Текстот е објавен на 19 октомври 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1202
Во еден од разговорите што ги објави италијанскиот медиум „Ла Верита“ поврзани со случајот „Рекет“, првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 му говори на бизнисменот Орце Камчев за човек кој, како што вели Боки 13, завршил работа преку СЈО и ЗЗ. Според разговорот меѓу двете лица, станува збор за поранешниот оперативен директор на „Телеком“, Жарко Луковски, кој беше опфатен во предметот на СЈО наречен „Базни станици“. Иако телекомуникацискиот оператор имал свој тим за легализација на базните станици, сепак, одлучил да му плати за оваа работа на скопски „Бетон“, кој веднаш потоа го градеше новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ, во чии рамки и исплати 2 милиони евра на партијата поради наводна грешка при квадратурата. Постои ли поврзаност меѓу двата случаи?
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Во време кога е неизвесно дали во собранието ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за уставни измени согласно Договорот од Преспа, кој е услов за членство на Македонија во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, Специјалното јавно обвинителство објави дека отворило 7 нови истражни постапки. Поради специфичниот тајминг на истрагите и поради фактот што со нив главно се опфатени поранешни функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од опозицијата обвинија дека СЈО врши притисок врз најголемата опозициска партија со цел да поминат уставните измени во парламентот.
Се разбира, од власта ги отфрлуваат обвинувањата дека го користат СЈО како инструмент за политички прогон на политичките противници заради спроведување на Договорот со Преспа, а од СЈО, пак, истакнуваат дека не работат според политички директиви, туку исклучиво врз основа на законот и во рамки на утврдена процедура. Како аргумент во таа насока, од таму посочуваат дека во една од истрагите е опфатен актуелниот вицепремиер Бујар Османи, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба од времето кога беше министер за здравство.
Надвор од ваквите обвинувања и шпекулации за политичка мотивираност и темпираност на овие истражни постапки, ќе се задржиме на една од новите истраги на СЈО, која отвора поинаква димензија на еден друг настан, поврзан со ВМРО-ДПМНЕ.
ЗОШТО САМИ ДА ЈА ЗАВРШАТ РАБОТАТА, КОГА МОЖЕ ДА ПЛАТАТ ТРОЈНО ПОСКАПО?!
Станува збор за истрагата под кодно име „Базни станици“, во чии рамки единствен осомничен е поранешниот извршен директор на АД Македонски Телеком Жарко Луковски, кој му е кумашин на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Тој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување при легализација на базните станици на телекомуникацискиот оператор во корист на АД „Бетон“, која го градеше партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, како и низа објекти платени со народни пари.
Како што образложија специјалните јавни обвинители предводени од Катица Јанева, Луковски прибавил значителна имотна корист од околу три ипол милиони евра во корист на „Бетон“. Поточно, тој во 2011 година ја избрал оваа компанија да ја заврши постапката за легализација на базните станици. Иако телекомуникацискиот оператор поседувал соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и во износ од по околу 3.000 евра по објект, сепак Телеком го избрал „Бетон“ за финализирање на овој процес, независно што компанијата никогаш не се занимавала со оваа дејност и не поседувала соодветни кадровски ресурси.
Згора на тоа, како што соопшти СЈО, двете страни се договориле АД „Бетон“ бараната услуга да ја врши за 9.800 евра по објект, како и да наплати 2.500 евра за докомплетирање на документацијата за други стари базни станици, што претставува тројно повеќе во однос на сумата за која истата услуга можело да ја заврши стручниот тим на Т-мобиле Македонија. На тој начин, им била нанесена штета на акционерите на Телеком врз основа на неостварена дивиденда, а една од оштетените страни е и државава, која е малцински сопственик на телекомуникацискиот оператор со посед на околу една третина од акциите.
Од доказите што ги обезбедило СЈО произлегува дека во декември истата 2011 година, Луковски, во име на Т-мобиле Македонија, потпишал договор со претставник на „Бетон“ за утврдување на правниот статус на 518 базни станици и нивно запишување во јавните книги за недвижност, по веќе споменатата цена од 9.800 евра по објект. Притоа, документацијата само технички била доставена до „Бетон“, од причина што веќе била изготвена во Т-мобиле, па на компанијата и останало оваа веќе изготвена документација само да ја однесе во Архивата на Министерството за транспорт и врски.
ЕМ НОВО ПАРТИСКО СЕДИШТЕ, ЕМ НАД 2 МИЛИОНИ ЕВРА НА СМЕТКА
Сето тоа се случува во текот на 2011 година, или само неколку месеци пред ВМРО-ДПМНЕ во летото 2012 година да објави оглас преку кој бараше коинвеститор за изградба на објект на земјиштето каде се наоѓаше старото партиско седиште, познато како жолтата зграда. Всушност, огласот предвидуваше партијата да го вложи земјиштето во своја сопственост, додека коинвеститорот со свои пари да изгради објект со два посебни влеза. Патем, едниот дел од објектот треба да и припадне на компанијата, а другиот дел да и го отстапи на партијата.
Така, ВМРО-ДПМНЕ за партнер ја одбра токму градежната компанија „Бетон“, која го урна стариот објект на партијата и на истото место ја подигна белата палата наречена „Христо Татарчев“. Како што пишуваше порталот Призма, „Бетон“ првично на ДПМНЕ му понудил 43 проценти од квадратурата на планираната зграда, која беше изградена на целата градежна парцела. Меѓутоа, кога во јануари 2013 година двете страни го потпишале договорот за изградба на објектот од вкупно 11.000 квадрати, компанијата добила околу 7.000 квадратни метри за хотел, додека партијата нешто помалку од 4.200 квадрати за партиско седиште.
Тоа значи дека наместо ветените 43 проценти, партијата добила околу 37 отсто од целиот објект. Затоа, според Призма, еден месец подоцна, т.е. во февруари 2013, ВМРО-ДПМНЕ и „Бетон“ потпишале анекс со кој си ги порамниле сметките, така што партијата и побарала пари на градежната компанија, бидејќи добила околу пет проценти помалку од ветеното. Со оглед дека 5 проценти од зградата се 634 квадрати, ДПМНЕ барала „Бетон“ да и исплати 3.400 евра за секој квадрат што не го добила, односно 2.160.000 евра.
На крајот, „Бетон“ и ја исплатил сумата на партијата уште пред зградата да биде готова. Арно ама, произлегува дека оваа сума од 3.400 евра по квадрат е драстично повисока од пазарната цена на чинење. Кога ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на парламентарните избори во 2016 година го стави партиското седиште под хипотека за кредит од Комерцијална банка, објектот и земјиштето под него биле проценети на 4 милиони евра. Оттука, имајќи предвид дека делот на ВМРО-ДПМНЕ е 4.200 квадратни метри, произлегува дека партијата и банката ги процениле на околу 1.000 евра, што, пак, е за речиси 3,5 пати помалку од цената што ја платил „Бетон“ во 2013 година.
НЕРЕАЛЕН ПРИХОД ОД ЕДНА, ЧУДЕН РАСХОД НА ДРУГА АДРЕСА
Врз основа на сето тоа, може да се каже дека постојат два настани кои временски се надоврзуваат еден по друг, чиј заеднички именител е „Бетон“ на бизнисменот Минчо Јорданов. Прво, градежната компанија добила од Телеком по 9.800 евра за легализација на 518 базни станици, иако телекомуникацискиот оператор поседувал тим што дел од овие постапки ги отпочнал за 3.000 евра по базна станица, што значи дека Телеком, на некој начин, го почестил „Бетон“ околу три ипол милиони евра. Набрзо потоа, „Бетон“ склучува договор со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на ново партиско седиште на нивна земја, при што гради објект со 7.000 квадратни метри за себе и 4.200 за партијата.
Згора на тоа, „Бетон“ му исплаќа на ВМРО-ДПМНЕ дополнителни над 2 милиони евра поради наводна грешка, која е толку дегутантна, поради што речиси да нема дилеми дека е намерно направена за да се создаде основ за оваа трансакција. На почетокот, двете страни се договориле ВМРО-ДПМНЕ да добие 43 проценти од објектот, но во договорот напишале дека партијата ќе добие 37 отсто, поради што компанијата морала да и исплати 2.160.000 евра за петте проценти помалку. Сепак, и оваа сума е намумпана бидејќи компанијата и платила на партијата 3.400 евра за секој квадрат што не го добила, а пазарната вредност на квадратот изнесувала околу илјада евра, колку што на пример го проценила Комерцијална банка при доделувањето кредит на партијата.
Значи, „Бетон“ добива три ипол милиони евра повеќе од Телеком само за да предаде готова документација за легализација на базните станици до Министерството за транспорт и врски, а набргу гради ново партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ и и префрлува на партијата над 2 милиони евра. Особено индикативно е тоа што кога Телеком веќе решил да не ги користи своите ресурси за легализација на базните станици и решил да ја фрли во вода дотогашната работа, не одлучил обврските да ги предаде на некои од геодетските друштва, туку избрал градежна компанија која никогаш доготаш не нудела ваква услуга.
Според неофицијални информации на „Фокус“, во Министерството за транспорт своевремено раководено од ексминистерот Миле Јанакиески биле повикани неколку геодетски друштва преку Комората на овластени геодети токму во контекст на легализацијата на базните станици на мобилниот оператор. Арно ама, како што велат во дел од овие друштва, отпосле сфатиле дека целата средба била само формална за да се одаде впечаток во фелата и јавноста дека постапката ќе биде транспарентна и конкурентна. Всушност, според нив, целата работа веќе била договорена и завршена со компанија што никогаш не се заминавала со ваква дејност.
ПЕРЕЊЕ НА ЦРНИ ПАРИ ПРЕКУ ГОТОВИНСКИ УПЛАТИ
Инаку, треба да се спомене дека новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ беше опфатено во рамките на истражната постапка за финансирање на партијата со кодно име „Талир“, која остана единствена истражна постапка за која СЈО не успеа да покрене обвинение до судот заклучно со крајниот рок на средината на минатата 2017 година. Прво, земјиштето на кое е изградено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ партијата го купила за 130.000 евра, иако имало пазарна вредност од околу 1.250.000 евра, или 1.120.000 повеќе. Но, уште поголем проблем е тоа што партијата која вложила недвижност од над милион евра добила седиште во вредност од 6,9 милиони евра, како и плус 2 милиони евра во пари.
Согласно Законот за финансирање на политички партии, разликата од 7,8 милиони евра мора да се третира како донација од „Бетон“ за ВМРО-ДПМНЕ, која мора да биде евидентирана во партиските извештаи доставени до надлежните институции – Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија итн. Меѓутоа, во случајов „Бетон“ воопшто не смеел да се јави како донатор на ДПМНЕ или на било која политичка партија, затоа што за време на донацијата вршел работи врз основа на тендерски постапки и договори за јавни набавки. Оттука, законот налага партијата да ги врати овие средства.
Како што е познато, „Бетон“ беше една од омилените градежни компании на буџетските институции за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Според сите анализи и на податоците од Бирото за јавни набавки, „Бетон“ избива на површина според висината на склучените договори за јавна набавка, како и според вкупниот број на средства инкасирани врз основа на вакви договори. Во истиот период, првиот човек на компанијата Јорданов се активираше и политички преку Алијансата за позитивна Македонија, но набрзо се повлече откако партијата учествуваше на локалните избори во 2013 година, на кои успеа да му одземе одреден број гласови на СДСМ.
Првичните наводи од предистражната постапка во „Талир“ говореа дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2009 до 2011 година овозможило незаконско финансирање на партијата, така што биле уфрлувани црни пари на партиската сметка преку готовински лични уплати, по што биле користени и за купување недвижности. Сепак, овој предмет никогаш не дојде пред суд, па изгледа засега ќе остане нејасно од каде потекнуваат овие пари. Дали се работи за нелегални донации од бизнисмени, кои тоа го правеле бидејќи биле наградени со тендер, концесија или на друг начин, па морале соодветно да возвратат?