АРХИВА Интервју со Ѓулистана Марковска: Заев и Мицкоски треба заедно да го потпишат договорот со Грција

by Фокус

Текстот е објавен на 09.02.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1166

Ќе биде страшно погрешно доколку договорот со Грција биде потпишан без учество на опозицијата“, е ставот на Ѓулистана Марковска, и предлага како со Рамковниот договор и оваа спогодба да биде потпишана и од премиерот и од лидерот на опозицијата. А такво нешто, пак, признава дека е можно само со посредство на меѓународните фактори. Со Марковска разговаравме за лидерската смена во партијата, за очекувањата од Мицкоски, за улогата на реформаторите, за последиците од крвавиот четврток. Инаку, таа е член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна пратеничка, а повеќе од една деценија работи приватно како специјалист по очни болести

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Како ги доживеавте промените на лидерската позиција во вашата партија, со оглед на различните реакции?

МАРКОВСКА: Промените требаше да се направат многу порано што веројатно ќе овозможеше ВМРО-ДПМНЕ како многу силна партија, со голем број пратенички места, побргу да се рехабилитира по губењето на позицијата на власт. Меѓутоа, очигледно е дека со промените се одолжуваше до крај и за изборот на претседател. Мицкоски лично не го познавам, ама не верувам дека е само решение на членството на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи имаше и реакции дека се вршел притисок при неговиот избор.

ФОКУС: Верувате дека неговиот избор е дело на Груевски и Мијалков, за она што обвинуваа Милошоски и Димовски?

МАРКОВСКА: Групата пратеници со отвореното писмо, во делот на обвинувањето, сигурно имала подобра снимка за ситуацијата од теренот. Многу подобро ќе беше изборот за претседател да биде во демократска атмосфера и со повеќе кандидати. Меѓутоа, бидејќи ВМРО е хиерархиски, речиси војнички поставена од основањето сѐ до денес, тоа ги обесхрабри тие што сакаа да се кандидираат.

ПРАТЕНИЧКАТА ГРУПА Е ЛИЦЕТО НА ПАРТИЈАТА

ФОКУС: И Груевски за лидерската позиција беше поддржан од Георгиевски, но потоа се случи пресвртот. Можно ли е и Мицкоски наскоро да се пожали на „нож во грб“?

МАРКОВСКА: Сѐ е можно, а историјата знае и да се повтори…

ФОКУС: Кога Љубчо се повлече од лидерската позиција објасни дека тој не може да донесе повеќе од 300.000 гласови. Што може Мицкоски повеќе да стори наспроти резултатите на Груевски?

МАРКОВСКА: Резултатите на Груевски на почетокот беа респектабилни и бројот на гласачи се зголеми. Последните неколку изборни циклуси не беа одраз на волјата на гласачите, бидејќи имаше многу страв и клиентелистичка настроеност.

ФОКУС: Вие ги поддржувавте реформаторите во минатиот период, доволно ли е што еден-двајца влегоа во органите на партијата?

МАРКОВСКА: Да бидам искрена, кај реформаторите сѐ уште постои големо незадоволство. Тоа се група луѓе кои навистина му го сакаат доброто на ВМРО-ДПМНЕ. Тие сакаат промените да бидат направени, не само во статутот, туку сакаат вистински партијата да не биде пирамидално поставена, и сѐ да почнува од изборот во месните комитети, како што беше и впрочем и нејзиното формирање. Она што сега се навестува со промени во статутот, по урнек на сестринските е-пе-пе партии, не е доволно за Македонија. Прво, ние не сме демократска партија, зборувам со полна одговорност, бидејќи во ВМРО-ДПМНЕ не смеевте да пројавите проактивен однос за одредени работи. Токму поради тоа, таа група луѓе е сѐ уште незадоволна, дури и сѐ уште се состанува, бидејќи беше за вистински промени, а не за некое место во извршен комитет.

ФОКУС: Но, зошто овие, т.н. реформатори толку доцна прогледаа? Периодот кога почнаа да се објавуваат бомбите, многу членови и поранешни пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ кренаа глас. Тие молчеа година и нешто.

МАРКОВСКА: Јас јавно ги поддржав како млади луѓе што бараат промени. Секогаш ќе поддржувам такви луѓе бидејќи сѐ уште сум член на таа десна, демохристијанска опција. Меѓутоа, очигледно таа задоцнета побуна била повеќе од лукративни причини, во момент кога ВМРО-ДПМНЕ, иако победничка партија, не ја направи владата. Јас сега од оваа временска дистанца размислувам, доколку ВМРО-ДПМНЕ направеше влада, дали тие луѓе ќе бараа реформи во партијата. Верувам дека не. Зборувам за иницијаторите, не зборувам за тие што тие реформи сѐ уште ги бараат.

ФОКУС: Христијан Мицкоски го има товарот дека е фигура на Груевски и на Мијалков, но, од друга страна, тие што се побунија против начинот на кој е избран, пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски или Трајко Вељаноски, сепак се првата асоцијација на груевизмот, за разлика од Мицкоски, кој ни е една енигма, така да речам.

МАРКОВСКА: Човек кој нема зад себе партиски багаж, нема ни забелешки на неговото работење. Јас немам против изборот на Мицкоски. И да не навлегуваме во неговиот избор, бил демократски или недемократски, зборуваме за неговите понатамошни активности. Тој е едуциран човек, кој најпрво треба да ја стекне довербата на сите свои сопартијци, да направи крупни реформи внатре во партијата, да ја поврати довербата на албанскиот корпус кон ВМРО-ДПМНЕ и, се разбира, да го врати разнишаниот углед на партијата кај меѓународните институции.
ФОКУС: Но, дали ја има довербата од сите пратеници?

МАРКОВСКА: Не може и не смее претседателот на најголемата опозициска партија да се оградува од постапките на одделни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката група е лицето на партијата, кое ќе ги иницира сите партиски политики за да биде добар коректив на власта. Затоа и многу зависи каков однос ќе воспостави претседателот на партијата кон секој пратеник поединечно. Секако, претседателот треба да соединува, а не да разединува. Да се послужам со неговите зборови, времето ќе покаже… 

И УБИЈЦИТЕ ИМААТ ДЕЦА

ФОКУС: Тоа ќе биде како иронија на судбината, направија десет пратенички групи за да го опструираат законодавниот дом, на крај ќе се поделат на неколку пратенички групи. Дали е можно тоа?

МАРКОВСКА: Можно е. Затоа што кога на некој друг му копате јама, самите ќе паднете во неа. И јас бев во старт против формирањето на повеќе пратенички групи, дури и не знам дали е деловнички. Но, очигледно дека актуелниот претседател Талат Џафери, кој без оглед на тоа што преовладува во ВМРО-ДПМНЕ, многу добро деловнички си ја води работата и добро си ја сфатил позицијата на претседател на Собранието. Некои работи човек едноставно треба да ги прифати, мислам на она што беше побуна, како беше избран. Да не забораваме дека имавме позиција кога ВМРО-ДПМНЕ чукаше по тенџериња внатре во Собранието, и тоа на иницијатива на Груевски, кога СДСМ беше на власт. Значи, некако се повторуваат улогите, меѓутоа ние никако да ја научиме лекцијата, дека и власта и опозицијата се работи што се минливи и менливи. Така што, кога ги проектирате политиките, треба да сметате дека можеби и некој друг тоа вам ќе ви го прави.

ФОКУС: Она што е забележливо сега по сите реакции од партијата е упорноста да се реагира за притворените за крвавиот четврток, кои партијата ги оценува како реваншизам, а тие луѓе како патриоти. Тоа е една драматично различна опсервација за еден настан.

МАРКОВСКА: Јас како личност, како поранешен пратеник можам да бидам против мерката притвор, која очигледно кај нас е сфатена како казна. Меѓутоа, она што е факт, ние имавме можност тоа да го видиме преку снимките на Собранието, тие пратеници ги отворија вратите на Собранието. Ништо, буквално ништо од тој 27 април немаше да се случи доколку не беа отворени вратите. Вие надвор можете што сакате да правите, можете да урлате, на крајот на краиштата, повеќе би одобрила и тепачка меѓу пратениците внатре, отколку да овозможите влегување на народот внатре.

ФОКУС: Притворите беа редовна мерка кога ДПМНЕ беше на власт.

МАРКОВСКА: Да, и тогаш на забелешките дека притворот стана казна истото тоа ВМРО велеше, „па, добро, тоа е одлука на судиите“. Сега нагласуваат дека притворените имаат деца, но исто имаше деца и Љубе Бошкоски, кој беше притворен со камери и тоа пред синот. Не можете членството на моите сопартијци да го издигнувате на ниво на пиедестал и од нив да правите жртви на системот. Ако се жртви на системот, тоа ќе го покаже судската постапка. Таму имаме градација на вината. Имаме организатори, за кои никој не зборува, а тоа е – врвот, потоа имаме луѓе кои веројатно биле во тесна корелација со организаторите и имаме една огромна категорија луѓе, кои влегоа, ја пееја химната. Собранието е народно и тука не гледам вина која е во иста мера како што е вината на оние што го организираат, кои знаеја зошто влегуваат.

ФОКУС: Имаше насилници со задача…

МАРКОВСКА: Кои имаа задача да тепаат и тоа внимавајте, да тепаат народни пратеници. Такво нешто не смее да се повтори. Меѓутоа, да ја почекаме судската постапка да заврши. Овие луѓе имаат право понатаму да ја тужат државата, ако се покаже низ судска постапка дека истите биле бесправно притворени, односно нема да добијат никаква казна. Меѓутоа, ова што сега се случува, го сметам за еден чадор под кој партијата, која во моментов не знае што да прави, се вади на тоа дека имаме притворени пратеници. Не можам да ги разберам, без оглед на тоа што голем дел од нив ги почитувам и ги познавам, папагалски настроените луѓе кои постојано зборуваат „тие имаат деца“. Па, сите имаат деца и убијците имаат деца… Не можеме преку тој аршин да собираме поени кај пошироката јавност.

ПРОБЛЕМОТ ДА НЕ СЕ ПРЕЛЕЕ НА УЛИЦА

ФОКУС: Како ќе го коментирате Мицкоски по средбата што беше организирана од Заев, во врска со информациите за текот на преговорите со Грција. Очекувате ли новото раководство да биде кооперативно при решавање на овој голем спор?

МАРКОВСКА: Како член на партијата, сметам дека изјавата на Мицкоски, „Ние слушнавме што има да ни каже владата, понатамошната одговорност е на владата“, не е во ред. Поради тоа што за истата таа партија гласаше огромно мнозинство од граѓаните. Не можете да се оградите од политиката на актуелната власт кога таа треба да ја коригирате или себеси да се амнестирате и да кажете, ние ќе стоиме надвор, вие завршете си ја работата така како што сте наумиле, а потоа ние ќе ги добиеме изборите за сметка на тоа. Тоа не е добро за државата.

ФОКУС: И во Грција опозицијата е против.

МАРКОВСКА: Од хистеријата што владее кај опозицијата во Грција, имаме впечаток дека се решава нивното име, а не нашето. Опозицијата треба да биде максимално вклучена за утре да не ни се случи иредентизмот што го зборуваат Грците нам да ни се прелее на улиците. Повторно велам, ВМРО-ДПМНЕ има стабилно партиско членство од околу 200.000 бројка, а тоа се луѓе што бараат инструкции од партијата. Не смее да се дозволи проблемот да се прелее на улица, односно на тој проблем да се ќаруваат некои поени. Дали се евтини или скапи, не навлегувам, меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ мора да биде вклучено во процесот на преговорите и договорите.

ФОКУС: И како би се однесувала опозицијата при референдумот?

МАРКОВСКА: Каква ќе биде кампањата на ВМРО-ДПМНЕ на референдумот?! Дали партијата на власт ќе оди да го промовира договореното име, а другите ќе викаат немојте да гласате, па ќе стигнеме во ситуација да имаме апстиненција на гласачкото тело. Во таков случај можеби ќе имаме успешен референдум де јуре, меѓутоа тоа нема да биде одраз на волјата на народот на Република Македонија.

ФОКУС:Што предлагате тогаш?

МАРКОВСКА: Би го поврзала ова со ситуацијата во 2001, кога немавме прогласено воена состојба ама имавме вооружен конфликт. Тогашното ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги прими во владата и претставниците на опозицијата, на СДСМ, за да ја поделат и одговорноста. Да не заборавиме дека не е иста Македонија пред и по Рамковниот договор. Очигледно како во ВМРО да имаме некое доцно палење. Многу се сменија работите потоа, не само на хартија, тоа е промена не цел општествен систем. Ако се имаше доблест за таков еден договор тогаш, со посредство на меѓународната заедница да седнат и претседателот на опозицијата и актуелниот премиер, моментите се созреани за такво нешто да се направи и во овој момент.

ФОКУС: Се залагате за широка коалиција?

МАРКОВСКА: Не сум сигурна дека тоа треба да биде коалиција во вистинска смисла на зборот. Но, сметам дека додека да се испеглаат разликите во сите преговори со Грција мора да биде вклучена и опозицијата. Било какво потпишување договор за меѓусоседска соработка од типот на времена спогодба или што било, ќе биде страшно погрешно доколку е без учество на опозицијата. Пак ќе ги повторам зборовите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – ние слушнавме, не сме вклучени, одговорноста е на владата, тој не бараше поделба на одговорноста, меѓутоа поделба на одговорноста треба да бара актуелната власт.

ИВАНОВ НЕ Е ОБЕДИНУВАЧКИ ФАКТОР

ФОКУС: Дали тоа би било прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ, која уште не е консолидирана по заминувањето на Груевски.
МАРКОВСКА:
Па, не знам дали би било прифатливо, меѓутоа ако ВМРО-ДПМНЕ смета дека со одбивање да го поддржи и да го потпише постигнатиот договор со Грција, а дека тоа понатаму ќе биде опција за добивање на избори, мислам дека голем губитник ќе биде македонскиот народ и воопшто Република Македонија. Ние не можеме да си дозволиме повторно во Македонија да имаме конфликти. Затоа што кампањата што би одела во тој период би била, зборувам хипотетички – Албанците и СДСМ ѝ ја скроија капата на Република Македонија. Тоа е опасен слоган, а очигледно ако ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи активно во преговорите со Грција, тоа може да се случи. Јас не го посакувам тоа, меѓутоа натаму одат работите.

ФОКУС: Како ја оценувате улогата на Ѓорге Иванов, тој, сепак, е кандидат на ВМРО во два мандати? Генератор на криза?

МАРКОВСКА: Не знам дали е генератор на криза, ама имаше шанси да се воздигне над целата ситуација, посебно во периодот со давањето на мандатот да искаже одредена индивидуалност во своето работење. Сепак, да не заборавиме дека се работи за едуциран човек, професор, а срамните аболиции и ред други негови потези беа порази на македонската политика, не само на него лично како претседател. Во овој момент јас не гледам на него како на обединувачки фактор. Повторно велам, за жал, во Македонија не е можно опозицијата и власта да се спојат, ако не интервенира меѓународната заедница.

ФОКУС: Но, очигледна е инволвираноста на меѓународниот фактор во регионот, поголемото вмешувањето на Русија на Балканот алармираше за поголем притисок од Вашингтон…

МАРКОВСКА: Можеби ова ќе ви звучи премногу грубо, меѓутоа Студената војна како сѐ уште да царува. Таа не се нарекува така сега, меѓутоа ако видиме што сѐ се случува во светот, очигледно е нова прераспределба на интересите и влијанијата во светот на големите сили. Пред сѐ, тука зборувам нормално за САД, влијанието на Русија, која повторно сака да го врати својот рејтинг како некогашниот Советски Сојуз, во што не гледам ништо страшно, влијанието на една Турција, влијанието на Кина како економска сила… И кога ќе ги земете во обѕир сите работи, излегува дека во овој момент решавањето на името не е само желба на актуелната власт, кое можеби беше нејзино кредо во самите избори. Мислам дека повеќе е под притисок на тие што сакаат да го прошират своето влијание и кои сакаат конечно да го прекројат јужното крило на НАТО, да се знае до каде ќе е, дали ќе се вклучи Русија, каде тука ќе се вклучи Кина со купувањето на пристаништето во Солун, сепак многу големи игри се.

ФОКУС: И во овие големи игри како се снаоѓа Македонија?

МАРКОВСКА: Македонија е како една мала Казабланка во моментов и тоа успеавме да го видиме преку настаните што се случија на 27 април. За овие настани, ние како држава со ништо не влијаевме, освен со еден заблуден народ, кој не знаеше во што влегува. Така што во оваа многу крупна битка, мислам дека она што ние го нарекуваме единство можеби и не е толку тешко да се постигне ако се земе сето ова во обѕир, пред сѐ, иднината на државата како приоритет.

РЕФОРМИТЕ ПОСТОЈАНО СЕ ВО НАЈАВА

ФОКУС: Што сметате дека е најголема слабост на новата влада?

МАРКОВСКА: Новата влада имаше многу ветувања, очигледно е дека тие ветувања не можат преку ноќ да се остварат. Меѓутоа, политиките ги градат не само партиите, туку и луѓето што ги спроведуваат, па морам да кажам дека не сум задоволна од одредени кадри што застанаа на чела на одредени институции.

ФОКУС: На пример?

МАРКОВСКА: Не би именувала, меѓутоа повеќе се. Со тоа што не може една козметичка измена да биде реформа. Реформа значи навистина да загризете и да почнете да мислите дека за две, за четири години вие ќе бидете повторно граѓанин кој ќе треба да ги ужива благодатите од таа реформа… Веќе ќе се наврши уште малку година, а реформите се постојано во најава. Целата енергија како да е насочена во надворешната политика.

НИ СЕ ИЗГУБИЈА ИДЕАЛИТЕ

ФОКУС: Го следев првиот повеќепартиски парламент како известувач, кој сметам дека беше најдостоинствен. И вие бевте пратеник тогаш. Имаше многу повеќе ентузијазам, дури и поголем демократски капацитет. Зошто?

МАРКОВСКА: Прво, се градеше државата. Значи, ние имавме различни патишта, меѓутоа и едната и другата партија гледаа за иднината на државата. Немаше лукративни и лични интереси оти во тој прв парламент никој не се збогати. Се знаеше и со ноќи да се останува, дури да паднат и навреди меѓу пратениците, кои сега гледаме дека биле мачкина кашлица во однос на сегашниве, меѓутоа постоеше голем ентузијазам. Нас ни се изгубија некаде идеалите, особено кај носителите на јавните функции. Сакам да верувам дека такви луѓе има во Македонија.

НАЈЗАПОСТАВЕНИ СЕ ЛУЃЕТО БЕЗ ПАРТИСКА КНИШКА

ФОКУС: Велите дека ВМРО-ДПМНЕ има стабилно гласачко тело, околу 200.000 до 250.000, и сѐ што е над таа бројка веќе води кон победа. Да, но над таа бројка, партиите ги врзуваат гласачите со клиентелизам, станаа агенции за вработување, и тоа е еден од оние фалинки во нашиот партиски систем.

МАРКОВСКА: Како граѓанин, ги признавам исклучиво оние дваесетина отсто граѓани што не припаѓаат на ниту една партија, а се всушност решавачки за изборите. Но, очигледно двете партии многу успешно го опструираат правењето трета партија, било да е од лева или од десна позиција. Сметам дека тоа се вистинските граѓани поради тоа што немаат партиски книшки и кои во принцип не гласаат „за“, туку гласаат „против“, за разлика од тие што гласаат за да добијат нешто во поделбата на изборниот колач. Оваа група граѓани е најзапоставена во нашиот систем. Познавам дузина луѓе што се многу квалитетни и добри, меѓутоа кои никогаш не дошле во позиција да бидат избрани за раководители на која било јавна институција само поради тоа што одбиваат или не сакаат да бидат партиски обележани.

Поврзани новости