Текстот е објавен во новогодишниот број на неделникот „Фокус“ (1.525-1526) од 27 декември 2024 година.
Речиси секој што има силни контакти, но и многу пари, може да си купи слобода, на тој начин што ќе врати средства во буџетот и ќе оди неколку месеци само на спиење во затворска установа. Ако тоа не бидува, тогаш ресурсите ќе му овозможат да се скрие во земјава или, пак, ќе побегне во странство и од таква позиција да преговара појавување или враќање под поволни услови. Или, пак, воопшто да не се врати додека не му застарат делата за кои се гони по што би дошол како слободен граѓанин. Едноставно, секој што има(л) моќ и влијание, не сносел одговорност, освен во исклучителни случаи и во специфичен контекст. Каква ќе биде судбината на Груби – дали ќе бега како Груевски и Даравелски за да му застари делото, ќе се пазари како Мијалков и Камчев за поблага казна, или, пак, епилогот ќе биде нешто сосема трето? Во исчекување на разврските што треба да дадат одговор на ова прашање, Груби ја загуби работата како професор на Тетовскиот универзитет поради отсуство, Мијалков беше снимен со „ферари“ во Монако, додека Груевски праќа честитки за Божиќ од Бидумпешта.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Во изминативе повеќе од 3 децении по осамостојувањето, Македонија направи бројни политички компромиси со цел прво да се етаблира во рамки на меѓународниот геополитички и правен поредок како држава со сите атрибути, потоа да ги регулира внатрешните односи, пред сѐ, на меѓуетнички план, и на крајот – да го трасира патот кон евроатлантските интеграции.
Така, се донесе нов Устав на самостојна, независна, суверена и демократска Македонија. Набргу потоа, земјава склучи привремена спогодба со Грција, која ѝ овозможи влез во Обединетите нации, но не под уставното име, туку под привремената референца ФИРОМ. Впрочем, референцата егзистираше до склучувањето на Преспанскиот договор, со кој се смени уставното име на државата во Република Северна Македонија, и тоа за севкупна употреба.
На тој начин, станавме членка на НАТО, меѓутоа не ги почнавме преговорите за членство во ЕУ. За таа цел, потребен ни беше уште еден компромис, овојпат со Бугарија. Како што е познато, т.н. француски предлог се преточи во преговарачка рамка за Македонија за членство во ЕУ, меѓутоа овој процес засега е заглавен и така ќе остане сѐ додека не се донесат уставни измени, со цел внесување на Бугарите во Преамбулата.
Во меѓувреме, Македонија се соочи и со внатрешно-политички предизвици, а кулминацијата дојде во 2001 година. Тогаш изби воен конфликт, но беше избегната поголема ескалација, со опасност да прерасне во граѓанска војна, доколку не се постигнеше Рамковниот договор. Во суштина, овој договор предвиде етнички права од различен карактер и заштитни механизми од мајоризација, што сега гледаме дека повторно е предмет на преиспитување и реинтерпретација.
Покрај тоа, македонските граѓани преживеаја, најблаго кажано, болна и неправедна транзиција, иако имаше тврдења и обвинувања дека приватизацијата на некогашните општествени претпријатија била криминална. Како и да е, овој процес заврши со девастирана индустрија и економија, со оглед дека дел од некогаш моќните и успешни фабрики пропаднаа, додека оние што преживеаја, завршија во рацете на малкумина, кои подоцна беа нарекувани транзициски олигарси.
Па, додека државата се обидува да си го најде своето место на меѓународната сцена, за што мораше да менува име, знамето, Уставот, се одвиваше процес на (формална) демократизација, која автоматски значеше плурализам и конкурентност на политичката сцена. Но, истовремено таква преобразба трпеше и економијата, што само по себе резултираше со многу пропаднати фабрики, бидејќи отворениот пазар не ги толерираше. Автоматски, многумина останаа без работа.
Откако граѓаните се навикнаа на новата плурална реалност, а состојбата на политички и економски план почна донекаде да се стабилизира, почнаа да се случуваат изборни промени. Сепак, со нив никогаш целосно не се остварија најавите за одговорност за криминалците од висок профил, туку единствено донесоа трансфер на моќта. Наместо конфискација на криминално стекнатиот капитал, се одвиваше процес на негова редистрибуција.
Во меѓувреме, Македонија ја водеа власти со краток век, но во еден период се соочи со децениско владеење на автократски режим, кој создаде „заробена држава“, односно држава со заробени институции и медиуми. По десетина години, на овој режим му дојде крајот, но демократска обнова на државата беше испреплетена со тргување со правдата и правната државата за повисоки интереси од страна на новиот „хибриден режим“, а на крајот – и со безмилосна кражба на народните пари.
Едноставно, продолжи да се негува политиката на неказнивост и да се испорачува задоцнета или селективна правда, што, всушност, претставува неправда. Тоа донесе разочарување, кое најдобро се отслика на последните избори, кога граѓаните масовно донесоа нови политички промени. Но, дали сега ќе се остварат нивните надежи за правда и одговорност, што, доколку го имало во минатото, многу полесно ќе се прифателе и другите компромиси, кои бездруго удирале врз националната гордост и достоинство?
Имено, сите партии и влади најавувале ефикасна борба против криминалот и корупцијата, но не само со класичните криминални банди, туку и со сторителите на финансиски криминал од висок профил, како државни функционери и моќни бизнисмени. Но, досегашното искуство покажало дека ретко кој од нив одговарал за злоупотреба на службена должност, перење пари, несовесно работење. Најчесто, тие, или го изигрувале системот за да добијат благи и незначителни казни, или, пак, побегнале од правдата во буквална смисла на зборот.
ГО ОСТАВИЛЕ ВО ТИРАНА, ЗАМИНАЛ ЗА ДРАЧ?
По последните избори, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со ВЛЕН и ЗНАМ, формираше влада, која се потпира на безмалку двотретинско парламентарно мнозинство. Меѓу главните програмски заложби на оваа влада, кои впрочем кореспондираат со предизборните најави и ветувања на коалициските партнери, се борбата против корупцијата, владеење на право и функционален институционален систем. Притоа, во програмата стои дека приоритет ќе биде „безмилосна борба со корупцијата и казни за корумпираните носители на јавни функции“.
Во тој контекст, владата предводена од Христијан Мицкоски прво ги обвинуваше нивните претходници од СДСМ и ДУИ дека имало индиции и сомненија дека во нивно време се правел „епски криминал“, а потоа најави „робусна акција“ против криминалците. На тој начин, се подготвуваше теренот за неколку акции, кои силно одекнаа во јавноста. Едната од нив беше поврзана со апсење членови од криминалниот клан „Беланоца-Барон“, кои, покрај другото, се гонат и за убиства на членови од конкурентскиот клан „Грчец-Дуќанџик“.
Што се однесува до другите полициски акции, или поточно истраги отворени во рамки на обвинителството, едната од нив беше поврзана со незаконска набавка на адитив за работа на котлите во РЕК Битола. Во рамки на овој предмет, осомничени се 23 лица за злоупотреба тешка 6,5 милиони евра, меѓу кои е и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски. Арно ама, тој во случајов се товари за несовесно работење, додека допрва треба да се види дали, т.е. како ќе биде поврзан со другите предистраги за увозот на јаглен, ископите во РЕК Битола…
Паралелно со тоа, во координирана акција меѓу полицијата и обвинителството „паднаа“ неколку лица за злоупотреби во Државна лотарија во износ од 8 милиони евра. Меѓу осомничените за незаконска набавка на апарати за коцкање е поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, како и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој неодамна се најде на „црната листа“ на САД за вмешаност во „значителна корупција“. Воедно, МВР поднесе кривична пријава и за експремиерот Димитар Ковачевски, меѓутоа ЈО засега смета дека за него нема доволно елементи за истрага.
Она што е заедничко за тројца од осомничените во случаите „Адитив“ и „Лотарија“ е тоа што се недостапни за органите на прогонот. Но, ако се знае дека Ковачевски и Бајрами одамна се надвор од државава, Груби ја напушти Македонија само еден ден пред да биде отворена истрага во која тој е еден од осомничените. Веднаш потоа, Судот му определи притвор од 30 дена, додека жалбата што ја поднел неговиот правен застапник, ангажиран од неговото семејство, беше одбиена.
Сепак, оваа мерка не може да се реализира во пракса, од причина што Груби не е во земјава, а домашните институции немаат официјална информација каде се наоѓа, со цел да отпочнат постапка за екстрадиција. Единствено, потврдено е дека тој ја напуштил земјава на 15 декември, кога влегол во Косово преку граничниот премиер „Блаце“, иако бил ставен на стоп-листа. Сепак, како што утврди МВР, полицискиот службеник го пуштил како пешак без да почека системот да јави дали имал активна мерка, поради што заработи суспензија и кривична.
Инаку, Груби ја напуштил државата во друштво на бизнисменот Арсим Папранику, кој воедно е почесен конзул на Косово. Тој беше повикан во полициска станица, каде што, според информации на „Фокус“, рекол дека не знаел дека Груби се бара од страна на институциите. Според полициски извори, Папранику дал исказ дека го однел Груби во Тирана, пиеле кафе и го оставил во хотел во близина на стадионот. Истиот ден, додаваат истите извори, тој се вратил во земјава сам преку граничниот премин „Ќафасан“.
Врз основа на информации од владини извори, пак, објавивме дека македонската влада и одредени институции располагаат со неофицијални информации дека Груби не се задржал на Косово, туку дека заминал за Албанија, каде што моментално престојува. Поточно, според нашите соговорници, тој се наоѓа во место во близина на Драч, покрај Јадранско Море. Неофицијално, станува збор за локација во месноста Хамалај, каде што Груби се сместил во објект, кој формално не е во негова сопственост.
Всушност, исказот на Папранику даден во полиција потврдува дека Груби влегол во Косово, но не се задржал таму, туку веднаш заминал за Албанија. Во тој контекст, треба да се посочи дека од неодамна има посебен режим според кој косовски и албански државјани непречено се движат низ двете држави на одредени точки, без да минуваат гранична контрола. Извесен период откако пристигнал во Тирана, пак, според информациите со кои располагаат дел од членовите на Владата и некои институции, Груби заминал во правец кон Драч.
Како и да е, засега од ниту една соседна држава не е доставена официјална потврда до МВР дека Груби се наоѓа таму. Со други зборови, има формална верификација дека тој влегол во Косово и има сведочење дека бил оставен во албанскиот главен град Тирана, но не и каде е моментално. Меѓутоа, според неофицијалните информации, тој престојува како фантом во Албанија, што по се изгледа се толерира од тамошната власт, која му дозволува да се засолни додека не дојдат подобри времиња. (Во меѓувреме, Али Ахмети рече дека Груби се наоѓа некаде во „албанските простори“).
КАКО ДАРАВЕЛСКИ, ГРУЕВСКИ ИЛИ МИЈАЛКОВ?
Кога се говори за судбината на Груби, постојат неколку опции. Едната од нив е да остане моменталната ситуација, која практично значи дека Албанија ќе го крие Груби под радарот, но никогаш нема официјално да потврди или да признае дека тој е таму. И покрај добрите односи на албанскиот премиер Еди Рама со ДУИ и со Груби конкретно, сепак, Рама тешко би можел да оправда да штити лице што е на „црната листа“ на САД, особено во ситуација кога Албанија негува стратешки односи со САД и почна преговори за членство во ЕУ.
Токму од тие причини, многу помалку веројатни се другите две опции, иако се теоретски возможни. Едната е нив е Албанија да одбие екстрадиција на Груби, за што ќе има правна можност особено ако Груби, покрај македонското, има и албанско државјанство. Од она што е официјално познато, Груби е заведен дека ја напуштил земјава со македонски пасош, меѓутоа во неговата последна реакција на Фејсбук вели дека редовно патувал со неговите „патни исправи“, што укажува дека има најмалку 2 пасоши, односно државјанства.
Ако прво официјално се утврди дека Груби е во Албанија, а потоа власта во Тирана одбие негова екстрадиција во Македонија, тогаш албанската власт би постапила со Груби исто како што Србија постапи со поранешниот шеф на македонската царина Драган Даравелски. Како што е познато, земјава постојано бараше екстрадиција за Даравелски, кој во отсуство беше осуден на 7 години затвор поради финансиски малверзации. Арно ама, Белград никогаш не го екстрадираше Даравелски, кој по 20 години сам дојде во земјава, но откако веќе делото му беше застарено, па затоа не влезе ниту еден ден во затвор.
Другата теоретска можност за спас на Груби е тој да добие азил во Албанија, како што доби поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Унгарија. За потсетување, Груевски доби политички азил од Унгарија на чело со Виктор Орбан, но откако беше правосилно осуден за набавката на мерцедесот, а воедно течеа многу други судски процеси против него. Но, дали е можно Груби да добие азил во Албанија поради политички прогон?
– Лицето (Груби) е на листата на санкции на САД. Јасно се наведени причините зошто се наоѓа на листата на санкции – поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал, обвинителството поведе истрага, а судот изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена. Тука не станува збор за политички причини, туку очигледно има нешто поинакво од политиката, односно постои основано сомневање за сторен криминал. Не очекувам дека ќе добие политички азил, но тоа, сепак, е одлука на оние што би влегле во една таква процедура – рече Мицкоски.
Навистина држи тезата дека земја-стратешки партнер на САД, која тукушто почна преговори со ЕУ, тешко ми можела да оправда одлука за одбивање барање за екстрадиција на лице што е на „црната листа“ поради корупција, а уште потешко би можела да оправда одлука за доделување азил на вакво лице, и тоа во време кога за него се отвори истрага за милионски криминал, додека во тек се низа предистраги. Но, она што може и веројатно веќе го прави Албанија е да му дозволи престој на Груби додека се обидува од дистанца да си ја реши или барем олесни правната ситуација.
Во ваков случај, официјална Тирана нема никаков притисок околу Груби, бидејќи, нели, никогаш никаде нема официјална регистрација дека тој влегол и дека се наоѓа во Албанија. Она што официјално се знае е дека тој влегол во Косово, но не во Албанија, иако неговиот сопатник сведочел дека го оставил во Тирана. Во одредена смисла, ова затскривање на Груби од лицето на земјава многу потсетува на тактиката што ја употреби поранешниот шеф на тајната полицијата Сашо Мијалков.
За потсетување, во текот на 2021 година, Мијалков беше недостапен за органите за прогонот во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, каде што беше еден од 12-те обвинети за злоупотреба на системите за масовно прислушување, со што незаконски се следеле 4.286 телефонски броеви. Практично, Мијалков го снема откако се насетуваше дека ќе добие висока затворска казна за овој случај. Сепак, по 24 часа, во кои цела држава и јавност се крена на нозе, тој се појави пред Обвинителството.
– Не бев во бегство, бев тука, но поради тоа што чувствував симптоми на корона, се изолирав. Кога разбрав за тоа што се случува, решив да дојдам денеска до Обвинителството за да го видам решението. Навистина ми е жал поради непријатностите, за што сакам да се извинам на јавноста, на министрите, на правосудните инстанци поради оваа ситуација… Секој што ме знае, знае дека јас кога ќе дадам збор, нема да го погазам. Јас јавно ветив дека нема да побегнам… – изјави Мијалков.
Настрана ваквите зборови на Мијалков, факт беше дека тој се засолнил во страв поради високата казна, што на крај и се случи, бидејќи беше првостепено осуден на 12 години затвор. Но, тогаш имаше остра реакција од власта на премиерот Зоран Заев, кој го собра цел државен и правосуден врв, барајќи Мијалков да се обезбеди по секоја цена. Откако негови блиски почнаа да се викаат да дадат исказ и било запретено дека ќе му се конфискува имот, тој се појави во јавност, откако претходно издејствувал куќен наместо затворски притвор.
„ЦРНА ЛИСТА“, „ИМПЕРИЈА“ И „РЕКЕТ“
Што се случи потоа? Мијалков во куќен притвор ја чекаше првостепената пресуда од 12 години, но таа никогаш не се реализираше. Тој не влезе во затворски притвор ниту до правосилност, но, како што се испостави, апелацискиот судија Енвер Беџети го држел предметот во фиока доволно долго, така што кога тој беше вратен на повторно судење веднаш застаре. Токму за ова чување на главниот случај на СЈО за Мијалков беа ставени на „црната листа“ и Беџети и Груби, бидејќи, според Стејт департментот, му овозможиле на Мијалков да куртули од затвор.
Фактички, САД директно ги доведе во корелација Мијалков и Груби, и тоа во контекст на коруптивно изигрување на правдата. Но, сега се поставува прашањето дали Груби се обиде да го копира првиот потег на Мијалков, кој привремено се засолни на сигурно, додека не обезбеди поповолна ситуација да се врати? Индикативно е што тогаш Мијалков тврдеше дека не избегал, туку дека привремено се изолирал, а нешто слично сега тврди и Груби, кој рече дека заминал во приватна посета.
„Почитувани, денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, напиша Груби во последната јавна објава. После тоа, неговото семејство ангажираше адвокат, кој побара укинување на затворскиот притвор, но Судот го одби барањето. Доколку Судот одлучеше поинаку, дали Груби ќе се појавеше во земјава, исто како што стори и Мијалков?
Кога се работи за Мијалков, треба да се посочи дека тој е најдобра потврда на ставот дека моќниците обично ја избегнуваат одговорноста. Всушност, тој е спој на поранешен функционер и актуелен бизнисмен, со оглед дека тој и неговото семејство поседуваат повеќе компании, удели, акции. Ако се земе во обѕир „црната листа“ на САД, тој за спас на сопствената кожа не тргувал само со влијание стекнато како шеф на тајната полиција, туку користел и друг тип ресурси, кои, се разбира, се од финансиски карактер.
Кога ќе се повлече црта, може да се заклучи дека Мијалков се спаси од „Таргет-Тврдина“ со чување на предметот во фиока и застарување на кривично гонење, кое делумно настана и со помош на фамозните измени на Кривичниот законик. Дополнително, му застаре и „Титаник 2“, се извлече до условна казна во „Плацови на Водно“, додека во „Тортура“ и „Трезор“ беше ослободен. Единствено, тој помина одреден период во притвор и во затвор во рамки на случајот „Империја“.
Станува збор за предмет во кој Мијалков и повеќе поранешни бизнисмени, меѓу кои Орце Камчев, Дејан Панделески и други беа гонети за злоупотреба на службена положба, измама и перење пари. Во рамки на оваа истрага, која траеше 3,5 години, Мијалков и Камчев неколкупати влегоа во притвор и излегоа по многу перипетии. Сепак, само овде не успеаја целосно да избегнат санкција, од причина што, соочени со неповолно вештачење, признаа вина и склучија спогодби.
Прво, Камчев со спогодба во 2022 година призна вина и беше осуден на една година затвор, со тоа што уплати и 5,1 милиони евра на државниот буџет. Притоа, беше обелоденето дека Камчев доставил одредени компромитирачки докази за Мијалков, кој, исто така, подоцна реши да признае вина и да склучи спогодба, која предвидуваше да одлежи 3 години во затвор, плус да исплати 6 милиони евра за уделот во хотелот „Мериот“. Патем, одземен му беше имот во вредност од околу 30 милиони евра.
Кога ќе се земе предвид дека во овие казни за Мијалков и Камчев се пресмета и времето минато во притвор, излегува дека тие се извлекоа со минимални казни и безмалку симболично време минаа во затвор, дотолку повеќе што се работеше за затвор од отворен тип во Струга. Згора на тоа, Камчев целосно се извлече од случајот „Плацови на Водно“, каде што го разоткри Груевски како скриен сопственик на имот. Капак на цела апсурдност беше фактот што Мијалкови подоцна си го откупија имотот што им беше одземен.
Во меѓувреме, се случија 2 клучни настани кои значително влијаеја врз динамиката во „Империја“. Прво, по поразот на локалните избори 2021 година, се пензионираше тогашниот премиер Заев, кој претходно, по лошиот резултат на претседателските избори, беше свесен дека мора да испорача резултат во делот на владеење со право. Во таков амбиент, Мијалков, Камчев и други влегоа во затворски притвор, но по заминувањето на Заев и доаѓањето на Димитар Ковачевски тие веднаш излегоа надвор.
И второ, се случи аферата „Рекет“, во чии рамки беа обвинети и осудени специјалната јавна обвинителка Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13 поради тоа што зеле пари од Камчев за да му ја олеснат позицијата во „Империја“. Иако доказите неспорно упатуваа вина кај нив, сепак, тоа не го амнестираше од вина Камчев за „Империја“, чија цел, судејќи според пораките што му ги праќал на Заев, била да се пребијат двата случаи и ниеден да не го види светлото на денот. На крајот, Камчев се извлече со минимална казна, додека Јанева сѐ уште е в затвор, издржувајќи ја казната од 7 години.
ФУНКЦИОНЕРИ И ОЛИГАРСИ
Оттука, несомнено произлегува дека речиси секој што има силни контакти, но и многу пари, може да си купи слобода на тој начин што ќе врати средства во буџетот и ќе оди неколку месеци само на спиење во затворска установа. Ако тоа не бидува, тогаш ресурсите ќе му овозможат да се скрие во земјава или, пак, да побегне во странство и од таква позиција да преговара појавување или враќање под поволни услови. Или, пак, воопшто да не се врати додека не му застарат делата за кои се гони, по што би дошол како слободен граѓанин.
Односно, секој што има(л) пари, моќ и влијание не сносил одговорност, освен во исклучителни случаи и специфичен контекст, кога некоја „јака фаца“ длабоко ќе заглави во затвор како резултат на политички реваншизам или како колатерална штета на заднински политички разврски, а не како производ на една непристрасна и транспарентна судска постапка. Во таа насока, веќе споменатата Јанева е еден од тие примери. Зошто?
Затоа што снема политички интерес СЈО да продолжи да постои. Јасно беше зошто тогашното опозициско ВМРО-ДПМНЕ беше против СЈО, бидејќи СЈО отвори низа постапки за партиски функционери и замрзна партиски имот. Но, очигледно, истиот интерес го имаа и тогаш владејачките СДСМ и ДУИ, поради страв или калкулација дека, кога-тогаш, обвинителството за гонење висока корупција ќе сврти и против нив. Во такви околности, случајот „Рекет“ им дојде како порачан, без разлика дали тој бил реален или режиран.
Да не немаше ваков тип консензус, Јанева никогаш немаше да биде ниту обвинета, а камоли осудена, бидејќи јасно беше дека со компромитацијата на шефицата се компромитира цело обвинителство. Да имаше интерес и волја кај власта да опстои СЈО, сигурно Заев ќе направеше дил со Камчев да не ги доставува и објавува материјалите и цела работа да се забошоти. Ако имаше интерес СЈО да постои, како што имаше интерес за влез во НАТО, ќе се амнестираше Камчев како што се амнестираа Крсто Мукоски и останатите.
Друга „јака фаца“ што заглави во затвор беше некогашниот медиумски магнат Велија Рамковски, кој беше осуден на 13 години затвор за финансиски нерегуларности во неговите компании, а неговата А1 телевизија беше затворена. Тоа се случи откако Рамковски и А1 отворено тргнаа против тогашната власт, при што Велија го обвини Груевски дека му плаќал партиски реклами со државни пари. На крајот заврши во затвор се до доаѓањето на власта на Заев, која го пушти поради медицински причини, исто како што беа пуштени дел од осудените за „крвавиот четврток“ со доаѓањето на власта на Мицкоски.
Во тој период, настрада и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој беше осуден на 12 години за незаконско финансирање на изборна кампања со помош на заштитен сведок кој никој никогаш не го видел. Имаше обид идентично да биде осуден и во случајот „Ровер“, но сепак, тоа не се случи. Во многу извештаи на меѓународни организации, Бошкоски беше оквалификуван како политички затвореник, на ист ранг со Јулија Тимошенко.
По политичките промени во 2017 година, почна процес на кривичен прогон на вмровски функционери, но главниот од нив – експремиерот Груевски избега од државата, а неговиот братучед Мијалков преку разни лупинзи се извлече од дузина предмети. Од таа структура, најмногу во ќелија помина ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, кој одлежа 6 години, додека екс министерката за полиција Гордана Јанкулоска излезе на условен отпуст по 3,5 години в затвор. Дефинитивно, мораше да се поправи сликата дека нема одговорност, а обично, нели, јажето се кине онаму каде е најтенко.
Истовремено, в затвор завршија двајца битни ликови од тогашната владејачка гарнитура. Станува збор за генералните секретари на владата, Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, од кои првиот беше осуден на 8 години затвор за незаконски спроведена јавна набавка, а вториот на 2,5 години затвор за договор без постапка за јавна набавка. Бездруго, тие беа жртви на интервладини и меѓуинституционални пресметки, односно на конструкции подготвени против своеволно однесување на луѓе од доверба на Заев. Практично, кога не можеш да удриш на магарето, ќе удриш на самарот.
Во изминатите 3 децении, осудени беа и моќни бизнисмени, како Јорго Куќа, поранешен генерален директор на ОХИС, кој доби 4-годишна затворска казна за малверзации на берзата. Исто така, „падна“ и некогашниот кумановски бос Бајруш Сејдиу, кој многу години заглави во затвор, а неговиот имот беше конфискуван, обезвреднет и раскрчмен. Дури, извесен период наназад гледаме амбициозни акции и против опасни криминалци, како што беше случајот „Планина“ и последниот упад во Арачиново.
Арно ама, треба да се потсетиме колку обвинувања за криминал имаше кон т.н., транзициски олигарси, но никој не беше обвинет, а камоли осуден. Треба да се потсетиме и колку обвинувања за корупција беа испорачувани на сметка на директори, министри, па дури и премиери, но ниту еден не беше затворен. Кој е епилогот – Груевски побегна, Владо Бучковски се спаси од „тенковски делови“ со застареност а поради застареност ниту Љубчо Георгиевски не беше гонет за „Поштенска банка“. Веќе заборавениот Бранко Црвенковски никогаш не беше обвинет, но каква судбина ќе има Заев, кој периодов престојува на безбедна локација во Дубаи, каде што е лоциран и нарко-босот Шеваљ Муареми?