(АРХИВА) „Фокус“ анализира: Какви општински проекти ќе се финансираат со буџетски пари и со унгарскиот кредит?

by Fokus

Владата наскоро ќе објави кои капитални проекти на општините ќе бидат финансирани откако денеска ќе заврши евалуацијата на предлозите по јавниот повик за прибирање апликации за капитални инвестиции за 250 милиони евра од кредитот на Унгарија. Вкупно 80 општини доставија 357 проекти со кои ќе се борат да добијат дел од колачот. Доделените средства со ребалансот на буџетот се 100 милиони евра и овие пари се наменети за проектите до крајот на 2024 година. Во текот на јануари 2025 година ќе се распише нов јавен повик за дополнителни средства за општините во износ од 250 милиони евра.

Пишува: Орце КОСТОВ

Владата, до крајот на неделава ќе објави кои капитални проекти на општините ќе бидат финансирани откако заврши јавниот повик за прибирање апликации за капитални инвестиции за 250 милиони евра од кредитот на Унгарија. Вкупно 80 општини доставија 357 проекти со кои ќе се борат да добијат дел од колачот, а со овие пари треба да се градат водоводи, канализации, училишта, градинки и спортски комплекси.

Во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општината, се доставува до ресорното Министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши евалуација на истиот.

Доделените средства со ребалансот на буџетот се 100 милиони евра и овие пари се наменети за проектите до крајот на 2024 година. Во текот на јануари 2025 ќе се распише нов јавен повик за дополнителни средства за општините во износ од 250 милиони евра.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински рече дека сите општини го искористиле повикот и дека има разновидни апликации од инфраструктура, за реконструкција на водоводни мрежи до набавка на возила за транспорт, но бидејќи средствата се наменети само за подобрување на инфраструктурата, апликациите за купување возила за јавен превоз или противпожарни возила најверојатно ќе бидат одбиени.

– Сега на ред се ресорните министерства. Во рок од 10 дена, целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното Министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница – рече Перински.

Тој очекува до крајот на месецот да заврши целокупната процедура и да се знае кои проекти ќе се финансираат со државни пари.

– Во оваа прва фаза, општините ќе ги поддржиме со близу 100 милиони евра, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра за кога е планиран и нов повик – истакна министерот.

Финансирањето на капиталните проекти на општините почнува на една година пред локалните избори во 2025 година, што дава простор за политички шпекулации дека проектите што ќе се реализираат со оваа дополнителна сума од централната власт се изборен поткуп.

Средствата ќе се распределат преку шест релевантни министерства. Комисиите за евалуација ќе ги одредат капиталните проекти на општините за десет дена. Во првата фаза, до крајот на годината, општините ќе добијат близу 100 милиони евра, а од следната година се планира нов јавен повик за уште 250 милиони евра.

КРПЕЊЕ ДУПКИ И КАНАЛИЗАЦИИ

Засега не се знае колкава е вредноста на парите што општините ги побарале досега, но министерот Перински потврди дека тие ја надминуваат предвидената сума од 100 милиони евра, која, според бројот на аплицирани проекти, е премала за да се реализира најавеното.

На огласот се јавија сите општини, без разлика од која политичка партија или коалиција доаѓа нивниот градоначалник, но не сите од нив објавија за какви проекти ќе аплицираат.

Тие што објавија, всушност, се пофалија на социјалните мрежи дека аплицираат на капитални проекти, а „Фокус“ пренесува кои се идеите на градоначалниците за аплицирање на повикот.

Заеднички именител за сите објавени проекти на општините е реконструирањето на улици или изградба на атмосферска или фекална канализација. Тоа покажува дека досега на ниту еден градоначалник во минатото приоритет не му било решавањето на основните инфраструктурни услови во градовите, за што во изминативе деценија и половина апелираат сите невладини организации што се занимаваат со локалните проблеми и потезите на локалната самоуправа.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш отишол најдалеку, аплицира со 25 проекти на јавниот повик на Министерството за локална самоуправа, бидејќи 21 од предлог-проектите се за реконструкција на локални патишта, додека четири се за атмосферска канализација.

Во дел од апликациите се бараат пари за изградба на неколку градинки и доградба на училишта, но тие проекти се бројат на прсти.

Најинвентивен е проектот на градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, кој објави дека потпишал апликација за подземна катна гаража и градски плоштад, кои, според груба проценка, чинат една петтина од 100 милиони евра наменети за сите проекти.
„Подземната катна гаража и градскиот плоштад стануваат реалност! Денес ја потпишав апликацијата која Општина Велес ја достави во Министерството за локална самоуправа за финансирање на овој значаен капитален проект за Велес.
Се надеваме на позитивен одговор од Владата на Република Македонија за изведба на подземната катна гаража и уредување на градскиот плоштад, со што централното градско подрачје ќе биде функционална целина и ќе се решат многу значајни проблеми за велешани“, објави Марко Колев од Велес.

Поскромен во своите барања е градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој за своите проекти бара четири милиони евра, а меѓу нив е и санација на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“. Општина Битола аплицира со 16 предлог-проекти.
„Денес ги потпишав 16-те проекти аплицирани од страна на Општина Битола, на Јавниот повик за изразување на интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА- Инфраструктурни проекти во општините, со комплетно подготвена проектна документација, во вредност од над 4 милиони евра.

Аплицираните проекти се однесуваат на изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациска мрежа во должина од речиси 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу 6 километри. Проектите опфаќаат и поставување на ново училишно осветлување, како и енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште.
Општина Битола аплицираше и за изградба на Центар за спорт и рекреативни активности, како и за санација на јужната трибина и поставување на ограда околу фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“, објави Коњановски.

ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ УПАТИЈА БЛАГОДАРНОСТ

Втор заеднички именител на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е што најголем дел од нив не пропуштија да му се заблагодарат на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за локална самоуправа, Перински.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски планира да изгради нова детска градинка во Инџиково, училишна сала и две новопроектирани улици помеѓу населбите Керамидница и Триангла во Скопје.
„Аплициравме со следните проекти: нова детска градинка во Инџиково; комплетна реконструкција на културниот дом во Ченто; нова училишна спортска сала за подрачното училиште во Црешево; изградба на две новопроектирани улици помеѓу Керамидница и Триангла, кои се предуслов за изградбата на нова детска градинка на потегот кај салонот на Мерцедес.
Имајќи предвид дека за сите наведени проекти ја имаме подготвено урбанистичко-планската и проектна документација, очекувам истите Владата да ги прифати и да донесе одлука за нивно финансирање.
Изразувам јавна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кои се силна поддршка за единиците на локалната самоуправа“, објави Стефковски.

Неговиот колега од Општина Бутел, Дарко Костовски аплицира за неколку проекти за кои е сигурен дека ќе бидат прифатени од ресорните министерства.
„Нека е за убаво! Денеска до Министерството за локална самоуправа, Општина Бутел достави десетина значајни проектите за финансиска поддршка од Владата. Два од нив беа носечки во мојата предизборна програма.
Аплициравме со следните проекти: Нова целосно уредена пешачка патека, покрај новото речно корито на реката Серава во Радишани, Мега парк со плоштад во населбата Радишани над трет влез, на површина од 10.000 квадратни метри, доградување на коритото на реката Серава од должина од 300 метри, изградба на атмосферска канализација на улицата Рудо, целосно асфалтирање на 10 поголеми и клучни сообраќајници на територија на Општина Бутел.
Како општина максимално се посветивме и ја изработивме целосната урбанистичко планска документација за секој поднесен проект до владата, сигурни сме дека поднесените проекти ќе бидат прифатени и секако реализирани. Голема благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за оваа историска одлука, општините за првпат добиваат вистински партнер во владата“, порача Костовски.

Градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, кој аплицира со предлог-проект за изградба на фекален канализациски систем во населеното место Василево, исто така не пропушти да му се заблагодари на Мицкоски и на владата.
„Нека е за убаво! Овој проект беше носечки во мојата предизборна програма. Како општина максимално се посветивме и ја доставивме целосната урбанистичко планска документација за поднесениот проект до владата, сигурни сме дека поднесените проекти ќе бидат прифатени и секако реализирани.
Голема благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за оваа историска одлука, општините за првпат добиваат вистински партнер во владата“, истакна градоначалникот на Василево.

Еден од најистакнатите градоначалници во Македонија, Митко Јанчев од Кавадарци, напиша дека општината нашла партнер во премиерот Мицкоски.
„Апликацијата се однесува на овие седум значајни проекти: реконструкција на пристапен пат за м.в Косовец, село Ресава, реконструкција на локален пат од село Ресава до село Дабниште, реконструкција на локален пат за село Чемерско, основен проект за реконструкција на Градски базен Кавадарци, основен проект за изградба на кружен тек на Р-1107 надвор од опфат, пред влез на Кавадарци, основен проект за реконструкција на улица 8 Септември, основен проект за реконструкција на локален пат до село Долни Дисан.
Со изработена целосна урбанистичка и планска документација, сигурни сме дека овие проекти ќе бидат прифатени и во иднина реализирани од страна на владата.
Огромна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за Локална самоуправа Златко Перински, кои докажаа дека се силна поддршка и партнер за сите општини во Република Македонија“, се заблагодари Јанчев.

И Општина Кисела Вода ги поднесе петте планирани проекти до Министерството за локална самоуправа. Градоначалникот Орце Ѓеоргиевски планира да го уреди речното корито на реката Мала Рада, да ги догради училиштата „Невена Георгиева-Дуња“ и ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, да реконструира една улица и патот кон Пеленица.
И тој како и останатите градоначалници не заборави да му се заблагодари на премиерот Мицкоски што „за првпат од постоењето на државата, општините и граѓаните добиваат вистинска помош, неселективно и без никакви поделби“.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески аплицираше со четири проекти, кои вклучуваат кружен тек на, изградба на дел од улица, реконструкција на постоечки водоводни линии во централното градско подрачје и реконструкција на дел од јавна површина со партерно уредување и поставување урбана опрема во централното градско подрачје на Прилеп.
„Во оваа пригода сакам да изразам огромна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, затоа што за првпат општините во Македонија ја добиваат потребната помош од владата и имаат вистински партнер. Со оваа соработка, сигурен сум дека ќе постигнеме дополнителен развој на нашата општина, што е и нашата цел, и ќе создадеме подобри услови за живот за сите наши сограѓани. Ваква помош од владата е клучна за развој на сите општини во Македонија и се надеваме дека сите наши проекти кои што ги аплициравме ќе бидат реализирани затоа што Прилеп и прилепчани тоа го заслужуваат“, се заблагодари Јовчески.

Градоначалникот на Општина, Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ја објави и висината на средствата што е потребна за реализација на проектите за кои аплицирал до Министерството за локална самоуправа.
Нивната вкупна вредност е 1,93 милиони евра. Во оваа сума се предвидени пари за проект за изградба на нова детска градинка во Дексион. Ако се земе предвид дека последната градинка во Волково со капацитет од 180 деца чинеше околу 1,5 милиони евра, средствата за кои аплицира Стојкоски може да бидат премалку за да се реализира и изградба на локален пат клучка на обиколница Волково-Орман, пробивање на ул. Социјалистичка Зора со Сремски фронт, реконструкција на пат до училиштето во Кучково и реконструкција на три улици во општината.
„Владината поддршка е клучна за успехот на овие проекти. Како локална власт, наша обврска беше да ги подготвиме сите документи и предлози навремено, и искрено верувам дека премиерот Христијан Мицкоски и неговиот тим ќе го препознаат нашиот ентузијазам за позитивни промени и развој на нашата општина“, напиша Стојковски.

Поддршка на Мицкоски му изрази и градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, кој аплицира со реконструкција на тротоар, на детско игралиште, на локален пат и изградба на дел од урбана заедница.

АРСОВСКА БАРА ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ

Град Скопје поднесе 20 проекти во повеќе области со фокус на, како што велат од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.
„Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, се аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за обнова на градежната механизација“, објавија од Град Скопје.

Во областа сообраќај, Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, се аплицираше за обезбедување нови противпожарни возила.

Градот ќе аплицира со проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници, за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар, за проект за LoRaWAN инфраструктура, како и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија.
Арсовска се надева на успешна соработка со централната власт во „насока на заедничка реализација на проектите ветени пред граѓаните, со цел унапредување на квалитетот на живот“, иако министерот за локална самоуправа Перински најави дека проектите на Арсовска за автобусите најверојатно ќе бидат отфрлени.

Според Перински, основната замисла на јавниот повик не е да се набавуваат основни средства, туку да се интервенира во инфраструктурата.

-Поентата на овој јавен повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната, канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието, тоа да го направат преку оваа можност којашто им ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот – рече Перински.

Сепак, вели министерот, треба да се види исходот од евалуациските комисии, низ чии раце ќе поминат сите поднесени апликации за проекти од општините, па потоа да се носат заклучоци.

ФИНАНСИСКА КОНСТРУКЦИЈА

Неколкумина од градоначалниците што се пофалија со аплицираните предлог-проекти, во пријавите ги обелодениле и финансиските средства што ги бараат од колачот на владата, како и средствата со кои ќе учествуваат самостојно во проектот.

Градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, на овој повик аплицира за реконструкција на 620 метри од улица во Градско и најави дека на вториот повик во јануари ќе аплицира за останатите 1200 метри од улицата 8 септември со што ќе се реконструира целосно.

Првиот човек на општина Виница, Миле Петков поднесе два предлог-проекти за дорегулација на Градечка и на Виничка река. Вкупната сума за двата проекти очекуваат да изнесува околу 41 милион денари од кои со 5 проценти ќе земе учество и Општина Виница.

Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци за реконструкција на сервисна улица во село Таринци бара средства од владата во висина од 13.000.000 денари.

Љупчо Папазов, прв човек на општина Кочани аплицира со проект за реконструкција на дел од булевар во должина од 1.000 метри. Вкупната вредност на аплицираниот проект изнесува 89 милиони денари или околу 1,45 милиони евра.

Тројца од вкупно 16 градоначалници на опозициската СДСМ објавија дека доставиле апликации до министерството за локална самоуправа.
Општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Сашко Георгиев поднесе апликација за три прилично скапи капитални инфраструктурни проекти: катна гаража кај зелен пазар, фаза 1 – 55.000.000 денари (890.000 евра); реконструкција на централна градска улица и регулација на атмосферска канализација – 54.000.000 денари (876.000 евра) и реконструкција на постоечки пат од манастирскиот комплекс до Калин Камен – 55.000.000 денари (890.000 евра).
Томе Христоски, градоначалник на Крушево, со општината аплицирал за Продолжување со реконструкција на локален пат во село Јакреново и реконструкција или дозавршување на локалниот пат од село Врбоец кон Свето Митрани последна фаза.
Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов, исто така од СДСМ, поднесе апликација за проектот за реконструкција и ревитализација на канали за атмосферски и подземни води.

Поврзани новости