(АРХИВА) Интервју со Георгиевски: Македонците се многу србизирани, подобро ќе беше ако трампавме територии и население во 2001!

by Фокус

Текстот е објавен на 05 јули 2023 година во неделникот Фокус со број 1.448.

Љубчо Георгиевски e прв лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер во периодот од 1998 до 2002 година, но по изборниот пораз се повлече од лидерската позиција, а по внатрепартискиот раскол ја формираше ВМРО-НП, која денес е составен дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ. Во мегаинтервју за „Фокус“ пред околу еден месец, тој говореше за неговата позиција во владата и за неговата поранешна партија, ги коментираше состојбите во правосудството, се осврна на евроинтеграциите и на уставните измени, а изнесе мислење и за бугарско-македонските односи, како и за коренот и природата на меѓусебните проблеми. Исто така, зборуваше и за концептот на поделба на Македонија пред дваесетина години, односно, како што вели, за идејата за трампа на територии и население, откривајќи детали кој сѐ бил вклучен во процесот кој, судејќи според реакциите во јавноста, предизвикува контроверзии до денес.

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Деновиве, Дрин Ахмети рече дека Македонците не му биле благодарни на неговиот чичко Али Ахмети за тоа што ја спасил Македонија од Вас во 2001 година, односно од Вашиот план за поделба на државата. Бидејќи оваа тема се развлекува цели 2 децении, може ли да расчистите што точно се случувало на овој план?

ГЕОРГИЕВСКИ: Кој од кого ја спасувал Македонија во таа 2001 година, кој пукаше против Македонија, кој ја бранеше Македонија… Тоа е тема што е апсолвирана, но да се навратиме на прашањето на поделбата…

Кога почна нападот од Косово кон Македонија, а потоа на тоа се приклучија некои структури и внатре во Македонија, иако морам да кажам дека на почеток тоа бавно одеше, главно беа увезени сили.

Во сите тие разговори дојдовме до еден ист заклучок на повеќе места, на повеќе нивоа. А, тоа беше – ако Албанците не сакаат да живеат со нас, како во секој брак, каде што не одат работите, да пробаме да се разделиме. Втора работа – јасно беше дека цел западен свет, не само што не ни помагаше, туку стоеше на страна на Албанците.

ЗАПАДОТ ИГРА ДОБАР И ЛОШ ПОЛИЦАЕЦ

ФОКУС: Како и кога се случи тој пресврт, зашто на почеток државата јавно добиваше охрабрувања од Западот да расчисти со „терористите“?

ГЕОРГИЕВСКИ: Да, но имаше 2 линии во Западот. Не знам дали играат добар и лош полицаец, но очигледно едната линија ни викаше да расчистиме, а другата ни велеше да не расчистуваме. А во однос на расчистувањето, се даваше поддршка за некакво меко расчистување. Како можеш меко да расчистиш, кога имаш од другата страна војници што се подобро вооружени од македонската полиција и армија?

Притоа, неколку месеци имаше дискусија кои сили да бидат употребени – полициски или воени. Имавме строга забрана воените сили да бидат употребени, а полицијата реално, освен пиштоли и лесни автопати, немаше како да се спротивстави од технички аспект кон силите што ја нападнаа Македонија.

ФОКУС: Поради таквата инфериорност ли се роди идејата за промена на границите? Дали таа вклучуваше и размена на население?

ГЕОРГИЕВСКИ: Со дистанца на времето можам да кажам дека идејата не беше за поделба на Македонија, туку за трампа на територии и население. И, од македонска страна беше идејата Тетово, Гостивар и Дебар, со плус минус некои села. Значи, без Кичево, Струга, без Скопско, Кумановско.

А, од албанска страна да се побара реално многу помал дел, но за нас значаен дел, делот околу Преспа, каде што живеат Македонци и на некој начин Преспанско Езеро да го заокружиме.

ФОКУС: На кое ниво се водени овие разговори? Тоа се затворени неформални дискусии или се разговарало на влада?

ГЕОРГИЕВСКИ: На ниво на владата не се зборуваше, но за тој муабет имаше согласност меѓу мене како премиер, Борис Трајковски како претседател, Стојан Андов и Доста Димовска беа вклучени во таа дискусија. Сите тие имаа афирмативен став.

Не е некоја тајна дека Трајковски самиот му има кажано на Зоран Димитровски, дури без моја консултација, да го објави тоа во весникот „Вечер“. Исто така, мислам дека Трајковски тоа го има разговарано и со Бранко Црвенковски.

Од друга страна, морам да кажам дека независно од нас, на една средба со тројца академици, на која беа претседателот на МАНУ, Ѓорги Ефремов, Ѓеорги Старделов и Блаже Ристовски… И тројцата таа идеја ја споделуваа пред мене без никаков притисок, дури иницијативата на муабетот тргна од нив. Ефремов остана доследен до крај на идејата, а другите двајца се повлекоа од дискусијата.

И, морам да кажам дека и некои црковни лица беа запознаени, да не ги компромитирам, но многу важни црковни лица, кои исто така рекоа дека во тој момент, ова можеби е решение.

Оваа идеја не беше идеја на авантуризам, туку на најодговорни луѓе, кои во тоа време ја водеа државата и на некој начин спонтано оценија дека тоа е решение за тој момент, но и за иднината на Македонија.

ФОКУС: Дали оваа дискусија се ограничила тука или се развила до страните со кои би морало да се склучи договор за таква трампа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Идејата ја образложив само кај Арбен Џафери. Тоа прашање му го отворив. Тој ми рече дека за него ова можеби е некакво решение, но мора да разговара. Со кој разговараше, на кое ниво и каде, не знам. Но, по десетина дена ми рече дека во овој момент не може да го продолжи тој разговор.

ЛОГИСТИКА ОД КОСОВО И ОД АЛБАНИЈА

ФОКУС: Очигледно немало поддршка од меѓународната заедница, под чиј притисок всушност тогашната ОНА ја смени платформата и агендата од борба за територии во борба за права.

ГЕОРГИЕВСКИ: Сега има разни приказни, но првите 5-6 коминикеа на ОНА беа за борба за територија и иселување на Славомакедонците, не само од тие 3 града, туку малку пошироко. Ние го организиравме целиот отпор на Македонија. Можеби некој сметаше на слабото оружје во тоа време, но морам да потсетам дека цел период го искористивме максимално корисно за снабдување со оружје.

За кратко време се набавија 6 авиони, не знам колку хеликоптери, да не зборуваме за тешките тенкови од Украина. Претходно, пак, во еден договор со Бугарија имавме обезбедено помош од помали тенкови, артилерија и оружје. Се сеќавате дека имаше многу критики за цените, но тие суми се смешни. Се говореше за старо оружје, но сега гледаме дека не било старо, си имало функција.

ФОКУС: Дали е точно дека вие тогаш се залагавте за воена наместо за политичка разрешница?

ГЕОРГИЕВСКИ: Гледајте, идејата за трампа на територии и население беше практично мировна идеја. Ако сакаат територии – еве ви територии. Тоа беше концептот, да се запре војната. Но, по сѐ изгледа на некој му одговараше да продолжи војната уште некое време.

ФОКУС: Имаше ли реална опасност од ескалација на конфликтот во граѓанска војна?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа и беше граѓанска војна на некој начин, кога ќе земете предвид дека сѐ повеќе Албанци пристапуваа кон ОНА. Не смееме да ја потцениме приказната дека цело Косово и цела Албанија даваа логистичка поддршка на тој процес, нема потреба од наивност.

ДЕ ФАКТО ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈА

ФОКУС: Дали сметате дека Рамковниот договор е добар договор? Што покажа времето?

ГЕОРГИЕВСКИ: Видете, најверојатно во тој момент беше решение и еве се покажува дека до денес функционира. Дали е оптимален за една унитарна држава – дефинитивно не. Да не се лажеме, тоа е договор на дефакто федерализација на Македонија. Унитарноста е однадвор, но однатре кога ќе погледнете, ние де факто функционираме како федерација.

ФОКУС: По усвојувањето на законот за двојазичност, ДУИ соопшти дека Рамковниот договор е нормативно затворен. Според Вас, дали тој веќе може да се смета за завршена приказна?

ГЕОРГИЕВСКИ: Охридскиот рамковен договор двапати е сериозно нарушен. Првиот пат со Законот за локална самоуправа и децентрализација, зашто ЕУ застана против сите принципи како тоа се регулира во самата Унија, за Македонија да се согласи да ги испочитува барањата и желбите на ДУИ. Зборувам за територијалната поделба, за каков таков систем.

Вториот момент е Законот за двојазичност, со кој се прекрши договорот, а до каде ќе одат прекршувањата, навистина не знам. Последниот обид да се тргнат 20 проценти е суспендирање на јазичните одредби од Рамковниот договор.

Очигледно, политичките партии, тука можам да кажам и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во желбата да формираат влада, практично и без Рамковен договор ги прават тие отстапки.

ФОКУС: Колку концептот на формирање широка влада според т.н. германски модел меѓу двете најголеми македонски партии е решение и за овој проблем?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тешко дека може да се направи влада без сериозно учество на албански политички партии. Сега, кои би биле тие партии, тоа е друго прашање. Не верувам дека може да дојде до тоа, гледајќи ги спротивставеностите меѓу двете најголеми структури. По анкетите гледам ДУИ стои цврсто и продолжува да биде главен фактор на албанската политичка сцена.

НЕПРИНЦИПИЕЛНИ ПОЛИТИКИ

ФОКУС: Во таа 2001 година, вие влеговте во отворена конфронтација со Западот и брзо паднавте од власт. Нешто слично се случи со Груевски, а можеби малку посрамежливо, но одредена заострена реторика кон Западот гледаме од Мицкоски, па и од Заев. Според Вас, дали странците уриваат и формираат влади во земјава и во регионот? Дали тоа е мит или реалност?

ГЕОРГИЕВСКИ: Па да, при паѓањето на нашата влада, Западот имаше сериозно влијание. Се сеќавате колку „Сорос фондацијата“ беше активна да ја урива владата. Донесоа и специјални екипи на меѓународната кризна група и познатиот Едвард Џозеф. А чудна работа – денес никој не го прашува што мислат за договорите со „Бехтел“, за купувањето на „Соравиа“. Зашто тие тогаш ја имаа пропагандата дека ДУИ се бори за права и потранспарентно општество, зашто нашето не било транспарентно.

ФОКУС: Пред последните политички промени се изгради наратив за борба против режим.

ГЕОРГИЕВСКИ: Да, гледаме често како во опозиција се борат против режимот, а многу кратко откако ќе дојдат на власт, тие стануваат режим.

Факт е дека ако направиме анализа, Западот не беше најблагонаклонет кон Македонија сите овие 30 години, освен на почетокот, кога сепак навиваа Македонија да се отцепи од Србија и да стане независна, и треба да им заблагодариме за тоа, зашто без таа поддршка веројатно немаше да имаме самостојна држава. Но, од тој момент наваму гледаме дека сме предмет на непринципиелни политики и мораме да се научиме на тоа.

ФОКУС: Дали тоа „мешање“ однадвор, по дифолт е лошо, бидејќи без тоа не сме излегле од ниедна криза?

ГЕОРГИЕВСКИ: Па, очигледно некогаш е потребно тоа мешање, зашто ние робуваме на балкански митологии. Некогаш тоа е принципиелно, некогаш не.

СЕКОЈ СУДИЈА – ТРГОВЕЦ ПОЕДИНЕЦ

ФОКУС: Како гледате на реакцијата на австрискиот амбасадор, кој јавно го прозва Заев и негови роднини дека влијаеле врз судството и други инстанци поради деловен спор со австриска компанија, тежок 4 милиони евра. Дали тоа е принципиелно „мешање“ или не?

ГЕОРГИЕВСКИ: Немам информации за делото, но прашањето би го поставил на друг начин.

Значи, 30 години ние правиме реформи на судството, како што правиме на образованието, здравството и на други сегменти. Сите тие се по терк на некакви меѓународни институции. И сега зошто нема резултат, веројатно треба и меѓународната заедница да сноси одговорност.

Конкретно за судството… Колку проекти се платени од страна, колку судии се финансирани? Ако не се лажам, екипата на Катица Јанева беше под некаква директна инструкција од Западот поставена. Епа сега, не може одговорноста да биде само македонска.

ФОКУС: Ете холандскиот амбасадор постојано прашува како се потрошени милионски средства издвоени за судството. Гледате ли излез?

ГЕОРГИЕВСКИ: Ако некоја сфера била под контрола и притисок на Западот, тоа било судството. Кај нас се фетишизира поимот независност на судството. Од друга страна, политичарите се обвинуваат дека се главните што прават притисок врз судството.

Во моите 4 години, единствено што се сеќавам дека сме правеле притисок врз судството беа 12 загубари, кои требаше да одат во стечај или да бидат приватизирани. Ние ги притискавме некои судии да ги однесат во банкрот тие што беа за банкрот, и некои за тоа бараа пари. Нека излезе судија, нека каже јас како премиер или Министерството за правда му правело притисок.

Најстрашниот дел од приказната е кога двајца луѓе или две фирми се судат, кога се суди поединец со фирма. Тука си имаат канали како да дојдат до судиите и тука секој судија е трговец-поединец. Тоа влијание е главен проблем и тука треба да се стави акцент. Откако судијата ќе го направиме со сите закони независен, како потоа правдата да ја спасиме од тој независен судија.

ФОКУС: Сигурно е така, но, сепак, не треба да се минимизира и политичкото влијание, бидејќи сите сме свесни дека низ годините цела судска пирамида се структурира под политичка капа, а слушавме и „бомби“ за политички диригирани пресуди.

ГЕОРГИЕВСКИ: Го има и тоа, не викам не, но тоа се можеби 10 случаи. Погледнете ги стечаите, се водат по 10-15 години. Колку е штетата по доверителите во таа фирма, дали ќе продолжи да работи или не, а некој си таму стечаен судија се изживува и остварува бенефиции 15 години.

ВМРО ВЛЕЗЕ ВО СОПСТВЕНА ЗАМКА

ФОКУС: Најактуелна тема периодов се евроинтеграциите, кои зависат од уставните измени, кои, пак, зависат од тоа дали опозицијата или дел од неа ќе го обезбеди неопходното двотретинско мнозинство. Според вас, ќе има ли уставни измени?

ГЕОРГИЕВСКИ: Македонија во овие 30 години добила стотици различни диктати, десетици од нив претешки за решавање, и сега навистина е неодговорно, па и политички наивно, од овој проблем да правиме македонска драма, да правиме ситуација дека било национално прашање. Дури, имаме изјава од претседателот на МАНУ дека ако влезат Бугарите во Уставот, Македонија ќе се распадне. И има многу такви изјави.

ФОКУС: Но, има изјави и од други луѓе, од ЕУ експерти и од НВО активисти, кои не може да се каже дека инклинираат кон десницата, напротив. И, тие велат дека влезот на Бугарите во Преамбулата не го решава проблемот, туку само го отвора патот кон вечни преговори.

ГЕОРГИЕВСКИ: Јас мислам дека добивме јасни изјави и од Германија, и од ЕУ дека овој проблем е главен проблем. Конечно, зошто не сакаме да оцениме дека со францускиот предлог Бугарија направи големо ретерирање од фамозната декларација на парламентот дека до 45-та година сте Бугари, а потоа Македонци?

Сега имаме прескокнување на таа ставка и доаѓаме на прашањето на човекови права, малцински права. Цела меѓународна заедница ќе стои зад Македонија во тој процес. Правата на малцинствата, националностите, различните делови од народот е филозофија на Македонија од Илинденското востание, па преку АСНОМ…

ФОКУС: Колку што гледаме, никој нема против Бугарите да се вметнат во Уставот, освен Левица. Видовме дека на лидерската средба и ВМРО-ДПМНЕ го прифати тоа, ама со одложено дејство, по влезот во ЕУ.

ГЕОРГИЕВСКИ: ВМРО-ДПМНЕ влезе во една сопствена замка. Имаат толку многу проблеми, посебно економски што може да ги експлоатираат. Мислам дека нив рејтингот им се качи пред оваа дискусија со Бугарија. Економијата, правосудството се прекрасни теми за опозицијата.

ФОКУС: Да, но анкетите кажуваат дека 80 отсто од етничките Македонци се против уставните измени, па дали тоа можеби е причината за опозицијата да влезе во замката за која зборувате?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа е еден круг. ВМРО-ДПМНЕ ги пумпа со негативна енергија. Секој политичар од ВМРО-ДПМНЕ научил една реченица – не го менуваме Уставот по бугарски диктат. И сега некои влегуваат во шемата.

Ако не се работи за исполнување некаква порачка, мислам дека се работи за недозреаност на еден политички врв.

ГЕРМАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ КАКО КОМИНТЕРНАТА

ФОКУС: Дали новата политичка ситуација во Бугарија, каде што се формираше влада меѓу ПП и ГЕРБ, ја олеснува работата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Апсолутно. Знаете, секоја држава што се обидува да реши државни проблеми, треба да гледа кон другата страна. Така и со Грција. На еден начин се решаваше проблемот со името со Симитис и со Ципрас, а на друг начин со Мицотакис и Караманлис.

Исто и со Бугарија. Сега имаме една поволна влада, составена од Промената продолжува, која веќе покажаа дека е позитивна кон Македонија.

ФОКУС: Сепак, бугарското вето дојде во времето на ГЕРБ на Борисов.

ГЕОРГИЕВСКИ: ГЕРБ дефинитивно е променет, не е истиот кога со Каракачанов учествуваше во ветото за Македонија, сега имаме една друга реторика. И ние ако ја испуштиме оваа влада, не знаеме која ќе биде другата влада.

Сѐ на сѐ, ова ќе помине, но не е с    исто дали пред една година или по 3 или 8 години, кога ќе дојде некоја влада во Македонија и ќе рече ова не е проблем и ајде да го решиме. Исто како со Северна Македонија, можевме да поминеме само со надворешна употреба ако не чекавме 10 години.

ФОКУС: Како ја оценувате директната и експлицитна поддршка од Германија? Каква тежина има таа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Не можам да ги сфатам сите таканаречени македонски национални загрижени патриоти, кои толку многу се борат за националниот идентитет, па како да беа шокирани од Германија. За мене, ова што го донесе германскиот парламент е еднакво на резолуцијата на Коминтерната од 1934 година.

Ние сме ретка нација што има такви две меѓународни признанија, плус од југословенскиот и од бугарскиот парламент по 1945 година, со кои на еден народ му се признава нација, јазик и идентитет. Тоа е малку парадоксално, но ете ни ги исполнуваат и тие желби.

И сега, кога дојде резолуцијата од германскиот парламент, сите загрижени борци за македонскиот идентитет го омаловажија тој чин. Па чекајте, од ова нема поголемо признание.

ФОКУС: Опозицијата вели дека таква поддршка и разни ветувања добивавме и пред Преспанскиот договор, но тие не беа испорачани во целост. Дури, првото вето кон ЕУ не го добивме од Бугарија, туку од Франција.

ГЕОРГИЕВСКИ: Ние сме лажени многу пати, но што е алтернативата? Еве да речеме не прифаќаме, ќе бидеме сами во регионот. Фактички, ние немаме друга алтернатива, освен да им веруваме дека ќе го исполнат тоа.

ИСТОРИОГРАФИЈА ПОЛНА СО ФАЛСИФИКАТИ

ФОКУС: Пред 2 години излеговте со сет мерки за надминување на проблемот со Бугарија. Тогаш посочивме дека неповратно се нарушуваат односите меѓу двете земји и народи. Какви се овие односи денес?

ГЕОРГИЕВСКИ: По ветото, ако не и до скоро, односите беа најлошо од тоа што паметам. Последните месеци како да има едно смирување на ситуацијата од бугарска страна. Од македонска страна, гледам дека главен носител на подгревање на тој фронт, за жал, е ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се некои циклуси на смирување и влошување. Од двете страни треба да има разумни луѓе што ќе навиваат ситуацијата да се смири.

ФОКУС: Предлогот беше отфрлен и од опозицијата, и од власта. Проблематични се сметаа деловите за решавање на историјата и јазичното прашање. Пак сѐ се сведува на комисијата за историски прашања, каде што очигледно се крши дебатата. Според вас, дали историјата, идентитетот и јазикот се или не се дел од преговарачката рамка и дали тие ќе бидат проблем во преговарачкиот процес?

ГЕОРГИЕВСКИ: Ако добро го разбирам обвинувањето кон Весела Чернева е дека тие протоколи што долго се мислеше дека се дел од преговарачката рамка сега испадна дека не се.

ФОКУС: Но, се споменува договорот за добрососедство, а тој упатува на историската комисија и сега тука има толкувања.

ГЕОРГИЕВСКИ: Да, но тоа е општо, не е конкретно.

Дискусиите во поглед на спорот на историјата го гледам на две нивоа. Прво, Бугарија згреши што тоа го стави како главен дел на односите меѓу Македонија и Бугарија, а потоа меѓу Македонија и ЕУ, што резултираше со вето. Историјата е премногу тешко прашање за да биде главен проблем меѓу двете држави. Во тој дел, Бугарија има малку непринципиелен однос и тоа можам јасно да го дефинирам.

Бугарската историја е оспорувана во делови од романската и од српската. Целата династија на второто бугарско царство ја присвојува Романија, која вели дека тоа се нивни цареви. И, Бугарија не го драматизира тоа.

Српската историографија, надвор од официјалната историја, која вели дека постои македонска нација, исто вели дека историјата во Македонија е српска. Не треба човек многу да истражува да види дека колку видео документарни програми има на интернет колку Македонија е српска. Но, тоа на Бугарија не ѝ пречи, како што не ѝ пречи ни грчката за Егејска Македонија. Единствено за македонската историја се спремни за водат војна.

ФОКУС: Зошто мислите дека е така? Дали поради фактот што Бугарија подоминантна позиција има само кон Македонија од сите овие земји?

ГЕОРГИЕВСКИ: Па, има многу фактори. Кој е вториот момент?

Јас самиот зборувам дека македонската историографија е полна со системски фалсификати. Но, главниот проблем на бугарската историографија, кој никако не сака да го признае, бидејќи Тито или Новаковиќ им е крив, српскиот геостратег од 19 век. Никако не сакаат да видат дека главниот концепт и креација на македонската нација во денешна смисла ја прави бугарската комунистичката партија и бугарските комунистички лидери и нивни претставници.

ФОКУС: Како мислите? Нели, според нив, ние сме креација на Тито?

ГЕОРГИЕВСКИ: Многу кратко. Македонската историографија е полна со фалсификати, но сите тие првпат се напишани од членови на бугарската комунистичка партија и првпат се објавени во Софија. Сега доаѓам до македонската историографија, што е проблем ако таа треба да ја решаваме поради притисокот од Бугарија. Ние имаме сами со себе проблем.

КОДИФИЦИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА

ФОКУС: Мора да признаете дека има голем напредок и во овој дел. Се сеќавам кога пред 10 година проговоривте за бугарофили во ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше примено како контроверзно тврдење. А, денес сѐ почесто се говори за општа историја, за алтернативна вистина во однос на водачите на историското ВМРО итн.

ГЕОРГИЕВСКИ: Процесот на некои реформи на македонската историографија веќе беше длабоко почнат во Македонија. Она што го направи Бугарија со притисокот врз комисијата го запре напредокот, дури ја врати работата назад.

Можам да ви кажам дека само во архивот, и тоа во време на Никола Груевски, најмалку 100 книги се објавени, каде што се гледа таа општа историја. Факт е дека тоа не стана државна историја, но кој сака да чита – има.

ФОКУС: Нашата историографија ги селектирала фактите, некои ги истакнувала, а некои ги игнорирала, впрочем како и секоја друга. Не треба да се бега од тоа што е факт, но колку е исправна бугарската позиција да се стави рез во 45-та година? Имаме ли право на наша интерпретација во функција на денешниот македонски идентитет?

ГЕОРГИЕВСКИ: Апсолутно. Груба дефиниција на работите е дека до 45-та сте Бугарија, а потоа не. Јас сум еден од ретките Македонци што велат да – постои општа историја и за мене јасно се гледа дека македонската нација е произлезена во еден дел од сепарација од бугарскиот народ. Но, тоа не се случило со декрет и преку ноќ.

ФОКУС: Како, според Вас, се случило тоа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Некои објективни историчари велат дека политичкиот сепаратизам, кој настанал по 1878 година, е основа на тоа. Јас мислам не. Според мене, јазичниот сепаратизам е малку пред тоа. Кратковидоста на бугарската интелигенција пред 120 години, кога се правел бугарскиот литературен јазик, да земат дијалекти од северноисточна Бугарија и да ги запостават македонските дијалекти, е основа на проблемот и на создавањето на македонската нација.

Од друга страна, што е проблем да признаеме за браќата Миладиновци, Прличев, Шапкарев, Зографски… Кога само ќе ги отворите нивните книги, ќе видите две основни работи. Тие сметаат дека нивниот јазик е бугарски, но имаат жестока критика зошто не се вклучени македонските дијалекти во правењето на бугарскиот јазик.

Тоа е она што не сакаат да го видат бугарските интелектуалци. Имаме македонски јазичен сепаратизам, политички сепаратизам и конечно се појавува и македонскиот национален сепаратизам. И тоа е процес што трае 120-130 години.

ФОКУС: Нели тоа е процес што го поминале сите држави, кои дури откако се создале како посебни државни ентитети, успеале да го афирмираат идентитетот во целосна смисла?

ГЕОРГИЕВСКИ: Точно така. Ние често го употребуваме зборот кодифицирање на македонскиот јазик, и таа јазична комисија во 1945 година со Блаже Конески и уште десетина луѓе. Но, ретко употребуваме – кодифицирање на македонската нација. Целото кодифицирање на македонската нација е направено од бугарските комунисти и точно ги имам лоцирано моментите.

ФОКУС: Според Вас, испаѓа дека и Бугарија треба да ја апдејтува историјата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Апсолутно. Ние треба да направиме апдејт, ама и тие. Еве ги конкретните моменти.

Значи, во 1932 година, Коминтерната отвора дискусија за признавање нови нации и ентитети. Тоа не е само за Македонија, тоа е за молдавската нација и за цела приказна околу Советскиот Сојуз. Бугарската комунистичка партија, заедно со ВМРО-Обединета, праќа допис дека има основи да се формира македонска нација и македонски јазик.

Идеен творец на тоа е Тодор Павлов, со Димитар Влахов и уште неколку личности. Павлов е инаку најпознатиот македонски филозоф роден во Штип, кој бил број еден на теоријата на социјалреализмот, главен правец барем 40 години во сите источноевропски држави, а ние не ни знаеме дека тој човек е штипјанец.

Тие прават извештај и велат дека постои основа за македонска нација и јазик и во 1934 година, Коминтерната носи резолуција за македонската нација и јазик и почнува кодифицирањето стапка по стапка.

Таа 1934-35 година, Васил Ивановски, кој е член на АСНОМ и основач на весникот „Нова Македонија“, како и негов прв главен уредник, ја прави првата историја на македонскиот народ. Односно, прави 2 текста. Едниот текст е зошто ние Македонците сме посебна нација, прва историја на македонскиот народ. Кантарџиев му го признава тоа, вели дека татко на македонската историја е Васил Ивановски. Тој човек денес е избришан и во Македонија и во Бугарија.

Во 1935 година, на судење на членови на ВМРО-Обединета, има прво полноправно институционално признавање, односно изјаснување на еден човек во функција дека неговата нација е македонска. Тој е Асен Чаракчиев, кој подоцна по 1960-тите години станува член на кабинетот на Тодор Живков, и е директор на правењето на бугарската енциклопедија.

Во 1937 година, БКП го прави македонскиот книжевен кружок во Софија, каде што член е и Вапцаров. Во 1938 година, под влијание на Тодор Павлов, Венко Марковски ја пишува првата книга на македонски јазик, подоцна и втората. И тоа е тоа кодифицирање на македонската нација.

Првиот учебник за македонска историја го прави член на БКП, кој воопшто не е Македонец, туку е роден во Самоков и се вика Коста Веселинов. Воопшто не се коментира ни овде, ни во Бугарија. Тука е проблемот што сакаат да го скријат пред сопствената јавност. И, ако треба да правиме реформи на македонската историја, треба и тие.

УКРАДЕНА ИДЕОЛОГИЈА

ФОКУС: Како ВМРО-НП сте дел од владата. Доаѓаат претседателски и парламентарни избори. Како ќе настапите?

ГЕОРГИЕВСКИ: ВМРО-Народна партија во оваа коалиција е најспецифична, и можеби најмногу боде очи ако погледнете идеолошки. Но, од друга страна, имаме посебна одговорност. Гледате излегуваат од таа коалиција, одат наваму-натаму. Ние не може да си го дозволиме тој луксуз, не сакаме да имаме имиџ на предавник. Ние ќе ја покажеме таа лојалност веројатно до крајот на овој мандат.

ФОКУС: Дали сте задоволни од учеството во владејачката коалиција?

ГЕОРГИЕВСКИ: Слободно можам да кажам не! Не сме задоволни од целото учество во таа структура, не сме задоволни од многу постапки. Нѐ држи евроатланската интеграција, тоа е крупната тема што не е за потценување. И нѐ држи чувството на лојалност.

Ако има една изборна единица, за што навиваме, тогаш нема дискусија и ќе учествуваме сами или во некаква коалиција. Нека имаме некаков праг, но нека не биде 5, туку 2 посто. Некаков минимален праг да се стави.

ФОКУС: Како промените во СДСМ и заминувањето на Заев се одрази во владината коалиција? Какви односи имате со Ковачевски?

ГЕОРГИЕВСКИ: Таа комуникација е ретка, кога има собир на сите политички партии.

Знам дека кога Заев нѐ собра да каже дека дава оставка, партиите, особено албанските, инсистираа да остане, но тој беше 100 отсто решен. Многумина не можеа да го разберат, но јас го имав разбрано, зашто сум поминал таков пат. Кога ми пукнал филмот од сѐ.

Тој се почувствува изигран од ЕУ, од страна на бугарската политика, зашто тој многу вложи во таа бугарска политика и не знам зошто толку лесно таа го жртвуваше Заев. И, сфати дека не може ништо повеќе да направи во тој момент.

ФОКУС: Дали имате некакви контакти со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи откако дојде Мицкоски на чело на партијата, се доби впечаток дека некако ги приближувате позициите?

ГЕОРГИЕВСКИ: Јас овој однос на ВМРО-ДПМНЕ, како најантибугарска и истовремено најпросрпска партија, не можам да го сварам. Оној кој ја знае историјата на старото ВМРО во сите фази и кој го памети ВМРО од 90-та година што го формирав и водев јас, можам слободно да кажам, е украдена идеологија.

СРБИЗАЦИЈА ВО СИТЕ СФЕРИ

ФОКУС: Дали реално има просрпски сентимент во ВМРО-ДПМНЕ или се работи за популизам, односно раководството се подведува од генералното расположение меѓу народот?

ГЕОРГИЕВСКИ: ВМРО-ДПМНЕ денес оди со теза нема да дозволиме бугаризирање на Македонија. Во што сме ние бугаризирани? Со тоа што имаме еден канал на телевизија што никој не го гледа? За жал, ВМРО-ДПМНЕ уште од времето на Груевски е носител на една перфидна политика за наводна одбрана на идентитетот, додека во суштина ја србизираат Македонија. Се борат против бугаризирање, додека гледаме врв на србизирање на Македонија. Гледаме србизирање во сите сфери – културата, уметноста, спортот… Кога играат македонска и српска екипа, се навива за српската екипа.

Во 1990-тите, тоа се прикриваше со Југословени – Македонци. Денес имаме отворено србизирање. Да не зборуваме како брутално се прославуваат српските шовинистички празници во Македонија. Како добро утро ни стана прославата на Куманово-Забрењак, најцрниот ден во македонската историја, кога Србија ја окупира Македонија. Секоја година си правиме манифестации и слушам толкувања од македонски патриоти дека тоа било ослободување на Македонија од Турците.

Деновиве во Штип беше одбележана 110-годишнината од брегалничката битка и откривање на обновената спомен-плоча. Најскандалозниот момент е што Зоран Антиќ, државен секретар во владата на Србија, во својот говор Македонија ја нарече стара Србија и јужна Србија, а сето тоа пред македонски војници и владини и претставници на локалната власт.

Имате два-три сајта, Срби во Македонија, Србомакедонци и Спона, каде што отворено се заговара теза дека ВМРО се бугарски службеници и агенди, а македонскиот народ е српски народ. Има стотици такви текстови на тие сајтови и никој не реагира.

ФОКУС: Зошто, според Вас, вакви активности поминуваат мирно и без поширока реакција? Дали можеби затоа што официјалната српска државната политика е коректна кон Македонија?

ГЕОРГИЕВСКИ: Но, гледаме политика на активно србизирање. Нашата информативна програма е преполна со вести од Србија. Некои портали се специјализирани за некрофилство, знаеме за секој што умрел во Лесковец, за секоја сообраќајна несреќа во Шумадија, за секој што ја претепал жената во Србија…

Ние моментално сме дел од српскиот свет по сите елементи. Освен што од Србија ни доаѓа изјава вие сте Македонци, сѐ друго е во функција на србизирање на македонскиот народ.

„Алфа ТВ“ направи проблем за еден бугарски канал на кабелска, а не гледа дека на сопствената културно-филмска програма какви програми дава, а уште помалку не гледа дека има 40 канали од Србија.

ФОКУС: Колку сте задоволен од Македонија каква што е денес? Од ова што го говорите произлегува дека поинаку сте ја замислувале во 90-тите години, кога и најголемите противници ви признаваат дека најгласно сте се бореле за независност и самостојност?

ГЕОРГИЕВСКИ: Кога ја воскреснав идејата за независна и самостојна Македонија и кога го направив ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што денес не ми признаваат најмногу од ВМРО-ДПМНЕ, знам едно. ВМРО-ДПМНЕ беше направено да ја отцепи Македонија од Србија. И главниот проблем во првите 11 години беше борбата против српскиот шовинизам и концептот да се направи македонска држава.

Тоа не беше романтична приказна, имајќи ги предвид интервенциите на Милошевиќ кон Словенија, Хрватска, Босна, Косово и оној што сака да го релативизира тој период прави замајување на јавноста од тежок вид. Концептот беше Македонија да биде држава каде што македонскиот народ ќе бидат Македонци во целосна смисла на зборот, а главниот проблем беше десрбизирање и дејугословенизирање.

Денес, по 30 години, кога гледам дека сме дејугословенизирани, но многу србизирани, не можам да кажам дека не сум разочаран. Ако направите една анкета и прашате дали сакате Македонија, не да се врати Југославија, туку да се спои со Србија, сигурен сум дека 80 отсто од Македонците без Албанците ќе гласаат за тоа.

ФОКУС: Дали по толку години останувате на ставот дека државата ќе беше подобра ако успееше концептот за трампа што своевремено го заговаравте?

ГЕОРГИЕВСКИ: Да!

РЕАЛНО Е ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ ПРЕД 2030 ГОДИНА АКО ГО ФАТИМЕ МОМЕНТОТ СО УКРАИНА!

ФОКУС: Реално ли е до 2030 година да станеме членка на ЕУ, како што оптимистички најавуваат Ковачевски и владата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Јас мислам дека реално е и побрзо. ЕУ воопшто немаше позиција Западен Балкан да го внесе во ЕУ. Многу луѓе забораваат што се случуваше овие 30 години. Југословенската криза, бомбардирањето на Милошевиќ ја промени таа политика и тогаш под влијание на Грција и Симитис се смени позицијата.

Во моите 4 години, ЕУ рече дека Западен Балкан може во ЕУ, па се правеа тие конференции за Југоисточна Европа. Македонија беше прва земја кога во Загреб, пред Хрватите, со завист во нивните очи, потпишавме договор за стабилизација и асоцијација, што практично беше кршење на моментот дека Западен Балкан може да влезе во ЕУ.

Како што беше таа криза, сега е кризата со Украина, која го забрзува процесот на влез во ЕУ и тие моменти не можеме да ги пропуштиме. Може по само 3 години да не биде иста ситуацијата. Да се надмине кризата, цела атмосфера ќе падне и ќе нема интерес.

ЗА ДА ПОМИНЕ ПРОЕКТОТ СО АВТОПАТИШТАТА СЕ СУСПЕНДИРАА МНОГУ ЗАКОНИ

ФОКУС: Имавте многу критики за автопатските делници. Што, според Вас, е најголем проблем – бајпасирањето на државата преку заобиколување на низа закони? Или и вие гледате корупција?

ГЕОРГИЕВСКИ: Темата за корупција виси во воздухот. Ние зборуваме за Европа, интеграција. Во таа насока има 2 крупни моменти. Ако влеземе во ЕУ, овој и многу други автопатишта ќе ги правиме со пари на ЕУ, како што се прават во Бугарија, Хрватска, Грција…

За да помине овој проект, се суспендираа многу закони, а сите тие се донесоа со реформите за ЕУ. Се злоупотреби европско знаменце. Зошто ги менуваме овие закони за ова, а за сѐ друго останува исто? Во демократска држава има некои правила и процедури.

Поврзани новости