Текстот е објавен на 22 ноември, 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1468
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Додека седи сам во локал во центарот во Скопје, двајца полицајци во „цивилка“ апсат нарко-дилер. Му се приближуваат од позади и веднаш го легнуваат на земја. На видеото се гледа како уште еден полицаец доаѓа на помош за да му ги стават лисиците на скопскиот дилер.
Според информациите што беа објавени од полицијата, уапсен бил Е.С., дилер од скопското село Грчец, кој бил баран со потерница во врска со оперативната операција „Планина“.
Акцијата „Планина“ датира од 2021 година, кога беа извршени претреси на 35 локации во Грчец и Гази Баба, 22 лица беа уапсени, но тогашната обвинителка Вилма Русковска соопшти дека акцијата била пробиена и дека главните нарко-босови избегале.
Во последнава година, токму лицата што се бараа со потерници беа уапсени и се најчесто споменувани од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во војната со подземјето.
Таква беше реториката и кога Раде Трајковски-Штекли, заедно со неговиот близок соработник Колумбо, беа застрелани во „Ист гејт“ и тешко повредени.
– Практично, тие криминални групи се разбиени во најголемиот дел, во многу оперативни акции што сме ги преземале секојдневно.
Самите сте сведоци дека само во последниот месец имаме приведени тројца како дел од групите што беа во т.н. оперативна акција ‘Планина’.
Тоа говори за еден висок степен на ангажираност… и за конфронтација меѓу тие криминални групи што 30 години некој ги создавал – вели министерот.
Тој порача дека водат неселективна војна против тие криминални структури и дека тука нема да застанат.
По сите убиства и обиди за убиства што се случуваа во Скопје, мафијашките пресметки се сѐ уште живи и старите ривали „Дуќанџик“ и „Беланоца“, олицетворена во помала криминална група на повратници од боиштата во Сирија позната како „Барон“, ја продолжуваат војната, и тоа дури и во центарот на Скопје.
Нашите полициски извори, кои се одблиску вклучени во борбата со криминалното подземје, велат дека целта на полицијата не е само да се ослаби „Дуќанџик“, туку борбата се води со сите криминални групи и дека не се штитат, ниту „Барон“, ниту „Беланоца“.
КАКО „ДУЌАНЏИК“ СТАНУВА МОЌНА?
Битката против овие структури, како што сведочат нашите извори, воопшто не е за потценување, а информациите говорат дека токму „Дуќанџик“, заедно со групата од Грчец, биле групите што биле „главни“ и ги „држеле“ сите кафулиња, ресторани и казина низ Скопје.
Ако се погледне долгогодишната хронологија на убиства меѓу закрвавените банди, може да се заклучи дека Џелал Ајети, познат како Џељо, е убиен во 2013 година, што беше вовед во целосно обезглавување на „Беланоца“.
Маскирано лице влезе во неговата чајџилница „Кај Џељо“ во Ченто и со „калашников“ испука 30 куршуми во него, додека Ајети седел на маса со уште три лица.
На истото место, три години претходно беше убиено петнаесетгодишно момче, внук на Џељо, кој таму работел како келнер. Тогаш полицијата се сомневаше дека момчето било случајна жртва, а цел на нападот бил Џељо.
Пет години по убиството на Џелал Ајети, ликвидиран беше и неговиот брат, кој го наследи на чело на групата – Наим Ајети.
Тој беше изрешетан со „калашников“ во центарот на Скопје, на улицата Рузвелтова по филмска бркотница со возила.
„Нема да се предадеме никогаш, има уште многу за војување“, се заколнаа неговите следбеници на неговиот гроб.
По убиството на Наим Ајети, доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните.
Според нашите извори, додека на чело на Управата за безбедност и контраразузнавање бил Сашо Мијалков, овие групи не биле неприкосновени и недопирливи, бидејќи чадорот на „началникот“ ги држел под контрола. Едноставно, сите што дејствувале на своја рака, завршувале надвор од игра, зад решетки и слично.
По смената на власта, „Дуќанџик“ зема голем замав и токму ова, според истите извори, е всушност другата страна на приказната. Целиот град е во рацете на „Дуќанџик“ и Грчец, со оглед на тоа што единствениот наследник на водачите на „Беланоца“, Фатљум Ајети-Тоте е во затвор за трговија со дрога.
Станале недопирливи, држејќи го целиот нарко-пазар, а за да ја гарантираат безбедноста, им наплаќале илјадници евра на сопствениците на познати елитни ресторани и кафулиња.
За да демонстрираат надмоќ, меѓу другото, триумфалистички одеа и се сликаа во „Мериот“, воделе сметка кој смее да влезе во одредел локал, а кој не итн.
ЖАЛБИ ОД БИЗНИСМЕНИ
Како што дознаваме, ситуацијата станала алармантна кога познат скопски сопственик на ресторан во центарот на Скопје се пожалил во Министерството за внатрешни работи дека криминалната група му барала по 5.000 евра месечно рекет за му ја гарантираат безбедноста. И така било со другите газди на кафулиња и ресторани.
Групата имала земено толкав замав што испраќала заканувачки пораки до висок функционер од судската власт, а се заканувале и на семејството на судијка.
Нивната моќ толку била навлезена во самите институции, што борбата воопшто не била и не е лесна.
Нашите извори велат дека по заканите кон високиот функционер од судската власт, извршен бил упад во домот на водачот на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами-Оки и еден од водачите на „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила. Жила, пак, не го нашле дома, но таму бил неговиот брат.
Ним не можела да им се направи ниту контрола, не прифаќале ниту да ги легитимираат, па при една контрола, отпор пружал и брат му на Енес Исеинов-Љаци, а потоа се жалел по медиумите дека бил тепан оти бил Албанец.
Голем дел од акциите на полицијата била осуетени, со оглед на тоа што дел од полицајците биле нивни луѓе, а оние, пак, од редовите на полицијата, што биле цврсто решени да им застанат на патот, добивале закани по нивниот живот и по животот на нивните семејства.
За поефикасна борба со подземјето, МВР почнало да спроведува оперативна акција „Безбеден град“. За оваа акција, Спасовски зборувал уште на почетокот на годинава, а според нашите информации таа се спроведува речиси една година.
Уште на почетокот на 2023 година, се испраќале пораки дека нема да има повеќе банди, кои под изговор дека ја чуваат безбедноста на бизнисите, дискотеките и кафеаните го окупираат главниот град и вршат криминални активности директно поврзани со подземјето.
Медиумите тогаш објавиле дека во Скопје патролираат екипи составени од различни полициски единици со оперативен и детален план за следење, интервенција и преземање конкретни мерки против одредени криминални елементи што дејствуваат во главниот град.
„БЕЗБЕДЕН ГРАД“
„Од првиот безбедносен аларм бил подготвен план за силен удар врз сите елементи на подземјето што сеат страв, мамат и изнудуваат пари од сопственици на продажни места, продавници, бизниси, дискотеки и сл.
Акцијата е со кодно име „Безбеден град“ додека полицијата изготвила список со имиња на лица што ќе бидат под зголемено внимание на полицијата и внимателно ќе им се следат потенцијалните активности поврзани со криминал“, објавила Алсат, повикувајќи се на свои извори.
Комбинирани биле специјалните единици, „Тигар“, Единицата за брзо распоредување-ЕБР, сообраќајната и интервентната полиција за да соработуваат, не само при обработката на податоците, туку и при интервенциите во неопходните сомнителни случаи и неутрализација на елементи што ја загрозуваат јавната и приватната сопственост.
По големиот број реакции од бизнисмените и спроведувањето на оперативната акција „Безбеден град“, во март се случува двојното убиство на Жила и Љаци од криминалната група „Дуќанџик“. Тие беа убиени со десетици куршуми во „Шиша бар“, а по ова продолжи маѓепсаниот круг на одмазди.
Бргу по двојното убиство, во Приштина беше убиен Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил.
На околу еден километар од убиството беше најден запален автомобил со германска регистрација. Косовските медиуми тогаш објавија дека Даци бил осомничен токму за убиството во „Шиша бар“.
Според официјалните документи, семејното презиме на Бљерим е Даци, а го сменил во Шабани, откако издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал каеда.
Еден месец по убиството во Приштина, во апартман во Ханиоти, на Халкидики убиен беше и неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Оки.
Со убиството на Оки, криминалната група „Дуќанџик“ остана обезглавена, но, сепак, и по вториот напад врз Штекли во „Ист гејт“, на социјалните мрежи се објавуваат закани до Штекли од псевдоними кои се поврзуваат со „Дуќанџик“.
Додека „Дуќанџик“ се „разоружува“, единствениот жив водач на „Беланоца“, завршува во притвор петнаесет дена по двојното убиство во „Шиша бар“, но не за тоа, туку за трговија со дрога и оружје.
По убиството, двата ривалски кланови „Дуќанџик“ и „Беланоца“ се вратија во фокусот на јавноста, а тогаш воскресна и една акција на МВР од 28 јули 2021 година, кога полицијата соопшти дека сузбила организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и оружје.
Меѓу осомничените бил и младиот Ајети, кој прво беше во бегство, но потоа наводно сам се пријавил во полиција и бил осуден на девет години затвор.
УАПСЕНИ ОД „БАРОН“
Според МВР, членовите на оваа организирана криминална група подолго време продавале дрога и оружје, а во текот на истрагата полицијата и документирала неколку различни случаи на продажби.
Но, она што ја поврзува „Беланоца“, нападот на Штекли и сите овие мафијашки пресметки за краток период е групата „Барон“. Оваа група е релативно нова и се „брендирала“ според кафуле што се наоѓа во Чаир.
Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци, кои се борат да земат дел од криминалниот пазар.
Според извори што се добро запознати со она што се случува во подземјето, блиндираниот џип со кој се заштитил Штекли, му припаѓал на кланот „Беланоца“, претходно го возеле и Џељал Ајети и неговиот убиен брат Наим Ајети.
Според нашите извори, „новите дечки“ од „Барон“ сакаат да ја заземат територијата на „Дуќанџик“ и цело време има некој детаљ што ги поврзува со Тоте.
Според неофицијални и непотврдени информации, Даци, кој беше убиен во Приштина, е поврзан со последниот приведен за двојното убиство со иницијали Г.М.
Според информациите на „Фокус“, станува збор за Гани Марку, кој исто како и Даци го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. И тој се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.
Од официјалните и од неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“, чиј лидер Јусуф Аќифи може да се види фотографиран со Тоте.
Токму тоа што членови од групата „Барон“ се уапсени за поврзаност со убиството во „Шиша бар“ и притворањето на Тоте, нашите полициски извори го истакнуваат како аргумент дека војната со групите е неселективна.
Списокот со лица што се предмет на интерес за полицијата во акцијата „Безбеден град“, според нашите извори брои 90 лица, иако според првичните информации и обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на списокот од вкупно 49, дури 47 лица се припадници на картелите „Дуќанџик“, „Грчец“, како и „Бундес“, а предмет на интерес не се членовите на „Барон“.
На списокот што го поседува „Фокус“ го има и Штекли, кој пред еден месец по вторпат стана мета на напад во трговскиот центар „Ист гејт“, ја откри неговата поврзаност со новокомпонираната група во подземјето „Барон“.
ИСТОРИЈАТА НА ПОДЗЕМЈЕТО
Додека двете групи, последната година се во постојана битка за живот против ривалите и се кријат, Штекли е слободен, без пријава, чист кон законот, без закани и можел да работи слободно со кланот „Беланоца“.
Пред да се случат нападите и тој бил легитимиран во „Ист гејт“. Давал отпор, па имал блиска средба со полицијата.
Овие пресметки, како што пишуваше неделникот „Фокус“ во серија текстови, траат од 1990-тите години. Тогаш Агими Шерифи и Џељо создаваат моќна криминална, која се занимавала и со рекет, лихва.
Упатените велат дека Шерифи во тоа време бил главен, мозокот на групата, додека браќата Ајети биле силата.
По десетина години соработка, двајцата партнери стануваат ривали на пазарот. Шерифи е најден мртов под мистериозни околности.
Групата „Дуќанџик“, потоа предводена од Бајрами-Оки, внук од сестра на убиениот Шерифи, долг период се сомневаше дека позади ликвидацијата стои Ајети поради несогласувања при давање лихва во казината во Скопје.
Тогаш се диференцира и издигнува „Дуќанџиќ“, која почнува да склопува сојузи со групи од други делови на Скопје, додека таборот на браќата Ајети продолжуваат да дејствуваат како клан „Беланоца“, со база во Сингелиќ и Арачиново.
Во различни периоди различна група ја има моќта, но ниту една не се предава. Засега не е расчистено ниту едно од овие мафијашки убиства, па бандите меѓусебе се пресметуваат кој да ги преземе милионските нелегални бизниси.
РAMKA
ШТЕКЛИ: БОГ ГИ САКА ХРАБРИТЕ
Раде Трајковски-Штекли, на својот инстаграм-налог сподели фотографија со дел од раните што ги доби во нападот со огнено оружје врз него пред помалку од еден месец во „Ист гејт мол“.
„Благословен сум“, „Една од петте“ и „Бог ги сака храбрите“, напиша Штекли на фотографијата на Инстаграм.
Трајковски по вторпат беше мета на напаѓачи. Кон него беше пукано и во август годинава, исто така, во „Ист гејт мол“.
Засега сè уште нема осомничени, ниту уапсени лица од Министерството за внатрешни работи за двата случаи.