АРХИВА Фирмата на кумот на Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција!

by Fokus

Текстот е објавен на 24 ноември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1155

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: За овие четири месеци претпоставувам веќе ја снимивте ситуацијата во Фондот за здравство. Дали го затекнавте она што го очекувавте или се шокиравте што проблемите се многу подлабоки?

ДОНЧЕВ: Проблемите во македонското здравство се многу поголеми од тоа што го очекував. Здравството како целина во Република Македонија е покриено од Фондот за здравство (ФЗ), Министерството за здравство и Агенцијата за лекови, кои на некој начин се различни страни од истата паричка. Има неколку клучни стратешки прашања во врска со Фондот за здравство. Меѓутоа, кога зборуваме за проблемите и прашањата во здравствениот систем, ќе зборуваме во контекст на стратешките прашања, кои ги засегаат интересите на граѓаните. Понекогаш може некои од прашањата не се во директни ингеренции на Фондот на здравство, но секако за да ги решиме, бараат мултиинституционален напор и од Фондот за здравство и од Министерството за здравство и од Агенцијата за лекови, но се разбира и од владата.

ФОКУС: Каква финансиска состојба затекнавте?

ДОНЧЕВ: Фондот од финансиски аспект е релативно стабилен. Приходите се покриени со директен прилив од 7,3 отсто од сите плати и придонеси, пензии итн. Приходната страна, изненадувачки, е релативно стабилна. Проблемот настанува со расходната страна. Тука постои нејаснотија за што точно се трошат парите и колкава здравствена вредност добиваат граѓаните. Постојат системски недостатоци и неефикасност во системот како целина.

ЛЕКОВИ СО НИСКА ВРЕДНОСТ

ФОКУС: Како може да не се знае каде се трошат парите?

ДОНЧЕВ: Ние секако знаеме каде се трошат парите, туку колку може да сме сигурни во ефикасноста на тие расходи? Од тоа што можам да го идентификувам во последните 3 до 4 месеци, се дефинираат неколку клучни стратешки прашања.

Првото стратешко прашање е позитивната листа на лекови. Тоа се лековите за осигурениците за кои плаќа ФЗОМ, односно тие се рефундираат и субвенционираат преку мрежата на аптеките во Република Македонија. Во последните десет години има само два нови лека додадени на таа позитивна листа, што е несоодветно на реалните потреби на осигурениците.

ФОКУС: Процедурата е компликувана?

ДОНЧЕВ: Тоа е втора небулоза, законската регулатива наследена од претходната влада. За да се промени или за да се додаде нов лек на позитивната листа, потребни се одлуки донесени од едно гломазно тело составено од 14 комисии; секоја броеше по 17 члена. Меѓутоа, иронијата да биде уште поголема, долго време ниту една од тие комисии не е екипирана. Тие се поделени според категоризациите на лекови на Светската здравствена организација.

ФОКУС: Значи невозможна мисија е да додадете нов лек на позитивната листа.

ДОНЧЕВ: Па, ситуацијата најдобро се опишува со фамозната изрека на Черчил: Ако не сакате нешто да решите, тогаш формирајте комисија. Во нашиот случај биле формирани многу комисии. Се поставува прашањето: зошто таква бирократска бариера е направена, кога практично било невозможно да се ревидира позитивната листа или да се додаде нов лек?

Знаеме дека светот се менува многу бргу, фармацевтската индустрија, исто така. Во последните десет години излегоа многу нови лекови. Некои лекови се многу иновативни. Неспорно е дека кога би биле на позитивната листа ќе придонесат многу за здравјето на граѓаните на Р.М., што е придобивка од највисок државен интерес. Вакви нови лекови можеле да спасат многу животи. На пример, во претходните десет години за хепатитис Ц  излезе иновативен лек.

ФОКУС: И каков квалитет тогаш се лековите на позитивната листа?

ДОНЧЕВ: Од тоа што успеав да видам, преку 50 милиони евра се трошат за позитивната листа на лекови што ги субвенционира Фондот. Овие пари се префрлаат на мрежата аптеки низ државава. Најголем дел од овие лекови се со релативно ниска вредност од аспект на здравствените придобивки. Тоа значи дека можеби се квалитетни, но со ниска вредност. Знак прашалник е колку се реално корисни за вистинските здравствени проблеми.

ПЛАЌАМЕ СО НАШЕТО ЗДРАВЈЕ

ФОКУС: Има ли логика дека во времето на Груевски, во тендерите за лекови, клучна беше ниската цена, а за пиар-кампањите, квалитетот!?

ДОНЧЕВ: Сега влегувате во второто стратешко прашање, односно таканаречениот паралелен увоз. Од тоа што можам да видам, паралелниот увоз се воведува пред 6-7 години. Наводно е моделиран врз т.н. parallel trade на ЕУ. Но, тоа не е паралелен увоз, туку паралелна трговија во рамките на границите на Европската унија, која, пред сѐ, беше наменета да има меѓусебна трговија меѓу земјите за да не останува одреден вишок на лекови во одреденa земја и евентуално да се надомести недостиг од истиот лек соодветно. Целта беше да се искористат рационално сите лекови, но квалитетот беше обезбеден во рамките на регулативите во Европската унија.

ФОКУС: Зошто велите дека наводно е моделиран врз тој модел?

ДОНЧЕВ: Повикувајќи се на тој модел, претходната влада воведе т.н. паралелен увоз. Меѓутоа преку 95 отсто од увозот на лекови доаѓа од една земја, а тоа е Турција. Не сакам да бидам сфатен погрешно, во каков било негативен контекст за Турција. Јас верувам дека и самата Турција води далеку поголема грижа за своите граѓани од аспект на квалитетот на лекови што ги обезбедува за своите граѓани. Но, тоа не значи дека одредени подземни фармо-бизнис интереси во Турција не нашле можност, можеби животна шанса за некои, да направат профити од Македонија врз основа на оваа не соодветно дефинирана и сомнителна одлука на претходната Влада на Република Македонија.

ФОКУС: Значи ли дека се труеме со лековите што се набавуваат од, како што велите, „подземни фармо-бизнис интереси“?

ДОНЧЕВ: Прво, со лековите што ги увезуваме од Турција, дефинитивно паднаа цените на одредени лекови и тоа во значителна мера.

ФОКУС: И граѓаните се радосни дека имаме евтини лекови…

ДОНЧЕВ: Е сега дали се евтини? Здравството има краткорочна цена, но и долгорочна. Ако купам два идентични артикли, при што едниот е 50 отсто поевтин од другиот, поевтиниот лек можеби е фалц, а поскапиот лек е оригинал. Ве прашувам дали сум заштедил 50 отсто или сум платил 50 отсто повеќе од што треба? Притоа зборуваме за нашето здравје, здравјето на нашите деца и сите наши граѓани.

ФОКУС: Значи плаќаме со нашето здравје?!

ДОНЧЕВ: Токму така. Од аспект на здравјето и од аспект на цената, прашањето е: што всушност купуваме и дали знаеме какви се некои од лековите што ги увезуваме од Турција?

ФОКУС: Дали вие дознавте што купуваме, се направи ли анализа?

ДОНЧЕВ: Сѐ уште е многу тешко да се дојде до севкупната слика, бидејќи за некои лекови што ги увезуваме немаме ни капацитет да ги тестираме во нашата држава за да видиме што точно содржат. Таков е случајот со инсулинот. Меѓутоа се сретнав со претставници на Здруженијата на дијабетичарите. Не можеме да ги игнорираме нивните крикови, нивните апели дека се чувствуваат полошо по употребата на инсулинот отколку претходно. Тие сведочат дека ако купат инсулин од Грција, тогаш врши работа. Ако купат инсулин увезен од Турција, се чувствуваат полошо. Тоа не можеме да го игнорираме.

АМБАЛАЖАТА Е ОРИГИНАЛ, ЛЕКОТ Е „ФАЛЦ“

ФОКУС: Но, сепак, имате ли и други сознанија дека нешто не е како што треба со овој инсулин?

ДОНЧЕВ: Еве уште два примера што дојдоа до мене од два извора, што јас ги сметам веродостојни. И двете се големи фармацевтски компании. Првата е еден од гигантите на глобално ниво; се сретнав со нејзиниот генерален директор за Балканот кој ми го кажа следново. Пред две години добил извештај од турското МВР и го спровел до македонското МВР, каде што турската полиција предупредува за т.н. андерграунд, односно подземни производствени капацитети во Турција, кои произведуваат лекови за македонскиот пазар. Притоа, бидејќи Турција е голема земја со огромен здравствен систем, постојат организирани групи во рамките на нивните јавни здравствени установи, кои ги собираат оригиналните амбалажи од лековите. Амбалажите ги даваат на овие андерграунд-производители на лекови. Така лекови произведени од сомнителен извор се пакуваат во амбалажи од оригинаторите. Значи амбалажата е оригинал, лекот е „фалц“. Ова се поклопува со фактот дека во една пратка добивме разни сериски броеви и тоа е објаснувањето за тој феномен. Лесно се потврдува.

ФОКУС: МВР тука не реагира?

ДОНЧЕВ: Ова е состојбата на следење. Не е коректно да кажете дека МВР не реагира, ова е сѐ уште релативно нов проблем за новата влада.

ФОКУС: Прашањето ми беше за МВР на претходната гарнитура?

ДОНЧЕВ: Е, тука ќе ги прашате претходните зошто не реагирале. Јас зборувам само за состојбата. Тука има многу логични потпрашања, на кои јас не сум компетентен да одговорам зошто тоа било така.

ФОКУС: Кој е вториот пример?

ДОНЧЕВ: Вториот пример, е исто така од една гигантска фармацевтска компанија на глобално ниво. Тие документирано ми покажаа дека во Македонија доаѓа одреден инсулин, спакуван во амбалажа од наводно друг инсулин. Не сум лекар, но како што ми беше кажано, доколку такво нешто пациентот го искористи без да биде свесен точно што користи, зависно од поединецот, може да дојде до трагични последици. Секој инсулин може да придонесе за различни последици кај секој пациент.

ФОКУС: Која е фирмата која увезува вакви лекови?

ДОНЧЕВ: Најголеми придобивки од воведувањето на паралелниот увоз имаат три фирми кои се директно и индиректно поврзани. Така меѓу себе, тие три фирми контролираат можеби над 50 отсто од пазарот на паралелен увоз во Македонија и се директно во кумска и роднинска релација со претходен премиер.

ФОКУС: Мислите на Ристо Новачевски, преку чија фирма „Сирах инженеринг“ беше купен и плацот на Водно за Груевски?

ДОНЧЕВ: Релативно лесно може да се дојде до податокот околу најголемите фирми кои го вршат паралелниот увоз. Од тука мислам дека може и да се најдат податоците околу тоа кој стои зад овие фирми и како се меѓусебно поврзани.

БЕЗ СЕРТИФИКАТ ЗА КВАЛИТЕТ

ФОКУС: Како може вакви фалц лекови лесно да ги увезуваме?

ДОНЧЕВ: Увозот за регистрирани лекови е подобро контролиран преку баран сертификат за анализа за увоз на серија, односно сертификат за квалитет. Но, увозот на лекови преку паралелниот увоз доаѓа без каков било баран сертификат за квалитет од производителот и без авторизација.

ФОКУС: Тоа законот не им го бара?

ДОНЧЕВ: Не, не бара. Авторизацијата од производителите кон трговците, преку која им беше дадено право да тргуваат со нивните лекови и беше заштитен механизам за потеклото и квалитетот на лековите, е укината во 2013 година. Тоа беше многу елегантен начин за лесен увоз на лекови преку паралелниот увоз, а тоа во голема мера ги овозможува наведените дубари.

ФОКУС: Дубари, aма со страшни последици врз здравјето на граѓаните…

ДОНЧЕВ: Нелогичноста на нашиот здравствен систем им овозможувал дубари со штетни последици по здравјето на граѓаните. Ова е третото стратешко прашање што го наследивме, а се однесува  до начинот со кој се менаџира со јавните здравствени установи. Ќе видите, исто така, дека е поврзано со второто прашање околу паралелниот увоз и небулозата што постои во Македонија.

ФОКУС: Законите се менувале за да овозможат добивка за поединци?

ДОНЧЕВ: Јавните здравствени услуги ги увезуваат најскапите лекови, во суштина. Имате одредени лекови што се по 3.000 евра. Голем дел од нив доаѓаат од Турција, преку паралелните увозници. Што значи дека тука имаме, не само лекови за општа широка употреба, туку станува збор за специфични лекови и овие скапи лекови одат на мал број пациенти. Значи, нема масовна употреба, ама се скапи и со релативно мал определен број на корисници. Меѓутоа се обемни по вредност, поради самата поединечна цена на лекот.

ФОКУС: Но, дали се квалитетни?

ДОНЧЕВ: А кој отворил досега дебата дали се квалитетни? Не сакам да кажам дека сѐ што се увезува е сомнително. Но, за ова што ви го кажав, апсолутно стојам зад тоа дека лично сум уверен, врз основа на сите релевантни информации што ги имам, дека воопшто не можеме да бидеме сигурни во изворот (производителот) на голем број лекови. Дали се од подземни производствени капацитети од Турција, дали се од Сирија, дали се од Индија или такви други егзотични земји?

ФОКУС: И со такви лекови се снабдуваше јавното здравство?

ДОНЧЕВ: Е сега, кога се во прашање јавните здравствени установи, повторно, претходната влада направи нешто што нема никаква здравствена, економска или бизнис-логика или оправдување. А тоа е дека прво го подели Клиничкиот центар во автономни клиники, ги направи сите други јавни здравствени установи автономни ентитети. Затоа имаме 114 јавни здравствени установи, а со тоа и 114 управни одбори и 114 комисии за јавни набавки. Нон сенс и небулозно е во една држава од два милиони народ со здравствен систем онаков каков што е, во голема мера лековите и медицинскиот потрошен материјал во болниците да се набавува децентрализирано. Има одредени инстанци каде што се набавува централизирано, но апсолутно е нон сенс да имаш децентрализирани набавки.

КЛИЕНТЕЛИЗАМ НА ДЕЛО

ФОКУС: Нема економска логика, ама има функции за стотици фанови?

ДОНЧЕВ: Тоа е тоа кога зборуваме за политичкиот клиентелизам на Никола Груевски во последните десет години. Ова е еден од оние примери каде што можеме да го видиме тој клиентелизам на дело. Привидно се овластени повеќе директори, за работа што може да ја изврши еден или двајца. Преку набавката на лекови што треба да е примарна цел, е оштетено централното прашање во бизнисот или во економијата, кое се вика economies of scale, односно нарачка на големо. Секој, дури и најголемиот лаик знае дека едно е да набавуваш сто единици, а друго е да набавуваш милион единици од кој било продукт, каде било во светот. Што поголемо количество набавка, поединечната цена по дифолт паѓа. Со други зборови, друго е да распишеш 20 тендери по 5 милиони, друго е да распишеш еден тендер од 100 милиони. Се разбира дека и евентуалните малверзации полесно ќе се откријат и спречат кај една или две комисии. За контрола на 114 комисии, потребно е да се ангажираат огромни човечки ресурси.

Сега имаме две конфликтни ситуации. Од една страна, навидум цените на лековите паднаа поради паралелниот увоз. Од друга страна по дифолт цените на лековите се зголемуваат поради децентрализираниот систем на набавки, кој Груевски го направи пред осум години во јавното здравство.

ФОКУС: Сиромавиот двапати плаќа, како викаат…

ДОНЧЕВ: Да, токму тоа е проблемот во оваа инстанца. Така, покрај другото, ги исфрливме од македонскиот пазар квалитетните фармацевтски компании, оригинаторите. Тие секако се поскапи, меѓутоа никој не се посомневал во квалитетот на нивните лекови. Ги исфрливме од македонскиот пазар, бидејќи во голема мера нив не им се исплаќа да учествуваат на ситни тендери каде што однапред знаат дека не можат да ги постигнат цените што ги бараме.

ФОКУС: Како што веќе реков, за лековите клучна беше цената, а за пиар-кампањите квалитетот. Што е апсурд. Но, има ли ваков модел а ла Груевски барем во соседството?

ДОНЧЕВ: Имав можност да го посетам Хрватскиот фонд за здравство. Сепак, Хрватска како дел од бившиот ју-систем, од неодамна член на Европската унија можеби беше најрелевантен пример да направиме споредба. Нивниот модел за набавки е флексибилен. Хрватскиот фонд набавува лекови, при што може да влезе и во директни преговори со големите фармако-компании. Се уверив на самото место дека цените што хрватскиот фонд за здравство ги постигнува, посебно за скапите лекови, на пример како оние што се над три илјади евра, се слични како што ние ги постигнуваме при паралелниот увоз. Меѓутоа, тие преговараат директно со оригинатор-компаниите и можностите за фалсификат се исфрлени.

ФОКУС: Ние користиме посредници…

ДОНЧЕВ: Сакам да кажам дека далеку од тоа дека сме го исцрпиле моделот на тоа што значи поевтини лекови. На пример, да направиме една симулација. Ако ги централизираме набавките од јавниот здравствен систем, ако влеземе во партнерски односи со големите фармако-компании, ако повторно се обидеме да ги вратиме нив на македонскиот пазар преку централизирани јавни набавки.

ДЕЦЕНТРАЛИЗИРАНИ НАБАВКИ

ФОКУС: Сте направиле таква симулација?

ДОНЧЕВ: Работиме на тоа моментално. Тоа е многу сложена калкулација. Меѓутоа, интуитивно, а и фактички сум уверен дека доколку се определиме за централизирани набавки, доколку влеземе во директни преговори за одредени лекови со големите компании, тоа само по себе ќе биде намалување на цените по надолна линија. Така барем делумно ќе компензираме за навидум зголемените цени како ефект од прекинувањето на паралелниот увоз на овие сомнителни лекови за кои претходно зборувавме. Здравството има и краткорочна цена и долгорочна цена. Што ако лекот, колку и да е евтин, нема превентивна или соодветна тераписка улога? Што ако поради сомнителен поевтин лек, пациентот по пет години заврши на одредена хируршка интервенција? Како можеме да калкулираме колку тоа го чини македонското здравство?

ФОКУС: Сакате да кажете дека она за што денес пациентите се радуваат, дека лековите се поевтини, потоа ќе ги чини скапо?

ДОНЧЕВ: Не можеме да гледаме врз трошоците во здравството на краткорочна основа. Мора да гледаме што постигнуваме од аспект на превентива и долгорочно здравје на нашите граѓани. Само во една таква рамка можеме да зборуваме што е евтино, а што е скапо кога е во прашање здравствениот систем. Ова е третото стратешко прашање.

Четвртото стратешко прашање е лично мое согледување, професионалниот и стручниот персонал, лекарите што ги имаме, во најголема мера се повеќе од адекватни да одговорат на потребите на граѓаните. Верувам дека имаме професионален, трудољубив, чесен персонал, кој може да одговори на потребите на граѓаните.

ФОКУС: Во јавното здравство?

ДОНЧЕВ: Зборувам како целина. Проблемот на македонското здравство, посебно јавното здравство за мене е проблем на организација, деловни процеси и информатички системи. Дел од таа организација, на пример, е и начинот на кој набавуваме децентрализирано лекови. Ако овие работи ги решиме и значително ги унапредиме, ќе придонесеме кон далеку поефикасен здравствен систем, што по дефиниција ќе придонесе кон значителни заштеди, кои сега ги трошиме нерационално.

ФОКУС: Што стана со зголемувањето на платите на лекарите?

ДОНЧЕВ: Па, сето горенаведено, овозможува и ослободува средства реално да ги зголемиме платите на лекарите. Тоа е, исто така, еден клучен елемент за мотивирање на тој кадар. Дел од проблемот е кадарот, кој е високоценет секаде во светот, а не е адекватно компензиран од нашата држава… Не е мотивиран и се случува голем дел од нив да заминат од државата. Ова, исто така, е чинител за неефикасно сервисирање на потребите на граѓаните. Прашањето е сложено, но сакам да ве уверам дека мора значително да се инвестира во тие три сегменти, со цел да ги поставиме темелите на едно модерно европско здравство во 21 век.

ФОКУС: Како да се реши проблемот што секојдневно имаме апели за донации за болни за лекување во странство?

ДОНЧЕВ: Според сегашниот Закон и Правилникот на ФЗ, при секое уредно доставено барање за лекување во странство од кој било граѓанин, придружено со таканареченото конзилијарно мислење од соодветната универзитетска клиника, кое поминало на првостепена и второстепена комисија, составени од професори и лекари, Фондот по закон е должен да ја најде најсоодветната понуда за праќање на тоа осигурено лице во странство.

ФОКУС: Не е тоа предолга процедура?

ДОНЧЕВ: Па, сакам да кажам дека тоа е законско загарантирано право за секој граѓанин. Работиме да ги забрзаме овие процедури. Меѓутоа, што е тука  проблемот? Имам впечаток дека по трагичниот случај на малата Тамара, кога имавме еден апсурд на ненавремено изјаснување на здравствениот систем каде детето да се лечи – тука или во странство, сега можеби отидовме во другата крајност. Сега самите лекари стравуваат да не почине пациент под нивна надлежност и ако за пациентот сметаат дека е претежок случај од кои било причини, најлесниот начин е да му потпишат лекување во странство. Пред случајот на малата Тамара, ако вкупниот буџет на Фондот беше околу четири милиони евра за праќање во странство, сега ризикуваме дека со ова темпо ќе отидеме на осум, па и до десет милиони евра за лекување надвор од државава, зависно од тоа како ќе ја завршиме оваа година.

ДА НЕ БИДЕМЕ ЗАЛОЖНИЦИ НА ЕМОЦИЈА

ФОКУС: Дали се испраќаат само пациенти за кои овде не се вршат операции или за лекување?

ДОНЧЕВ: По правило би требало да праќаме само пациенти за кои македонското здравство не може од кои било причини да ги лекува овде. Тоа може да биде од три причини: немаме стручен кадар или лекар, таков кадар воопшто не постои или, пак, немаме опрема, односно услови. Не може да биде од која било друга причина.

ФОКУС: Пред 20 години, случај за кој лично бев засегната, дете со тумор на мозокот го праќаа во Шведска. Значи за 20 години не е обучен кадар, хирург, кој ќе може да оперира, како во случајот со Валерија. Зошто не се инвестирало во стручни лекари, услови и сл.?

ДОНЧЕВ: Вашата поента е многу круцијално прашање. Ќе бидам отворен и искрен. Ова е прашање на емоции. Сите ние сме луѓе, не дај боже да се случи нешто на нашите сакани и најблиски, секој ќе гледа да се избори за тоа што смета дека е најдобро. Ама гледано од институционален аспект, треба да сме свесни што е можното, што е рационалното и што можеме да правиме тука во Македонија, а не го правиме. Се доведуваме во ситуација кога значителен дел од нашиот здравствен буџет се одлива надвор сѐ повеќе и повеќе. А Ви кажав, само од три причини би испратиле пациент надвор. Пред два месеца и јас имав случај кој ме потресе, но и ме натера да размислувам како дојде македонското здравство во ваква ситуација?

ФОКУС: Каков случај?

ДОНЧЕВ: Значи, во случај на итност, Фондот е должен да донесе одлука за лекување во странство во рок од 48 часа. Петок навечер, до мене пристигнува документација за праќање на возрасен пациент во странство за сума од 220 илјади евра, плус 25.000 евра за санитарен авион. Разбирам дека секој пациент е важен во нашата држава и тука нема ништо спорно. Ама тоа ме натера да размислам дека излегува за одредени луѓе државата е мајка, а за други маќеа. Бидејќи слушаш за одредени пациенти, кои починале за недостиг од лекови од 5.000 евра.

ФОКУС: И до каков заклучок дојдовте?

ДОНЧЕВ: Темелно го истражив тој случај и зборував со еминентни хирурзи. Нивниот одговор беше дека овој пациент е толку ризична категорија, доколку замине на пат, ризикот е голем да почине при самото полетување. Ризикот е преголем и дека при самата интервенција може да почине. Меѓутоа, ме советуваа дека доколку го сторнирам ова решение, јавното мислење ќе биде дека не сме направиле тоа што треба.

Го пративме пациентот во странство, и како што беше предвидено, за жал, пациентот почина. Во тој случај сфатив дека лекарите стравуваат да донесат одлука, а некој мора да застане и во одбрана на професионалните одлуки на лекарите.

Ова се теми создадени во тој пост Тамара свет и мора да ги дискутираме и дебатираме јавно. Секој го сака најдоброто, јас го сакам најдоброто, но за нас е голема одговорност да не бидеме заложник на емоција, туку да видиме што навистина треба да направиме како држава, за доброто на граѓаните.

РЕЦЕПТ НА БАНКРОТ

ФОКУС: И до каде ќе стигнеме со овој тренд?

ДОНЧЕВ: Со случајот на починатиот пациент во странство сфатив дека ако продолжиме вака, тоа е рецепт на банкрот на јавното здравство. Организационите причини се проблем и зошто праќаме луѓе во странство на скапи терапии. Оваа година најскапата поединечна ставка за праќање во странство е за леукемија. Во зависност од возраста, посебно кога се во прашање деца, компликации итн., од 90.000 па до 200.000 евра може да чини една операција надвор.

Затоа при споменатиот случај се консултирав со претставници од владата и сфативме дека стратешки важно е да го вратиме капацитетот на нашето здравство. Поставивме цел, во наредните две до три години, 60 до 70 проценти од тие околу 10 милиони евра што се трошат за лечење во странство, да ги вратиме и задржиме во македонското здравство.

ФОКУС: Како ќе ја остварите оваа цел?

ДОНЧЕВ: За одредена операција може да донесеме хирург од страна. Може по потреба да донесеме такви пет доктори на платен список, ќе инволвираме лица и од јавното здравство и од приватното здравство, да гледаат и да се обучуваат на самото место. Ако нема услови во која било државна клиника, ќе изнајмиме услови од приватните. Имаме неколку еминентни приватни клиники, кои ги исполнуваат условите. Ако немаме опрема, да ја идентификуваме која е таа дефицитарна опрема и долгорочно да градиме капацитет од секој аспект во државното здравство. И не само да се стремиме кон намалување на пациентите што ги праќаме во странство, туку да изградиме центри, таканаречени medical centers of excellence, со кои ќе станеме привлечни за другите земји од околината да праќаат нивни пациенти овде во нашата држава.

ФОКУС: Какви решенија планирате за овие пет стратешки проблеми? Промена на закони, регулатива, кадровски промени?

ДОНЧЕВ: Некои решенија бараат промена на закони, од аспект на позитивната листа и обезбедување квалитет. Ревидирање на тоа што треба да биде на позитивната листа, каде ќе добиеме најголема вредност од здравствен аспект, кои лекови ќе придонесат кон најреалните потреби на граѓаните и кои постапки ќе доведат до најефикасно менаџирање со позитивната листа и гарантирање на квалитетот. Други бараат инвестиции во нови информатички системи и деловни процеси. Трети решенија налагаат реорганизација на јавните здравствени установи. За сето ова мислам дека можеме да обезбедиме и значителна помош од ЕУ фондовите.

ФОКУС: Сте разговарале со премиерот Заев? Имате поддршка за ова?

ДОНЧЕВ: Премиерот е во тек и имаме апсолутна поддршка да почнеме да ги решаваме проблемите. Проблемите се длабоки, не можеме да ветуваме брзи решенија, но многу поважно од тоа е да ги поставиме на здрави темели, кои ќе го служат македонското здравство, во една европска Македонија, во 21 век.

Рамка 1

ЕКОНОМСКА ЛОГИКА

ФОКУС: Груевски има завршено Економија, може ли да не знае дека кога набавките одат централизирано се добива пониска цена?

ДОНЧЕВ: Јас мислам дека одговорот лежи во клиентелизмот. Еден од тие школски примери за тоа што направи клиентелизмот во последните десет години. И еве конкретно во здравствениот систем.

ФОКУС: А, провизиите, нели се тие мотивот тука?

ДОНЧЕВ: Видете, не би ни навлегувал во тоа. Прво сега зборуваме за небулози, воопшто не е релевантно, бидејќи прво и, пред сѐ, станува збор за економска логика и за квалитетни лекови. Тие се примарните две прашања. За мене е многу поважен квалитетот на лекот, да има позитивен здравствен ефект отколку да зборуваме за што било друго.

Рамка 2

ЛИНЕАРНИОТ АКЦЕЛЕРАТОР Е МРТОВ КАПИТАЛ

ФОКУС: Претходната власт се фалеше со новите апарати, но има и такви што уште никој не знае да ги користи.

ДОНЧЕВ: Не само што се набавуваат, туку е поалармантно друго нешто. Има случај во Онкологија. Купен е линеарен акцелератор, платен два милиони евра, до ден денес плаќаме лежарина. Значи го увезле, го платиле, а не се изградиле потребните услови, односно бункерот за заштита од зрачење. И две години линеарниот акцелератор е мртов капитал.

Рамка 3

ИМАЛО СЕЛЕКТИВНОСТ

ФОКУС: Дали од претходно, пред случајот со Тамара, ќе најдете дека постои селективност? Блиски луѓе до власта лесно да добиваат многу пари за лекување надвор, а на други не, бидејќи ние знаеме за такви.

ДОНЧЕВ: И јас можам да ви дадам примери. Дека имало селективност во тоа што рековте, имало. Меѓутоа, многу е неблагодарно да се зборува за тоа, затоа што, сепак, станува збор за луѓе кои неспорно имале потреба. Кога здравјето е во прашање,  мора да создадеме еднакви услови за сите, да водиме грижа и нега за секој пациент. Кога здравството е во прашање, не може за еден државата да биде мајка, а за друг маќеа.

 

Поврзани новости