Текстот е објавен на 06 октомври 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1357.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир деновиве во парламентот побара да не се злоупотребува „европското знаме“, односно да има помала примена на скратена постапка при носење на законите. Неодамна, неделникот Фокус ја анализираше шемата со „европското знаме“, откако во последниве 2 години стана вообичаено владејачкото мнозинство да го злоупотребува европското знаме за терање на законските процедури по скратена и брза постапка. Од друга страна, пак, опозицијата парира со феноменот „1.000 амандмани“…
Пишувала: Јадранка КОСТОВА
Со преминот во повеќепартизмот, сепак, продолжи праксата инакумислечките, односно опозицијата да се доживува како нужно зло. Кога партиите се на власт, очекуваат опозицијата да им биде своевиден декор, сценографски елемент во парламентот. Во спротивно, веднаш добива епитет деструктивна. Штом се опозиција, пак, кога ќе бидат така игнорирани од мнозинството, власта ја опишуваат како диктаторска.
И не е важно дали е постара кокошката или јајцето, односно чија е вината за блокадите во парламентот, но карактеристика на последниве години стана владејачкото мнозинство да го злоупотребува европското знаме за побрзо носење на законите, или терање на законските процедури по скратена и брза постапка. Од друга страна, опозицијата парира со феноменот „1.000 амандмани“, што веќе станува правило, а не исклучок.
Според директорот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски „филибастерингот и злоупотребата на европското знаменце се уште еден симптом за ерозија на демократските институции и ниското ниво на политичката култура, особено кај претставниците на граѓаните во парламентот“.
Феноменот „1.000 амандмани“ ќе го анализираме во следниот број на неделникот, а сега ќе се задржиме на шемите со „европското знаме“.
СЀ ДА ЗАВРШИ ЗА ТРИ ДЕНА
Во која грмушка се крие зајакот? Кои се придобивките за владејачкото мнозинство кога еден законски проект ќе го закити со европското знаме? Второ, кој е одговорен ако се злоупотребува? И трето, како да се надминат злоупотребите?
И одиме по ред. Зошто зачестија законите што ги краси европското знаме.
„Причината е прагматична: да се заобиколи редовната постапка, но и матичната комисија, па законите да се најдат пред сенадлежната Комисија за европски прашања и во ексклузивна постапка, без дебата и без учество на експертската и пошироката јавност, со спојување на второто и третото читање да заврши со изгласување на амандманите за само три дена!“, објаснува професорката д-р Гордана Сиљановска Давкова, која е и пратеник во актуелниот собраниски состав, од листата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија наведуваат дека вакви закони, со европско знаме, доставени до собранието се околу 41, но само неколку ги сметаат за суштински и оправдани. Повеќето, пак, немаат допирни точки со правото на ЕУ, туку, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ „се однесуваат на личен бенефит и интерес на СДСМ и ДУИ“.
Сепак, кои се условите за еден закон да добие европски печат? Сите се согласни дека е неопходно, со ваквиот предлог-закон се врши усогласување со европското законодавство.
„Поточно кажано, со таквото законско решение треба да се транспортира некоја европска регулатива или директива. Тогаш тоа е јасно наведено во воведот на законот, со цитирање на регулативата или директивите, но, исто така, на крајот составен дел од законот е и коресподентната табела и секако изјавата за усогласеност“, вели Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка од СДСМ и претседателка на Законодавно-правната собраниска комисија.
ЕУ – ЗНАЧИТЕЛНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БРЗИ ПОСТАПКИ
Сиљановска, пак, го лоцира проблемот – дека добар дел од законите со европското знаме не се хармонизираат со европските регулативи и директиви, туку се оди многу пошироко.
„Владата и претседателот на Комисијата за европски прашања се повикуваат на препораки и мислења, на извештаи, иако се работи за необврзувачки акти на ЕУ, на конвенции на Советот на Европа, или на ОН, а најмногу на владината Национална програма при злоупотребата на европското знаме!“
Калеска има поинакво толкување доколку предлог-законот се повикува на одредени меѓународни договори или препораки.
„Тогаш тој нема коресподентна табела, но може да биде разгледуван од комисијата за европски прашања, но и од матичната комисија, во смисла ако предлагач е Министерството за правда, тогаш истиот го разгледува Комисијата за политички систем, или двете комисии можат да одлучат да одржат заедничка расправа“, наведува Калеска.
Сепак, и професорот по административно право на Правниот факултет при УКИМ, д-р Борче Давитковски и Марко Трошановски се согласуваат дека има злоупотреби со европското знаме. Тоа не го негира ниту професорката д-р Рената Тренеска Дескоска, поранешна министерка за правда од СДСМ, но тоа го става во поширок контекст.
„Парламентарната историја на Македонија познава многу спорни ситуации на користење европско знаме, скратена постапка или итна постапка при носење на законите. Исто така, не недостасуваат ни примери на опструкција, односно блокирање одредени законски предлози“.
Патем, и во извештајот на ЕУ за нашиот напредок за 2020 година, иако се наведува дека Собранието „ги исполни своите законодавни функции, вклучително и со усвојување клучни закони поврзани со ЕУ“, ќе се забележи дека „сепак, значителното зголемување на употребата на брзи постапки предизвикува загриженост и треба да биде ограничено“.
„Треба да има ограничена употреба на брзи постапки бидејќи тие спречуваат правилно учество на релевантните засегнати страни во законодавните процеси и во демократските дебати“, стои во Извештајот.
Инаку, Гордана Сиљановска Давкова наведува дека „ВМРО-ДПМНЕ за злоупотребата на европското знаме ја информира Комисијата на ЕУ и неколку амбасади!“
КОЈ Е ОДГОВОРЕН?
И доаѓаме до второто прашање: кој е одговорен доколку неевропски, би рекла, се користи европското знаменце на законите? Според претседателот на Собранието, Талат Џафери, одговорноста е на владата бидејќи „употребата на европското знаме пред предлог-закон го одредува владата како предлагач“.
Сиљановска, пак, вината ја споделува и на владата и на претседателот на Собранието, затоа што спикерот на парламентот е должен да му го врати законот на предлагачот заради усогласување во рок од 15 дена, по чиј истек се смета дека предлогот на законот не е поднесен.
Со ваквата улога на претседателот на Собранието, кој доколку предлог-законот не заслужува европско знаме треба да го врати на владата, се согласува и Дескоска. Или, сосема конкретно, одговорноста за контрола дали еден предлог на закон ги исполнува условите за да влезе во собраниска процедура, според Дескоска, е единствено на претседателот на Собранието.
Летово Левица поднесе кривична пријава против спикерот Талат Џафери за злоупотреба за „европското знаменце“ при носење на Законот за државјанство. Или, конкретно за „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Нивниот аргумент е дека Џафери знаел или бил должен да знае дека со тој предлог-закон „не се врши никакво усогласување со која било регулатива или директива на ЕУ, туку лажно се наведени конвенции на ОН и на Советот на Европа“.
И доаѓаме до клучот на загаткава: како да се спречат злоупотребите на „европското знаменце“ врз законски предлози што не го заслужуваат европскиот печат? Тие што не гледаат злоупотреби, не предлагаат промени. Други, пак, сугерираат промени на собранискиот деловник, па дури и на владиниот деловник. Иако од Левица веруваат дека со кривичната пријава ќе стават крај на ваквата пракса.
Во секој случај, Собранието сега е во мирување поради локалните избори закажани за 17 октомври. Како потоа ќе се третира „европското знаменце“, останува да нагаѓаме, ама и да типуваме што за оваа тема ќе се каже во Извештајот за нашиот напредок од Брисел. Иако нивните забелешки немаат шанси да ја покријат бугарската блокада!
Ако ова беше шемата на власта за побрзо туркање на законските процедури, во следниот број за опозициските блокади на Собранието!
Рената ДЕСКОСКА ТРЕНЕСКА
ОДГОВОРНОСТА Е НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО!
Одговорноста за контрола дали еден предлог на закон ги исполнува условите за да влезе во собраниска процедура, според Дескоска, е единствено на претседателот на Собранието. Притоа, таа се повикува на одлука на Уставниот суд по повод носењето на 172 закони во 2008 г. со постапка на „брзи прсти“, кога еден закон се носеше за само 35-40 секунди.
„Во одлука по иницијатива која го оспоруваше носењето на еден од овие закони по итна постапка, Уставниот суд оцени дека „не е надлежен да се впушта во оцена дали постојат оправдани причини или не одреден законот да биде донесен по итна постапка“.
Исто така во 2013 г. Уставниот суд има донесено решение со кое ја отфрла иницијативата за поведување постапка за оцена на уставноста на измени на Законот за радиодифузната дејност од 2011 г., која укажувала на погрешно постапување на Собранието кога донело закон по постапка спротивна на Деловникот (без изјава за усогласеност со правото не ЕУ и сл.).
Уставниот суд оценил дека „не е надлежен да го цени и преоценува работењето на надлежните органи“, во случајот Собранието. Секако Уставниот суд може да еволуира по ова прашање, но јас лично тоа не го очекувам“, објаснува професорката Дескоска.
Талат ЏАФЕРИ
УПОТРЕБАТА НА ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕ ГО ОДРЕДУВА ВЛАДАТА
Процесот на донесување закони во Собранието е уреден со Устав и Деловник и е прецизно пропишана процедура, наведува Џафери, при што за означувањето со европското знаменце ја посочува владата.
„Употребата на европското знаме пред предлог-закон го одредува владата како предлагач, Собранието го прима законот обележан со европско знаме во кој се содржани референтни табели за степенот на усогласеност со законодавството на Европската Унија.
Претседателот на Собранието го прима законот, тој се разгледува од номотехнички аспект од страна на службите и се распределува во соодветна Комисија – Комисија за европски прашања.
„Собраниското мнозинство“, ниту претседателот немаат влијание врз употребата на европското знаменце во процесот на поднесување на предлог-закон до Собранието“, објаснува Џафери.
Гордана СИЉАНОВСКА ДАВКОВА
ПРАВНО НЕОДРЖЛИВО Е ДА СЕ ПОВИКУВАТЕ НА ПРЕПОРАКИ И ИЗВЕШТАИ НАМЕСТО НА ДИРЕКТИВИ И РЕГУЛАТИВИ
За да се спречат злоупотребите на европското знаме, според професорката Сиљановска, потребно е прецизирање на деловничките одредби за процедурата за донесување на законите со европско знаме. Сепак, нагласува дека тоа не значи дека сегашните деловнички одредби, per se, се извор на злоупотребата.
„Проблемот е во нивното кршење од страна на владата и претседателот на Собранието. Имено, кон предлог-законот со европско знаме, владата треба да ги наведе сите податоци за изворниот акт, па и да го приложи, да ги назначи одредбите што се хармонизираат, како и да ги приложи бараните податоци од ставот (5) на членот 135 (министерска изјава со потпис, печат со архивски број, коресподентна табела).
Правно неодржливо е да закитите закон со европско знаме кога: „хармонизирате само 5 отсто од целиот закон, нотирате дека хармонизираните одредби ќе стапат во сила со станувањето членка на ЕУ, или се повикувате на конвенции, препораки и извештаи, наместо на директиви и регулативи!“, смета Сиљановска.
Борче ДАВИТКОВСКИ
КОРЕКЦИИ ВО СОБРАНИСКИОТ И ВЛАДИНИОТ ДЕЛОВНИК!
За професорот Давитковски, факт е дека во последно време, поради блокада на парламентот, мнозинството, поголемиот дел од законите ги поднесува со европско знаменце. Решението да се спречат ваквите појави го гледа во деловнички измени.
„Треба јасно и прецизно да се утврди за кои законски прописи може да се употреби европското знаме, односно со нив треба да се имплементираат определени европски директиви и други акти на ЕУ, кои се од битно значење за нашите европски аспирации за хармонизирање на нашето законодавство со европското.
Значи, врз основа на точно определени критериуми за европската хармонизација ќе може на соодветен пропис да се стави европско знаме. Најдобро е тоа да се утврди во Деловникот за работа на Собранието и на Владата“, објаснува Давитковски.
Снежана КАЛЕСКА ВАНЧЕВА
НЕ Е ЗЛОУПОТРЕБА, ТУКУ ДЕЛОВНИЧКА ПРОЦЕДУРА
И според Снежана Калеска Ванчева, согласно Деловникот, единствено претседателот на Собранието е надлежен и одлучува кој закон која матична комисија ќе го разгледува.
„Кога предлог-законот ќе се додели на Комисијата за европски прашања, како матична комисија, тогаш дискусијата во комисијата е ограничена на три дена и во прво читање, така и во второ читање, односно по амандманска расправа. Ова не е злоупотреба, туку деловничка процедура“.
Марко ТРОШАНОВСКИ
КЛАСИЧНА МАНИПУЛАЦИЈА СО ДЕЛОВНИКОТ
Според Трошановски, злоупотребата на европското знаменце, не само што е нотирано во извештаите на ЕУ како погрешна пракса, туку е и нелегално.
„Станува збор за класично манипулирање со Деловникот и искористување на таа коресподентна табела, во која треба да се наведе со кој дел од европското законодавство се усогласува легислативата што се пушта во парламентот… и тоа не се прави.
Решението овде можеби е во генералниот секретар на собранието да се префрли одговорноста кој би застанувал врз овие законски иницијативи со европско знаменце и на тој начин да му дадат повисока политичка тежина на самиот предлог и да се намали можноста за злоупотреба на истите“, предлага Трошановски.