Текстот е објавен на 30 ноември 2023 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.469.
Во далечната 2014 година беше удрен камен-темелник за изградба на нов објект со театар, кино и библиотека во Тетово, кој не е завршен една деценија подоцна. Овој договор вреден 13 милиони евра го доби тетовската „Урбан План Конструктион“, која ја завршила градбата во 2019 година, откако претходно проектот претрпел измени. За овие постапки, истрага води Финансиската полиција. Надзорот над градбата, пак, бил ангажиран за 4 пати пониска цена од проценетата вредност на зделката. Во 2021 година склучен е и договор за внатрешно уредување за 23 милиони евра, кој го добил уште една тетовска компанија – „НБ-Цомпану“, откако странските „Пе-Вла-Ку“ и „Штрабаг“ биле елиминирани, а домашната „АК-Инвест“ не пружила жестока битка на електронската аукција. Што друго откри истражувањето на „Фокус“?
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Уште во далечната 2010 година беше ветена изградба на нов дом на културата во Тетово, кога тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го претстави идејното решение за изгледот на мултифункционалниот објект, во чиј состав се предвидува театар, кино и библиотека со читалници. Четири години подоцна, во 2014 година беше удрен и камен-темелник за изградба на објектот.
За потсетување, во тој период градоначалничка на Тетово беше Теута Арифи, долгогодишен висок функционер на ДУИ, која тогаш беше дел од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. За тоа колку е далечен овој период, најдобро говори фактот што Арифи веќе е политички пензионирана, додека Груевски мораше и да побегне од земјава за да избегне извршување затворска казна.
Но, да се фокусираме на новиот културен дом Тетово, кој, како што беше првично најавено, требаше да биде изграден за 3 години, за 13 милиони евра. Впрочем, овие средства ги префрла Владата преку Министерството за култура, тогаш предводено од Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ, еден од опозициските пратеници што стисна зелено копче за Преспанскиот договор во замена за амнестија или други концесии.
– Сметам дека новиот објект ќе овозможи подобри услови за реализирање на културните активности во Тетово и Тетовско и претставуваше голема потреба за сите жители, без разлика на нивната национална и верска припадност – изјави при поставувањето на камен-темелникот, директорот на Центарот за култура, Хаки Фазлиу, кој беше и координатор за реализација на проектот.
На настанот присуствуваше и тогашниот државен секретар во Министерството за култура, Бехиџудин Шехапи, поранешен пратеник од редовите на ДУИ. Како што истакна тој, поставувањето на камен-темелникот за објектот во Тетово „недвосмислено ја покажува намерата на Владата и Министерството за изградба на нови објекти, онаму каде што има потреба“.
– Сметам дека новиот театар и библиотеката ќе бидат нов импулс за развој на културата, соживотот и Тетово како град на културата, кој имаше нужна потреба за еден ваков објект. Идејното решение за овој проект доби и меѓународна награда и кога ќе се изгради, ќе претставува модерна градба, која е во тек со модерните светски стандарди – ентузијастички рече Шехапи.
Воедно, на свеченоста присуствуваа тогашниот вицепремиер Муса Џафери, кој беше тоа што денес е Артан Груби – десна рака и најверна сенка на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Присуствуваше и актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими, спикерот кој тогаш беше пратеник – Талат Џафери, како и други припадници на политичката елита на „интегративците“.
Со други зборови, албанската владејачка партија стоеше зад овој проект, со цел, се разбира, и политички да профитира, во смисла на поголема поддршка од граѓаните, кои би го ценеле тоа што добиле нов објект од областа на културата. Арно ама, оттогаш минаа речиси 10 години и проектот сѐ уште не е реализиран, а во меѓувреме неговата цена значително порасна.
Имено, 13 милиони евра е вредноста само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи. Но, 5 години подоцна, односно во 2019 година, кога ДУИ го менува партнерот и почнува нова владејачка ера со СДСМ, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот. Дополнително, овој проект „изеде“ државни средства и за изработка и дополнување на проектот, ангажирање надзор итн.
Кога ќе се собере сето тоа, произлегува дека овој сѐ уште недовршен објект, кој се гради веќе цела деценија, надминува 36 милиони евра. Но, истражувањето на „Фокус“ открива дека се води истрага за тендерот за изградба на објектот според менуван проект, додека надзорот бил ангажиран за багатела. Покрај тоа, во постапката за опремување била „исчистена“ конкуренцијата од странство по што 2 тетовски компании одржале безмалку симболична лицитација.
ПРОМЕНИ НА ПРОЕКТОТ ЗАРАДИ МИНИМИЗАЦИЈА
За потребите на оваа сторија, уште во август годинава се обративме до Национална установа – Центар за култура „Иљо Антески Смок“, која е главен носител на културните активности во Тетово, што главно се остваруваат во стариот запуштен културен дом изграден во далечната 1975 година. Преку оваа институција оди и реализацијата на проектот за нов културен дом, кој е лоциран веднаш до постоечкиот.
Врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме документација за сите тендерски постапки, за изградба и опремување на објектот, за нарачка на проект, за ангажирање надзор. Првично ни доставија дел од документацијата, а уште еден дел плус обезбедивме по жалба до Второстепената комисија. Сепак, не добивме документи за 3 постапки, со образложение дека тие се доставени до Финансиската полиција.
Очигледно дека Управата за финансиска полиција, која функционира како самостоен орган при Министерството за финансии, покренала истрага поврзана со новиот културен дом. Колку долго трае оваа истрага и каков е епилогот, не успеавме да дознаеме, бидејќи не добивме никаков одговор од оваа институција. Воедно, се обративме и до Јавното обвинителство, но и од таму изостана известување дали примиле кривична пријава и дали е отворен предмет?
Како е да е, документацијата што ја обезбедивме содржи податоци и информации како досега течела децениската градба на објектот во Тетово, кој своевремено беше претставуван и како врвно архитектонско решение. Наместо репрезентативен мултифункционален објект за 3 години, објектот се гради веќе цела деценија, така што последното јавно дадено ветување за заокружување на проектот е крајот на 2025 година.
Сѐ почнува во 2012 година, кога „Н.У.Ц.К „Иљо Антески Смок“ склучува договор за „изработка на техничка документација“, во вредност од 442 илјади евра. Овој договор е склучен со тетовското друштво „Архинг Гроуп“ основанo во 2008 година, во сопственост на Мерита Хазари и Хекуран Хазари. Ревизијата на проектот, пак, ја правел „Градежен институт Македонија АД“ за сума од околу 44 илјади евра.
Токму тендерите за проектант и ревидент во 2012 година се меѓу постапките за кои нема објавено никакви информации на Бирото за јавни набавки, ниту некакви податоци ни доставија од „Иљо Антески Смок“, од причина што документацијата е одземена од Финансиска полиција. Во официјалниот допис што ни го достави тетовската јавна установа стои дека тоа е направено со записник изготвен во 2018 година.
– Ние го направивме проектот за објектот во соработка со „Светлост Театар“ од Белград, која го проектираше ентериерот – ни изјави Хазари, кој нема одговор на прашањето зошто подоцна биле направени измени на проектната документација од страна на друга фирма, ниту зошто со трета фирма бил склучен посебен договор за проект за внатрешно уредување, ако тоа, како што вели, било уредено со првиот проект во соработка меѓу „Архинг Гроуп“ и „Светлост Театар“?!
Три години подоцна, поточно во 2015 година, културниот центар склучил договор и со „Бесиан Мехмети Архитецтс“ на архитектот Бесиан Мехмети за измени и дополнувања на проектната документација, во вредност од 73.000 евра. За разлика од другите, овој договор е склучен по пат на преговори, без објавување оглас. Ја прашавме компанијата зошто била потребна измена на проектната документација?
– По барање на инвеститорот, по добивањето позитивна ревизија и градежна дозвола од Општина Тетово за проектната документација, направена е минимизација на првично проектираниот објект, во габарит и во избор на материјали и опрема неопходна за изведба на објектот Културно-образовен центар во Тетово, со нов театар и библиотека, а сѐ со цел да се намали инвестиционата вредност на објектот. За таа цел, изработен е Основен проект за измени во тек на градба.
Согласно Основниот проект за измени во тек на градба, објектот претставува комплексна целина, која во себе го интегрира театарот со сродни функции, библиотеката со придружните содржини, киносала, галерија, паркинг-простор, со цел да се овозможи зголемен интерес за посета на објектот. Минимизираниот објект сега е со катност, подрум, ниво -1 и -2, сутерен, приземје, кат 1 и кат 2 – кров, со вкупна бруто површина од 26.382 квадратни метри – ни појасни Мехмети.
ДОЛГА ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТОТ
Една година претходно, во 2014 година, културната установа успешно спроведува тендерска постапка за избор на изведувач на градежно-занаетчиски работи за нов објект по принципот „клуч на рака“. Овој договор вреден 13 милиони евра го добива тетовската компанија за изградба на станбени и нестанбени згради „Урбан План Конструктион“ основана во 2002 година, чиј сопственик е Сејди Шахсивари.
Од тие причини, се обративме до компанијата, прашувајќи дали овој тендер го добиле како единствен понудувач или имало конкуренција? Потоа, прашавме што пропишувал склучениот договор, во смисла на обврски и временски рокови, односно кога објектот требало да биде завршен, а кога тоа фактички се случило? Исто така, се интересиравме дали договорниот орган имал забелешки и дали надзорот утврдил пропусти? До затворањето на весникот, не добивме одговори.
Официјалните податоци од Централниот регистар говорат дека „Урбан План Конструктион“ има 2 фирми-ќерки за производство на електрична енергија – „Супер Нуова Енерги“ и Барт Енерџи“. Што се однесува до сопственикот Шахсивари, тој ја поседува и градежната компанија „Омега Инжинеринг“ заедно со Владимир Арсоски. Воедно, тој е управител на уште една градежна компанија – „Група Македонија Медикал“, во сопственост на неговата „Урбан План“ и бугарската „Понстрој Инжинеринг“.
Понатаму, треба да се истакне дека „Урбан План Конструктион“ беше дел и од секторот со одгледување марихуана за медицински цели, и тоа не со кој било, туку во партнерство со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев. Како што своевремено пишувавме, блиски роднини на Заеви, пред неколку години влегоа во сопствеништво на „МАМ Свети Николе“, каде што во еден период пристапува и компанијата на Шахсивари.
Според финансиските извештаи, „Урбан План Конструктион“, во последните 3 години остварува приходи од околу 190 милиони денари по година и воедно работи профитабилно, со вкупна добивка од околу 50 милиони денари. Дел од овие приливи доаѓаат како резултат на договори за јавна набавка со државни институции и органи, и на државно, и на централно ниво.
Проверката што ја направивме покажува дека ова друштво, најголемите договори во последниот период ги склучило со ПУИК, со министерствата за труд и социјала, образование и наука, екологија… Притоа, само за изградба на државни објекти, фирмата склучила договори во вкупна вредност од околу 4,8 милиони евра. Освен тоа, чистела диви депонии, градела водоводна и канализациска мрежа итн.
Додека го градела објектот на новиот културен дом во Тетово, во периодот од 2014 до 2019 година, надзор врз „Урбан План Конструктион“ вршела „Мегарон Инжинеринг“ на Бујар Муча. За таа цел, оваа скопска компанија, во 2015 година склучила договор во вредност од нецели 2 милиони денари, додека проценетата вредност на јавната набавка била 9,4 милиони денари.
Записникот од отворањето на понудите и извештајот од електронската аукција со кои располагаме откриваат дека на тендерот за надзор учествувале 6 компании, меѓу кои „Градежен институт Македонија АД“. Патем, учествувале и други истакнати субјекти, како „Заводот за испитување материјали и развој на нови технологии „Скопје АД“, германските „Геинг“ и „Диви“, скопската „Евро Консалтинг.
Во секој случај, овој договор завршува кај „Мегарон Инжинериг“, која од 7.785.000 денари, колку што изнесувала првичната понуда, на крај ја добива зделката со најниска понуда од 1.635.000 денари без ДДВ. Тоа било резултат на маратонско наддавање меѓу „Мегарон“ и „Скопје АД“, кои воделе битка да го добијат тендерот по секоја цена, откако останатите се откажале на сума од 4 милиони денари.
Иако ја прашавме компанијата зошто се нафатила да ја врши оваа работа за 4 пати помала цена од тоа што самиот договорен орган ја проценил зделката, сепак, не добивме одговор. Инаку, истата фирма во 2018 година го добила и тендерот вреден 4,5 милиони денари за изработка на проектна документација за внатрешно уредување, победувајќи ја на негативна лицитација веќе споменатата „Бесиан Мехмети Архитецтс“. Сепак, од таму нѐ информираа дека и тие работат на дел од проектот.
ВРЕДЕН ТЕНДЕР ЗА ВНАТРЕШНО УРЕДУВАЊЕ
Така, во 2021 година, „Иљо Антески Смок“ спроведува тендерска постапка и избира компанија што ќе ја реализира втората фаза од проектот. Изборот паднал врз уште една позната тетовска градежна компанија, „НБ-Цомпану“, основана во 2007 година. Нејзини сопственици се Бурим Ибиши и Насер Ибиши, кои се поврзани со уште 2 компании – „НБ-Гроуп“ и „Ган Логистик“. Сепак, водечката семејна компанија е „НБ-Цомпану“, која, исто така, имала плодна соработка со повеќе институции.
Конкретно, склучила договори со МОН за изградба на ново училиште во Мала Речица, во вредност од 86 милиони денари и за реконструкција на училиште во Кисела Вода, во вредност од 13 милиони денари. Повеќе договори има и со Општина Тетово, како на пример за интервентни работи, за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти од по десетина милиони денари. За издвојување е и договорот за поправка и изградба на зимски пунктови и складишта за патна сол вреден 65 милиони денари.
Интересно е што компанијата бележи раст на приходите веднаш откако во 2021 година го доби највисокиот тендер за внатрешно уредување на новиот културен дом во Тетово тежок 23 милиони евра. Доколку друштвото во 2020 година остварило приходи од 114 милиони денари, а во 2021 година од 158 милиони денари, веќе во 2022 година, или една година по вредниот договор, тие скокаат на 218 милиони денари. Лани, добивката изнесувала 68 милиони денари.
Што открива документацијата што ја обезбедивме за тендерската постапка за внатрешно уредување? На денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово. Двете странски фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. На аукција заминале двете тетовски компании, кои, пак, одржале безмалку симболично наддавање.
Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, за која пошироката јавност дозна по обелоденувањето на случајот со купувањето на деловниот центар „Соравиа“, каде што беше вмешан и внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – Дрин Ахмети. Како што е познато, тој го купи атрактивниот објект во центарот на Скопје, во партнерство со „Пе-Вла-Ку“ без да вложи ниту денар, односно парите ги даде албанската компанија преку блиска банка, а помладиот Ахмети доби малцински удел бидејќи ја водел оваа бизнис-операција.
При презентацијата на заедничката инвестиција во „Соравиа“ со Ахмети, говореше и Владимир Пјетeрѓокај, прв човек на албанската „Пе-Вла-Ку“. Тогаш, тој се пожали дека работи на крупни проекти во Албанија, Косово, Хрватска, Италија, но не и во Македонија, бидејќи не бил избиран и покрај тоа што поднесувал најповолни понуди. Во таа насока, посочи дека поднел најниска цена за изградба на автопатот кон Блаце.
Меѓутоа, тоа е лажно тврдење, бидејќи „Фокус“ објави истражување и за оваа автопатска делница и во ниту еден од документите не се сретнува „Пе-Вла-Ку“. Компанијата не е заведена дека учествувала на електронска аукција, ниту дека воопшто доставила првична понуда. Оттука, се обративме до албанската компанија и до ЈП за државни патишта, но никогаш не добивме одговор на прашањето, ако навистина оваа градежна фирма учествувала во една или во двете постапки, тогаш каква била нејзината понуда?
Од една страна, Пјетeрѓокај вели дека неуспешно учествувал на тендер каде што, барем официјално, никаде не е евидентиран. Од друга страна, пак, тој не спомена дека неговата компанија учествувала на тендерот за внатрешно опремување на новиот културен дом во Тетово, и тоа како носител на конзорциум во кој уште членувала и „Урбан План Конструктион“, која го градеше објектот.
Во секој случај, понудата на „Пе-Вла-Ку“, засилена со „Урбан План“, била одбиена поради формални недостатоци. Поточно, Комисијата за јавни набавки, во состав Фатлинд Алдини, Шевал Сулејмани и Шенаси Мемиши оценила дека Законот за јавни набавки дефинира дека гаранцијата може да се дава само во форма на банкарска гаранција, а не „понудувачот самиот да избира каков вид гаранција ќе поднесе“.
Во тој контекст, во образецот на записникот од отворањето на понудите може да се види дека „Пе-Вла-Ку“ поднела гаранција од косовската осигурителна компанија „Присиг“, додека останатите 3 компании доставиле банкарски гаранции издадени од 3 домашни банки, со тоа што вредноста на полисата/гаранцијата на албанската компанија е драстично повисока од оние на останатите компании.
ЕЛИМИНИРАНА КОНКУРЕНЦИЈА ОД СТРАНСТВО
Во рамки на тендерот за ентериерно уредување на новиот тетовски културен центар учествувала уште една странска компанија. Станува збор за „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не биле доволни за „Штрабаг“ да „преживее“ на тендерот. Од компанијата побаравме коментар за ваквиот епилог, но не го добивме.
За разлика од останатите понудувачи, „Штрабаг“ не настапил со конзорциум, но пријавил поддршка од „Страбаг АГ-Подружница Скопје“, „Алпине-Проект“, „Марел Инженеринг“ и „Монтимпекс-Инженеринг“. Но, токму деловно-техничката соработка со овие компании му „пресуди“ на „Штрабаг“, бидејќи, како што оценила Комисијата, австрискиот гигант не доставил документи за субјектите со кои соработувал во смисла на исполнети услови и причини за исклучување од постапката.
Во таков случај, евалуацијата ја минале само 2 компании, меѓу кои и „АК-Инвест“, уште една позната тетовска градежна компанија, основана во 2005 година. И таа е активна во секторот со производство на струја од обновливи извори на енергија преку „АК Хидро 2016“ и „Ани Енергетик“. Компанијата е во сопственост на Азби Ибрахими, чиј син Фитим Ибрахими, колку за информација, своевремено ја основаше компанијата за трговија со струја „У Повер“, заедно со Аријанит Џафери, син на Муса Џафери од ДУИ.
Кога говориме за зделката за внатрешно уредување, „АК-Инвест“ настапила во групација со тетовската „Еуровиа“ и скопската „Бауер БГ“. Оваа компанија ја минала евалуацијата и на електронска аукција се соочила со „НБ-Цомпану“, која, пак, предводела конзорциум во кој членувала и „Пелагонија-Гостивар“. На крајот, „НБ-Цомпану“ го добила тендерот, но изостанала реална битка.
Во секоја тендерска постапка, секоја компанија тргнува од првичната цена што ја поднесува на денот на отворање на понудите. Во оваа постапка, најниска првична понуда доставила „АК-Инвест“ од 1.197.885.392 денари без ДДВ. Потоа следува понудата на „Пе-Вла-Ку“ со 1.221.697.589 денари. Првично, дури трета била понудата на „НБ-Цомпану“ од 1.227.813.262 денари. Највисока била понудата на „Штрабаг“ од 1.506.937.759 денари.
На лицитација отишле „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“ со првичните понуди како стартни позиции. Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите. Меѓутоа, Комисијата побарала објаснување од двете тетовски компании за невообичаено ниските цени, по што била извршена корекција на понудите.
Практично, тоа е направено со т.н. исправање на аритметичка грешка, по што првичната понуда на „АК-Инвест“ од 1.197.885.392 станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ од 1.227.813.262 станала 1.230.545.077 денари. Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари, што било и конечна цена.
„Кога стигнавме до цената што беше утврдена како крајна (црвена линија), претходно и заеднички утврдена од сите страни на групата, престанавме со понатамошно наддавање. На избраниот Изведувач му посакуваме успешна работа и договорените работи да ги заврши во предвидениот рок се со цел крајниот корисник да има адекватен објект според техничката спецификација и проектната документација“, ни одговорија од „АК-Инвест“.
Се обративме и до избраниот изведувач „НБ-Цомпану“, но до влегувањето на овој број во печат не добивме одговори на прашањата како тече спроведувањето на овој договор, дали досега се почитуваат преземените обврски и предвидената динамика, кога е крајниот рок за реализација на договорот и дали ќе биде испочитуван? Исто така, побаравме одговор и за долгот од 8 милиони денари по основ на ДДВ до УЈП.
Оваа сторија за децениската сага околу новиот културен центар во Тетово, кој се гради веќе десетина години, да ја заокружиме со податокот дека надзор врз изведувањето на ентериерно уредување врши италијанската компанија „ЕОС Е.Е“ за нецели 18 милиони денари. Сепак, од таму не добивме одговор дали досега се нотирани одредени неправилности или отстапувања од проектот.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОСТАПУВА – КОНЕЧНИОТ ЗБОР ЗАВИСИ ОД ЕКОНОМСКО ВЕШТАЧЕЊЕ!
Во врска со првиот тендер за изградба на новиот културен дом во Тетово, од Финансиската полиција ни посочија дека преземаат мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност. Сепак, додаваат дека сите дејствија преземени во рамки на предистражна постапка се сметаат за тајна.
„Ве информираме дека од страна на Управата за финансиска полиција е постапувано по предметот кој е од Ваш интерес, и во рамки на надлежностите согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка од наша страна е доставен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од таму.
Оттука, се обративме и до Јавното обвинителство, од каде, пак, не информираа дека надлежен јавен обвинител постапува по предметот. Од одговорот што го добивме произлегува дека обвинителството проучувало економско вештање за случајот, но доставило наредба за негово дополнување, по што ќе знае судбината на предметот.
„Надлежен јавен обвинител кој постапува по предметот, откако го проучи доставеното економско вештачење, донесе наредба за дополнување на истото, за што има доставено и ургенции. По добивањето на овој документ, кој е неопходен за расветлување на случајот, ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од ЈО.
Во продолжението на нашето истражување откривме дека додека „НБ-Цомпану“ го релизира договорот за опремување на новиот културен дом во Тетово, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици при влез во Скопје за 7,5 милиони евра. Податоците со кои располагаме покажуваат дека имотот е купен од „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“, кои се поврзуваат со пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски.
Во Централниот регистар, „НБ-Цомпану“ е заведена како градежна компанија, основана во 2007 година. Нејзини сопственици се Бурим Ибиши и Насер Ибиши, кои се поврзани со уште 2 компании. Меѓу нив е и „Ган-Логистик“, која ја поседуваат браќата Ибиши заедно со Кренар Ибраими. Тој е поранешен службеник и раководител во Општина Тетово.
Документацијата што ја обезбедивме од Катастарот на недвижности открива дека во 2023 година „Ган-Логистик“ купила недвижен имот пред влезот во главниот град. Историјатите на движење на парцелите и договорите за купопродажба со кои располагаме покажуваат дека компанијата купила повеќе парцели од 2 компании, кои се доведуваат во меѓусебна корелација.
Едната од нив е добро познатата нафтена компанија „Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски, син на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, која снабдува со нафта бројни државни институции и органи. Другата компанија, пак, е градежната „БИ Холдинг“, во сопственост на лице со исто презиме – Хана Јахоска.
Прво, на 23.03.2023 година бил склучен договор, со кој „Ган-Логистик“ од „Пуцко Петрол“ купува недвижен имот на катастарските парцели 204/1, 215, 197, 173, 172, сите во катастарска општина Арнакија. Земјиштето е со вкупна површина од 14.610 квадратни метри, но на него има деловен простор – комплекс бензинска станица со површина од 406 квадрати. За тоа тетовската компанија платила 3.776.000 евра.
Неколку дена подоцна, или на 29.03.2023 година, „Ган-Логистик“ склучил договор и со „БИ Холдинг“, со кој опфатени се уште неколку парцели во истата катастарска општина: 210, 206/2, 214, 203 и 199. Вкупно, земјиштето е 5.716 квадратни метри, а на него има деловен простор, односно бензинска станица од 351 квадрати, кои тетовската компанија ги купила за идентична сума од 3.776.000 денари со вклучен ДДВ.
На тој начин, „Ган-Логистик“ на браќата Ибиши и поранешниот општински службеник Ибраими купила од 2 компании на семејството Јахоски земјиште со вкупна површина 20.326 квадрати и деловен простор со вкупна површина од 757 квадрати за вкупна сума од 7.552.000 евра, што ќе му дојде дека тетовската компанија платила околу 370 евра за квадрат земјиште што оди во пакет со 2-те бензински станици.
Вреди да се потенцира дека бензинските станици како имот ги поседува „Ган Логистик“, но функционираат како дел од „НБ-Цомпану“, која во септември соопшти дека во нивни рамки почнала да функционира нова, т.е. 4-та бензинска станица на автопатот Скопје-Тетово. Претходно, пак, во јули истата година, компанијата соопшти дека со работа почнува нивната трета бензинска на истата автопатска делница.
Иако „НБ-Цомпану“ е водечка семејна компанија, која има најголем обрт средства, сепак, најголем недвижен имот поседува сестринската „Ган Логистик“. Освен најновиот инвестициски зафат во 2 нови бензински, оваа компанија поседува недвижности преку 16 имотни листови во разни општини, додека има прибелешка на дополнителен имот на уште над 100 имотни листови.
За потребите на оваа сторија, до „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“ поставувме неколку прашања. Одговори добивме само од „БИ Холдинг“, од кадешто велат дека продажбата на имотот е деловна политика, а сумата – деловна тајна. Патем, од таму истакнуваат дека немаат поврзаност со „Пуцко Петрол“, посочувајќи дека се „независна компанија“.
Арно ама, и Антикорупциската комисија констатираше дека меѓу „БИ Холдинг“ и „Пуцко Петрол“ има роднинска поврзаност. Тоа се случи кога Комисијата утврди дека мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“. Според ДКСК, тој бил преземен од фирми и банки, со што била направена штета од над 12 милиони евра, а најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“.
Како што нотираше Комисијата, слабости биле утврдени уште на почетокот на процесот, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на Сеад Кочан. Во тој контекст, ја посочија и „БИ Холдинг“, како и фирмата „Адастра“, во сопственост на лицето Сашо Боко и друштвото „Аваз Холдинг“ на Хасредин Ризвановиќ.
Кога се говори за фирмите на семејството Јахоски, треба да се истакне и податокот дека „БИ Холдинг“ е регистрирана на иста адреса во скопски Карпош како и друштвото „К.С.А. Интернационал“ на Куштрим Смајлајл, зет на лидерот на ДУИ Али Ахмети. До неодамна, партнер на Смајлајл му беше Ерџан Сулкоски, кој се уште е партнер со Ратко Капушевски во „РКМ“, преку која одеше милионска набавка на мазут за „ТЕЦ Неготино“.
ВЛАДАТА ТВРДИ ДЕКА НАПРЕДУВА ИЗГРАДБАТА НА ОБЈЕКТОТ, КОЛКУ ПАРИ СЕ ИСПЛАТЕНИ?
„Напредува процесот на изградба на објектот на Театарот и Библиотеката во Тетово. Изградбата на дел од фасадата е завршена, а работите од втората фаза продолжуваат со соодветната динамика. За време на овој мандат успеавме да ги отстраниме многу од претходните пречки и веќе обезбедивме конзистентен работен процес за квалитативно завршување на овој капитален проект“.
Со ваков статус на Фејсбук своевремено се огласи тогашниот прв вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, кој следуваше веднаш откако „Фокус“ ја објави втората сторија во рамки на истражувањето за децениската градба на новиот културен дом во Тетово, кој, кога ќе се соберат сите договори за изведба, опремување, (ре)проектирање, надзор, достигнува, т.е. треба да достигне сума од над 36 милиони евра.
Инаку, овие средства ги префрла Владата преку Министерството за култура, додека постапките ги спроведува Н.У.Ц.К. „Иљо Антески Смок“. Затоа, се обративме до Илинденска со прашања – колку средства досега обезбеди и намени Владата за изградба на овој објект, дали се врши увид и контрола врз начинот на кој тие се трошат, како и врз динамиката и степенот на реализација на проектот?
Две недели подоцна, одговор ни стигна од Министерството за култура, од каде не информираа дека за изградба на нов објект во Тетово, кој ќе биде наменет за театар и библиотека, издвоени се вкупно 1,335 милијарди денари или 21,7 милиони евра од буџетот. Притоа, посочија дека се работи за еден од приоритетните капитални инвестиции.
„Проектот се спроведува од страна на НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, и како инвеститор на овој објект врши увид и контрола на реализацијата и динамиката на проектот. Од информациите кои редовно ги добива Министерството, од следењето на реализацијата на Инвеститорот, доставува Информации до Владата. Според задолжението од Владата за реализација на договорот, истиот треба да заврши до 2026 година“, ни изјавија лани од Култура.