(АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Мицкоски: Власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата

by fokus

Интервјуто со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е објавено во неделникот „Фокус“, на 6 мај 2020 година.

„Кога уште се бројат мртви, не ни помислувам на избори… Власта лови во матно и Заев во една ваква ситуација, по цена на здравјето, сака избори затоа што се надева на корупција на изборите и слаба излезност поради оправданиот страв на граѓаните да гласаат поради корона кризата“, е објаснувањето на Христијан Мицкоски зошто СДСМ се залага за избори, иако, како што вели „во овој момент има сѐ, само нема контрола врз пандемијата“.

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Пред десетина дена јавно побаравте лидерска средба кај претседателот Пендаровски и повикавте „ајде да ги отвориме картите“. Какви се картите што ги имате?

МИЦКОСКИ: Лидерската средба ја побарав затоа што е неопходна. Државата се наоѓа во тешка економска и здравствена криза и многу прашања остануваат отворени, а се чини и дека недостасува консензус за начинот на кој се справува владата со кризата. Во меѓувреме се отворија и повеќе други прашања, како што е инсистирањето на Заев, дури и по цена на здравјето на граѓаните, да има избори, и секако пречките што се јавуваат на патот кон европските интеграции, овојпат изразени во бугарскиот документ кој упорно македонските власти го криеја од јавноста. Јас не побарав лидерска за да бидам актуелен или, пак, да правиме политика од тоа, туку затоа што има насушна потреба за таков еден чекор. Да не се препукуваме по медиуми, туку граѓаните заслужуваат едно зрело однесување и на маса да се договориме за она што е најважно во овој момент, здравјето и економијата.

ФОКУС: Имате ли некаков џокер во рацете од позиција на опозиција?

МИЦКОСКИ: Кога велам да ги отвориме картите, од нас нема да чуете лицемерна политика, односно да велиме не сме за избори, а во јавноста да брифираат датуми како што тоа го прави СДСМ. Oд една страна да велат здравјето им е најважно, а од друга да туркаат избори по цена на здравјето и економијата и додека дневните здравствени биланси сѐ уште ги бројат жртвите. Ајде да седнеме на маса, па да ги отвориме картите, а секогаш ВМРО-ДПМНЕ има џокери и адути, и ако тоа е стравот на власта, еве ќе кажам тогаш имаат причина за тоа.

ФИЛИПЧЕ ДОБИЛ НАСОКА ЗА ГЛУМЕЊЕ НОРМАЛИЗАЦИЈА

ФОКУС: По вашиот повик, Пендаровски најави лидерска средба во првата половина на мај, но од СДСМ реагираа дека „рано е и за избори и за лидерска средба“. Сепак, изгледа го смениле ставот, затоа што Пендаровски  потврди дека средбата ќе се одржи меѓу 10 и 12 мај, а дека и Вие и Заев сте го потврдиле присуството. Кои теми за Вас се приоритет?

MИЦКОСКИ: Играта топло-ладно за лидерска средба од СДСМ и Заев, прво одбивањето, а потоа извесното прифаќање, покажува несериозност, незрелост и отсутност на власта во однос на проблемите што постојат во земјата. Лидерска ќе има, а потребно е освен лидерска да постои и волја кај СДСМ отворено да пристапи кон прашањата важни за граѓаните и нашата иднина. Теми треба да бидат она што е најважно во моментот, прво здравствената криза, второ – економската криза и спасот на економијата, и трето – секој одговорен политичар би дискутирал и за објективните пречки што се отвораат на патот кон ЕУ, изразени со бугарскиот документ.

ФОКУС: Разговаравте ли со Пендаровски пред да го упатите апелот?

MИЦКОСКИ: Имав разговор со Пендаровски пред да го соопштам повикот за лидерска средба, го информирав за мојата идеја, која начелно тогаш не ја отфрли. Последната комуникација беше по неговото последно интервју, кога отворено му ја пренесов мојата разочараност од неговата партиска пристрасност кон СДСМ, бидејќи ние на проблемите не треба да пристапуваме во однос на тоа што е во интерес на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што е најкорисно за граѓаните, а што не.

ФОКУС: Со оглед на тоа што неколку дена по лидерската средба, на 16 мај, изминуваат 30-те дена од втората прогласена вонредна состојба, што предлагате: нови 30 дена или имате нов предлог?

MИЦКОСКИ: Франција, која исто така требаше да организира втор круг од изборите, прогласи продолжување на вонредната состојба до 24 јули, значи сѐ е суспендирано. На 1 мај, Светската здравствена организација донесе одлука за продолжување на вонредната состојба поради пандемијата за нови 90 дена.

Состојбите во Македонија од здравствен аспект не се нималку розови. Тоа што Филипче прави под 200 теста, практично значи дека добил политичка насока за глумење нормализација, а не и дека состојбата се стабилизира. Здравјето треба да им биде пред партискиот или политички интерес. Продолжувањето на вонредната состојба зависи од проценката на здравствените експерти. Доколку сега би се одлучувало, сигурно би биле за продолжување на состојбата. Сепак, оставам да видиме како ќе се одвиваат работите и тогаш да ја слушнеме конечната проценка.

ОВА НЕ Е ШОУ-БИЗНИС ПОЛИТИКА

ФОКУС: Сите партии велат дека кога ќе се воспостави контрола врз пандемијата дури тогаш треба да се договори датумот за избори. Арно ама, согласно досегашната пракса на партиската сцена, се плашам дека може да има големо разногласие кога ќе биде ставена корона кризата под контрола. Што Вие сметате дека би било крај на актуелнава криза?

МИЦКОСКИ: Во овој момент има сѐ, само нема контрола врз пандемијата. Не можам јас да зборувам за избори, кога во моментов сѐ уште се бројат мртвите од корона вирусот. Дајте да се однесуваме одговорно. Економијата е застаната, за три месеци владата потрошила 120 милиони евра за корумпирање на изборите, кои не се случија, а колку сега трошат, допрва ќе видиме. Бизнисите замираат. Доктори сè уште ни се заразуваат од корона, и причината не е затоа што не ја користат опремата добро, туку затоа што имаат недоволна заштита. Училиштата не работат, факултетите исто така, а власта лови во матно и Заев во една ваква ситуација, по цена на здравјето, сака избори затоа што се надева на корупција на изборите и слаба излезност поради оправданиот страв на граѓаните да гласаат поради корона кризата.

ФОКУС: Вашиот став е да нема летово избори?

МИЦКОСКИ: Не велам да нема избори, ВМРО ДПМНЕ е фаворит на истите и ќе победи убедливо, но едноставно не е време за тоа во услови кога здравјето е во прашање. Да ги заштитиме прво граѓаните, да застанеме на нозе во економијата, барем на нозе, и потоа да организираме избори, кои не само што треба да бидат слободни и фер, туку и да бидат кредибилни со голема излезност.

Не планирам да ги спроведувам игрите на Зоран Заев, ова не е шоу-бизнис политика, туку политика каде што имаме одговорност за животите и судбините на луѓето. И токму воден од личните интереси, Заев им нареди на министрите да глумат нормализација. Па ќе видите шпекулации за враќање на децата во училишта, што е нон сенс, или, пак, тоа што Филипче ќе излезе на прес-конференција и прво ќе соопшти колку има излекувани од корона кога лекот уште не е измислен, а, ќе се согласите, не сме толку напредни Филипче да измислел некој лек што не го знаеме. Но, работата е да се глуми нормалност. Може да каже колку се заздравени, а не и излекувани, а тоа го прави за да каже дека еве работиве влегуваат во нормала, а ние во меѓувреме ги броиме, за жал, жртвите. И кога уште се бројат мртви, јас не ни помислувам на тема избори.

ОТРПНАВ НА НИВНИТЕ ЛАГИ

ФОКУС: Многумина се зачудени зошто опозицијата не сака да се активира Собранието, затоа што така ќе имате контролна улога врз владата. Дали повеќе ви одговара да функционира владата со неограничена моќ, ем законодавна ем извршна, за да имате повеќе „материјал“ за избори?

МИЦКОСКИ: Реков, тоа не е прашање дали му се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ, туку истото е противуставно, и не може да правиме компромиси со кршењето на Уставот затоа што тоа му се допаѓа на Заев. Би бил лицемерен да говорам постојано за апсолутна правда, а, од друга страна, да одобрам кршење на Уставот. Имам чувство дека свикувањето на Собранието е и некако вештачка искреирана тема. Па, заборавате ли СДСМ како го конституираше собранието што се распушти. Се собраа пратениците и сами сè изгласаа, ако толку им е до собрание, што мислите, тешко ќе им биде ли повторно да го прекршат Уставот? Затоа сметам дека оваа е една вештачки искреирана тема.

ФОКУС: Што ќе се постигне со ваква, како што велите, вештачки искреирана тема?

МИЦКОСКИ: Темата има цел поларизација на политичката сцена во смисла кој е за, а кој против свикување на Собранието, чисто политикантство. Јас навистина се чудам за дебата дали политичарите треба да го кршат Уставот или не треба, за тоа не се разговара, тие луѓе се заколнале дека ќе го почитуваат Уставот. Инаку, што се однесува до материјалот за избори, мислам дека и без овие уредби има огромен материјал. И тоа боли глава од тоа колку материјал има, ама за ова потоа.

ФОКУС: Излегоа снимки од Вас во теретана за што бевте обвинет дека со полициска придружба ги кршите владините мерки за корона кризата. Слушнавме од вашиот министер Чулев дека снимката била стара, но заменичката во МВР предложена од СДСМ, Петровска навести дека истрагата уште трае. Што ќе излезе на крајот – дека ве фатиле на дело или дека некој ве мести со стари снимки?

МИЦКОСКИ: Веќе некако отрпнав на нивните лаги, но ајде што шират лажни вести, туку и ги надградуваат. Значи од едно влакно прават јаже и подоцна само е во прашање инспирацијата за лажење, сè друго им е под еден ист калап. МВР направи истрага и утврди, како што соопшти и министерот, дека се работи за стара снимка од минатата година, и дека е излезена по нелегален пат. Понатаму оставам институциите да испитуваат.

Сметам дека вежбањето не е грев, колку што е предавството на државата. Сметам дека да вежбаш е навика, но, за жал, крадењето и лажењето, освен што е навика на власта, станува и нивен начин на однесување и стил на живеење. И мислам дека покрупното прашање што треба да се одговори е чија парапартиска структура организирано ме следи.

ИМА РАЗЛИКА ОД ДОНИРАЊЕ И ИЗБОРЕН ПОТКУП

ФОКУС: Алудирате на СДСМ? Имате докази?

МИЦКОСКИ: Само ќе споменам за кус период дека бев, исто така, предмет на хајка на организирани лажни вести кога се појави снимка од моето наводно вежбање од една друга теретана, па се појави фотографија од моето искачување на Водно, и ова најновото што го споменавте. Очигледно власта е исплашена, па мора да организира следење на лидерот на опозицијата. Но, во исто време не е проблем да продолжат со крадењето на државниот буџет и да не прават ништо во однос на економската криза. И секогаш кога сакаат да покријат некоја друга тема, се вртат кон лажење и тоа е слабост, а не нивна предност.

ФОКУС: Ми заличи малку како „империјата го возвраќа ударот“, кога ден два по обвинувањата кон Вас, на удар дојде лидерот на СДСМ Зоран Заев со полициската акција во Струмица за хуманитарна помош за граѓаните што е донација од Заеви. Тој ве обвини Вас и Чулев и порача дека „партиските насилници мора да сносат одговорност“. Се злоупотребува ли МВР за партиска агенда?

МИЦКОСКИ: Овој случај не претставува никаква полициска злоупотреба, туку злоупотреба на позицијата на Заеви во насока на изборен поткуп, за кој отворено се сомнева целокупната јавност. Вие да имате параван невладина организација, и партиски луѓе да ви делат пакет со намирници за време на полициски час, не е ништо друго, туку криминал. И сега може полицијата да премолчи, како што тоа се правело порано, или да реагира и да го штити законот.

Никој не смее да биде над законот, дали се викал Вице или Зоран Заев, Христијан или Наќе Чулев. Јас за овој случај дознав од медиумите, а потоа подробно се информирав. Ја има мојата поддршка Чулев целосно заедно со надлежниот обвинител да го расчистат случајот. Не смееме да дозволиме повторување на она однесување за кое пишуваше Лаверита и изборниот поткуп што се правел во Струмица во минатото. И истите случаи да се држат во фиока од истите оние кои сега се во скутот на Заеви, а тогаш ги водеа безбедносните служби.

ФОКУС: Како партија алудиравте дека хуманитарната помош е всушност насочена како поткуп на гласачи пред изборите. Дали секоја донација во актуелнава корона криза од луѓе или компанија поврзани со партија ќе ги третирате со истиот аршин? Дали ВМРО-ДПМНЕ донираше некаква сума, или маски, на пример, во време на кризава?

МИЦКОСКИ: Кога веќе ме прашувате, морам да кажам дека имам личен однос кон ова прашање. Донирањето е нешто што сметам дека е подобро да се случи и да се помогне, а не е нешто за кое треба да се фали некој, освен ако со таквата постапка не се сака да се поттикне и другите да го направат тоа, се разбира тие што можат. Да, помагам, но и не викам камери кога тоа се прави.

Од друга страна, ги повикав владините членови во техничката влада кои се од ВМРО-ДПМНЕ да ги донираат своите плати во целосен износ за купување намирници и средства што ќе им помогнат на тие што се во првата линија во борбата против корона вирусот. И да, тие тоа го прифатија и рекоа дека ќе го направат. Што се однесува до донирањето врзано со оној случај на СДСМ, треба да се прави разлика од донирање и изборен поткуп. За првото постои закон, а второто се прави спротивно на законот.

НЕ СУМ ЧОВЕК ШТО ПРАВИ КОНЦЕСИИ

ФОКУС: Вие лично, Вашата сопруга и Вашиот татко сте единствените донатори за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со по 600.000 денари или, сè заедно, семејството Мицкоски дале за партијата фантастични 1.800.000 денари? Имате заштеди или зедовте кредит?!

МИЦКОСКИ: Во 2017 година, кога бев разрешен од владата на СДСМ како претседател на управниот одбор на АД ЕЛЕМ приложив анкетен лист до ДКСК. Во анкетниот лист се приложени детално сите средства, движен и недвижен имот со кој располагам. Истиот можам да Ви го доставам и Вам доколку цените дека е потребно да го објавите. Во меѓувреме, состојбата е променета со тоа што го отуѓив делот од 7 отсто во компанијата, која имаше концесија во три мали хидроцентрали, а сè друго горе-долу е во рамките на тоа што е пријавено во тој анкетен лист, доставен до ДКСК.

Јас сум универзитетски професор, а моите родители, кои се сега во пензија, беа лекар и универзитетски професор, имаат заработено заштеда во текот на работниот век. Не сум човек што прави концесии и одлучив да побарам од родителите да ми помогнат на начин што ќе донираат во партијата во рамките на законските ограничувања, а истото го сторивме јас и сопругата.

ФОКУС: Но, вие сте единствени донатори за партијата за 2019?

МИЦКОСКИ: На партијата ѝ беа потребни тие средства за тековни расходи и одлучив преку личен пример, тогаш со моето семејство да донираме, бидејќи јас се згрозувам со принципот евро за батето и евро за…, работам секогаш да успеам по принципот без концесии или, што би рекле старите, испружи ги нозете колку што е долга чергата. Дониравме и ќе донираме во партијата каде што сум претседател и каде што волонтирам трета година по ред, во рамките на семејните можности и никогаш никаде нема гласно да зборувам за моите семејни и лични донации надвор од партијата, бидејќи тоа го правам за да помогнам, а не од тоа да правам лична политичка промоција.

ФОКУС: Ќе продолжите ли со хермафродитската позиција – да примате плата од Република Северна Македонија, а да се колнете во „никогаш Северна? Би било логично да ја прифатите реалноста, а да ветите дека ќе го промените тоа кога ќе дојдете на власт. Како, тоа е друга енигма. Со ваква, според мене, инфантилна политика сега немате министер за труд, чувствително министерство за време на кризава.

МИЦКОСКИ: Мислам дека вистински хермафродитска политика е да го смените името на државата додека се колнете во најмилото, жицата, децата. Лицемерно и жално е кога ќе велите таа смена е последниот напор за да влеземе во ЕУ, а еве по три години власт нема датум за преговори. Хермафродитски е и неодговорно е да криете документ од Бугарија во кој се условува напредокот кон ЕУ со откажување од јазикот и историјата. Е сето ова, не само што е хермафродитски, туку е правење уште еден чекор кон втората фаза на креирање некаква нова идентитетски изобличена нација со ново име, нов јазик и историја. Откажувањето од историјата е откажување од себеси.

НЕМА НЕВОЗМОЖНИ РАБОТИ

ФОКУС: Но, платата ја земате од Северна Македонија, нели?

МИЦКОСКИ: Што се однесува до платата, и сега и порано, јас сосема отворено и децидно кажав не ја негирам реалноста, да, јас земам плата од државата со новото име, исто како и сите други граѓани, но никој во оваа земја не може да ми забрани, да се борам да ја сменам таа реалност. Тоа е сонот на мојата генерација, и секогаш борбите биле процес. Нашиот народ имал подеми и падови и нема невозможни работи. Не постои закон во земјава, ниту декрет со кој може да се забранат нашите чувства и она што тлее во нас Македонците од Македонија. Да не навлегуваме во оние, би рекол и помалку идиотски, непромислени потези на брусење симболи на овој народ. Никој тоа не го бара од нас, и никаде тоа не го пишува. И сè уште не можам да го разберам она тепање на властите употребувајќи го новото име. Нема потреба од тоа. Нели гледате дека тоа не заживува кај народот, не вирее, затоа што Македонија е нашиот идентитет граден со столетија. Тоа не се брише поради политичката инфантилност на Зоран Заев.

ФОКУС: Антонио Милошоски и Никола Тодоров беа за целиот период лојални министри на Никола Груевски. Јас би додала, го симболизираа груевизмот. Но, Вие, Тодоров го исклучивте од партијата, а Милошоски, кој патем го оспоруваше Вашиот избор за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, како наместен, ем сте „избран“ од Груевски, сега ви е носител на изборна листа и ударна тупаница. Ќе може ли да ми објасните што е големината на Милошоски, наспроти гревот на Тодоров, на пример?

МИЦКОСКИ: Антонијо Милошоски не е носител, тој е на второто место во 5-та изборна единица и се одличен тандем со носителот Игор Дурловски. А таму е затоа што народот и партијата имаат доверба во него, и затоа што Милошоски со своето однесување не ги наруши конгресните програмски определби, како и одлуките на телата на партијата. Напротив, тој покажа борбеност и директно укажуваше на сите грешки на власта поради и што доживува политичка тортура и процеси против него.

А за Тодоров сме коментирале во неколку наврати зошто беше исклучен од партијата, немам на тоа што да додадам, знам дека е успешен адвокат и му посакувам да успее во професијата, а жалам навистина ако се потврдат како точни оние шпекулации во јавноста дека често е во друштво со оние кои до вчера го нарекуваа министер смрт.

ФОКУС: Ве прашувам како човек, не како лидер на партија: дали оваа светска пандемија промени нешто кај Вас? Особено што бевте во принудна изолација поради интервју со заразен новинар од Канал 5?

МИЦКОСКИ: Сите ние мислам дека сега повеќе го вреднуваме животот. Во целата таа динамика на дневни настани и случки мислам дека забораваме сите ние на важноста на здравјето, но човек кога ќе се соочи со таков предизвик за него нема ништо поважно од тоа. Јас добро поминав, но за огромна жал многу луѓе се инфицираа, а дел и ги загубија животите. Искрено, погодените семејства се во моите мисли како и оние кои се борат против короната во првите борбени линии. Тие го заслужуваат нашето внимание. Најмногу ми недостасуваше непосредниот контакт со најблиското семејство во периодот на изолацијата, но воедно и нивната поддршка е најважна во таквите моменти, што укажува на заклучокот дека со што и човек да се соочи, најважен столб е семејството.

НИ СЕ СЛУЧУВААТ ПРЕСЕДАНИ И ПРАВНИ ЛАКРДИИ

ФОКУС: Датумот за предвремените избори, 12 април, беше договорен на лидерската средба, па логично е дека и новиот датум треба да се договори на истото место и во истиот состав. Дали можеби стравувате дека евентуалното активирање на распуштениот собраниски состав би можело да одреди датум што му одговара на мнозинството?

МИЦКОСКИ: Некако се наметна во јавноста дека свикувањето на Собранието е работа за која може да се договорат партиите или целата работа се сведува на чувството и интересот на партиите дали ќе се почитува законот и уставот или заедно можеме да одлучиме истите да ги прекршиме и да не ги почитуваме. Ви се молам, поради ваквите однесувања во минатото ни се случуваат преседани и правни лакрдии. Чиста е работата, свикувањето на собранието е противуставно и тоа не е прашање на тоа дали тоа му се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ или не му се допаѓа на СДСМ. Треба да престанеме да се однесуваме еднострано и да дејствуваме врз основа на правни преседани.

НЕ САКАМ НИКОЈ ДА СЕ ПОЧУВСТВУВА НАВРЕДЕН

ФОКУС: Вашиот партиски став дека распуштеното собрание не може да се реактивира го покривате со ставови на, како што велите, реномирани правници. Со што, според Вас, еден правник го заслужува тој епитет? Дали, на пример, професорката Најчевска или адвокатот Тортевски од Твоја Партија, или Рената Дескоска од СДСМ се правници за кои имате респект?

МИЦКОСКИ: Не би сакал да навлегувам во такво поедноставување, бидејќи не сакам никој да се почувствува навреден. Оние со кои правно се консултирав може да кажам дека се оние од кои учеле право и Дескоска, и Тортевски, така да се прилично кредибилни правници во тој поглед. Во постојана комуникација сум и со професорката Силјаноска Дафкова и со професорот Саво Климовски и професорката Тања Каракамишева. Ми изложија прилично цврсти аргументи за таа што го говорам.

ЗАЕВ САКА ДА БИДЕ ПРАТЕНИК И ДА ИМА ИМУНИТЕТ

ФОКУС: Вие сте редок пример на лидер кој нема да биде на изборните листи. Се откажувате од одлична плата и од пратенички имунитет. Што беше одлучувачко за ваквиот Ваш избор?

МИЦКОСКИ: Сакам да покажам дека ова ВМРО е поразлично од сè друго што е сега на политичката сцена. Го понудив предлогот за кандидат мандатар до Заев, каде тој што ќе пледира да биде мандатар за состав на новата влада, доколку загуби на изборите целосно да се повлече од јавните функции вклучително и пратеничката.

Очигледно Заев сака да биде пратеник и да има имунитет. Јас ја преземам целата одговорност и воедно настапувам со избор на 6 носители, кои се понудата на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам честит пристап каде што граѓаните ќе бидат на јасно за што гласаат и за што се одлучуваат. Сметам дека е време да се воведат нови принципи во политиката и да свртиме нов лист затоа што народот е презаситен од стари истрошени ликови, кои на јавните функции гледаат само како извор на моќ и пари. Тоа за мене не е предизвик, а е предизвик да направам нешто за мојата земја и за нашите граѓани.

Поврзани новости