ВМРО-ДПМНЕ веднаш по селењето на Илинденска екпресно донесоа одлука да бидат разрешени сите економски директори на клиниките, за кои во последните 18 години се трошат околу 2 милиони евра на годишно ниво само за плати. Тие ги дотуркаа и јавните здравствени установи до долгови од вртоглави 100 милиони евра.
Веднаш по седнувањето на Арбен Таравари на министерското столче во секторот здравство беа разрешени осум директори, кои фигурираа како вршители на должност. Сепак, останаа уште 40 раководни позиции за сите оние кои имаа менаџерски договори, но на собраниска седница на 13 август, годинава беа усвоени Измените во Законот за здравствена заштита, со кои се укинуваат и овие позиции.
Само две недели претходно, поточно на 1 август, 2024 година„Фокус“ објави дека на скопската Клиника за детски болести, новиот директор Реџеп Мемеди измислува ново работно место консултант за да може да го врати својот братучед Аљајадин Мемеди, кој претходно беше економски директор на клиниката и беше разрешен поради наводни злоупотреби констатирани во извештајот на ДЗР. Целиот текст во прилог:
Текстот е објавен на 1 август, 2024 година во неделникот „Фокус во бројот 1.504
Откако на директорската фотелја на Детска клиника седна Реџеп Мемеди, веднаш како негова десна рака секојдневно се појавува неговиот братучед Аљајадин Мемеди, кој не е работно ангажиран и никој не знае во која улога доаѓа. Сепак, братучедот не е анонимен лик, туку тој до пред две години беше економски директор на истата клиника и беше разрешен поради наводни злоупотреби констатирани во извештајот на ДЗР. Дури, клиниката води и судски спор против него за враќање пари. Од друга страна, пак, актуелниот директор упорно го брани, тврдејќи дека е погрешно пресметан коефициентот за плата, па затоа тој имал 2.300 евра повеќе и дека нема никаква црна дамка во неговата кариера, освен што финансиски ја подобрил работата на клиниката. Дури размислува и повторно работно да го ангажира како консултант.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Години наназад, скопската Клиника за детски болести ја тресат разни скандали, а не стивнуваат реакциите за случувањата и по доаѓањето на новото раководство. Сето тоа се случува во болница, во која се лекуваат најтешкоболните деца. Клиниката врие од дечиња на кои им е потребна здравствена нега, добра организација и посветеност.
„Секое дете во Македонија и регионот да има соодветен пристап до врвна здравствена грижа, која е ориентирана кон пациентот и неговото семејство“.
Ова е само една од пораките, која може да се прочита на официјалната веб-страница на клиниката, во која има дури 28 оддели, интензивна нега и терапија, хематологија, онкологија, ревматологија, оддел за белодробни инфекции и хронични пневмонии…
Факт е дека од болницата досега излегле многу деца, чиј живот бил спасен, но факт е и тоа дека многу лекари специјалисти и професори низ текот на годините ја напуштија Детската клиника и заминаа во приватните болници, поточно повеќето отидоа во болницата на бизнисменот Орце Камчев, кој отвори приватна педијатрија во „Аџибадем Систина“.
Огромните суми што им ги нуди, како и нарушените меѓучовечки односи се главните причини врвните стручњаци да ги спакуваат куферите и да заминат од болницата, во која оставиле повеќе од 25 години и каде што ја граделе својата долгогодишна кариера.
Не поминува период без во болницата да „пукне“ некој скандал, па последното нешто што го достигна врвот беше местенката на медицинската сестра, која наводно претепала тримесечно бебе затоа што мајката не зборувала на македонски јазик.
Во рок од само неколку часа, сите се кренаа на нозе, а на приказната најубаво наседна актуелниот министер за здравство, Арбен Таравари и новиот директор Реџеп Мемеди, кои дури и го посетија семејството на бебето.
И покрај брзите реакции дека тоа не е точно, ништо немаше да ја спаси сестрата да не беше заканата од нејзиниот сопруг дека ќе ги тужи, па на крај сѐ се сведе само на обично „недоразбирање“.
Ова е само еден пример како некој вработен на клиниката може да заврши на „бесилка“ што од тие внатре, што од тие надвор. Не дека и таму се сите цвеќиња, сепак оваа болница е позната и популарна по нарушените меѓучовечки односи, кавгите меѓу лекарите, местенките, како и борбата за директорските места.
Сето тоа влијае врз самите деца, кои таму се лекуваат, а некои и со години.
КОЈ Е АЉАЈАДИН МЕМЕДИ?
Пред речиси две години, во периодот кога со Министерството за здравство управуваше Беким Сали, од функцијата економски директор на Клиниката за Детски болести беше разрешен Аљајадин Мемеди.
Тој, првично на директорското столче седна како кадар од редовите на ДУИ, но откако настанаа проблемите во партијата, како и поделба на подобни и неподобни, тој преминува на страната на „огнените“, под раководната палка на Изет Меџити.
Во тој период и беше кавгата меѓу поранешните сопартијци во ДУИ, па „огнените“ ги наброија сите жртви што се најдоа на отстрел кај „интегративците“. Тие го обвинија директно Артан Груби, десна рака на лидерот Али Ахмети дека ги тргнал сите од функциите, затоа што им свртеле грб. Но, колку е тоа точно, ќе покаже времето.
Мемеди, во 2022 година беше разрешен од функцијата организациски директор на клиниката, со образложение дека се утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на Фондот за здравство на работењето на Детската клиника.
Се тврдеше дека во негово време, додека ја извршувал функцијата, биле направени низа неправилности и злоупотреби, кои биле утврдени за време на контролата.
„Организацискиот директор на оваа Клиника се разрешува од функцијата пред истекот на времето за кое е именуван поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на работењето на оваа Клиника. Контролата е спроведена од Фондот за здравствено осигурување“, се наведуваше тогаш во соопштението од ресорното Министерство.
Но, по две години, работите се менуваат, па поранешниот економски директор редовно може да се види во старата канцеларија на Детската клиника, но никој не знае во која улога.
Дел од вработените се прашуваат што работи постојано таму кога повеќе нема никаква допирна точка со болницата, во која ги менаџирал финансиите неколку години? И одговори на нивните прашања не дава никој.
– Нека ни објасни што бара таму и зошто постојано е во канцеларијата како да е вработен на клиниката. На платен список го нема, да доаѓа како гостин, ќе се појави еден час и ќе си замине, а нема да биде цело работно време. Трагично е до кое дереџе стасавме – револтирано коментираат дел од лекарите во болницата.
Сепак, тоа што не е познато во јавноста е дека поранешниот економски директор е братучед на актуелниот медицински директор Реџеп Мемеди, за кој цела клиника се крена на нозе откако беше најавено дека ќе ја преземе директорската позиција.
Според нашите информации, екс организацискиот директор, пред две години го вработил сегашниот директор директно на функција, како раководител на Одделот за неонатологија. Така што, двајцата братучеди очигледно меѓусебно си помагаат.
Во моментов, скопската Детска клиника има организациски директор, Аркин Јахији, од редовите на ДУИ, кој не го фати метлата, кога беа разрешени економските директори пред еден месец бидејќи има менаџерски договор и затоа мора да се донесе закон во Собранието.
Во меѓувреме, беа разрешени десетина организациски директори, кои се водеа како вршители на должност.
„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со актуелниот директор Мемеди за да ни објасни што се случува на клиниката, дали станува за негов братучед и зошто е постојано таму, иако е разрешен од функцијата пред две години?
–Кај мене доаѓаат десетици луѓе дневно. Тој што го споменувате не е мој прв братучед. Имам многу работа тука и многу обврски, кои треба да ги направам во интерес на децата и затоа сум тука на оваа Клиника за да подобриме многу работи – истакна Мемеди во изјава за „Фокус“.
ДЕТСКА КЛИНИКА ГО ТУЖИ ЕКС ДИРЕКТОРОТ
Тоа што најмногу создава револт кај вработените е што Аљајадин Мемеди е постојано на клиниката, а последните информации се дека може да биде работно ангажиран, и тоа како консултант.
Откако пред две години бил разрешен, тој за првпат на Детска клиника се појавува веднаш по назначувањето на новиот директор, со кој е во роднинска врска.
Но, тоа не се сите случувања поврзани со екс организацискиот директор. Според нашите информации, Мемеди има судски спор со Клиниката за детски болести, баш за тие злоупотреби што се констатирани во извештајот на ДЗР.
Поточно, Државниот завод за ревизија покажува дека клиниката му исплатила 2.300 евра повеќе со погрешно пресметан коефициент во времето додека бил менаџер, со што бараат од него да ги врати парите во болничката каса.
Тужбата била поднесена во периодот кога медицински директор била доктор Валентина Цвејоска-Чолаковска, која управува со клиниката само неколку месеци, поточно сѐ до промената на власта.
Првично, тој по разрешувањето добива решение за да ја врати сумата, која ја должи, на што тој ја игнорира клиниката, за подоцна во март на негова адреса да стигне и тужба.
Оттука, Мемеди преговара со правната служба на клиниката, но во меѓувреме се таложеле камати, кои тој никако не сака да ги плати и судското рочиште е закажано за во ноември, годинава. Во негово време имало и неколку заостанати режимски сметки, кои потоа довеле и до тужби.
„Фокус“ на ова тема поразговара и со новиот директор, кој првично ни рече дека не се први братучеди, но ни потврди дека се братучеди и даде свое видување околу тужбата на поранешниот економски директор.
–Тој е разрешен политички и е колатерална штета. Кај него не е најдена направена никаква злоупотреба. Тој добивал плата по коефициентот, по кој добивал и претходниот економски директор. Тоа го прават Управен одбор и правната служба на клиниката и Аљајдин нема никаква врска со тоа – вели Мемеди за „Фокус“.
Тој уште додава дека екс директорот добил две решенија досега од Управен суд во негова корист, поточно дека е неправедно разрешен.
– Во време на Венко Филипче, тој ги покачува коефициентите само на медицинските директори, со што се врши дискриминација меѓу нив и економските и така тие одлучуваат да си земаат плата со ист коефициент. Тој ниту барал, ниту знаел како функционира работата со коефициентите.
Во негово време се направени само финансиски подобрувања на клиниката, нема ниту една црна дамка. Сега во моментот се води постапка пред Уставен суд, дали одлуката на Филипче е дискриминаторна и затоа адвокатот на нашата клиника го става овој процес во мирување – истакна Мемеди.
На прашањето – што бара поранешниот организациски директор и негов роднина постојано на клиниката откако станал директор и дали планира работно да го ангажира, тој кратко вели:
„Тоа е моја политика што ќе направам. Таков човек, кој позади себе има успешни проекти и прават добри дела само можат да помогнат на клиниката“.
Оттука се поставува прашањето – зошто се разрешуваат економските директори ако актуелните имаат одврзани раце да ангажираат консултанти, колку само да им најдат работа?
Како што досега објавивме, директорите на 32-те скопски клиники беа разрешени со брзина на светлината. Според досегашната пракса, тие беа поделени, односно повеќето отидоа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, додека пак дел доби и ВЛЕН.
Ако станува збор за директори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш одлуката се носи во Белата Палата и список со имиња се испраќа до министерот Арбен Таравари, додека пак за остатокот одлучуваат сами, односно само за тие клиники кои отишле во рацете на ВЛЕН.