(АРХИВА) Дали Груевски ќе дојава на бел коњ во државава, а Заев во политиката?

„Фокус“ пред половина година анализираше дали експремиерите дефинитивно „одлетаа“ во еден правец или подготвуваат камбек во државата и политиката.

by Фокус

Текстот е објавен на 23 март 2023 година во неделникот Фокус со број 1.433.

„Поранешниот премиер Зоран Заев ја отфрли можноста да влезе во трка за претседател, но во минатото Заев честопати едно кажувал, а на крајот друго направил, особено ако во меѓувреме поинаку се наредиле коцките. Истовремено, тој со иронија ја прокоментира можноста на голема врата да се врати неговиот претходник Никола Груевски, кој побегна во Будимпешта, без власта никогаш да открие и соопшти на кој начин тоа било изведено. Во меѓувреме, Груевски ја подгрева можноста за камбек, па колку е тоа можно и остварливо?“ Ова „Фокус“ го пишуваше половина година пред да избие јавен конфликт меѓу Груевски и Христијан Мицкоски, во чии рамки Мицкоски и другите опозиционери го обвинија Груевски дека е во тајна комуникација со власта за уставните измени, а за возврат да биде амнестиран и вратен во земјава. Во контрапад, Груевски меѓу другото го обвини Мицкоски дека се здружил со Заев.  

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Политиката не е лоша професија. Ако успеете во неа, ќе добиете многу награди и признанија. Ако не, секогаш можете да напишете книга“, напишал Роналд Реган, поранешен американски претседател.

Чувството на моќ и желбата за власт ги влече луѓето да ја одберат политиката и да станат политичари по професија. Од други карактерни особини, пред сè чувство на одговорност, какo и од моралната димензија на личноста, пак, зависи дали еден професионален политичар ќе биде лош, просечен, добар или одличен во својата работа.

Не за бадијала се вели – еднаш политичар, засекогаш политичар. Од најдобрите до најлошите политичари, зависно од нивните перформанси во специфичен политичко-општествен период и контекст, сите без исклучок поседувале помала или поголема страст за политика.

Токму затоа политиката тешко се напушта, особено трајно. Едноставно, страста за моќ што ја носи власта ги тера политичарите да пливаат во политичките води што подолго, независно дали тоа го прават успешно или веќе почнуваат да губат здив и да се дават.

Оние политичари што навреме ќе почувствуваат дека нивното време е завршено, пак, заминуваат во политичка пензија. Но, ретко кој притоа ја губи и страста за политика, па затоа многумина од нив наоѓаат одредена утеха во нова улога како политички коментатори, аналитичари, колумнисти, консултанти итн.

Ако ги земеме предвид досегашните премиери во независна Македонија, еден дел од нив влегле во политиката, односно стапиле на функција како реализирани професионалци во административниот или во приватниот сектор, со заокружени кариери.

Меѓутоа, други седнаа од најмоќното столче на исклучително млади години, без претходно големо политичко и професионално искуство. Што ќе рече – се работи вечни политичари од мали нозе, на кои политиката им била основна и единствена професија.

Бездруго, политичкиот часовник бргу отчукува поради динамичните процеси, кои одат рака под рака и со кадровски промени. Оттука, политичарите релативно бргу стануваат поранешни, а историјата покажува дека враќањето во политиката на голема врата ретко кога било успешно.

И покрај тоа, кај пензионираните политичари тлее страста за политика, па постојано размислуваат за политички камбек, без оглед дали се компромитирани или сè уште имаат одредена поддршка меѓу гласачите и контролираат структури што ги создавале и негувале во минатото.

ВЕЧНИ ПОЛИТИЧАРИ

По првата експертска влада на чело со покојниот Никола Кљусев, премиер стана долгогодишниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски. По кусо директорување со „Семос“, тој во 1990 година влегува во претседателството на СКМ-ПДП, а една година подоцна застанува на чело на ребрендираниот СДСМ.

Тоа значи дека Црвенковски станува партиски лидер на наследниците на македонските комунисти на негови 28 години, а веќе на 29 години станува и прв човек на македонската влада. Всушност, тој е премиер во два мандати, а во еден мандат е претседател на државата, по што се враќа на чело на СДСМ.

Сепак, неговиот камбек испадна неуспешен, бидејќи претрпе пораз на парламентарните избори, а по поразот на локалните избори одлучи да се повлече. Откако не успеа да ги урне неговите наследници, пак, дефинитивно замина во политичка пензија.

Негов наследник на премиерската позиција во 1998 година беше тогашниот лидер на десничарската ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Исто така, и тој многу млад, со само 32 години, стана прв човек на Илинденска, каде ќе остане до 2002 година. А, уште помлад се наметна како опозициски лидер.

Имено, Георгиевски застана на чело на ДПМНЕ од нејзиното основање во 1990 година, кога имал само 24 години, што значи дека веднаш од студентски клупи се фрлил на политика. По внатрепартиските превирања, тој ја формираше ВМРО-НП, која денес е мала партија, но доволна голема за да го држи „војводата“ во политички живот.

За разлика од Црвенковски и Георгиевски, на премиерското столче седнуваа и луѓе во позрели години, со постигнувања и надвор од политиката. Таков беше случајот со двајцата премиери номинирани од СДСМ, откако Црвенковски ги напушти лидерската и премиерската позиција за да се кандидира за наследник на Борис Трајковски.

Едниот од нив беше банкарот Хари Костов, кој стана премиер на 45-годишна возраст, по претходно министерување со полицијата. Тој важеше за повеќе експертско отколку партиско решение, што се покажа како формула за неуспех. Така, за кратко време тој се повлече и се врати онаму од каде што дојде – Комерцијална банка.

На негово место дојде тогаш 41-годишниот универзитетски професор Владо Бучковски, кој имаше и силно партиско педигре. Сепак, исто како Костов, а спротивно на Црвенковски и Георгиевски, тој не беше дрво само со политички корен, ако се знае дека и денес е професор на скопскиот Правен факултет.

По Бучковски, пак, премиер стана „реформаторот“ Никола Груевски. Во владата на Георгиевски, брокерот со неколкугодишно искуство во Балканска банка, без полни 30 години, стана министер за трговија и финансии. Четири години подоцна, пак, дојде до премиерската функција со 36 години, каде се задржа во следните десетина години.

Сосема поинаква е животната и политичката траекторија на неговиот наследник Зоран Заев, кој влезе во политиката како успешен бизнисмен и, слободно може да се каже, богат човек. Прво беше пратеник, но градоначалничките мандати во Струмица го лансираа на лидерската позиција во СДСМ по што ја освои власта и стана премиер.

Од сите поранешни премиери, се чини дека Црвенковски, Бучковски и Костов се завршена приказна во политиката, независно што кај некои од нив можеби сè уште има политички амбиции. Што се однесува до Георгиевски, тој уште е активен преку неговата ВМРО-НП, која е дел од владејачката коалиција на СДСМ.

Но, дали истото може да се каже и за Груевски и Заев? Дали тие засекогаш завршиле со високата политика или можеби планираат политички камбек на голема врата? Дури и да е така, колку тоа е возможно и реално остварливо, според моменталните политички околности и констелации?

ТРКА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ?

Можеби двајцата имаат слични политички желби и цели, меѓутоа се работи за две сосема различни ситуации. Ако Груевски беше присилен да абдицира од тронот, а потоа да побегне од државата за да избегне кривична одговорност, Заев се повлече самоволно по изборен пораз.

Патем, Заев постојано потенцира дека нема намера да се враќа во политиката, и покрај тоа што одредени неофицијални информации го говорат спротивното. Добро упатени извори тврдат дека тој би можел да влезе во трка за претседател следната година, особено ако се оствари неговиот концепт за поделба на власта по германски модел.

Како што е познато, неодамна излегоа информации за заладување на односите меѓу Заев и Димитар Ковачевски, како резултат на неговото лобирање за блиски компании и функционери. Но, Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Миле Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Али Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал.

Иако размислувал да активира пратеници, членови на Централниот одбор и други блиски сопартијци, сепак Заев привремено се повлекол, делумно и по сугестии од меѓународната заедница, која моментално не поддржува враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт поради нивниот отпор кон уставни измени.

Во повеќе наврати изминатиот период кажав дека немам политички амбиции. Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата. Како претседател на СДСМ ја обединив партијата, а обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен“, истакна Заев, кој тврди дека никогаш нема да го дели СДСМ.

Уште како премиер, Заев ја промовираше идејата за заедничко владеење меѓу ВМРО и СДСМ, додека како пензиониран политичар и старо-нов струмички бизнисмен го реафирмирал овој концепт пред сопартијците, укажувајќи им дека СДСМ ќе загуби на следните избори и ќе замине во опозиција ако не си подаде рака со ДПМНЕ.

Она што не го кажал директно Заев, но се подразбира, е дека тој на ваков начин сака да се спаси од можен реваншизам што Христијан Мицкоски би му сервирал нему и на неговото семејство кога ќе дојде на власт. Но, дали коалицирањето со Мицкоски може да им гарантира на Заеви дека тој нема да им приреди прогон од позиција на власт, ако веќе решил тоа да го направи?

Некои аналитичари сметаат дека само целосен и конкретен политички камбек му обезбедува на Заев одбранбена бариера против можен вмровски напад. Како активен политичар, тој ќе може многу полесно да се брани дека се работи за политички мотивиран прогон. Како поранешен политичар, пак, тој е многу полесна мета.

Во тој контекст се објаснува можноста да влезе во трка на претседателските избори, кои СДСМ и ДУИ планираат да ги спроведат неколку месеци пред парламентарните, со цел да ја тестираат и идејата за голема проевропска коалиција. Во таква ситуација, нивниот претседателски кандидат би бил фаворит, и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ има повисок рејтинг.

Затоа, Мицкоски бара спојување на изборите. Во спротивно, тој најавува бојкот на претседателските избори, со што се доведува до прашање постигнувањето на изборниот цензус. Како ќе испадне на крај и дали во некои од овие политички сценарија ќе влета и Заев, ќе видиме.

Она што засега не му оди во прилог е падот на неговиот рејтинг, што е нормално по повлекувањето од активната политика и, се разбира, јавноста. Но, уште побитно е тоа што има нарушени односи и со СДСМ и ДУИ, кои, како што пишуваше, со помош на Алијанса сакаат да го ограничат и неговото влијание во власта.

ЕДЕН ДЕН ЌЕ СЕ ВРАТАМ“

И додека Заев уверува дека е засекогаш пензиониран политичар (во минатото многупати едно кажувал, а потоа друго правел), самиот со иронија ја спомена можност Груевски да се врати, кога ја коментираше одлуката на апелација да го врати назад случајот со масовното прислушување, со што се отвора можност за застарување на делото каде обвинет е и Сашо Мијалков.

„Директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција. Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ?“, напиша Заев.

Не требаше да мине многу време за да стигне одговор од Груевски, кој возврати дека белиот коњ претставува метафора за ноќна мора, веројатно сакајќи да каже дека Заев се плаши од неговото можно враќање. Според него, Заев бил амнестиран од кривична одговорност за да може да изврши национално предавство.

Ова е она кога цел народ и цел свет на видеоснимка прибавена законски со одлука на обвинител и судија, те гледа и те слуша како најдиректно и отворено бараш мито, бараш поткуп, бараш пари од локален бизнисмен, му објаснуваш дека сите други како него во градот редовно и беспоговорно си плаќаат мито, па жртвите ги редиш и по име, и отворено објаснуваш дека парите од митото се за тебе лично“, наведе Груевски.

За разлика од Заев, Груевски никогаш не исклучил можен камбек во државата и во политиката. Напротив, тој отворено истакна дека не планира секогаш да остане во Будимпешта и постојано ја подгрева можноста за негов камбек. Во таа насока, во едно од првите интервјуа што ги даде по неговото бегство во унгарската престолнина рече:

Апсолутно дека јас еден ден ќе се вратам. Јас не сум дојден тука да живеам, дојден сум да се засолнам привремено од политичкиот прогон на власта. Јас сум неправедно осуден, не избегав од правдата, до последен момент се борев на суд, но кога видов дека сите апсурди се исполнети и надминати и дека треба да влезам во затвор за нешто за што во друга земја не би се покренало ниту постапка…“.

Во сличен дух се настапите на Груевски во сите овие години. Но, тој особено се осоколи откако анкетата на ИРИ неодамна покажа дека тој има највисок индивидуален рејтинг во земјата, повисок и од сите активни политичари како Ковачевски и Мицкоски. Па, така, дури новогодишно најави и можно враќање во земјава.

Денес низ различни медиуми и апликации добив стотици и илјадници топли честитки со искрени желби за здравје, среќа, успех и враќање во Македонија, во новата 2023 година. Ништо не е невозможно. Сѐ е Божја промисла и за секој од нас Бог има некаков свој план, понекогаш дури и кога сѐ изгледа безнадежно“, порача Груевски.

Во овој период, Груевски продолжи да ги бележи неуспесите на власта, па нотираше 70 точки, насловувајќи ги спомениците на неуспехот на СДСМ по 6 години власт. Од друга страна, пак, се фали со достигнување на неговите влади, при што потенцира дека во негово време имало најниска даночна стапка, поволен бизнис амбиент, економски раст и намалена невработеност.

ПРЕКУ АМНЕСТИЈА ДО СЛОБОДА?

Сепак, клучното прашање е не е дали Груевски ќе се врати, туку дали тоа може да го изведе? „Фокус“ своевремено го најави неговото бегство неколку месеци пред да се случи, а неодамна објавивме сторија дека, преку претставник на ДУИ, власта го тестирала неговото расположение да помогне за уставни измени, за да добие одредени концесии за возврат.

Иако Груевски го демантираше тоа, сепак, упатените велат дека размислува да влезе во дил со власта, откако му било јасно дадено до знаење дека никој од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја ризикува политичка кариера, за да се стави во негова заштита. Во меѓувреме, контактирал и со поранешен министер, кому му сугерирал да размисли да го предизвика Мицкоски.

За потсетување, кога Мицкоски го презеде партиското кормило со премолчена помош на Груевски, а со конкретна помош на неговиот братучед Мијалков, говореше дека неговиот претходник е жртва на политичка прогон. Впрочем, тоа се случуваше во 2018 година, но лани прати една порака во цело поинаква насока.

Потерницата е потерница. Ако вие мислите дека ние ќе ја бришеме таа потерница… Секој што е правосилно осуден, треба да си одговара. Дали се вика Никола Груевски, Христијан Мицкоски, Зоран Заев, Димитар Ковачевски или било кој друг во државата, без разлика на функцијата, треба да одговара – рече Мицкоски.

Во истиот период, Груевски истакна дека нема никаква комуникација со Мицкоски. Дополнително, Груевски посочува дека никој не побарал средба со него за време на посетите во Будимпешта, при што малку пецнува – зошто не побарале, тие се знаат. Иако потенцира дека со дел од постапките на неговата поранешна партија не се согласува, сепак негираше дека влегол пакт со власта.

Такво нешто не постои. Ниту сум имал такви разговори со претставници на СДСМ или некој од власта, ниту со некои претставници на други држави. А и доколку имало, тоа сигурно ќе било одбиено. Впрочем доколку јас сакав на таков начин да го запрам политичкиот прогон кон мене, имав шанси, имав прилики и понуди уште додека бев во Скопје“, напиша Груевски.

Она што е интересно, од ВМРО-ДПМНЕ го толкуваат високиот рејтинг на Груевски како порака до Мицкоски, кому требало да му биде дадено до знаење дека меѓународната заедница во секое време може да му го врати ако не е кооперативен за уставните измени. Но, како би се извело тоа враќање, доколку, еве да речеме, постои таква намера?

Како едно од сценаријата што се споменуваа беше евентуална одлука на Стразбур, која би значела амнестија за гонетите во предмети на СЈО преку аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, која подоцна ја поништи. За ваков политички расплет говореше и Петар Богојевски од Македонски концепт.

Груевски е очајник. Човек кој за да избега од земјата направи компромис со промената на името. Ја доби таа амнестија. Сега како очајник кој сака да се врати, неспорно е дека е подготвен да обезбеди дополнителни 6 плус 2 пратеници за уставните измени. Тој тоа може да го заврши. Преку амнестија во Стразбур, Груевски е слободен човек, ќе се врати како Даравелски – рече неодамна Богојески во интервју за „Фокус“.

Сепак, меѓународниот суд во Стразбур не донесе таква одлука, односно го отфрли барањето поради формален пропуст, што сите страни го протолкуваа онака како им одговара. За власта тоа беше победа на правната држава, а за осудените порака до домашните судови, односно до Врховниот суд кој сега треба да се произнесе за осудените.

ФЛЕКСИБИЛНОСТ И КРЕТИВНОСТ

Во случајот на Груевски, времето ќе покаже дали тој ќе влезе во проект за обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени, бидејќи за таа цел фалат неколку пратеници и од ВМРО-ДПМНЕ. Не така одамна, вмровски пратеници ги изгласаа уставните измени околу Преспанскиот договор по што земјава стана членка на НАТО.

Во тој процес, сè уште не е до крај јасно дали Груевски  учествувал, но сигурно тоа го правеше неговиот братучед Мијалков, поради што беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ. Власта, главно преку Артан Груби, постојано најавува дека ќе добијат вмровски гласови за Уставот преку „флексибилност и креативност“, но нејасно е дали тоа е во насока на билдање атмосфера или веќе се работи нешто зад кулисите.

Она што јавно го тврди Богојески, дека бегството на Груевски било дел од пазар за промена на името, го тврдат многу високи функционери и на ВМРО и на СДСМ во неформални разговори. Според нив, работата била договорена во 4 очи на највисоко ниво, додека некои сметаат дека контурите за тоа се поставени уште на крвавиот 27 април, кога странците бараат Груевски да ги сопре ордите што го нападнаа парламентот и пратениците.

Дали сега ќе се испреговара нов пакет кој ќе овозможи враќање на азилантот? Неговата цена се уставните измени или почетокот на преговорите со ЕУ, особено доколку власта одлучи да ги истурка во секоја цена, наместо да испровоцира блокада на опозицијата, врз основа на која ќе ја градат големата проевропска коалиција, наспроти ВМРО и Левица.

Многу сценарија се во игра, но и многу интереси на многу политички актери, без разлика дали се активни или тазе пензионирани политичари. Зависно од политичката разврска, ќе стане јасно дали некој од нив ќе добие награди или признанија или пак веќе дошло времето да почнат да пишуваат мемоари.

Поврзани новости