Архива: Државен специјализант ќе врати 120.000 евра, ако предвреме го напушти јавното здравство!?

by Fokus

Текстот е објавен на 26 јуни, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1029

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Директор на скопска клиника испратил специјализант да лепи плакати за владејачката партија лани пред предвремените парламентарни и претседателски избори, затоа што благодарение на партијата го добил работното место и државната специјализација, која чини 12.000 евра! Ваквите примери се секојдневие во скопските клиники и болниците низ земјава каде што младите лекари се принудени да лепат плакати, да дежураат по партиски штабови, да се појавуваат на сите митинзи, да прават списоци и да анимираат 10 до 15 луѓе за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин или да го добијат ветеното работно место или да го задржат веќе постоечкото.

Во последните неколку години, во јавното здравство се води битка меѓу волонтерите, за да се најдат на списоците за вработување. Дел од нив, како што тврдат лекарите, успеаја да се вработат благодарение на партиската книшка или затоа што се синови и ќерки на пратеници, претседатели на општински комитети и директори од партијата на власт.

Ваквиот начин на вработување постоел отсекогаш, но особено до израз дојде откако на министерското столче пред четири години седна министерот за здравство, Никола Тодоров. Како што се зголемуваше одливот на лекарски кадри од државата, така растеше и бројот на конкурси и огласи за вработување. Па, така, пред две години беа објавени конкурси за вработување на 800 лекари во јавното здравство, од кои 400 во првата половина од годината, а другите 400 во втората половина. Според обвинувањата на опозицијата, примените лекари и медицинскиот персонал се членови на владејачката партија, кои со години добивале ветување и чекале редовно вработување.

Пред неколку недели, првиот човек во здравството се сликаше и правеше еуфорична атмосфера во неколку болници низ земјава, каде што беа поделени решенија за вработување на околу 500 волонтери, кои за еден дел од нив ќе важат дури од септември 2016 година. „Фокус“ истражуваше дали се вработени лекари и медицински сестри или само технички персонал, кои се луѓето кои добиле решенија и дали списоците за вработување доаѓале од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ?

ПРИМЕНИ ШОФЕРИ, ХИГИЕНИЧАРИ… ПО ПАРТИСКИ КЛУЧ, НО НЕ И ЛЕКАРИ

Откако на 2 јуни во Пржино падна договорот за предвремени парламентарни избори во април вгодина, министерот за здравство Никола Тодоров почна да „истражува“ по дел од болниците – колку волонтери има и кои од нив треба да потпишат договори за работен однос на неопределено работно време? Неговата турнеја почна од Битолската клиничка болница, каде што 126 волонтери добија решенија за редовен работен однос, а меѓу нив има медицински сестри, болничари, хигиеничари, шофери, оператори на компјутери, но не и лекари. Решенијата за работа се поделени во три групи. Првата група почнува со работа веднаш, втората од декември оваа година, а третата група од септември, 2016 година. По истиот принцип беа вработени и 77 волонтери во Охридската општа болница и 323 волонтери во Градската болница „8 Септември“ во Скопје. И сето тоа се случи само во рок од 20 дена, иако дел од волонтерите, вработување чекаа и по 17 години.

Очигледно е дека најавата за предвремени избори е причината што Тодоров толку бргу реагираше, па за да го смири револтот и незадоволството, почна со делење решенија за вработување. Се очекуваат ли нови вработувања во текот на наредните неколку месеци и дали и овојпат партиските книшки ја имаат главната улога? Ова особено затоа што во извештајот на Европската комисија што го подготви експертската група на Рајнхард Прибе, од Македонија се бара да се замрзнат вработувањата на хонорарците и на волонтерите, за да се спречи власта преку нив да влијае врз изборите.

Инаку, според дел од лекарите, во партиските штабови зад затворени врати се кројат списоците за вработување во здравствениот сектор. Но, според нив, на тие списоци ретко може да се најде некој кој волонтира повеќе од 10 години, освен ако не станува збор за блиски роднини, сопруги, браќа, сестри и братучетки на актуелни функционери во партијата. Нашите болнички извори тврдат дека истиот начин на вработување се применувал и сега. Според нив, најпрвин се најавува дека ќе се делат решенија за вработување, а подоцна пристигнува список од Општинскиот комитет со имиња и презимиња до директорот на болницата – кои се луѓето што треба да почнат со работа?

Ова е голема глупост. Јас не сум слушнал за ваков начин на вработување, како што тоа се прави кај нас. Директорот на нашата болница списокот го доби од Комитетот и на тој начин ги примија луѓето. Многу од нив останаа незадоволни, а на некои од опозицијата им го прекинаа волонтирањето и им кажаа да си одат. Тие што се вработуваат се обврзани да одат на митинзи, да бидат активни во штабови и нормално, да имаат партиски книшки за да влезат на работа – вели доктор Гоце Чакаровски од Битолската клиничка болница.

Тој додава дека голем проблем претставува тоа што во последните вработувања нема лекари и медицински сестри, туку само технички персонал.

– Во болниците мора да бидат вработени лекари и медицински сестри, затоа што недостигот од нив е алармантен. Не е работата да вработат само партиски кадри, а кај нас нема кој да работи со пациентите. Не се води никаква сметка за потребите на болницата. Пред пет години бевме 212 лекари, сега сме останати 107, а во наредните години ќе си одат уште 50-60 и колку ќе останеме? Луѓето ќе ни умираат, нема да има кој да ги лекува – тврди доктор Чакаровски.

Во последните неколку години и Градската болница „8 Септември“ се соочува со недостиг од медицински персонал. Директорот на болницата Сашо Стојчев е задоволен од вработувањата, но вели дека им се потребни уште многу луѓе.

Имаме доволно лекари, но ни фалат сигурно уште 100 медицински сестри – вели Стојчев.

Од друга страна, од Министерството за здравство велат дека станува збор за волонтери на кои им се трансформира работниот однос согласно Законот за трансформација во редовен работен однос  донесен на 12 февруари оваа година.

Со имплементирањето на овој Закон, се решава повеќегодишен проблем со лица ангажирани како волонтери со минимален финансиски надомест или со договори на дело, кои се соочувале со финансиска нестабилност и неизвесен напредок во кариерата. На овој начин, лицата стекнуваат долгорочна финансиска сигурност и се решава егзистенцијалното прашање на нивните семејства – се наведува во одговорот на ресорното министерство.

Но, од таму не добивме повратен одговор на прашањето – дали вработувањата се вршеле по партиски список?

Пред две години, Министерството за здравство најави 800 вработувања. Половина од нив веднаш беа сместени во клиниките и болниците за што „Фокус“ досега пишуваше и чии имиња јавно беа соопштени како кадри на владејачката партија. Во тој период, клиниките и болниците добија итна наредба да распишуваат огласи за вработување. Но, во целата приказна се шпекулира дека конкурсите се само проформа, а пред време се знаат имињата на тие кои ќе бидат вработени.

СО МЕНИЦА СЕ СПРЕЧУВА ОДЛИВОТ НА ЛЕКАРИ ВО СТРАНСТВО

Додека во последните три години во болниците се примени само кадри од владејачката партија, истовремено околу 500 млади лекари ја напуштија државата и заминаа во странство да специјализираат и да продолжат со работа. Еден специјализант, кој почнал со работа во болница во Германија, има почетна плата околу 4.000 евра, без дежурства и прекувремени саати. Во текот на целата негова специјализација и доусовршување, неговата плата може да достигне и до 10.000 евра месечно.

Но, тоа е Германија. За разлика од таму, во Македонија младите лекари кои запишуваат државна и приватна специјализација, која чини 12.000 евра годишно, се соочуваат со куп проблеми. Според новите измени во Законот за здравствена заштита, кој поминува лично низ рацете на министерот Тодоров, од 1 јануари 2013 година, младите лекари потпишуваат договор (бланко меница) дека по завршувањето на специјализацијата, која трае од 4 до 6 години ќе останат да работат во јавната здравствена установа 10 до 15 години. Меницата е на сума од десеткратен износ од цената на специјализацијата која чини 12.000 евра, па достигнува максимален износ од вртоглави 120.000 евра. Ако специјализантот ја изгуби или ја напушти работата во болницата пред време, ако се разболи или, пак, е на боледување подолго од 12 месеци, ако отсуствува поради бременост и породилно, тогаш автоматски се активира меницата и треба да врати 120.000 евра! Сето тоа се прави за да се задржат лекарите во јавното здравство.

Ако лекарите имаат статус на вработени во болница и обезбедена работа по завршувањето на специјализацијата, за да го добијат сето тоа, тие мораат да потпишат договор со кој се обврзуваат да работат во јавното здравство од 10 до 15 години по завршувањето на специјализацијата во спротивно ќе се активира бланко потпишаната меница чија вредност изнесува десеткратен износ од моменталната цена на специјализацијата. Денес е таа 12.000 евра, па меницата е 120.000 евра. Што ако утре, зборувам хипотетички, висината на специјализација достигне 30.000 евра, ќе треба ли тогаш да вратиме 300.000 евра – прашува доктор Билјана Додева од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ)

Според неа, тука не завршува нивната лојалност кон јавното здравство. Таа додава дека секој лекар, според новиот закон, е обврзан да оди на доедукации во странство и потпишува договор на уште пет години дека ќе остане да работи во државните болници.

– Од овој аспект гледано може да се констатира дека не е возможно ние како лекари на државна специјализација да си го оствариме правото на избор, да работиме во друга болница во нашата земја или надвор од нашата земја, бидејки договорот за лојалност е практично доживотен и чини цело богатство. Самото тоа што постои меница на огромна сума значи и работа под притисок и неизвесност – тврди доктор Додева.

Дел од професорите, кои се занимаваат со оваа проблематика велат декa се работи за огромна сума на пари, која се коси и со Уставот и со моралот.

Таквата одредба е дискутабилна. Тоа е строга ригорозна казна, која е спротивна на Уставот, а од друга страна се коси и со моралот. Значи, може да постојат икс причини поради кои одредено лице предвреме ја напушта специјализацијата или пак го напушта јавното здравство. Тоа се товари да врати огромна сума на пари. Од каде да ги најде тие 120.000 евра? Таквата мерка не е спроводлива. Тоа е класична уцена на специјализантите. Надоместокот мора да биде на висина на штетата. Инаку, се смета како неосновано збогатување на државата, во случајот здравството – истакна универзитетскиот професор по уставно право Осман Кадриу.

Од тие причини, повеќето од младите лекари се одлучуваат за приватна специјализација на своја сметка, за подоцна да немаат вакви обврски спрема државата.

Од АСМЛ објаснуваат дека се соочуваат со уште многу проблеми, како што се 24-часовните дежурства за кои не добиваат никаков паричен надоместок, немаат каде да спијат, па на еден кревет спијат и се менуваат и по пет луѓе, немаат каде да се истушираат, па дури и храната е на нивна сметка. Дополнителен проблем е снимањето и емитувањето во живо на вежбите, колоквиумите и испитите. Според нив, сето тоа се прави во Министерството за здравство и на тој начин им се нарушува приватноста, се чувствуваат деградирано и понижено.

ПОДОБРО ОВЧАР, ОТКОЛКУ ЛЕКАР

Колку лекарите се понижени и деградирани покажуваат двата огласи објавени од Агенцијата за вработување на крајот на април. Во едниот оглас се бара да се вработи овчар со основна плата од 12.000 денари, додека во другиот оглас, објавен во истиот период, се бара вработување на доктор по медицина со основна плата од 10.000 денари!

Според лекарите од примарното здравство, овој оглас може да изгледа како виц, но е сурова реалност.

Ако се вработиш во амбуланта, најчесто платата просечно е од 12.000 до 15.000 денари, во најдобар случај по долгогодишно работење може да достигне до 18.000 денари. Од друга страна, ако некој млад лекар сака да отвори своја ординација, прво тоа пред се подразбира скапа инвестиција од 6.000-8.000 евра, пари кои млад лекар најчесто ги нема – тврди доктор Миралем Јукиќ од АМСЛ.

Тој додава дека доколку лекарот успее да ја обезбеди оваа сума, ќе треба да работи и неколку години во минус, додека да застане на нозе.

Премногу тешко е да собереш доволно пациенти поради веќе постоечките концесионери, најголем дел од нив лекари над 55 -годишна возраст, а кои имаат просечно по 2.000-3.000 пациенти. Точно е дека ФЗОМ воведе стимулативна пресметка на капитациониот бод од вкупно 40.000 денари за младите лекари, но таа сума ги покрива само делумно трошоци и едвај да остануваат 10.000-12 000 денари за плата. Ако на се ова ја додадеме и преобемната административна работа, во којашто се „удавени“ матичните лекари, кога сите овие работи ќе се земат предвид, сосема е јасно зошто веќе почнуваме да се соочуваме со недостиг од матични лекари – вели доктор Јукиќ.

Во Македонија, како и секогаш, постојат две страни. Едната што добива и другата што губи. За едните државата е мајка затоа што се лојални партиски членови кои трчаат по митинзи и носат гласачи, додека за другите е маќеа, затоа што не се партиски определени и бараат само нивните права да бидат исполнети и да можат да работат и да заработуваат во својата држава. А министерот Тодоров изминативе години често шета по странските болници и редовно копира од германскиот и од американскиот здравствен систем. Никако да покаже што научил и тоа да го примени во македонското јавно здравство.

Рамка:

Божидар Кочоски:

ГОДИНИ ВЛОЖЕНИ ЗА УЧЕЊЕ, А ДА НЕМАШ ПАРИ ЗА ПОЈАДОК

Доктор Божидар Кочоски го објаснува егзистенцијалниот проблем со кој се соочуваат младите лекари:

Како да размислуваме за семејство, кога немаме шанса да заработиме барем основни средства? Како се чувствува маж или жена на 35 години, лекар, после факултет од шест години, лиценцирање од 6 месеци, и специјализација од шест години кога оди кај неговите по пари за појадок и ручек, за да може да издржи 24 часа бесплатно дежурство? Колку чини достоинството? Колку чини љубовта кон професијата и луѓето пред сѐ? Колку чини здравјето на лекарите од кои зависи здравјето на сите нас, сите жители во оваа земја? – прашува Кочоски.

Рамка:

ПАНОВСКИ: ДА ПРЕКИНАТ СО ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА

 Доктор Милчо Пановски, абдоменален хирург, вели дека редно време е да прекинат партиските вработувања и да се врати достоинството во лекарската професија.

Младите лекари треба да се борат за враќање на достоинството во професијата. На секој чекор се вработуваат само партиски кадри, а во меѓувреме треба да одработуваат за партијата – тврди Пановски.

Поврзани новости