Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1330
Уништувањето на овој регион и хаотичната состојба, како што укажува населението, не е од сега и трае повеќе од 20 години, ама зема замав во последните години, и затоа овојпат се решени повеќе да не молчат и да бараат помош од државата и од институциите. Прстот го вперуваат во локалната власт, но и во Националниот парк Маврово и ХЕЦ „Маврово“, кои сметаат дека директно или премолчено го дозволуваат она што се случува. Но, не ја исклучуваат можноста дека во заднина можеби се кријат и покрупни интереси на партиски моќници
Пишува: Гордана ДУВЊАК
Мавровско Езеро се наоѓа на работ на еколошка катастрофа. Со години неконтролирано се гради во заштитниот појас од 50 метри хоризонтално и постои урбан хаос. Фекалната канализација и отпадните води директно се испуштаат во езерото, а единствените две хотелски пречистителни станици што постојат, се застарени и вон функција, со што се загрозува рибниот фонд, а на подолг рок и здравјето на луѓето.
За ваквите алармантни сознанија предупредуваат жителите од овој крај, како и сопствениците на викенд-куќите што се наоѓаат на територијата на Националниот парк Маврово, кој е еден од најубавите, но и најголем природен резерват во државата.
Уништувањето на овој регион и хаотичната состојба, како што укажува населението, не е од сега и трае повеќе од 20 години, ама зема замав во последните години, и затоа овојпат се решени повеќе да не молчат и да бараат помош од државата и од институциите. Прстот го вперуваат во локалната власт, но и во Националниот парк Маврово и ХЕЦ „Маврово“, кои сметаат дека директно или премолчено го дозволуваат она што се случува. Но, не исклучуваат можноста дека во заднина можеби се кријат и покрупни интереси на партиски моќници.
Доволно е да се фрли само еден бегол поглед на Мавровско Езеро и да се види глетката, која е тажна и вознемирувачка. Езерските води се видливо, но и длабоко повлечени од коритото, а водостојот на вештачкото езеро никогаш не бил толку низок. Неповолните климатски прилики и немањето доволно дожд и снег направиле и некогашната туристичка атракција, црквата „Свети Никола“, која во најдобрите времиња беше среде вода, сега да е на суво. Темните потоци со фекалии, пак, како кривулеста мрежа се распространети на повеќе места, а можат да се следат и со голо око како се слеваат во езерото, додека од нив се шири неподнослива реа.
АПЕЛИ ЗА СПАС И ЗАШТИТА НА МАВРОВСКО ЕЗЕРО
Жителите се вознемирени и од најавите на новиот сопственик на хотелот „Радика“ во Леуново, косовски бизнисмен, кој во време на пандемија, планира изградба на дури 87 бунгалови, од кои 17 се веќе готови. Стравуваат дека сето тоа може дополнително да ја влоши состојбата со загадувањето, но и со снабдувањето со вода и електрична енергија.
Посебна приказна е и патот што води од поранешното детско одморалиште Бунец до селата Леуново и Никифорово, кој со години не се прави и полн е со дупки, поради што се создава застој во зимската сезона. Отпорот, пак, кон инвеститорот е уште поголем и поради тоа што во непосредна близина на хотелот се наоѓаат темелите на манастирот „Клетовник“, како и гробишта, кон кои патот е пресечен.
Како ова да не е доволно, па деновиве е создадена и дополнителна нервоза, па дури и тензија, по најновите информации што се шират меѓу населението дека на парцела на самиот влез на Маврови Анови, по бензинската пумпа се планира изградба на големо здание, во чии рамки наводно се планирала и џамија.
Но, и тоа не е сѐ! Во разговор со жителите ќе чуете и дека, иако пред нив е езерото, а во близина се наоѓа и една од најживописните реки Радика, се случува со денови да немаат вода ниту за лек, особено во повисоките зони.
Се жалат и од начинот на кој се собира сметот и дивите депонии, правењето насипи со цел вештачки да се смени конфигурацијата на теренот, неконтролираната сеча на шумите, криволовот на дивечот, како и намалувањето на рибниот фонд, поради што животот во овој убав и мирен крај станува неподнослив.
Но, да одиме по ред! Од месните заедници во овој крај, во последниве две до три години се упатени десетици писма, претставки и пријави буквално до сите адреси на институции во државата, драматично насловени како „Апел за заштита и спас на Мавровско Езеро“. Се бара реакција, но и акција од премиерот и од Владата, претседателот на државата, неколку министерства, инспекциите, Народниот правобранител, Државното правобранителство, па дури и од МАНУ и од МПЦ.
За состојбите е запозната и Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, од каде што веќе добиле одговор дека „внимателно се набљудува состојбата поврзана со заштитата на природата во земјата и оти се свесни за предизвиците со кои се соочува земјата во оваа област и затоа обезбедуваат значителна помош во последните години“.
Но, сепак, жителите и вљубениците во Маврово, најголемата надеж ја гледаат во Обвинителството, кое неодамна отвори предмет и отпочна со предистрага, како и во инспекциските служби и засилените контроли.
Претседателот на МЗ Леуново, Владимир Лазаровски, кој е староседелец и потомок на едно од најпознатите семејства од овој крај, е еден од најупорните жители, кој во име на Месната заедница, но и во свое лично име, испраќа писма, петиции со потписи, како и снимени фотографии до одговорните, со намера да го документира уништувањето што се случува пред нивните очи. Во дописите што се испраќаат до институциите, се предлагаат и конкретни мерки, меѓу кои и мораториум за нови градби.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГИ ОТФРЛА ОБВИНУВАЊАТА ЗА УРБАН ХАОС
Градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше од редовите на СДСМ, Медат Куртовски, во изјава за „Фокус“ ги отфрла обвинувањата на сметка на локалната власт. Негира дека постои урбан хаос и тврди дека во неговиот мандат строго се почитувала законската процедура. Сепак е свесен за проблемите со кои се соочуваат жителите, од кои некои се затечени.
На прашањето дали се гради во заштитниот појас, категорично тврди дека во мавровскиот регион објектите се градат согласно издадени одобренија за градење, т.е. нема диво изградени објекти во крајбрежниот појас на Мавровско Езеро.
„Во селото Леуново нема загрозување на крајбрежниот појас и запазена е одредбата од Законот за води за растојание од 50 метри заштитен појас од максималната кота на Мавровско Езеро. Истото се почитува и во делот на селата Никифорово и населбата Маврови Анови“ , нагласува градоначалникот.
Сепак, додава дека единствено е направен преседан при носењето на УПС Маврово, каде што имаат затекната состојба каде самиот регионален пат кој поминува низ селото Маврово е во зоната од 50 метри зад максималната кота на Мавровско Езеро од 1.233 метри надморска височина.
Тој појаснува и дека, исто така, една половина од селото Маврово се наоѓа во овој заштитен појас и поради тоа во согласност со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, како и ЕСМ, при носењето на овој план, изнајдено е компромисно решение, каде што опфатот на урбанистичкиот план за село, со можност за градба почнува зад котата на поплавниот бран на Мавровско Езеро, т.е. зад кота 1.236 мнв. – што претставува и висина на круната на браната во Маврови Анови, додека, пак, Леунската брана е со висина од 1233 мнв“.
„Општината и сама (без укажувања од страна) не дозволува изградба на бесправни објекти, бидејќи комуналиите што се наплаќаат за истите се извор на приход за Општината“, потенцира градоначалникот.
Општината не гледа причина ниту за мораториум на градбите за целиот мавровски регион, од причина што од територијата на целата Општина Маврово и Ростуше, особено во мавровскиот регион доследно се почитувал Законот за градење, т.е. инвеститорите уредно обезбедуваат одобрение за градење пред да отпочнат со градба.
На иста линија е и директорот на Националниот парк Маврово, Самир Ајдини, кој е негов сопартиец и претседател на општинската организација на СДСМ за Маврово-Ростуше.
Тој потсетува на фактот дека НП Маврово е заштитено подрачје од 1949 година и оти 93 проценти од територијата на Општината влегува во Националниот парк Маврово. Паркот, кој е најголем од трите во државава, се протега на 73.000 квадрати, од кои чист заштитен дел е околу 1,5 отсто, додека во останатиот дел има објекти и земјиште, кои во најголемиот дел се сопственост на Република Северна Македонија.
Ајдини нагласува и дека на секои 10 години се прави репрогласување на биодиверзитетот, ендемските видови и влијанието на климатските промени. Владата треба да ја усвои Студијата за ревализација, која е изготвена уште во 2012 година, а направена е измена во 2016 година, но сѐ уште не е во сила. Сѐ уште не е донесен ниту закон за Националниот парк Маврово, а во подготовка е и ново зонирање.
Како посебно позитивна одлука на актуелната власт, со која се покажува грижа за животната средина, го споменува тоа што владата на премиерот Зоран Заев, уште на самиот почеток, се откажала од изградбата на мали хидроцентрали во Луково поле и Бошков мост, за да не се наруши биодиверзитетот во овој крај.
АЈДИНИ: ОТКАКО СМЕ НА ВЛАСТ, НЕ СЕ ГРАДИ ВО ЗАШТИТНИОТ ПОЈАС
„Најодговорно тврдам дека, откако сме ние на власт, немало ниту еден пропуст за градење во заштитниот појас. Најголемата експанзија на градби биле во 2013-2014 година“, вели Ајдини, префрлајќи ја вината на нивните претходници.
Значајна алка во севкупниот живот на овој крај е и хидроенергетскиот систем ХЕС „Маврово“, кој почнал да се гради во 1948 година и предвидено е да се одвива во три фази.
Во состав на ХЕС „Маврово“ се трите хидроцентрали: Вруток, Равен и Врбен, со вкупна акумулација од 275.000.000 кубни метри вода и со можност за годишно производство од 430 GWh електрична енергија е еден од најголемите и најсложени хидроенергетски системи во македонскиот електроенергетски систем, АД Електрани на Северна Македонија.
На нашето прашање каква е нивната улога во добивањето дозвола на градба, добивме писмен одговор, во кој се наведува дека „во рок од три дена од издавањето одобрение за градба, општината го известува ХЕС „Маврово“ за истото, по основ на соседство со предметната парцела, доколку тоа е случај.“
Оттаму потврдуваат дека во заштитниот појас има градби. А, при определувањето на заштитниот појас од 50 метри во неговиот опсег, влегле и веќе постоечки градби.
Што се однесува до акумулацијата на езерото, од АД Електрани нагласуваат дека состојбата на акумулацијата е во границите на дозволените коти предвидени со Водостопанската дозвола за зафаќање и испуштање на вода, која ја има АД ЕСМ.
„Во однос на загадувањето на Мавровско Езеро и реката Радика, факт е дека речиси 100 отсто од отпадните води од населените места околу акумулацијата Маврово и по текот на реката немаат пречистителни станици, така што овие отпадни – фекални води директно се испуштаат во акумулацијата и реката Радика“, прецизни се од АД Електрани.
Градоначалникот Куртовски потенцира дека Општина Маврово-Ростуше е рурална општина, која е составена од многу селски населби и мавровскиот регион, т.е. селата во овој регион и дел од поголемите долно-рекански села, кои се само покриени со урбанистичко-планска документација.
Што се однесува до постојните планови, вели дека тие се донесени во законска постапка и истите се ревидирани во постапката на донесување и обезбедено согласности од надлежни институции.
Според градоначалникот, на ист начин и во строга законска процедура е постапено и кон барањата на новиот сопственик на хотелот Радика, кој во рамките на парцелата почнал изградба на бунгалови.
За време на нашата неодамнешна посета на Маврово, имавме можност и лично да поразговараме со сопственикот на хотелот Радика, своевремено изграден од „Рудници и железарници“, но кој по продажбата, смени неколку газди.
Новиот сопственик Шериф Рамука, (43 години) за таа цел истиот ден допатува од Албанија и во присуство на генералниот менаџер Предраг Милошевски, изрази подготвеност на увид да нѝ ги достави сите документи, но и слободно да се фотографира по наш избор, вклучувајќи ги „спорните“ бунгалови. Мора да се признае дека тие изгледаат убаво, а навечер кога ќе се пушти осветлувањето наликуваат на новогодишна реклама од „кока кола“.
КОСОВСКИ БИЗНИСМЕН ГРАДИ 87 БУНГАЛОВИ ВО „РАДИКА“
За себе кажа дека е бизнисмен, сопственик на фирмата Алба Груп од Приштина, која има раширена дејност во Косово и Албанија во хотелиерството и угостителството, производство на струја, но, пред сѐ, во производство на бетон и градежништво.
„Хотелот го купив во април 2017 година, затоа што многу ми се допадна теренот. Парцелата е голема 170.000 квадратни метри и за неа платив 9 милиони евра. Имам 67 вработени, од кои 90 отсто се Македонци, на чело со генералниот менаџер. При купувањето го прифатив и стариот проект на поранешните сопственици за каскадна изградба на 87 бунгалови, од кои 17 се веќе изградени. Тие ќе бидат во тврда градба и секоја ќе ме чини опремена по 105.000 евра, кои планирам да ги издавам и продавам. Досега не е продаден, ниту еден бунгалов“, објаснува Рамука.
На нашето прашање дали се обезбедени сите потребни дозволи од општината, но и од јавните претпријатија, возвраќа со контра прашање: „Зар мислите, дека сум толку луд, да вложам толку пари, а да не обезбедам документи!“.
Вели дека целата работа околу „папирите“ ја препуштил во рацете на овластена архитектонска фирма, која му ги бркала работите и оти урбанистичкото решение е поминато на Советот на општината, платени се сите потребни комуналии и давачки, а има добиено и имотен лист под број 395/2020, кој е впишан во Катастарот во Гостивар.
„Бунгаловите се далеку од горната линија на заштитната зона. Сакам нешто убаво да направам за овој крај, а имам и многу големи планови за во иднина за изградба на ски-центар во Леуново, инвестиција која би чинела околу 62 милиони евра. Изградбата би била во најголемиот дел од мои средства, а опремата со заем од странски фондови“, вели тој.
На нашето прашање кој стои зад него и дали се тоа наши локални моќници, уверува дека не познава никој од политиката, ниту од македонскиот, ниту од албанскиот блок.
„Никогаш не сум добил ниту еден тендер од државата, ниту од овде, ниту на Косово. Што подалеку, тоа подобро!“, додава низ насмевка Рамука и вели дека може да се заколне во неговите три деца.
Генералниот менаџер Милошевски дополнува дека хотелот има сопствен резервоар за вода, кој солидно функционира, но признава дека пречистителната станица е веќе застарена.
„Веќе склучивме договор за набавка на нова пречистителна станица, koja очекуваме наскоро дека ќе ни биде испорачана“, нѐ информира Милошовски.
Дополнително тој ни испрати и документ на имејл од кој се гледа дека хотелот на 19 март 2021 година склучил договор со скопската фирма ЕХО Техника за набавка на пречистителна станица, со вкупна вредност од 4.040.528 денари, чија испорака треба да се реализира во рок од 40 дена од потпишувањето на договорот. На тој начин што 40 отсто од сумата ќе бидат платени авансно, а остатокот од 60 отсто при монтирањето.
Сопственикот на хотелот „Радика“ вели дека е изненаден од непријателскиот однос кон него од месното население, иако е уверен дека проблемите ги прават најмногу двајца до тројца луѓе. Додава дека е подготвен да го направи и патот со сопствени средства, иако е регионален пат. Но, отворен е да зборува и за други проблеми со населението, кое засега не покажува интерес за средба.
Дека немањето пречистителни станици е еден од најголемите проблеми во овој крај, признава и директорот на Националниот парк „Маврово“, кој се залага за системско решение, бидејќи секој хотел не е подготвен да издвои по околу 65.000 евра за набавка.
„Испуштањето отпадни води во езерото влијае врз квалитетот на водата. Рибниот фонд засега нема големи штети, но факт е дека е влошен квалитетот на рибите“, додава Ајдини.
Вели дека досега не е направена студија за квалитетот на водата, но заедно со Општината аплицирале за изградба на фекална канализација и обезбедување прочистителни станици од европски фондови.
И претседателот на МЗ Никифорово, Ратко Анастасиевски, пак, како најголем проблем го потенцира проблемот со отпадните води.
„Пола село нема канализација и фекалиите одат директно во езерото. Постојано се даваат дозволи за градба и се шири регионот, а не се решени основните работи. Поднесувавме и петиции и реагиравме и што месното население се изедначува со викендашите, а ние таму живееме постојано. Немаме соработка со општината“.
Анастасиевски вели дека од 1975 година во нивното село е донесена одлука да не може да се продаваат локации на надворешни луѓе, кои не се по потекло од Никифорово и доколку се продава некој имот, плацевите да ги купат жители од селото. Не мисли дека тоа е дискриминација, туку само начин како селото да остане компактно и сложно.
Рамка 1
ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ВО ОПШТИНАТА ВО РАЦЕ НА СДСМ
Општина Маврово-Ростуше се наоѓа во западниот дел од Македонија, во регионот познат како Мијачија. Во 1996 година е формирана Општина Маврови Анови, а истата година и Општина Ростуша. Во 2004 година се споени двете општини, а седиштето е во Ростуше. Се протега на површина од 663,19 квадратни метри.
Актуелен градоначалник е Медат Куртовски (1979), професор по англиски јазик, избран на локалните избори во 2017 година од редовите на СДСМ. Советот го сочинуваат 11 советници, од кои 6 од СДСМ, по 2-ВМРО-ДПМНЕ и ТДП, како и ДУИ-1 .
Според последните проценки од 2018 година, на територијата на општината живеат вкупно 8.618 жители. Од нив Македонци се 4.290, Албанци-1.483, Турци-2.680, Роми-10, Срби-6, Бошњаци-31, останати 59.
Рамка 2:
Државен инспекторат за животна средина
НАПРАВЕНИ СЕ 16 ВОНРЕДНИ И 3 РЕДОВНИ ИНСПЕКЦИСКИ УВИДИ
Државниот инспекторат постапува по претставката на жителите на Националниот парк Маврово. Во тек се голем број инспекциски постапки, кои треба да резултираат со спречување на испуштањето на непречистени отпадни води во Мавровско Езеро и реката Радика. Тековните инспекциски постапки ќе ги решаваат овие прашања постапно, како што налага Законот.
Во секој случај, постапуваме систематски и очекуваме во разумен рок да обезбедиме подобра заштита на водите во овој регион, се вели во одговорот на Инспекторатот, потпишан од директорката Ана Петровска.
Оттаму, нагласуваат дека во врска со нелегално изградените објекти, тие не можат да постапуваат, освен ако тие се лоцирани во зоната на строга заштита на Националниот парк. Со оглед на нерешениот правен статус на прогласувањето на Националниот парк Маврово, нивните овластувања се многу ограничени.
Што се однесува до вкупниот број инспекциски увиди што се спроведени во мавровскиот регион, односно (атарот на ЈУНП Маврово) направени се 19 инспекциски увиди. Од кои 16 се вонредни и 3 редовни увиди, а изречени се вкупно 8 решениja, од кои 7 за изработка на елаборати и нивно одобрување од МЖСПП и едно решение за барање дозвола за испуштање вода. Редовните и вонредните увиди ќе се спроведат до крај на март и на почеток на април доколку е потребно.
Во однос на хотелот „Радика“, како што се информира, тече инспекциската постапка од страна на државниот инспектор за заштита на природата и државниот водостопански инспекторат, за што дополнително подетално ќе се извести.
Рамка 3
ОЈО за гонење организиран криминал и корупција
ПРЕДМЕТОТ Е ВО ФАЗА НА ПРЕДИСТРАГА – СОСЛУШАНО ЕДНО ЛИЦЕ КАКО СВЕДОК
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презема дејствија за проверка на факти содржани во Апелот за спас и заштита на Мавровско Езеро, се вели во одговорот на обвинителството.
„Сослушано е едно лице во својство на сведок, а повикани се и други лица кои би можеле да дадат податоци потребни за натамошното постапување. Предметот е во фаза на предистрага, која согласно со законот е тајна, па од тие причини, како и поради обезбедување на непречено одвивање на постапката обвинителството во моментов не е во можност да сподели повеќе детали“, оценуваат од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
(продолжува)
Викендашите во Маврово затрупани во ѓубре и без вода во време на пандемија (2)