Текстот е објавен на 27 декември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.525-1526.
Мицкоски, на кој никој не му даваше шанси минатата Нова година, сега е суверен владетел на земјава и одлучува дали и како ќе се вмеша во албанскиот дел од локалните избори, и со тоа сам да си го избира коалицискиот партнер. Иако е брутална, може да се оцени како позитивна и американската интервенција во редовите на ДУИ, каде што директно, барем засега, беа осуетени плановите за брзо враќање на власт со помош на улицата.
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Кога минатата Нова година пишувавме сличен ваков текст, апсолутно никој не му даваше шанси на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе освои 58 пратеници.
Во јавноста, па и во мејнстрим медиумите, се пласираше тезата дека нема шанси Американците да му дозволат на Христијан Мицкоски да формира влада.
Тоа беше поткрепувано со легендарната изјава на највисоките претставници од Стејт департментот дека од таков човек како него не би купиле ни автомобил.
Што се однесува до ДУИ и особено до Артан Груби, сите ние ги сметавме како некоја фамилија Виндзор, која монархистички ќе владее со Македонија уште илјада години, без разлика кој ќе биде во владата да ги извршува техничките работи. И наеднаш шок и молк.
Во првиот круг од претседателските избори, Гордана Сиљановска–Давкова освои трипати повеќе гласови од Стево Пендаровски. ДУИ едноставно реши да не гласа за него, на тој начин задавајќи си еден од двата најголеми удари.
Вториот беше во предвечерјето на парламентарните избори, кога Али Ахмети ги избрка приврзаниците на СДСМ на завршен митинг пред ЕУ инфоцентарот за тој од плоштадот Македонија на сиот глас да извикува УЧК.
Со овие потези, ДУИ можеби освои пратеник или два повеќе, но со сигурност им додаде барем пет на контото на ВМРО-ДПМНЕ. Народот очигледно знае да казни, а тоа за Ахмети и ДУИ го направи со масовно гласање за ВМРО-ДПМНЕ, иако не е за верување дека уште им се заборавени неделата од времето на Никола Груевски.
ЦЕЛОСНО НОВА ПОЛИТИЧКА СЛИКА
И како последица на сето тоа, сега имаме буквално негатив од аналогната фотографија од пред само дванаесет месеци. Сега Мицкоски е омилениот пријател на веќе легендарното „Кале“, а ДУИ и Груби се дестабилизирачки фактор, кој треба да се дисциплинира со експресно ставање на црните листи.
Просто човек да помисли дека теоријата за паралелни универзуми навистина е практично докажлива. Сега повторно некој ги лаже Американците дека најдобро е баш ВМРО да го решава проблемот со Бугарија за да нема протести на улиците, како што Антонијо Милошоски тврдеше пред една деценија дека само ВМРО-ДПМНЕ може да го реши името.
Неодамна, случајно ми излезе фотографија од Бин Ладен како студира англиски јазик на еден од британските универзитети. Современо облечен по последната мода, очигледно добро го подготвиле пред да го испратат во Авганистан за да стане херојот во борбата против советската окупација и де факто најголем таен пријател на САД.
За сето тоа да се смени драстично и да доведе до единаесетти септември 2011, кога почна повеќегодишниот лов против него, кој на крај резултираше со филмска ликвидација.
Оваа приказна со повеќе несреќни краеви јасно ни кажува дека теоријата на Алберт Ајнштајн за релативноста е најраспространета токму во меѓународната политика. Така што вечни партнерства и лојалност не постојат и секогаш се работи само за моментален интерес и сплет на околности.
На крај воопшто не би бил изненаден ако ДУИ влезе во стратешко партнерство со Кина, со која долги децении во партнерство беше нивниот идеолошки левичарски татко Енвер Хоџа.
ОПОЗИЦИЈАТА ЈА ЧЕКА СВОЈАТА ШАНСА
Среде сета оваа „папазјанија“, некој одвреме-навреме уште ќе се сети и да праша каде е СДСМ во сево ова?
Некогаш најмоќната, па и дури и единствена политичка партија во земјава, дури осум месеци собираше кворум за да одржи успешен конгрес на кој ќе избере легитимно и функционално раководство. И сево ова не е за изненадување по девастирачкиот пораз што го претрпеа на последните претседателски и парламентарни избори.
Новото раководство на партијата, трката за првпат ја почнува дури од третата позиција, бидејќи со несигурните пратеници од ЛДП, нивната коалиција веќе не е втора политичка сила во земјава.
Не им оди во полза ниту тоа што ги поврзуваат со некакви перспективно насилни сценарија во колаборација со ДУИ за брзо докажување на нефункционалноста на владата на ВМРО-ДПМНЕ и влегување во некое повторено сценарио на широка коалиција.
Сепак, најголема опасност за нив претставуваат претстојните локални избори, каде што е многу веројатно дека за првпат нема да освојат ниту еден единствен градоначалник.
Тоа важи и за урбаните и за руралните средини. Без разлика што се свесни за тоа и сигурно се подготвуваат, тоа ќе биде тежок удар за младото раководство на чело со Филипче и Каранфилова и ќе им треба сета инвентивност за да го амортизираат тоа.
Тука се опашките од блискоста со претходните раководства на Ковачевски и Заев, против кои се веќе покренати директни и индиректни постапки, а не е познато ниту како ќе влијае новата грандиозна функција во НАТО што ја доби поранешната претседателка на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која сѐ уште има свое мало крило во СДСМ и кое веројатно во ваква криза може да се групира и да расте.
Сепак, ако нешто покажа домашната политичка историја, тоа е дека лидер на опозиција не е воопшто функција за потценување. Можеби во мирнодопски и редовни услови, СДСМ нема никакви шанси уште цели два изборни циклуси (ако воопшто преживее до тогаш).
Но, ако навистина дојде до некаква повторна дестабилизација на државата под притисок на домашните и регионалните случувања, веќе е сигурно и видено дека експресно брзо големи контингенти на гласачи, спас ќе побараат токму во нивната пацифистичка алтернатива.
Па, не треба да нѐ изненади пресврт, можеби не толку драстичен како оној во 2002 година, но сигурно многу подобар од минимумот гласови што ги освоија во мај 2024 година.
Така што, без разлика што положбата на Филипче му е далеку од зависна, апсолутно му е исплатливо со сите средства и сили да се води за оваа функција на која седна во време кога малку конкуренти искрено ја посакуваа.
ПОМАЛКУ ТУРБУЛЕНТНА ГОДИНА
Без разлика што црната листа за Артан Груби изгледа издајнички и ниско од една голема светска велесила, во чие име тој цел живот се бори, тоа е и добра политичка порака дека концептите на Ахмети за брзо враќање на власт со помош на улицата не наидуваат на одобрение од Вашингтон.
Од тука можеме барем да се надеваме дека ова е еден голем показател околу тоа што ќе нѐ чека во 2025 година. Добро е што барем досега не се случија големите митинзи што ДУИ ги најавуваше и апсолутно имаше капацитет да ги организира и добро е што нивната сила веројатно ќе имаат можност да ја исполнат дури преку следните локални избори каде што ќе го одмерат рејтингот до силите на ВЛЕН.
За новата албанска власт не може да се каже дека е претерано активна и дека многу добро се снајде во новата улога. Можеби самата контрола на државните институции носи некој процент гласови плус, но некој процент гласови ќе им биде одземен на ДУИ и поради силните удари што ги трпат на сите страни.
Но, кај нас веќе е јасно дека на избори добива оној што е најгласен во националната реторика, па изгледа дека единствената шанса на ВЛЕН е ако сите вмровски гласови, не само во вториот, туку и во првиот круг од локалните избори одат токму за нив. Сценарио што досега не е реализирано во Македонија и за кое е прашање дали Мицкоски планира да го исполни.
Можеби и на ВМРО-ДПМНЕ му одговара да изгуби ВЛЕН и да има едно големо алиби околу тоа како да го инкорпорира ДУИ или дел од ДУИ на мала врата во нивната власт.
Сево ова ќе бидат мачни и комплицирани процеси, но барем засега навистина пораките што стигаат од Анџела Агелар како гласноговорник на најголемиот сојузник на албанските партии се дека радикализација на состојбите, не само што не е пожелна, туку и нема да се толерира.
ОСВЕН ПОЛИТИЧКИ, ЌЕ ИМА И ЕКОНОМСКИ ПРЕДИЗВИЦИ
Во сиот овој колаж од настани, не смее да се потцени ни потенцијалниот ефект од сѐ поизвесниот крај на германската економија, од која веќе со децении сме директно зависни.
Имено, сите веќе знаат дека европскиот економски џин го очекува една од најпредизвикувачките години по Втората светска војна. Калкулациите што се правеа со зелената енергија и увозот на проблематична работна сила и мешање на енергетиката со геополитичката конечно дојдоа на наплата и тоа со камата.
Македонија дури на два начина е зависна од овие случувања, и преку потенцијалното останување на стотици илјади иселеници без работа, но многу повеќе преку намалување и откажување на нарачките за стотици претпријатија, кои исклучиво работат за германскиот пазар.
Старата изрека дека кога германската економија ќе се накашла, цела Европа добива пневмонија, во нашиот случај има посебна тежина бидејќи доаѓа токму на почетокот на мандатот на новата влада од која граѓаните, покрај национални, имаа и економски очекувања.