Текстот е објавен на 27 јануари 2012 во неделникот „Фокус“ во бројот 865
Пишува Јадранка КОСТОВА
Експертите за човечката психа тврдат дека не можеме да го промениме она што не признаваме дека постои. Сосема на место, и според логиката и според психологијата. А ако преминеме на полето на политиката, следствено, не може да очекувате една власт да направи чекор напред, макар еден од стоте ветени, за нешто што смета дека не е проблем во општеството. Напротив, таа ќе продолжи по истите стапки, мултиплицирајќи го, за неа барем – непостоечкиот проблем.
За власта на Никола Груевски, на пример, еден од ваквите измислени проблеми е слободата на изразувањето, кој, пак, еврокомесарот Штефан Филе веќе го стави на пиедесталот на алармантно спорни. Потоа редоследот на проблематичните наши зони оди вака – владеење на правото, реформа на администрацијата, изборниот процес и борба против корупцијата. Така ги рангира Брисел, а лично немам никакви забелешки. Арно ама, ако за сите до една, груевци катадневно не опсипуваат со успесите на преродбеничката машинерија во овие сегменти, тогаш дилемата е: како ќе ги подобрат, кога тие и пари народни истурија да ни удрат перење на мозоци на центрифуга дека тука сториле епохален прогрес?! Науката, барем логиката и психологијата, дава песимистички прогнози – тешко! Тогаш следува дополнителното прашање – кого лажат груевци и ахметиевци – нас овде просечните граѓани или европјаните?
За лагите од психолошки дискурс, подоцна. Сега конкретно, како паталец ама и гаталец, да се задржам на слободата на медиумите од агол токму на владеењето на правото.
ГЕБЕЛС, АМА ОПОЗИЦИОНЕР
Деновиве, борецот за демократија, Унгарецот Ѓерѓ Конрад преку „Њујорк тајмс” го крена гласот против авторитарните патишта по кои се движи неговата татковина. Има многу симпатично, а едноставно објаснување – зошто ја подржува демократијата. Таа овозможува секој да говори слободно, за да можеме да видиме која врста на луѓе настојува да не предводи. И така е! Од говорот на сите нас, и оние горе и ние долу, најдобро може да се детектира- која врста луѓе нѐ предводи!
„Главната корист од демократијата е заштитата – која ја гарантира законот – на достоинството на нејзините граѓани од понижувањата од страна на политичарите. Таа ги штити слабите од вообразената власт и им овозможува механизми сами да се заштитат ако затреба”, ќе ги опише предностите на демократскиот систем Конрад, а нам ни останува само да промрмориме во себе дека ова нашево не ќе да е демократија!
Да, кога оној во кого е концентрирана моќта тврди дека нејзините експоненти се понижени и навредени од граѓаните кои имаат критички пристап кон владините политики, а алатката за заштита (судот) им функционира понизно во нивна полза, тогаш демократијата е бајаги исчашена.
Значи, како Груевски ќе ја оправи проблематизираната слободата на изразување, кога тој смета дека има премногу слобода на критика на неговите потези. Тие, пак, се злонамерни, дури и гебелсовски! Да, така дури ги оквалификува сите критичари на неговото милениче – проектот „Скопје 2014”.
„Без поддршката на сите вас, тешко дека ќе можевме да се спротиставиме на една добро политички и партиски мотивирана и организирана хајка, на една гебелсова пропаганда од најнизок тип (н.з), и на едно бескропулозно „бришење на под” со секој кој ќе се осудеше, на пример, минатата или годината пред неа, јавно да каже што било позитивно за овој проект” – беа зборовите на премиерот со кои им се заблагодари на оние кои дојдоа на отворањето на Триумфалната порта, наречена Порта Македонија.
Значи, неговите поддржувачи се фините, оние со поинаков вкус се ѓаволите! Ете, за разлика од Гебелс кој одработувал за Хитлер на власт, бил министер за пропаганда од 1933 до 1945, кај нас овде, овие пропагандни методи биле својствени на критичарите на власта!? Критичари на онаа власт што поарчи милиони евра за пропаганда!
Оттаму, за човек, и тоа премиер, кој вака ги опсервира критиките кон него, неговите политики и владините проекти, не што не може да се очекува да стори пресврт во неговиот светоглед, туку ќе станува сѐ повеќе сензибилен и одмаздољубив. Како што и Ѓерѓ Конрад ги опишува манирите на Орбан и неговата партија, дека „сѐ почесто се чувствуваат навредени и уживаат во фантазијата на одмаздата”!
НЕ ЌЕ ЈА ОСЕТЕВ КАЗНАТА ДА БЕВ СКУЛПТОРКА!
И кога веќе сме кај спојот – барокно Скопје и слобода на изразување, ќе раскажам за една средба, која сигурно некому ќе му прозвучи како тешка гебелсовштина. Како што знаете, независното судство – според Груевски, пред неколку месеци ми досуди да му платам 15.000 евра оштета заради клевета на екс-министерот, а сега пратеник, Антонијо Милошоски. А казна во таа висина, во земја лидер во мизерија, ме прослави надалеку во светот. Покрај разговорите со разни меѓународни организации за човекови права и новинарски асоцијации, при што еврата ја засенија самата клевета (според судската тапија), еден ден ми се јави еден новинар, Холанѓанец, кој ја покрива Источна Европа од Полска. Да, се почувствував како панаѓурска атракција од типот на двоглаво теле, бидејќи не знаев како да му објаснам, зошто вака силно судот ја одмерува честа и угледот на високи функционери од власта. Во прилог на Преродбата, да си исперам малку клеветничка душа, му објаснив и дека тоа не е голема пара за некои креативци. Да бев, му велам, Валентина Стефановска, скулпторката која својот талент добро го распосла во ова барокно доба, овие 15 „кркушки” ќе ми беа ко комарец да ме апнал. Да не бидам погрешно разбрана, сакав да кажам дека не сме баш сите толку мизерни во мизеријата. Само оние „просечни граѓани”, кои според судот се различни од министри, имаат проблем да преживеат!
Но, нејсе, интересен е поводот зошто овој новинар за прв пат дојде лани во Скопје. Нередите на север од Косово биле прималниот поттик да допатува на Балканот. А таму слушнал за најголемиот споменик на Александар Велики во Скопје. И така, сѐ што мега штрчи, па според големините и мојата казна, му влезе во агендата. Само што ме мачи помислата дека доколку ги пренесам неговите уметнички впечатоци за „Скопје 2014”, сигурно ќе биде прогласен за дел од политички организирана хајка од гебелсовски тип. Од клевета ќе куртули, пошто „није одавде”, но јас како директен потомок на Гебелс, согласно позитивните преродбенички традиции, нема да се спасам од глоба.
А смее ли некој странец – турист или новинар, сеедно – да искаже негативни импресии од барокната градителска еуфорија на груевци?! Да, таквата опседнатост со барокот, со антиката, што дури и „Водовод и канализација” ќе добие препороден изглед, му беше малку повеќе од чудна на Холанѓанецот, да не речам смешна – збор што може да ми донесе тешки финансиски последици.
И, да излезам од барокот и од Гебелс, а да се задржам на драматичниот прогрес во избивањето на слободата на медиумите како загрозена вредност во македонското општество. Не е само до нас клеветниците проблем, ниту до Филе, туку дека секој ден сѐ повеќе напредуваме, потврдува и најновата ранг листа на Репортери без граници. На ова поле – слободата на медиумите, сме паднале за 26 места за една година, или, последниве три години, дури за 60 скалила. Зарем едно време не правеше владата реклами за прогресот на овој план? Или, за корупцијата беше? Првите две години од власта, де? И, сега, шчо праиме? Ќе снимаме спотови, или ќе го дискредитираме гласникот?!
ПОСИЛНО БОЛЕЛА ДУШАТА МИНИСТЕРСКА!
И со оглед на тоа што слободата на изразување и владеење на правото се првите две топ проблематични точки за Брисел (секако и за нас, „предавниците”, ама страв лозје чува, па онака да удрам одоколу, демек), ќе се обидам наједноставно да посочам, според мојата клеветничка душа со тапија, неколку опасни апсурди од палатите на портокаловата правда.
Луѓе мои, кога си прочитав во пресудата, онаа, де, по тужба на Милошоски, колку многу отежителни околности влијаеле за казната, се осетив дека правдата ми дава статус како на специјалецот Игор Спасов за убиството на Мартин Нешковски.
Еве, вака одат околностите што ми се на моја штета: прво, начинот на кој сум го извршила делото (со десет сладостраствени убоди со ладно оружје со тапа острица, м.з.); второ, последиците од моето кривично дело (ноу комент!!!); трето, степенот на мојата кривична одговорност (како во американските филмови за сериски убијци – фирст деегреес); четврто, повредата на заштитеното добро (углед на министер, а тешко повреден); и петто, ама најкул – дека тужителот предјавил имотно-правни побарувања. Внимавајте, отежителна околност што ќе ви ја зголеми казната е ако пријави оштета?! Јас пак, кутрата, мислев дека парата не ја лечи душата и не го санира нарушениот углед. Со други зборови, ако тужите за вакви страшни кривични дела – клевета и навреда – обавезно барајте пари како оштета за душевни болки. Така, автоматски му ја зголемувате казната, оти му сместувате на душманот двојна отежителна околност – ем да плати, ем поголема казна да добие.
Но, допрва ќе ви се крене коса на глава, кога ќе ги дознаете олеснителните околности, што, демек, помагаат да не добиете „доживотна”. Се разбира, ако сте груевист по душа и тело, ќе уживате и во овие моменти. Нејсе, како олеснителна околност ми било, прво, дека сум била неосудувана (со тоа веќе автоматски во иднина губам ваков адут, или, подобро да стоеше дека за прв и последен пат имам таква олеснителна околност). Но, второто ми е апсурд на апсурдите. Сум била семеен човек!!! И сега, ако ме остави сопругот, ми отиде и овој последен плус во мојата судска епопеја! Па, зарем оние што не се семејни луѓе, иако не знам точно што подразбираат под ова – не се во брак, немаат деца, што ли подразбираат под ова? – зарем тие треба поголема казна да добијат?! Па тие со својот клеветнички криминал, за кој ќе треба да се олеснат парично, не изложуваат никој друг да трпи. Поради клеветите на семејните криминалци, трпат и други, а нивни блиски луѓе! Ма, јас и Игор Спасов се спасивме троа, оти сме семејни луѓе!
И она од што најмногу се срамам, не од себе, ами од судството независно според Груевски, е следнава невидена дискриминација според општествената положба, која инаку Уставот ја забранува. Но, судијата ја промовира како небесна правда: „Психичката реакција кај приватниот тужител (министерот Милошоски, м.з.) е различна од реакцијата кај просечниот граѓанин кој се нашол во слична ситуација, односно, поголеми се силината и траењето на душевните болки”!
Како, бре, душа министерска боли повеќе од онаа на просечен граѓанин?! Со кој длабиномер сте ја измериле болката? А силината?! Ма орвеловски – сите чувствуваме болки, ама функционерските се многу поголеми од оние рајата!
БАЈАЧКАТА И РЕАЛИСТОТ
Морам да признам дека после ова, што би рекле Србите, „туѓи ме стид поједе”. Сепак, она што во сите разговори што ги имав за слободата на медиумите со меѓународните асоцијации, ми беше поставувано како прашање е: што очекувам, дали нивните реакции ќе имаат ефект? Секогаш одговарав, како и премиерот за нашите шанси за НАТО, дека не сум оптимист, туку реалист. Дека на секоја негативна оценка однадвор, како и наша одвнатре, притисоците ќе прогресираат. Тоа е правило број еден на демократурите.
Еве, да си припомниме. Како прво, груевци не сметаат дека слободата на медиуми е загрозена. Второ, според нивниот аршин од собраниската расправа – МРТВ е ептен јавен сервис, ама фали уште троа пара. Трето, повторно според пратеничките вмровски стандарди – клеветата не само што не треба да се избрише од кривични дела, туку, безмалку, така барем осетив, дека патат што тешка робија нема за вакви тешки дела против нивната чест и углед. Чесно е барем дека никаква декриминализација не ни нуделе во нивните чекори, преродби и манифести. Арно ама, новинарското здружение може до (Скопје) 2014 да си преговара, ѓоа надевајќи се дека ќе стори светско чудо! Или само тепаат време, колку со нешто да се занимаваат, којзнае!
И како Бранко Црвенковски, кој како бајачка од уплав реши да го растерува стравот кај „пучанството” за да ја урива авторитарната власт, сѐ повеќе новинари од таканаречени опозициски медиуми (штом не паѓаат во транс по Груевски, така се третираат) имаат страв јавно да проговорат за портокаловите тенденции во нивните куќи. До бајачката е или до мастрафите против стравот, веќе не е клучно во приказнава!
Значи, како реалист, а со ваква власт и со ваква опозиција, се посветив на психологијата. Дали некој што има неограничена власт веќе шест години, навистина верува дека слободата на медиумите цвета, што ми звучи шашаво при она што го гледам и чувствувам како новинар со 25 години стаж (ова ми е нај-страва), или некој лаже и самиот се лаже, а во овој случај – зошто?! Се потресов откако испрочитав како свесните лаги влијаат врз психофизичката состојба на оној кој лаже.
Е, од она што исчитав од стручната литература, заклучив дека едни лажат затоа што веруваат дека сториле нешто што не смееле, па лажат за да се извлечат од несакана ситуација. Вторите, пак, лажат заради фалба. Свесно ги преувеличуваат сопствените успеси, а тоа првично не им предизвикува ни фрустрираност ниту несигурност. Напротив, им ја храни идејата за нивната умислена и посакувана величина. Фалбите за личните успеси, претерувањата за сопствените постигнувања и способности, ја крева еуфоријата, меѓутоа, после преголемата еуфорија, останува исцрпеност и празнина.
Заклучокот е поразителен – дека влијанието на психичкото здравје кај овие лажговци е уште полошо отколку кај оние кои лажат поради чувство на вина. „Билдањето” на идејата за личната величина и семоќ може да носи еуфорија…сѐ додека таа идеја не „скрши”. А, кога-тогаш се крши, бидејќи е во прашање фантазија. Тогаш, со сигурност се јавува чувството на фрустрираност, немоќ, стрес, депресивност, а најмногу – чувството на силен и немоќен бес. И, да бидам искрена, оваа психолошка дијагноза допрва треба да ја преживееме!
Рамка
Ѓерѓ КОНРАД, демократ
РЕЖИМОТ ВТЕМЕЛЕН НА ПРОПАГАНДА Е ОСУДЕН НА ПРОПАСТ!
Мојата земја почнува да личи на постсоветска диктатура во Централна Азија, ќе ги опише состојбите во Унгарија, неодамна преку „Њујорк тајмс”, писателот и врвен борец за демократија, 79 годишниот Ѓерѓ Конрад. Со оглед на тоа што многумина наоѓаат сличности во антидемократските тенденции што се случуваат во Унгарија и Македонија, а Никола Груевски го споредуваат со Виктор Орбан, интересно е да ги споделиме размислувањата на Конрад за иднината на ваквите режими.
„Било кој систем кој се темели на пропаганда и лековерност, осуден е, порано или подоцна – на пропаст. Јас сум задоволен сведок на падот на двата авторитарни режими во Унгарија – фашистичкиот (на Миклош Хорти 1920-40), и комунистичкиот (на Јанош Кадар 1956-1988). На повидок е и крајот на третиот. Бидејќи се заснова на лаги, неговиот пад нема да биде така убав. Можеби можевме да ја избегнеме оваа болест. Се надевам дека од ова, ако ништо друго, ќе извлечеме некакви поуки”, прогнозира Корад.
Ако добрата вест е дека ваквите режими се осудени на пропаст, лошата е што таквите, сепак, долго се одржуваат!
Рамка
КАКО БЕСЕДЕШЕ ТЕУТА ЗА ДЕМОКРАТУРАТА НА ГРУЕВСКИ
„Груевски сака злоупотребувајќи го до крај своето мнозинство, да му го покаже местото на албанскиот политички субјект, а тоа место е на опашката од неговата влада. Како и секогаш, греши во овие процени, оти се води од малициозност, а не од политичка и државничка прагма. Тој ја потроши ДПА до крајност при своето владеење. Тој може да го потроши и ДУИ во овие констелации, во кои се однесува крајно неодговорно кон демократските вредности и етничката стабилност. Но, колку и да се обидува, ниту тој, ниту кој било друг не може да ги потроши Албанците како значаен политички фактор во земјата. Како што тргнал победникот Груевски може да ја потроши и Македонија. Ама Албанците ќе останат тука со своите евроатлантски идеали”.
Овие оценки, кои секако се актуелни и денес, се авторство на актуелната евроинтеграторка во кабинетот на Груевски, но изречени пред безмалку 4 години, кога Теута Арифи беше само опозициски пратеник. Во својата колумна, тогаш, во 2008 година, таа предупреди за „недостаток на демократски код” на победничката ВМРО-ДПМНЕ, која креира процеси „кои водат кон демократура како прв чекор до вистинската диктатура”.
Останува енигма дали Арифи сега верува дека е променет „демократскиот код” на груевци или, пак, тие успеаја да ја потрошат и ДУИ? Во секој случај, во изминативе години откако ДУИ влезе во прегратките на Пастирот, во Македонија се регистрираат политички судења, а слободата на изразувањето изби на прво место на загрозените вредности. И каде сме сега?! Во демократија, демократура или сигурно чекориме кон диктатура?