(АРХИВА) Интервју со Фани Каранфилова: Ризикуваме изолација и застој во најопасниот период во поновата историја на Балканот!

Новата заменик-претседателка на СДСМ во интервју за „Фокус“ истакнува дека нема да кокетираат со национализмот, нема да потикнуваат реторика на омраза и поделби и нема да толерираат застранување од вредностите на солидарност и грижа за сите, особено за најранливите, туку ќе докажат дека се патриоти низ заедништво, себепочитување и почит кон граѓаните, како и низ спроведување на инклузивни политики кои носат напредок.

by Фокус

Текстот е објавен на 05 декември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.522.

По речиси тридецениска ангажираност во граѓанското општество, Каранфилова-Пановска одлучи дека е дојдено време да почне да се занимава со политика, прифаќајки ја поканата на Филипче да стане заменик-претседателка на СДСМ. Иако реномето на политичките партии е многу извалкано и граѓанското ангажирање во политичка партија е сведено на „ерес“, сепак, Каранфилова смета дека сите кои имаат знаење и интегритет не треба да бегаат од партиско-политичкото организирање. Притоа, таа смета дека СДСМ во минатото направила многу грешки во делот на справувањето и санкционирањето на корупцијата, дека не посветила доволно внимание за обезбедување широк општествен консензус околу преговарачката рамка со ЕУ, како и дека го заборавила она „нема правда, нема мир“ од Шарената револуција. Затоа, порачува дека опозициската партија во иднина не смее да си дозволи потфрлања во носечките столбови на социјалдемократската идеја и дека мора сериозно да го спроведува принципот на заслуги заради квалитет, компетенции и стручност во селекцијата на кадрите кои ќе работат на креирањето и реализацијата на политиките. Според неа, СДСМ добивал секогаш кога бил доследен на вредностите на својата опција и губел секогаш кога бегал од својата вредносна оска и се претворал во бледа копија на оригиналот.

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Уште по повлекувањето на Радмила Шекеринска, постојат дилеми дали да се укине функцијата заменик-престседател на СДСМ. Сепак, очигледно е дека во овие внатрепартиски дискусии преовладуваат аргументите да остане оваа статутарно предвидена партиска функција, а Вие на последниот Конгрес бевте избрана за третата заменик-претседателка на СДСМ. Како дојде до тоа?
КАРАНФИЛОВА: Прво, сакам да ја поздравам одлуката на претседателот Венко Филипче партијата и понатаму да има заменик претседател согласно статутот. СДСМ е единствена партија која има ваква позиција, при што за изборот на кандидат за оваа позиција се почитува родовиот баланс, се разбира покрај сите квалитети кои треба да ги поседува кандидатот т.е. кандидатката.

На тој начин, СДСМ покажува дека вредностите, стандардите и политиките за кои се залага директно се огледуваат и во партиската поставеност на раководството. Тука, пред сѐ, мислам на демократскиот капацитет во однос на креирањето политики и носењето одлуки и родовата перспектива.

ФОКУА: Кои беа причините и мотивите да ја прифатите понудата од страна на Венко Филипче?
КАРАНФИЛОВА: Што се однесува до мојата одлука да се нафатам за оваа позиција, јас уште од мојата рана младост, скоро 30 години сум силно општествено ангажирана во рамки на граѓанското општество. Случувањата во државата и општеството на политички план никогаш не ме оставале рамнодушна и преку мојот ангажман секогаш сум работела во интерес на граѓаните и државата.

И во оваа смисла, во текот на мојот личен и професионален развој секогаш сум била дел на организации од каде тоа сум го правела на организиран начин, согласно стратешки планови, програми за работа и проекти кои секогаш имале за цел да испорачаат и конретни резултати кои директно придонесувале за решавање на проблемите со кои сме се соочувале како граѓани.

Моите убедувања отсекогаш и единствено биле блиски до социјалдемократските идеи и тоа во најлиберална смисла на овој концепт. Чувствувам огромна одговорност пред самата себе, но и пред сите граѓани дека ако сакам работите да се променат мора да бидам активен чинител во процесот, а не само пасивен набљудувач и коментатор од страна. Знаев дека секоја друга одлука ќе биде калкулантска и лично и општествено неодговорна.

И затоа, одлучив сето моето знаење и искуство стекнати дома, регионално и меѓународно, да ги ставам на располагање и во функција на СДСМ. Сметав дека морам да се обидам и да направам максимум што можам и умеам за социјалдемократијата во Македонија, која за жал, не само кај нас туку и глобално, се соочува со сериозни предизвици.

Воедно, цврсто сум убедена дека тоа е единствената политичка и идеолошка опција која ги гарантира темелите на државата и обезбедува гаранции за опстанок и развој како демократско општество. Цврсто верувам дека Македонија може да напредува само ако сите граѓани обединети во својата различност ќе бидат рамноправни и еднакви во политичкиот, економскиот и социјалниот живот дома.

Ова е основата на социјалдемократските политики и новата платформа на СДСМ која ќе ја развиваме со која ќе ја бараме поддршката на граѓаните. Истовремено, силно верувам дека државата ќе напредува и ќе се развива, а со тоа и секој граѓанин на оваа држава, само ако бидеме рамноправен сојузник, партнер и одлучувач во меѓународни алијанси и организации, пред сѐ во НАТО и во Европската Унија.

И на крајот, се разбира не и најмалку важно, ги познавам квалитетите кои со себе ги носи Филипче. Станува збор за личност со големи професионални постигнувања зад себе, амбиција, посветеност, упорност, човечност, искреност и емпатија. Тој ми даде безрезервната доверба и поддршка во процесот на носењето на мојата одлука и тие меѓудругото беа клучни да се нафатам за оваа сериозно одговорна функција.

ФОКУС: Какви цели и очекувања имате од новата функција и од СДСМ?
КАРАНФИЛОВА: Ценам дека како тим и заедно со сите другите новоизбрани колеги во раководството на партијата, со многу работа, со многу посветеност и многу доследност во политиките ќе направиме пред сѐ разлика и промена, која граѓаните и членовите на СДСМ силно ја бараат. Верувам дека ќе го вратиме СДСМ на вистинскиот колосек, а сето тоа на крајот ќе ги даде посакуваните резултати.

СИЛНА ГРАЃАНСКА ПАРТИЈА

ФОКУС: Меѓу другото, пред делегатите на Конгресот рековте дека Вашиот начин на размислување е многу поблизок до граѓанското општество отколку до политичките партии, па, имајќи го тоа во предвид, зошто одлучивте да го замените граѓанскиот сектор со политиката?
КАРАНФИЛОВА: Видете, политичките партии се исто така форма на граѓанско здружување, со тоа што клучната разлика е во тоа што политичките партии се борат за власт, на избори, а граѓанските организации не.

Но, и обете структури имаат обврска и задача секогаш да му служат единствено на јавниот интерес и на интересите на граѓаните и заедницата, а тоа особено важи за политичките партии кога делуваат од позиција на власт.

ФОКУС: Сепак, општ впечаток е дека кај нас партиите и политичарите се доживуваат како нешто негативно, па затоа многу „непартиски“ луѓе бегаат од нив.
КАРАНФИЛОВА: Реномето на политичките партии кај нас е многу извалкано и деградирано, така што граѓанското ангажирање во политичка партија за жал, се перцепира и е сведено на „ерес“. Но, тоа сметам дека не треба да ги обесхрабрува оние кои сакаат и имаат знаење да се приклучат во водењето на политиките во државата. Преминот од граѓанска организација не е ништо ново ниту погрешно и многу честа појава во демократските земји.

На крајот од краиштата, за што ќе бидеме ние од нашата генерација одговорни пред нашите деца, ако сите кои знаеле, умееле и имале личен и професионален интегритет, бегале од партиско политичкото организирање и од директно вклучување во носењето на одлуки и политики? Што ќе се случи во таква ситуација? Кој очекуваме дека тогаш ќе ги заземе тие позиции, ќе одлучува во наше име, ќе ни ја води државата и ќе ги штити нашите интереси како граѓани?

Мојата одговорност, чесност и искреност пред самата себе, при одговарањето на сите овие прашања беа пресудни во носењето на мојата одлука да го прифатам предизвикот и функцијата. Ова воопшто не значи дека граѓанското општество треба да се претопи во политичките партии или на било кој начин политички да се компромитира, напротив. Тоа мора да остане гласен, силен и доминантен коректор на политиките во државата.

ФОКУС: По изборот, Филипче изјави дека се познавате долго време. Па, колку долго се познавате и дали сте имале одредена соработка додека тој извршуваше висока државна или партиска функција?
КАРАНФИЛОВА: Со Венко се познаваме долго време, го знам пред сѐ како лекар и хирург. Нашата професионална соработка која била отсекогаш многу отворена, конструктивна и давала резултати, датира од времето кога беше Министер за здравство во периодот 2017-2022 година.

ФОКУС: На кое ниво и на каков начин соработувавте?
КАРАНФИЛОВА: Во тој период, јас бев Извршна директорка на Фондацијата отворено општество-Македонија (ФООМ), која како дел од својата стратегија во центарот на своите интервенции ја имаше социјалната правда.

Во тие рамки, ФООМ имаше големо програмско портфолио, чија главна цел беше поддршка на јавното здравје, вклучително и политиките за здравствена заштита и пристапот до здравствени услуги, пред сѐ за маргинализираните заедници.

Благодарение пред сѐ на отвореноста и поддршката на Филипче во тоа време, успеавме значително да се зголемат средствата во буџетот на Министерството за здравство, наменети за поддршка на програмите за превенција од ХИВ, пари кои сега новата Влада на пример ги сведе на минимум.

Дополнително, се спроведе инклузивен процес на измени на Законот за здравствена заштита, со чиешто донесување се воведоа новини кои беа на линија на современите пристапи во здравствената заштита.

Имаше и многу други иницијативи и проекти и слободно може да кажам дека Филипче беше еден од ретките министри кој покажа широк демократски капацитет за соработка со организациите кои делуваат во доменот на здравствената заштита и здравјето, и ги градеше здравствените политики токму со нив и со самите пациенти.

Во смисла на овој негов сензибилитет сметам дека СДСМ под негово водство, а сега и со моја поддршка, може да направи многу за СДСМ да стане силна граѓанска партија.

ФОКУС: Кога тој вели дека Вие верувате во социјалдемократските вредности, што поточно значи тоа? Дали се работи за оние вредности за кои говоревте во контекст дека вредностите на отвореното општество се поклопуваат со вредностите на социјалдемократската опција – слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет…?
КАРАНФИЛОВА: Да, апсолутно, токму така!

Филозофијата на отвореното општество се заснова на вредностите за тоа дека граѓаните треба да бидат слободни, а нивните човекови права треба да бидат заштитени и почитувани, а пред сѐ и основно, правата на различните и тоа во секоја смисла на зборот – етнички, верски, по род, сексуална ориентација, со или без попречености, партиска припадност, итн.

Медиумите и новинарите да бидат слободни и независни, а дијалогот и различните мислења да се сметаат за привилегија. Тоа се вредностите на владеење на правото и доброто управување со институциите и ресурсите на граѓаните.

Граѓанското општество да биде слободно, разнолико, динамично и гласно во својата улога на главен надгледувач и коректив на властите, а правдата, особено социјалната правда, да биде достижна за сите подеднакво. Поддршката и грижата за послабите и маргинализираните треба секогаш и без исклучок да биде приоритет.

И, сето ова се вредностите кои автентично, инхерентно ги носи и на кои се темели социјалдемократската идеја и опција. И тоа се вредности во кои верувам и длабоко ги носам во себе, со кои никогаш ниту сум правела, ниту планирам да правам компромис.

ПРИНЦИП НА ЗАСЛУГИ

ФОКУС: СДСМ како партија предводеше неколку влади во период од 7 години. Практично, СДСМ ја презеде власта многу тешко, меѓутоа лесно ја загуби, и тоа со најслаб резултат во досегашната историја, кој партијата ја спушти на под 20 пратеници. Според Вас, кои се главните причини поради кои СДСМ доживеа толкав пад и пораз?
КАРАНФИЛОВА: Седум години власт не би рекла дека е малку, тоа што во контекст на вашето прашање е помалку светла страна е, резултатот кој го имаше партијата на последните парламентарни избори во мај, 2024. Бројот на гласови и мандати кои ги освои СДСМ на изборите говорат доволно за комплексноста на причините кои доведоа до поразот.

ФОКУС: Дали партијата плати цена поради неиспорачување на реформи и недоволни резултати во борбата против криминалот и корупцијата, поради отстапките со цел остварување на стратешките интереси (Преспански договор), поради подредениот однос кон ДУИ…?
КАРАНФИЛОВА: СДСМ иницираше погрешни политики и направи многу грешки во делот на справувањето и санкционирањето на корупцијата, не обезбеди пристојни јавни услуги за граѓаните, имаше лоши кадровски решенија особено во вториот и третиот ешалон на власта, имаше многу клиентелизам.

Сметам дека Владата на СДСМ не посвети доволно внимание, а веројатно немаше и доволно време на располагање за обезбедување широк општествен консензус околу преговарачката рамка со ЕУ.

Во овој контекст, исто така отсуствуваше квалитетна и разбирлива комуникација кон граѓаните за приближување на пристапниот процес во ЕУ и неговата важност за домашните реформи и трансформацијата на општеството.

Едноставно и многу важно, СДСМ заборави на некои клучни ветувања како она носечкото „Нема правда, нема мир“ од Шарената револуција, на бранот на чиишто надежи и очекувања дојде на власт.

ФОКУС: Кои се главните предизвици со кои СДСМ се соочува моментално? Верувате ли дека партијата е можно да застане на здрави нозе и што, според Вас, треба да преземе за да се случи тоа?
КАРАНФИЛОВА: Како ново раководство на СДСМ мора да имаме секогаш на ум дека нашите членови и граѓаните мора пред сѐ внимателно да ги слушаме, така што ќе ги разбереме нивните приоритети, идеи и проблеми. Само така ќе можеме соодветно да ги креираме политиките на партијата и согласно нив понатаму да постапуваме со максимална доследност.

СДСМ ја нема таа привилегија да очекува и да се надева дека граѓаните ќе ѝ прогледуваат низ прсти. Очекувањата од социјалдемократската опција кај нас, па и глобално, по некое непишано правило се секогаш поголеми, а нашето гласачко тело и поддржувачи се принципиелни и строги оценувачи.

ФОКУС: Што мислите лично – на кои теми и прашања партијата треба да се фокусира и да нуди алтернативни решенија?
КАРАНФИЛОВА: СДСМ не смее да си дозволи потфрлања во носечките столбови на социјалдемократската идеја за што многу зборував претходно. Исто како што мора сериозно да стои и да го спроведува принципот на заслуги заради квалитет, компетенции и стручност во селекцијата на кадрите кои ќе работат на креирањето и реализацијата на политиките. Од овие принципи не смее да има отстапување ниту од позиција на опозиција, најмалку од позиција на власт, тоа треба да биде научената лекција.

И уште нешто, што не е во колизија со погоре кажаното иако можеби на прв поглед така ќе заличи. СДСМ добивал секогаш кога бил доследен на вредностите на својата опција, дури и тогаш кога држењето до своите вредности и храбри лидерски одлуки оделе и контра на расположението и мислењето на мнозинството македонски граѓани. Што е уште поважно, само тогаш добивала и Македонија како држава и општество и на таквите државнички одлуки треба да бидеме горди и не смееме да релативизираме.

ФОКУС: На што поточно мислите?
КАРАНФИЛОВА: Тука пред сѐ мислам на првиот Устав, членството во ОН под привремената референца ПЈРМ, Рамковниот договор, Преспанскиот договор, а јас тврдам дека на долг рок така ќе бидат вреднувани и ценети и Договорот за добрососедство со Бугарија и прифаќањето на сегашната Преговарачка рамка со ЕУ.

Наспроти ова, СДСМ секогаш губел кога бегал од својата вредносна оска и сакајќи или не сакајќи, знаејќи или не знаејќи, со политиките кои ги спроведувал се претворал во бледа копија на оригиналот, олицетворен во неговиот најголем политички противник.

СДСМ не може и не смее да биде ВМРО-ДПМНЕ чија автентичност е базирана на силна националистичка реторика во старомоден стил, главно со неодговорно ширење празен популизам.

ФОКУС: Кога очекувате СДСМ целосно да се консолидира и повторно да биде конкурентна партија на политичката сцена, која ќе може рамноправно да се натпреварува со ВМРО-ДПМНЕ и да дојде во позиција да победи и/или да формира парламентарно мнозинство и влада? Во тој контекст, како ќе успеете да обезбедите кохезија во рамки на партијата?
КАРАНФИЛОВА: Ќе ги вратиме нашите автентични партнери со искрени политики, групите кои нѐ поддржуваат. Нема да толерираме застранување од вредностите на солидарност, грижа за сите, особено за најранливите, реторика на омраза и поделби во нашите редови.

Нема да глумиме патриоти, ќе докажеме дека сме патриоти низ заедништво, почит кон граѓаните, доследност на нашите политики, себепочитување и спроведување на инклузивни политики кои носат напредок.

Ќе се обратиме до сите кои искрено верувааат во ваква држава и овие вредности. Јас верувам во нив, моите нови колеги од раководството длабоко веруваат во нив и ние ќе ги убедиме и граѓаните во тоа.

Нема да дозоволиме да кокектираме со национализмот, да ги напуштаме нашите принципиелни политики и ставови затоа што тоа во моментот изгледа политички опортуно. Цврсто ќе застанеме на она во што веруваме и што цврсто знеме дека исправно и во интерес на граѓаните.

Некогаш можеби граѓаните не можат тоа веднаш да го препознаат, но тоа не значи дека ние треба да се откажеме од она што со сигурност знаеме дека ќе донесе напредок, стабилност и мир.

ИНСТАЛИРАЊЕ РЕЖИМСКИ ПРИСТАП

ФОКУС: По Вашиот избор за заменик-претседателка на СДСМ, имаше реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во насока дека тоа претставува своевидно официјализирање на сојузот меѓу ФООМ и СДСМ, што, според нив, претставува симбиоза која е штетна и за невладиниот сектор и за партиско-политичкото делување. Плус, ВМРО-ДПМНЕ ги спомена и вашите приходи како директорка на ФЗОМ… Како ги коментирате овие обвинувања?
КАРАНФИЛОВА: Наративот којшто ВМРО-ДПМНЕ и неговите мегафони го пласираат за мене со години, со децении наназад е тој истиот, тука нема ништо ново или било каква промена. Тоа ниту мене лично, ниту сите други колеги и другари од партијата нешто посебно ги вознемирува, затоа што во тие нивни „обвинувања“ освен јалов и примитивен обид за некаква моја дискредитација нема суштина.

ФОКУС: Против ФООМ се водеше хајка за време на владеењето на Никола Груевски, кога се градеше пропаганден наратив дека „СОРОС “ е државен непријател кој дејствува во насока на поништување на границите, идентитетите и сл., со цел ВМРО-ДПМНЕ да се претстави како браник од тој напад, кој веројатно требаше да му се припише на некој многу поголем и помоќен од СДСМ како локален фактор. Дали сега очекувате да се рециклираат дел од тие наративи и дел од таа пропаганда?
КАРАНФИЛОВА: Во крајна линија тоа им е и дел од работата и апсолутно очекувам да продолжат со рециклирање и папагалско повторување на истите тези.

И, да, апсолутно сметам дека оваа моја нова функција треба да претставува дополнителен поттик и мотивација за сите мои драги колеги, другари и соборци од граѓанското општество да останат будни набљудувачи и гласни конструктивни критичари на политиките на СДСМ, но истовремено и пред сѐ на оние на власта.

Инаку, и во теорија и во пракса многу поприродно е граѓанското општество за одредени прашања за кои власта прави погрешни потези или најавува и спроведува недемократски и неправилни политики, граѓанските организации да бараат сојузништво со опозициските партии, доколку вредносно и принципиелно споделуваат исти ставови.

Впрочем, кога СДСМ беше на власт граѓанското општество ги критикуваше сите лоши потези на власта, а поединци кои даваа силна поддршка пред изборите во 2016 прераснаа во главни критичари на Владите на СДСМ. Ова е суштината на граѓанското делување и сметам дека тоа треба да продолжи така.

ФОКУС: Покрај останатото, ВМРО-ДПМНЕ постигна убедлива победа и на бранот на отпорот кон уставните измени со цел внесување на Бугарите во Преамбулата, што е услов за отворање на преговарачките поглавја. Што мислите Вие за „францускиот предлог“  кој се преточи во преговарачка рамка за ЕУ – дали тоа беше добро, односно оптимално решение во тој момент, и дали со него се заштитени македонските национални интереси?
КАРАНФИЛОВА: Најголемата лага и манипулација која му се сервира на македонскиот граѓанин е дека со отпор и политика на отфрлање на сѐ што нас не ни се допаѓа можеме далеку да стигнеме. Ова се случува со преговорите и ЕУ-интеграцијата. Христијан Мицкоски вика ете ние кажавме кои се нашите црвени линии, нема ни милиметар да отстапиме.

Паралелно, последниве денови, вика Преговарачката рамка е добра, позиција која доаѓа по изборен и пост-изборен наратив дека ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди подобра преговарачка рамка, па потоа дека ќе обезбедат гаранции за тоа да нема следна блокада и ред други лавирања.

И сега, кога очигледно стана јасно дека не е во позиција да обезбеди поддршка од сите 27 држави членки на ЕУ за нова преговарачка рамка и подобри позиции, затоа што тоа што го ветува без исклучок бара одлука со консензус на ниво на ЕУ, што има намера да прави?

Подгревањето на лажната гордост дека ние се бориме против сите и дека сме цврсти и непопустливи почнува да се лади, до степен да ризикуваме да се смрзне пристапниот процесот и Македонија да влезе во сериозна изолација.

ФОКУС: Која е вашата проценка – како ВМРО-ДПМНЕ и Владата на Мицкоски ќе се постават кон ова прашање? Дали ќе влезат во решавање на проблемот или пак ќе се однесуваат како Груевски во однос на спорот за името со Грција?
КАРАНФИЛОВА: За мене и за СДСМ е јасно дека продолжувањето на блокадата на евроинтеграциите ги загрозува стратешките интереси на Македонија. Одложувањето на реформите и уставните измени е директно спротивставување на државниот прогрес и европската иднина. Реформите кои се предуслов за членство во ЕУ треба да бидат национален, внатрешен приоритет, а не предмет на политички калкулации.

ВМРО изгледа се плаши од тоа дека ако ги спроведува овие реформи на конструктивен и инклузивен начин ќе губи, затоа што се повеќе личи, за жал, дека се повторува сценариото за водење на државата со инсталирање режимски пристап и власт, чија најјака страна се упадите во правосудството, независните институции, манипулациите, создавањето безбедносни кризи и изолација на државата.

СДСМ користејќи ги сите демократски механизми најостро ќе се спротивстави на ваквите тенденции во владеењето на ВМРО, за да не бидат загрозени стратешките интереси на државата и граѓаните, пред сѐ стабилноста, развојот и напредокот.

Воедно ќе биде конструктивна опозиција за секогаш кога владејачките политики ќе се застапуваат за зачувување на стратешките интереси и развојот на државата.

ДЕСТАБИЛИЗИРАЧКА ПОЛИТИКА

ФОКУС: Како ја оценувате досегашната работа на Владата? Кои се нејзините најголеми потфрлувања во споредба со она што го ветуваа пред изборите?
КАРАНФИЛОВА: Оваа Влада го изгуби компасот за само шест месеци. Она од што лично најмногу стравував се потврди. А тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ изговори еден куп невистини за време на кампањата и дека ништо од ветеното нема да може реално да испорача. И еве го тоа сега на дело.

Добивме нарушена безбедност, внатрешни конфликти, економско назадување, брутална партизација на најважните институции во безбедноста, диретктен упад во судството, блокирана европска перспектива и враќање на меѓуетничките односи 20 години наназад.

Владата води дестабилизирачка политика која е анти-национална по природа која сериозно загрозува сѐ што сме изградиле како држава и општество.

ФОКУС: Предизборно, се најавуваше бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, но се уште нема значителен број на истраги, обвиненија, процеси против високопрофилни лица. Наместо тоа, премиерот најавува пресметка со обвинители и прочистување на правосудството. Како го коментирате тоа?
КАРАНФИЛОВА: ВМРО-ДПМНЕ очигледно не е отрезнета од изборната победа и заборава дека има држава за водење. Заборава дека целата одговорност за стабилноста, безбедноста, здравјето, мирот, напредокот е сега кај нив. Особено ако се погледно изборното салдо и комоцијата која ја имаат во власта. Суштината на преземањето на власта е преземање на таа одговорност.

А наместо тоа, што гледаме? Постојано бегање и префрлање одговорност. За излегување на состојбата од контрола на прослава на албанско знаме – СДСМ виновен, за неспособноста да се откочи ЕУ интеграција – ЕУ виновна, СДСМ виновен. За слабата економска реализација на проектите и слаба економија – лоша состојба наследиле, итн.

Зошто воопшто бараа да бидат на власт тогаш, ако немаат решение на ниеден проблем? Оваа политика е опасна затоа што ваквите политичари секогаш кога ќе се соочат со криза, нема да ја решаваат таа криза туку ќе креираат нова внатрешна криза само да ги покрај своите несупеси.

ФОКУС: Кој е Вашиот став во однос на начинот на кој се прослави Денот на албанското знаме, кога беше запалено државното знаме? Дали се согласувате дека во случајот има план и сценарио за дестабилизација?
КАРАНФИЛОВА: Што се однесува до зголемените тензии и инцидентите, треба јавноста да знае дека СДСМ е партијата која е историски стабилизатор на оваа држава.

Никогаш во својата историја СДСМ не дестабилизирала, туку е партијата која историски ги носела сите одлуки кои биле секогаш тешки, во интерес на стабилноста и напредокот, но ниеднаш не се покажале како погрешни за интересите на државата, иако директно самиот СДСМ го чинеле многу.

ФОКУС: Во која смисла го кажувате ова?
КАРАНФИЛОВА: Да се вратиме од 1991 година, преку ОН и референцата, преку охридскиот договор, па се до преспанскиот договор со кој влеговме во НАТО. Да се вратиме дека според сите параметри и мерења, меѓуетничките односи беа најстабилни во времето на претходната влада. Оттаму сметам дека се безобразни обвинувањата и политичките обиди СДСМ да се етикетира како партија која дестабилизира.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која за жал, водела политка на поделби и дестабилизации, партија која го уништувала сврзното ткиво во оваа држава, која градела политики на омраза и лажен патриотизам. И ова е историската вистина за политиката во Македонија во последните 30 години. И затоа ние никогаш нема да бидеме исти со нив.

Се плашам дека ризикуваме изолација и застој во најопасниот и најнестабилниот период во поновата историја на Балканот. Без перспектива напред, се подблабоко заглавени интеграции, закопани ставови во ровови кои знаеме каде не донесоа порано. И ова е огромен ризик за граѓаните и безбедноста.

Мојата сумарна констатација е дека ВМРО-ДПМНЕ не води во слепа улица. Што побрзо се освестиме како општество и се спротиставиме на овие политики, тоа подобро за секој граѓанин на оваа држава.

 

СДСМ МОРА ДА ГИ КОНСОЛИДИРА СВОИТЕ РЕДОВИ, НО И ДА ЈА ПРИДОБИВА ДОВЕРБАТА НА ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ!

 

ФОКУС: На Конгресот рековте дека еден од предизвиците ќе ви биде враќање на довербата од страна на слободоумните граѓани, кои во изминатиот период се разочарале од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Кога велите слободоумни граѓани, на која категорија граѓани конкретно мислите и зошто сметате дека тие се разочарале од СДСМ?
КАРАНФИЛОВА: СДСМ успеа да го победи режимот на Никола Груевски кога успеа да направи широка граѓанска платформа кон која се приклучија огромен број на неопределени гласачи, граѓански активисти, млади независни луѓе чиишто ставови и идеи беа прифатени.

 

СДСМ секогаш победува само кога на принципиелни, вредносни основи ќе успее да го мобилизира поширокото граѓанско движење кое ги надминува партиските граници.

 

Во 2016, СДСМ доби политичка поддршка и надвор од својата примарна етничка група, достигнување кое би рекла дека е врвот на обединување на граѓаните во идејата за подобар живот и слобода.

 

Од тој аспект, сметам дека сега СДСМ пред се мора да ги консолидира своите партиски структури и редови кое се срцето на секоја партија, но мора да се отвара и гради стратегии како да ја придобие довербата на пошироката јавност која слободно и независно гласа од насоките на политичките партии.

 

Само така СДСМ може да го достигне нивото од 2016 година и ја врати надежта кај граѓаните кои знаат дека ВМРО-ДПМНЕ не е вистинската опција за државата и напредокот.

 

 

МОЕТО ДОСЕГАШНО ИСКУСТВО ВО ФООМ ЌЕ БИДЕ ЗНАЧАЈНО И АПЛИКАТИВНО ВО НОВАТА ПАРТИСКА ФУНКЦИЈА!

 

ФОКУС: Повеќе од 25 години сте делувале во граѓанскиот сектор, при што бевте и директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, откога се повлече Владимир Милчин. Како го оценувате периодот додека раководевте со оваа фондација?
КАРАНФИЛОВА: Фондацијата отворено општество -Македонија е моето клучно професионално и животно школо. Во ФООМ работев од 1998 до крајот на 2022 година. Во 2015 година бев избрана за Извршна директорка, во екот на една од најголемите политички кризи со кои се соочила нашата држава во нејзината историја по осамостојувањето.

 

Тоа беше периодот на масовна мобилизација на граѓанството во остро спротивставување на режимот воспоставен со владеењето на тогашниот премиер Никола Груевски. Тоа беше период во кој ФООМ и голем број други граѓански организации се соочуваше со политички прогон, само заради тоа што сметавме дека политиките на тогашниот режим се погрешни и спротивни на интересите на граѓаните и државата.

 

Фондацијата во соработка и консултација со широк круг граѓански организации беше клучна во процесот на координација и вклучување на граѓанското општество за изработка на предлозите за политики во контекст на итните реформски приоритети кои ги презеде да ги работи и спроведува новата Влада во 2017 година.

 

Следуваше период во кој вратите на институциите се отворија за соработка со граѓанските организации во сите сектори и области и благодарение на работата на Фондацијата и нејзината поддршка на граѓанските организации и мрежи се донесоа најголем дел од политиките на новата влада кои предвидуваа мерки кои ги одразуваа залагањата и ставовите на граѓанското општество и тоа во доменот на правосудството, транспарентноста и отчетноста на институциите.

 

Стратегијата „Едно општество за сите“, Законот за социјална работа, антикорупциските стратегии и закони, политиките за анти-дискриминација, здравствени политики за унапредување на репродуктивното здравје и пристапот до здравствена заштита за маргинализираните групи, се само дел од реформите кои се спроведоа благодарение на таа соработка и кои ден денес носат големи придобивки за граѓаните.

 

ФООМ во периодот 2017-2022 беше партнер на МИОА за координација на Партнерството за отворена власт, а спроведувавме и многу програми и проекти кои придонесуваа за јакнење на капацитетите и координирање на учеството на граѓанските организации во дизајнирање на политиките за пристапување во ЕУ.

 

Во име на ФООМ јас лично бев претседателка на Советот за соработка помеѓу владата и граѓанското општество, во периодот 2018-2023 година, што како тело на Владата, претставуваше најширок форум за дијалог и соработка помеѓу двете страни за инклузивно креирање политики во 16 различни области.

 

Во периодот од 2008-2011 како претставник на граѓанското општество бев член на Националниот совет за евроинтеграции при Собранието на Република Македонија.

 

Иако не сум имала досега никаков политички ангажман, по мое скромно убедување мислам дека моето досегашно искуство ќе биде многу значајно и сосема апликативно во работата на оваа нова функција и ќе помогне во соочувањето и надминување на предизвиците пред кои е исправена СДСМ и државата.

Поврзани новости