(АРХИВА) Газдите го одврзаа кесето во недостиг од работна сила: Ваучери за брак, попуст за одмор и плата од 35.000 денари за вработување без проба!

by Fokus

До пред неколку години, огласите за работа содржеа обврски на работникот, негови задачи, работно време и потребни и најчесто непотребни квалификации, како тимска работа, ефикасност, брзина, решителност, одлучност и желба за напредок. Сега огласите се како рекламни билборди, кои содржат висина на плата за секоја работна позиција, конкретни бонуси, наводно лесно остварливи, како што се процентите од продажба на одредени производи, одредени привилегии, а сѐ оди дотаму што се нуди и висока плата за почетник без искуство, како што е случајот со ланците супермаркети.

Текстот е објавен на 30 јануари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.530.

Пишува: Орце КОСТОВ

Натпросечна плата плус бонуси и привилегии, трипати повисок К-15 регрес од законски пропишаниот, слободни денови за роденден, ваучери за склучен брак, ваучери за одмор, пакети за 8 март, пакет производи за верски празници…

Ова е само дел од понудата во огласите што ги објавуваат работодавачите, пред сѐ во продажниот сектор, супермаркети за храна и специјализирани продавници за техника, опрема и облека.

Кога на почетокот на 2023 година стапија во сила законските измени со кои неделата беше прогласена за неработен ден, работодавачите предупредија дека тоа може на крајот да резултира со отпуштања.

Новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ им вети на бизнисмените, работодавачите и на стопанските комори кон крајот на 2024 година дека ќе го преиспита законот за недела неработен тен со цел да ги „спаси“ работниците од отпуштања.

Во меѓувреме, поради недостигот од квалитетна работна сила на пазарот на трудот, кој го предизвика забрзаниот процес на иселување на граѓаните, ги принуди компаниите, освен да го одврзат кесето за повисоки плати, да нудат и одредени бонуси и привилегии, кои ги немало ниту во бивша Југославија, кога работниците уживале големи права.

За разлика од порано, кога огласите за работа содржеа само обврски на работникот, негови задачи, работно време и потребни и најчесто непотребни квалификации, како тимска работа, ефикасност, брзина, решителност, одлучност, желба за напредок, сега огласите се како рекламни билборди.

Новите огласи содржат висина на плата за секоја работна позиција, конкретни бонуси, кои наводно се лесно остварливи, како што се процентите од продажба на одредени производи, одредени привилегии, а сѐ оди дотаму што се нуди и висока плата за почетник без искуство, како што е случајот со ланците супермаркети.

КОИ БЕНЕФИЦИИ СЕ НУДАТ?

Најголемите маркети во Македонија, како „Кам маркет“, за продавачи во Скопје нудат 28.000 денари почетна плата со или без искуство, која со додатоци и бонуси стигнува до 31.000 денари, а во внатрешноста на земјата плати од 25 до 28 илјади денари.

Но, вработува и раководители на маркети, на кои им се нуди плата од 38.000 до 48.000 денари плус бонуси и привилегии, како што се регрес речиси трипати повисок од законски пропишаниот, слободен ден за роденден, платен превоз, попуст за одмор во хотелот „Вилиџ“ во Охрид, подарок за Денот на жената, новогодишни пакетчиња за деца до 10 години, пакет производи за верски празници согласно вероисповедта…

Маркетот со најголем раст за 2023 година, „Стокомак“, во трката да биде најдобар, за касиер нуди почетна плата од 32.000 денари со договор за вработување без пробен период, 5.000 денари празничен (верски) бонус за Божик и Рамазан бајрам и можност за заработка до 35.000 денари.

Речиси сите супермаркети и поголеми фабрики нудат регрес за годишен одмор (К-15) најмалку двапати поголем од законскиот минимум, кој за 2023 беше 15.000 денари, а некои од нив нудеа и по 50.000 регрес. „Стокомак“ исплаќа 43.000 денари К-15 по вработен, што е меѓу највисоките регреси што ги исплаќаат компаниите што работат во нашата земја.

Неколку компании нудат слободни денови за роденден, пакети за новороденче, училиштен пакет производи, ваучери за склучен брак додека работникот работи кај нив, ваучери за спортска опрема, картички за спортски активности и попусти за одмор во туристичките места ширум земјава.

Платено колективно осигурување веќе е во минимумот на понудата, некаде се нуди и приватно здравствено осигурување. Најбрзорастечка мотивациска мерка што ја донесоа странските ИТ компании во Македонија и тој тренд го следеа македонските фирми е бонусот за препорачан пријател за работа, кој се движи од 100 до 600 евра, во зависност од финансиската моќ на компанијата.

За возачите и магацинските работници, пак, секоја компанија, во своите огласи објавува дека прекувремените часови ги плаќа повисоко, што од друга страна им е законска обврска на работодавачите, а се нуди како привилегија.

Еден од најголемите маркети во Македонија, за потребите на своите магацини и снабдувањето во маркетите објави огласи за возачи на камион со „Ц“ категорија со одлични услови, како плата до 60.000 денари (по завршена обука), платен секој прекувремен час и ноќна работа, регрес речиси трипати поголем од законски пропишаниот, слободен ден за роденден и пакет производи за верски празници во согласност со вероисповедта.

Податоците покажуваат дека од околу 7.600 слободни работни места во Агенцијата за вработување, повеќе од 50 отсто се во трговијата и затоа се нудат вакви бенефиции за да се најдат работници.

Според искуствата на вработените, но и според огласите, едно работно место обично опфаќа повеќе работни позиции (на пример, касиер, примач на стока, одржувач на хигиена, редач на производи, складирање во магацин), се бара работење во смени и работа во сабота, а во големите трговски центри се бара работење и во недела.

НАГРАДИ И БОНУСИ

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека нудењето бенефиции и права по пат на огласи и известувања е резултат на недостиг од квалификувана работна сила поради отселувањето на младите и стручни кадри незадоволни, пред сѐ, од ниските плати и од кршењето на работничките права во државата.

Уставот како највисок акт во државата уредува дека работно-правните односи се уредуваат со закон и колективните договори. Практиката говори дека работниците се заштитени од злоупотреби и кршење на работничките права доколку правата и обврските меѓу работниците и работодавачите се уредени со закон, колективни договори и договори за вработување.

Нудењето бенефиции и права по пат на огласи и известувања секако дека е резултат на недостиг од квалификувана работна сила поради отселувањето на младите и стручни кадри незадоволни, пред сѐ, од ниските плати и од кршењето на работничките права во државата – вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Според него, ваквиот начин на нудење погодности што не се регулирани на адекватен начин може да биде несигурен и краткотраен, односно во вакви случаи, работниците во поглед на остварување на овие права се оставени на волјата и диспозицијата на работодавачот.

Сојузот на синдикатите на Македонија, во своите обуки, советувања и активности за оспособување им укажува на работниците и на членовите на синдикатот дека нивните права и обврски потребно е да се уредат со закон и колективен договор, односно со КД или договор за вработување согласно националното законодавство и меѓународните трудови стандарди, може одредени законски права да се доуредат на начин подобар и поефикасен за вработените.

Колективните договори потпишани од синдикатот обезбедуваат сигурност за работниците дека договореното ќе се почитува, а доколку овие права не се почитуваат, на работниците им стојат на располагање механизмите за заштита на работничките права, постапки за заштита и остварување на правата пред органите кај работодавачот, односно судски постапки и пријави за постапување на Државниот инспекторат за труд – образложи Трендафилов.

Прашан дали истите бенефиции може да се озаконат или барем да бидат дел од колективен договор на гранка, Трендафилов рече дека само со колективен договор може да се гарантираат правата на работниците во трговијата.

Во службата за бесплатна правна помош, која функционира во составот на Сојузот на синдикатите на Македонија, минатата година, правните застапници и синдикални претставници постапувале и ги презеле сите правни дејствија согласно закон за 12.234 обраќања за прекршени работнички права.

Работниците, во трговијата, само преку нивно активирање и организирање во Синдикатот на работниците од трговијата при ССМ можат да ги унапредат и гарантираат своите работнички права со склучување колективни договори со нивниот работодавач – додаде првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија.

ЏАБЕ БЕНЕФИЦИИ

Работодавците можеби нудат одлични бенефиции за да привлечат нови работници, но за да се користат дел од поволностите, работниците треба да имаат и слободно време за викенд. Оние што работат во супермаркети, најчесто го немаат бидејќи работат и во недела и за време на празници.

Според измените на законот од 2022 година, недела е неработен ден за сите продавачи, освен за оние што работат во продажба, во трговските центри, кои се отворени и во недела.

Вработените во дејностите што може да работат во недела, според прописите, ги следува најмалку 50 отсто повисока дневница за секој час поминат на работа и право на слободен ден во следните седум дена.

По три години од воведувањето, власта најавува ревизија, дел од бизнисот е за целосно укинување, а синдикалните организации се против.

Ова законско решение, иако не е идеално, треба да остане и да се почитува, смета Кристина Ампева. И таа, како и Сојузот на синдикатите на Македонија, е на став дека има дејности што не мора да работат во недела, а како примери ги посочуваат трговските центри.

Една Грција и Црна Гора, кои се зависни од туризам, одлучиле да не работат. Или нека се донесе нов начин на евиденција на работното време што ќе биде поврзано со некоја од институциите – ДИТ или УЈП, за да нема манипулации. Ако се направи тоа, јас лично ќе се откажам од законското решение, но додека нема релевантна евиденција и не се исплаќа трудот на работниците како што треба, не треба промени – вели Ампева во разговор за „Дојче веле“.

Миле Бошков, од Бизнис-конфедерацијата на Македонија, смета дека треба да се дозволи на оние што сакаат, без разлика на дејноста, да работат во недела и да плаќаат дневници согласно закон.

Луѓето за време на викенд, поголемиот дел што се ангажирани во текот на неделата, наместо да излезат и да потрошат некоја пара во нашата економија – дуќани, ресторани и хотели, тие имаат навика да одат на друго место да купуваат и ја развиваат пограничната економија во сите соседни земји – вели Бошков.

Ова особено им пречи на занаетчиите.

Ние баравме од почеток недела да биде неработен, но за тие што сакаат – вели за РСЕ, Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора.

Тој вели дека законската определба, покрај тоа што ја развила економија во пограничните градови во соседството, создала и сива економија, па голем дел од маалските дуќани работат со затворени врати и вработените вистински не одмораат.

Додека повеќето комори се залагаат за ревизија на актуелниот закон, синдикатите постојано го искажуваат својот став против. Тие потсетуваат оти не само недела, туку и сабота е неработен ден.

Дебатата за ревизија на законот се одвива во Економско-социјалниот совет, кој го формираше владата, а во кој членуваат и синдикатите и работодавците. Оттаму, треба да произлезе и решението.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна го соопшти својот став дека треба да им се овозможи во недела да работат „оние што ќе постигнат договор и ќе добијат двојно или тројно повисока дневница.“

Или ќе важи за сите, или нема да важи за никого – рече Мицкоски.

Исклучок од правилото за недела неработен ден во моментов се оние дејности каде што работните процеси не можат да трпат прекин, како што се на пример одгледувањето животни, копањето јаглен и руди, производството на гас, фармацевтски производи, леб, аптеки, медиуми и трговци во туристички места.

Прогласувањето на недела за неработен ден, односно за „ден за неделен одмор“ во 2022 година беше оспорено пред Уставниот суд од Стопанската комора. Меѓутоа, уставните судии ја отфрлија иницијативата со став дека наводите на бизнисмените се неосновани.

ПОКУСИ ЗА 170.000 РАБОТНИЦИ

Македонија, за пет години изгубила речиси 170 илјади работници. Само во првите три месеци од 2024 година, работоспособното население е намалено за 2.738 лица, а претпоставките се дека тој тренд продолжил, па дури и се забрзал во пресрет на летото, кога голем број македонски граѓани заминаа на сезонска работа во соседните земји и во Европа.

Минатогодишните проценки беа дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.

Коренот на проблемот е во иселувањето и овој тренд, кој трае со децении, го испразни Балканот. Проценките се дека за 20 години од Македонија емигрирале околу 200 илјади граѓани, или 9 отсто. Се смета дека околу 2.500 високообразовани кадри во периодот од 2013 до 2021 година, секоја година си ги пакувале куферите и заминувале од земјата.

Според извештајот на Интернационалната организација за миграција за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светска банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата.

Државата се соочува со голем губиток и на општи работници. Недостиг од работна сила се чувствува во речиси сите сектори.  Иста е состојбата и со угостителството, каде што најголем проблем со вработени се чувствува во летниот период.

Последиците се увоз на неквалитетна и сомнителна работна сила од азиските земји, посебно во градежништвото и угостителството или, пак, нудење некои од горенаведените привилегии.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од 2018 до 2023 година, бројката на активно население е намалена за 165.976 лица. Ако во 2018 година имало 957.623 работници, за пет години оваа бројка се стопила на 791.647. Само за три месеци од почетокот на годинава, земјата е покуса за 2.738 работници.

Во текстилниот сектор, за 14 отсто е намален бројот на работници во текот на оваа година, покажуваат анализите на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. Тој посочува дека во изминатите 15 години, ова е најголемиот пад на вработени во овој сектор.

Причината е што кризата во Германија се рефлектира врз работата на македонските текстилни компании, кои традиционално се поврзани со овој пазар и со нарачките од партнерите. Излезот од кризата, тој го гледа во крајот на војната во Украина и враќање на оптимизмот на германската економија.

Вкупниот број работници го достигна минимумот за последните петнаесет години, значи помалку од 30.000 работници. И мислам дека додека состојбата во Германија не се поправи, додека оптимизмот кај тие граѓани не се поправи, да не мислат на скривници, на заштита од нуклеарен напад, мислам дека состојбата во следната година би се влошила уште повеќе – вели Димитров.

Поврзани новости