Текстот е објавен на 15 септември 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1354
Во женскиот затвор веќе се навикнаа на двете познати затворенички, кои ги прифатија правилата на „куќниот ред“ и ги користат сите бенефиции што им припаѓаат на затвореничките. Екипата на „Фокус“ повеќе од три часа помина во друштво со затвореничките, кои немаат проблем да зборуваат, а некои и да се фотографираат
Пишувала: Гордана ДУВЊАК
Кога ќе отидете на едно исто место по пауза од неколку години, полесно ги забележувате промените. Затворот во Идризово го посетувам по четири години, а првата промена е видлива уште на влезот, каде што ме пречекува табла со новото име на државата Република Северна Македонија испишана тријазично: на македонски, албански и на англиски јазик.
Но, тоа не е единствената промена. Двата објекта што се наоѓаат лево и десно од влезот се реновирани и изгледаат како нови. На местото на поранешниот ресторан за вработени е новиот тренинг-центар, а од спротива, управната зграда.
Малку подалеку од левата страна се гледа и новоизградениот објект наменет за судница, кој беше градежно завршен во мај 2020 година. Три суда веќе покажале интерес да ја користат судницата. Во моментов се опремува и сѐ уште не е ставена во функција.
НЕДОСТИГААТ НАЈМАЛКУ 100 ЗАТВОРСКИ ЧУВАРИ
Старо-новиот директор на КПД Идризово, Јовица Стојановиќ нѐ пречекува расположен. Тој е наш стар познаник, бидејќи беше директор на затворот во Идризово од 2005 -2006 година, а до пред една година раководеше и со сите затвори во државата како прв човек на Управата за извршување санкции. Од 13 ноември минатата година повторно се врати на старата работа како директор во КПД Идризово.
Додека го пиеме првото кафе ни раскажува дека за ова кусо време успеал да смени неколку работи. Покрај промените на ентериерот во канцеларијата, во која просторот е разубавен и со подзаборавени резби од дрво изработени од затворениците, ставен е ред и во паркирањето, па службените автомобили се издвоени од приватните.
„Сакам да ги доведам во еднаква состојба сите затвореници. Но, бавно се менуваат работите. Имаме 200 непотполнети места по систематизација, од кои 100 за затворски чувари. Незадоволен сум од бројот на вработените, како и од квалитетот. На 30 август побаравме одобрение за 38 нови вработувања, кои ги чекаме. Недостигаат и повеќе содржини за затворениците за да можат повеќе да бидат работно ангажирани“, вели Стојковиќ.
Во моментов во затворот работат 280 вработени со администрација, додека вкупниот број на затвореници е 1.100. Од нив во женското одделение се сместени 67 жени и три малолетнички.
Писменото барање на „Фокус“ упатено до надлежните од Управата за извршување санкции се однесуваше токму за посета на женскиот затвор, во кој престојуваат и неколку затворенички за кои јавноста покажува посебен интерес.
Веќе една година и по две правосилни пресуди по предмети на СЈО, таму е сместена поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Таа е осудена на 4 години затворска казна за „мерцедесот“ (откако скопскиот апелационен суд ѝ ја намали казната за две години), а правосилна судска пресуда од 4 години доби и за предметот „Тврдина“.
Обвинета е во уште еден судски процес „Титаник“, за изборни манипулации, но тој не е завршен. Таа е во затворот речиси една година и ќелијата ја дели со уште една жена, осудена за сообраќајка со смртни последици.
Да биде иронијата поголема, во нејзина непосредна близина се наоѓа и некогашната најмоќна жена во обвинителството, па и во државата, екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Веруваме дека никој повеќе од Јанева не е упатен во личниот и професионалниот живот, како и секојдневните навики на некогашната прва полицајка во државата и еден од најблиските соработници на избеганиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Затоа што Јанева, поради природата на својата работа, имаше можност да ги преслушува незаконските снимки, во кои еден од нејзините „клиенти“ во СЈО беше токму Јанкулоска.
Јанева, која беше некогашната централна фигура во триото на македонските „Чарлиеви ангели“, кои на своите маици како ликови ги носеа оние што протестираа пред зградата на СЈО во знак на поддршка: „Нема правда – нема мир“, во затворот се наоѓа веќе еден месец.
Таа е осудена на затворска казна од 7 години за злоупотреба на службената положба како второобвинета во случајот „Рекет“, заедно со Бојан Јовановски, кој како првообвинет доби 9 години, а Зоран Милевски Кичеец, по признавањето вина, на три години.
КАКО СЕ ПРИФАТЕНИ ГОРДЕ И КАТИЦА?
Од Управата на затворот ни кажуваат дека немало никакви инциденти со овие две „звучни“ затворенички, кои се придржуваат до куќниот ред. А, подоцна тоа ни го потврдуваат и другите затворенички, кои велат дека се навикнале на нивното присуство и тврдат дека двете се коректни и отпоздравуваат.
Сепак, од безбедносни причини, и двете споменати затворенички се сместени во отворениот дел од затворот, иако имаат поинаков третман.
Во придружба на директорот Стојановиќ и неговата соработничка Магдалена Копчаревска Дедиќ, раководител за ресоцијализација, која работи во затворот цели 26 години и една e од неговите најблиски соработнички, се упатуваме кон женскиот затвор. Патем, разговараме и таа вели дека промените се видливи од година во година и треба уште да се работи, но за тоа е потребна поголема финансиска инјекција.
Женскиот затвор е ниска пространа зграда на приземје, изградена во 1986 година. Има 18 ќелии, од кои само неколку се наменети за сместување на по две затворенички, а во повеќето има по четири или пет кревети. Таму има и амбуланта, фризерница, шивална, кантина и сето она што е друго потребно за престој.
За женскиот затвор се оди со свртување на лево и се наоѓа на крајот пространиот затвор Идризово и откако ќе се помине плацот што го користи Агенцијата за управување со одземен имот, на кој можат да се забележат стари и речиси распаднати возила.
Поминуваме низ метална врата со решетки, каде што нѐ пречекува затворска полицајка. Во холот се запознаваме и со воспитувачката Билјана Стојановска, која ни се придружува во прошетката низ затворот. Директорот, воспитувачката и една затворска полицајка ја прифаќаат и поканата на нашиот уредник на фотографија за групно фото. Направена е по сите здравствени ковид протоколи и со задолжителна маска на лицата.
Холот е исполнет со слики, испишани пораки на картон, во кои се слави Денот на мајката, украси во форма на снегулки, кои висат од таванот, а најверојатно остатоци од некоја новогодишната прослава. Од левата страна има голем плакар со книги, кој е затворската библиотека.
Вниманието ни го привлекуваат неколку залепени листови со хартија, во кои има различни мотивирачки пораки напишани со ракопис, во стилот „не лажи, со лажењето си наштетуваш себеси…“.
СЕКАДЕ СЕ ГЛЕДА ЖЕНСКАТА РАКА ВО ЗАТВОРОТ
Прошетката нѐ води низ кујната, каде што сѐ е чисто и под конец, иако се гледа дека е старо. Пристојни се, онолку колку што може, и просториите наменети за пеглање, трпезаријата… Насекаде низ затворот сретнуваме градежни материјали, бидејќи дел од ќелиите и санитарните јазли се реновираат.
Надлежните ни предочуваат дека се сменети голем број од прозорците, плочките… Во план е да се набават плакари, кои ќе бидат подигнати на метален сталак од 30 сантиметри, за да можат под нив да се сместат обувките и полесно да се одржува хигиената.
На реновирањето работат затвореници од машкиот затвор, кои се вешти во лепење плочки, стругање и во молерисување ѕидови. Во една просторија што се наоѓа во близина каде што тие работат, погледот ни се задржа на голема тава полна со мекици. „Ги направивме за работниците“, ни објаснува една затвореничка.
Влегуваме во првата ќелија и на наше изненадување, вратата ни ја отвора лично Гордана Јанкулоска. Успева да го скрие изненадувањето и воздржано и љубезно нѐ поздравува, замолувајќи нѐ да не ја фотографираме ниту неа, ниту собата.
Фрламе брз поглед и не можеме да не забележиме дека буквално на секој чекор собата е исполнета со приватни фотографии од детето и сопругот. Ги има како колаж на ѕидот од различни ситуации и возрасти, на работната маса во рамка, вратата од плакарот.
Ја прашуваме како го поминува времето и дали има забелешки на третманот.
„Со оглед на околностите, добра сум. Немам никакви забелешки. Многу читам, ги користам повластиците што ми следуваат“ , вели Јанкулоска. Потврдува дека има можност и да комуницира со детето на вибер, бидејќи од страна на затворската управа се набавени и таблети преку донација, на кои по потреба и во присуство на затворски полицаец, може да се разговара со семејството.
На заминување, фрламе и поглед на насловот што го чита Јанкулоска. Тоа е книгата „Децата на Волга“, за која вели дека е интересна. Се подготвува и за судскиот процес што е во тек и затоа вели дека нема работни ангажмани.
Веднаш во ќелијата до неа се трите малолетнички, кои чекаат да бидат префрлени во ново крило од затворот, кое во моментов се реновира, бидејќи, според препораките на УНИЦЕФ, малолетниците не треба да се мешаат со другите возрасни осуденички.
ЈАНЕВА ЛУТА НА НОВИНАРИТЕ И НА СВЕТОТ
Блиску до ќелијата на Јанкулоска се наоѓа и просторијата во која престојува најпознатата „жителка“ на затворот, Катица Јанева. Нѐ дочекува помалку накострешено и со остар поглед, па дури одби и да се поздрави.
„Не ве сакам вас новинарите“, ми вели налутено. На мојата забелешка дека со мене лично немала никакви проблеми во комуникацијата, дури напротив, ми реплицира: и „тебе те ставам задно во кошот, со сите“.
„Ми нанесовте многу зло, сите. Како можев јас да бидам ставена на куп заедно со оној што е сега ставен во притвор (алудирајќи на Кичеец), кој во животот не сум го видела. Но, вистината ќе излезе еден ден на виделина и ќе докажам дека сум невина“, додава со повишен возбуден глас. А, веднаш потоа, иронично прокоментира: „Важно, сега криминалот е решен во државата“.
Сепак, успева малку да се потсмири и дури ми ја покажува собата, која е уредна и за затворски услови, дури убаво средена. Со куси цветни драперии над завесите, кои одговараат со бојата на малите патеки.
Вели дека сето тоа ѝ го донеле од дома. На нашето прашање како го минува времето, ни покажува на креветот, каде што забележуваме клопче волница и игли. „Со плетење“, кусо одговара.
Но, изгледа и тоа не е доволно да се „убие“ времето, зашто на прашањето на директорот дали ѝ треба нешто, вели дека сака да биде работно ангажирана, но по можност на полесна работа, затоа што има здравствени проблеми и прима терапија.
Желбата да се направи просторот во кој се поминуваат затворските денови што поудобен и попријатен, го забележуваме и во сите други ќелии. И покрај тоа што во текот на денот имаат право на прошетка од два часа во внатрешниот дел од дворот, сепак, најголемиот дел од денот се поминува во ќелија. Се планира и просторот за шетање да биде хортикултурно освежен, а во средишниот дел да добие и летниковец, во кој би можеле затвореничките да бидат на отворено и кога не е убаво времето.
Во секоја ќелија има телевизор во боја со лед екран и кабелска телевизија со 150 канали. Дури и да не знаете каде се наоѓате, веднаш ќе ви биде јасно дека во овој дел престојуваат жени, бидејќи насекаде се гледа трага од вредните женски раце и од нивната креативност.
На секој чекор има слики, цртежи, постелнина во живи бои, мечиња, срциња, пеперутки. Затвореничките прават сѐ да им биде малку поубаво, па дури и понекаде на подот се послани сини гумирани патеки, што обично се користат за вежбање.
Дури и во вакви околности, знаат да бидат духовити, па на едната врата со излепени светкави букви е напишано „Холивуд“. Се грижат и за својата уредност, па дел од нив се и средени како за излегување.
Во една соба во која влегуваме се гледа дека подот е свежо исчистен и буквално блеска и мириса на чисто. Речиси сите (со мали исклучоци) се разговорливи и не им пречи присуството на новинар, па дури и слободно одговараат на нашите прашања.
Секоја има своја приказна. Во една од првите ќелии среќаваме четири жени, од кои едната дискретно ја напушта просторијата. Дознаваме дека негуваната и атрактивна жена од неодамна е станарка, осудена во аферата со „двојните пасоши“.
Нејзините две цимерки велат дека работат во Управата, каде што мијат садови и прават кафиња. Работно се ангажирани и ги користат бенефициите што им припаѓаат, а имаат право и на годишен одмор.
Едната од нив ми раскажува дека е осудена поради масло од канабис, кое го користела за лечење. Осудена е на две години, има канцер на матката, а од тешката болест веќе ги изгубила и сопругот и синот од рак. Не користи терапија. Нејзината другарка од собата лежи поради финансиски проневери.
Најголемиот проблем им е што немаат машина за перење алишта и што мора да перат на рака. И тие, како и многу други со кои разговаравме, се жалат на едноличната храна.
СЕКОЈА ЗАТВОРЕНИЧКА СО СВОЈА СУДБИНА
Како одиме од ќелија во ќелија се нижат најразлични приказни и судбини. Од четирите затворенички, две се осудени за транспорт со дрога, но ги теши тоа што се при крај на издржување на казните и затоа имаат А третман и за неколку месеци треба да излезат на слобода.
Една затвореничка,поранешен наркоман, осудена на 9 години затвор ни ги покажува рацете и нозете, кои вели дека се модри од средствата за чистење што ги користи, бидејќи има тромбоза. Другата, пак, ни се пожали дека е осудена на 4 години,а три години не излегла од затворот и не си ги видела децата.
Некој се жали на третманот на дел од затворските полицајки, кои тврдат дека се груби и ги навредуваат, иако поголемиот број се љубезни. Затвореничка ни споменува дека и биле одземени предмети од лична хигиена од пакетот, за кој не добила записник.
Сепак, најголемиот број од осуденичките се незадоволни од здравствената заштита, за која што велат дека е за никаде. Никако не можат да дојдат на ред да бидат прегледани од лекар, за што одговорните од затворот креваат раменици. Велат дека тоа не е во нивна надлежност, туку на Министерството за здравство, кое со измените од 2017 година е задолжено да обезбеди здравствена заштита.
Влегуваме во една соба, во која четирите затворенички немаат проблем ниту да ни позираат на заедничка маса. Но, веднаш потоа почнуваат една по една да се кодошат.
Едната од нив бара средба на само за да ми раскаже дека била нападната од една од нејзините цимерки, која пуштала гласна музика и била удрена со тежок предмет и искрвавила. Но, како што вели, и покрај тоа што за инцидентот ги известила во затворот, ништо околу тоа не е направено и таа сѐ уште е со неа во истата соба.
Како да знае дека за неа е разговарано, на излез од собата нѐ задржува онаа, која наводно е насилникот. Нејзината верзија на истиот настан е поразлична и вели дека само се бранела од насилната цимерка, која е на метадонска терапија.
Ги има зборливи и молчаливи. Осудени за чедоморство, кражби, убиства. Меѓу нив има и една жена од Албанија, во поодминати месеци од бременоста, која за некој месец треба да се породи. Речиси нема жена која нема да рече дека е невино осудена.
Директорот нѐ запознава и со уште една интересна штитеничка. Навидум, симпатична зборлеста женичка во поодминати години, која веднаш почна да му се жали на директорот дека е многу болна и не може да спие. Дознаваме од неа дека е по потекло од Зајас и осудена е на 20 години поради убиство на сопругот. Во затворот е веќе 9 години.
„Многу сум осудена. Па, јас бев вратена од Германија и не разбрав многу од судењето. Јас сум овде најмирна, најмодерна“, вели на шега и го вади албумот со слики, за да се пофали со убавата внука.
Никогаш не би помислиле дека оваа женичка е способна да крене рака на некого, иако своевремено црната хроника беше полна со текстови за суровото убиство и за насилниот сопруг, кој ја малтретирал.
И СОЊА НИКОЛОВСКА ОД ТАТ ВО ИДРИЗОВО
Прошетката на затворот ја завршуваме во канцеларијата на воспитувачката Стојановска, која ни кажува дека 33 жени се работно ангажирани, но има потреба и за повеќе, како и за нови содржини, за да можат осуденичките да го поминат времето покорисно.
Една осуденичка што ја забележавме во кантината ни го носи второто кафе и ни упатува љубопитен поглед, со кој како да се прашува дали ќе ја препознаеме.
Ја препознаваме дури откако ќе ја тргне маската и ќе прозбори на специфичен битолски дијалект. Тоа е поранешната сопственичка на пропаднатата штедилница ТАТ, Соња Николовска. Работно е ангажирана во кантината, а работи и како курир на воспитувачката.
Додека зборуваме, помислувам зар е можно дури сега да ја издржува казната за даночно затајување, кога мегаскандалот со најголемата пирамидална штедилница во Македонија, во која беа оштетени 13.000 луѓе, се случи уште во далечната 1997 година.
Но, дознавам дека е повратник и осудена за друго дело поврзано со измама, за што подоцна ми помага да проверам и Гугл. Судот ѝ одредил нови 5,5 години, а во Идризово е веќе 3,5 години и треба да излезе следната година.
На излегување од женскиот затвор поминуваме и покрај новиот ѕид, кој е повисок речиси за еден метар од стариот. Целосно е завршен минатата година и се протега речиси на 800 метри. Останува уште еден помал стар дел, кој е во лоша состојба, поради што во 2015 година се срушил еден дел, кој морал веднаш да биде саниран.
Дознаваме дека вдолж ѕидот има ново осветлување, камери, поставени се вибро сензори, а внатрешниот дел е засилен со дополнителна панел преграда, која завршува со жилет жица. Се планира целиот ѕид да биде обновен и во иднина да ги нема осматрачниците со физичко обезбедување, туку сѐ да се остави на техниката.
По три и пол поминати часа во кругот на затворот, љубезно го одбиваме директорот да ни ја покаже скицата со идните планови и фазите што се планираат.
Ќе има други пригоди.
КОРАТА НА ЛЕБОТ ПОМЕКА ПО СМЕНЕТИТЕ ЦЕВКИ
Ја посетуваме и пекарницата, каде што ни кажуваат дека неодамна биле сменети 9 цевки, кои се важни за процесот на печење на лебот и за пареата, за да може кората на лебот да биде помека.
Секој ден прават по 1.100 леба, кои почнуваат да ги замесуваат уште во 5 часот наутро, а веќе во 9 се на маса за појадок на затворениците.
„Веќе една недела сите забележуваат дека лебот е многу повкусен“, ни објаснуваат задоволство затворениците што го приготвуваат лебот.
ЗАТВОРЕНИЧКИТЕ ДА ДОБИЈАТ МЕСТО ЗА САДЕЊЕ ЦВЕЌЕ
Управата на затворот планира повторно да ја стави во функција оранжеријата, која се наоѓа веднаш до женскиот затвор, а запустена е повеќе од 20 години. На времето тука се одгледувало цвеќе, а најмногу каранфили.
„За тоа ќе бидат потребни средства, но се надеваме дека ќе заинтересира некоја невладина организација со проект, затоа што ќе биде убаво да имаат жените со што да се занимаваат и да го исполнат времето“, ни објаснува директорот Стојановиќ, кој истакнува дека и досега имале добра соработка со невладините организации, преку кои затвореничките имале можност да вежбаат јога или да добијат психолошка поддршка.