Архива: Градежната офанзива се заканува да ги проголта куќите и жителите на Водно!

by Фокус

Текстот е објавен на 26 септември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 990

Жителите на потегот под поранешниот хотел „Панорама“ стравуваат од свлечиштето кое се засилува со градежната офанзива. Поради тоа што се појавиле деформации на нивната куќа, едно од семејствата што живеат овде побарало експертиза од најрелевантните институции. Она што тие го утврдиле е фрапантно – во опасност се и новите и постојните објекти, а во меѓувреме надлежните не преземаат никакви мерки за надминување на оваа состојба.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Осумдесет и седумгодишниот Методија Трајковски е поранешен професор на Градежно-архитектонскиот факултет. Уште пред да замине во пензија, пред повеќе од четириесет години, тој го искористил сето свое знаење и умеење што го стекнал од струката во изградбата на сопствена куќа на Водно, на потегот под поранешниот хотел „Панорама“. За разлика од сега, тогаш овој дел бил ретко населен, но градежната експанзија што го зафати оттогаш до денес, ја сменила целокупната слика во овој предел.

Прво се граделе куќи, кои првично биле дивоградби, но нивните сопственици со текот на времето ги легализирале, користејќи го и законот за легализација за едно евро по квадрат. Тие што имале повеќе среќа, пак, стапиле во контакт и склучиле договори со инвеститори, кои, секогаш расположени за бизнис, ги откупувале овие атрактивни локации и граделе таканаречени семејни куќи со повеќе станбени единици. Така, на крајот, двете страни биле задоволни – првите го решиле станбеното прашање за неколку генерации нанапред, додека другите оствариле профит.

Инаку, првите згради овде се изградиле пред десетина години, а таквиот тренд не запира, туку напротив – се гледа дека ќе продолжи и во иднина со истото темпо. Но, токму многуте градби направиле толкав притисок, кој овој стрмен терен, во комбинација со структурата на почвата, не може да го издржи. Имено, поради тоа проработува свлечиштето, кое и без тоа постои поради што не се сигурни ниту новите градби, ниту, пак, објектите под нив.

Најдобра потврда за тоа е куќата на пензионираниот професор Трајковски, на која основните ѕидови, кои во случајов се бетонски, испукале, се расцепила канализациската цевка, а не додржал ниту специјално изградениот потпорен ѕид. Ова семејство нарачало експертиза од сите градежни авторитети, кои речиси консензуално и експлицитно нотираат дека свлечиштето на Водно ја загрозува безбедноста и сигурноста на сите жители. Поради нивните стравувања, тие се обратиле и до локалната самоуправа и до централната власт, но засега тоа не резултирало со никаква реакција.

НЕИЗВРШЕНО РЕШЕНИЕ

Првиот сосед на семејството, кој живее од нивната јужна страна, на улицата Славејко Арсов, во далечната 1994 година изградил потпорен ѕид, со намера просторот до него да го насипе со земја до нивото на куќата и да добие рамница. На почетокот, ѕидот бил изграден без одобрение за градба, меѓутоа подоцна добил одобрение со условување тој да биде висок 1,6 метри, од што метар да биде под земја, а само 60 сантиметри да бидат ограда. Арно ама, тој не се придржувал до овие мерки и затоа целата конструкција е изместена и накривена.

Како последица од тоа настанале оштетувања и на оградниот ѕид во дворот на Трајковски, па неговото семејство побарало експертиза од Градежниот институт „Македонија“. По извршените теренски проверки и пресметковни анализи, со експертизата се утврдило дека ѕидот буквално нема темелна конструкција. Односно, тој е вкопан само 15-20 сантиметри под земја, гледано од површината на почвата, што не обезбедува заштита од надворешните влијанија, како влагата, врнежите, мрзнењето.

Затоа било препорачано тој да се урне во најкус рок за да „се избегнат сите непожелни аспекти, и материјални, и човечки“. Речиси паралелно со тоа, со потпис на овластениот градежен инспектор на Општина Центар, во 2012 година е донесено решение со кое се наредува сопственикот да го отстрани овој ѕид, бидејќи ги загрозува околните објекти и одново да го изгради според стандардите. Без оглед на тоа, овој ѕид и до ден-денес стои на истото место.

Извршената анализа на деформираниот ѕид укажува дека истиот е надвор од својата рамнотежна положба. Неговата носивост и стабилност теоретски не постои, па единствено кај страничните мали потпирања на помалку оштетениот дел од ѕидот и крајниот понасипан дел овозможува да не настане уривање на ѕидот. Меѓутоа, прашање на време е кога тоа би се случило“, предупредуваат од Градежниот институт.

НИКОЈ НЕ Е БЕЗБЕДЕН

Токму на локацијата каде што е сместена оваа соседна куќа на нашите домаќини, кои ги посетивме во нивниот дом за да ни ја раскажат својата приказна и да ни ја приложат документацијата со која располагаат, треба да се изгради нова зграда, што дополнително ќе ја влоши и онака веќе сложената ситуација. Доколку се случи тоа, овој објект, предвиден со новиот Детален урбанистички план „Тасино чешмиче 2“, ќе се испречи безмалку над нивните соседи од северната страна, чија куќа веќе попушта под силата на природата и човековата негрижа.

За да го заштити домот, семејството било принудено да нарача и проект од Градежниот факултет при скопскиот универзитет. Уште во воведот на проектот, од Факултетот наведуваат дека на падините на Водно во изминатиов период е забележана забрзана градежна експанзија преку изградба на станбени објекти со поголем габарит и димензии (во основа и катност), без претходно да бидат обезбедени неопходните услови. А тоа ги доведува во опасност и новите и постојните објекти.

Падините на Водно се најчесто стрмни, а новоизградените објекти често се поставени над нив без да се предвиди потпирање на земјените маси. Во една таква реалност, потенцијалот за појава на свлечишта, помали и поголеми, локални и глобални, е зголемен. Најчесто се појавуваат меѓусебно поврзани системи на маси кои се свлекуваат, кои во прво време не претставуваат значајна опасност, но со време реализираат значајни деформации. Оваа состојба ги става во опасност како новоизградените, така и постојните околни објекти“, заклучиле од Градежниот факултет.

Откако повеќе од јасно ја констатира општата состојба, Факултетот предлага решение за заштита и обезбедување на објектот, чии сопственици го ангажирале, со помош на специјално изграден потпорен ѕид. Во таа насока, изработиле техничко решение за изградба на потпорна колова конструкција која ќе се протега до подолните слоеви во подземјето, при што било предвидено да се постават два реда колови, кои заедно би формирале блок, а во надземјето да продолжува со класичен потпорен ѕид од армиран бетон.

НОВИТЕ ГРАДБИ ЈА МЕНУВААТ РАМНОТЕЖАТА НА ТЕРЕНОТ

Соочено со реалниот ризик состојбата на објектот да се влошува, ова семејство инвестирало над 15.000 евра во ваков потпорен ѕид. Сепак, и овој ѕид за кратко време пукнал на неколку места, исто како и бетонските ѕидови од куќата, тротоарите во дворот и канализациската цевка, не можејќи да го издржат притисокот од свлечиштето, кој се зголемува од масовното подигнување на згради, додека притоа воопшто не помага потпорниот ѕид на нивните соседи, изграден надвор од правилата и од прописите.

На крајот било побарано и стручно мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија за геотехничките аспекти на оваа куќа. И од таму констатираат дека поради промена на природната рамнотежа на теренот, предизвикана од изградбата на новите објекти, мора да се преземат дополнителни градежни зафати за да се обезбеди потребната сигурност на локациите во регионот. Како што посочуваат од ИЗИС, потпорниот ѕид е изграден во согласност со постојните услови за стабилизирање на земјената маса, а не за услови кои подразбираат нова станбена зграда во непосредна близина.

Оттаму, тие препорачуваат да се исполнат неколку предуслови пред воопшто да се одлучи да се гради новата зграда на основа од 400 квадратни метри со приземје, два ката и поткровје. Прво, потребни се детални теренски геолошки и лабораториски истражувања. Второ, неопходни се геофизички мерења на локацијата, со што ќе се добие слика за потенцијалните свлекувања. Трето, нужна е примена на современи геотехнички методи за анализа на стабилноста на локацијата во сите фази, почнувајќи од моменталната состојба, до фазата на завршен објект. И, врз основа на резултатите, да се изработи проект за заштита на косината и обезбедување на објектот во најава и на соседните објекти.

Во фаза на проектирање, особено внимание да се посвети на проектирањето и димензионирањето на темелната конструкција. Треба да се земе предвид и падот, како и трансферот на товарите од објектот по длабочината на темелната почва. Да се обезбеди и евакуација на атмосферските води за да не доаѓа до дополнително заситување на самите почвени слоеви од локацијата, што негативно ќе влијае врз стабилноста на косината“, нотирал ИЗИС во врска со можноста за изградба на нова зграда во најблиското опкружување.

ЗАЛУДНИ АПЕЛИ

Во обид да издејствува барем да не се влошат состојбите, кога веќе направената штета не може да се поправи, ќерката на Трајковски, Биљана Трајковска-Чудовска, која е моментална сопственичка на посочената куќа, се обратила до сите надлежни институции, ама и ненадлежни инстанци.

Таа поднела приговор до Секторот за урбанизам на Општина Центар против маркичката за изградба на нова зграда над нивната куќа, поради опасност од уривање на таквиот објект надолу кон нив. Арно ама, наместо отстранување, дополнително се зголемил габаритот на објектот за 30 отсто?!

Воедно, Трајковска-Чудовска се обратила и директно до премиерот Никола Груевски, иако овој случај не спаѓа во неговите директни ингеренции, запознавајќи го со проблемот со кој нејзиното семејство се соочува и со стравот во кој секојдневно живее.

Ве молам, поради сериозноста на проблемот, без одлагање да преземете мерки за негово решавање. Ова е потребно за превенција од предизвикувања на оштетувања на мојот и на околните имоти од поголем обем и, во крајна линија, од последиците кои би се манифестирале со човечки жртви“, стои во писмото.

Од кабинетот на премиерот ја упатиле на одговор од Општина Центар, од каде што, пак, добиле писмено ветување дека наводите од експертизите и стручните проекти целосно ќе бидат земени предвид. Иако стручните институции предупредуваат дека постои опасност свлечиштето на Водно да ги проголта и новите и старите објекти, сосе луѓето во нив, засега надлежните не преземаат никакви мерки за надминување на оваа состојба.

Зар треба да се случи најлошото за да сторат нешто?

РАМКА 1
Поради оштетувањата
НЕ МОЖАТ ДА ЈА ОСИГУРААТ КУЌАТА

Кога семејството на Методија Трајковски и на неговата ќерка Биљана Трајковска-Чудовска се обидело да ја осигури куќата од идните очекувани штети, осигурителните компании го одбиле нивното барање. Во образложението за ваквата одлука, се вели:

При увидот на самото место, утврдено е дека веќе постојат деформации во потпорниот бетонски ѕид, како и пукнатини на фасадата од куќата како резултат на лизгање и слегнување на земјиштето. Ова укажува дека бараните ризици веќе се реализирани, поради што сме принудени вашето барање да го одбиеме“.

РАМКА 2
Општина Центар тврди
НАДЛЕЖНИТЕ СЕ НА ТЕРЕН, А ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОСТВАРИ СРЕДБА НА САМОТО МЕСТО!

Од Општина Центар истакнуваат дека целосно се запознаени со проблемот на жителите на Водно во населбата Црниче.

Жителите се често присутни во Општината за да ги изнесат своите проблеми. На терен се и надлежните од Општината, а неколкупати е остварена и средба на самото место на жителите со градоначалникот Андреј Жерновски – нагласуваат од Општината.

Од таму додаваат дека нарачале студија од Градежниот факултет во врска со спорниот потпорен ѕид, која сѐ уште е во фаза на изработка.

Додека не ја добиеме комплетната студија, нема да се преземат никакви конкретни мерки во врска со потпорните ѕидови, освен секојдневните интервенции за помош – посочуваат тие.

РАМКА 3
Парадокс
„СЕМЕЈНА КУЌА“ СО 3 КУЈНИ И 20 СОПСТВЕНИЦИ?!

Малите згради кои што се изградиле и што допрва треба да се градат во просторот под поранешниот хотел Панорама и турската амбасада се водат како семејни куќи.

Познавачите што ги консултиравме објаснуваат дека во овој дел предвидени се само објекти за индивидуално домување. Како што може да се види во Генералниот урбанистички план за Скопје, во овој простор, покрај туристичко-угостителски објекти и дипломатски претставништва, стојат само „семејни куќи со градини“.

Според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, донесен врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање, станбени куќи за семејно домување може да бидат сите видови куќи со дворови: самостојни, куќи во низови, викенд-куќи и други градби. За да спаѓаат во оваа категорија, тие мора да го исполнуваат критериумот да имаат најмногу три кујни.

Во Катастарот на недвижности проверивме еден од овие објекти, изграден на основа на околу 650 метри квадратни, со тоа што плус педесетина квадрати е двор. Оттука произлезе дека 1.300 метри квадратни станбен простор го поседуваат 20 сопственици (компании и граѓани), од кои најголем број поседуваат имотен лист за простор од околу 30 метри квадратни.

Па, се поставува прашањето каква е таа семејна куќа со толку сопственици, кои треба да делат три кујни?

Поврзани новости