се прифати од работната група што ја формираше Владата на РСМ.