Текстот е објавен на 27 ноември, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 999
Пишувала Валентина Стојанчевска
Точно единаесет години му беа потребни на кочанецот Панчо Велинов да докаже дека еден ден и една ноќ, по грешка поминал во затвор. Толку години институционална борба, само за да докаже дека не го заслужил ниту тој, еден ден, зад решетки.
Грешката се случила на 28 октомври 2002 година, а правната сатисфакција ја добил дури на 27 август 2013, од Судот за човекови права во Стразбур.
Како што раскажува 62-годишниот Велинов, иако поминале толку години, тој ден му оставил траума за цел живот. Како и секое утро се подготвувал за да оди на работа, кога на врата му дошла полиција.
„Ми рекоа дека мора да тргнам со нив, без да ми кажат зошто. Кога ме донесоа во затворот во Штип, ми кажаа дека треба да одлежам два дена затвор поради неплатена казна. Им велев дека имаат грешка, дека казната сум ја платил, по што ги проколнував да ме пуштат, бидејќи дома, сосема сама ја оставив болната сопруга на која и бев неопходен“, се присетува Велинов.
Се почнало во 2000 година кога Велинов од Основниот суд Штип бил осуден на парична казна од 2.000 денари, бидејќи управувал неисправен автобус. Поради тоа што не ја платил казната, судот донел одлука паричната казна да му се замени со два дена затвор. Еден месец пред датумот одреден за да оди во затвор, Велинов ја платил казната. Но и покрај тоа, по осум месеци бил уапсен во својата куќа. На слобода бил пуштен наредниот ден, бидејќи судот дал известување дека казната сепак е платена.
Веднаш потоа, Велинов поднел барање до Министерството за правда од каде што барал 5.000 евра за нематеријална штета, поради незаконското лишување од слобода. Министерството го одбило неговото барање. По ова, кочанчанецот на почетокот на 2003 година поднел граѓанска тужба против државата. Дури по четири години добил одговор дека неговото барање се отфрла, а истиот одговор го добил и од Апелацискиот суд во Штип.
Откако ја изгубил правна битка во Македонија, Велинов поднесува жалба до судот во Стразбур. Овој суд одлучува во негова корист, па му досудува 1.500 евра за надомест на нематеријална штета и 1.260 евра за судски и адвокатски трошоци.
„Некому можеби му изгледа смешно што водев битка поради еден ден поминат во затвор, но ситуацијата е повеќе од сериозна, бидејќи за тој еден ден поминав 11 години низ судските лавиринти“, потенцира нашиот соговорник.
СКОПЈАНЕЦ ПОМИНА 24 МЕСЕЦИ ВО ПРИТВОР ПО ГРЕШКА
Според времето поминато во затвор, нашиот соговорник сепак поминал лесно. За разлика од него, 24-годишниот Сејди Рами во притвор одлежа дури две години и два месеца. Излезе на слобода откако првостепениот суд донесе пресуда со која е ослободен од обвинението поради тоа што не постојат докази. Не само што Рами изгубил две години од животот, туку неговиот лик и е познат на целата македонска јавност, бидејќи беше обвинет за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското езеро. Поточно, тој се товареше дека ја организирал логистичката подршка за петкратното убиство, односно дека бил задолжен на извршителите да им овозможи брзо да избегаат од местото на злосторството. Обвинителството тврдеше дека тој неколку пати го разгледувал и теренот околу Смиљковското езеро, како и патиштат кои воделе до фармата на обвинетиот, а сега осуден, Фејзи Азири. Дури обвинителката тврдеше и дека Рами вечерта на убиството бил во фармата. На крајот сите овие тврдења паднаа во вода, а обвинетиот доби ослободителна пресуда.
Згора на се, сите осомничени, меѓу кои беше и Рами, многу често во јавноста беа нарекувани „монструми“, бидејќи МВР случајот го именува како „Монструм“.
Рами веќе три месеци е на слобода, но вели дека се уште се чувствува како да е зад решетки. Ја чека и одлуката на Апелација, по што ќе може да здивне.
„Јас уште се чувствувам како да сум во затвор, уште не можам да се приберам. Тешко е ова дело што ми беше ставено на товар“, вели накусо Рами, а неговиот татко додава дека син му се уште не е опоравен од траумите што ги доживеал.
„Син ми се уште не е подготвен да зборува за се што доживеал во притворот“, истакнува таткото на Сејди.
Од семејството Рами најавуваат дека откако ќе ја добијат правосилната пресуда дека Сејди е невин, ќе ја започнат и институционалната битка за надомест на нарушениот углед и за нанесената душевна болка.
Но, праксата покажува дека оваа битка трае со години, со што за оштетениот судската сага продолжува и понатаму.
На поранешниот пратеник Борче С. му беа потребни цели седум години да добие надомест за 38-дневниот притвор кој го поминал по грешка. Барал 32.500 евра за притворот кој го одлежал во 2003 година, а Апелацискиот суд, во 2010 година, му досудил 4.000 евра, иако во тужбата навел дека доживеал тешка душевна болка.
ОД 20 ДО 100 ЕВРА ЗА ДЕН ПОМИНАТ ЗАД РЕШЕТКИ
Според Законот за кривична постапка, во вакви случаи, оштетениот треба прво да се обрати до Министерството за правда, за да се постигне спогодба за видот и висината на оштетата. Ако барањето за надомест на штета не биде усвоено или, пак, Министерството не донесе одлука, оштетениот има право да поведе граѓански спор пред надлежниот суд. Правниците објаснуваат дека со тужбата граѓаните имаат право на материјална отштета, која најчесто се однесува на изгубени дневници, плата и на нематеријална отштета, како надомест за нарушен углед или за претрпена душевна болка.
„Најчесто сумите за обештетување се движат од 3.000 до 6.000 денари од ден. Но, погрешно е тоа што судиите ги бројат деновите, а не штетата која му била нанесена на притворениот. Ова е погрешно, бидејќи некој што поминал и само три дена во затвор, можеби доживеал поголеми здравствени, семејни или професионални штети, отколку некој што бил таму 3 месеци“, вели адвокатот Ване Андреев.
Тој посочува дека, негов клиент, на триесетгодишна возраст, за 15 дена поминати во притвор добил тешко заболување.
„Му исплатија по 5.000 денари од ден, а тој, додека беше зад решетки, доби дијабетес кој најверојатно ќе го има цел живот. Затоа судот мора да ги цени штетите, а не да ги брои деновите“, дециден е Андреев.
И неговиот колега Оливер Вуксановиќ објаснува дека често пати застапува клиенти кои поради добиените ослободителни пресуди или повлекувањето на обвинението против нив, ја тужат државата.
„Праксата покажува дека како надомест за материјална штета, Министерството за правда нуди по 20 евра од ден поминат во притвор, а за утврдување на нематеријалната штета упатува на граѓански спор. Висината на оваа штета се утврдува со невропсихијатриско вештачење, со кое се одредува интензитетот на душевната болка“, појаснува Вуксановиќ.
КОЈ ЈА КРИЕ СТАТИСТИКАТА ЗА СУДСКИТЕ ГРЕШКИ?
Во Македонија е многу тешко да се направи статистика за тоа колку луѓе, точно во која година, по грешка на судскиот систем завршиле во притвор, и колку ја наплатиле ваквата грешка. Точните пресметки ги отежнуваат надлежните институции, бидејќи даваат половични податоци.
Од Министерството за правда ни доставија податоци дека во текот на 2013 година, врз основа на правосилни судски пресуди за надомест на штета, на девет граѓани им биле исплатени вкупно 67.586 евра. Во текот на 2012 година, пак, за истата намена, министерството исплатило 66.880 евра кои биле поделени на 12 граѓани, кои на своја кожа ја доживеале неправдата на правосудниот систем. Постарите податоци од архивите на министерството покажуваат дека од 1997 до 2007 година, годишно во просек, биле исплатувани по само две вакви барања.
Овие средства се исплатени по основ на судски пресуди. Но, кога прашавме колку вакви спогодби направило министерството со оштетените, без посредство на судот, бидејќи постои и таква можност, не добивме одговор.
Конкретен одговор не добивме ниту од граѓанскиот суд, Основниот суд Скопје 2, на чија што адреса оштетените го остваруваат правото на нематеријален надомест. Оттаму објаснуваат дека немаат можност да ги издвојат овие предмети, настанати по основ штета поради неосновано лишување од слобода, од останатите предмети за штета.
И покрај затвореноста на надлежните институции, по мало истражување низ публикациите објавени на сајтот на Државниот завод за статистика, успеавме да дознаеме колку луѓе годишно по грешка завршиле во притвор. Пресметката покажува дека за седум години, дури 377 граѓани неосновано биле држени зад решетки, а дел од нив таму поминале и повеќе од шест месеци.
Во 2007 и 2008 година на овој начин биле оштетени 61 лице, во 2009 овој тренд опаѓа, па се забележани 20 луѓе помалку, во 2010 се 51, а наредната 2011 година рекордни 62 граѓани завршиле неосновано во притвор. Во 2012 повторно се забележува пад, бидејќи како оштетени се јавуваат 41, а минатата година, 60 граѓани.
Дел од овие луѓе кои биле обвинувани за кражби, економски криминал, па дури и за убиства, добиле ослободителни пресуди, против некои од нив било повлечено обвиниението, а други пак се спасиле по неколку дена поминати во притвор, бидејќи обвинителството ја повлекло кривичната пријава.
СУДИИ ГИ „УЦЕНУВАЛЕ“ ОШТЕТЕНИТЕ ДА НЕ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА?!
Покрај нетранспарентното објавување на грешките на правосудните органи, се користат и неколку методи со кои дел од оштетените граѓани ја губат можноста да добијат парична сатисфакција. Еден од методите, според адвокатите кои ги консултиравме, е праксата на судовите да изрекуваат затворски казни во времетраење колку што обвинетиот поминал во притвор. Па така, казната се порамнува со притворот, а обвинетиот излегува на слобода, но без надомест за неговите душевни болки.
„На пример, ако обвинет поминал 10 месеци во притвор, добива и затворска казна од 10 месеци. На тој начин државата се штити од исплаќање високи штети, а од друга страна се легитимира притворот“, вели адвокатот Владимир Ракочевиќ.
И адвокатот Насер Рауфи вели дека бил сведок на многу животни приказни кои биле уништени по грешка на правосудниот систем.
„Се случува некогаш да се досуди затворска казна идентична на времетраењето на притворот. Ова решение најчесто им одговара на двете страни, во зависност, се разбира, од вината на обвинетиот и доказите кои ги има обвинителството. Во минатото, пак, сум бил сведок и на уцени, односно кога судијата буквално го условува обвинетиот дека ќе го пушти на слобода, но за возврат да се откаже од правото да ја тужи државата. Најчесто обвинетите го прифаќале ваквиот ултиматум“, објаснува Рауфи.
НЕОПРАВДАНО ПРИТВОРЕНИТЕ „САКАЛЕ ДА СЕ ЗБОГАТАТ“
И кога ќе успеат да ги добијат оштетите, тие, речиси по правило, се за неколку пати помали од оние што ги барале. Дури се соочуваат и со обвинување од надлежните институции дека на овој начин сакаат да се збогатат, а не да си ја залечат душата.
–Самиот износ кој се побарува да му биде платен на тужителот на име нематеријална штета, не претставува справедлив паричен надомест за претрпените душевни болки поради неосновано задржување во притвор, напротив така поставен има цел или овозможување неосновано збогатување на притворот, вака и напиша доскорешниот министер за правда, Блерим Беџети на Славица Ристевска, која поради поминатите четири месеци зад решетки побарала обештетување од 1 милион денари.
Ристевска беше уапсена во 2007 година, во акцијата „Поткуп“, под сомнение дека зела мито од 10 евра, на граничниот премин „Деве Баир“, каде што работела како полициски службеник. Во 2010 година се докажа дека таа не е виновна, но до ден денес не се врати на своето работно место. И поради призната грешка на институциите, таа по 17 години успешна полициска кариера, денес е оставена на улица.
И Државната правобранителка, Валентина Јовановска, како и министерот, сметала дека Славица на овој начин сака да се збогати, па затоа му посочила на судот да го одбие нејзиното барање.
И покрај ваквиот став, Основниот суд во Куманово, минатата година донесе одлука со која и наложува на државата на Славица да и исплати 7.800 евра. Судот и ја одредил оваа сума бидејќи утврдил дека била брутално уапсена, со вперено оружје во главата и лисици на рацете, а згора на се на речиси сите медиуми била прикажана како веќе осуден криминалец.
СО ПРИТВОРОТ ПО ГРЕШКА СЕ ТРАУМАТИЗИРА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО
Невропсихијатарот Мице Дудучки вели дека често пати изработува невропсихијатриски вештачења со кои се докажува интензитетот на душевната болка на погрешно притворените. Предупредува дека оваа неправда им предизвикува страшни трауми и на тие што биле зад решетки, но и на нивните семејства.
„Лишувањето од слобода е еден од најголемите стресови кој може да му се случи на човека. Овие луѓе доживуваат страшна душевна болка, чиј интензитет е јак и трае многу долго, и по неколку години откако се ќе се заврши. Ваквите неправди им оставаат големи траги во сите сфери на животот, од професионалниот, па се до семејниот. Ја губат работата, здравјето, а некогаш губат и членови на семејството“, објаснува невропсихијатарот Дудучки.
Тој истакнува дека судиите треба да имаат слух за оваа душевна болка, а не за онаа што лажно ја презентираат политичарите, кога тужат за клевета и навреда.
„Овие луѓе кои на неправда биле затворени трпат страшни душевни болки, а не политичарите кои се повикуваат на неа, кога сакаат да излезат како победници во тужбите за клевета. Но, иронијата е уште поголема, зашто тие добиваат многу поголеми обештетувања од оние луѓе кои навистина ги заслужуваат, заклучува Дудучки.
И МИНИСТЕРОТ И ПРЕМИЕРОТ СО РАЗЛИЧНИ ПРЕСМЕТКИ
Откако утврдивме дека надлежните немаат или, пак, не сакаат да направат објективна статистика за погрешно изречениот притвор, иста е состојбата и кога воопшто се зборува за мерката притвор.
Според премиерот Никола Груевски, минатата 2013 година, помалку од 1 отсто од луѓето што биле во судска процедура добиле притвор. Доскорешниот министер за правда, Блерим Беџети, за истата година истакна дека притворот бил изречен во 5 отсто од случаите.
Пресметка на најголемиот кривичен суд во државата, Основниот суд Скопје 1, пак, покажува дека 13,6 проценти од обвинетите минатата година завршиле во притвор. Ова покажува дека сите надлежни, наместо да располагаат со идентични податоци, сметале по посебни методи.
За разлика од половичните или погрешните податоци од македонските институции, во соседството јавно се споделуваат овие податоци, без прикривање или половично објавување.
Според податоците од Министерството за правда на Црна Гора, во изминативе две години, на адреса на министерството пристигнале 194 барања за надомест на штета поради неоснован притвор.
Од тамошното министерство објаснуваат дека направиле три категории за исплата, па според нив за еден месец притвор надоместуваат 600 до 2.000 евра.
„Зазедовме единствен став дека е потребно орентационо мерило за надоместокот. Така, за месец дена неоснован притвор, се исплаќа од 1.800 до 2.000 евра, за лица кои не се осудувани. За оние кои веќе еднаш биле осудени, од 1.800 евра, а оние кои повеќе пати биле осудени ќе се задоволат со износ од 600 до 1.500 евра“, велат од Министерството за правда на Црна Гора.
Во српското Министерство за правда, пак, пресметале дека од 2005 до крајот на 2013 година, за неоснован притвор биле исплатени над два милиони евра, на вкупно 3.800 погрешно притворени.
НАПРЕДУВАЛЕ ВО КАРИЕРАТА ИАКО ГРЕШЕЛЕ
Колку и да се на број, на крајот, ваквите грешки на судството, иако премногу скржаво, ги плаќа народот, бидејќи средствата се излеваат од државниот буџет. Судот и обвинителството остануваат нечепнати. Зад дел од овие случаи кои беа најавувани како големи корупциски афери, а завршија како „издишани балони“, стои и денешниот врв на обвинителството.
Случаите „Змиско око“ (обвинети 38 инкасанти, кои неосновано поминаа осум месеци во притвор) и „Изгрев“(случај во кој тројца обвинети поминаа 21 месец во притвор), покрај тоа што сведочат за злоупотреба на притворот, потврдена со одлука на Судот за човекови права во Стразбур, имаат уште една заедничка карактеристика. И за двата случаи обвинителните акти ги подготви сегашната шефица на скопското јавно обвинителство, Гордана Гешкоска, која ги давала и предлозите за изрекување на притворот.
Интересно е да се спомене дека за обвинетите во случајот „Изгрев“ биле донесени дури 30 решенија за притвор од прв и втор степен, што сега, по одлуката на Стразбур, значи дека не еднаш, туку дури триесетина пати судиите од советите со чиј што амин притворот се продолжувал, направиле грешка.
Познавачите на правото истакнуваат дека само поради оваа околност, Републичкиот судски совет би можел да ги разреши, а според нив уште поетички би било самите да си поднесат оставка.
„Државата има механизми со кои може да ги санкционира судиите кои довеле до таквата ситуација, односно незаконски и неосновано донеле решение за притвор“, вели универзитетската професорка и борец за човекови права, Мирјана Најчевска.
Покрај обвинителката Гешкоска, и судијата Ѓоко Ристов, одблизу ги познава двата случаја. И во двата беше поставен за судечки судија.
„Изгрев“ го наследи од судијката Лидија Неделковска, која во тој период беше избрана за претседател на Кривичниот суд, а денес е претседател на Врховниот суд.
Во рацете на врвот на обвинителството беше и случајот „Поткуп“ (обвинети 46 царинари, полицајци и келнери), од 2007 година, кој требаше да ја отвори сезоната на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во борбата против организираниот криминал и корупцијата. По четири години, обвинетите добија ослободителна пресуда. Предметот најпрвин беше во рацете на обвинителот Марко Зврлевски, денешниот републички јавен обвинител. Откако тогаш го унапредиле во скопски јавен обвинител, предметот паднал во рацете на Гешкоска. Како виш јавен обвинител во предметот се јавувала и Елена Гошева, сегашна претседателка на Уставниот суд. Крахот на овој судски случај кој финишираше по четиригодишна голгота, воопшто не им попречи во кариерите на оние кои го пишуваа обвинението, кои стоеја зад него и бараа затворски казни за обвинетите за да служат како пример за останатите. Додека, пак, дел од обвинетите, од кои претходно ја споменавме полициската службеничка Славица, го загубија работното место, здравјето, образот, мирот и спокојот.
Рамка
Н: Богданов: Стразбур бара аргументирани образложенија за притворот
Костадин Богданов, владиниот агент кој ја застапува земјава пред судот во Стразбур, вели дека моментално во работа имаат три предмети кои се однесуваат на притворот.
„На одговор од Стразбур ги добивме предметите за Велија Рамковски, Бајруш Сејдиу и случајот „Фаланга“. Сепак, според досегашната динамика, одлуки за овие случаи може да се очекува дури во 2016 година“, вели Богданов.
Тој додава дека судот во Стразбур, посочувајќи ги веќе донесените одлуки за случаите „Змиско око“ и „Изгрев“, не реагира за одредениот притвор, туку за начините на кој тој бил аргументиран по третото продолжување.
„Судот при третото или четвртото продолжување на притворот од македонските судови бара тие ваквите одлуки да ги образложат и да ги аргументираат содржајно, а не само да ги повторуваат причините кои ги искористиле при одлуката за првичното определувањето на оваа мерка“, објаснува Богданов.
Рамка
И ЕК со забелешки за судството
Судството и натаму останува една од најкритикуваните области во европскиот извештај за напредокот на Македонија. Оваа област и во последниот извештај на Европската комисија бележи негативни оцени.
„Постојат проблеми кои треба да се надминат, а се однесуваат на независноста на судовите и воопшто на спроведувањето на законите. Во однос на независноста постојат тврдења за селективност, индиректно политичко влијание, пресуди кои неочекувано брзо се спроведуваат…, се наведува во последниот извештај на ЕК.