(АРХИВА) Дали за „епскиот криминал“ ќе „паднат“ крупни ѕверки или само ситни риби!?

Додека власта уверува дека се истражуваaт многу индиции и сомнежи за нелегални дејства на функционери, а премиерот Христијан Мицкоски бара трпение за испорака на поголеми резултати на овој план, досега епилогот од најавите за борба против криминалот и корупцијата кај високопрофилирани лица се сведува на неколку кривични пријави, две признанија, едно обвинение...

by Фокус

Текстот е објавен на 19 септември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.511.

Очигледно е дека владејачките партии и претставници, преку постојано јавно соопштување на сознанијата и тврдења за нелегални дејства, обележуваат претходници како мети за апсење, предизвикувајќи ги надлежните институции побргу да постапуваат. Досега, поднесени се неколку кривични пријави и отворени се неколку предистраги, но вистинска реткост се истрагите во напредна фаза, а да не говориме за обвиненија и пресуди. Затоа, се поставува прашањето дали најавите за „епски криминал“ ќе завршат со епска одговорност, односно дали ќе „паднат“ и крупни ѕверки или само по некоја ситна риба?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека ќе има обид за дестабилизација на државата. Подоцна, тој и неговите соработници во власта, како дел од тој процес, ги наведоа инцидентот со црквата во гостиварско Галате, таблата на автопатот кон Блаце само на македонски јазик, предлогот за законско обесштетување на бранителите, одлуката на Уставниот суд да преиспитува дел од Законот за јазиците…

Притоа, Мицкоски објасни дека мотивот за предизвикување на оваа т.н. десталибизација е одбрана на криминално стекнатиот капитал од страна на поранешни високи функционери. Со други зборови, тој вели дека неговите претходници ќе се обидат да го сочуваат капиталот, но и да се заштитат од кривичен прогон, преку предизвикување меѓуетнички тензии, па дури и предизвикување на суверенитетот на државата.

Кога веќе станува збор за одговорноста, подолг период наназад, актуелниот премиер, други претставници на власта, како и владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН говорат за индиции за криминал во многу институции, додека тие биле раководени од претставници на СДСМ и ДУИ. Дури, властодршците често ја употребуваат кованицата „епски криминал“, со цел да алудираат дека утврдено е незаконско постапување од енормни размери.

Досега беше поднесена кривична пријава против поранешниот министер Крешник Бектеши и за внуците на Али Ахмети, додека повеќе институции спроведоа акција во Струмица, при што дел од медиумите ја оквалификуваа како акција против „струмичката империја“. Станува збор за предмет во кој опфатен е бизнисменот Ристо Крмзов, за кого известувањата одат во насока дека е близок со поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев. Одредени медиуми, пак, со овој случај ја поврзаа и поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска.

Паралелно со тоа, партиите држат пресови, во кои се изнесуваат обвинувања и наводи за сомнително постапување од страна на поранешниот вицепремиер Артан Груби и неговиот сопартиец Ејуп Рустеми, за поранешните министри и актуелни пратеници Љупчо Николовски и Бисера Костадиновска, за пратеникот Елми Азири… Се споменуваат и АД ЕСМ, јавните претпријатија за патишта, железници, шуми, јавните здравствени установи итн.

Кога говори за РЕК Битола, Мицкоски споменува индиции за криминал, во врска со набавениот јаглен, што временски го лоцира од 2021 до 2024 година, кога ЕСМ имаше двајца директори – Васко Ковачевски и Васко Стефанов. Згора на тоа, премиерот навести дека дел од овие пари завршувале кај партии и моќници! Всушност, за РЕК Битола истото го говореше и вицепремиерот Александар Николоски, кој патем не ја одмина ниту Лотарија, поврзувајќи ја со Груби.

Оттука, очигледно е дека власта, преку јавно соопштување сознанија и тврдења за нелегални дејства, обележува претходници како мети за апсење. Арно ама, досегашниот епилог е само неколку кривични и предистраги, што е далеку од обвинение, а камоли судска пресуда. Затоа, се поставува прашањето дали најавите за „епски криминал“ ќе завршат со епска одговорност, односно дали ќе паднат и крупни ѕверки или само ситните риби?

Во таа насока, вреди да се потсети дека Мицкоски предизборно му порача на Ахмети дека ќе ја заврши политичката кариера криминалец, а притоа истакна дека натрупал „милионски имот и дворци во Зајас“, алудирајќи на „сараите на Али-паша“, за кои објавуваше и неговиот роднина и актуелен министер за социјала, Фатмир Лимани. Иако Ахмети му порача на Мицкоски да ги одбира зборовите за да не го најде бељата, сепак, тој замина во опозиција. Па, сега, времето треба да покаже дали онаа порака на Мицкоски кон Ахмети многу бргу ќе му преседнат кексите и млекото се однесувала само на политичка или и на друг тип одговорност.

ГОСПОДАРИ НА ЖИВОТОТ И СМРТТА

Уште за време на предизборната кампања за двојните претседателски и парламентарни избори, на кои дојде до промена на власта, актуелниот премиер и тогашен опозициски лидер Мицкоски јавно говореше дека по победата следува одговорност за сите оние кои, како што рече, направиле криминал. Во една пригода рече дека има многу индиции за криминал, дека многу докази му биле доставени, а не биле реткост ниту разните сведоштва.

Луѓето што ме знаат, знаат прво дека не сум човек кој е одмаздољубив, иако морам да кажам дека како претседател на ВМРО-ДПМНЕ функциониравме и сè уште функционираме во едни многу тешки времиња, со монтирани случаи, со стотици, илјадници луѓе затворани, прогонувани, само затоа што во минатото биле некако поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, биле активисти, функционери и така натаму.

Морам да кажам дека сè уште имотот како политичка партија ни е замрзнат, иако имаме јасна пресуда на апелациониот суд дека треба веднаш да се отфрли сето тоа, да се прекине и да се ослободи партијата од октроираните судии, коишто, за жал, еве уште не носат одлука согласно насоката на повисокиот суд. Често пати и сметката ни била блокирана, нападите против мене, измислувањата, го ставам сето тоа во рангот на политичка битка.

Иако нема да се сложам и да простам и нема да заборавам тоа што беше напаѓано моето семејство, сопруга, деца, родители, но јас и на митинзите јавно зборувам одмазда не ми паѓа на памет да има, имаме многу работа пред нас, тоа е државата да си ја трансформираме, да го испорачаме тоа што го ветуваме и за кое што се обврзуваме. Но, морам истовремено да кажам и дека онаму каде што има индиции основани сомневања за сторен криминал, сето тоа ќе биде истражено и доколку се обезбедат докази, тие процеси ќе бидат изведени пред судовите – рече Мицкоски во еден поткаст.

Неколку дена подоцна, во текот на месец мај, тој токму на еден од предизборните митинзи што се одржаа во Куманово, најави дека ќе има одговорност за криминалот и корупцијата. Притоа, акцентот го стави на ДУИ, чии претставници, како што нагласи, безмилосно ја краделе државата, додека нивниот владејачки партнер СДСМ тоа им го овозможувал, само за да биде на власт.

Сто души од ДУИ управуваат со сè во земјава. Тие мислат дека се господари на животот и смртта, дека располагаат со државата додека бесмилосно ја крадат. СДСМ тоа им го овозможи за да може да владее. А од друга страна, Али си создаде артанониден систем. Тоа е системот кој длабоко ДУИ ја однесе во криминал и корупција. Тие не дејствуваат како партија, туку како мафијашка структура додека и нивниот народ гладува.

Додека Артан се вози во скапи автомобили за кои лаже дека се на компанијата која случајно добила државни тендери, тука во Кумановско, погледнете во Липковско како живеат Албанците. Подеднакво сиромашно како и сите други. И кога Али ќе каже УЧК ја спасило Македонија, тоа е само израз на лицемиерието преку кое тој преку 2001, преку злоупотребувањето на судбините и маките на неговиот народ, и играјќи си со иднината на државата, стигна до милионски имот и дворци во Зајас.

По 20 години, тој не унапреди никакви права, но неговото чедо Артан стана синоним за сите фаличности и недостатоци на системот, за сите криминали и корупции. И Ахмети за себе може да смета, како што самиот изјавува, дека е востаник, може да кажува дека е и научник на НАСА, но јас, а и сите вие тука, знаете дека ќе ја завши кариерата како обичен криминалец – порача Мицкоски.

ИНДИЦИИ И ДОКАЗИ ЗА ЕПСКИ КРИМИНАЛ

На тој начин, Мицкоски како опозициски лидер жестоко најавуваше одговорност за криминалците, која, како што појаснуваше, не е закана, туку „ветување и нужен процес за секого, без разлика на вера, нација или било каква припадност или неприпадност“. И по политичките промени, т.е. откако стана премиер, тој продолжи да говори на линија дека следува одговорност. Сепак, впечатливо е дека малку е омекнат наративот и ублажен е тонот.

Во рамки на интервјуто за „Фокус“ реализирано на почетокот на август, го потсетивме Мицкоски дека подолг период наназад тој и неговите соработници често говореа за „епски криминал“ на претходната влада на ДУИ и СДСМ. Во однос на тоа, тој рече дека имаат „индиции и докази за епски криминал“, што е доста поразличен пристап од енергичните и еуфорични предизборни најави за одговорност, а особено од квалификациите дека некој ќе ја заврши политичката кариера како криминалец.

Ако вие имате недостиг од 5 милијарди денари (во буџетот), за да се исплатат редовни пензии, зборувам за редовни пензии, без оние 2 пати годишни усогласувања согласно законот, без покачувања… И, кога ќе видите во одредени други институции, каде што се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред сѐ, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучокот дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени.

На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред сѐ, мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридорот 8 и 10-Д. Понатаму, ако видите дека во „Национални шуми“ ви недостасуваат половина милијарда денари, значи над 8 милиони евра средства направени за долгови итн., и кога ќе видите дека фактурите се двојно, тројно поголеми од вообичаените, тогаш си го поставувате прашањето – чекајте, некој овде се обидел да злоупотреби.

Јас разбирам дека на тендер може да има 15, 20 проценти повисока цена, еве и 25 проценти, ама не 200 проценти. Тоа е невозможно, тоа не е нормално. Ако правите проект од капитално значење, како што е пругата кон Бугарија, и ако тој проект ви завршува во мртва улица или на половина тунел, без да има извесност како понатаму би се развивал… Ако потрошите половина милијарда евра народни пари за 24 километри, не е нормално – рече Мицкоски во интервјуто.

Потоа, тој додаде дека лично се занимава со индициите и сомнежите за криминал во АД ЕСМ во врска со јавните набавки за потребите на РЕК Битола, за кои говореше уште пред изборите. Како што посочи, сега-засега се занимавал информативно, собирал податоци, кои, според него, се фрапантни. И, најави дека по промена на раководството во државната компанија, која веќе се случи, уште подлабоко ќе навлезе со проверките.

Во овој момент, можам да кажам дека само во РЕК Битола, од втората половина на 2021 година, заклучно со мај 2024 година, се однесени отприлика 1 милион и 600 илјади тони јаглен. Бидејќи точно се знае од рудникот колку е транспортот, тоа е 8,5 евра по тон, колку во рудникот чини рудата, колку таа се продава во РЕК Битола… Само во овој период, само за оваа зделка доаѓам до фрапантен податок дека разликата е околу 40 милиони евра.

Јас ќе повторам – разбирам да заработите 10 проценти, 20, еве многу сте вешт, па да заработите 25, но не можам да разберам да заработите двојно или тројно. Тоа е грабеж и не е етички. Ниту еден нормален и чесен бизнисмен не би се нафатил на таква зделка. Да не ги коментирам индициите, каде што 10, 12 евра по тон завршувале, во кои политички партии, кај кои политички моќници. За тоа нема да коментирам додека не го потврдиме, ама многу бргу и тоа ќе го потврдиме – рече Мицкоски за „Фокус“.

ОБИД ЗА ПОТКУП НА ПРЕМИЕР И МИНИСТЕР

Во еден од последните јавни настапи, пак, Мицкоски вели дека најмалку што сакаат тој и МВР е да се занимаваат со апсење, бидејќи на избори излегле со програма за подобар живот, а не со програма за апсење. Но, како што порача, одговорност мора да има, бидејќи ако нема, според него, грешките од минатото ќе ни се повторуваат. Освен што јавно лоцира незаконие, односно, како што вели, индиции за незаконие во РЕК Битола, тој јавно кажа дека му бил понуден поткуп од заинтересиран изведувач за изградба на пругата кон Бугарија.

Нудењето поткуп не оди јавно на емисија или преку документ на кој треба да се потпишеме заедно двете страни дека јас ти нудам поткуп, па ти го прифаќаш. Знаеме како оди тоа преку канали и еве сега кажувам дека за пругата кон Бугарија имаше обид да ми биде понуден поткуп за да ја прифатам оваа тендерска документација, која истекува на 17 септември. Јас кажав дека овој тендер нема да го прифатам и така ќе биде – рече тој, по што обвинителството оформи предмет.

Инаку, овие тврдења на Мицкоски ги потврди и министерот за транспорт Николоски, кој во интервју за „Фокус“ неодамна рече дека за првпат во историјата еден премиер и министер јавно кажале дека им бил понуден поткуп и дека бил одбиен, а со самото тоа што постапката за пругата е прекината, според него, сè е јасно. Воедно, тој посочи дека обвинителството треба само да ги земе предвид пресовите на ВМРО-ДПМНЕ и новинарските стории и ќе има работа десетина година. Дециден е дека нема да има амнестија на криминалот.

– Дали се работи за РЕК Битола, дали се работи за Лотарија и делот на игри на среќа, дали се работи за делот на ЈП за државни патишта, за Железници, дали се работи за концесии итн, има бројни прашања што сме ги отворале во минатото што мислам дека лесно ќе ги процесуира обвинителството – рече Николоски во интервјуто, откако претходно на прес-конференција го повика јавниот обвинител да влезе во ЈП Железници (Транспорт и Инфрастурктура) и во ЈП Државни патишта и да го преиспита нивното работење, врз основа на објавените ревизорски извештаи.

Одговарајќи на прашањето како ќе ја убедат јавноста во кредибилноста на процесите и дека не станува збор за реваншизам, тој рече: „Можат за сè да нè обвинуваат, но веќе и врапчињата знаат дека во РЕК Битола имаше криминал – една компанија сите тендери ги добиваше. Знаат дека во Лотарија Груби и Перпарим Бајрами правеа тоа што правеа. За факти зборуваме…“. Тој додаде дека оставаат простор да бидат понудени решенија за советите за судии и обвинители, по што – влегуваат во акција.

Меѓу другото, Николоски за „Фокус“ изјави и дека автопатската траса кон Блаце била прецртана во планински дел, каде што, според него, земјиштето преминало во сопственост на функционери од врвот на ДУИ. Ваквите негови тврдења ги прокоментира и Мицкоски, кој при едно телевизиско гостување беше прашан – до каде одат овие малверзации, имајќи предвид дека координатор за овие проекти бил поранешниот вицепремиер и министер за политички систем, Груби?

Па, има доста, како што викате вие – малверзации или шпекулации, како сакате наречете ги. Во периодот што следува ќе биде многу појасно. Но, околу името на овој лик што го споменавте (Артан Груби), не само во делот на автопатиштата, има и други области каде се поврзани неговите дејства, кои не се баш во интерес на граѓаните во Македонија – рече Мицкоски, кој не одговори конкретно на прашањето кои се тие области, но повтори дека „во периодот што следува јавноста ќе сведочи на сето тоа“.

Во меѓувреме, реагираа од ДУИ. Како што велат од партијата на Ахмети, тврдењата на Николоски во однос на придобивките на функционерите на ДУИ од експропријација при изградба на автопатот Скопје-Блаце се неосновани и целосно невистинити. Од таму посочија дека новата траса на автопатот била избрана за да се избегне уништување на гробиштата Блаце и на воениот полигон Стенковец, додека цената за експропријација се движела од 2 до 20 евра.

ОДГОВОРНОСТ ЗА АВТОПАТИШТА И ИГРИ НА СРЕЌА

Во секој случај, повеќе од јасно е дека поранешниот вицепремиер Груби често се споменува од новата влада во контекст на најавите за одговорност. Не само што е споменуван од ВМРО-ДПМНЕ, туку често е во фокусот и на ВЛЕН. Така, еден од лидерите на оваа коалиција, Биљал Касами, смета дека Груби и екс директорот на ЈП за државни патишта Рустеми треба да бидат повикани на одговорност за дејствијата поврзани со проектот за изградба на четирите автопатски делници од страна на „Бехтел и Енка“.

И во однос на Коридорот 8 гарантираме дека сите разговори со „Бехтел и Енка“ одат во насока на решавање на сите проблеми, дека динамиката на реализација на работите на терен е според договореното, бидејќи она што претходно го кажавме, кога ја алармиравме јавноста, тоа сега го гледаме и секако и директорот и министерот наскоро ќе излезат со уште подетален извештај дека ДУИ на чело со Грубин и директорот на претпријатието направиле работи за кои најверојатно ќе мора да одговараат – изјави Касами.

Неговиот истомисленик од ВЛЕН, Беким Сали, пак, одржа прес конференција пред зградата на Обвинителството, од каде што побара ЈО по допрен глас да реагира за основано сомнение за сторена „политичка корупција во режија на кадрите на ДУИ во Лотарија“. Конкретно, тој говореше за фактот што АД Државна лотарија во март 2023 година, преку делегирање на 51 отсто во сопственичкиот капитал, регистрирал втора видеолотарија под името „Ново ВЛТ“ со основна главнина од безмалку 10 милиони евра.

Како носител на дејноста и косопственик на „Ново ВЛТ“ се јавува компанијата Друштво за услуги „ХТЛ Македонија“. За членови на Надзорниот одбор на „Ново ВЛТ“ беа назначени, продолжената рака на Артан Груби и поранешниот директор на АД Државна лотарија, Перпарим Бајрами и неговите сопартијци од ДУИ, Артин Спахију и Омер Буњаку – рече Сали.

Според него, согласно оваа Рамковна спогодба-Договор за јавна набавка склучена меѓу „Ново ВЛТ“ и косопственикот и основачот „ХТЛ“, склучена во јуни 2024 година, или 35 дена по парламентарните избори, се предвидува за период од 2 години да се набават 1.600 видеолотариски терминали во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра.

Да бидеме прецизни, „Ново ВЛТ“ во чиј Надзорен одбор се тројца кадри на Артан Груби, во постизборен период, кога се знаеше дека ДУИ оди во опозиција, од приватната фирма, односно вториот основач набавува илјадници казино апарати за период од наредни две години, во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра – рече тој.

И првиот вицепремиер Изет Меџити, кој исто така доаѓа од ВЛЕН, најави покренување соодветни правосилни постапки за докажување злоупотреби на службена положба и овластување на сите надлежни што учествувале во донесување на незаконските одлуки поврзани со организирање различни видови игри на среќа.

Автентичното толкување е изгласано од мнозинството пратеници и со него се предвидува дека интернет игри на среќи може да организираат само врз основа на важечка лиценца. Земајќи предвид дека сите компании кои во времето на Груби и Бајрами учествуваа на јавен повик и беа избрани да организираат интернет коцкање немаат лиценци, тоа значи веднаш и без одлагање ја тргнуваме коцката како општествено зло од домовите на нашите граѓани – рече Меџити.

ОБВИНУВАЊА ЗА ЧОРАПИ, КУФЕРИ, СУБВЕНЦИИ…

Покрај тоа, владејачките партии во изминатиот период објавуваа „случаи“ и за други поранешни и/или актуелни функционери, за кои побараа надлежните институции да постапуваат. Меѓу нив е беше поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ВМРО-ДПМНЕ ја обвини за недомаќинско трошење на пари од касата на министерството. Како што посочија, купувала чорапи, хулахопки, плишани мечиња, фудбалска топка…

Бисера Антоанета потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби. Во продавницата Gift Galore London потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка – city football и плишено мече – Paddington bear и двете платени од службената картичка ВИЗА. Шопинг манијата на Бисера Антоанета не запрела тука, туку продолжила и во познатата продавница за куфери Samsonite, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфара – еден голем Upscape spiner 68/25 Black во износ од 219 фунти и еден помал од истата линија во износ од 59 фунти, платен во кеш од службените парични средства – изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешната министерка ги отфрли ваквите обвинувања, истакнувајќи дека се работи за груба манипулација и низок удар од власта. Таа тврди дека не купувала од службената картичка, за што имала извод од личните сметки и го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се обидуваат да ја дефокусираат јавноста. Сепак, призна дека купила куфери, но од личната сметка, не од службената.

Дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваат на нужност да обезбедам основни услови за мое нормално функционирање на службено патување после лет на кој авиокомпанијата ми го изгуби багажот. И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Остантиот дел е тешка манипулација и целосна невистина – одговори Костадиновска.

После неа, на дневен ред на вмровците дојде уште еден актуелен пратеник на СДСМ – поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски. Тој беше обвинет дека давал под закуп земја на фирми блиски до СДСМ, ја дозволувал нивната нелегална работа и го оштетувал буџетот кој се полни со пари на граѓаните. Во тој правец, беше кажано дека овозможил „Арекспорт“ од Струмица да го оштети буџетот за над половина милион евра.

Љупчо Николовски е министер кој ги потпишал договорите за закуп на земјоделско земјиште на „Арекспорт“, но и министер кога фирмата во две последователни години не ја плаќала закупнината. Николовски можел да го раскине договорот, но тоа не го сторил. Покрај другите услови, фирмата се обврзала дека ќе инвестира 2 милиони и 450 илјади евра на закупеното земјиште, а не инвестирала ниту 300.000 евра…

„Арекспорт“ е фирма зад која стои Митра Лазарова, мајка на Кирил Лазаров, газда на НИКОБ, главен лик за тендери на СДС, почнувајќи од ЕВН, преку државни институции како Град Скопје, Влада, па пак се до прифатни фирми, поточно лаборатории од периодот на ковид отворени во време на Филипче. Лазарови како блиски пријатели Заев и Венко Филипче се главни столбови на СДС и токму затоа и Љупчо Дон Николовски префрлувал милиони на „Арекспорт“.

Прво, „Арекспорт“ склучила неколкугодишен договор за закуп со Министерството за земјоделие за наводни лозови насади. Второ, наместо лозов насад стотиците хектари биле наменети за едногодишни култури. Ова е спротивно за договор за закуп, потоа спротивно е и што давале на други лица да ја работат земјата. Трето, фирмата не плаќала ниту за закупот на земјиште. Или „Арескпорт“ не платила закупнина во висина од 30.000 евра за 2022 и 2023 година, а добила 485.000 евра за субвенции на кои немала право – рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

КЛУЧНА ФИГУРА НА КОРУМПИРАНАТА ВЛАСТ

Дополнително, од владејачката партија обвинија дека во време на Николовски и на фирмата „Илинден“ и се давале субвенции, иако, според ВМРО-ДПМНЕ, договорот за закуп бил раскинат. Арно ама, на обвинувањата реагираше поранешниот министер, кој ваквите изјави ги оцени како театар пред јавноста за да се прикрие безидејноста и неспособноста на Владата. Николовски ги повика надлежните институции да постапат по сите искажани точки.

Во МЗШВ има повеќе од 11.000 договори за закуп на земјиште и никој министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор, па затоа постојат организациони единици задолжени за управување со тие договори. Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи – рече тој.

И албанскиот партнер во владата најде свој таргет меѓу моменталните опозициски пратеници. Тоа е пратеникот од Европскиот фронт предводен од ДУИ, Елми Азири, кој поточно доаѓа од партијата на Зијадин Села. Од таму говореа за тендерите кои, како што истакнаа, ги добила фамилијарно поврзана фирма со пратеникот Азири, кој, според нив, бил еден од најгласните поддржувачи на коалицијата на Села со Ахмети.

Артан Ајрули фигурира како сопственик на фирмата „Ритрон Копи“ од Куманово, кој е внук на сопругата на Елми Азири. Оваа фирма во текот на 2022 година, во само 3 месеци има добиено 2 јавни набавки во Државна Лотарија, каде директор беше Перпарим Бајрами, десна рака на Артан Груби. Набавките се однесуваат на набавки на компјутерска опрема,  графички и ТВ станици за извлекување лотарија и телевизори за инсталација на електронски игри. Вкупната вредност само на овие 2 набавки изнесува околу 3 милиони денари – изјави Бујаре Абази од ВЛЕН.

Понатаму, од таму потсетија дека претседателот на огранокот на крилото на Алијанса за Албанците лојално до Села (за партискиот печат се уште се води правна битка меѓу Зијадин Села и Арбен Таравари) во Боговиње, Сафет Мифтари, е уапсен за организирање криминално коцкање преку интернет. Во поткрепа на тврдењето за криминализираноста на ДУИ, од ВЛЕН го споменуваат и договорот помеѓу ЈО за организиран криминал под раководство на Ислам Абази и Иџет Мемети, поранешен член на Советот на јавни обвинители. Според ВЛЕН, Мемети е една од клучните фигури на корумпираната власт на ДУИ.

Фактот што Мемети, човек со долгогодишна историја на високи функции во 22-годишното владеење на ДУИ, како министер за правда, уставен судија и народен правобранител, ја призна вината за случај на мито од 10 илјади евра, откако првично тврдеше дека е невин, е шлаканица за сите оние кои бараат правда во оваа земја. Оваа недоверба е рефлексија на систем кој повторно и повторно не успева да обезбеди вистинска правда за своите граѓани, штитејќи ги повеќе интересите на моќниците“, велат од ВЛЕН.

Како што е познато, Мемети, заедно со врховниот судија Наке Георгиев, призна вина за поткуп од 10.000 евра од синот на ексградоначалникот на Ново Село Боро Стојчев, кој требало да добие спогодба наместо обвинение за шверц на марихуана. Иако на почетокот негираа, на крајот и двајцата признаа вина и поминаа со поблаги казни, а уште побитно – ќе остане енигма дали тие делувале на своја рака или биле дел од една поголема криминална правосудна мрежа?

За првпат во историјата на државата имаме врховен судија фатен во криминал за примање на мито, претседател на Совет на јавни обвинители кој е соучесник во тоа криминално дело каде подоцна има признание и има завршница – рече неодамна премиерот Мицкоски, додавајќи дека неколку криминални групи кои се активни во Скопје на полето на изнуда, рекетирање, палење на објекти, но властите знаат кои се тие луѓе и се трага по нив.

КРИВИЧНИ ЗА ЕКСМИНИСТЕР И ВНУЦИ НА ЛИДЕР

За потсетување, набргу по промената на власта Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Бектеши, поради поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. Впрочем, тој се товари од причина што преку мобилна апликација му испратил порака на полициски началник во СВР Охрид, во која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија.

-На 7 мај во својство на координатор на Европскиот фронт во ИЕ 5 добив информација од штабот во Охрид дека на денот на изборниот молк бил проверен шефот на штабот и членовите на штабот од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес – реагираше Бектеши, кој информираше дека му ја испратил следнава порака до началникот: „Секоја Ви чест. Јаки сте. Срамота треба да Ви е што се занимавате со млади луѓе“.

Додека од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека добро е што Бектеши признал дека правел притисок и повикаа обвинителстсвото и судството да постапат, од ДУИ оценија дека се работи за политички мотивиран лов на вештерки. Случајно или не, во истиот период беше поднесена кривична пријава и во врска со непочитување на концесиски договор, кој се доделува токму преку ресорот со кој раководеше Бектеши. Меѓутоа, тој не е опфатен со тој случај.

Како што соопшти МВР, поднело кривични пријави против 9 лица, од кои двајца биле директори на кичевска фирма, која, според полицијата, копала варовник кај Зајас, ама не уплаќала пари согласно концесискиот договор, со што направиле штета од околу 27.000 евра на буџетот. Како што објавија медиумите и дел од партиите, двајцата директори се браќата Бесијан Ахмети и Дрин Ахмети, внуци на лидерот на ДУИ Ахмети. Од нив, Дрин стана попознат за пошироката јавност, благодарение на влезот во сопственичката структура на „Соравија“.

Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на Законот за минерaлни суровини и Договор за концесија, склучен меѓу правното лице и Владата на РСМ, претставувана од страна на тогашниот министер за економија… Постапиле спротивно на Законот и одредбите од предметниот договор за концесија, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1.671.894 денари, при што предизвикале штета и на Буџетот“, соопштија од МВР.

Според МВР, и Дрин и неговиот брат Бесиан Ахмети, користејќи ги придобивките од концесијата која останала активна за цело време, биле во можност да бидат избрани како носители на договори за јавни набавки. Поточно, фирмата која ја воделе добила тендер од ЕСМ во висина од околу 125.000 евра и тендер во прилепски Водовод во висина од околу 15.000 евра. Согласно систематизацијата на работните места, надлежни да го следат концесискиот договор биле 5 пријавени лица.

„Истите пропуштиле да извршат должен надзор над реализација по основ на договор за доделена концесија за ископ на градежно-технички камен варовник и без да утврдат дека концесионерот не доставувал геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, како и дека не вршел исплата на концесиските надоместоци утврдено со склучениот договор, му овозможиле на правното лице да ги користи придобивките од концесијата, соопштија од МВР.

Според полицијата, одговорност има кај уште 2 службени лица во Државниот инспекторат за техничка инспекција, кои постапиле несовесно во службата, бидејќи пропуштиле да извршат должен надзор и во записникот од извршен надзор не констатирале дека концесионерот во моментот не ги исполнувал законските обврски, така што не му изрекле мерка за прекршок и му овозможиле на правното лице непречено да остварува приходи.

ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ И ПЕРЕЊЕ ПАРИ

Ако кривичните пријави за внуците на Ахмети и неговиот близок соработник во ДУИ Бектеши го одбележаа почетниот период по политичките промени и веќе безмалку се подзаборавија, особено откако владејачките партнери почнаа да ја бомбардираат јавноста со други функционери, последниот период ја одбележа акцијата на повеќе институции, кои извршија претрес и одземаа документација од повеќе фирми, при проверки на сомнежите за даночно затајување и перење на пари.

Ова е еден од предметите кои што слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал, кој за жал повторно е на штета на буџетот на Македонија, односно на парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали – рече шефот на полицијата Панче Тошковски.

За што се работи? МВР, ЈО и УЈП започнаа акција во чии рамки, по наредба на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд-Скопје, се ивршија претреси по домови и фирми во Струмица, Гостивар и Скопје, а на распит биле викнати бројни управители, адвокати и нотари. Обезбедена била поголема документација која ќе биде предмет на дополнителна обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на водењето на понатамошна кривична постапка.

Со оглед дека се работи за предистражна постапка, официјално не се соопштуваат повеќе информации, меѓутоа голем дел од медиумите веќе објавија дека таргет на надлежните институции е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кого патем го поврзуваат со поранешниот премиер Зоран Заев и неговото семејство. „Фокус“ пишуваше за Крмзов кога неговите фирми избија на врвот на листите на компании со најголем раст, и тоа за време на кризна година.

Имено, тие беа опфатени со сторијата објавена на средината на 2021 година, кога пишувавме за компаниите што имале најголем раст во претходната 2020 година, која практично беше кризна година поради ковид-кризата. Во такво време, кога најголем дел од компаниите имаа потешкотии во работењето, фирми поврзани со Крмзов („Крмзов-МР“, „Агро Крмз“…) остваруваа рекорден раст од 263, па дури и од 66.652 проценти. Моментално, голем дел од нив имаат даночни долгови, па дури и блокирани банкарски сметки.

Истрагата ќе биде епски голема. Со епски голем криминал. Ова е една од истрагите, други ќе следува во октомври, ноември – рече премиерот Мицкоски, кој и во оваа прилика најави нови предмети оваа есен, исто како што неодамна им порача на ривалите од СДСМ дека ја напаѓаат власта, бидејќи и тие располагале со информациите за она што ќе следува оваа есен, во поглед на документирање на сомнежите за криминал на нивни функционери.

Кога сето тоа ќе се земе предвид, дефинитивно новата влада има интерес да влезе во битка со потенцијалниот криминал, бидејќи тоа ќе им донесе и политичка поддршка. Но, настрана официјалните изјави, како и неофицијалните уверувања на првите луѓе во владата дека нема никој да биде поштеден, се наметнува дилемата дали може брзо да се испорачаат резултати во делот на правдата, од причина што правосудството секогаш било подложно на влијанија од разни центри?

Доколку власта се соочи со опструкции и неможност да донесе брза и неселективна правда, ќе се најде под јавен притисок, бидејќи ќе преовлада перцепцијата дека имаат политички дил за скриена амнестија со претходниците. Во таква ситуација, веројатно ќе посегнат и по порадикални чекори, од кои прв би бил промена на јавниот обвинител, но претходно мора да го променат Советот на јавни обвинители, што, според проценките, би траело половина година, и тоа под услов операцијата да започне уште денес. Во меѓувреме, дознаваме дека дел од потенцијалните осомничени веќе се надвор од земјава!

 

Министерство за внатрешни работи
ПОСТАПУВАМЕ ВО КОНТИНУИТЕТ!

 

МВР тврди дека во континуитет постапува, во координација со ЈО, за повеќе случаи за коруптивни дејанија во кои се инволвирани поранешни именувани функционери.

 

По завршувањето на истрагите, јавноста соодветно ќе биде информирана“, гласи одговорот што го добивме од Министерството за внатрешни работи.

 

 

Јавно обвинителство
ВОДИМЕ ПРЕДИСТРАГИ И ПРЕЗЕМАМЕ ДЕЈСТВИЈА!

 

Во однос на правните лица што ги наведувате, врз основа на соодветни ревизорски извештаи и други сознанија, надлежни јавни обвинителства од претходно водат предистражни постапки и преземаат дејствија, не информираа од Јавното обвинителство.

 

За дел од останатите сознанијата кои се однесуваат на наведените физички лица има доставени известувања по кои веднаш постапуваат надлежни обвинителства.

 

За еден дел, пак, сè уште нема доставено известување до обвинителството, меѓутоа не е исклучена можноста по сознанијата да постапуваат МВР или други органи на правосудната полиција кои се надлежни да ги откриваат кривичните дела и сторителите и да ги процесуираат до Јавното обвинителство.

 

Допрениот глас како процесен институт за оформување обвинителски предмет ќе биде искористен доколку Јавното обвинителство процени дека во конкретен настан има кривично-правни дејствија, а органите од правосудната полиција не постапуваат согласно своите надлежности за процесуирање“, велат од ЈО.

Поврзани новости