(АРХИВА) Фокус открива: Нов заеднички имот во Бардовци на таткото и свекрвата на Арсовска

by Fokus

Текстот е објавен на 21 јули, 2022 година во неделникот Фокус во бројот 1398

Од сето тоа што успеавме да го видиме на терен, луксузот преовладува кај секоја од куќите, зградите и старските домови. Тука не станува збор за обичен недвижен имот, туку за грандиозен и луксузен имот, огромни дворови, кои се наоѓаат во најелитните делови на скопските населби. И по толку време, останува неодговорено прашањето – како полициски инспектор, кој се пензионирал пред повеќе од 30 години, се стекнал со толкав недвижен имот, кој патем да кажеме целиот се води на негово име?

 Пишува Ирена МУЛАЧКА

     Грандиозни куќи, луксузни станови, хотели пренаменети во старски домови, се само дел од имотот што го поседува таткото на скопската градоначалничка Данела Арсовска, а за кои „Фокус“ истражува повеќе од седум месеци. Но, и покрај огромниот недвижен имот со кој располага, тука се и шесте компании, кои се водат на членови на најблиското семејство на Ванчо Јовановски.

Претходно, дел од компаниите се воделе и на име на скопската градоначалничка, но како што таа понатаму напредува во кариерата, така од нејзината биографија „исчезнуваат“ нејзините претходни менаџерски активности.

Посебно тоа се случува во периодот кога носи одлука да се кандидира за градоначалник на Скопје, и тоа независен. Сепак, да не беше поддршката од најголемата опозициска партија, факт е дека немаше да ја однесе големата победа. Но, како што тргнале работите и „вмровците“ не се согласуваат со нејзината политика на работење, па така индиректно се оградуваат од нејзините екстремни потези, кои најверојатно ги носи сама на своја рака.

Па така, таа во предизборието никогаш не призна што работела порано, на јавноста цело време ѝ ја сервираше нејзината скромност и чесност, а имотот од над 4.500 квадратни метри на име на нејзиниот татко го побива тоа. Па, така наеднаш „пукна“ сè.

Покрај сите имотни листови што ги извадивме, екипата на „Фокус“ направи обиколка и посети неколку локации на кои фигурира името на  Јовановски. Сиот имот што го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската Општина Кисела Вода, Карпош, Капиштец, Бардовци… Тоа е моменталната мапа на недвижности со кои располагаме, но лека-полека доаѓаме и до нови откритија.

Од сето тоа што успеавме да го видиме на терен, луксузот преовладува кај секоја од куќите и зградите. Тука не станува збор само  за обичен недвижен имот, туку за грандиозен и луксузен имот, огромни дворови, кои се наоѓаат во најелитните делови на скопските населби. Секоја од куќите е опколена со зеленило, високи дрвја и уредно и елегантно средени дворни места.

И по толку време, останува неодговорено прашањето – како полициски инспектор, кој се пензионирал пред повеќе од 30 години се стекнал со толкав недвижен имот, кој патем да кажеме целиот се води на негово име? Засега и надлежните институции трагаат по ваквите одговори!

СВАТОВИТЕ СО ЗАЕДНИЧКИ ИМОТ

„Фокус“ дојде до нови имотни листови, кои се водат на име на Јовановски, и тоа на досега непозната локација. Станува збор за елитната скопска населба Бардовци, каде што е лоцирана уште една од куќите на таткото на Арсовска.

Тоа го докажува и имотниот лист со кој располагаме, со број 48333, поточно во него се впишани две имиња, едното на Јовановски, а другото е на извесна Милица Арсовска, за која, како што дознаваме, е свекрва на актуелната градоначалничка на Скопје.

Во него може да се забележи дека станува збор за дворно место со површина од 414 квадратни метри. Всушност, тука се наоѓаат две куќи на приземје, од кои едната со површина од 119 квадратни метри, додека другата е со помала квадратура од 67 квадратни метри.

Која од куќите е на таткото, а која на свекрвата не пишува, а единствено што може да се види е дека двајцата поседуваат по половина од имотот во Бардовци, поточно по една куќа.

Дека се работи за нив двајца докажуваат и адресите на живеење, кои се објавени покрај нивните официјални имиња. Поточно, покрај името на свекрвата на Арсовска е наведена истата адреса, на која живеат нејзиниот син и снаа во скопската населба Ѓорче Петров. Од друга страна, покрај името на нејзиниот татко е наведена веќе добро познатата адреса на живеење во скопски Карпош.

Екипата на „Фокус“ се прошета и низ скопската населба Бардовци, каде уште на влезот на главната улица може да се забележат елитните куќи, една позади друга. Од тоа што можевме да го видиме, тие се изградени во модерен стил и опколени со зеленило и дрвја. Засега нема информации, кој и како живее таму, дали се издаваат под кирија или не, со оглед на тоа што нивните сопственици во Катастар се впишани по адреса од лична карта.

Како што веќе објавивме, официјалната документација од Катастарот на недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиното семејство поседува голем недвижен имот составен од куќи, хотели, пренаменети во старски домови и згради, кои Арсовска не ги пријавила во анкетниот лист, затоа што се води на име на член од семејството со кој не живее во исто домаќинство.

Поточно, Јовановски во Кисела Вода поседува куќа со двор од 719 квадратни метри, како и стан со површина од 115 квадратни метри. Преку имотниот лист со број 30005 му е впишана сопственост врз недвижен имот од 534 квадрати, исто така во Кисела Вода, каде што на иста адреса е лоциран и поранешниот хотел „Империал“, сега веќе старски дом.

Од друга страна, имотниот лист со број 44553 покажува и сопственост на станови во три различни објекти со вкупна површина од 619 квадрати, со тоа што во оваа квадратура не влегуваат помошните, подрумските простории и заедничкиот простор.

Притоа, во делот за основ на стекнување на овој имот не се наведува дека е добиен како подарок или наследство, ниту дека е купен, туку стои дека два објекта и дел од третиот објект (згради) стекнале правен статус согласно Законот за постапка за бесправно изградени објекти, што значи дека претходно овие објекти биле дивоградби, односно биле изградени без соодветна урбанистичко-техничка документација во текот на 2012 година, во постапка што се водела во Општина Карпош.

Нашите информации уште покажаа дека дел од хотелите се пренаменети во старски домови познати под името „Феникс“, кои се лоцирани на три различни адреси, односно станува збор за три старски домови. Како што веќе објавивме, Јовановски овој имот го дал под закуп, а со нив управува извесен Благоја Стевановски, кој по професија е психијатар.

И СОПРУГОТ ТЕРА ТУРБО БИЗНИС

Бизнисот во семејството Арсовски е долгогодишна традиција, па во таа работа се пронаоѓа и нејзиниот сопруг Ангел Арсовски, кој веќе 30 години поседува фирма.

Станува збор за компанијата „Гама ДООЕЛ“ лоцирана во скопската населба Ѓорче Петров, каде и што живее семејството Арсовски. Основната дејност на фирмата е трговија на мало со делови и прибор за моторни возила, а на бизнис-пазарот се појавува далечната 1990 година.

Според имотните листови до кои дојдовме, сопругот на градоначалничката на Скопје, на негово име поседува и стан во Охрид, со помала квадратура, поточно 38 квадратни метри, кој може да се најде пријавен и во анкетниот лист на Арсовска.

Меѓутоа, тоа што не е пријавено во анкетниот лист е фирмата со која управува Арсовски, иако според новите законски измени, задолжително треба да се пријави, но може да биде зачувана и во архивите на Антикорупциска комисија, а да не се појавува само во обработениот анкетен лист.

Но, затоа, пак, уште еден од имотните листови покажува дека неговата фирма „Гама“ заедно со државата – Република Северна Македонија на улицата Востаничка, во скопската населба Кисела Вода, во сопственост имаат земјиште од околу 1.000 квадратни метри. Сепак,  во имотниот лист не е наведено кој од двата сопственици колку поседува.

На истата улица постојат и големи канцелариски простории со површина од 259 квадратни метри, кои, според официјалните документи од Катастарот за недвижности, се во сопственост на фирмата на Арсовски во скопска Кисела Вода. Зошто и како служат овие канцеларии, засега немаме информации.

И додека редовно никнува нов имот поврзан со семејството Арсовски и Јовановски, од друга страна, Антикорупциската комисија и Управата за јавни приходи веднаш по објавувањето на сториите во „Фокус“ отворија предмети. Се чека да ги истражат наводите и да проверат – од каде толкав имот од над 4.500 квадратни метри поседува Јовановски, таткото на скопската градоначалничка.

Пред повеќе од седум месеци, „Фокус“ отвори тема во која јавно обелоденивме за речиси целиот имот што го поседува најблиското семејство на Арсовска, за што се крие како змија нозете. Освен имот, нејзиниот татко е познат бизнисмен, кој само на негово име поседува четири компании и уште две, на име на мајката и братот на Арсовска.

Лека-полека се расплетува клопчето околу градоначалничката на Скопје и имотот на нејзиното најблиско семејство, со што ја побива нејзината скромност за време на предизборието.

Во моментот таа е под лупа на повеќе надлежни институции, кои од една страна го испитуваат имотот што таа го поседува и нејзиното семејство, а, од друга страна, МВР и Јавното обвинителство го испитуваат случајот со запаленото возило на извршната директорка на Сојузот на стопанските комори, за што на распит во полиција на 12 мај беше повикана и Арсовска.

По објавите на „Фокус“, сите овие надлежни институции се на потег за да покажат што се крие во заднина на работата на градоначалничката.

Рамка1:

АРСОВСКА ПОСТАВУВА И РАЗРЕШУВА ДИРЕКТОРИ

Пред една недела во јавноста „пукна“ скандалот за закланите коњи во скопската Зоолошка градинка, при што Арсовска експресно го разреши директорот Кристијан Стаменов, кој претходно таа го постави на истата функција.

 

Само две недели претходно, скопската градоначалничка, со брзина на светлината, го разреши и директорот на Комунална хигиена, откако неговиот брат пукаше со пиштол пред масата демонстранти на протестите против францускиот предлог.

 

Но, прв на листата на разрешени таа го стави Иван Илиевски, прв човек на ЈСП, кој само пет месеци претходно го назначи на истата функција.

Рамка2:

АРСОВСКА ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

 „Фокус“ испрати неколку прашања до актуелната градоначалничка на Скопје на официјалниот имејл на Град Скопје, но до затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.

 

Иако пред речиси еден месец таа јавно на прес-конференција се извини на сите новинари за нејзината нетранспарентност кон медиумите, сепак си продолжи по старо. Всушност, од Град Скопје одговараат само на прашањата на кои им одговора, додека сè друго продолжуваат да игнорираат.

 

Поврзани новости