(АРХИВА) Дали Мицкоски ќе ги повтори грешките на Георгиевски и на Груевски?

by Фокус

Текстот е објавен на 20 јуни 2024 година во неделникот Фокус со број 1.498.

Неспорно е дека сите досегашни влади на ВМРО-ДПМНЕ, со својата смелост и одлучност, оперативно и особено економски направиле многу повеќе отколку оние на СДСМ. Но, проблемот е што ниеден досегашен премиер на ВМРО-ДПМНЕ немал мерка ниту во меѓуетничките прашања, ниту во односите со меѓународниот фактор, и тоа неколкупати ја довело државата до работ на бездна. Да видиме колку Мицкоски научил од неговите претходници и дали нема да ги повтори истите грешки.

Пишувал: Дејан АЗЕСКИ

По месец и пол чекање, Македонија конечно ќе ја добие новата влада. Станува збор за третата влада на ВМРО-ДПМНЕ од независноста на земјава, а ако се додаде и експертската влада на Никола Кљусев, во која премиерот и неколку клучни ресори биле од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се добие период од 17 години, во кои ВМРО-ДПМНЕ било на чело на оваа држава.

Иако тешко е да се прават паралели меѓу различни временски периоди, различни предуслови и различни карактери што ги воделе владите, сепак во сиот период додека било ВМРО-ДПМНЕ на власт, можат да се најдат неколку заеднички константи.

Но, прво да видиме во какви периоди доаѓаат претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ и како тие се справуваат со предизвиците.

ЕКСПЕРТСКАТА ВЛАДА НА КЉУСЕВ

Како на последните, ВМРО-ДПМНЕ е победник и на првите повеќепартиски избори во 1990 година. Треба да се напомене дека тие се одржуваат додека Македонија е сѐ уште дел од југословенската федерација.

Бидејќи скоро формираната партија нема ниту доволен број пратеници, ниту искуство, ниту кадровски потенцијал сама да формира влада, се оди на некое компромисно решение владата да ја предводи Никола Кљусев, човек кој во тоа време бил ценет како економски експерт, но со јасно изразени патриотски ставови.

Со Кљусев, всушност, се комплетира тогашната тројка на чело на државата предводена од Киро Глигоров како претседател и Стојан Андов како претседател на Собранието, инаку двајца искусни и одмерени политичари со позадина во економските, а не во политичките сектори.

Глигоров и Андов имаат за цел од распадот на југословенската федерација да го искористат максимумот преку мирољубиви и разумни решенија, како останување во некоја заедничка конфедерација, но со принципиелен услов во таа конфедерација да бидат сите југословенски републики заедно.

Со тој став, Македонија му задава удар на српското комунистичко раководство на чело со Слободан Милошевиќ, кое сака да прави скратена Југославија, каде што улогата на Србија ќе биде апсолутно доминантна.

Од друга страна, ставот на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и ставот на новиот премиер Кљусев е дека Македонија треба да биде независна држава во најкус можен период.

Интересно е дека Кљусев и ВМРО-ДПМНE, иако со помало политичко искуство, многу подобро ќе ги предвидат процесите со Југославија отколку Сојузот на комунистите реформиран во СКМ-ПДП. Тие сѐ уште до последно не се откажуваат од Југославија.

Оттука, неспорна е улогата на ВМРО-ДПМНЕ во независноста на оваа држава, иакo, според Глигоров нивниот првичен план бил независноста да се прогласи во Собранието, бидејќи немале доверба во народот на поедини области од Македонија (како на пример, Куманово) дека масовно би гласале против Југославија.

Проблемот, сепак, почнува кога ќе се констатира дека присуството на југословенската народна армија во една веќе формално независна држава е де факто окупациска сила и дека што поскоро треба се повлече.

Со оглед на многу лошото искуство од повлекувањето или неповлекувањето на ЈНА од Словенија и од Хрватска, Глигоров и Андов се исклучително внимателно по ова прашање.

Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ и премиерот Кљусев влегуваат во директни конфронтации со офицерскиот генералски кадар на тогашната трета армиска област со седиште во Скопје. Ќе останат запаметени преговорите со тврдокорниот началник на генералштабот, Благоја Аџиќ.

Паралелно на тоа, се одвива процес на блокирање на мобилизацијата на македонски војници и нивно праќање на фронтот во Словенија и Хрватска, која ја предводи лично тогашниот министер за внатрешни работи и најдобар и најблизок соработник на Кљусев, Јордан Мијалков.

Од денешна перспектива, тоа е голем патриотски чин, но во тој момент многу лесно можело да ескалира во директен судир со ЈНА налик на оној во Словенија.

Ако се имаат овие два фактори предвид, тогаш вистинско чудо штo државава успева да ја испрати војската без ниту еден испукан куршум, а во тоа веројатно пресуден е ставот на Глигоров да им се дозволи на војниците на ЈНА да однесат буквално сѐ од македонските касарни.

Генерално, уште од овој момент очигледно може да се забележи дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која кон остварувањето на своите идеали оди со балансирање по жица над провалијата на поголеми национални катастрофи.

ГЕОРГИЕВСКИ – ОД ПРОГРЕС ДО ВОЈНА

Освен за објективниот придонес во независноста на Македонија, на Љупчо Георгиевски треба да му се признае и дека во 1998 година го направи вистинското уривање на социјализмот во Македонија и направи капитални реформи кон посовремена економија, која би требало да биде компатибилна за годините што доаѓаат.

Георгиевски и ДПМНЕ очигледно ја имаа таа моќ (за разлика од СДСМ која секогаш доцни) однапред да ги предвиди процесите што следуваат и да бидат доволно смели да ги направат реформите што одат со тие процеси.

Анализирано од денешна перспектива, и косовската криза и бомбардирањето на Југославија многу поинаку би изгледале за нас доколку СДСМ беше на власт.

Сигурно ќе имаше поголемо тактизирање кон соседна Југославија, особено во делот на инфраструктурата за воената интервенција, која тогашната влада на Георгиевски беспоговорно им ја даде на силите на НАТО, па дури и во делот на примање преку 300 и 350 илјади косовски бегалци, претежно од албанска националност.

Очигледно, Георгиевски предвидел дека влијанието на САД само ќе расте бидејќи објективно нивната улога во регионот до 1999 година беше многу поскромна од оваа денес.

Но, на сѐ добро што прави ВМРО, очигледно мора да направи и големи грешки, па така само 2 години по косовската криза настанува домашна безбедносна криза, која Георгиевски е одлучен да ја решава ако треба и со целосна граѓанска војна од типот на онаа во Хрватска.

Неговата цел е целосно расчистување, не само со терористичките организации, туку и со целото население, кое се противи на владеењето на Скопје во северозападна Македонија.

Па така, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да набави огромни количества оружје и да подготви воени формации наменски создадени да расчистат околу она „што е наше, а што нивно“.

Како плод на ова веројатно е и предлогот на МАНУ за размена на население со соседна Албанија, кој веројатно би требало да биде спроведен по некаква одлучна воена акција на македонските безбедносни сили.

Исходот од тоа сценарио веројатно никој точно не би можел да го предвиди, но дека би имало крв до колена на двете страни, тоа е повеќе од сигурно.

Значи, само десет години подоцна, повторно ситуација во која ВМРО-ДПМНЕ, слично како и со подготвеноста да се конфронтира со Југословенската народна армија, ја носи државата во егзистенцијална опасност.

Плод на сето тоа е катастрофалниот пораз на следните парламентарни избори во 2002 година.

НЕПОПУСТЛИВОСТА НА ГРУЕВСКИ

И покрај независноста и воениот конфликт од 2001 година, сепак третото владеење на ВМРО-ДПМНЕ или онаа фаза на Никола Груевски ќе остане најзапаметено до ден-денес.

Тоа е период кога оваа партијата речиси го доживува зенитот на својата моќ сличен на оној што ВМРО како организација го имал во Пиринска Македонија, во времето на Тодор Александров и Ванчо Михајлов, што значи целосно и неоспорно моќ и контрола буквално на сите процеси од најпрости до најсложени во територијата што им е под команда.

Тука мора да се споменат менаџерските вештини на Груевски со кои државата и особено партијата ќе ги трансформира во моќни централизирани системи со кои тој бескомпромисно, но и успешно владее.

Веројатно токму претставата дека е непобедлив што успеа да ја наметне, беше клучна СДСМ со помош на меѓународниот фактор да прибегнат кон неконвенционални методи на уривање на власта од кои последиците ги трпиме и ден денес.

Сепак, многу поопасно беше конфронтирањето на Груевски со меѓународниот фактор, особено по клучните прашања, како влез во НАТО. Премногу ќе биде да ја обвиниме меѓународната заедница дека била подготвена да режира и меѓуетнички конфликт само за да го урне Груевски, но факт е дека за време на настаните од 27 април 2017 година, токму таква катастрофа ни чукаше на вратата.

И на крај што имаме. Груевски како економски најдобар премиер, кој направи чуда на секаков план, ја донесе државата на работ на бездна поради сличното однесување како Кљусев и Георгиевски. Мицкоски вели дека ќе учи од грешките во минатото, но дали ќе биде така, ќе покаже времето.

Поврзани новости