Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 26.04. 2023 година, во бројот 1438.
Пишувала: Валентина ВУРМО
Пред неколку години, низ обвинителско-судските кулоари тивко, но уверливо се прераскажуваше една легенда дека во рацете на еден претставник на третата власт (судската) завршила торба полна со пари, и тоа пред воопшто да се случи примопредавањето на популарната „луј витон“.
Наводно, во торбата имало раситнет милион, поточно 900.000 евра, а никогаш не се дозна дали и оваа пратка била спакувана фенси, односно во брендирана чанта.
Во тој период, случајно или не, на судската сцена најактуелен беше „настапот“ на Врховниот суд, кој во јануари 2019 година го донесе Начелното правно мислење, според кое, накратко, го прогласија тогашното Специјално јавно обвинителство дека не е овластен тужител за неколку предмети, меѓу кои и „Империја“.
Ова мислење беше донесено експресно, по заседание од 20 минути, и со мнозинство гласови. Односно од 19 судии, двајца не биле присутни, а само уште двајца гласале против.
Тогаш, ваквата одлука, освен за СЈО, но и за многумина правни експерти, беше спорна и за Републичкото јавно обвинителство. На проширен колегиум одлучија дека тоа ја нарушува законитоста во постапувањето на јавните обвинителства и судовите поради што побараа автентично толкување на спорниот член 22 од Законот за СЈО.
Автентичното толкување, за жал, никогаш не беше направено, а набргу следуваше и распадот на обвинителството. Или што би рекол народот, „Кучињата лаеја, ама карванот продолжи да си врви“.
Торбата полна со пари, пак, остана на ниво на легенда. Никој ниту ја потврди, ниту, пак, ја демантираше. Впрочем, како и со сите досегашни сомнежи за корупција во судско-обвинителската фела.
ТОРБА СО ПАРИ ПАДНАЛА И ВО ДВОРОТ НА АПЕЛАЦИЈА?
Во изминатиот период повторно се појавија гласини за нова торба полна со пари, но овојпат „падната“ во дворот на скопска Апелација. Се типува на приближна сума, како и онаа од дворот на Врховен, но, како и досега, добитникот не се пријави, ниту, пак, некој го откри.
Како и да е, носителите на тога можат да бидат спокојни. За ветинг само се зборува со години, а и случајните проверки на нивната имотна состојба не укажуваат дека државата има механизам за да ги прочешла од корен.
Имено, над три години беа потребни за да се испита имотот на само петмина судии. На крајот, како што ни одговорија од Државната комисија за спречување корупција, не била утврдена несразмерност во имотот што го поседуваат.
Сѐ почна кон крајот на март 2019 година, кога Антикорупциска соопшти дека ќе ја проверува имотната состојба на пет судии што се најдоа во извештајот на тогашното СЈО, но и Стејт департментот за човекови права за Македонија за 2018 година. Таму беа посочени со име и презиме судии што биле во спрега со извршната власт.
Во извештајот на Стејт департментот беше наведено дека меѓу 2011 и 2015 година, четворица судии биле инволвирани во „флагрантно кршење на интегритетот, независноста, стручноста и злоупотреби“.
По ова стартуваше проверката на судиите Јово Вангеловски, Александра Зафироска, Светлана Костова, Софија Лаличиќ и Владимир Панчевски.
Од Антикорупциска за „Фокус“ изјавија дека проверката на имотот на петмината судии е завршена, посочувајќи дека институциите не откриле дека поседуваат нелегално стекнат имот.
Бидејќи на Антикорупциска ѝ се врзани рацете, односно сѐ уште не го добија софтверот што треба да ги поврзе со 17 институции, од каде што самите би црпеле податоци, сега мораа да бараат и чекаат помош од други институции.
Односно, за проверката барале податоци од МВР, од Управата за финансиска полиција, Централниот депозитар за хартии од вредност, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за јавни приходи, Централниот регистар, како и од банките.
ШТО ОТКРИЈА „БОМБИТЕ“?
Тромата и бавна проверка не го вклучи алармот дека некој од судиите поседува имот што го добил на сомнителен начин. Дека таа траеше предолго говори и фактот што во меѓувреме дел од судиите беа разрешени од позициите.
Судијата Вангеловски, во два наврата седеше на чело на Врховниот суд. Претседателството, вториот пат му заврши со разрешување во 2019 година поради несовесно и нестручно постапување поврзано со бегството на бизнисменот Сеад Кочан, на кој му беше укинат притворот.
Според извештајот на СЈО, судијата споделувал и клучни информации за активни случаи со политичарите за судења.
Анкетниот лист на Вангеловски важеше за еден од подолгите. Се броеја четири стана, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште, а располагал и со четири автомобили, како и со уметнички слики, злато и сребро. Но, тогашниот претседател имал пријавено и четири кредити.
Ништо сомнително не било пронајдено и при проверката на вишата управна судијка Светлана Костова. За неа јавноста слушна од „бомбите“, поточно од разговор со екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, во кој тој ѝ вели дека ѝ средил работа да биде судијка, а таа му враќа дека цел живот ќе му биде должна.
Сличен телефонски разговор на листата за проверка ја стави и судијката Софија Лаличиќ. Нејзе Мијалков ѝ честиташе дека ја избрале за судијка, а таа го прашуваше кои други судии биле договорени.
Во одбраното друштво беше и Александра Зафировска.
Таа во 2011 година беше избрана за претседателка на Судскиот совет. Според извештајот на СЈО, Зафировска во својата работа била во координација со извршната власт. Во „бомбите“ објавени во 2015 година, јавноста можеше да слушне како му испраќа абер на екс премиерот Никола Груевски дека ќе распише оглас за двајца судии во Апелација, бидејќи се договориле да го извести. Но, проверката покажала дека и нејзиниот имот е чист.
Ништо сомнително не открила ниту проверката на некогашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, кој важеше за најбогатиот судија, а богатството го правдаше дека му е стекнато со наследство.
Според неговиот анкетен лист, тој располага со девет стана и куќа, градежни земјишта и кеш во банкарски сефови. Панчевски во меѓувреме беше осуден за злоупотреба на АКМИС системот во Кривичниот суд, односно дека штелувал кој предмет да падне кај кој судија.
Засега не е познато дали Антикорупциска врши проверка и на други судии.
КОЈ Е СЛЕДЕН ЗА ПРОВЕРКА?
Во изминатиот период, вниманието е насочено кон судиите во Апелација, особено откако се заредија одлуките со кои пропаѓаат предметите против Мијалков.
Еден од најизвиканите во јавноста е судијата Енвер Беџети, кој беше посочен дека во фиока го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет и Тврдина“, а потоа следуваше и укинување на првостепената пресуда.
Тој во својот анкетен лист пријавил куќа со двор, вредна 100.000 евра, во тетовско Пирок, која во 2009 година ја добил за подарок. Поседува и стан во Тетово од 87 квадратни метри, деловен простор, а како заеднички имот со членови на своето најблиско семејство пријавил земјоделско земјиште и три автомобили.
Судијата не пријавил пари на банкарска сметка, но затоа се наведени два кредита, од пред десет години.
Неговиот колега Јани Нича, кој неодамна се пензионираше, исто така беше дел од судечкиот совет за „Таргет и Тврдина“, заедно со судиите Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
Исто така Нича беше дел и од советот што ја укина пресудата за „Трезор“, заедно со судиите Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски, Лидија Зимбовска и Гордана Сајковска.
Нича на свое име пријавил куќа во Крушево и стан во Скопје, кои ги добил со наследство, и уште два стана во главниот град на име на сопругата, добиени како подарок.
Судијата пријавил и два автомобила на име на сопругата и еден на децата. Обврзници во вредност од четири милиони денари, стекнати со наследство, како и кеш од 10.000 евра на лично име и на име на децата.
Далеку поскромен имот пријавил судијата Ѓоко Ристов. Како личен имот навел стан во Скопје и автомобил, и уште едно возило на име на сопругата. Судијата се задолжил и со два кредита, а на име на сопругата пријавил заштеда од над 11.000 евра.
На дневен ред во Антикорупциска, освен петорката судии, во изминатиот период се најдоа и претседателите на судовите. Кај тројца од нив беше утврдено дека поседуваат имот, кој не можеле да си го купат од месечните примања.
Антикорупциска ги предаде предметите во Управата за финансиска полиција, а јавноста досега не е информирана за завршница.
Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска вели дека во нивната програма се предвидени проверки на судии и обвинители, но не можат да го проверат имотот на сите.
– Не можеме да провериме потекло на имот на 500 судии и обвинители. Ние работиме според годишна програма за проверка на функционерите и претходно правиме проценка на ризик за тоа колкумина и кои да ги ставиме во програмата.
Тогаш кога почнавме да ги проверуваме судиите, од Судски совет немаа одредено критериуми за да ни дадат примерок на судии што би ги провериле, па принципиелно ги проверивме сите претседатели на судовите. За да биде ставен некој функционер во годишната програма за проверка, претходно треба да се направи процена на ризик.
Нам толку ни дозволуваат законите и ресурсите, понатаму има други институции што треба да постапуваат, како Јавно обвинителство, финансиска полиција, УЈП, кои дејствуваат самостојно или постапуваат според наодите на другите институции – вели Ивановска.
СЕ КВАЧИ ЗАКОНОТ ЗА ПОТЕКЛО НА ИМОТОТ
Таа со години апелира да се донесе Закон за потекло на имот, со кој проверките би оделе многу полесно. Но, и покрај кампањското актуализирање на темата, од власта, засега нема поместувања.
Кон крајот на 2021 година, министерот Љупчо Николовски изјави дека драфт-верзијата е готова и ќе се прати во Венецијанската комисија, а кон крајот на 2022 година, министерот Никола Тупанчевски изјави дека во најскоро време ја очекува нацрт-верзијата.
Таа, според нашите информации, е изработена, но нема никакво поместување од тогаш. Од друга страна, пак, власта ветуваше дека со законот нема да има недопирливи и дека ќе се конфискува секој имот од над 30.000 евра, кој нема да може да се оправда.
Иако според многумина и сега, без овој закон, постојат механизми за проверка на имот, сепак, оваа област е слабата точка на истражните органи, а во јавноста речиси и да не одекнал некој ваков случај. Со исклучок на откриениот скриен имот на екс премиерот Груевски во „Плацеви на Водно“, и на оној на Мијалков во „Империја“.
Во 2018 година, МВР направи обид, но обвинителството го затвори случајот, оценувајќи го чист како солза.
Поточно станува збор за проверката на имотот на Александар Чапаровски, тогашниот директор на Клиниката за неврохирургија. Против него беа поднесени две кривични пријави, едната за примање поткуп, а другата за противправно прикривање и стекнување имот.
За делото поткуп, односно дека од татко на пациентка зел 1.000 евра, Чапаровски призна вина и беше осуден на условна казна затвор, а втората кривична нешто подоцна беше отфрлена, иако кај него беше откриена голема сума пари.
Оваа пријава му беше поднесена, бидејќи при претресот во неговата канцеларија беа пронајдени 24.890 евра, 4.477 американски долари и 2.250 швајцарски франци, а во неговиот дом уште дополнителни 9.750 евра.
Во неговиот банкарски сеф, пак, се шпекулираше дека беа пронајдени 240.000 евра, а се проверуваше и како станал сопственик на неколку станови.
СКРИЕНИОТ ИМОТ – НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА
И покрај сомнежот дека дел од парите ги добил како мито, пријават беше отфрлена. А еве во неколку чекори како се чини дека било се истражено, но на крајот остана недокажано.
„Во кривичната пријава беше наведено дека пријавеното лице, во периодот од 2007 до 2017 година, во својство на директор и доктор на Клиниката за неврохирургија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, спротивно на својата законска должност, не ја пријавил својата имотна состојба во Државната комисија за спречување на корупцијата, а за време на вршење на функцијата, стекнал имот, кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи“, велеа од обвинителството.
Испитувајќи ги овие околности, надлежниот обвинител прибрал повеќе информации, односно биле обезбедени годишните даночни пријави за персонален данок на доход на пријавеното лице, како и аконтативните пријави за данок за периодот од 2007 до јули2017 година.
Од Управата за финансиско разузнавање, пак, иако побарале податоци и изводи од банкарските сметки на лицето во земјава, не добиле одговор каков што очекувале.
„Притоа, Управата за финансиско разузнавање по подолг период одговори дека не е надлежна да ги достави бараните податоци, бидејќи предмет на кривично гонење не претставуваат кривични дела поврзани со перење пари и тероризам“, ни одговорија од обвинителството.
Оттаму додаваат и дека во меѓувреме во обвинителството бил повикан и пријавениот, па од страна на одбраната биле доставени податоци и изводи од неговите трансакциски сметки, како и наследни решенија и други правни основи за поседување недвижен имот.
Биле прибрани документи и од Агенцијата за катастар, а било направено и економско-финансиско вештачење, околу пронајдените пари.
„Анализирајќи ги сите прибрани вербални и материјални докази, неспорно произлезе дека во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите што предвидуваат инкриминација согласно законската одредба која го нормира кривичното дело – Противправно прикривање и стекнување имот.
Врз основа на сите обезбедени докази во предметот и извршеното економско-финансиско вештачење, пак, произлезе дека целокупниот имот што пријавениот го стекнал во периодот од 2007 до 2017 година претставува законски стекнат имот, кој не ги надминува неговите законски приходи и законските приходи на неговото потесно семејство.
Со оглед на тоа, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на поднесената кривична пријава“, појаснуваа од обвинителството.
Овој случај ја отсликува вистинската слика во институциите за борбата против скриениот имот.
Додека функционерите не можат да го добројат имотот и кешот што го имаат, на обичниот граѓанин не му останува многу за броење. Тој ги смета само ратите од кредитот и зголемените каматни стапки!