Текстот е објавен на 16 август 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1245
Грчката компанија „Интракат“ побара дополнителни 7 милиони евра за машинско и електронско уредување на новата штипска болница, откако поднела барање за ревидирање на постоечкиот проект бидејќи бил застарен. Додека владата деновиве треба да се произнесе, потсетуваме дека Фокус пишуваше за изградбата на овој објект првично проектиран на 30 милиони евра пред половина година, кога грчката компанија го раскина договорот со домашниот подизведувач „Бетон-Штип“ и се договори со Министерството за здравство самостојно да го финализира проектот со нов пролонгиран рок. Притоа, тоа се случи веднаш откако во компанијата влезе Димитрос Кутрас, кој претходно работеше во „Актор“, за која беа покренати истраги поради извлекување кеш за изградбата на автопатот Демир-Капија-Смоквица. Тогаш, се тврдеше дека надминувањето на финансиската рамка за штипската болница, договорена со Банката на Советот на Европа како кредитор, е во рамки на предвидената варијација од околу 2 милиони евра, меѓутоа сега се испоставува дека првичната констуркцијата ќе биде пробиена значително повеќе од предвиденото.
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Под притисок од развојот на настаните во аферата „Рекет“, која веќе сериозно ја компромитира специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради тоа што, според снимките објавени од италијанска „Ла Верита“, била во комуникација и координација со првоосомниченот Бојан Јовановски – Боки 13, а, судејќи според најавите, овој скандал се заканува сериозно да пенетрира и во редовите на власта, од најголемата владејачка партија СДСМ најaвија забрзување на судските процеси на СЈО. Во таа насока, неколку сдсмовски функционери деновиве јавно порачаа дека нема да има одложување, туку напротив – ќе се интензивираат овие процеси, наведувајќи ги „Титаник“, „Тврдина“, „Таргет“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“ и дузина други предмети кои се уште чекаат без судска разрешница.
Притоа, меѓу кривично-правните постапки што ги нотираа владејачките функционери, порачувајќи дека „правдата ќе го зададе ударот кон секој“, беше споменат и случајот „Актор“, именуван според истоимената грчка компанија што ја градеше автопатската делница „Демир Капија – Смоквица“ во должина од нецели 30 километри. Колку за потсетување, специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на почетокот на минатата 2018 година објави дека СЈО отвора 3 нови истраги, меѓу кои и „Актор“, што, образложи тогаш Фетаи, се однесува на фаворизирање на грчката компанија од страна на екс премиерот Никола Груевски. Според Фетаи, Груевски во 2012 година му наложил на министерот Миле Јанакиески да ја елиминира конкурентската италијанска компанија „ТО-ТО“, иако имала подобра понуда, што предизвикало буџетска штета од скоро 8 милиони евра.
Всушност, аферата „Актор“ ја обелодени СДСМ како опозициска партија во 2014 година, кога од Бихаќка побараа кривична одговорност за одлевање на кеш од сметката на грчката компанија што го градеше автопатот Демир – Капија – Смоквица, чија вредност изнесуваше околу 220 милиони евра. Така, на една од низата прес-конференции за „Актор“, тогашниот партиски портпарол и актуелен скопски градоначалник Петре Шилегов изјави дека од сметката на компанијата биле изнесени 3,5 милиони евра во кеш од филијала на Стопанска банка во Неготино, кои потоа биле претворани во девизи и пренесувани преку граница од страна на десетици грчки државјани.
Исто така, и тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека се ваделе средства од сметка на компанијата, но од таму се правдааа дека станува збор за автохтона одлука на компанијата да располага со парите кои сама ги заработила. Во тоа време, постапките што ги отворија нашето финансиско разузнавање и јавното обвинителство беа експресно затворени без никаков епилог. Сепак, речиси истовремено истрага отвори и европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ, која потоа откри низа незаконитости и неправилности за случајот, обвинувајќи го „Актор“ за перење пари и казнувајќи ја компанијата со 50 милиони евра. Набргу потоа, следуваше истрагата што ја отвори СЈО, но и грчкото национално обвинителство.
Во меѓувреме, „Актор“ како компанија не е повеќе присутна во Македонија, меѓутоа еден од водечките луѓе на друштвото стана дел од друг грчки градежен гигант што работи на изградба на новиот клинички центар во Штип во вредност од 30 милиони евра, со која, патем речено, Министерството за здравство неодамна ја потврди и ја засили соработката.
ЕДНОСТРАНО РАСКИНУВАЊЕ НА ПОДИЗВЕДУВАЧКИОТ ДОГОВОР
Откако беа изработени идејниот, основниот и архитектонско-урбанистичкиот проект, поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров го презентираше проектот за изградба на новата клиничка болница во Штип во 2015 година, кога земјава веќе се наоѓаше во длабока политичка криза. Како што објасни тогаш Тодоров, објектот ќе се гради на постоечката локација на болничкиот комплекс, меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на сегашна педијатрија, кои датираат од далечната 1937 година и функционираат во супстандардни услови. Тој посочи дека изградбата на нова и современа болница на површина од околу 34.000 квадратни метри ќе овозможи современи услови за здравствена заштита на над 200.000 жители од целиот источен и југоисточен регион на земјава.
Информациите со кои располагаме говорат дека на тендерот за болницата учествувале 5 странски компании, бидејќи домашните фирми не беа во можност самостојно да се натпреваруваат поради строгите критериуми, меѓу кои предничи оној за изградба на 3 болници во земјите членки на ЕУ во последните 10 години. Поточно, на тендерот спроведен согласно правилата на FIDIC, со поднесување затворени понуди наместо со електронска аукција, учествувала и веќе споменатата грчка компанија „Актор“, покрај уште еден грчки градежен гигант – „Интраком/Интракат“, како и италијанската „ИНСО Системи“, австриската „Страбаг“ и конзорциумот на странски партнер со домашната „Бетон – Скопје“. Притоа, најниска цена доставила грчката компанија „Интраком/Интракат“, чија понуда изнесувала 34.361.679 евра, што е над 2 милиони евра помлаку од понудата на второпласираната „ИНСО Системи“.
Инаку, градежната фирма „Интракат“ (Intracom Constructions Societe Anonyme Technical and Steel Constructions), важи за една од најголемите градежни компании во Грција, која е дел од групацијата „Интраком Холдингс“, чиј основач и сопственик е грчкиот милијардер Сократис Кокалис. Од податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар произлегува дека грчки „Интраком“ отворил подружница во земјава на самиот почеток на 2016 година, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради. Како овластени лица на компанијата, регистрирана на адреса во скопски Центар, се јавуваат грчките државјани Констатинос Симоу и Андреас Атанасопулос, кои се овластени за преземање на дејности и извршување на трансакции до 20.000 евра, додека за повисоки избори потребен им е плус потписот на член на Управниот одбор Димитриос Папас (од 200.000 до 500.000 евра), извршниот директор Петрос Суретис (од 500.000 до 1.000.000 евра), или, пак, на цел УО (за износ од над милион евра).
Формално, „Интракат“ во моменот на тендерирањето конкурира самостојно, но соработува со градежната компанија која подоцна ја ангажира како подизведувач – „Бетон – Штип“, чии поголеми акционери се БИМ Инвест на Сашко Бошков (која ги откупи акциите од Езимит на Зоранчо Митровски), по што следуваат „ТИМ ДОО“ на Панделески и „ОРКА Холдинг“ на Камчев итн. (до неодамна еден од поголемите акционери беше и офшор компанијата „Ексико“, но во меѓувреме ги продаде акциите). Меѓутоа, соработката меѓу двете компании траеше се до почетокот на годинава, кога „Интракат“ еднострано го раскина договорот со „Бетон Штип“ и презеде обврски пред Министерството за здравство самостојно да го доврши објектот, со тоа што рокот на реализација на проектот од тековната 2019 се помести до следната 2020 година, откако претходно веќе еднаш беше поместен. Откога извиси од проектот, подизведучот „Бетон – Штип“ падна во стечај, бидејќи компанијата дојде во позиција да не може да ги сервисира обврските кон добавувачите и кредиторите.
ИЗВЕДУВАЧОТ САМОСТОЈНО ГО ДОВРШУВА ПРОЕКТОТ, МИНИСТЕРСТВОТО ГО ПРОДОЛЖУВА РОКОТ
По долгогодишната работа во „Актор“, рударско-металуршкиот инжинер Димитрис Кутрас кон крајот на 2018 година влегува во сопственичката и во менаџерската структура на „Интракат“, така што во октомври откупил 20 отсто од уделите на „Интракат“ за сума од 8 милиони евра, а веќе во ноември ја презема и водечката менаџерска функција. Во неговата официјална биографија се наведува дека работел во „Актор“ како потпретсеател и претседател на Бордот на директори и проект-менаџер цели 40 години, почнувајќи од далечната 1978 се до 2018 година, што бездруго го опфаќа и периодот на изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица. Покрај него, заеднички именител на двете компании е и едно од овластените лица на македонската подружница на „Интракат“ – веќе споменатиот Симоу, кој, според неговите деловни профили на интернет, бил проект-менаџер на делницата Демир Капија – Смоквица.
Веднаш по промените во „Интракат“, грчката градежна компанија ја раскинува соработката со македонскиот подизведувач „Бетон Штип“ и прави реаранжман со Министерството за здравство раководено од министерот Венко Филипче, со кој практично се утврдува нова динамика на изградба на штипската болница со продолжен рок од една година. Според документацијата со која располагаме, „Интракат“ ја раскинува соработката со „Бетон Штип“ со допис испратен кон крајот на ноември 2018 година, истиот месец, кога, случајно или не, Кутрас доаѓа на чело на Бордот на директори на грчката компанија. Сознанијата од терен, пак, говорат дека во тој момент веќе завршена е првата конструкциска фаза, па во иднина остануваа за работа електро и машинските инсталации, медицинските гасови и водоводот, чија изведба, според упатените со кои разговаравме, најмногу влијаеле врз конечната цена на чинење на објектот.
Како главна причина за раскинувањето на подизведувачкиот договор со „Бетон Штип“, од „Интракат“ го наведуваат неследењето на динамиката на градба, како и несолвентноста на компанијата. Наспроти тоа, од „Бетон – Штип“ велат дека финансиските потешкотии на компанијата се предизвикани поради неплатените ситуации од овој проект, или со други зборови – изведувачот не ги исплаќал редовно и во целост обврските кон подизведувачот, поради што ја ослабел неговата финансиска кондиција. Затоа, додека чека разврска од стечајната постапка, иницирана од банките како најголеми доверители во „Бетон – Штип“, штипската компанија покренала тужба до грчката компанија преку која се бара извршување на ненаплатени побарувања за завршени работи во износ од 2 милиони евра, врз основа на фактури од 2016, 2017 и 2018 година.
Иако „Бетон Штип“ е веќе исфрлена од проектот, сепак, нејзината банкарска гаранција се уште е важечка за завршување на договорните обврски од страна на изведувачот „Интракат“. Имено, штипската градежна компанија во 2015 склучила договор со Комерцијална банка, според кој банката се обврзува да му даде гаранција од 3 ипол милиони евра на Министерството за здравство дека „Интракат“ квалитетно и навремено ќе ги изврши работите при изведба на штипската клиничка болница. Од Министерството велат од моментот на потпишување на договорот со „Интракат“ до денес постои важечка банкарска гаранција издадена кон оваа фирма во период од 24 месеци по рокот за завршување, меѓутоа во суштина постои една прилично контрадикторна ситуација, имајќи предвид дека грчката компанија гарантира дека ќе го испорача договореното со банкарски средства на веќе поранешниот домашен партнер?!
ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ НАЈДЕ НИШТО СПОРНО, КРЕДИТОРОТ ГО СЛЕДИ ПРОЕКТОТ
Како што е познато, овој проект се финансира со кредитен заем од Банката на Советот на Европа, која одобри кредитна линија за подобрување на здравствената инфраструктура во земјава. На почетокот на 2014 година, банката одлучи да и одобри заем на земјава во износ од 97 милиони евра за консолидација и модернизација на скопскиот универзитетски клинички центар и за изградба и опремување на новата регионална болница во Штип. Патем, актуелната владејачка структура на чело со Зоран Заев, по преземањето на власта ја информираше банката дека се откажува од заемот за скопскиот клинички центар и побара програмирање на заемот исклучиво за изградбата на штипската болница. Конкретно, заемот за овој проект достигнува 34 милиони евра со вклучен данок, при што предвидена е варијација од плус 7,5 отсто за непредвидени работи, или околу 2 милиони евра, од кои досега не се искористени ниту половина.
Како што не информираат од Министерството за здравство, односно од Проектната единица во министерството на чело со Љупчо Балковски, министерството склучило анекс со изведувачот „Интракат“ за продолжување на рокот на реализација на проектот, но во рамки на веќе алоцираните средства за договорот, што значи дека не е зголемена вредноста на договорот. Покрај тоа, додаваат од таму, двете страни склучиле две варијации во рамки на вредноста на основниот договор, при што едната се однесува на изградба на бункер за акцелератор во висина од 700.000 евра. Од министерството тврдат дека за овој договор немало потреба од тендерска постапка, истакнувајќи дека добиле одобрение од кредиторот.
„Министерството за здравство, имајќи во предвид дека објектот на бункерот е функционален дел на КБ Штип, како и дека е инкорпориран во истиот, а со оглед на тоа дека кредитот е наменет за изградба на КБ Штип, а не КБ Штип без бункер за акцелератор, како и фактот дека самиот линеарен акцелератор (апаратот) е прифатен како буџетска контрибуција за кредитот, следејќи ги правилата определени во Договорот за заем и во актите на кредиторот соодветно, а врз база на веќе склучениот Договор за градба со предвидени средства како „contingency“, по претходна детална координација со ЦЕБ како надлежна да ја одобри Варијацијата, достави до ЦЕБ барање за No Objection со предлог варијација добиена од надзорниот орган и по добивањето на No Objection се потпиша Варијацијата и истата се достави во ЦЕБ за нивно архивирање“, ни одговорија од Министерството за здравство.
Во однос на оваа постапка, Јавното обвинителство за организиран криминал по допрен глас го разгледа ова прашање и ја затвори предистражната постапка, оценувајќи дека нема елементи за кривично дело. Од банката-кредитор, пак, ни изјавија дека се информирани за продолжувањето на временската рамка на договорот, како и за вклучувањето на работи поврзани со акцелераторот, најавувајќи дека го следат напредокот во согласност со политиките на ЦЕБ. Она во што сите се согласуваат дека главен орган за управување на договорот за изградба на клиничкиот центар е Министерството за здравство, кое одлучи да ја зацврсти соработката со „Интракат“ во рамки на изградбата на штипската болница, што временски кондицира со трансферот на Кутрас од фамозната „Актор“.
Во централата на грчката компанија, но и до нејзината македонска подружница, упативме низа прашања но не добивме никакви одговори за изградбата на штипскиот клинички центар, што, според неофицијални проценки на познавачите, претставува бизнис кој треба да донесе профит од околу 5 милиони евра.
Ванче Мијалчев, поранешен извршен директор на „Бетон – Штип“
ЦЕЛТА НА „ИНТРАКАТ“ Е СПОЈУВАЊЕ СО „АКТОР“ И ПРЕЗЕМАЊЕ НА „БЕТОН – ШТИП“, ЗА ДА ГО ДОБИЈАТ ТЕНДЕРОТ ЗА СКОПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР!
Ванче Мијалчев, поранешниот директор на „Бетон-Штип“ над кој веќе е покрената стечајна постапка, вели дека едностраното раскинување на договорот од „Интракат“ не е во согласност со одредбите од самиот договор.
– Министерството за здравство преку својата Проектна единица, а врз основа на извештаите од Надзорните инжинери ги прифатија и потврдија проблемите со кои се соочувавме при реализацијата на овој проект и тоа беа немањето на надзорен инжинер цели 7 месеци поради раскинувањето на договорот со првоизбраната англиска фирма „МAСЕ International“ и изборот на „Еврокосалтинг“ за нов надзор, неодобрувањето на материјалите од страна на Проектната единица, нередовност односно каснење во плаќањето на времените ситуации, и како најважно – немањето на проектантски надзор и нерешавањето на отворените проблеми со проектот, пред се во делот на електро и машинските инсталации, BMS системот, пневматскиот транспорт итн. Поради сето ова се доби прво продолжување на рокот за 9 месеци, а сега откако нас не нема во проектот, рокот е продолжен за уште нови 24 месеци, односно до крајот на 2020 година, со што се потврдува дека „Бетон-Штип“ не бил причината за каснењето со градбата – вели Мијалчев, додавајќи дека фактот што „Интракат“ врши проектантски надзор врз изведбата на проектот, е спротивен на законот и претставува судир на интереси.
Според него, зад раскинувањето на договорот од страна на „Интракат“ се крие сценарио за преземање на компанијата и тоа преку стечај.
– Ако работите ги погледаме од оваа временска дистанца, јасно е дека зад овој потег стоела одредена стратегија за преземање на „Бетон – Штип“ бидејки веднаш по известувањето за раскинување на договорите дојде барање „Гранд Тортон“ да изработи длабинска анализа (due diligence) на „Бетон – Штип“, и тоа токму по барање на „Интракат“, Комерцијална Банка веднаш ги раскина сите договори за кредити и ги доспеа веднаш и ни ги блокира сметките . „Интракат“ ги презема сите наши инжинери и вработени кои работеа на клиничката болница Штип со ветување дека тоа е времено за да нема застој на проектот до целосно преземање на фирмата. Лично бев во Атина да се уверам во сериозноста на идејата за преземање на фирмата и бев уверуван дека се сериозни во оваа своја одлука, особено после промената на сопственичката структура во „Интракат“ и преземањето на контролата над менаџментот и дека идејата е прво спојување на „Интракат“ и „Актор“, а потоа преку преземање на локална фирма, во случајот „Бетон Штип“, да учествуваат и да го добијат тендерот за Клиничкиот центар Скопје – вели Мијалчев.
Во меѓувреме, додава тој, веќе 9 месеци нема никакви работи на објектот на штипскиот клинички центар, а притоа никој не реагира.