(АРХИВА) Досие „Интерпромет“: Како луѓе на Тачи презедоа компанија вредна над 15 милиони евра за џабалак?

by Фокус

Текстот е објавен на 13 март 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1275

Лидерот на ДПА Мендух Тачи деновиве е актуелен во јавноста како носител на пратеничката листа на ДПА во шестата изборна единица. Притоа, тој говори за низа политички случувања и настани од поновата македонска историја во кои бил директен или индиректен учесник, но досега ниту еднаш не се произнел во врска со приватизацијата на тетовски „Интерпромет“, која, како што неодамна пишувавме, е преземена од страна на мал број луѓе поврзани со Тачи, со помош на политичко влијание и пазарење. Имено, „Фокус“ обезбеди обемна документација и искази во насока дека тие, во време кога ДПА е на власт, стекнувале државни акции во спорни постапки за багателни цени.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Приватизацијата на некогашните индустриски и трговски гиганти со општествен капитал беше нужна појава со трансформацијата на политичкиот систем по распадот на федеративната Југославија и создавање независна македонска држава. Меѓутоа, без оглед на суровата реалност дека овој процес мораше да биде болен, од причина што поголем број од овие фирми беа превработени, неликвидни и неконкурентни на пазарот, сепак, остана општиот впечаток дека процесот можеше да се спроведе далеку пофер и поправедно.

Факт е дека приватизацијата не беше проблематична од формално-правен аспект, ама, исто така, факт е дека правилата и регулативите беа дефинирани во корист на мала група менаџeри, кои дојдоа во позиција да ги преземат фирмите што долги години биле градени од сите работници. На тој начин, дел од компаниите ги преживеаа промените, успешно се адаптираа на новото време, па дури и прераснаа во моќни империи. Меѓутоа, поголем број од фирмите згаснаа, а нивниот атрактивен имот беше раскрчмуван од страна на поединци.

Една од поспорните фази во овој процес беше сомнителното преземање на акциите што ги поседуваат вработените, во обидите да се дојде до таканаречениот мнозински, контролен или управувачки пакет. Имено, политичката поддршка што ја уживаа некогашните директори, но и моќници однадвор, им овозможи да користат секакви средства при „убедувањето“ на работниците да ги продадат акциите. Во вакви услови на целосна безнадежност и неизвесност, тие, порано или подоцна, главно ги продаваа акциите за минорни суми.

Од таа гледна точка, случајот со тетовски „Интерпромет“ е типична ситуација на приватизирање и преземање компанија од страна на мал број луѓе блиски до одредена политичка структура, токму со помош на политичко влијание, притисоци и уцени. Фокус“ обезбеди обемна документација и искази во врска со начинот на освојување на друштвото од страна на лица блиски до ДПА на Мендух Тачи, што се случува исклучиво во време кога партијата е на власт. Иако судот еднаш ја поништи продажбата на државни акции во друштвото, сепак, тие подоцна повторно завршуваат кај истата група, и тоа за сума далеку под нивната книговодствена и пазарна вредност.

СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА И ПРОДАЖБА НА ИМОТ

Од документацијата со која располагаме, произлегува дека на самиот почеток на 1996 година, владата носи решение за приватизација на „Интерпромет“, што всушност претставува согласност за отпочнување на процесот на трансформација на претпријатието според моделот – откуп на претпријатието. Но, оваа постапка запира подоцна во текот на истата година, поради отворање стечајна постапка. Тогаш, компанијата се наоѓа во контрадикторна ситуација, со оглед дека од една страна не може да наплати побарувања во износ од 4 милиони тогашни германски марки, но од друга страна не може да ги сервисира обврските по разни основи, пред сè за плати кон вработените.

И покрај тоа што, според нивно кажување, поголем дел од тогашното раководство на „Интерпромет“ било против, сепак, вработените бараат отворање стечајна постапка, за едноставно да ги добијат заостанатите плати. Патем, тие се договориле сите да бараат иста сума, без разлика на висината на платата што ја примал секој од нив. Така, судот отвора стечајна постапка за друштвото, чиј стечаен управник станува екс директорот Благоја Митушевски, под чија палка се продава дел од недвижниот имот, за да се обезбедат средства за покривање на неисплатените плати за вработените.

Според проценката извршена од архитектот Богосав Божиновски, „Интерпромет“ своевремено поседувал 18 објекти, чија вкупна површина изнесувала 35.436 квадратни метри, а нивната пазарна вредност надминувала 18 милиони евра. Всушност, пазарната вредност на имотот на друштвото е драстично поголем од неговата сметководствена вредност, која е претставена преку 70.000 акции со номинална вредност од 51 евро или вкупно 3.579.043 евра. Тоа значи дека кога се проценувала вредноста на друштвото, намерно или ненамерно, се утврдила непазарно ниска цена, веројатно со план и идеја да биде приватизирана за помалку пари.

Нејсе, најголема и највредна е стоковната куќа „Центар“ од 5.538 квадратни метри и 5 и пол милиони евра, по која следуваат магацинскиот простор „Матрез“ (3,3 милиони евра), стоковната куќа „Тетово“ (2,6 милиони евра) итн. Но, од цел имот на „Интерпромет“, за време на стечајот биле продадени мини стоковна куќа „Женска мода“ (милион евра), како и објектите „Златна кошута“ (250 илјади евра), „Пена“ (190 илјади евра), со што се расчистува со платите на вработените и на крајот на 1998 и почетокот на 1999 година тетовскиот суд носи решение за присилно порамнување и за затворање на стечајната постапка. Оттогаш до денес, друштвото поседува имот со површина од околу 30 илјади квадратни метри вреден над 15 милиони евра, кој неодамна се намали за околу илјада квадрати, откако еден од објектите го купи тетовскиот гигант „Ренова“ на Шефки и Аднан Идризи за нецел милион евра.

ПРОМЕНИ ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА

Впрочем, стечајната постапка на „Интерпромет“ се затвора една година откако по парламентарните избори во 1998 година на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ предводено од Љубчо Георгиевски, кој формираше влада со ДПА. Извесен период подоцна, директор на тетовски „Интерпромет“ станува тогашниот функционер на ДПА Рауф Рамадани, кој за време на владеењето на ДПА беше полициски началник и вршеше други јавни функции, а неодамна беше приведен за поседување оружје. Токму во негово време почнува купопродажбата на акциите на тетовското друштво за стопанисување со деловен простор.

Дотогаш, официјалните податоци говорат дека во акционерската структура на „Интерпромет“ доминирала државата со 41 отсто од акциите, додека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување поседувал 7 отсто, а остатокот од 51 отсто бил распределен меѓу над 200 акционери, чиј број со текот на годините постепено се намалува, за денес да падне до бројката од околу 130. Но, во 2000 година, во сопственичката структура на друштвото за прв пат влегува Фадил Алили од тетовско село Порој, кој, според упатените, важи за близок до ДПА. Тоа го потврдува и неговиот фејсбук-профил, кој изобилува со содржини поврзани со Тачи и неговата партија.

Освен што Алили почнува да купува акции од помалите акционери, тој ги купул и оние 7 отсто од акциите на ПИОМ за сума од 100, тогашни германски марки, што се случува во време кога министер за труд и социјала е Бедреден Ибраими, кој, патем речено, е и акционер во „Интерпромет“. Како што е познато, Ибраими беше член на Државната изборна комисија од редовите на ДПА, поради што беше првостепено осуден заедно со партискиот лидер Тачи и ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков за изборни нерегуларности преку одлука во ДИК во еден од трите случаи на СЈО под кодното име „Титаник“. Сепак, апелацискиот суд ја укина пресудата и го врати предметот во повторно одлучување.

Набргу потоа, Алили ги купи и оние 41 отсто од акциите на државата за сума од 800.000 евра, и покрај тоа што нивната вредност се проценуваше на десеткратно повеќе. Она што е симптоматично во врска со оваа трансакција е тоа што Алили ги купил акциите откако беа ставени на продажба по четврти пат, откако првите три обиди да продажба на акциите завршиле неуспешно. Конкретно, тој ги купил акциите за сума која 70 отсто од нивната номинална вредност, меѓутоа подоцна се испостави дека не била спорна постигната цена на акциите, туку спроведената постапка.

ДИСКОНТНА ПРОДАЖБА НА АКЦИИТЕ

Во меѓувреме, претставници на „помалите“ акционери во „Интерпромет“ покренале судска постапка против продажбата на државниот акции извршена преку тогашната Агенција за приватизација, сметајќи дека продажбата е незаконска. Меѓутоа, тетовскиот основен суд во 2003 година пресудил дека нема ништо спорно во оваа трансакција, бидејќи таа се извршила согласно подзаконски акт – правилник, а ваквата пресуда ја потврдил и повисокиот апелациски суд. Затоа, јавниот обвинител побарал ревизија на пресудата на апелација од страна на Врховен суд, кој во 2005 година донел одлука со која ја поништува продажбата на државните акции!

Како точно се одвивала контроверзната продажба? Откако поминал рокот за автономна приватизација на друштвото, преку неговото откупување од страна на вработените согласно Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал поминал, Агенцијата за приватизација го презела процесот за трансформација на претпријатието. Во таа насока, Агенцијата ги известила акционерите дека донела одлука и изготвила програма за приватизација согласно моделот на идеален дел на претпријатието, односно по пат на продажба на идеален дел уддели/акции на заинтересиран купувач, по пат на јавен повик или непосредна спогодба.

Врз основа на тоа, според информациите со кои располагаме, веќе непостоечката Агенција за приватизација на почетокот на 2000 година (22.03) преку еден дневен весник објавила јавен повик за прибирање на понуди за продажба на државниот уддел во „Интерпромет“ од 41 отсто, по кој пристигнале 4 понуди на маса, но не е извршен избор. Набргу потоа, се објавува продажба по вторпат и се оддржува јавно наддавање (19.04), на кое најповолна понуда во конкуреција на уште еден понудувач доставил токму Алили,во износ од 5 милиони евра, што е за повеќе од 3 пати повеќе од номиналната вредност. Арно ама, во предвидениот рок од 30 дена тој не склучил договор со Агенцијата, по што Алили ја загубил кауцијата уплатена при постапката за јавно наддавање во вредност од над 4 милиони евра.

Откако овие 28.708 акции не биле продадени во оваа фаза, „Интерпромет“ ѝ ги префрлил акциите на Агенцијата за приватизација, која во истата година (27/28.09) донела одлука за продажба на акциите на првата следна сесија на Македонска берза по цена од 50 евра од акција. Арно ама, тогаш не се извршила продажба, бидејќи не пристигнала ниту една понуда, па директорот на Агенцијата го повлекол налогот по оваа цена. Кон крајот на годината (13.10), Агенцијата донела нова одлука за продажба на акциите, но овојпат по цена од 15 евра, или за 70 отсто помалку од нивната номинална вредност. Тогаш (16.10), акциите ги купува Алили.

ПОНИШТУВАЊЕ НА НЕЗАКОНСКАТА ПОСТАПКА

Оттука произлегува дека Фадил Алили, наместо да плати 5 милиони евра за 28.708 државни акции (41 отсто), колку што понудил по втората продажба која никогаш не се реализираше, тој ги стекна акциите за вкупно 430.000 евра, иако нивната номинална вредност изнесувала 1.435.400 евра. Сепак, оваа продажба е поништена од страна на Врховниот суд, кој сметал дека е извршена спротивно на законите што ја уредуваат оваа сфера, меѓу кои се Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (Член 32 и Член 95) и Законот за парнична постапка (Член 351, Член 340).  Што се однесува до политичкиот контекст, треба да се посочи дека оваа судска одлука доаѓа во 2005 година, кога СДСМ беше на власт заедно со ДУИ, а ДПА беше длабоко во опозиција.

Инаку, на средината на 2004 година, Јавниот обвинител пред Врховниот суд покренал барање за заштита на законитоста против пресудите на Основниот суд во Тетово и на Апелацискиот суд во Скопје, кои претходно пресудуваат дека продажбата на државните акции во „Интерпромет“ била во ред. Притоа, тогашниот заменик-јавен обвинител на РМ, Клео Бубевска навела дека пониските судови сториле суштествени повреди на парничната постапка и погрешна примена на материјалното право, поради што му предложила на највисокиот суд во рамки на судската хиерархија да ја укине правосилната пресуда.

Врз основа на тоа, Врховниот суд во 2005 година ја прогласува продажбата на државните акции на „Интерпромет“ за ништовна. Во образложението на ваквата пресуда се наведува дека пониските судови оцениле дека Агенцијата ја извршила продажбата на 41 отсто од акциите согласно владината Уредба за начинот и постапката за продажба, меѓутоа, како што наведува судот, овој подзаконски акт не може да го заобиколи Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, кој во членот 95 став 2 превидува на продажбата да и претходи соодветна јавна објава преку гласилата за информирање.

Како што оценил Врховниот суд, Агенцијата за приватизација, која ја водеше постапката за продажба на акциите, објавила јавна објава за првите 3 обиди за продажба, но тоа не го сторила пред четвртиот успешен обид, со што не било усполнето начелото за јавност при продажбата. Според судот, четвртиот успешен обид за продажба на акциите не е продолжение на претходната постапка, туку станува збор целосно нова одлука на агенцијата за продажба на акции, и тоа по драстично пониска цена. Врз основа на тоа, врховните судии заклучиле дека договорот за продажба на акциите е без правно дејство, бидејќи постапката се случила спротивно на законот.

НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА ПРОМЕНИ

Со тоа, Фадил Алили загуби 41 отсто од акциите во „Интерпромет“, каде што доминантен играч повторно стана државата, која подоцна му ги предаде повратените акциите на ПИОМ. Меѓутоа, Владата, односно Фондот, долги години одбиваше да назначи владин повереник кој ќе го води друштвото, така што извесен период и после пресудата на Врховниот суд за поништување на клучната продажба се уште го управуваше старата структура блиска до ДПА. Во тој период, екс лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски беше избран за претседател на државата, додека неговите места како лидер во СДСМ и премиер ги зазеде Владо Бучковски, кој во одреден период отвори дијалог со Тачи за надминување на тогашната политичка криза.

Дел од поранешните вработени во „Интерпромет“, кои сè уште се малцински акционери, потсетуваат дека во периодот при преминот од 2005 кон 2006 година ДПА го напушти парламентот, за по 9 месечен бојкот се врати во парламентот. Во меѓувреме, тогашниот премиер Бучковски оддржуваше одредена комуникација со Тачи (позната е фамозната средба на бензиската „Петрол компани“ на автопатот Скопје-Тетово), во чии рамки, според дел од вработените, сигурно се разговарало и за „Интерпромет“. Токму затоа, се сомневаат тие, владата не назначувала повереник, се до периодот кога се доближија парламентарните избори во 2006 година, кога за повереник беше назначен стручњакот Миодраг Ѓорѓески.

При ваква констелација на односите, кога доминантен акционер беше државата, додека „помалите“ акционери од редот на поранешните вработени беа групирани и поставени контра Алили, се оддржа годишно Собрание на акционери во јули 2006 година. На собранието не се прифати Извештајот за работа на раководството, што значеше дека тогашниот Управен и Надзорен одбор паѓаат. Во таква ситуација, луѓето блиски до тогашното раководство ја запленуваат документацијата и го саботираат собранието, по што законот предвидува во рок меѓу 8 и 15 дена да се изберат нови органи за управување и надзор.

Владиниот повереник Ѓорѓески во известување до ПИОМ до кое дојдовме наведува дека на седницата првично биле пуштени дел од помалите акционери-работници, но нему не му било дозволено да влезе, иако е овластен застапник на 41 отсто од акционерскиот капитал. Но, по инсистирање на Гордана Глигорова, Живко Андреевски и други акционери, тој бил пуштен активно да учествува во неговата работа, при што укажал дека не го прифаќа извештајот за работа на раководството за 2005 година поради тоа што бил незаконски (без наведени примања, бонуси на членови на УО и НО), како и поради континуираните загуби без да се понудат излезни решенија, со цел да се спречи, како што посочил, трендот на обезбвреднување на имотот.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА АКЦИОНЕРСКИОТ КАПИТАЛ

Така, извештајот не се усвои, претседавачот на собранието Ѓорѓи Димитров – адвокат кој претседава со овластување на највлијателниот акционерот Фадил Алили – и управителот на друштвото Рауф Рамадани, ја напуштаат седницата. Меѓутоа, пред да истече рокот од 15 дена за екипирање на нови органи, се формираше нова влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, кој за коалициски партнер ја зема ДПА. Веднаш потоа, повереникот Ѓорѓески беше променет од позицијата, а на негово место бил назначен просветниот работник Авдиљ Беџети.

При таквата разврска на настаните, стотина вработени и помали акционери на „Интерпромет“, кои долги години водат битка за превласт во друштвото, за влакно не успеаат да постават свое раководство додека политичката атмосфера одеше во нивна корист. Откако ДПА повторно дојде на власт во периодот од 2006 до 2008 година, процесите заземаа сосема друг правец. Односно, ПИОМ во 2007 оттуѓува околу 9.700 акции со номинална вредност од 485.000 евра, што значи дека Фондот продаде 14 отсто од акциите што ги поседуваше и остана да располага со 27 отсто. Поради ваквата одлука, Фондот беше мета на напади од засегнатите страни и експертската јавност дека свесно се откажува од статусот да биде мнозински акционер.

Според податоците што ги обезбедивме од Централниот депозитар на хартии од вредност, во периодот 2006-2008 година, Алили поседува 34 отсто од акциите, кои ги стекнал купувајќи ги оние 7 отсто од ПИОМ уште во 2000 година, додека остатокот од 27 отсто го купил од помалите акционери. Дотогаш, ПИОМ поседува 41 отсто од акциите, меѓутоа во септември 2007 година му ги продава споменатите 14 отсто од акциите на извесен Шериф Гафури. Па, тој се јавува како сопственик на овие акции заклучно со декември 2008 година, кога исчезнува од листата на акционери.

Паралелно со тоа, во списокот со акционери што поседуваат над 5 отсто од акциите во „Интерпромет“ влегува братот на лидерот на ДПА Мендух Тачи – Харун Тачи, кој тогаш поседува скоро 19 отсто од акциите. Очигледно, братот на лидерот на ДПА ги презел акциите од Гафури и дополнително откупил акции од помалите акционери. Во следните неколку години, тој малку по малку го зголемува бројот на акции, така што во 2017 година достигнува овој процент 23 отсто, кои се повеќе од доволно за да обезбедат мнозинство акционерската структура на друштвото заедно со оние 34 отсто што ги поседуваше Алили.

СТЕКНУВАЊЕ ЦЕЛОСНА КОНТРОЛА

Вака стојат работите сè до преминот од 2018 кон 2019 година, кога доминантиот индивидуален акционер Алили ги купува сите 27 отсто акции на ПИОМ, при што на извесен начин се повторува постапката од 2000 година. Во тој контекст, Фондот под управа на директорот од ДУИ на Шаип Зендели прво ги понудил на продажба сите над 18 илјади акции кон крајот на 2018 година по почетна цена од околу 50 евра по акција, но тогаш не се јавил ниту еден заинтересиран, па акциите повторно биле ставена на продажба во јануари минатата 2019 година. При повторената продажба, акциите ги купил Алили по цела од преполовена цена од 25 евра по акција, односно за вкупно 478.000 евра, што се случува откако ДПА стана дел од владата кон средината на 2018 година и ги поддржа уставните измени согласно Преспанскиот договор.

Како и да е, денес Алили самостојно контролира мнозински пакет во „Интерпромет“, имајќи предвид дека поседува 61 отсто од акциите, по што следува Харун Тачи со 23 отсто, додека останатите 16 отсто се распределени меѓу моментално 130 помали акционери, чие влијание моментално е минорно. Според податоците објавени од Македонска берза, во последните три години „Интерпромет“ бележи раст на приходите, а со тоа и на добивката, која во 2018 година изнесувала 67.000 евра. Сепак, 20 години наназад ниту еден акционер не добил дивиденда, бидејќи средствата одат за покривање на долгови.

Моментално, во управувачките органи на „Интерпромет“ има многу луѓе кои може да се доведат во корелација со ДПА. Во Управниот одбор членува некогашниот пратеник од оваа партија Билал Лутвии и советникот во општина Теарце од редовите на партијата Мехмет Мехмети. Своевремено, пак, дел од Надзорниот одбор биле некогашниот министер за економија од редовите на ДПА Бесник Фетаи, како и екс директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Идриз Цека. Порано, секретар на друштвото бил споменатиот Ибраими, кој воедно е и акционер заедно со други стотина лица, меѓу кои е и сопругата на Народниот правобранител Иџет Мемети.

Во последните неколку години, помалите акционери се обиделе да покренат нова судска постапка, наведувајќи дека деловен простор се продава и издава на сомнителен начин и им се дава на користење на подобни луѓе за багателни цени. Но, јавното и веќе непостоечкото Специјалното обвинителство ги одбило нивните барања, оценувајќи дека нема доволно елементи за преземање на надлежност и за покренување на кривична постапка. Исто така, не помогнале ниту бројните средби што акционерите ги оствариле со претставници на политичкиот врв, па засега Алили и Тачи можат мирно да ја водат тетовската компанија.

Интерпромет“, ДПА и ПИОМ без одговор
КАКО СЕ СЛУЧИ ПРОМЕНАТА НА СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА?

За потребите на темата, упативме неколку прашања до компанијата „Интерпромет“,како и до политичката партија ДПА, поврзани со приватизацијата на друштвото, околу обвинувањата за незаконска промената во сопственичката структура,како и за релацијата на најголемиот акционер со ДПА и Мендух Тачи итн.

Меѓутоа, до затворањето на весникот не добивме никакви одговори.

Ниту од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не одговорија зошто одлучиле да ги продадат акциите во тетовското претпријатие, и тоа за двојно помала цела од номиналната, која и онака е далеку под пазарната вредност?


Пресуда, па помилување
ИВАНОВ ГО ПОМИЛУВАЛ ОСУДЕНИОТ АЛИЛИ ЗА ФИЗИЧКИ НАПАД

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2013 година донел одлука за помилување на лицето Фадил Алили од тетовски Порој, со што тримесечната затворска казна му ја заменил со условна затворска казна од 2 години, доколку, се разбира, го повтори делото, објавено е на Службен весник.

Од претседателскиот кабинет ни појаснија дека станува збор за одлука за помилување на лице кое било првостепено осудено на 6 месеци затвор како второобвинето за физички напад, но подоцна од страна на повисоките судови била преполовена казната на 3 месеци.

На крајот, по барање на Министерството за правда, кое тогаш беше раководено од Блерим Беџети, експретседателот на државата донел одлука за помилување на лицето,чие име и презиме и место на живеење одговара на мнозинскиот акционер на „Интерпромет“.


Јаневски, Серафимовски, Елези – малцински акционери
НИЕДНА ИНСТИТУЦИЈА, НИТУ ПОЛИТИЧАР НЕ РЕАГИРА ЗА ГРАБЕЖОТ НА „ИНТЕРПРОМЕТ“

Фокус“ разговараше со неколку претставници на стотина помали акционери во „Интерпромет“, чиј број денес е преполовен во однос на почетните години, поради тоа што, како што велат, многумина одлучија да ги продадат акциите и да се ослободат од притисоците.

Еден од нив е поранешниот претседател на Управниот одбор на „Интерпромет“, Иван Јаневски, кој вели дека во периодот од 2016 година досега реагирале кај Јавното обвинителство, Специјалното јавно обвинителство и кај Народниот правобранител, меѓутоа на ниту една адреса не наишле на позитивен епилог.

Неодамна јас лично бев на средба кај тогашниот министер Зоран Шапуриќ, кому му ја раскажав приказната за грабежот на „Интерпромет“. Тој ме праша дали ние како акционери сме подготвени да ги купиме акциите што ги купија блиски на Тачи и јас му одговорив дека сме спремни да го направиме тоа на ист начин како и тие – со пари од „Интерпромет“ – раскажува Јаневски.

Поранешниот комерцијален директор на тетовското претпријатие, Благоја Серафимовски, пак, раскажува дека своевремено во врска со „Интерпромет“ оддржале средби со многу видни политичари, при што, според него, екс премиерот и претседател Бранко Црвенковски се заложил за правна разрешница на случајот.

Со Црвенквоски се сретнавме во Лешок, по што иницираше да се покрене судска постапка постапка. Тој побара да се постапи исклучиво законски, и после тоа следуваше пресудата на Врховниот суд со кој се поништи првата продажба на акциите на ПИОМ. Сепак, после тоа дојде Бучковски и тој цела година не назначуваше владин повереник во „Интерпромет“ – вели тој.

Уште еден малцински акционер, Јусуф Елези, открива дека во однос на „Интерпромет“ разговарал со вицепремиерот Бујар Османи, кој, според него, му рекол дека за последната продажба на акциите од страна на ПИОМ ќе разговара со екс премиерот Зоран Заев.

Бевме на средба и кај Заев. Беше коректен и рече дека не може да врши притисок, но вети дека ќе се обиде да побара барем да ни бидат вреднувани акциите како што треба. Ние тоа бараме, или да ни ги купат акциите по нормална цена или да ги вработиме нашите деца и внуци – истакна Елези.

Поврзани новости