АРХИВА Групата на „самурајот“ Нинџа пикирала бизниси: Тендери за екстралесно, престрелка за железо

by Фокус

Текстот е објавен на 17 јуни 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1289

Александар Василевски-Нинџа за крвавите инциденти во парламентот откри дека во организацијата на настанот биле вклучени многумина високи државни функционери, но тој на врвот на пирамидата не го стави двоецот Никола Груевски-Сашо Мијалков, кои долги години беа најмоќни луѓе во државата. Врз основа на официјални податоци од надлежните институции, Фокус неодамна пишуваше дека Нинџа и неговиот пријател Никола Митревски-Кољо биле осудени за неколку кривични дела, вклучително и за престрелка поради „нарушени односи во врска со експлоатацијата на отпадно железо“. Воедно, двајцата биле и се дел од приватни компании, од кои едната во периодот 2012-2013 добила тендери за испорака на екстралесно гориво во вкупна вредност од 1.2 милиони евра.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од најважните постапки за испорачување правда во поновата македонска историја е судењето за крвавите настани во парламентот на 27 април. Освен преку материјални докази, одговорноста во овој случај се лоцираше и со помош на искази на неколку инволвирани лица кои одлучија да проговорат, меѓу кои е и Александар Василевски – Нинџа, чие контроверзно минато претставува основа да се спори неговиот кредибилитет.

Дали неговото сведочење може да се смета за вистинито, односно дали тој ја открива целата вистина за настанот, или само дел од вистината? Кој е Нинџа, каков е неговиот минат труд и работен опус и која била неговата улога на „крвавиот четврток“?

НАБАВКА НА МАСКИ

Првично, за инцидентите во парламентот беа обвинети триесетина лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓутоа, половина од нив, меѓу кои Крсто Мукоски и други пратеници, беа амнестирани од страна на парламентот, поради потребата од двотретинско мнозинство за уставните измени согласно Преспанскиот договор. Сите други, пак, со исклучок на Игор Дурловски, добија осудителни пресуди, при што највисока казна од 18 години заработи екс министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Меѓу првостепено осудените беше и Александар Василевски-Нинџа, кој доби затворска казна од 8 години, што беше најмала казна доколку се изземе 7-годишната затворска за Абдулфета Алими. Со оглед на тежината на одговорноста за која обвинителството го товареше Нинџа, тој доби исклучително ниска пресуда, особено ако се има предвид дека зад решетки ќе помине помалку време во споредба со тие што дејствувале по негова наредба. Оттука, сосема јасно е дека благата казна е резултат на неговата кооперативност.

Како и да е, во обвинението се наведува дека Василевски заедно со неговиот пријател Никола Митревски – Кољо, водачите на таканаречените патриотски здруженија Горан Ангеловски – Ќосето, Игор Југ и други, на критичниот ден биле собрани во кафулето „Дион“ на кејот на Вардар. Токму таму, според обвинителството, им биле поделени фантомки на дел од лицата кои потоа влегоа во собранието и нападнаа пратеници. Односно, набавката на шеесетина фантомки во два наврати од „Камуфлаж“ ја извршител Стефан Младеновски – Кобра.

Според сведочењето на Кобра, пак, тој дејствувал како дел од 20-члена група на Нинџа. Ако му се верува на тоа што го кажал на суд, тој дознал дека ќе има упад во парламентот уште во февруари, кога заедно со неговиот брат Михаил Младеновски биле повикани од Нинџа на средба, на која имало и претставници на безбедносните структури. На таа средба, рече тој, присуствувале пребегнатиот Никола Бошковски – Прскач, тогашен висок службеник во тајната полиција, кој наводно рекол дека државата е загрозена и треба да се одбрани.

ПУКАЊЕ И МОЛОТОВИ КОКТЕЛИ

Од сведочењето на Стефан Младеновски произлегува дека главен организатор на лицата што упаднаа во парламентот бил токму Нинџа, кој, пак, според него, дејствувал по насока од разузнавачот Бошковски-Прскач, како и тогашниот шеф на тајната полиција Владимир Атанасовски. За време на критичниот ден, Нинџа прво ја собрал својата група, а потоа ги контактирал и членовите на патриотските здруженија и на крајот преку Митревски-Кољо дал наредба да се изврши акцијата. Арно ама, Нинџа во ниту еден момент не влегува во Законодавниот дом.

Згора на тоа, Младеновски откри што се случувало откако оваа група излегла од Законодавниот дом. Според него, тие се упатиле кон Жена-парк, во непосредна близина на споменикот Прометеј, каде веќе чекал и Нинџа, но и Игор Југ, кој им се налутил на луѓето зошто го оставиле сам. Исто така, таму бил и извесен разузнавач Дејан Димовски – Боксер, кој пред присутните рекол да не се секираат, бидејќи претседателот Ѓорге Иванов ќе прогласел воена состојба, а војници веќе биле распоредени на патарините и кај Групчин. Сепак, тоа не се случи!

И неговиот брат Михаил Младеновски, поранешен секретар на сдсмовската младина, сведочеше во слична насока. Тој посочи дека во 2016 година се запознал со тогашниот директор на тајната полиција Атанасовски преку Нинџа во неговото кафуле Аристократ во скопската населба Автокоманда. Според Младеновски, Нинџа и Атанасовски се познавале и соработувале подолго време, но, според него, тие не биле во најдобри односи со Чавков, како и со уште еден висок полициски функционер – Горанчо Савевски.

На тој начин, Младеновски, кој неколкупати беше фотографиран во друштво на синот на Сашо Мијалков – Јордан Мијалков, обелодени дека протести и евентуален упад и напад на институција биле заговарани веднаш после изборите, кога ДИК одлучуваше за прегласување со неколку општини, што можеше да го промени изборниот резултат од корист на ВМРО во корист на СДСМ. Доколку ДИК донела неповолна одлука, според Младеновски, се спремал и напад со молотови коктели, кои биле скриени во паркот спроти зградата на Нова Македонија. Во секој случај, било одлучено да не се нападне ДИК, па набргу потоа стартуваат протестите формално иницирани од Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски.

ИНИЦИЈАЛНИОТ ПОВИК?

Но, пред да се случи сето тоа, Нинџа добил повик од државен телефон користен од страна на неговиот брат Благоја Василевски, кој во тоа време беше во Виена како дел до обезбедувањето на Никола Груевски. Иако обвинителството тврдеше дека тој повик всушност претставува наредба за напад на парламентот, сепак, телохранителот на Груевски пред судот изјави дека му се јавил на братот поради здравствени проблеми на член на семејството. Нинџа, пак, тврдеше дека Груевски никогаш не му дал наредба да дејствува, но истовремено откри дека централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ бил командантно-оперативен штаб.

Кирил Божиновски и Спире Ристовски ги координираа протестите, им даваа насоки на вработени во администрацијата, во градинките. Тие ги насочуваа демонстрантите да влезат насилно во зградата на ДИК и да ги исплашат членовите на ДИК за да не одлучат во корист на приговорите на СДСМ. ДИК ги отфрли преговорите на СДСМ. „27 април“ ќе се случеше порано ако ДИК одлучеше во корист на СДСМ – изјави Василевски пред судот, додавајќи дека 200 илјади евра им биле дадени на водачите на протестите – Дурловски, Дамовски и Илиевски.

Воедно, Нинџа истакна дека на 27 април влегол во штабот на ВМРО ДПМНЕ околу 18 часот, што коинцидира со времето кога, според сведочењето на Младеновски, рекол дека ќе оди да се види со сопругата. Во Белата палата, пак, Нинџа тврди дека ги сретнал споменатите Божиновски и Ристовски, но и Чавков, кој во тоа време бил недостапен за тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу. Исто така, Нинџа спомена дека таму била и поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришкоска, која постојано била на линија со Велјаноски.

Бришковска беше разочарана што Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски не предизвикале инцидент во Собранието. Бришковска му даде насока на Трајко да се отворат вратите во Собранието. Горан Грујевски ми кажа да одам на терен и да известувам. Атанасовски се симна со мене. Околу 8.15 часот почна да дејствува полицијата. Горан ми рече ова не е на арно. Му се јавија и му рекоа дека под притисок на странски фактор воена состојба нема да има – рече Нинџа.

НИНЏАТА СТАНАЛ САМУРАЈ

Како Нинџа имал пристап до овие случувања? Според неговите зборови, тој бил соработник на тајната полиција со кодно име „самурај“, откако во 2015 година бил ангажиран од Горан Грујевски, кој му давал задачи да следи луѓе. Атанасовски, пак, му ветил вработување на неопределено време откако политички ќе се стабилизира ситуацијата, а за таа цел завршил и четврта година средно. Во меѓувреме, располагал со легитимација од УБК, пиштол марка „магнум“ и радиостаница, на која можел да ја слуша целата комуникација на сите полицајци низ Македонија.

Практично, Нинџа вели дека дошол во штабот на ВМРО-ДПМНЕ по повик на Мијалков, кој му рекол да дојде во „базата“. Арно ама, Нинџа се збунил, па наместо да отиде во хотелот „Мериот“, каде што всушност го повикал Мијалков, тој се упатил во партиското седиште. Кога пристигнал таму, тој засведочил какви дејства вршат Чавков, Јанакиески, Ристовски, Бришковска, меѓутоа тој тврди дека Мијалков немал врска со тие активности, иако потврдува дека двајцата имале релација и комуникација.

Во однос на прашањето дали од Мијалков добил наредба за акција, Нинџа вели дека не може да се сети, додека паралелно презентира најситни детали од разговори, атмосфера па дури и гардероба на други лица. Со тоа, Мијалков успева целосно да се извлече од овој предмет, додека сите преостанати судски процеси каде што е обвинет немаат никаков епилог. Ако се знае дека тој помогна за постигнување двотретинско мнозинство за промена на Уставот, логично се наметнува заклучокот дека на дело се спроведува парцијална амнестија, која, пак, резултира со селективна правда.

Во секој случај, она што се поставува како прашање е дали и сведочењето на Нинџа е дел од аранжманот на Мијалков, слично како што беше неговото сведочење во случајот „Ровер“, каде што поранешниот шеф на полицијата Љубе Бошкоски беше обвинет за убиството на Марјан Тушевски? Своевремено, Тушевски важел за идол на Нинџа, но, сепак, зад неговото сведочење дека Бошкоски е организатор на убиството се наѕираше политичка конструкција на тогашната власт, која сакаше да му го продолжи престојот на Љубе во затвор. Неофицијално, токму Мијалков бил главната поддршка на Нинџа.

КРИВИЧНИ ДЕЛА

Адвокатите на поранешните државни функционери кои станаа таргет по сведочењето на Младеновски, но дополнително беа изложени по исказите на Василевски, сметаат дека Нинџа се спогодил или сѐ уште се спогодува со обвинителството во пресрет на одлуката на апелација во однос на жалбите на првостепено осудените. Меѓу нив се наоѓа и Никола Митревски Кољо, кој заработи 15 години затвор, што е двојно повеќе од човекот чии наредби извршуваше. Поради тоа, Кољо на едно судско рочиште искоментира:

Не барам да ми се укине притворот, бидејќи сам се пријавив и двата пати. За едно исто кривично дело, за еден шамар добив 12 месеци притвор, а други се амнестирани. На оваа пресуда некој да добие под минимумот, а некој повеќе. Ќе се жалам. Притвор 12 месеци ќе чекам и Апелација и Врховен не барам да ми го укинете притворот – рече Кољо, алудирајќи на неговиот очигледно веќе поранешен пријател Нинџа, кој доби казна од 8 години, што  е под законскиот минимум за вакво кривично дело.

За блискоста меѓу Нинџа и Кољо доволно говорат податоците дека двајцата биле гонети, обвинети, па и осудувани како заеднички вршат разни кривични дела. Во таа насока, скопскиот кривичен суд против нив во 2013 година донел осудителна пресуда за предизвикување општа опасност, која следната 2014 година станала правосилна, откако повисокиот апелациски суд одлучил да добијат по 2 години во затвор. Според пресудата, тие на плац каде што ископ вршела фирмата „Етер технолоџи“ испукале неколку куршуми кон работниците заради „нарушени односи во врска со експлоатацијата на отпадно железо“.

„Никола со своето ПМВ „фолксваген пасат“ го довезол Александар и двајцата излегле од возилото и се упатиле на подножјето од брегот со натрупана земја, каде што покрај багерот стоеле Неџбедин Ајдини , Кенан Липтов, Али Кривањева, Исмет Кадриев, Васе Цветановски и Ибраим Ајдини. Обвинетиот Александар им се обратил на оштетените упатувајќи им пцовки и закани да го напуштат местото каде што работеле, велејќи им дека истото не е нивно, па во еден момент го извадил пиштолот „пиетро беретта“ и испукал пет-шест куршуми кон оштетените, кои легнале на земја“, стои во пресудата.

ОДМАЗДНИЧКА АКЦИЈА

Исто така, судот на почетокот на 2013 година донел уште една пресуда за Василевски и Митревски во пакет, која овојпат се однесувала за нанесување тешка телесна повреда на добропознатиот Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски. Поради напад и повреда со огнено оружје, Нинџа и Кољо заработија 9, односно 6 месеци затвор. Со оглед дека пресудата станала правосилна на 30 мај, тие минале 5 месеци во притвор, што значи уште некој месец само одлежале во Идризово.

Инаку, Стоименов беше главен сведок во случајот „Детонатор“, во чии рамки тој со прст ги посочи шестемина обвинети Игор Горански, Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов како главни виновници за три обиди за негова ликвидација. На крајот, освен за обид за убиство, тие беа осудени за злосторничко здружување, измама, лихварство, недозволено држење оружје, непријавување и подготвување кривично дело…

Всушност, упатените велат дека овој случај претставува пресметка меѓу локални моќници за тоа кој ќе постигне превласт на улицата во Источна Македонија, претежно на територија од Кочани до Виница. Од една страна се осудените лица, од кои дел се сметаа за блиски до поранешниот телохранител на Груевски – Дејан Митревски – Урко, додека од спротивната страна беше групата на Дацо Белски, кој пак му беше телохранител на Мијалков. Битката ја доби Дацо Белски, кој сега се гони за обид за убиство на кочанецот Драган Здравев – Дач.

Што го поврзува Белски со Нинџа? Проблемот настанал кога Стоименов со уште неколку лица го киднапирале Влатко Пановски – Типе, кој му е братучед на Нинџа. Според пријавата на Типе до полицијата, тој бил затворен во стан неколку часа, каде Дацо Белски нишанел со пиштол кон него, од причина што негов пријател со иницијали З.М. , сметал дека Пановски бил дел од планот за негова ликвидација со пластичен експлозив. За кратко, тие го пуштаат Типе на слобода, но една недела подоцна Нинџа и Кољо го напаѓаат Стоименов…

ПЛАСТИЧЕН ЕКСПЛОЗИВ

Според нашите сознанија, лицето со иницијали З.М. од пријавата на Пановски е добропознатиот Зоран Милески – Кичеец, осуден на 3 години затвор во случајот „Рекет“. Во пријавата се споменуваат уште две лица, кои, според нашите информации, се луѓе познати како Пецо и Неџо. Сите тие во тој период се поврзуваа со „Ин Такси “, кое, пак, се поврзуваше со Мијалков. Како групација, тие тогаш беа заедно со Дацо Белски против кривично гонетите и подоцна осудени во случајот „Детонатор“, познати како „Борците“.

Но, познавачите посочуваат дека и Нинџа бил исклучително близок со Мијалков. Според нив, токму поранешниот шеф на тајната полиција му дал значење и го факторизирал на терен Нинџа, а тој, пак, вешто го користел грбот за да го гради и шири неговото влијание. Како што велат нашите соговорници, тој во разни ситуации застанувал во одбрана на Мијалков дури и од вербални критики, честопати порачувајќи дека не треба да се чепка „папата“.

Оттука, инцидентот меѓу Нинџа и Дацо Белски е повеќе во знак на демонстрација на моќ и престиж. Меѓутоа, како што велат упатените, тие двајца набргу ги закопале секирите и го затвориле кругот на одмазда. Паралелно со тоа, Нинџа и неговиот пријател Кољо безмалку се спасија и од кривичен прогон, бидејќи обвинителството, наместо за обид за убиство, ги гонеше за нанесување телесна повреда.

Оттогаш, работите драстично се променија. Нинџа и Кољо заглавија поради 27 април, при што Нинџа стана кооперативен и доби помала казна, што го налути Кољо. Дацо Белски, пак, влезе во нови неволји откако го нападна Здравев, по што прво беше по бегство, па се предаде на органите, па повторно избега. Во меѓувреме, пак, „папата“ одвреме-навреме се појавува на судски рочишта, а неговото поблиско семејство го шири бизнисот во разни гранки.

ПРИВАТЕН БИЗНИС

Но, во бизнис-секторот дејствуваа и Нинџа заедно со неговите пријатели. Според податоците од Централниот регистар, тој се јавува како сопственик на компанијата „Колосеум Коп Ржс“, формирана во 2013 година, каде што управител е Младен Додевски, кој доби 12 години затвор за насилството во парламентот. Оваа компанија во првата година од формирањето остварила приходи од 1,5 милиони денари, од кои скоро сите биле профит (расходите изнесувале незначителни 18 илјади денари), а во следната 2014 година направила приходи од 6,8 милиони денари, додека добивката изнесувала 3,8 милиони денари.

Инаку, седиштето на компанијата е на улицата Јани Лукаровски во скопска општина Гази Баба, поточно во населбата Автокоманда, каде се наоѓа и кафулето Аристократ. Како сопственик и управител на Аристократ, отворен во 2009 година, се јавува Живко Гапковски, кој воедно е управител и на истоименото правно лице „Аристократ“ со седиште во Штип, каде косопственици се извесен Мирослав Живковиќ и Нинџа. Оваа компанија е формирана во 2006 година со дејност за меѓународен друмски транспорт на патници.

Покрај Нинџа и Додевски, во реалниот сектор делува и Кољо, кој фигурира како сопственик на компанијата „Адмирал Оил“, чиј назив до 2012 година бил „Глобал Интернацонал“. Поточно, Кољо станува сопственик на компанијата во 2012 година, а управител во 2014 година, откако претходно на овие места биле други лица. Во рамки на компанијата, регистрирана во Автокоманда на домашна адреса на Кољо, функционира подружница „Адмирал-оил“ со седиште во струшкото село Мороишта, која има лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати од 2011 до 2021 година.

Според Бирото за јавни набавки, „Адмирал-оил“ во периодот 2012-2013 година склучила дваесетина договори за јавна набавка за испорака на екстралесно гориво во вкупна вредност од околу 75 милиони денари или 1.2 милиони евра. Патем, најголемиот тендер компанијата го добила од Царинската управа во износ 30 милиони денари. Случајно или не, во тоа време братот на Мијалков – Влатко Мијалков, формално беше советник во царината, а неформално беше шеф во сенка.

Поврзани новости