(АРХИВА) Фирми поврзани со Вице Заев, Мицкоски и Мијалков на списокот на должници на Еуростандард банка!

Претресот во компании од Струмица поради сомнежи за даночно затајување и перење пари го воскресна и случајот со пропаста на Еуростандард банка, бидејќи како заеднички именител се јавува струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството Заеви. „Фокус“ своевремено ја обработуваше темата за банката. До какви информации дојдовме?

by Fokus

Текстот е објавен на 25 ноември 2020 година во неделникот „Фокус“ со број 1.312.

Стечајниот управник го напиша извештајот за Еуростандард банка, но не дојде во Собрание јавно да објасни што затекнал во пропаднатата банка. Сега, неговиот извештај, партиите ѝ го толкуваат на јавноста. „Фокус“ дојде до извештајот и ги проверивме фирмите што зеле кредити, а не ги вратиле. Меѓу нив има една фирма на братот на премиерот и еден куп други струмички фирми, компании поврзани со опозиционерот Мицкоски и со Мијалков. Но, има и десетици фирми, кои на прв поглед се „анонимуси“, но зеле највисоки кредити без никакво покритие, или потпишале само меница.

Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Струмички фирми блиски до семејството Заеви, меѓу кои и фирма на братот на премиерот Зоран Заев не плаќале кредити во Еуростандард банка и оствариле добивка од близу 13 милиони евра. Ова обвинување на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски најсилно одекна во јавноста од Надзорната расправа во Собранието за пропаѓањето на Еуростандард банка, каде што мнозински сопственик беше бизнисменот Трифун Костовски.

Надзорната расправа се организираше откако стечајниот управник Душко Тодевски, по неколку месеци работа, го напиша извештајот за економско-финансиска состојба на банката во стечај. Овој извештај на 160 страници детектира детали од она што го затекнал стечајниот, откако на банката ѝ беше одземена дозволата за работа. Но, единствено Тодевски не дојде на Надзорната расправа да објасни што затекнал, па остана јавноста сама да го толкува извештајот, на кого, како му одговара.

„Фокус“ дојде до извештајот за банката и на прв поглед во него се запишани многу струмички фирми на кои им биле доделени нефункционални кредити, односно кредити што не се враќале. Една од нив е струмичката „Сара инженеринг“, друштво за градежништво, производство, трговија и услуги. Како сопственици во оваа фирма се јавуваат братот на премиерот, Зоран Заев, Вице Заев, Сашо Брндевски и Ристо Кречев. Оваа компанија, како што неодамна објави „Фокус“, има долг кон УЈП во висина 33,3 милиони денари, главно по основ на ДДВ и данок на добивка.

Истоимената фирма се сретнува и во извештајот на стечајниот управник на Еуростандард банка, од кој произлегува дека зела кредит од 585.000 евра пред речиси две години, без досега да плати ниту една рата. Притоа, „Сара инженеринг“ заложила имот на деловен простор во вредност од повеќе од три милиони евра.

Сепак, Вице Заев за „Фокус“ посочува дека поседува само една третина од оваа компанија.

Во однос на кредитот, тој објаснува дека бил подигнат согласно сите законски процедури што ќе се сервисираат, односно ќе се вратат законски. Исто така, струмичкиот бизнисмен и брат на премиерот Зоран Заев тврди дека сите други фирми што неосновано се ставаат во каков било контекст со него се класична невистина.

Немам никаква врска со ниту една од нив, ниту сопственичка, ниту капитална, а уште помалку управувачка, дециден е Заев.

Меѓу струмичките фирми што зеле сомнителни кредити се и фирмите „Тритерол бенз ДООЕЛ“ и „Тритерол Турс“. Овие компании се основани од Лефтер Андонов, актуелен управител на транспортната асоцијација АМЕРИТ. Тој беше цел на напади од опозицијата дека неговите компании од групацијата „Тритерол“ добивале тендери поради неговата блискост до власта, но од неговата компанија ги отфрлуваа ваквите обвинувања.

Кон средината на 2018 година, Андонов почнува да се повлекува од компаниите, па меѓу споменатите компании фигурираат Наце Николов од Радовиш и Живко Андреев од Струмица, кои денеска ги водат компаниите. Николов и Андреев се членови на одборот директори на АД „Македонија сообраќај“ за патен сообраќај, основано од државата. Една од оваа групација компании „Тритерол петрол“ Николов му ја отстапи на Љупчо Пецов од Неготино, кој беше осуден за малверзации со нафта во случајот „Керозин“.

Извештајот за стечајот на банката покажува дека прва на листата на должници во стечајната маса е групација од поврзани фирми од Струмица. Оваа групација има 15 фирми, од кои банката има сомнителни и спорни побарувања, кредити кои воопшто не се исплаќани повеќе минати години и должи над 8 милиони и 250 илјади евра во најголем дел ненаплатливи. Ова е само водечкиот пример, а вакви групации од поврзани фирми има повеќе. Овие фирми директно не водат до Заеви.

ВО ИЗВЕШТАЈОТ И ФИРМИ ШТО СЕ ПОВРЗУВААТ СО МИЦКОСКИ

Освен фирми што се поврзуваат со Заеви и Струмица, во извештајот има фирма што се поврзуваат и со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Станува збор за „Минка-ДА“, во сопственост на Драган Василев, која од Еуростандард зела кредит во износ од нешто повеќе од 600 илјади денари. Оваа струмичка нафтена компанија формираше конзорциум со фирмата „Енерготек“, компанија за издавање и управување со сопствен недвижен имот, формирана во 2014 година, од страна на неколку содружници, меѓу кои Мицкоски, двајцата негови блиски соработници, Димитар Димовски и Орце Тодоровски, генералниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски, управителот Стефан Трајковски итн.

Конзорциумот „Минка-Енерготек“ своевремено ги доби концесиите за изградба на мали хидроцентрали во околината на Пехчево. Сепак, според последните информации, Мицкоски за 700 евра го продал уделот во компанијата „Енерготек“, фирмата содружник во правното лице што доби концесија за три мали хидроцентрали.

Во другата група фирми, односно во оние кои редовно ги подмирувале долговите, е фирмата „Дивелоп груп“, чиј сопственик е Александар Ивановски познат како Алек Теранова. Тој зел кредит од околу 60 милиони денари, кој има уште за враќање, но редовно го плаќал кредитот. Тој е познат како бизнис-партнер на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, обвинет во неколку случаи на СЈО, Сашо Мијалков.

Како што е познато, Мијалкови станаа косопственици на Дивелоп груп, откако го презедоа уделот од Орка холдинг на Орце Камчев. Инаку, Дивелоп груп го изгради хотелот „Мериот“ на скопскиот плоштад, а воедно поседува атрактивни градежни парцели на охридското крајбрежје и во близина на македонско-грчката граница кај Гевгелија.

ДУРИ 72 ПРОЦЕНТИ ОД КРЕДИТИТЕ БИЛЕ НЕНАПЛАТЛИВИ

Сепак, од она што покажува извештајот на стечајниот управник и она што е најразочарувачки за оштетените штедачи, е фактот дека од вкупно 260 фирми што зеле кредити и од Еуростандард банка, дури 149 или 72 отсто од кредитното портфолио на банката имале ултраризични, односно ненаплатливи кредити во вкупен износ од 55 милиони евра, а вакви кредити се делеле од 2013 година наваму.

Најголем број од нив имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште, чиишто проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот.

Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: Екопластик Рисајклинг доо од Скопје (доцни со исплата 803 дена), Југотрејдинг ДН дооел од Струмица (доцни со исплата 363 дена), Багкоп (доцни со исплата 438 дена), Повардарие Шпедиција доо од Неготино (доцни со исплата 864 дена), Ено-Мак дооел од Скопје (доцни со исплата 742 дена), Агромел БВ дооел од Струмица (доцни со исплата 985 дена), Електро-спој дооел од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.

СЕ ДАВАЛЕ САМО МЕНИЦИ КАКО ГАРАНЦИЈА ЗА КРЕДИТИТЕ

Освен тоа, има и околу 60 фирми чиишто земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити кои немаат никакво обезбедување.

Ја прашуваме Народна банка, каков е кредитниот ризик за даден кредит на фирмата Вадрамини Инженеринг дооел од Струмица, којашто според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, е во висина од околу 600 илјади евра со обезбедување со недвижен имот од околу 33 илјади евра (само 5 отсто од вредноста на кредитот) а да фирмата не изврши ниту едно плаќање на рата повеќе од 2 години? Или пак, каков е кредитниот ризик на фирмата Феро Центар дооел од Скопје, на која според извештајот ѝ бил доделен кредит од околу 2,5 милиони евра, за кој нема платено ниту една рата цели 530 дена, а фирмата како обезбедување има поднесено единствено меница? Откако сега Еуростандард банка е затворена, впаричувањето на обезбедувањата на така доделените кредити неможе ни од далеку да ја надомести огромната загуба на депонентите што ги загубија своите пари со пропаѓањето на банката, пишуваат оштетените штедачи.

Сепак, тие не отстапуваат од нивното барање државата целосно да ги обезбеди нивните деозити преку носење закон, уредба на влада или некој друг правен механизам. Со пропаѓањето на банката преку 700 физички лица и семејства загубија повеќе од 24 милиони евра лични пари доверени во банката, а 2.000 фирми ги изгубија своите депозити. За тоа што се случило во банката истражуваат и Финансиската полиција и Јавното обвинителство.

 

ВИЦЕ ЗАЕВ
Што побргу да се расчисти случајот и да запрат манипулациите во јавноста

Братот на премиерот, Зоран Заев, струмичкиот бизнисмен, Вице Заев, во изјава за „Фокус“ објаснува дека фирмата „Сара инженеринг“, која се најде на листата на фирми што зеле кредит од пропаднатата Еуростандард банка и не ги вратиле, не е негова фирма во целост. Според Заев, тој учествува во фирмата само со 30 отсто од нејзиниот капитал.

Заради здружување на капиталот и искуство при остварување заедничка инвестиција за градба на станбено-деловен објект влегувам со учество со сопственичката структура со 30 отсто. Од тогаш до денес овој сооднос не е променет, односно правото на сопственост останува само на 30 отсто, вели Заев.

Во врска со кредитот кој фирмата го зела од пропаднатата банка вели дека бил подигнат согласно сите законски постапки и процедури, со соодветен залог и дека се сервисира исто така со начин предвиден со Закон.

„Сара инженеринг“ од Струмица, како и секој друг правен субјект, водена од сопствените потреби, во 2016 година, согласно сите законски постапки и процедури на Еуростандард банка аплицирала и добила кредит во висина од 550.000 евра, со грејс-период од 2 години и рок на целосна исплата до 2031 година. Како и за секој кредит, како и за секоја друга фирма или граѓанин во оваа земја, „Сара инженеринг“ за обезбедување има приложено соодветен залог на недвижен имот, хипотека од прв ред, со вредност неколкупати поголема од бараниот кредит. Нето површина на објектот ставен под хипотека изнесува 10.000 м2, а утврдена проценета вредност 3 милиони евра. Со тоа, повторно ќе речам согласно сите прописи, процедури и законски обврски обезбедено е враќањето на кредитот со неколкукратно поголем залог, објаснува тој.

Причината поради која било запрено сервисирањето на месечните обврски кон Банката, според Заев, било само заради внатрешно- партнерски недоразбирања.

Но, овие недоразбирање се веќе надминати при што донесена е одлука за решавање на проблемот за исплата, согласно законските решенија, на начин предвиден со Закон. Секако дека секој кредит мора да се врати. Веќе е поднесено барање и до Еуростандард банката и до надлежниот Извршител за откуп на вкупното побарување на Банката од должникот односно од „Сара инженеринг“ ДОО Струмица, додава братот на премиерот.

Со другите фирми-должници тврди дека нема никаква врска, ниту сопственичка, ниту капитална, ниту управувачка.

Сите останати фирми што шпекулативно и неосновано се стават во било каков контекст со мене, се класична невистина. Немам никаква врска со ниту една од нив. Ниту сопственичка, ниту капитална, а уште помалку управувачка. Тоа е вистината.  Се друго се лажни вести кои ги пласира една опозициска партија во отсуство на своја политичка понуда, заради манипулирање на оштетените штедачи и можеби пренасочување на вниманието од причини познати само за нив, тврди тој.

Вице Заев ги повикува сите надлежни органи што побрзо да ги разјаснат прашањата за овој случај и да ги запрат манипулациите во јавноста за да не трпи штета банкарскиот сектор како и угледот на луѓе кои решиле да се занимаваат со бизнис на легален и правилен начин.

 

ФИНАНСИСКО РАЗУЗНАВАЊЕ
Еуростандард беше пријавена дека отвора сметки во офшор-компании

Во последните три години, Управата за финансиско разузнавање детектирала сомнителни финансиски активности на Еуростандард банка, обелодени на надзорната расправа во Собранието, директорот на Управата, Блажо Трендафилов.

Ќе изнесам само статистиката за последните три години. Значи, извештаи доставени од Еуростандард банка, 2017 година еден извештај за сомнителни финансиски активности, 2018 година се пет извештаи, значи 500 отсто зголемен бројот на извештаите, и 2019 година се седум извештаи за сомнителни финансиски активности. Значи, зголемена активност поврзана со сомнителни финансиски активности во банката.

Од овие извештаи, во 2018 година, четири извештаи сме доставиле до странски разузнавачки служби, спонтана информација, и едно известување до надлежни државни органи, 2019 година веќе имаме три извештаи до спонтани информации до странски ЕФАЈУ, еден извештај за сомнителни финансиски активности поврзани со перење пари и финансирање тероризам и три известувања до надлежен орган, кој ќе ги применува законските обврски за истрага, рече Трендафилов.

Тој обелодени и дека од два светски сајтови, банката била пријавена дека отвора сметки во офшор-компании.

Поврзани новости