(АРХИВА) Фирмата што „криеше“ имот на Груевски и Мијалков ја презел син на поранешен политичар и припадник на УЧК за „џабалак“!

„ССИ Инвестмент“, која беше покритие за 3 стана на Груевски во Панорама и цела зграда на Мијалков во центарот на Скопје, преминала во сопственост на компанија на синот на Азби Нуредини, кој поседуваше бензиски пумпи, влезе во трка за градоначалник на Сарај, а бил и командант на ОВК.

by Фокус

Текстот е објавен на 11 мај 2023 година во неделникот Фокус со број 1.440.

Од епилогот на судските процеси „Плацови на Водно“ и „Империја“ произлезе дека компанијата „ССИ Инвестмент“ била покритие за скриен имот на поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот прв братучед Сашо Мијалков. На име на оваа компанија се водеа 3 стана во „Панорама“ и цела зграда спроти ЗОИЛ, кои се испостави дека биле во реална сопственост на братучедите. Откако овој имот беше конфискуван од страна на државата и сѐ уште се чека да биде продаден, компанијата веќе премина во сопственост на друга „фамилија“, поточно во рацете на синот на албански бизнисмен, поранешен кандидат за градоначалник на Сарај и некогашен командант на логистика на 115-та бригада на УЧК.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Судскиот процес „Плацови на Водно“ откри како преку компликувани офшор-шеми се затскривал текот на нелегално стекнат капитал, што на крајот се користел за купување атрактивен недвижен имот од страна на највисоки државни функционери, со помош на блиски бизнис-играчи.

Како што е познато, во овој случај, првообвинет беше експремиерот Никола Груевски, кој во отсуство беше правосилно осуден на 9 години затвор за перење пари, бидејќи на незаконски начин стекнал парцели на скопско Водно, кои прво ги купил за „џабалак“ како шума, а потоа преку институциите под своја контрола ги трансформирал во градежно земјиште.

Поточно, судот ги прифати наводите на обвинителството дека тој присвоил парични средства наменети за ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да ги прикаже и пријави како донации, тој ги искористил за купување на имотот. Арно ама, тоа не го направил транспарентно, бидејќи во таква ситуација би се поставило прашањето за потеклото на парите.

Па, така, побарал помош од неговиот братучед – поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој му обезбедил фирма од Белизе за покритие на капиталот. Имено, оваа офшор-компанија основала друштво во земјава управувано од кумот на Груевски – Ристо Новачевски, преку која, всушност, се реализирала купопродажбата на над 11 илјади квадратни метри по цена од 1,2 милиони евра.

Покрај Груевски, осуден беше и братучедот Мијалков, кој доби година и пол затворска казна, но на Апелација му беше преиначена во условна казна. Воедно, за виновен беше прогласен и кумот Новачевски, кој, исто така, заврши само со условна пресуда. На сличен начин помина и Ненад Јосифовиќ, кој се испостави дека бил сопственик на фирмата во Белизе.

Меѓу гонетите беше и бизнисменот Јордан Камчев. Иако споменатиот имот бил купен преку фирмата „Сирак Инженеринг“ основана од офшор-компанија на Јосифовиќ, а управувана од Новачевски, подоцна имотот бил префрлен на „Орка“ на Камчеви. Тоа се случува откога пукнаа „бомбите“ на Зоран Заев, што го натера Груевски да бара начин како и понатаму да ја прикрие сопственоста.

Во текот на судскиот процес, особено битно беше сведочењето токму на Камчев, кој откри сосема нов момент. Тој обелодени дека во замена за плацовите на Водно, Груевски добил 3 ексклузивни апартмани во комплексот „Панорама“. Формално, тие беа во сопственост на фирма на неговиот зет Мето Стојчевски, кој, исто така, сведочеше дека трите стана му ги чувал на Груевски.

Станува збор за друштвото „ССИ Инвестмент“, што се јавуваше како сопственик и на зграда во центарот на Скопје. Овој објект, пак, се доведе во релација со Мијалков, поради што исто така беше конфискуван, ама во друг предмет – „Империја“. Уште претходно, откривме и поврзаност меѓу оваа компанија и овој објект со „Бест Веј Инвестмент“ во сопственост на Јордан Мијалков.

На крајот, цел овој имот беше запленет. Но, додека сѐ уште се чека да се реализира продажбата, дознаваме дека дошло до промена на сопственоста на „ССИ Инвестмент“. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, таа неодамна преминала во рацете на компанија во сопственост на синот на албански бизнисмен, кој поседуваше бензински пумпи, а еден период се испроба и во политиката.

Впрочем, тој порано беше активен во ПДП и ДПА, а во последно време може да се види на заеднички фотографии со функционери на ДУИ. Конечно, тој во јавноста настапува како поранешен припадник на ОВК или УЧК и се залага за поголеми права на некогашните соборци. Како неговото семејство стана газда на контроверзна компанија, која беше дел од шема за прикривање на имот на братучедите?

ОД ПРИЈАТЕЛОТ НА ЛУКОВСКИ ДО ЗЕТОТ НА КАМЧЕВ

Според податоците од Централниот регистар, „ССИ Инвестмент“ е основана во 2009 година, со основна главнина од 5 илјади евра, од страна на двајца содружници. Едниот бил Ристо Секуловски, кој поседувал една третина од главнината, додека две третини поседувала компанијата „Риоба“ со седиште во Лихтенштајн, која важи за специфична јурисдикција.

Во однос на Секуловски, „Фокус“, пред неколку години пишуваше дека формирал компанија во Грција, која се јавува како сопственик на комплексот „ЕОС Луксузни Апартмани“, лоциран на Халкидики. Тој е зет за ќерка на покојниот Данчо Шутурков, поранешен заменик генерален директор на тутунскиот комбинат „Македонија Табак“, кој во јавноста беше познат како „крал на тутунот“.

Воедно, Секуловски беше долгогодишен близок пријател и со покојниот Жарко Луковски, чиј зет за сестра, Димитар Маткалиевски, пак, е во кумовска врска со Секуловски. Патем речено, Луковски беше познат и по кумовско-пријателските односи и со Мијалков и со Камчев. Додека ВМРО-ДПМНЕ предводено од Груевски беше на власт, тој беше оперативен директор на Телеком.

Пред да влезе во телекомуникацискиот оператор, Луковски бил дел од фамозната офшор-компанија „Ексико“, која, како резултат на соработката на Камчев, во судскиот процес „Империја“ се утврди дека била на Мијалкови. Односно, испадна дека вистински сопственик на оваа компанија што поседуваше недвижности, удели и акции, била сопругата на Мијалков – Александра Мијалкова.

Што се однесува до „ССИ Инвестмент“, нејзин прв управител била Снежана Стефанова-Влчевска. Проверките што ги извршивме покажуваат дека таа се јавува како овластено лице во уште две компании. Една од нив е „Елан Пропестис Инженеринг“ во сопственост на „Риго Холдинг“ од Курасао, а другата е „ЈМС Инвестмент“ на Серјожа Марков и Лазар Чукиќ, први луѓе на добропознатото адвокатско друштво „Чукиќ и Марков“.

Дополнително, Стефанова-Влчевска била дел од органите и на другите две компании со сличен назив. Тоа се „Елан Пропестис ДООЕЛ“ на истоимената холандска компанија, која своевремено беше најавувана како инвеститор што ќе го гради комплексот позади „Рамстор“, и „Елан Пропестис БЦ-С“ во сопственост на „Алфекс инженеринг“, која, пак, е во сопственост на „Санта Лучија Фајненс“ од холандски Антили.

Она што треба да се посочи дека две од овие три компании со префиксот „Елан“ биле регистрирани на адреса на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, а двајцата партнери биле и први сопственици на една од нив. Освен споменатата „ЈМС Инвестмент“, нивна е и „Бизнис Пропести Инвестмент“, чиј имот, исто така, беше замрзнат во рамки на „Империја“, бидејќи беше утврдено дека е таен имот на Мијалков.

Моментално, управител на „Елан Пропестис ДООЕЛ“ е Весна Ефтимова, која, меѓу другото, била управител и на „Архи Инвестмент“, која, пак, била сопственик на поранешното друштво „Архи“, а денешно „Панорама Резиденс“, каде што се лоцирани тајните станови што Груевски ги добил како компензација на плацовите на Водно. Пред да пропадне во 2014 година, „Архи Инвестмент“ била во сопственост на „Ексико“ на Мијалкови и на „Орка“ на Камчеви.

Историјатот на промени покажува дека само една година по формирањето на „ССИ Инвестмент“, Ефтимова влегува во неговата сопственичка структура, но не како управител, туку како (ко)сопственик. Практично, таа го презема уделот на „Риоба“ од Лихтенштајн од две третини, станувајќи партнер со Секуловски, кој го задржува својот малцински удел од една третина.

И, така е сѐ до 2016 година, кога на нивно место како единствен сопственик на друштвото влегува Стојчевски, зетот на Камчев. Токму тие, условно кажано, му ја запечатија судбината на Груевски во „Плацови на Водно“, со сведочењето дека преку оваа фирма му чувале 3 стана во „Панорама“. Арно ама, интересно е што по окончувањето на процесот, фирмата преминала во туѓи раце…

ПРЕЗЕМАЊЕ КОМПАНИЈА БЕЗ ИМОТ

Во периодот кон крајот на минатата 2022 и почетокот на актуелната 2023 година, нов сопственик на „ССИ Инвестмент“ станува „Пеј Смарт 24“, компанија за „останати услужни дејности“, основана во 2016 година. Единствен сопственик и управител на друштвото е Рубин Нуредини, син на далеку попознатиот бизнисмен Азби Нуредини, кој порано беше кандидат за градоначалник на Сарај.

„Фокус“ дојде до одлуката за истапување и пристапување на содружник со преземање удел, како и до договорот за пренос. Од овие документи се заклучува дека Нуредини презема 100 отсто од уделот на Стојчевски, што произлегува од основната главнина на друштвото, претставена преку непаричен влог во вредност од 5 илјади евра, кој се состои од компјутери, принтери, бироа, фотелји, мобилен и комода.

Содржникот што истапува од ССИ Инвестмент, Мето Стојчевски, се согласува уделот што произлегува од основачкиот влог на друштвото, кој се состои од непаричен влог, да го преземе содружникот што пристапува Пеј Смарт 24 за паричен надомест во висина на вредноста на понудениот дел“, се наведува во одлуката за пренос на удел.

Во договорот меѓу двете страни, пак, стои дека Стојчевски изјавил оти нема неподмирени обврски во однос на даноци и придонеси, царински задолжувања и други јавни давачки, како и дека наведениот удел е „негова исклучива сопственост со која може слободно да располага“ и дека „трети лица немаат никакви сопственички и други права“.

Понатаму, во членот 4 од договорот се наведува дека втората страна, односно помладиот Нуредини, е запознаен со состојбата на имотот на друштвото, односно дека недвижниот имот е конфискуван во корист на државата согласно правосилна судска пресуда, како и дека освен постојниот удел внесен како основачки капитал, друштвото не располага со друг недвижен и подвижен имот.

Оттука, се поставува прашањето каков е интересот на „Пеј Смарт 24“ и на Нуредини да купат компанија без имот, односно компанија, чиј вреден имот беше конфискуван? Дали се работи за маневр за ослободување на компанија што му претставува товар на Стојчевски? Или пак Нуредини гледа одреден бизнис-интерес што би го реализирал преку ова друштво?

По официјален пат, се обративме до „Пеј Смарт 24“, со прашање под кои услови и со која цел и намера ја презеле „ССИ Инвестмент“? Исто така, прашавме со каков имот моментално располага „ССИ Инвестмент“ и какви се нивните планови во врска со овој имот? Меѓутоа, не добивме никакви одговори!

Освен што извршивме увид во досието во Централниот регистар, побаравме податоци и од Катастарот на недвижности, со цел да провериме дали компанијата поседува друг имот покрај оној што беше конфискуван. Притоа, дојдовме до информација дека друштвото поседува една мала парцела, која се наоѓа во строгиот центар на Скопје, поточно во Дебар Маало, веднаш до партизанска.

Претходно, освен трите апартмани во Панорама, кои се испостави дека се чувале за Груевски, оваа компанија поседуваше зграда на 3 ката. Се работи за објект со површина од речиси 2 илјади квадратни метри лоциран спроти зградата на „Виена осигурување“, или позната како ЗОИЛ. Денес, според катастарската евиденција, овој објект е во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот.

Своевремено, тука беше седиштето на авиокомпанијата АД „Авиоимпекс“, која фактички го поседуваше овој објект проценет на 65 милиони денари, пред да го стави на продажба во рамки на стечајната постапка, додека земјиштето сѐ уште се води на име на ова друштво. Исто така, на оваа локација беа регистрирани уште неколку фирми…

БИЗНИСМЕН, ПОЛИТИЧАР, КОМАНДАНТ

Една од нив е добро познатата компанија за обезбедување „Секјурити Груп Сервисес“ или СГС, која е активна до ден денес, па дури и сѐ уште добива тендери од разни институции. Официјално, компанијата е во сопственост на Дејан Кировски, но „бомбите“ своевремено открија дека управителот Мирољуб Давидов постојано се координира со Мијалков за деловни одлуки на фирмата.

За врската со Мијалкови говори и една објава што ја пронајдовме во Службен весник од средината на 2017 година, која претставува нотарски акт склучен меѓу „ССИ Инвестмент“ и „Бест Веј Инвестмент“, во сопственост на синот на Мијалков – Јордан Мијалков, преку која Мијалкови дејствуваат во повеќе бизнис-сектори.

Станува збор за договор за хипотека со банка за обезбедување кредит од милион евра, при што „ССИ Инвестмент“ е должник-кредитокорисник, а „Вест Веј“ е хипотекарен доверител. Заложното право е засновано токму врз споменатиот објект, кој беше конфискуван по завршувањето на судската постапка и изрекувањето на правосилна пресуда во „Империја“.

Она што е интересно, во урбанистичкиот план „Даре Џамбаз“, на местото од оваа зграда до 2019 година имаше градежна маркичка за осумкатница. Меѓутоа, Советот на Општина Центар за време на мораториумот го ревидираше ДУП-от и ја врати состојбата на постојното решение. Во врска со тоа, „ССИ Инвестмент“ се обрати и до Уставниот суд, но нивната иницијатива беше отфрлена.

Кога ќе се земе сето тоа предвид, целосно нејасно е зошто некој би зел фирма со офшор-бекграунд, која патем криела функционерски имот, а моментално поседува само двор од 16 квадрати?! Згора на тоа, финансиските извештаи покажуваат дека вредноста и капиталот на компанијата опаѓаат, а остварува незначителна добивка.

Достапните информации говорат дека Азби Нуредини, татко на сопственикот на „Пеј Смарт 24“ Рубин Нуредини, своевремено беше активен во нафтениот сектор и поседуваше бензински станици на излезот од Скопје. Паралелно со тоа, тој имаше обид да се факторизира и на политички план.

Порано, бил активен во најстарата албанска партија ПДП, а подоцна се доближи до ДПА и беше кандидат за градоначалник на Сарај од редовите на оваа партија. Тој учествуваше на локалните избори во 2013 година, кога освои 38 отсто од гласовите, додека Беким Мурати од ДУИ победи со освоени 54 отсто.

Од јавно објавените фотографии може да се види дека има конекции со повеќе партии, со оглед дека е овековечен и со заменик-министерот за внатрешни работи од ДУИ, Назим Буши, со независниот пратеник, кој се отклони од Алтернатива, Скендер Реџепи Зејди, а постојано ја истакнува блискоста и со Рамуш Харадинај. Помладиот Нуредини, пак, е „регистриран“ во друштво на експратеникот од ДУИ Неџати Јакупи, како и со браќата Даут и Ветон Харадинај.

Најчесто, Азби Нуредини настапува како поранешен припадник на ОВК, односно УЧК. На неговиот фејсбук-профил, тој постојано споделува фотографии од припадници на УЧК и изразува поддршка на борбата за права на Албанците. Во еден настап на „Лајм“, кој го претставува како командант на логистика на некогашната 115-та бригада на ОВК, неодамна изјави дека со нерешавањето на статусот на ОВК се крши Член 9 од Уставот.

Македонските политички партии мора да се откажат од двојната игра, од причина што овде не зборуваме за решавање на статусот на поранешните војници на ОВК, туку зборуваме за спроведување или неспроведување на Уставот, кој јасно вели дека сите граѓани на РМ се еднакви пред Уставот и пред законот – рекол тој.

 

ПО СВЕДОЧЕЊЕТО НА КАМЧЕВ, ПРОТЕКОА РАЗГОВОРИ СО ГРУЕВСКИ: МАФИЈА БЕ, ШЕФЕ!

Веднаш откако Орце Камчев и неговиот зет Мето Стојчевски сведочеа дека Никола Груевски добил 3 стана во „Панорама“, во замена за плацовите на Водно, на интернет протекоа разговори меѓу Камчев и Груевски, кои првиот одби да ги коментира, а вториот ја потврди нивната веродостојност.

Во објавените разговори можеше да се слушне дека Камчев му говори на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството, истакнувајќи дека рекол оти Груевски немал никаква врска со нив.

Она што го говори Камчев во телефонскиот разговор со Груевски е спротивно од неговото сведочење, кога призна дека плацовите биле на Груевски.

Потоа, тој ја споменува и обвинителката во случајот, Лиле Стефанова, посочувајќи дека во секој предмет таа му е обвинител.

Јас бев спремен да ја нападнам, но немав гаранција од Вилма (Русковска). Сакав да ѝ ги извадам пораките на (Ванчо) Чифлиганец и нејзе за тоа таквото, тие што ги имам, разбираш. Ама да имам гаранција, да идам само јас со глава во ѕид, овие сите бегаат“, вели Камчев, додавајќи: „Мафија бе, шефе!“

Посочените станови, според неговото сведочење, биле во формална сопственост на фирма на Стојчевски, кој ги чувал за примопредавање. Сепак, Груевски реагираше дека Камчев и Стефанова направиле коалиција против него.

Се демонстрираше во судот една „Нова коалиција”, како ова да е политичка сцена, а не суд, направена минатиот месец по неколку лични средби на Камчев со обвинителката, во која е направена нова конструкција за завршување на предметот – рече Груевски.

Според него, од овие преговори резултат е преквалификација на обвинението на Ратка Камчева, мајка на Орце Камчев, која, исто така, беше обвинета во предметот.

Поврзани новости