Текстот е објавен на 8 септември, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1457
Пишувала: Ирена МУЛАЧКА
17.15 часот, петок, ден пред викенд. Обичен мирен сончев ден.
Наеднаш, инспектори од Секторот за економски криминал и корупција и обвинител од ОЈО ја „окупираа“ скопската Клиника за онкологија, каде што повеќе од десетина часа се вршеа претреси, се разговараше со дел од вработените и беа одземени компјутери, медицински истории и лекови.
Досега, по акцијата „Метастаза“ за инвалидските пензии, кога и тогаш поединечно се апселе лекарите, како и во случаи за пријава за мито, првпат се случува таква акција во една скопска клиника.
Според нашите информации, истата вечер, кога полицијата беше на клиниката, во доцните часови бил извршен претрес и во домот на екс медицинскиот директор Нино Васев.
Тоа следуваше откако неделникот „Фокус“ објави серијал на текстови поврзани со крадењето на скапата биолошка терапија, која е воведена на клиниката од 2019 година, во времето на поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје информираа во саботата од обвинителството, посочувајќи дека дејствата се преземени во рамки на предистрага поведена врз основа на написите во неделникот „Фокус“.
„Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење. Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката.
Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопштија од ЈО.
Ваквиот упад на онколошката клиника, каде што се лекуваат најтешкоболните пациенти, предизвика лавина негативни реакции на граѓаните, од кои многу од нив ги изгубиле своите најблиски токму на таа клиника.
Страшни реакции имаше и од лекарската фела, од каде што потенцираа дека по сево ова што се случувало на клиниката, тие се срамат што по 30-40 години ја вршат оваа струка, за која положиле Хипократова заклетва.
Факт е дека станува збор за подмолна болест, чиј краен исход никогаш не се знае, но, сепак, пациентите се должни да се лекуваат со соодветната терапија и да се направи сѐ што е во можност за да се спаси или продолжи нечиј живот.
Исто така, уште еднаш да нагласиме дека не сите лекари, медицински персонал и вработени на клиниката се вмешани во добро разработената шема за крадење на скапите лекови, каде што само една ампула чини и по 4.000 евра. Многу од нив професионално си ја извршуваат лекарската професија.
„Фокус“ и во овој број обелоденува нови шокантни сознанија за случувањата на скопска Онкологија. Но, да почнеме по ред!
ЦЕЛА КРИМИНАЛНА ШЕМА
Уште еден од поголемите проблеми што со години се провејува на Клиниката за онкологија и радиотерапија е и тоа што сите пациенти „жртви“ на оваа подмолна болест се слеваат токму во оваа болница, која располага со фрапантни податоци за бројката на направени прегледи и нови пациенти на годишно ниво.
Според официјалните статистички податоци од клиниката, во 2017 година имало 3.755 нови пациенти, а вкупниот број на болни што се лекувале таму е 68.757.
Една година подоцна, таа бројка се зголемила на 4.391 нов пациент, со што автоматски се зголемува и вкупниот број на пациенти што поминале низ клиниката, а тоа е 76.336 болни.
За лани таа бројка да достигне до 86.694, од кои и стари пациенти низ годините што се лекуваат, но и уште над 4.000 нови на годишно ниво.
Тоа значи дека болницата врие од болни, што дополнително ја отежнува работата на лекарите и целиот медицински персонал, но на некој начин ваквиот наплив од пациенти овозможува полесно да се манипулира со скапите лекови.
„Фокус“ на оваа тема пишува уште од 2019 година, но работите се интензивираа откако на 2 март годинава откривме дека медицинска сестра крадела ампули од болницата каде што претходно десетина години работела.
Таа била фатена на самото место, но тоа што беше уште пострашно е дека истата таа медицинска сестра била фатена како краде цитостатици и во 2020 година, но од тогашното раководство на клиниката била суспендирана само шест месеци и повторно вратена на работа, со објаснување дека така требало според Законот за работни односи.
Веќе по втората кражба, А.О. за неколку недели добила отказ од клиниката, со што веќе не е достапна и на обвинителството, бидејќи наводно заминала во странство.
Сепак, таа е само едно парче од мозаикот за крадењето скапи лекови на Онкологија. Оттука, стигнуваме до Одделот дојка, па време е да објасниме кои се луѓето што на некој начин се вплеткани во целата оваа мрежа.
„Фокус“ располага со имињата и презимињата на повеќе од 15 вработени на клиниката што учествуваат во крадењето и изнесувањето на лековите од болницата.
Но, сепак, не е наше да ги соопштиме нивните имиња, туку тоа ќе го оставиме на надлежните институции, кои во моментов водат предистражна постапка.
Многу јасно е дека на врвот е главата, преку кој оди целата оваа шема. Станува збор за двајца поранешни директори, медицински и организациски директор, од кој едниот од нив, откако седнал на директорското столче, вработил околу 20 роднини, кои во тој период управувале со архивата.
Потоа, влезот на медицински истории во дневната болница и пациенти го контролирал друг роднина на едниот од менаџерите на болницата, а за закажување на пет скен во тој период постоел само еден шалтер на клиниката, со кој, исто така, управувал роднина на еден од екс директорите.
Како што веќе објавивме, на одредени пациенти им се барале и по 700 евра за да им закажат испитување за неколку дена, во спротивно ќе чекаат со месеци, а тоа може само да придонесе болеста да прогресира.
Пет скенот е метода, прецизна техника, со која се одредува точната локација на канцерогени клетки со големина и до 5 милиметри. Тоа значи дека колку побрзо пациентите го направат ова испитување, толку побрзо ќе може да почне процесот на лекување.
Исто така, во аптеката работеле роднини и на двајцата екс директори.
Сепак, според нашите информации, на дел од нив веќе им се прекинати договорите за работа.
Откако во ноември лани доаѓа новото раководство на Клиниката за онкологија, со која во моментот управува доктор Виолета Клисаровска, повеќе не се закажува пет скен само на еден шалтер, туку затоа има задолжени повеќе шалтери и повеќе вработени.
КОИ СЕ ВРАБОТЕНИТЕ?
Лека-полека кругот се проширува, па одиме и кон поситните риби во оваа приказна, а тоа се по некоја медицинска сестра, дел од одговорните во дневна болница, како и дел од одделенските сестри, кои ги спремале терапиите. Е, тие имаат една од клучните улоги во оваа приказна.
Целата оваа организирана шема не би поминала и без фармацевт, која работи на клиниката и исто така има функција.
Но, разработената бизнис-шема не се сведува само на медицинскиот персонал, туку тука можат да се најдат имиња и презимиња и на техничкиот персонал од клиниката, како и на сметководство и ИТ сектор.
Според нашите доброупатени извори, во мрежата се вплеткани шалтерски работници, секретарки, благајници, возачи и чувар, кој воопшто не работи на скопска Онкологија, туку во еден од здравствените домови во Скопје.
Сите од нив имале специјални задолженија. Некој ги чувал документите, друг бил задолжен за лековите и нивното раздолжување.
Според нашите информации, пред повеќе од две години, долг период немало ни цитостатици на клиниката, па се барале на реверс, а се соработувало само со одредени компании, за што потврди и Државниот завод за ревизија.
Тоа е компанијата „Др. Пановски“, за која веќе пишувавме дека заработила 40 милиони евра само за биолошката терапија.
Многу битно во целата приказна се и студиите, кои ги водат едни од најблиските соработници на еден од лекарите вмешан во шемата. Нашите доброупатени извори тврдат дека од тука може да се дознае колку лекови влегле како донации на клиниките, на кои пациенти им биле дадени и во колкави дози и дали лекот што го примиле одговара со болеста.
Екипата на „Фокус“, во неколку наврати ја посетуваше скопска Онкологија, каде што владееше тотална анархија и хаос. Се случува пациенти и со часови да чекаат, а некои од нив во инвалидски колички, едвај свесни, со оглед на тоа дека болеста метастазирала и зазема сѐ поголеми размери.
Долг период на клиниката воопшто немало стручен колегиум, за да се реферира за исходот на пациентите и каква терапија треба да примаат. Во моментот се направени големи измени, за што потврди и актуелната директорка.
–Заживеани се утринските состаноци, тоа е од првата недела, да не речам првиот ден на мојата позиција. Формиран е онколошки конзилиум во кој учествуваат најголем дел од стручниот колегиум, од колегите како најискусни одговорни раководители на соодветните оддели.
Од секоја од тие седници постојат и уредно заведени записници, кои како документ може да ви станат и достапни, доколку е потребно. На тој онколошки конзилиум се реферира буквално пред сите нас, секој пациент што треба да почне терапија со кој било лек од таканаречениот условен буџет, тука припаѓаат лековите што не се ставени на позитивната листа.
Ажурирани се клиничките протоколи, стручниот тим работи по ажурирани, обновени работни верзии и упатства, за дијагноза, третман и секако следење на нашите пациенти, со верифицирана малигна болест – истакна медицинската директорка Клисаровска.
КАКО СЕ МАНИПУЛИРА СО ТЕРАПИЈАТА?
Е, сега доаѓаме и до потешкиот, па и пострашен дел во целата приказна, а тоа е како се одвива патот на лекот од клиничката аптека, па сѐ до моментот кога го примаат пациентите.
„Фокус“ на оваа тема поразговара со неколку вработени од онколошката клиника, кои ни ја објаснија целата процедура.
Најпрво, лекот се пропишува од страна на лекар и историјата се дава во дневна аптека. Потоа, од аптеката лекот се требува и тој се спрема, па се аплицира кај пациентите.
Како лекот се спрема, дали се спрема и што се аплицира на пациентите, според нашите извори, тоа најдобро го знаат оние на позициите, поточно одделенските сестри што ги спремаат.
–Значи, лекар ја пропишува терапијата. Портирот ја презема на влез историјата пред дневната болница. Тука се дава на одделенската сестра на дневна болница и истата оди да го земе од клиничка аптека. Од тука одделенската сестра на дневна повторно презема лек и оди да спрема.
Откако се спрема, се дава за апликација на пациентите. Што се спрема, колку се спрема, тоа знаат само одговорните – велат нашите извори од клиниката.
Уште пострашни работи се случувале на пациентите болни од рак, кои се во терминална фаза, односно веќе се во крајна фаза.
Нашите извори тврдат дека се манипулирало со терапијата кај дел од тие болни, посебно на одделот, кој во моментот е главна мета на шемата.
Нормално дека не кај сите пациенти. Некои од лекарите ветувале дека за одредена сума пари ќе обезбедат лек од странство, иако веќе се свесни дека пациентот е пред умирање.
Сепак „волшебниот“ лек е комбинација од манитол, тоа е лек против отоци во комбинација со две ампули кортико, дексазон, понекогаш антибиотик и витамин Ц.
Точно е дека таа терапија се дава на клиниката, но не за лекување од болеста.
За точно да ја доловиме сликата, ќе го земеме како пример лекот „avastin“, (bevacizumab), кој се користи по првата прогресија на болеста кај пациенти со метастатски колоректален карцином, кој доведува до подобрување во однос на преживување.
„Avastin“ е единствената биолошка терапија, која докажано го зголемува вкупното преживување кога се употреба во прва линија, по првата прогресија и во втора линија на третман на метастатски колоректален карцином.
На пример, две пациентки примаат „авастин“. Лекот веќе е одобрен од лекарот и потврден од директорот и се зема од аптека. Овој лек се дозира според килажата. Едната пациентка е послаба и треба да прима 800 милиграми, а другата е подебела и треба да прима 1.500 милиграми.
Една ваква ампула е од 1.000 милиграми. Затоа се потребни цели три ампули од 1.000 милиграми, за пациентките да ја примаат соодветната терапија. Што значи дека од третата ампула би останале 700 милиграми, кои потоа треба да се раздолжат.
Во тој случај, на пациентките ќе им стават помалку терапија од потребната, за целата трета ампула да остане неискористена и така таа завршува надвор од болницата, на црниот пазар.
Тоа била само една од направените шеми, за кои реално не морале да знаат ниту докторите. Тука губат и пациентите, и самата болница.
Баш од ваквите случувања, актуелната директорка Клисаровска тврди дека преземала сѐ повеќе безбедносни мерки за да се спречи крадењето на лековите.
–Одговорно им тврдам на пациентите, откако сум јас, значи зборувам за периодот од ноември 2022 година, одговорно тврдам, сите ги уверувам, дека секој пациент ја добива пропишаната терапија, согласно индикацијата, дозата, типот на лекот, според тоа што неговиот соодветен ординирачки лекар тоа ќе го постави, без никаква манипулација со лековите.
Воведени се повеќе безбедносни мерки за следење на лекот од влезот во Клиниката до аплицирање кај пациент. Една од безбедносните мерки е ограничен број сестри, точно по распоред секој ден се знае која сестра доаѓа во допир со нерастворен лек, тој влез е строго ограничен и не е отворен за сите сестри од дневната болница.
Сето ова што го кажувам го тврдам одговорно и замолувам пациентите да ни дадат можност да ја вратиме довербата – се вели во изјавата на Клисарова.
Факт е дека начинот како се манипулирало со терапијата не може да се докаже, но, сепак, редно време е и да се казнат, а и да се уплашат сите оние што се дрзнале да посегнат по нечиј човечки живот.
РАМКА 1
Реакции на Ковачевски и на Мицкоски
НЕМА ПАРДОН ЗА НИКОГО, ЗЛОСТОРСТВО ПРОТИВ ЧОВЕШТВОТО!
Веднаш по серијалот написи на „Фокус“ и влегувањето на инспектори и обвинител на скопска Онкологија, со бурни реакции се јавија сите политички партии, а свое видување за овој случај даде и премиерот на државата, Димитар Ковачевски.
–Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните, ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ, тој што се огрешил, има да одговара.
Се надевам дека и обвинителството ќе ја објасни нивната постапка, бидејќи тие се посебен орган надвор од државата. Нема да има пардон за никого, без разлика дали припаѓа на која било политичка партија, на каква било припадност.
Овде се работи за мултипартиски, мултиетнички криминал, кој мора да се расчисти. Тоа што граѓаните протестираат, јас го разбирам, и нивната загриженост и нивниот бес. И правото на протест во вакви случаи е добредојдено – рече премиерот.
За случувањата на Онкологија се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
–Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите, кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост.
Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото. На секој човек ова му предизвикува голема мачнина, но ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа Клиника – изјави Мицкоски.
РАМКА 2
Потресни сведоштва на протестот
НИТУ МУ СЕ НАМАЛИ АПЕТИТОТ, НИТУ КОСАТА МУ ПАДНА ОД ХЕМОТЕРАПИЈАТА!
Мајка, која пред осум години го изгубила својот син болен од рак на 31 година, во потресно сведоштво пред насобраните граѓани пред Влада предупреди дека злоупотреби со терапиите не се прават само во јавното, туку и во приватното здравство.
Таа од тага и гнев не можеше да ја дораскаже својата приказна пред јавноста, тресејќи се од болка и гнев.
Од она што можеше да се разбере од нејзиното кажување, пред осум години немало торакален хирург во Македонија, па ги пратиле во Виена, каде што нејзиниот син бил третиран ласерски.
Лекарот од Виена им пропишал три хемотерапии. Отишле во „Систина“ за да ги прими хемотерапиите, а таму им кажале дека ги немаат тие цитостатици. За десет минути им рекле да се вратат, дека ги нашле потребните цитостатици.
–Јас сум 44 години медицинска сестра, не знам како ги најдоа цитостатиците за десет минути. По хемотерапиите, на син ми ниту апетитот му се намали, ниту косата му испадна, ниту ослабе. Ова не се случува само во јавното здравство, мене ми се случи во „Систина“ – рече мајката.
Кога отишле во Виена, лекарот им кажал дека хемотерапијата била неуспешна.
И син, кој ја изгубил својата мајка, сведочеше:
„Пред недела дена изгубив мајка од рак на белите дробови. И најдоа карцином, под итно беше пренесена на Онкологија. Беше карпа од човек. По три дена хемотерапија, клапна и почина. Не ми е јасно што ѝ дадоа. За седум дена се претвори во жив мртовец…“.
РАМКА 3
Што преземале здравствените власти?
САЛИ ПОБАРАЛ РЕВИЗИЈА, МЕЏИТИ НЕ БИЛ НА ФУНКЦИЈА
Министерството за здравство тесно ќе соработува со органите на истрагата за расчистување на случајот со злоупотреба на терапијата за болните на Клиниката за онкологија, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити. Според него, неопходно е да се изврши темелна и непристрасна истрага.
Тој рече дека никој од здравствениот систем не смее да ги заштити оние што се вклучени во овие криминални дејства и дека будно ќе следат, за да не се случи поединци да ја манипулираат истрагата.
–Длабоко ме погоди и разгневи случајот на Клиниката за онкологија, за кој ОЈО покрена истрага за сторено кривично дело. Клиниката за онкологија, како што знаеме сите, е институција што треба да служи како светилник за надеж на нашите болни. Овој случај мора целосно да биде расчистен во најкус рок – изјави Меџити.
Од друга страна, Беким Сали, поранешниот министер за здравство, изјави дека за време на неговиот мандат побарал финансиска ревизија на работењето на Клиниката за онкологија и побарал оставка од медицинскиот директор, бидејќи било забележано зголемување на долгот на клиниката кон набавувачот на новата терапија.
–Имавме забелешка во делот на менаџирањето со биолошката терапија од периодот кога беше внесена како иновативна терапија за онколошките пациенти. Клиниката почна да го зголемува долгот кон набавувачите на лекот и во неколку наврати побаравме да се најде решение и за тоа како и на кои пациенти им се пропишува тој вид терапија – изјави Сали.