АРХИВА Фирма на Георгиевски добила 3 милиони евра од буџетот, а должи над 100.000 евра за данок!

by Фокус

Текстот е објавен на 05 декември 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1261

Иако градежната компанија „АМГ Едилха“, каде што доминантен удел поседува Љубчо Георгиевски, инкасирала милионски средства од буџетот, сепак, се најде листата на должници кон државата. Додека оваа компанија книжи високи приходи, но ниска добивка, матичната компанија на Георгиевски, „Вип Проект“, остварила профит од над половина милион евра, само во последните две години. Патем, експремиерот и актуелен лидер на ВМРО-НП ја поседува некогашната компанија на Крста Марковиќ (Лумикс) – „Еуропрофил“, која му отстапила земјиште на бизнисменот Фатмир Етеми да изгради станбен комплекс на скопско Водно.

Пишувале Влатко СТОЈАНОВСКИ
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Јавни претпријатија што вршат дејност од јавен интерес на товар на јавните фондови, но и моќни домашни компании, чии деловни активности имаат значителен импакт врз целокупната економија, може да се најдат на таканаречената „црна листа“ на должници кон државата. Всушност, станува збор за физички и правни лица, кои ненавремено ги сервисираат нивните обврски по основ на даноци (данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход), придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини…

Притоа, меѓу неплаќачите на овие јавни такси има и многу компании, кои во изминатиот период работеа на крупни зделки финансирани од државата, но и фирми во директна или во индиректна релација со високопрофилирани лица од политичкиот живот, претежно од кампот на власта, кои практично диктираат одредени правила во бизнисот преку издавање на потребните лиценци, одобренија, правилници и сл. Меѓу останатите, доспеаните долгови кон државата за даноци, придонеси и други давачки, ненавремено ги уплаќаат во државната каса и неколку компании, што се дел од семејниот бизнис на премиерот Зоран Заев.

Воедно, во оваа група може да се вбројат и правни лица на уште двајца политички лидери, чии политички партии партиципираат во власта, меѓутоа нивните први луѓе паралелно се занимаваат и со бизнис, што го наметнува прашањето за можна злоупотреба на политичкото влијание и моќ во бизнис-цели.Тоа се лидерите на ПЕИ и на ВМРО-Народна партија, Фијат Цаноски и Љубчо Георгиевски, кои патем ги поврзува тоа што тие или членови на нивните семејства, сеедно, беа третирани од Специјалното јавно обвинителство во два различни предметa, кои подоцна беа споменувани во контекст на можна изнуда.

Но, она што го издвојува Георгиевски во споредба со другите политичари и истовремено бизнисмени е фактот што една од неговите компании инкасирала средства од буџетот. Сознанијата до кои дојде „Фокус“ покажуваат дека компанија во косопственост на поранешниот премиер, во изминативе неколку години добила над 3 милиони евра народни пари. Додека оваа компанија одвај последните години ги завршува во позитива, друга компанија на Георгиевски последните две години остварила вкупна добивка од над половина милион евра.

ЧЕТИРИ ТРАНСАКЦИИ ВО МИНАТИОТ МЕСЕЦ, ДВЕ СЕ РЕАЛИЗИРАЛЕ ВО ИСТ ДЕН

Инаку, во најновата листа на должници на долгови доспеани заклучно со јули, кои останале неплатени до крајот на октомври, се наоѓа и компанијата „АГМ Едилха“, чиј косопственик е експремиерот и актуелен лидер на ВМРО-НП Георгиевски преку друга компанија. Според извештајот на Управата за јавни приходи, компанијата должи околу 8 милиони денари, односно 130 илјади евра, така што една половина од долгот е направен врз основа на неплатен ДДВ, додека другата половина поради неплатен данок на добивка. На тој начин, таа влегува во групата на топ 200 компании, според висината на неподмирени јавни давачки, во конкуренција на над 4.500 субјекти.

Додека оваа компанија од една страна создала долг кон државата, од друга на нејзина сметка се акумулирале буџетски средства. Според базата „Отворени финансии“, која содржи податоци за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот со кои располага Трезорот во рамки на Министерството за финансии, „АГМ Едилха“ во периодот од 2016 година досега примила 17 исплати од Министерството за здравство, во вкупна вредност од 3.321.500 евра. Се работи за трансакции регистрирани под ставката 482930, која, според Правилникот за класификација на расходите, означува реконструкција на „други објекти“.

Имено, овие приходи се остварени од реконструкцијата на Општата болница во Струмица, која ја врши токму „АГМ Едилха“, откако во 2016 година, кога министер за здравство сè уште беше Никола Тодоров, го доби тендерот вреден околу 4 милиони евра, со понудена најниска цена во конкуренција на 8 компании. Како што нè информираа од Министерството за здравство, изградбата на објектот се одвива со вообичаена динамика, така што во март следната година треба да биде целосно финализиран. Од компанијата, пак, велат дека не користат подизведувачи, туку градежните работи ги вршат со сопствени ресурси, во кои спаѓаат шеесетина вработени и градежна оператива.

Врз основа на овој договор за јавна набавка, Министерството моментално предводено од Венко Филипче кон „АГМ Едилха“ во 2016 година извршила една уплата во износ од околу 450.000 евра, за во следната 2017 година, компанијата од Министерството да прими 4 исплати, чија вкупна вредност изнесува околу 637.500 евра. Веќе во 2018 година, според официјалните податоци, регистрирани се 8 транши од буџетот со вкупна вредност од околу 1.632.500 евра. Во тековната 2019 година, пак, се реализирани 4 трансакции од вкупно 601.500 евра, при што најголем дел од оваа сума, или поточно 371.500 евра е префрлена минатиот ноември. Две од четирите уплати, пак, се извршени во ист ден.

ЛИДЕРОТ ДОБИВА ПАРИ ОД ИНСТИТУЦИЈА КАДЕ ШТО РАБОТИ НЕГОВИОТ ПАРТИСКИ ГЕН-СЕК

Оттука, повеќе од една третина од буџетските средства кон „АМГ Едилха“ биле исплатени во текот на минатата 2018 година, кога, како што објавија речиси сите медиуми, за раководител на Проектната единица за капитални инвестиции во здравствениот систем беше назначен Љупчо Балковски, кој своевремено беше министер во владата предводена од Георгиевски, а денеска ја врши функцијата генерален секретар на ВМРО-НП, чиј лидер, исто така, е Георгиевски. Згора на тоа, анализата на податоците покажува дека за период од година и пол,откако Балкоски е на оваа позиција, Министерството на компанијата ѝ префрлило повеќе од половина од вкупниот износ исплатен за струмичката болница. Тоа дефитивно укажува за засилена динамика на исплата, независно што можеби и градбата течела со зголемен интензитет.

Од таа гледна точка, се поставува прашањето дали постои судир на интереси, со оглед дека компанијата чиј косопственик е Георгиевски прима уплати од Министерството поради работи на објект кој спаѓа токму во категоријата на капитални инвестиции во здравството, со кои раководи неговиот долгогодишен политички соработник Балкоски? Иако од Министерството за здравство потврдуваат дека Балкоски е прв човек на проектната единица, сепак, од неговата партија посочуваат дека тој не е раководител на сектор, туку е вработен со договор на дело во министерството, без притоа, како што велат, да има широки овластувања и надлежности. Сепак, од таму не објаснуваат зошто своевремено не била демантирана ваквата вест во јавноста и што точно работи партискиот генсек во Министерството?

Колку за информација, Балкоски е еден од ретките, па слободно може да се каже и последен високопрофилиран вмровски кадар од владејачките денови во периодот 1998-2002 година, кој му остана лојален на Георгиевски до денес. Како што е познато, голем дел од таа структура остана во ДПМНЕ во расколот што резултираше со формирање на ВМРО-НП, додека речиси сите кадри што дојдоа во НП, со текот на времето се враќаа до старото јато. Откако „народњаците“ ги напушти и екс-лидерот Мајран Додовски, Георгиевски одлучи да ја преземе лидерската палка, а за генерален секретар да го назначи токму Балкоски.

Околу една година по политичките промени почнати на парламентарните избори во 2016 и потврдени на локалните избори во 2017 година, Балкоски доби позиција во Министерството за здравство, што временски се поклопи со периодот кога се спроведуваше референдумот за Преспанскиот договор. Но, неговиот партиски лидер Георгиевски остана надвор од сите кадровски комбинаторики, па дури почна сè поретко да се појавува во јавноста. По подолга пауза, тој деновиве даде интервју за една телевизија, во кое, меѓу другото, повеќе од позиција на стопанственик, отколку на политичар ги критикуваше обидите за, како што рече, креирањето атмосфера на линч против единствената структура што прави економија.

ЕДНА КОМПАНИЈА ИМА ДОЛГ КОН ДРЖАВАТА, ДРУГАТА ПРАВИ ПРОФИТ

Според податоците од Централниот регистар, градежната компанија „АМГ Едилха“ е основана на крајот на 2007 година со седиште во Струмица, чија основна главнина денеска изнесува 457.500 евра. Еден од сопствениците и воедно управител на друштвото е Ѓорѓи Мицевски, кој е со потекло од Струмица, но долги години живее и работи во Италија. Вториот косопственик, кој е доминантен од причина што поседува две третини од вкупната главнина на компанијата, е градежната компанијата „Вип Проект“, чиј единствен сопственик, пак, е експремиерот Георгиевски.

Поточно, „Вип Проект“ е формирана кон средината на 2009 година за изградба на станбени и нестанбени згради, чија основна главнина денеска е претставена преку парични средства во износ од 138.000 евра. Освен што оваа компанија е мнозински сопственик на „АМГ Едилха“, истовремено се јавува и како единствен сопственик на уште една градежна компанија – „Еуропрофил“, формирана далечната 1999 година. Историјатот на промени на друштвото покажува дека „Вип Проект“ на Георгиевски ја презела „Еуропрофил“, набргу по формирањето во 2009 година од страна на Крста Марковиќ, познат како газда на компанија „Лумикс“, која, покрај останатото, го градеше и го поседува објектот на самиот плоштад, пред зградата на ЕВН.

Финансиските извештаи покажуваат дека заедничката компанија на Георгиевски и Мицевски минатата 2018 година ја завршила со приходи од 66 милиони денари и расходи од 62 милиони денари, што значи дека профитот изнесувал околу 16 илјади евра. Слична е ситуацијата и во 2017 година, кога друштвото остварило, условно кажано, високи приходи (87 милиони денари), но и високи расходи (82 милиони денари), поради што добивката изнесувала околу 48 илјади евра. Со оглед дека токму „АМГ Едилха“ има евидентиран долг кон државата од 130 илјади евра, произлегува дека добивката од двете споменати години е недоволна за покривање на овој трошок.

Па, додека „АМГ Едилха“ последните години ги завршува со релативно ниски профити, матичната компанија на Георгиевски – „Вип Проект“, може да се пофали со вкупен профит од над половина милион евра во изминативе две календарски години. Годишните сметки на друштвото покажуваат дека минатата 2018 година приходите изнесувале 32 милиони денари, а расходи 18 милиони денари, што значи дека на крајот на годинава останал профит од над 162 илјади евра. Претходната 2017 година, пак, приходите, па и профитот биле уште повисоки, имајќи предвид дека до крајот на годинава приливите изнесувале 51 и пол милиони денари, а добивката на крајот на годинава изнесувала 414 илјади евра.

СОРАБОТКА СО ПОРАНЕШЕН ПОЛИТИЧАР ОД АЛБАНСКИОТ КОАЛИЦИСКИ ПАРТНЕР

Доколку се проверат официјалните интернет-страни на компаниите во целосна или делумна сопственост на Георгиевски, може да се увиди дека „АМГ Едилха“ и „Вип Проект“ во нивното портфолио навеле неколку градежни потфати. Односно, тие граделе две станбени згради во Струмица и две станбени згради во Скопје, од кои едната е лоцирана позади Универзална сала, а другата на падините на Водно, при што сите почнале да се градат во периодот од 2009 до 2014 година. Се чини дека најатрактивен е проектот за изградба на елитен комплекс во скопско Бардовци од затворен тип, кој, според јавно објавените информации, е составен од две згради со приземје плус два ката.

Арно ама, еден од овие проекти е наведен и меѓу референците на компанијата на бизнисменот и поранешен пратеник Фатмир Етеми, кој, исто така, порано пливаше и во политичките води, вклучително и како дел од структурите на ДПА на Арбен Џафери и Мендух Тачи, кои ја делеа власта токму со ДПМНЕ предводено од Георгиевски за време на „промените“. Тоа е објектот наречен Палата Водно, лоциран на улицата Тодор Александров, кој, според нашите сознанија, го градела компанијата на Етеми – „ЗСФ“, но земјиште било во сопственост на компанија на Георгиевски, односно на неговата најнеактивна компанија – „Еуропрофил“. Според податоците од Катастарот на недвижности, оваа компанија и денес поседува половина од градежното земјиште со површина од 1.200 квадратни метри.

Што се однесува до другата половина, на неа е изграден станбениот објект со приземје, четири ката и поткровје, во кој станбени единици поседуваат повеќе физички и правни лица. Притоа, треба да се нагласи дека откако објектот бил изграден и пуштен во употреба, излегло дека добил еден стан повеќе, ако се има предвид дека во „Службен весник“ неодамна е објавено решение на Општина Центар, според кое, се прифаќа барањето на „ЗСФ“ на Етеми за легализиција на станбена единица со површина од шеесетина квадратни метри. Како што велат од оваа компанија, станува збор за простор кој првично бил заеднички, но потоа се трансформирал во стан, што, според нив, било типично за згради градени во Г-форма.

Како и да е, од сето тоа може да се резимира дека матичната компанија на Георгиевски остварува солидни финансиски резултати, меѓутоа заедничката компанија со Мицевски, одвај се одржува во позитива и практично ќе отиде во минус доколку го исплати долгот кон државата, иако во минатиот период добила милионски средства само од државниот буџет. Неговата трета компанија, пак, можеби не открива голем обврт на средства, но претставува заеднички именител на поранешниот премиер со бизнисменот Марковиќ, но воедно го поврзува и со Етеми. Очигледно, границата меѓу политиката е бизнисот е прилично тенка!


ГЕОРГИЕВСКИ РЕДОВНО ГО СЕРВИСИРА ДОЛГОТ КОН ДРЖАВА, СО ЕТЕМИ НЕ СЕ ВИДЕЛ ДОЛГО ВРЕМЕ

Исплатите од буџетот кон „АГМ Едилха“ се вршени единствено врз основа на Договорот за реконструкција на болницата во Струмица, велат од „Вип Проект“ на екс-премиерот и лидер на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски, која се јавува како косопственик на „АГМ Едилха“ и единствен сопственик на „Еуропрофил“.

Компанијата самостојно ги врши работите и има сопствена градежна оператива со шеесет вработени. Проектот е во завршна фаза и треба да го предадеме до март 2020 година. Љупчо Балковски не е раководител на проектната единица за капитални инвестиции во Министерството за здравство, и покрај тоа што одредени медиуми пренесоа една таква лажна информација. Тој во Министерството за здравство е вработен со договор за дело и нема таква функција – ни одговорија од „Вип Проект“, додавајќи дека компанијата го пријавува и го сервисира редовно со одреден ритам долгот со УЈП.

Воедно, од компанијата на Георгиевски тврдат дека со „ЗСФ“ на Фатмир Етеми соработувале само за објектот на Водно, а истото го потврди и Етеми во кус телефонски разговор, истакнувајќи дека одамна не се видел со Георгиевски.


ЗАЕВИ ДОЛЖАТ ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА, ЕКС ПАРТНЕРОТ НА МИЦКОСКИ 680 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ЦАНОСКИ МИЛИОН ЕВРА

На последната листа на должници што ја објавува Управата за јавни приходи, може да се најдат и неколку компании што се поврзани со семејството на премиерот Зоран Заев. Една од нив е „АД Еленица“, каде што најголем акционер е Трајче Заев, која должи вкупно над 10 милиони денари. Исто така, во оваа група спаѓаат и две компании каде што косопственик е Вице Заев – „Дравас Инженеринг“ и „Сара Инженеринг“, кои должат 17 милиони денари, односно 3,2 милиони денари.

Но, на оваа „црна листа“ се наоѓаат и неколку компании со префиксот Минка, меѓу кои е и „Минка-ДА“, која заедно со компанијата „Енерготек“, каде што малцински удел поседуваше опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, изградија три мали хидроцентрали во Источна Македонија. Имено, оваа струмичка компанија на Драги Василев должи вкупно, речиси 14 милиони денари. Речиси иста сума кон државата должат и „Минка Транс“ и „Минка Оил“.

Но, убедливо најголем должник во конкуренција на компаниите што имаат или имале директна или индиректна врска со политиката е „Фине“, во сопственост на лидетот на ПЕИ Фијат Цаноски, која должи вкупно 62 милиони денари за неплатен ДДВ. Како што е познато, оваа компанија го гради станбениот комплекс „Космос“, кој беше срушен од страна на поранешната власт на Никола Груевски, поради што СЈО отвори истрага под кодно име „ТНТ“ и поднесе обвинение до судот. Судскиот процес сè уште не е завршен.

Поврзани новости