(АРХИВА) Интервју со Фатмир Лимани: Семејството Ахмети злоупотребија 5 милиони франци од фондовите на ОНА!

by fokus

Интервјуто е објавено на 12 јули 2023 година во неделникот Фокус со број 1.449.

Лимани беше заменик-директор на ЕЛЕМ како кадар на ДУИ, но се разиде со матичната партија, па на последните локални избори истрча како независен кандидат за градоначалник на Кичево по што направи трансфер во опозициската БЕСА, која, како што најавува, ќе победи на следните избори заедно со Алтернатива, „огнените“ и гласачите на АА. Тој на јавноста ѝ е познат како внук на Али Ахмети поради што неговите критики на сметка на лидерот на ДУИ добиваат специфична димензија и тежина. Во интервју за неделникот „Фокус“ зборува како семејството Ахмети го стекнале богатството и каде сѐ имаат имот. Според него, во имотното портфолио на семејството Ахмети влегуваат пасишта, каменолом во Буковиќ, бачила, вили во земјава, како и во соседна Албанија. Воедно, обвинува дека семејството Ахмети контролира и дел од бизнисот со канабис

Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: Јавноста ве препознава како внукот на Ахмети, кој се свртел против својата партија, па може ли да кажете кој е Фатмир Лимани?

ЛИМАНИ: Потекнувам од скромна фамилија, како и секоја по Втората светска војна, која пред и над сѐ е склона на чесна работа и зачувување на дигнитетот. Основно, прва и втора година средно учев во Кичево, трета и четврта година средно во Приштина. Високо образование завршив на Тетовскиот универзитет (прва генерација). Учесник бев на студентските движења за подобра иднина и зачувување на правата и слободите на сите што живеат на ова поднебје. Поборник и противник сум на сите политики што не овозможуваат простор за развивање на стручниот кадар во родниот крај.

ФОКУС: Според Вашите тврдења, семејството Ахмети пред 2001 година биле сточари и земјоделци и секогаш биле на работ на егзистенцијата.

ЛИМАНИ: Секоја индивидуа, личност, фамилија, населено место, град, држава, континент има своја „лична карта“, каде што се наведени: име, презиме, потекло, имот, професија, линија на движење, загуба, развој. Нашата земја има илјадници сточари и земјоделци, но досега немам слушнато некој од нив да станал милионер. Семејството на Ахмети се занимавало со сточарство и со земјоделие, но во тие времиња немаа доволно пасишта и никој не им доделуваше субвенции по глава на стока или по хектар. Во денешно време немаат глави на овци и говеда колку што им се доделуваат субвенции. А за пасишта и парцели за градење ќе треба да се обратите кај институциите што ги делат истите.

ПРОНЕВЕРЕНИ 5 МИЛИОНИ ФРАНЦИ

ФОКУС: Тврдите дека нивното богатство го стекнале по војната на сомнителен начин, дека ги искористиле непотрошените фондови што останале по војната и не дале информација како биле потрошени фондовите „Повикува родниот крај“ и „Народно ослободување“. Како се полнат овие фондови?

ЛИМАНИ: Фондовите се полнат со средства, пари, обезбедени од албанските иселеници што работат и живеат во европските земји, Канада, Америка и во Австралија. Тие и ден денес плаќаат кредитни стапки и долгови за да се пополнат горенаведените фондови што се злоупотребија по завршувањето на војната. Водачите на ОНА не дадоа информација за тоа колку средства се собраа, колку пари беа потрошени на дневна и месечна основа, за што се потрошија и колку средства останаа на крај на сметките на ОНА, каде завршија и што се направи со тие пари.

ФОКУС: За колку пари се работи?

ЛИМАНИ: Според моите сознанија, околу 5 милиони франци, долари и други валути останаа на сметка и се поделија. Кои беа челниците што зедоа дел од тие пари и по колку пари поделија? Колку пари зедоа од Европската заедница за разоружувањето?! Каде завршија тие пари? За овие и многу слични прашања ќе треба да даде информација водачот, кој до ден денес ни реченица не проговори за тоа.

ФОКУС: Каде има пасишта и парцели семејството Ахмети и како дошле до ова земјиште?

ЛИМАНИ: Лесно е да се дојде до точни информации, има институции што може да обезбедат документација за нивниот имот. Дирекцијата за пасишта при Министерството за земјоделство може да даде информации кои пасишта биле во сопственост на семејството Ахмети пред и по војната на 2001 година. Одделот за доделување субвенции да дадат информации на кои сточари и земјоделци им е доделено земјиште и субвенции по глава на добиток.  А истовремено да се види колку средства зеле членовите на фамилијата Ахмети, а колку вредните сточари, кои мака мачат за да врзат крај со крај. Овие информации потоа треба да се споредат со имотот пред и по 2001 година.

ИМААТ И ХИДРОЦЕНТРАЛИ

ФОКУС: Што уште поседуваат тие, според Ваши информации?

ЛИМАНИ: Тесниот круг на нивната фамилија имаат пасишта во Буковиќ и „Дарда Кула“, каменолом во Буковиќ, бачила и пасишта на Буковиќ, бачила и пасишта на Дарда, бачила и пасишта во битолскиот крај. Потоа вили во Буковиќ и Дарда. Потоа, земјиште во месноста Голем во Драч – Албанија, вила во месноста „Ѓири и Лалзит“ , прочуена плажа во Албанија, а имаат фирми и станови, од кои дел се на нивно, а дел на други имиња. Но, и возен милионски парк, лимузини „порше“, „ауди-А“, џипови. Парцели и дворови купени и приватизирани по 2001 година, кои граничат со нивните куќи во селото Зајас. Сето ова богатство е пријавено како имот, кој вреди само 100.000 евра.

ФОКУС: Каде имаат хидроцентрали и на што ги темелите сите овие информации? Од каде црпите податоци?

ЛИМАНИ: Имаат десет мегавати фотоволтаична централа, нелегално градена и вклучена во систем, во РЕК „Осломеј“, каде што имаат удел. Три хидроцентрали по еден мегават во Бачишка Река. Дел е сопственост на семејството Ахмети, во договор со фирмата што ги реализирала проектите.

ФОКУС: Како објектот на партијата во Чаир и во Тетово е, како што велите, лично на Ахмети, а се водат на име на партијата?

ЛИМАНИ: Факти за оваа информација имате во објавените прислушувани разговори каде што Ахмети во разговор со еден негов сопартиец го моли да се продаде еден од објектите под пазарна цена. Лесно е да се дојде до точни сознанија преку Катастар за тоа. Кој беше имотот пред 20 години и сега на ДУИ. ДУИ е основана како социјал-демократска партија, но со текот на времето е преориентирана во тендерско-капиталистичка партија. Последните два мандати ги користи за да ја исцица и сржта на државата.

ФОКУС: Зборувате и за судска постапка за Ахмети во Швајцарија бидејќи користел пензија како инвалид со дијагноза. Како завршила оваа судска постапка?

ЛИМАНИ: По војната, во повеќе наврати имаше написи во дневни германски и швајцарски весници, кои детално информираа за покренување постапки против Ахмети, а во врска со злоупотребата направена играјќи симулант, користејќи го пензискиот швајцарски фонд како инвалид две децении. И до овие информации се доаѓа преку Министерството за надворешни работи. Но, по изборите, бидејќи сега челникот на Министерството е човек од доверба на Ахмети, нема да добиете никаква точна информација во врска со ова. Треба да се води постапка со која ќе се дојде до сите информации, но со овој состав на владата и фамилијаризираните институции, судство и Јавно обвинителство, ќе нема „бел ден“ за оваа земја.

ЦЕЛИОТ КАПИТАЛ СЕ ВЛЕВА ВО ДУИ

ФОКУС: Внукот на Ахмети, Дрин Ахмети, во јавноста се прикажа како успешен млад бизнисмен што купува дел од деловниот центар „Соравија“. Всушност, цело семејство Ахмети се поврзани со фирми. Кога почнаа да се занимаваат со бизнис?

ЛИМАНИ: Вистина мислите дека членовите на фамилијата Ахмети се генијалци во бизнис?! Се согласувам само со една констатација, а тоа е дека се професионалци за криминал и присвојување туѓ имот. Искористувајќи ги позициите, ги пикаат рацете во секоја институција, исцрпувајќи средства што им припаѓаат на народот. Тие искористиле дел од општествените средства што треба да им се доделуваат на граѓански здруженија, кои навистина се занимаваат со развивање на општествените интереси. Ја имавте и последната вест каде што се злоупотребени средства за иновативни цели. Замислете, модерен сточар со вратоврска, каква иновација би направил во денешно време, горе на Буковиќ. Триесет и двомилионски профит за две години од фирма што работела за десет години со загуба.

ФОКУС: Дали сега капиталот во државава се сели во ДУИ, со оглед на тоа што голем број бизниси и објекти се поврзуваат со имиња блиски до ДУИ?

ЛИМАНИ: Не само легалниот капитал на државата, туку и подземните бизниси се влеваат во нивните каси, трезори и сефови. Тие контролираат и дел од парцелите посеани со канабис-сатива, а за кои обезбедиле лиценци за продажба на масло за здравствени цели, но сите ние сме сведоци дека стеблото и листот на марихуаната завршува во рацете на дилери со опојни дроги. Само последните три години се конфискувани со тони опојни дроги при влез во Кичево. А сторителите, по два-три месеци, ги гледате како се шетаат слободно низ градот и ја продолжуваат својата нелегална работа.

ФОКУС: ДУИ е повеќе од 20 години на власт и ниту една опозициска албанска партија не успеа да ги урне, и покрај сите сомнежи за криминал. Зошто?

ЛИМАНИ: По војната во 2001 година, ДУИ оствари комоција што ја искористи на сите изборни циклуси. Инфилтрираше членови на подограноци и ограноци на опозициските партии од кои црпеше информации за нивните одлуки и преку нив влијаеше на нивните одлуки, кои во дадени моменти беа во полза на ДУИ. Инфилтрираше членови, кои успеваа да се рангираат на пратеничките листи на опозициските партии, а кои во критични моменти му држеа баланс на ДУИ, за да опстане во власта. Факт за ова се и преминувањата на пратеници од опозицијата во нивните редови.

ФОКУС: Да, но како обезбедува гласачи толку години?

ЛИМАНИ: Ги искористуваше по план и на определено време сите категории на албанскиот народ, почнувајќи од инвалидите од војната, ја вклучуваше јавната администрација од каде што обезбедуваше определен број на гласови, а кои не се малку на број. Војници од кои дел беа вработени во јавната администрација, дел со партиски плати, а на дел им обезбедуваа плати земајќи им на функционерите на ДУИ по 5 отсто од нивната плата за да им обезбедат плата на партиските „војници“. Политички затвореници на кои им помагаа преку различни проекти, од кои обезбедуваа средства за нивно контролирање во текот на овие две децении. Партиски „војници“, кои беа и се вклучени во општински и владини проекти, а со кои обезбедуваат плати за нив и баланс за да не ја изгубат власта.

Над 400 директори, секретари и заменици се функционери на централно ниво во државата, кои ги искористуваат во тек на изборни кампањи. Секоја општина има над 100 директорски места во основни и средни училишта, кои има преку 1.000 вработени, наставници, кои ги контролираат и искористуваат ДУИ, за свои цели.

Вработените во полиција, одбрана, здравство, социјалните установи и социјалните случаи, сите вработени и именувани по партиска линија, и ред други институции во кои ДУИ има вметнато долги корени, му гарантираат победи и власт.

КОРЕНИ ВО СИТЕ ИНСТИТУЦИИ

ФОКУС: Сепак, не се победува 20 години на избори само со врзани луѓе.

ЛИМАНИ: Да не заборавиме на главната формула на ДУИ, а тоа е промовирајќи лажни проекти од типот „Зелена агенда“ преиначена во уништување на планините, продавајќи ги дрвата под цена на тендераши што имаат свои пилани, а кои се во сопственост на пратеници и партиски функционери.  „Премиер Албанец“, за реализирање соништа со отворени очи. „Зошто не“, канабис, дрога, ракија, проституција, иселување и депортација на младите. Треба да се наведе и најновото мото на ДУИ, со кое се обидува да ни „соли“ памет, а тоа е: „Заедно да ја крадеме и Европа“. Споменатите и милион други глупости го доведоа младиот, студентот, работникот и пензионерот до работ на егзистенцијата.

ФОКУС: Како дојде да станете дел од БЕСА, со оглед на тоа што се кандидиравте како независен?

ЛИМАНИ: Мислам дека ДУИ беше поразена на локалните избори во Кичево, ако се земат предвид нивните коалициски партнери. Јас како независен кандидат имав околу 5.000 гласови и настапував сам. А ДУИ, беа во коалиција со СДСМ и со челниците на опозициските партии, кои шест месеци претходно се припоија на ДУИ. Потег кој им ја симна маската и го уверија народот дека фракциите во ДПА ги контролирала ДУИ, мислам на поранешниот челник на Алијанса за Албанците.  Освоениот резултат во Кичево нѐ направи атрактивни кај опозициските партии, кои не беа структурирани добро на терен, во Кичево, по што побараа да почнеме преговори, прво со Алијанса, а потоа и со движењето БЕСА. По неколку состаноци и со одлука на членовите што беа во составот на штабот на независната кандидатура, одлучивме да се припоиме со движењето БЕСА.

ФОКУС: Ставовите на „огнената група“ во ДУИ веќе почнаа да се разидуваат. Едни се за нова партија, други се „против“.

ЛИМАНИ: Не се работи само за една група, во ДУИ веќе функционираат три фракции. Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи со компанија тендераши, кои не се заситуваат злоупотребувајќи ги нивните позиции за нивно збогатување. „Огнената“ предводена од Изет Меџити, која беше заменета со структури на Алијанса. И Фатмир Дехари, градоначалникот на Кичево, кој има сериозни проблеми на локално ниво со фирмите на семејството Ахмети, а кои се обидуваат да станат дел од профитот од тендерските постапки предводени од Општина Кичево.

ФОКУС: Од кои тендерски постапки конкретно?

ЛИМАНИ: Посвежа тендерска постапка е мрежната канализација во Зајас (милионска сума), која нема завршница од причина што трипати се поништува, бидејќи не постигнале договор за зделка меѓу двете групи. Фирмите на семејството Ахмети до пред една година пријавиле загуба, а сега произлегува дека се дел од милионски суми. Овие случаи покажуваат дека во нивните фирми има прикривање данок, но власта ги амнестира бидејќи претпоставените на позициите што треба да го зачувуваат државниот буџет се во сродство со нивните семејства.

ФОКУС: Кои фирми ги добиваат тендерите?

ЛИМАНИ: Фирмата „АС – Сењак“, која до вчера беше потоната во долгови, камати и загуби, од моментот кога се спријателија со семејството Ахмети (ќерката на сопственикот на оваа компанија е свршеничка на синот на Ахмети) станаа милионери и се дел од секоја зделка. Селаудин Арифи, сопственик на „АС – Сењак“ и „Дукла“, учествувал на 99 отсто од тендерските постапки со своите фирми и ги добил, а по Закон за јавни набавки е забрането да се затвори постапка со само еден набавувач.  Имајќи ги предвид горенаведените факти и многу други противзаконски постапки, мислам дека државата тоне во корупција и во тежок криминал. Единствен излез од оваа ситуација се предвремени избори по кои ќе се формира влада, која ќе донесе Закон за конфискација на имотот, за тие што немаат покритие од каде им е стекнат.

ИМАВ ПЛАТА ПОВИСОКА ОД МИНИСТЕР

ФОКУС: На кои државни функции бевте додека бевте дел од ДУИ?

ЛИМАНИ: Бев на позицијата заменик генерален директор на ЕСМ (ЕЛЕМ), која во европските земји (кај нас поради политички цели е оставено како Акционерско друштво) е позиција слична на заменик-министер за енергетика, бидејки ЕСМ (ЕЛЕМ) за една година имаше обрт на средства околу милијарда и петстотини милиони евра, значи половина од буџетот на државава. Да беше мојата оставка од лични интереси, мислам дека таа позиција е врв на бенефитите во државата. Мојата плата беше повисока од еден градоначалник, заменик-министер, министер. Платите на вработен и бенефитите на еден функционер во ЕСМ (ЕЛЕМ) се стотина пати поповолни од сите вработени и функции во јавната администрација на државата.

ФОКУС: Што ве натера да заминете од ЕЛЕМ?

ЛИМАНИ: Решив да дадам оставка и да излезам како независен кандидат поради иселувањето на младите од државата, поконкретно од Кичево, лошото менаџирање со општината, а кое се рефлектира со иселување и губење на надеж кај младите.  Потоа поради партиските и семејните вработувања, кои придонесоа да се изгуби надеж кај стручните лица, дека еден ден професионалците ќе дојдат на ред. Нерешените проблеми со депониите, кучињата скитници, канализацијата, патната инфраструктура, која се гради без никој стандард, дивите градби, образованието, здравството и ред други проблеми за кои ДУИ немаше слух да ги реши, бидејќи е насочена во бизнис, криминал и лични интереси.

БЕСА И АЛТЕРНАТИВА ОДАТ ЗАЕДНО, СО „ОГНЕНИТЕ“ ЌЕ ГИ ПОБЕДИМЕ ДУИ!

ФОКУС: Имаше приближување на ставовите меѓу БЕСА и Алтернатива, па дали би дошло до поголемо окрупнување на албанските опозициски партии против ДУИ, заедно со Алијанса на Албанците, кои се во Влада?

ЛИМАНИ: Алтернатива и движењето БЕСА имаат договор за меѓусебна соработка за следните парламентарни избори. Соработката со Алијанса е на ниво на членство и на терен бидејќи сите тие што „војувале“ против ДУИ во последните 10 години, се припојуваат на нашите редови од причина што не се согласуваат да бидат дел од криминалот на структурите на ДУИ, кои за две децении ја ограбија и ја опустошија земјава до мера да се изгуби надеж кај секого дека во оваа држава нема перспектива.

ФОКУС: Дали комуницирате со некој од „Огнената група“?

ЛИМАНИ: Имам контакти со „огнената група“. Убеден сум дека разговорите ќе завршат со договор, кој ќе служи за заедничко настапување на идните избори, било тоа да се предвремени или регуларни. Доволно е во групата да се заедно Изет Меџити, Висар Ганиу, Башким Асани и претставник на тетовскиот крај, и со нив да се соединиме, за почеток на заеднички листи, и со ова е загарантирана и запечатена победата на обединетите, движењето БЕСА, Алтернатива, „Огнената група“ и гласачите на Алијанса, кои се разочарани од нивните лидери.

 

 

Поврзани новости